6. „JА ВИДОВМЕ НЕГОВАТА ЅВЕЗДА”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 2-ра глава.
„А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето на царот Ирод, дојдоа мудреци од Исток во Ерусалим и прашаа: Каде е новородениот јудејски Цар? Ние ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да му се поклониме”. {КВ 59.1}
Мудреците од Исток биле филозофи. Тие му припаѓале на големиот и влијателен општествен слој што ги опфаќал луѓето со благородничко потекло и бил носител на богатството и ученоста на нивниот народ. Меѓу нив се наоѓале многумина, кои се наметнале благодарение на лековерноста на народот. Други биле чесни луѓе, кои ги проучувале знаците на Провидението во природата и кои биле почитувани поради својата чесност и мудрост. Со таков карактер биле мудреците, кои дошле кај Исуса. {КВ 59.2}
Божјата светлина секогаш свети среде темнината на незнабоштвото. Додека ги проучувале ѕвездените пространства и упорно се обидувале да ја откријат тајната скриена во нивните блескави патишта, овие мудреци ја набљудувале славата на Творецот. Барајќи поголемо знаење, ги проучувале светите еврејски списи. Во нивната земја се чувале пророчки списи што го претскажувале доаѓањето на божествениот Учител. Валам припаѓал на врачарите, иако едно време бил Божји пророк; преку Светиот Дух тој претскажал благосостојба во Израел и доаѓањето на Месијата, а неговите пророштва се пренесувале во преданија од столетие во столетие. Меѓутоа во Стариот завет доаѓањето на Спасителот било претскажано многу појасно. Мудреците со радост дознале дека Неговото доаѓање е близу и дека сиот свет ќе биде исполнет со сознанието за Господовата слава. {КВ 59.3}
Мудреците виделе таинствена светлина на небото, онаа ноќ, кога Божјата слава ги осветлила витлеемските ридови. Кога Светлината исчезнала, се појавила една блескава ѕвезда, која лебдела на небото. Тоа не била никаква статична ѕвезда ниту пак некаква планета, па затоа привлекла огромно внимание. Таа ѕвезда била група блескави ангели, но мудреците не го знаеле тоа. Сепак, тие биле убедени дека таа ѕвезда е многу значајна за нив. Тие се советувале со свештениците и филозофите и ги проучувале свитоците на древните записи. Валамовото пророштво гласело: „Од Јакова ќе излезе ѕвезда, од Израел се подигнува Жезал”. (Броеви 24:17) Дали таа ѕвезда била испратена како предвесник на Ветениот? Мудреците се израдувале на светлината на вистината испратена од Небото, а сега таа светлина ги осветлувала со поблескави зраци. На сон им биле дадени упатства да одат и да го побараат новородениот Кнез. {КВ 60.1}
Како што Авраам тргнал со вера, кога го слушнал Божјиот повик „не знаејќи каде оди“ (Евреите 11:8), како што Израелците со вера го следеле столбот од облак до Ветената Земја, така и тие незнабошци тргнале да го најдат ветениот Спасител. Источните земји се богати со драгоцености, па мудреците не тргнале на пат со празни раце. Било обичај на кнезовите и на други видни личности да им се даваат подароци во знак на поклонение, а најбогатите подароци, кои ги имала земјата, му биле донесени, како дар на Оној, во Кого сите нации на Земјата ќе бидат благословени. Било неопходно да се патува ноќе, за да може да се следи ѕвездата; но патниците го скратувале времето на патување, повторувајќи ги старите преданија и пророштва за Оној, Кого го барале. При секоја починка тие ги истражувале пророштвата и сѐ подлабоко биле убедени дека на својот пат имаат сигурен божествен патоказ. Додека пред очи им била ѕвездата како надворешен знак, биле и внатрешно осведочени од Светиот Дух, Кој делувал на нивните срца и ги исполнувал со надеж. Иако долго, ова патување им било пријатно. {КВ 60.2}
