5. ПОСВЕТУВАЊЕ

Сподели го ова:

Приближно четириесет дена по Христовото раѓање, Јосиф и Марија го однеле Исуса во Ерусалим за да го покажат пред Господа и да принесат жртва. Тоа било во склад со еврејскиот закон, а Христос, како замена за човекот, морал да се покорува на законот во секоја подробност. Тој веќе бил подложен на обредот обрезание, како гаранција за Неговата послушност на законот. {КВ 50.1}

Според законот, мајката морала да принесе јагне на жртва паленица и млад гулаб или грлица како жртва за грев. Меѓутоа, доколку родителите биле сиромашни па не можеле да принесат јагне, законот предвидувал да можат да донесат две грлици или два млади гулаби, едниот за жртва паленица, а другиот за жртва за грев. {КВ 50.2}

Жртвите што му се принесувале на Господа, морале да бидат без недостаток. Тие жртви го прикажувале Христа и од нив се гледа дека Исус немал никакви телесни мани. Тој бил „Јагне без недостаток ниту дамка”. (1. Петрово 1:19) Неговата телесна структура немала никаква мана; Неговото тело било силно и здраво. Во текот на целиот Свој живот, Тој живеел во согласност со природните закони. И телесно и духовно, Тој пружал пример за она што според Божјата намера требало да претставува целото човештво, преку послушност на Неговите закони. {КВ 50.3}

Посветувањето на првенците потекнува од најстарите времиња. Бог ветил дека ќе го даде Небесниот Првенец да го спаси грешникот. Благодарноста за тој дар секое семејство го изразувало со тоа што го посветувала својот првенец. Тој морал да биде посветен на свештеничката служба, како Христов претставник меѓу луѓето. {КВ 51.1}

При ослободувањето на Израел од Египет, повторно е дадена заповед за посветување на првенците. Додека израелевите деца биле во египетско ропство, Господ го упатил Мојсеј кај фараонот, египетскиот цар, да му каже: „Вака вели Господ: ‘Израел е Мој син, Мој првенец’. Ти заповедам: ‘Пушти го Мојот син да оди и да ми послужи. Ако не го пуштиш да оди, јас ќе го погубам твојот син, твојот првенец’”. (Излез 4:22-23) {КВ 51.2}

Мојсеј ја пренел својата порака, но горделивиот цар одговорил: „Кој е тој Господ да го послушам и да го пуштам Израел? Јас не го знам тој Господ, ниту пак ќе го пуштам Израел”. (Излез 5:2) Господ посредувал за Својот народ по пат на знаци и чуда, со кои го казнувал фараонот. На крај, ангелот на смртта добил налог да го убие секој првенец на Египќаните, од луѓето до добитокот. За да бидат поштедени, на Израелците им било наредено да ги намачкаат довратниците со крв од заклано јагне. Секоја куќа морала да биде обележана, со цел ангелот, вршејќи ја својата смртоносна задача, да ги заобиколи израелските домови. {КВ 51.3}

Откако била извршена казната над Египет, Господ му рекол на Мојсеј: „Посвети ми го секој првенец,… и од луѓето и од животните, ми припаѓа Мене;“ „зашто оној ден, кога ги убив сите првенци во земјата египетска, Себеси си ги посветив сите првенци во Израел, и од луѓето и од добитокот. Тие се Мои. Јас сум Господ”. (Излез 13:2; Броеви 3:13) Кога била воспоставена службата во шаторот за состанок, наместо првенците од цел Израел, Господ го избрал Левиевото племе да служи во светилиштето. Меѓутоа, сѐ уште се сметало дека првенецот му припаѓа на Господа и затоа морал да се откупи. {КВ 51.4}

Затоа законот за посветување на првенците бил мошне значаен. Тој бил спомен за Господовото чудесно избавување на израелевите деца и истовремено го претскажувал уште поголемото избавување, кое требало да го изврши единородниот Божји Син. Како што крвта со која бил попрскан довратникот го спасила првенецот на Израел, така Христовата крв има моќ да го спаси светот. {КВ 51.5}

