Историја на РДАСД

Сподели го ова:

ИСТОРИЈА НА РЕФОРМНОТО ДВИЖЕЊЕ НА АДВЕНТИСТИТЕ НА СЕДМИОТ ДЕН

Кога станува збор за Црквата на Реформно Движење на Адвентистите на Седмиот Ден, за нејзиното појавување и постоење, не можеме да го занемариме фактот дека таа е тесно поврзана со историјата на Црквата на Адвентистите на Седмиот Ден. Сето подолу наведено – е една кратка историја, составена според сеќавањата на очевидците – служителите, како и од материјалите на другите автори, и од оригиналните документи кои речиси за малку не преживеале.

Библијата и историјата сведочат дека Божјата Црква во неколку наврати отстапувала од чистотата на вистината. Во такви времиња Бог подигал ревни луѓе, кои се нарекувале реформатори, и тие правеле сѐ што можеле црквата да се врати во првобитната состојба, во согласност со Божјиот Закон. Кога луѓето се обидувале да го нарушат Божјиот Закон, тогаш биле подигани реформаторите за да го одбранат истиот. Но тие секогаш биле малубројни.

Денес исто така постои малобројна, „сиромашна, отфрлена од бурата, неутешна“ Црква на Реформно Движење на Адвентистите на Седмиот Ден (понатаму РДАСД), која, според историските податоци и сведоштвата на сѐ уште живите браќа и сестри, во тешки времиња, гледајќи и на смртта во лице, застанала во одбрана на принципите на Божјиот Закон. Затоа историјата на Божјата црква – е историја на борба, во која зема учество не само таа, туку и целиот универзум, бидејќи оваа борба „не е против крв и тело“ (Ефесјаните 6,12), туку борба помеѓу вистината и заблудата, светлината и темнината.

Нејзиниот почеток и причината за појавата е од далечното минато. Од самиот почеток на големата борба на Небото намерата на сатаната била да го собори Божјиот Закон. Имено со таа цел тој се побунил против Творецот, и бидејќи бил протеран од Небото, тој ја продолжил истата борба на Земјата. Целта која упорно ја спроведува е да ги мами луѓето и да ги натера да го кршат Божјиот Закон. Ако го постигне ова со кршење на целиот закон или преку отфрлање на една од заповедите, на крајот резултатот е ист. Грешејќи „само во едно“ покажуваме презир кон целиот закон; со своето влијание и пример го охрабруваме беззаконието и „стануваме виновни за сè“ (Јаков 2,10).

Еве зошто во оваа борба, волно или неволно, сакајќи или не сакајќи,  учествува секој жител на Земјата. А на чија страна – секој сам нека одлучи. Работата на Црквата е да ја прикаже сликата на големата борба помеѓу вистината и заблудата; да ги открие лукавите планови на сатаната и средствата со кои ќе можеме да му се спротивставиме; сеопфатно решавање на големиот проблем на злото, прикажување во вистинска светлина на потеклото на гревот и неговото крајно уништување; да се открие во целост правдата и милоста во сите Божји постапки во однос на Неговите созданија; и конечно да се покаже светоста и непроменливоста на Неговиот Закон.

Крстот на Голгота ја потврдува непроменливоста на Законот и му покажува на целиот универзум дека платата за гревот е смртта. Претсмртниот крик на Спасителот: „Се сврши!“ на сатаната му звучел како смртна казна. Исходот на оваа голема борба, која трае толку долго, кажува, дека е овозможено конечното искоренување на злото. Божјиот Син поминал низ портите на гробот „преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14).

Настаните од минатото, посматрајќи ги како дел од борбата помеѓу силите на светлината  и темнината, треба да добијат во нашите очи ново значење, бидејќи тие фрлаат светлина на иднината, осветлувајќи го патот на оние кои, како реформаторите од минатите векови, ќе бидат повикани, занемарувајќи ги земните благослови, да им го дадат на луѓето Божјото Слово и сведоштвото на Исус Христос.