Тие пристигнале во израелската земја и се спуштале низ Маслиновата Гора, гледајќи го пред себе Ерусалим, кога одеднаш ѕвездата што ги водела во текот на макотрпниот пат застанала над храмот и по извесно време исчезнала од видикот. Охрабрени од ова, тие побрзале, очекувајќи со сигурност дека веста за раѓањето на Месија радосно ќе ечи од сечии усни. Меѓутоа, напразно се распрашувале. Влегувајќи во светиот град, се упатиле кон храмот. На свое вчудовидување, не нашле никого, кој би знаел нешто за новородениот цар. Нивните прашања не предизвикале никакво изразување на радост, туку изненадување и страв помешан со презир. {КВ 60.3}
Свештениците го повторувале преданието. Тие ја извршувале својата вера и својата побожност, додека Грците и Римјаните ги прогласувале за незнабошци и грешници, полоши од сите останати. Мудреците не се идолопоклоници и во Божјите очи тие се повозвишени од оние кои тврдат дека Него го обожаваат. Но Сепак, Евреите ги сметале за незнабошци. Дури ниту меѓу именуваните чувари на светите списи, нивното ревносно распрашување не наишло на никакво разбирање. {КВ 61.1}
Набргу, низ цел Ерусалим се раширила веста дека дошле мудреците. Нивното необично патување предизвикало возбуда кај народот, која допрела до дворот на царот Ирод. Лукавиот Едомец бил вознемирен поради најавата за можен соперник. Неговиот пат кон престолот бил извалкан со многубројни убиства. Бидејќи потекнувал од туѓинска крв, бил омразен кај народот над кој владеел. Единствена негова заштита била благонаклоноста што му ја укажувал Рим. Но, овој нов кнез полагал поголемо право Тој бил роден да владее. {КВ 61.2}
Ирод се посомневал во свештениците дека коваат заговор со туѓинците за да предизвикаат бунт кај народот и да го симнат од престолот. Но тој ја прикривал својата недоверба, и покрај тоа што бил одлучен да ги осуети нивните сплетки со поголема лукавост. Тој ги повикал сите главни свештеници и книжевници, распрашувајќи се какво е учењето на нивните свети книги за местото на раѓањето на Месијата. {КВ 61.3}
Ова распрашување од страна на узурпаторот на престолот, поттикнато со барањето на странците, ја поттикнало гордоста на еврејските учители. Рамнодушноста која ја покажувале кон пророчките списи го разбеснила љубоморниот деспот. Тој мислел дека тие се обидувале да го скријат своето знаење во врска со таа работа. Со авторитет, кој тие не се осмелувале да го занемарат, тој им наредил добро да ги проучат списите и да му кажат во кое место треба да се роди нивниот очекуван Цар. „Тие му одговорија: Во Витлеем Јудејски; зашто така напишал пророкот: {КВ 62.1}
„Витлееме, земјо Јудина!
Во никој случај ти не си најмал меѓу градовите на Јуда,
зашто од тебе ќе излезе Владетел,
Кој ќе биде пастир на Мојот народ Израел”. {КВ 62.2}
Потоа Ирод ги повикал мудреците за да поразговара со нив. Во неговото срце беснеела бура од гнев и страв, но однадвор се трудел да изгледа смирен и љубезно ги примил странците. Ги прашал, кога се појавила ѕвездата и се преправал дека со радост ја прима веста за Христовото раѓање. Тој ги замолил своите гости: „Распрашајте се за детето, па кога ќе го најдете, јавете ми, за да одам и јас да му се поклонам“. Потоа им дозволил да одат по својот пат во Витлеем. {КВ 62.3}
Свештениците и старешините во Ерусалим не биле толку неинформирани за Христовото раѓање како што се преправале. Гласот за тоа дека ангели ги посетиле пастирите брзо се раширил во Ерусалим, но рабините сметале дека тоа не е достојно за нивното внимание. Тие сами можеле да го пронајдат Исуса и можеле да бидат подготвени да ги одведат мудреците до местото на Неговото раѓање. Напротив, мудреците дошле да му обрнат внимание на раѓањето на Месијата. „Каде е новородениот јудејски Цар?“ прашале. „Ние ја видовме неговата ѕвезда на Исток и дојдовме да му се поклониме”. {КВ 62.4}
