65. ПОВТОРНО ЧИСТЕЊЕ НА ХРАМОТ
Оваа поглавје е засновано на Матеј 21:12-16, 23-46; Марко 11:15-19, 27-33; 12:1-12; Лука 19:45-48; 20:1-19.
На почетокот на Својата служба Христос ги истерал од храмот оние што го обесветувале со својата несвета трговија, а Неговиот строг и божествен став влеал страв во срцата на нечесните трговци. На крајот на Својата мисија Тој повторно дошол во храмот и видел дека тој се обесветува како и претходно. Состојбата била полоша од порано. Надворешното предворје на храмот прилегало на голем добиточен пазар. Со извиците на животните и со остриот ѕвекот на металните пари се мешало лутото препирање на трговците, а можеле да се слушнат и гласови на луѓе кои биле на света должност. Дури и достоинствениците на храмот се занимавале со купување и продавање и со размена на пари. Алчноста за пари толку завладеала со нивното срце, што пред Бога не биле ништо подобри од крадците. {КВ 589.1}
Свештениците и поглаварите малку ја сфаќале возвишеноста на делото што требало да го извршат. При секоја Пасха и празникот Сеници биле убивани илјадници животни, а свештениците ја земале нивната крв и ја излевале на олтарот. Евреите биле запознаени со принесувањето на крвта и речиси го изгубиле од вид фактот дека гревот е тој кој направил сето ова пролевање на животинската крв да биде потребно. Не разбрале дека со тоа на симболичен начин била прикажана крвта, која саканиот Божји Син морал да ја пролее за откуп на светот и дека принесувањето на жртвите требало да ги упати луѓето на распнатиот Спасител. {КВ 589.2}
Набљудувајќи ги невините жртви за жртвување, Исус видел дека Евреите ги претвориле тие големи собири во сцени на крвопролевање и свирепост. Наместо понизно покајание за гревот, почнале уште повеќе да принесуваат животни на жртви, како Бог да се слави со такво бездушно убивање. Себичноста и алчноста ги направиле бесчувствителни срцата на свештениците и поглаварите. Тие ги користеле токму оние симболи кои укажувале на Божјото Јагне, за да остварат заработувачка. Така, во очите на народот тоа во голема мера ја уништило светоста на жртвените обреди. Исус се огорчил; знаел дека Неговата крв, која наскоро ќе се пролее заради гревовите на светот, свештениците и старешините многу малку ќе ја ценат, како и крвта на тие животни, која постојано ја пролевале. {КВ 590.1}
Христос преку пророците одамна ја осудил ваквата пракса. Самоил истакнал: „Зар на Господа повеќе му се мили жртвите паленици и приносите, отколку послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е подобра од жртвата и покорноста е подобра од лојот од овни”. Исаија, гледајќи го во пророчко видение отпадот на Евреите, им се обраќа како на поглавари на Содом и Гомор: „Чујте ја речта Господова, кнезови содомски, послушај го законот на нашиот Бог, народе гоморски! Зошто ми се вашите многу жртви? вели Господ. Сит сум од овнешките паленици и од маснотија на згоен добиток. Јас не наоѓам задоволство во крвта на биковите, јагнињата и јарињата. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој бара од вас да газите по Моите тремови?“ „Измијте се, очистете се, отстранете ги од пред Моите очи лошите свои дела; престанете да правите зло; научете се да правите добро; стремете се кон правда, помагајте им на угнетените, заштитувајте ги сираците, заземајте се за вдовицата”. (1. Самоилова 15:22; Исаија 1:10-12,16,17) {КВ 590.2}
Оној, Кој самиот ги дал тие пророштва сега ја повторил опомената за последен пат. Во согласност со пророштвото, народот Го прогласил Исуса за цар на Израел. Тој го примил нивното поклонение, ја прифатил царската должност. Морал да делува како личност на таква положба. Знаел дека Неговите напори да го реформираат изопаченото свештенство би биле напразни; меѓутоа, Неговото дело морало да биде извршено; морало да се даде доказ за Неговата божествена мисија на еден народ што не верувал. {КВ 590.3}