Денес црквата на Реформно движење на Адвентистите на Седмиот Ден ја продолжува работата на реформаторите од сите векови. Но, зошто е потребно да се организира ново движење, да се додели ново име, бидејќи веќе постоеле многу различни христијански цркви и религиозни здруженија? Овие прашања се однесуваат на мнозина, и, за да се добие одговор на нив, потребно е да се погледне во историјата и да се истражи појавата на Адвентизмот во целина, а потоа и на Реформното Движење.

Според историските податоци движењето на Адвентистите на Седмиот Ден било формирано од христијани од различни верски движења, истовремено во многу земји. Сепак, центар на големото адвентно движење станал северноамериканскиот континент, бидејќи тука владеела најголема слобода и веста за претстојното второ доаѓање на Исус Христос најмногу се проповедала. На 12. септември 1833. година Вилијам Милер, добил официјална дозвола да го проповеда Евангелието, и заедно со истомислениците започнал да проповеда за претстојното второ доаѓање на Исус Христос, кое според пророчките проценки требало да се случи во 1844. година. До овој заклучок тој дошол после многугодишно истражување на библиските пророштва. Оние, кои ја примиле веста, со нетрпение го очекувале доаѓањето на Спасителот. Тие биле наречени адвентисти, од грчкиот збор – adventus, односно чекател.

Бидејќи Милер со својот труд ги утврдувал црквите, извесно време на него гледале со наклонетост. Но, кога проповедниците и верските водачи се свртеле против адвентната вест и решиле да задушат секакво ширење на вистината, ѝ се спротивставиле не само од проповедалната, туку на своите верници им забраниле и да слушаат проповеди за второто доаѓање, и на своите состаноци да зборуваат за оваа надеж. Така верниците се нашле во тешка положба и биле збунети. Тие ги сакале своите цркви и безволно се одвојувале од нив. Но, кога виделе дека сведочењето на Божјото Слово се потиснува и дека им се негира правото да ги истражуваат пророштвата, биле уверени дека верноста кон Бога е на прво место. Не можеле оние што ги отфрлале сведоштвата на Божјото Слово да ги сметаат за Христова црква која е „столб и тврдина на вистината“. Затоа тие сметале дека е оправдано да се одвојат од своите довчерашни цркви. Летото 1844 година од црквите истапиле околу педесет илјади членови. Исто така, многу луѓе биле исклучени од официјалните цркви само затоа што ја изразиле својата вера во второто Христово доаѓање.

Но, кога одреденото време поминало, а Христос не дошол, тогаш оваа група на верници се поделила. Некои од разочараните, престанале да бидат верници, велејќи дека тие никогаш искрено не верувале во второто Христово доаѓање. А таквите биле во поголем број. Другите, пак, не можејќи да го објаснат нивното разочарување почнале подлабоко да ја истражуваат Библијата, за да ја откријат грешката, бидејќи верувале дека Божјото Слово не греши, што значи дека грешката треба да биде во нивното толкување, и таа била пронајдена. Предметот на Светилиштето бил клучот кој ја отворил тајната на разочарувањето во 1844 година. Тие сфатиле дека грешката не е во пресметувањето на пророчките времиња, туку во општото неразбирање на Христовото дело во небесното светилиште. Оние што го преживеале разочарувањето, и понатаму останале адвентисти, сѐ уште верувајќи дека Христос сигурно ќе дојде.

При такво длабоко проучување на Библијата, тие, исто така, дошле до заклучок дека е потребно да се празнува седмиот ден, саботата. Во Откровение 14. глава луѓето се повикуваат да го слават Творецот, а пророштвото ни обрнува внимание на група верни кои, како резултат на објавувањето на тројната вест, ги држат Божјите заповеди. Една од овие заповеди непосредно упатува на Бога како на Творец. Четвртата заповед кажува: „А седмиот ден е сабота Господова… Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (Излез 20,10.11).