Горделивоста и зависта ја затвориле вратата на светлината. Кога би покажале доверба кон веста што ја донеле мудреците и пастирите, свештениците и рабините би дошле во многу незавидна положба, бидејќи со тоа би се побило нивното тврдење дека тие се толкувачи на Божјата вистина. Тие учени учители не сакале да се понизат и да бидат поучени од оние кои тие ги нарекувале незнабошци. „Не е можно,“ велеле тие, „Бог да ги заобиколи нив и веста да им ја објави на неуките пастири и необрезаните незнабошци”. Тие одлучиле да покажат презир кон гласовите, кои го возбудиле царот Ирод и цел Ерусалим. Не сакале дури ни да одат во Витлеем за да се уверат колку се вистинити тие гласови. Исто така ги учеле и другите дека интересот за Исуса е фанатичко возбудување. Тука почнало отфрлањето на Христа од страна на свештениците и рабините. Од тој миг, нивната горделивост и упорност се претвориле во цврста омраза против Спасителот. Додека Бог ја отворал вратата на незнабошците, еврејските поглавари самите себеси си ја затвориле вратата. {КВ 62.5}
Мудреците сами си заминале од Ерусалим. Додека излегувале од градот, ноќните сенки веќе се спуштиле, но на своја најголема радост повторно ја здогледале ѕвездата која ги насочила кон Витлеем. Тие не добиле такво известување, какво што добиле пастирите за скромниот Исусов сталеж. По долгиот пат, тие биле разочарани од рамнодушноста на еврејските поглавари и го напуштиле Ерусалим со помалку доверба, отколку кога влегле во градот. Во Витлеем не нашле царска стража, која би го штитела новородениот Цар. Тука не се наоѓал никој од оние луѓе на кои светот им укажувал почести. Исус бил ставен во јасли. Неговите родители, необразовани селани биле неговите единствени чувари. Дали е можно тоа да е Оној, за Кого е напишано дека „ќе го подигне племето на Јакова,“ дека ќе го „поврати остатокот Израелев,“ дека ќе биде „светлина на народите“ и „спасение до крајот на Земјата?“ (Исаија 49:6) {КВ 63.1}
„Кога влегоа во куќата, го видоа детето со Неговата мајка Марија и паднаа, та му се поклонија”. И покрај сиромашната околина во која се наоѓал Исус, тие го препознале присуството на Божеството. Му ги дале своите срца како на свој Спасител, а потоа го дарувале со злато, темјан и смирна. Каква силна вера! Како што подоцна било кажано за римскиот капетан, така би можело да се каже за мудреците од Исток: „Ни во Израел не најдов толкава вера”. (Матеј 8:10) {КВ 63.2}
Мудреците не проникнале во Иродовите намери кон Исуса. Кога ја исполниле целта на своето патување, тие се приготвиле да се вратат во Ерусалим, со намера да го известат за својот успех. Меѓутоа, на сон добиле божествена вест, повеќе да не бидат во контакт со Ирода. Заобиколувајќи го Ерусалим, тие тргнале во својата земја по друг пат. {КВ 64.1}
На сличен начин и Јосиф примил опомена да побегне со Марија и Детето во Египет. Ангелот рекол: „Биди таму додека не ти кажам пак, зашто Ирод ќе го бара Детето да го убие”. Јосиф веднаш послушал и за да биде побезбеден, тргнал на пат ноќе. {КВ 64.2}
Преку мудреците Бог на еврејскиот народ му обрнал внимание на раѓањето на Својот Син. Нивното распрашување во Ерусалим, разбудениот интерес на народот, па дури и Иродовата злоба, која ги принудила свештениците и рабините да обрнат внимание сето тоа ги насочувало мислите кон пророштвата, кои се однесувале на Месијата и кон големиот настан што се случил. {КВ 64.3}
Сатаната бил одлучен да ја засолни божествената светлина на светот и го употребил сето свое лукавство за да го уништи Спасителот. Меѓутоа, Оној, Кој никогаш не дреме и не спие, будно стражарел над Својот сакан Син. Оној, Кој на Израелците им испраќал мана од небото и го хранел Илија во времето на глад, сега се погрижил за прибежиште на Марија и на малиот Исус во една незнабожечка земја. А преку даровите што ги принеле мудреците од незнабожечката земја, биле обезбедени средства за патување во Египет и за престој во туѓата земја. {КВ 65.1}
Мудреците биле меѓу првите што го поздравиле Откупителот. Нивните подароци биле први, кои биле положени пред Неговите нозе. Каква привилегија на служење стекнале тие со своите дарови! Бог радосно го почитува дарот што Доаѓа од срцето кое љуби, правејќи го најуспешно во службата за Него. Ако сме го дале нашето срце на Исуса, тогаш ќе му ги донесеме и нашите дарови. Нашето злато и сребро, нашиот нај драгоцен земен имот, нашите највозвишени умствени и духовни дарови сето тоа радосно ќе му го посветиме на Оној, Кој не љуби и Кој се дал Себеси заради нас. {КВ 65.2}
