4. „ДЕНЕСКА ВИ СЕ РОДИ СПАСИТЕЛ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 2:1-20.

Царот на славата длабоко се понизил земајќи човечка природа. Неговата земна животна средина била груба и одбивна. Неговата слава била прикриена за да не привлече внимание Неговиот величествен надворешен изглед. Тој избегнувал секаков надворешен сјај. Богатството, земните почести и човечката големина не можат да спасат ниту една душа од смртта. Исус одлучил дека никакви земни убавини не треба да ги привлекуваат луѓето кај Него. Само убавината на небесната вистина мора да ги привлече оние, кои ќе го следат Него. Пророштвото одамна го претскажало карактерот на Месијата и Тој сакал луѓето да го прифатат Него врз основа на сведоштвата на Божјата Реч. {КВ 43.1}

Ангелите се восхитувале на величествениот план на откупувањето. Чекале да видат како Божјиот народ ќе го прими Неговиот Син, облечен во облека на човештвото. Ангелите дошле во земјата на избраниот народ. Другите народи се занимавале со митови и со обожавање лажни богови. Ангелите дошле во земјата на која и била откриена Божјата слава и во која блескала светлината на пророштвото. Дошле невидливи во Ерусалим, кај избраните толкувачи на светите пророштва и кај слугите во Божјиот дом. Близината на Христовото доаѓање веќе му била објавена на свештеникот Захарија, додека служел пред олтарот. Предвесникот веќе бил роден, а Неговата мисија потврдена преку чудо и пророштво. Гласот за Неговото раѓање и за Неговата чудесна мисија веќе се раширил насекаде. Сепак, Ерусалим не се подготвувал да го пречека својот Откупител. {КВ 43.2}

Небесните весници вчудовидено ја гледале рамнодушноста на народот, кој бил повикан од Бога да ја објави на светот Светлината на светата вистина. Еврејскиот народ бил сочуван како сведок, дека Христос ќе се роди од Авраамовото семе и од Давидовата лоза, а Сепак тој народ не знаел дека Неговото доаѓање е близу. Во храмот утринската и вечерната жртва секојдневно укажувале на Божјото Јагне, но дури ни тука не се вршела подготовка за Негов дочек. Свештениците и учителите на народот не знаеле дека наскоро ќе се одигра најголемиот настан на сите векови. Тие ги повторувале своите бесмислени молитви и ги вршеле верските обреди за да бидат видени од луѓето, но во својата борба за богатство и земни почести, воопшто не биле подготвени за откровението на Месијата. Истата таа рамнодушност преовладувала во цел Израел. Радоста, која го обземала Небото, не ги исполнила себичните срца обземени со овој свет. Мал бил бројот на оние што копнееле да го здогледаат Невидливиот. Ним им биле упатени небесните гласници. {КВ 44.1}

Ангелите биле покрај Јосиф и Марија, додека тие од својот дом во Назарет, патувале во Давидовиот град. Наредбата на царскиот Рим за попис на сите жители во неговото пространо царство ги опфаќала и жителите во ритчињата на Галилеја. Како што во старо време бил повикан Кир на престолот на светското царство за да ги ослободи Господовите робови, така Цезар Август бил орудие за исполнување на Божјата намера Исусовата мајка да дојде во Витлеем. Таа е од Давидовата лоза, а Давидовиот син мора да се роди во Давидовиот град. „Од Витлеем,“ кажува пророкот, „ќе излезе Оној, Кој ќе владее со Израел и чие потекло е од дамнешни времиња, од вечноста”. (Михеј 5:2) Меѓутоа, во градот на нивната царска лоза, Јосиф и Марија остануваат незабележани и без чест. Уморни и без дом, тие поминуваат низ тесна уличка, од градската капија до источниот крај на градот, попусто барајќи место да си починат преку ноќта. Во преполната гостилница за нив нема место. Конечно наоѓаат засолниште во една неугледна штала за добиток, и во неа е роден Откупителот на светот. {КВ 44.2}

Луѓето не знаеле ништо за тоа, но веста го исполнила Небото со радост. Со подлабока и понежна наклонетост светите суштества од царството на светлината се привлечени кон Земјата. Над витлеемските ритчиња се собрало безбројно мноштво ангели. Тие чекале знак за да му ја објават радосната вест на светот. Кога верно би ја исполнувале должноста што им била доверена, израелските поглавари би учествувале во радоста на објавувањето на веста за Исусовото раѓање, но сега тие биле одминати. {КВ 47.1}

Бог објавува: „Ќе излеам вода врз жедниот и потоци по сувата почва”. „На праведните им изгрева светлина во темнина”. (Исаија 44:3; Псалм 112:4) Блескавите зраци од Божјиот престол ги осветлуваат оние, кои бараат светлина и кои радосно ја примаат. {КВ 47.2}

На полињата на кои момчето Давид го пасел своето стадо, пастирите чувале ноќна стража. За време на тивките часови тие разговарале за ветениот Спасител и упатувале молитви да дојде Царот на Давидовиот престол. „Одеднаш им пристапи ангел Господов и ги осветли Господова слава, па се уплашија многу. Ангелот пак им рече: ‘Не бојте се, зашто еве, ви носам добра вест, која ќе биде за сите народи, зашто денес во градот Давидов ви се роди Спасителот, кој е Христос Господ’”. {КВ 47.3}