Важноста на саботата како спомен на создавањето се состои во тоа што таа постојано нè потсетува на вистинската причина зошто на Бога му припаѓа обожување – затоа што Тој е Творец, а ние Негови созданија. Поради тоа, саботата е темел на целокупното богослужение, зашто таа на најизразит начин ја истакнува оваа голема вистина, што не може да се каже ниту за една друга уредба. Почитувањето на саботата претставува знак на верност на вистинскиот Бог. Затоа, пораката, ги повикува луѓето да Му служат на Бога и да ги пазат Неговите заповеди, особено да се сеќаваат на потребата да ја почитуваат четвртата заповед, која во 321. година била изменета со декретот на царот Константин Велики, со сеопштото празнување на неделата. Затоа, почнувајќи да ја празнуваат саботата, адвентистите не откриле нешто ново, тие само се вратиле на старите божествени вистини, кои биле променети од страна на човекот.

Вистините што ги научиле, Адвентистите не само што ги спроведувале во пракса,  туку се обиделе да им ги проповедаат и на другите. За таа цел користеле различни методи: ширење на публикации, одржување на состаноци под шатор, одржување на конференции и др.

Во врска со ширењето на веста проповедана од трите ангели, и со порастот на бројот на оние што ја прифатиле, во редовите на црквата исто така навлегле и некои луѓе со необични погледи. Тие можеле да и нанесат голема штета на црквата, но биле запрени. Тоа покажало дека, за да се избегне конфузијата и да се спречи продирањето на чудните учења во нејзината средина, тоа барало некаква форма на организација.

Еден од првите обиди да се направи организација била статијата во Адвентен весник од 21. јули 1858. година со предлог да се свика годишна конференција во секоја држава, на која ќе биде изготвен и усвоен план за работа во иднина. Овој предлог бил разгледан на генералното собрание во Батл Крик во 1860. година, а во исто време биле направени планови да се заврши со организација на уредот, и имотот кој бил во негова сопственост. Во 1860. година во врска со организацијата на издавачката дејност било избрано името на црквата. Некои во почетокот мислеле дека името „Божја Црква“ би било посоодветно, но потоа увиделе дека името треба да ги одразува особините на црквата и заедно со останатите се договориле да се нарекуваат „Адвентисти на Седмиот Ден“. Затоа што ниту едно име не одговара на нашето исповедање, како она, што ја изразува нашата вера и укажува на нашата особена мисија. Името адвентисти на седмиот ден во прв план ги истакнува особеностите на нашата вера, па затоа е во состојба да се обиде да ги убеди луѓето кои се во потрага по вистината.

После овие предлози неколку групи на верници во државата Мичиген се обединиле во црква, а во црквата била организирана членска конференција. Ова се случувало и на други места. Конечно, како организација, АСД е формирана на конференцијата во Батл Крик на 21. мај 1863. година, на која присуствувале делегати од неколку држави, кои претставувале 125 цркви со околу 3.500 членови. Дваесет делегати претставувале шест конференции. Џон Бајингтон бил избран за прв претседател на Генералната конференција на АСД, Урија Смит за секретар, а Е.С. Вокер за благајник. Биле разработени и усвоени основните учења на АСД, кои се состоеле од 22 точки.

 

 ПРВОБИТНИТЕ НАЧЕЛА НА АДВЕНТИСТИТЕ НА СЕДМИОТ ДЕН

 

 1.    Дарот на пророштвото

Големата борба помеѓу црквата на Исуса Христа и непријателските сили е опишана во Откровение 12. поглавје. На крајот од 12.поглавје е запишано: „И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос“ (Откровение 12,17). „Сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото“ (Откровение 19,10). На овој начин последната црква е изразито обележана со Духот на божествено вдахновение. Во најтесна врска со тројната ангелска порака од Откровение 14,6-12 која продира низ сите земји, ќе се собере еден народ, кој ги пази заповедите Божји и верата во Исус. Во врска со тоа стои и Дарот на пророштвото. Пророкот Јоил прорекол дека пред да дојде големиот и страшен ден Господов „Ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух“ (Јоил 2,28.29). Ние треба да ја цениме Божјата бескрајна љубов и Дарот на пророштвото. „Не гаснете Го Духот! Пророштвата не ги омаловажувајте“ (1 Солунјаните 5,19.20); „Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех“ (2 Летописи 20,20).