Со својот продорен поглед, Исус повторно поминал преку обесветениот трем на храмот. Сите погледи биле насочени кон Него. Свештениците и поглаварите, фарисеите и незнабошците со восхитеност и зачуденост го набљудувале Оној што стоел пред нив во величественоста на небесен Цар. Божествената природа блеснала преку човечката, давајќи му на Христа достоинственост и величественост какви што никогаш порано не манифестирал. Оние што стоеле најблизу до Него, се повлекле толку колку што им дозволувало мноштвото. Со исклучок на неколку од Неговите ученици, Спасителот стоел сам. Секој глас замолкнал. Длабоката тишина изгледала неподнослива. Христос проговорил со сила што го потресла народот како силна грмотевица: „Напишано е: Мојот дом ќе се нарече дом на молитва, а вие го направивте разбојничка пештера”. Неговиот глас одекнал како труба низ храмот. Незадоволството на Неговото лице изгледало како силен оган. Тој наредил со авторитет: „Носете го тоа одовде”. {КВ 590.4}
Три години порано, поглаварите на храмот биле засрамени од тоа што бегале пред Неговата заповед. Подоцна се чуделе на својот страв и на своето безусловно покорување на еден понизен Човек. Сметале дека нивното недостоинствено покорување не можело да се повтори. Меѓутоа, Сепак биле исплашени повеќе од првиот пат, па брзо се покориле на Неговата заповед. Немало човек што би се осмелил да го доведе во прашање Неговиот авторитет. Свештениците и трговците побегнале од Неговото присуство, гонејќи го пред себе својот добиток. {КВ 591.1}
Излегувајќи од храмот, тие сретнале мноштво народ што одел со своите болни, прашувајќи за Големиот Исцелител. Кога слушнале што зборуваат оние што бегаат, некои од нив се вратиле назад. Се плашеле да излезат пред Оној, Кој е толку моќен, што со Својот поглед ги истерал свештениците и поглаварите од Неговото присуство. Меѓутоа, многумина се туркале низ разбрзаното мноштво, желни да стигнат до Христа, Кој бил нивна единствена надеж. Кога мноштвото избегало, мнозина останале во храмот. Ним им се придружиле придојдените. Тремот на храмот бил повторно преполн со болни и со оние на умирање и Исус уште еднаш им служеше. {КВ 592.1}
По извесно време свештениците и поглаварите се осмелиле повторно да влезат во храмот. Кога стравот исчезнал, биле желни да дознаат кој ќе биде Следниот Исусов потфат. Очекувале дека ќе го заземе Давидовиот престол. Враќајќи се тивко во храмот, слушнале гласови на мажи, жени и деца што Го славеле Бога. Влегувајќи, тие стоеле како маѓепсани пред чудесната сцена. Виделе излекувани болни, слепи на кои им бил вратен видот, глуви кои сега слушале и парализирани кои скокале од радост. Најмногу се радувале децата. Исус ги исцелил од нивните болести, ги прегрнувал со Своите раце, ги примал нивните бакнежи на благодарна љубов, а некои дури и заспале на Неговите гради додека го поучувал народот. Сега веселиот детски глас се издигал во Негова слава. Повторувале: „Осана!“, како и претходниот ден и победоносно мавтале со палмови гранки пред Спасителот. Храмот одекнувал и одекнувал од нивните извици: „Благословен да е Оној, Кој Доаѓа во Господово име!“ „Ете, твојот Цар Доаѓа при тебе; праведен е и спасува!“ (Псалм 118:26; Захарија 9:9) „Осана на Давидовиот син!“ {КВ 592.2}
Звукот на овие среќни и необуздани гласови ги навредувале поглаварите на храмот. Тие почнале да ги прекинуваат овие изрази на преданост. Го убедувале народот дека Божјиот дом е обесветен од детските нозе и од извиците на радост. Бидејќи виделе дека нивните зборови немаат никакво влијание на народот, поглаварите Му се обратиле на Христа: „Слушаш ли што зборуваат овие? А Исус им рече: Да; зар никогаш не сте читале: Од устата на младенците и доенчињата си приготви Себеси фалба?“ Пророштвото предвидело дека Христос ќе биде прогласен за цар и таа реч морала да се исполни. Свештениците и поглаварите на Израел не сакале да ја огласат Неговата слава, па Бог направил децата да бидат Негови сведоци. Кога и гласовите на тие малечки би замолкнале, столбовите на храмот би повикале, славејќи го Спасителот. {КВ 592.3}