Кога ги слушнале тие зборови, умовите на пастирите биле исполнети со визии на слава. На Израел му дошол Спасителот! Неговото доаѓање за нив значело сила, издигнување, победа. Меѓутоа, ангелот морал да ги подготви да го препознаат Својот Спасител во сиромаштија и понижување. „И еве ви знак,“ рекол, „ќе најдете бебе повиено во пелени како лежи во јасли”. {КВ 47.4}

Небесниот гласник ги стивнал нивните стравувања. Тој им кажал каде да го најдат Исуса. Со нежен обѕир кон нивната човечка слабост, тој им дал време да се привикнат на божествениот блесок. Тогаш радоста и славата повеќе не можеле да се прикријат. Целото поле било осветлено од светлината на сјајот на Божјата војска. Земјата се смирила, а Небото се наведнало да ја слуша песната: {КВ 47.5}

„Слава на Бога на височините,

и на Земјата мир и добра волја меѓу луѓето”. {КВ 48.1}

О, кога денес човечкото семејство би ја препознало таа песна! Пораката која тогаш била објавена, гласот кој тогаш се слушнал, ќе биде сѐ погласен до крајот на времето и ќе одекнува до сите земни краишта. Кога Сонцето на Праведноста ќе се појави, со исцелувањето во Неговите крилја, на таа песна ќе и се возврати одглас од гласови на големо мноштво, како глас на силни води, зборувајќи: „Алилуја! Се зацари Господ Бог Седржителот”. (Откровение 19:6) {КВ 48.2}

Кога ангелите исчезнале, исчезнала и светлината, а ноќта повторно паднала врз витлеемските ритчиња. Меѓутоа, во сеќавањата на пастирите останала најблескавата глетка што некогаш ја здогледале човечките очи. „Кога си заминаа ангелите од нив на небото, пастирите си рекоа меѓу себе: Ајде да одиме во Витлеем и да го видиме тој настан со кој не запозна Господ. Отидоа бргу и ги најдоа Марија и Јосиф со Детето што лежеше во јасли”. {КВ 48.3}

Враќајќи се назад, тие со голема радост им зборувале на другите за она што го виделе и чуле. „И сите што слушаа, му се восхитуваа на она што им го кажаа пастирите. А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце. Потоа пастирите се вратија славејќи го и фалејќи го Бога”. {КВ 48.4}

Оддалеченоста помеѓу Небото и Земјата денес, не е поголема отколку што била, кога пастирите ја слушале ангелската песна. Небото и денес се грижи за човештвото исто онака, како кога едноставните луѓе со скромни занимања сретнувале ангели на пладне и разговарале со небесните гласници по лозјата и полињата. И нам во нашето секојдневие, Небото може да ни биде мошне близу. Ангелите од небесните дворови ги придружуваат чекорите на оние, кои доаѓаат и си одат на Божјата заповед. {КВ 48.5}

Витлеемската приказна е неисцрпна тема. Во неа се крие „длабочината на богатството, на мудроста и на разумот Божји”. (Римјаните 11:33) Ние и се восхитуваме на жртвата на Спасителот, Кој го заменил небесниот престол со јасли и се согласил наместо со ангели, да биде опкружен со животните во шталата. Човечката гордост и самоувереност се укорени во Неговото присуство. Сепак, тоа бил само почеток на Неговото прекрасно унижување. За Божјиот Син би било скоро бескрајно понижување да ја земе на Себе човечката природа, дури и тогаш, кога Адам сѐ уште бил невин во Едем. Меѓутоа, Исус примил на Себе човечки облик во времето кога човечкиот род бил ослабнат од гревот, кој постоел веќе четири илјади години. Како секое Адамово дете, Тој ги примил последиците од влијанието на големиот закон на наследството. Какви биле тие последици тоа го покажува историјата на Неговите земни предци. Со такво наследство Тој дошол да учествува во нашите страдања и искушенија и да ни даде пример на безгрешен живот. {КВ 48.6}

Сатаната на небото го мразел Христа поради Неговата положба во Божјите дворови. Тој уште повеќе го замразил Христа, кога самиот го загубил својот трон на Небото. Го мразел Оној, Кој се обврзал да го спаси грешниот човечки род. Сепак, Бог дозволил Неговиот Син беспомошно дете подложно на човечките слабости да дојде во светот, на кој сатаната полагал право на власт. Бог дозволил да се изложи на опасностите што се својствени за секоја човечка душа, да се бори, како што секое човечко дете мора да се бори и да се изложи на опасноста од неуспех и вечна загуба. {КВ 49.1} Секој татко во своето срце копнее по својот син. Тој го набљудува лицето на своето мало дете и трепери при помислата за животните опасности. Тој копнее да го заштити своето дете од сатанската сила, да го сочува од искушението и борбата. Бог го дал Својот возљубен Син да стапи во по огорчена борба и да се изложи на поужасен ризик за животната патека на нашите деца да биде сигурна. „Во тоа е љубовта”. Чудете се небеса и восхитувај се Земјо! {КВ 49.2}

Сподели го ова:

Слични објави