Ирод во Ерусалим нетрпеливо го очекувал враќањето на мудреците. Како што минувало времето, а тие не се враќале, пламнале неговите сомнежи. Неподготвеноста на рабините да го откријат местото на раѓањето на Месијата, како да му укажувало на тоа дека тие проникнале во неговиот план и дека мудреците намерно го избегнале. Таа мисла го доведувала до лудило. Лукавството не успеало, па не му преостанувало ништо друго освен да употреби сила. Тој ќе им даде поука со ова дете цар. Тие горди Евреи треба да видат што можат да очекуваат во своите обиди да подигнат некој владетел на престолот. {КВ 65.3}
Веднаш биле испратени војници во Витлеем со наредба да ги убијат сите деца од две години и помлади. Спокојните домови во Давидовиот град ги доживеале оние сцени на ужас, кој шестотини години однапред му биле претскажани на пророкот: „Во Рама се слушна глас плачење и силен пискот; Рахила плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема”. {КВ 65.4}
Евреите сами ја навлекле оваа несреќа врз себе. Кога во верност и понизност би оделе пред Бога, Тој би направил очевидно царевиот гнев да биде безопасен за нив. Меѓутоа, поради своите гревови тие се одвоиле од Бога и го отфрлиле Светиот Дух, Кој бил нивен единствен штит. Тие не го проучувале Светото Писмо со желба да се покорат на Божјата волја. Тие трагале по оние пророштва со чија помош можеле да се издигнат себеси и да докажат дека Бог ги презира сите останати народи. Тие горделиво се фалеле со тоа дека Месијата ќе дојде како Цар, ќе ги победи сите нивни непријатели и дека ќе ги фрли незнабошците под нозе. На тој начин ја предизвикале омразата на своите владетели. Преку нивното погрешно толкување на Христовата мисија, сатаната имал намера да ја подготви пропаста на Спасителот, но наместо тоа, сѐ се урнало врз нивните глави. {КВ 65.5}
Овој чин на свирепост бил еден од последните кои го помрачиле Иродовото владеење. Набргу по убивањето на невините деца и Ирод морал да се покори на судбината, која никој не можел да ја отстрани. Умрел со страшна смрт. {КВ 66.1}
Божјиот ангел му наредил на Јосиф, кој сѐ уште се наоѓал во Египет, да се врати во израелската земја. Сметајќи го Исуса за наследник на Давидовиот престол, Јосиф сакал да се смести во Витлеем. Меѓутоа, бидејќи дознал дека во Јудеја владеел Архелај на местото на својот татко Ирод, Јосиф се исплашил дека синот ќе ги спроведе во дело татковите намери против Христа. Од сите Иродови синови, Архелај според карактерот најмногу бил сличен на својот татко. Неговото доаѓање на престолот било обележано со нереди во Ерусалим и со убиство на илјадници Евреи од страна на римските гардисти. {КВ 66.2}
На Јосиф повторно му било кажано да оди на едно сигурно место. Тој се вратил во Назарет, каде што живеел порано и тука Исус престојувал речиси триесет години, „за да се исполни она што го кажале пророците дека ќе се нарече Назареќанец”. Во Галилеја владеел еден Иродов син, но во неа имало многу повеќе странски жители отколку во Јудеја. Затоа тука се обрнувало многу помало внимание на прашањата, кои се однесувале на Евреите и помала била веројатноста дека Исусовите тврдења ќе предизвикаат завист кај оние, кои се наоѓале на власт. {КВ 66.3} Така бил дочекан Спасителот, кога дошол на Земјата. Изгледало дека не постои спокојно место за одмор и безбедност за малечкиот Откупител. Бог не можел да го довери Својот возљубен Син на луѓето, дури ни во спроведување на Своето дело за нивно спасение. Тој им заповедал на ангелите да се грижат за Исуса и да Го штитат, додека не ја заврши Својата мисија на Земјата и додека не умре од рацете на оние, кои дошол да ги спаси. {КВ 67.1}