Фарисеите биле целосно збунети и вознемирени. Власта ја имал Оној, Кого не можеле да го исплашат. Исус зазел положба на чувар на храмот. Никогаш порано не присвојувал таква царска власт. Никогаш порано Неговите зборови и Неговите дела немале таква голема сила. Тој правел чудесни дела во Ерусалим, но никогаш на толку свечен и впечатлив начин. Свештениците и поглаварите не се осмелувале да го покажат своето отворено непријателство кон Него во присуство на луѓето кои биле сведоци на Неговите чудесни дела. Иако лути и збунети од Неговиот одговор, тој ден не можеле да сторат ништо. {КВ 593.1}
Следното утро Синедрионот повторно разгледувал што треба да се преземе против Исуса. Три години пред тоа, тие барале од Него да им даде некој доказ за Своето месијанство. Оттогаш, Тој извршил силни дела во целата земја. Исцелувал болни, хранел на чудесен начин илјадници луѓе, одел по бранови и со Своите зборови ја стивнал бурата. Повеќепати ги читал човечките срца како отворена книга, ги изгонувал демоните и воскреснувал мртви. Поглаварите имале пред себе докази за Неговото месијанство. Сега одлучиле да не бараат знаци на Неговиот авторитет, туку да извлечат некое признание или изјава врз основа на која би можеле да Го осудат. {КВ 593.2}
Појавувајќи се повторно во храмот, каде што Тој го поучувал народот, тие почнале да Му поставуваат прашања: „Со каква власт го правиш тоа? Кој ти ја даде таа власт?“ Се надевале дека Тој ќе каже дека има власт од Бога. Имале намера да го негираат тоа Негово тврдење. Меѓутоа, Исус им поставил прашање, кое навидум се однесувало на друг предмет, условувајќи го својот одговор со тоа дали тие ќе одговорат на прашањето. Тој рекол: „Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?“ {КВ 593.3}
Свештениците сфатиле дека се наоѓаат во дилема од која со никаква итрина не можат да се извлечат. Ако кажат дека Јовановото крштавање е од Небото, нивната недоследност ќе стане очигледна. Тогаш Христос ќе им го постави прашањето: „Зошто тогаш не поверувавте во него?“ Јован сведочел за Христа: „Еве го Божјото јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. (Јован 1:29) Доколку свештениците верувале во Јовановото сведоштво, како би можеле да негираат дека Христос е Месија? Кога би го искажале своето вистинско верување, дека Јовановото крштавање е од луѓето, би навлекле на себе бура на огорченост, бидејќи народот верувал дека Јован е пророк. {КВ 593.4}
Мноштвото со голем интерес го очекувало расплетот. Луѓето знаеле за тврдењето на свештениците дека тие ја прифаќаат Јовановата служба, па очекувале дека без приговор ќе изјават дека Тој бил испратен од Бога. Откако тајно се посоветувале, свештениците одлучиле јавно да не заземат положба. Лицемерно исповедајќи незнаење, тие рекле: „Не знаеме”. „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам ова,“ рекол Исус. {КВ 594.1}
Книжевниците, свештениците и поглаварите замолкнале. Збунети и разочарани, стоеле намуртени, не осмелувајќи се да му поставуваат понатамошни прашања на Христа. Со својата плашливост и неодлучност, во голема мера ја изиграле почитта кај народот што стоел околу нив, уживајќи што го гледа поразот на тие горделиви и самоправедни луѓе. {КВ 594.2}
Секој збор и секоја Христова постапка имаат значење и нивното влијание се чувствувало во сѐ поголема мера по Неговото распнување и вознесение. Многумина од оние што желно очекувале како ќе заврши испитувањето на Исуса, конечно станале Негови ученици, бидејќи за прв пат кон Него ги привлекле зборовите што ги изговорил во тој значаен ден. Настанот во дворот на храмот никогаш нема да избледи од нивниот ум. Спротивноста помеѓу Исуса и првосвештениците била очигледна додека тие разговарале. Горделивиот големодостојник на храмот носел на себе богата и скапоцена облека. На главата имал блескава круна. Држењето му било величествено, косата и долгата брада биле посребрени од годините. Неговата појава влевала почит. Пред таа личност со голема чест стоело небесното Височество, без украс и раскош. Облеката му била валкана од патувањето, лицето Му било бледо и изразувало трпелива жалост, но на него биле запишани достоинство и добрина кои чудно се разликувале од гордото, самоуверено и гневно првосвештеничко држење. Многумина од оние што биле сведоци на Исусовите зборови и дела во храмот, од тој момент го востоличиле Него во своето срце како Божји пророк. Но, додека народната наклонетост се свртувала кон Исуса, омразата на свештениците станувала сѐ посилна. Мудроста со која ја избегнал стапицата што била поставена пред Неговите нозе, уште повеќе го зголемил нивниот гнев, бидејќи била нов доказ за Неговата божествена природа. {КВ 594.3}