Колку важно било Христовото посветување! Меѓутоа свештеникот не гледал низ завесата, не ја сфатил тајната, која се криела зад тоа. Посветувањето на децата бил вообичаен призор. Од ден на ден свештеникот примал пари за откуп, кога децата се носеле пред Господа. Од ден на ден тој го извршувал овој обред, не обрнувајќи многу внимание на родителите и децата, освен кога забележувал некое навестување на богатство или висока положба на родителите. Јосиф и Марија биле сиромашни, па кога дошле со своето дете, свештениците виделе само маж и жена, кои биле облечени како Галилејци и чии облеки биле многу скромни. Во нивната појава немало ништо што би привлекло внимание, а нивните дарови биле такви, какви што принесувале посиромашните класи. {КВ 52.1}

Свештеникот го извршил својот обред. Го земал Детето во своите раце и го принел пред олтарот. Кога и го вратил на мајка му, го запишал името „Исус“ во книгата на првенците. Додека Новороденчето лежело на неговите раце, тој не ни помислувал дека тоа е небесното Величество, Царот на Славата. Свештеникот не знаел дека тоа Дете е Оној, за Кого пишувал Мојсеј: „Пророк ќе подигне Господ, вашиот Бог меѓу вашите браќа, како мене. Него послушајте го во сѐ што ќе ви каже”. (Дела 3:22) Не мислел дека тоа дете е Оној, чија слава Мојсеј сакал да ја види. Но, во прегратката на свештеникот лежел Оној, Кој бил поголем од Мојсеј и кога името на тоа Дете било внесено во книгата, било запишано името на Оној, Кој бил темел на целокупното еврејско верско уредување. Тоа име значело гаранција за крај на тоа уредување, бидејќи системот на жртви и дарови застарел; религиозните симболи скоро дошле до своето исполнување, сенката скоро допирала до својата реалност. {КВ 52.2}

Божјата слава, која почивала на престолот на милоста, веќе не била во светилиштето, но во Детето од Витлеем била прикриена славата на која ангелите и се поклонувале. Тоа несвесно Дете било ветеното семе на кое укажувал првиот олтар кај вратата на Едемската градина. Тоа бил Шајло, Дарител на мирот. Тоа бил Оној, Кој на Мојсеј му објавил: „ЈАС СУМ”. Тоа бил Оној, Кој во столбот од облак и оган го водел Израел. Тоа бил Оној, за Кого пророците уште во старо време пророкувале. Тој бил копнежот на сите народи, коренот и фиданката на Давид и сјајната ѕвезда Деница. Името на тоа беспомошно мало бебе е запишано во книгата на Израел, со што бил прогласен за наш брат, било надеж за паднатото човештво. Детето за кое е платен откуп бил Оној што ќе го плати откупот за гревовите на целиот свет. Тој бил вистинскиот „Првосвештеник над Божјиот дом,“ Поглавар на „непроменливото свештенство,“ посредникот од „десната страна на Величеството на висините”. (Евреите 10:21; 7:24; 1:3) {КВ 52.3}

Духовните нешта треба духовно да се разгледаат. Во храмот, Божјиот Син се посветил на делото заради кое дошол. Свештеникот гледал кон Него исто како што би гледал кон кое било друго дете. Меѓутоа, иако свештеникот ниту видел ниту почувствувал нешто необично. Сепак било забележано дека Бог го дал Својот Син на светот. Тој настан не поминал без Христос да биде забележан. „Во Ерусалим живееше еден човек по име Симеон. Тој човек беше праведен и побожен, кој ја очекуваше Израелевата утеха и во него беше Светиот Дух. Нему Светиот Дух му беше открил дека нема да умре додека не го види Господовиот Христос”. {КВ 55.1}

Кога Симеон влегол во храмот, видел едно семејство како го принесува своето првородено дете пред свештеникот. Нивната појава кажувала дека се сиромашни, но Симеон го сфатил предупредувањето на Духот и бил длабоко убеден дека Детето, Кое е донесено пред Господа е всушност Израелевата утеха Оној, по Кого копнеел. За зачудениот свештеник, Симеон изгледал како занесен човек. Кога Детето и било вратено на мајката, тој го земал во своите раце и го донел пред Бога, додека душата му била исполнета со радост, каква што дотогаш не почувствувал. Подигајќи го малиот Спасител кон небото, тој рекол: „Сега Господе, според Твојот збор, го отпушташ Својот слуга со мир, зашто очите мои го видоа спасението твое што си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина да ги расветли незнабошците и слава на Твојот народ Израел”. {КВ 55.2}