Во Својот судир со рабините, Христос немал намера да ги понизи Своите противници. Не му било мило што се нашле во незгодна положба. Сакал да им даде уште една значајна поука. Тој ги поразил Своите непријатели, доведувајќи ги во ситуација да се фатат во мрежата што Нему му ја поставиле. Признавајќи го своето незнаење во поглед на карактерот на Јовановото крштавање, тие Му дале можност да зборува, а Тој ја искористил таа можност укажувајќи им на нивната вистинска состојба и додавајќи со тоа уште една опомена, покрај многуте што веќе ги дал. {КВ 594.4}
„Што мислите вие?“ рекол Тој. „Еден човек имаше два сина и му пристапи на првиот, па му рече: Сине, оди и работи денес во моето лозје. Тој му одговори: Не сакам; но потоа се покаја и отиде. Тогаш му пристапи на другиот и му го кажа истото. А тој му одговори: Ќе одам господару; но не отиде. Кој од овие двајца ја исполни волјата на таткото?“ {КВ 595.1}
Ова ненадејно прашање ги нашло неподготвени Неговите слушатели. Тие внимателно ја следеле параболата и без размислување одговориле: „Првиот”. Насочувајќи го Својот поглед кон нив, Исус рекол со строг и свечен глас: „Навистина ви велам, цариниците и блудниците пред вас влегуваат во Божјото царство. Зашто дојде кај вас Јован по праведен пат и не му поверувавте, а му поверуваа цариниците и блудниците. А вие, иако го видовте тоа, не се покајавте отпосле за да му поверувате”. {КВ 595.2}
Свештениците и поглаварите не можеле, а да не дадат исправен одговор на Христовото прашање и така нивното мислење било во полза на првиот син. Тој син ги претставувал цариниците, кои фарисеите ги презирале и ги мразеле. Цариниците биле мошне неморални. Тие навистина биле престапници на Божјиот закон, покажувајќи во своите животи непоколеблив отпор на Неговите барања. Тие биле неблагодарни и несвети. Кога им било кажано да одат и да работат во Господовото лозје, тие одбиле со презир. Но кога дошол Јован и проповедал покајание и крштевање, цариниците ја примиле неговата вест и се крстиле. {КВ 595.3}
Вториот син ги претставувал водачите на еврејскиот народ. Некои фарисеи се покајале и го примиле Јовановото крштавање, но водачите не сакале да признаат дека Јован бил испратен од Бога. Неговите опомени и разобличувања не ги навеле да се реформираат. Тие „го отфрлиле Божјиот совет за нив, и не се крстија од него”. (Лука 7:30) Тие ја презреле неговата вест. Како вториот син, кој, кога бил повикан, рекол: „Одам, господаре,“ но не отишол, свештениците и поглаварите исповедале послушност, но биле непослушни. Тие исповедале голема побожност, тврделе дека се покоруваат на Божјиот закон, но нивната послушност била лажна. Фарисеите ги осудувале и ги преколнувале цариниците како неверници, но со својата вера и со своите дела цариниците покажале дека одат кон небесното царство пред тие самоправедни луѓе, на кои им била дадена голема светлина, но чии дела не одговарале на нивното исповедање на побожност. {КВ 595.4}
Свештениците и поглаварите не сакале да ги поднесуваат тие вистини, но Сепак молчеле, надевајќи се дека Исус ќе каже нешто што тие би можеле да го употребат против Него. Меѓутоа, морале да слушнат повеќе од тоа. {КВ 596.1}
„Чујте друга парабола,“ рекол Христос, „Беше еден човек домаќин кој посади лозје, го загради со плот, и ископа во него јама за гмечење на грозјето, направи кула и откако им го предаде на лозарите замина во далечна земја. А кога настапи време на берба, ги прати своите слуги кај лозарите да ги примат неговите плодови. А лозарите ги фатија неговите слуги и едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот го посилаа со камења. Повторно прати други слуги, повеќе од првите, но и со нив постапија на ист начин. Најпосле го прати кај нив својот син велејќи: Ќе имаат стравопочит спрема мојот син; но лозарите, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: Овој е наследник, ајде да го убиеме, и да го присвоиме неговото наследство. И го фатија, па го изведоа надвор од лозјето и го убија. Кога ќе дојде господарот на лозјето, како ќе постапи со тие лозари?“ {КВ 596.2}
Исус им се обратил на сите присутни, но свештениците и поглаварите одговориле: „Злосторниците тој бедно ќе ги погуби,“ кажале, „а лозјето ќе им го даде на други лозари кои ќе му ги даваат плодовите во свое време”. Тие во прв момент не ја сфатиле примената на оваа парабола, но тогаш виделе дека самите себеси си изрекле пресуда. Во параболата домаќинот го претставувал Бога, лозјето еврејскиот народ, а оградата Божјиот закон, кој бил нивна заштита. Кулата била симбол на храмот. Господарот на лозјето направил сѐ што било потребно за лозјето да напредува. Тој рекол: „Што можев да сторам за моето лозје, а што веќе не сум сторил?“ (Исаија 5:4) На тој начин е прикажано како Бог неуморно се грижи за Израел. И како што лозарите морале да му вратат на господарот одреден дел од плодовите од лозјето, така Божјиот народ требало да му оддава чест и слава на Бога, живеејќи во сообразност со нивните свети привилегии. Меѓутоа, како што лозарите ги убиле слугите што господарот ги испратил по плодовите, така Евреите ги убиле пророците кои Бог ги испратил за да ги повикаат на покајание. Тие убивале еден гласник по друг. Според тоа, не можело да се сомнева во смислата на приказната, а исто така било очигледно на што се однесува другиот дел од приказната. Во саканиот син, кого господарот на лозјето го испратил кај своите непослушни слуги, кого тие го убиле, свештениците и поглаварите јасно го виделе Исуса и судбината што Му претстои. Тие веќе ковале планови да го убијат Оној, Кого Таткото им го испратил како последен повик. Во казната што ги снашла неблагодарните лозари е прикажана судбината на оние кои подготвувале план да Го убијат Христа. {КВ 596.3}
Набљудувајќи ги со сожалување, Спасителот продолжил: „Зар никогаш не сте читале во Писмата: Каменот што го отфрлија градителите стана глава на аголот; тоа е дело Господово и прекрасно е во нашите очи? Затоа ви велам дека Божјото царство ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ што ги принесува неговите плодови. Оној што ќе падне на овој Камен, ќе се разбие; а врз кого ќе падне тој, ќе го здроби”. {КВ 597.1}
Ова пророштво Евреите често го повторувале во синагогите, применувајќи го на Месијата што ќе дојде. Христос бил аголен камен на еврејскиот систем и на целиот план на спасение. Свештениците и поглаварите на Израел сега го отфрлале тој аголен камен. Спасителот им обрнал внимание на пророштвата, кои покажуваат во каква опасност се наоѓаат. Со сите средства со кои располагал, Тој се обидувал јасно да им ја прикаже природата на делото, кое се подготвувале да го извршат. {КВ 597.2}
Неговите зборови имале и друга цел. Кога прашал: „Кога ќе дојде господарот на лозјето, како ќе постапи со овие лозари?“ Христос ги планирал нештата на начин за фарисеите да одговорат онака како што одговориле. Тој планирал тие сами да се осудат. Бидејќи Неговите опомени не успеале да ги наведат на покајание, нивната судбина била запечатена, а Тој сакал тие да увидат дека сами навлекле пропаст на себе. Тој сакал да им покаже дека Бог е праведен со тоа што ќе им ги скрати предностите што ги уживал нивниот народ, кое веќе започнало и кое ќе заврши не само со уништување на нивниот храм и нивниот град, туку со целосно национално расејување. {КВ 597.3}
Оние што слушале, ја сфатиле опомената. Меѓутоа, и покрај пресудата што сами на себе си ја изрекле, свештениците и поглаварите биле подготвени да ја дополнат сликата, велејќи: „Овој е наследник, ајде да го убиеме”. „И тие настојуваа да Го фатат, но се плашеа од народот,“ зашто народот бил наклонет кон Христа. {КВ 597.4}