Врз овој Божји човек почивал пророчки дух и додека Јосиф и Марија го набљудувале, чудејќи се на неговите зборови, тој ги благословил и ѝ рекол на Марија: „Ете, ова дете е поставено за паѓање и подигање на многумина во Израел и да биде знак против Кого ќе се зборува: ‘А и лично тебе нож ќе ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца’”. {КВ 55.3}

Дошла и пророчицата Ана и го потврдила Симеоновото сведоштво за Христа. Додека Симеон зборувал, нејзиното лице блеснало од Божјата слава и таа од своето срце излеала искрена благодарност што и било дозволено да го види Христос, Господ. {КВ 55.4}

Овие понизни поклоници не ги проучувале напразно пророштвата. Меѓутоа, оние, кои се наоѓале на положби на началници и свештеници во Израел, иако пред себе ја имале драгоцената порака на пророштвата, не оделе по Господовиот пат и нивните очи не биле отворени да ја видат Светлината на животот. {КВ 55.5}

И денес е така. Верските водачи и поклониците во Божјиот дом не ги забележуваат настаните врз кои е насочено вниманието на целото Небо и тие незабележано поминуваат. Луѓето го признаваат Христа во историјата, но се одвраќаат од живиот Христос, Кој се манифестира во Својата Реч, преку која повикува на самопожртвуваност, во сиромашните и страдалниците, кои бараат олеснување, во праведните работи, кои повлекуваат со себе сиромаштија, неволји и презир, не се прифаќа ниту денес, исто онака, како што не бил примен ни пред осумнаесет векови.* (Пишувано на крајот на деветнаесеттиот век) {КВ 56.1}

Марија размислувала за длабокото и далекусежно Симеоново пророштво. Додека го набљудувала Детето што го држела во своите прегратки, таа се сеќавала на зборовите што ги изговориле витлеемските пастири и била исполнета со благодарна радост и светла надеж. Зборовите на Симеон ја потсетиле на пророштвото на Исаија: „Ќе израсне фиданка од стеблото на Есеј, ќе никне Изданок од неговиот корен. На него ќе почива Господов Дух, дух на мудрост и разум, дух на совет и сила, дух на знаење и на страв Господов… Тој ќе го опаша крстот со праведност и слабините со верност”. „Народот, кој одеше во темнина виде силна светлина; на оние што живееја во мрачна земја им изгреа светлина… Зашто ни се роди дете, добивме син! На рамената има власт, името му е: Красен, Советник, силен Бог, вечен Татко, Кнез на мирот”. (Исаија 11:1-5; 9:2-6) {КВ 56.2}

Сепак, Марија не ја сфатила Христовата мисија. Симеон пророкувал за Него како за светлина што ќе ги осветли незнабошците, како и за славата на Израел. На тој начин ангелите го објавиле раѓањето на Спасителот, радосната вест за сите народи. Бог настојувал да го исправи ограниченото еврејско сфаќање за делото на Месијата. Тој сакал луѓето да гледаат кон Него, не само како Ослободител на Израел, туку и како Спасител на светот. Меѓутоа, морале да поминат многу години за Исусовата мајка да ја сфати Неговата мисија. {КВ 56.3}

Марија очекувала Месијата да владее на Давидовиот престол, но не го сфатила крштевањето со страдање, со кое ќе го добие престолот. Преку Симеон е откриено дека Месијата нема без тешкотии да помине низ овој свет. Со зборовите упатени на Марија: „А и тебе нож ќе ти ја прободе душата,“ Бог во Својата нежна милост и навестил на Исусовата мајка голема болка, која веќе почнала да ја чувствува поради Него. {КВ 56.4}