Наведувајќи го пророштвото за отфрлениот камен, Христос споменал еден вистинит настан од историјата на Израел. Тој настан се случил при ѕидањето на првиот храм. Иако тој настан имал посебно значење при првото Христово доаѓање и иако требало посебно да влијае на Евреите, Сепак тој содржи една поука и за нас. Кога бил ѕидан Соломоновиот храм, огромните камења за ѕидовите и темелите биле целосно подготвени во каменоломот. Кога камењата биле донесени на градилиштето, никаков алат не смеел да се употреби на него, туку ѕидарите требало да го стават секој камен на одредено место. Еден камен со невообичаена големина и чуден облик бил донесен за темелот. Меѓутоа, ѕидарите не можеле да најдат место за тој камен и го тргнале на страна. Тој пречел, бидејќи неупотребен лежел на патот. Овој камен долго бил отфрлен. Но, кога дошло време да го вградат аголниот камен, ѕидарите долго барале камен што ќе биде доволно голем и цврст и со соодветен облик за да го стават на тоа посебно место, бидејќи тој камен морал да носи огромна тежина. Доколку лекомислено одбрале камен за тоа важно место, би ја изложиле на опасност целата зграда. Тие морале да најдат камен што може да одолее на влијанието на сонцето, мразот и бурата. Затоа одбрале неколку камења, но под огромната тежина тие камења биле скршени на ситни парчиња. Други не можеле да им се спротивстават на неочекуваните атмосферски промени. Конечно, ѕидарите обрнале внимание на каменот, кој толку долго бил отфрлен. Тој постојано бил изложен на влијанието на сонцето, воздухот и бурата, но не покажувал ниту најмала пукнатина. Ѕидарите почнале да го прегледуваат и тој ги издржал сите проби освен една. Ако ја издржи пробата на голем притисок, тие одлучиле да го употребат како аголен камен. Таа проба била извршена. Каменот издржал; бил донесен на одреденото место и се видело дека точно се вклопува. Во пророчко видение, на Исаија му било укажано дека тој камен симболично Го прикажува Христа. Тој вели: {КВ 597.5}
„Господ над војските Тој нека ви биде свет; и Тој нека биде ваш страв и ваш трепет. Тој ќе ви биде за светилиште, камен за сопнување и карпа на соблазна за двата дома Израелеви, стапица и мрежа за сите Ерусалимци. Мнозина од нив ќе се сопнат и паднат, ќе се скршат, ќе се заплеткаат во стапица и ќе се фатат”. Во пророчко видение пророкот го видел првото Христово доаѓање и му било покажано дека Христос ќе биде изложен на проби и тестови, проби кои симболично се прикажани со аголниот камен на Соломоновиот храм. „Затоа вака вели Господ Бог: Еве, поставувам на Сион темел, камен, камен испитан, драгоцен аголен камен, сигурен темел. Оној што верува во него, нема да пропадне”. (Исаија 8:13-15; 28:16) {КВ 598.1}
Во Својата бесконечна мудрост, Бог одбрал камен темелник и сам го поставил. Тој го нарекол „сигурен темел”. Цел свет може на него да ги стави своите товари и таги тој камен може сето тоа да го поднесе. Целосно е безбедно да се ѕида на него. Христос е „испробан камен”. Тој никогаш не ги разочарува оние што се надеваат во Него. Тој ги издржал сите проби. Тој го издржал притисокот на Адамовата вина и на целокупното негово потомство и бил повеќе од победник над силите на злото. Тој го носел товарот кој го префрлиле на Него сите грешници што се каат. Грешното срце во Христа наоѓа олеснување. Тој е сигурен темел. Сите, на кои Христос им е надевање, уживаат совршена сигурност. {КВ 598.2}
Во пророштвото на Исаија пишува дека Христос е и сигурен темел и камен на сопнување. Пишувајќи според вдахновение на Светиот Дух, апостол Петар јасно покажува за кого Христос е камен темелник, а за кого карпа за соблазна: {КВ 599.1}
„Бидејќи вкусивте дека Господ е добар. Пристапете кон Него, живиот Камен, Кого навистина, луѓето го отфрлија, но од Бога одбран, драгоцен; и вие самите како живи камења, се изградувате во духовна куќа, свето свештенство што ќе принесува духовни и на Бога угодни жртви преку Исуса Христа. Зашто на едно место во Писмото стои: Еве, поставувам на Сион главен камен темелник, одбран, драгоцен; и кој верува во него, нема да се посрами. За вас кои верувате Тој е драгоцен: но за оние кои не веруваат, каменот што го отфрлија градителите токму тој стана камен темелник, и камен за сопнување и стена за соблазна, за оние кои се сопнуваат на Речта, затоа што не и се покоруваат”. (1. Петрово 2:3-8) {КВ 599.2}