„Ете,“ рекол Симеон, „ова Дете е поставено за паѓање и подигање на многумина во Израел и да биде знак против Кого ќе се зборува”. Оние, кои сакаат да се подигнат, мораат да паднат. Мораме да паднеме на Карпата и да се разбиеме, пред да се подигнеме во Христа. Ако сакаме да ја запознаеме славата на духовното царство, нашето „јас“ мора да се симне од престолот, а гордоста да биде понизена. Евреите не сакале да ја прифатат честа што се добива преку понижувањето. Затоа не сакале да го примат Спасителот. Тој бил знак против Кого се зборувало. {КВ 56.5}

„За да се откријат мислите на многу срца”. Во Светлината на животот на Спасителот се открива сечие срце, почнувајќи од Творецот, па до кнезот на темнината. Сатаната го прикажувал Бога како себичен и тиранин, Кој полага право на сѐ, не давајќи ништо, Кој бара служба од Неговите созданија за Своја слава, не поднесувајќи никаква жртва за нивно добро. Меѓутоа, дарувањето на Христа го открива срцето на Таткото. Тоа сведочи дека Божјите мисли кон нас се „мисли на мир, а не на зло”. (Еремија 29:11) Тоа покажува дека Божјата омраза кон гревот е силна како смрт, но и дека Неговата љубов е посилна од смртта. Бидејќи го презел на Себе нашето откупување, Тој нема да поштеди ништо колку и да му е тоа мило што е потребно за исполнување на Неговото дело. Ниту една вистина, суштинска за наше спасение не е скратена, ниту едно чудо на милост не е запоставено, ниту едно божествено орудие не останало неупотребено. Цела небесна ризница е отворена за оние, кои Тој настојува да ги спаси. Собирајќи ги сите богатства на вселената и откривајќи ги сите извори на безгранична сила, Тој сите ги предава во Христови раце и вели: „Сево ова е за човекот. Употреби ги овие дарови за да го увериш дека не постои ниту на Небото ниту на Земјата поголема љубов од Мојата. Неговата најголема среќа се состои во љубовта кон Мене”. {КВ 57.1}

На голготскиот крст се соочиле љубовта и себичноста. Тоа бил врв на нивното манифестирање. Христос живеел само за да пружа утеха и благослов, а сатаната, нанесувајќи му смрт, ја манифестирал злобата на својата омраза кон Бога. Тој јасно покажал дека вистинската цел на неговиот бунт се состои во намерата да го симне Бога од престолот и да го уништи Оној, преку Кого се манифестирала Божјата љубов. {КВ 57.2}

Преку Христовиот живот и смртта се откриле и мислите на луѓето. Од јаслите па до крстот, Исусовиот живот претставува повик на самопредавање и учество во страдањето. Тој го симнал превезот од човечките цели. Исус дошол со небесната вистина и ги привлекол кон Себе сите оние, кои го слушале гласот на Светиот Дух. Оние, кои си служат сами на себе, му припаѓаат на царството на сатаната. Со ставот кон Христа, секој човек покажува на која страна се наоѓа. Така, секој сам си изрекува пресуда. {КВ 57.3} На денот на конечниот суд, секоја загубена душа ќе сфати што направила, кога ја отфрлила вистината. Крстот ќе биде прикажан и неговото вистинско значење ќе го увиди секој ум кој бил заслепен од престапот. Пред сцената на Голгота и на нејзината таинствена Жртва, грешниците ќе бидат осудени. Секое лажно оправдување ќе биде отфрлено. Човечкото отпадништво ќе се покаже во својот гнасен карактер. Луѓето ќе видат каков бил нивниот избор. Тогаш ќе бидат потполно јасни сите прашања на вистината и заблудата во долгата борба. Пред судот на вселената Бог нема да има никаква вина за постоењето на злото. Ќе се увиди дека божествените уредби не придонеле за гревот. Во Божјото владеење немало никакви недостатоци, немало никаква причина за незадоволство. Кога ќе бидат откриени мислите на секое срце, тогаш и верните и бунтовниците ќе се соединат во објавата: „Праведни се и вистинити патиштата Твои, Царе на народите. Кој нема да се бои од тебе Господе и да го прослави Твоето име… зашто се покажаа Твоите праведни судови”. (Откровение 15:3, 4) {КВ 58.1}

Сподели го ова:

Слични објави