За оние што веруваат Христос е сигурен темел. Тоа се оние кои паѓаат на Карпата и се разбиваат. Овде е прикажана покорноста кон Христа и верата во Него. Да паднеме на карпата и да се разбиеме значи да се откажеме од нашата самоправедност и со детска понизност да одиме кај Христа, да се покаеме за нашите гревови и да веруваме во Неговата љубов која простува. Исто така, преку верата и послушноста, ние ѕидаме на Христа како на свој темел. {КВ 599.3}
На тој жив Камен можат подеднакво да ѕидаат и Евреите и незнабошците. Тоа е единствен темел на кој можеме да ѕидаме без опасност. Тој е доволно широк за сите и доволно силен да го издржи притисокот и товарот на целиот свет. Поврзувајќи се со Христа Живиот Камен сите што ѕидаат на тој темел стануваат живи камења. Многу луѓе со својот личен труд се изделкани, измазнети и разубавени, но не можат да станат „живи камења,“ бидејќи не се поврзани со Христа. Без таа врска никој не може да биде спасен. Ако во нас нема Христов живот, не можеме да одолееме на бурите на искушенијата. Нашата вечна безбедност зависи од тоа дали ѕидаме на сигурен темел. Мноштва денес ѕидаат на темели кои не се испробани. Кога ќе падне дожд и кога ќе навалат бури и поплави, нивната куќа ќе се сруши, бидејќи не е втемелена на вечната Карпа на главниот темелен Камен, Исуса Христа. {КВ 599.4}
За оние „кои се сопнуваат на Речта, затоа што не и се покоруваат,“ Христос е карпа на сопнување. Но „каменот што го отфрлија градителите токму тој стана темелен камен”. Како и отфрлениот камен, Христос во Својата земна мисија бил занемаруван и злоставуван. Тој беше „презрен, отфрлен од луѓето, човек на болката, запознаен со тагата… Тој беше презрен и ние за ништо не го сметавме”. (Исаија 53:3) Но се приближувало времето кога Тој ќе биде прославен. Преку воскресението од мртвите, Тој ќе биде објавен „за Божји Син со сила”. (Римјаните 1:4) При Своето второ доаѓање, Тој ќе се открие како Господ на Небото и Земјата. Оние што се подготвувале да Го распнат, ќе ја признаат Неговата големина. Пред цела вселена, отфрлениот камен ќе стане главен камен темелник. {КВ 600.1}
И „врз кого ќе падне тој, ќе го сомеле во прав”. Луѓето кои Го отфрлиле Христа, наскоро ќе го видат уништувањето на својот град и на својот народ. Нивната слава ќе биде уништена и ќе биде разнесена како прав пред ветерот. А што е тоа што ги уништувало Евреите? Тоа била Карпата која, кога би граделе на неа, би била нивна сигурност. Тоа била Божјата добрина што ја презреле, праведноста што ја отфрлиле, милоста што ја занемариле. Луѓето му се спротивставиле на Бога и сѐ она што било за нивно спасение, се свртило во нивно уништување. Виделе дека сѐ она што Бог го одредил за живот, за нив станало за смрт. Еврејското распнување на Христа било поврзано со унишувањето на Ерусалим. Крвта пролеана на Голгота била тежина која ги потонала во пропаст не само за овој, туку и за идниот живот. Така ќе биде и во последниот завршен ден, кога казна ќе ги снајде оние што ја отфрлиле Божјата благодат. Христос нивната карпа на соблазна тогаш ќе им изгледа како одмаздлива планина. Славата што се одразува на Неговото лице, која претставува живот за праведниците, за безбожниците ќе биде оган на уништување. Грешниците ќе бидат уништени затоа што ја отфрлиле љубовта и ја презреле благодатта. {КВ 600.2}
Со многу илустрации и повторени опомени Исус им покажал на Евреите што ги чека затоа што Го отфрлиле како Божји Син. Со тие зборови Тој им се обратил на сите во сите векови, кои одбиваат да Го примат како свој Спасител. Ним им се наменети овие опомени. Обесветениот храм, непослушниот син, лажните лозари, презривите градители, имаат своја копија во искуството на секој грешник. Ако грешникот не се покае, ќе ја доживее судбината која тие ја претскажуваат. {КВ 600.3}