Во развојот и организацијата на Црквата на Адвентистите на Седмиот Ден Духот на божественото вдахновение во Дарот на пророштвото зазел истакнато место. Затоа на овој милостив дар на небото за последната генерација на „остатокот“ му припаѓа најголема чест. Бидејќи Дарот на пророштвото меѓу адвентистите првпат настапил во декември 1844. година, како што гледаме од книгата „Искуства и виденија“ на страна 7, списите на Духот на пророштвото во совети и упатства се признаени во адвентната литература паралелно со Библијата како соодветно сведоштво за Божјиот народ. Преку овој дар на пророштво од 1844. година беа воспоставени начелата и науките на Црквата на АСД вдахновени како што читаме од следново сведоштво:

„Никој нека не се осмелува да ги поткопува темелите на нашата вера – темели кои, благодарение на откровението, студиозното истражување на Божјата реч и срдечните молитви, се поставени на почетокот на нашето дело“ – Слуги на евангелието, 307.

Од ова произлегува дека верувањето во науката на Духот на пророштвото за Црквата на АСД е начелна работа, и покрај Божјата реч сведоштвата стојат на прво место.

 

2.    Реформа на саботата

Следниов извештај од книгата „Живописни цртички“ стр. 236-238 ни покажува дека Дарот на пророштвото бил поврзан со реформа на саботата:

„Во времето кога сестра Вајт била во посета на New Bedford во државата Масачусетс во 1846. година, таа се запознала со старешината Јосиф Бејтс. Тој веќе ја беше примил адвентната наука и ревно дејствувал во тој правец… Старешината Бејтс ја држел саботата и инсистирал на нејзината важност. Сестра Вајт во тоа време сѐ уште не ја видела оваа вистина и мислела дека старешината Бејтс е во заблуда со тоа што повеќе се занимава со саботната заповед одошто со останатите девет. Но Господ и дал видение за небеснотосветилиште; Божјиот храм на небото бил отворен и ѝ бил покажан ковчегот на заветот со престолот на милоста. Два ангела, едниот од едната, а другиот од другата страна, ги рашириле своите крилја над престолот на милоста, и ги свртеле своите лица кон истиот. Ангелот придружник и рекол дека тие ја претставуваат небесната војска, која со стравопочит гледа на Божјиот закон, кој бил напишан со Божји прст. Исус го подигнал капакот од ковчегот на заветот и таа ги видела камените плочи на кои биле напишани заповедите. Со чудење видела дека четвртата заповед, меѓу сите десет, е опкружена со еден светол круг. Ангелот рече: „Само една од десетте заповеди го спомнува живиот Бог, кој ги создал небото и земјата и сѐшто е во нив. Кога се поставени темелите на земјата тогаш беше поставен и темелот на саботата“. – Почеток и развојот на Адвентистите, 124.125.  

„Видов дека саботата е ѕид кој го одвојува и ќе го одвојува вистинскиот Божји Израел од неверните, и дека е големо прашање за оние кои Го љубат Бога и дека со нејзина помош ќе се обединат светите кои го чекаат Христа“. – Искуства и виденија, 17.

На 6. октомври 1844 година при заседавањето на Мичигенската конференција било препорачано при организацијата на Црквата да биде прифатен следниот завет:

„НИЕ, ДОЛУ ПОТПИСАНИТЕ, СО ОВА СЕ ОБЕДИНУВАМЕ ПОД ИМЕТО АДВЕНТИСТИ НА СЕДМИОТ ДЕН ВО ЕДНА ЦРКВА И СЕ ОБВРЗУВАМЕ ДЕКА ЌЕ ГИ ДРЖИМЕ БОЖЈИТЕ ЗАПОВЕДИ И ВЕРАТА ИСУСОВА.“ – Почеток и развој, 199.

 

 3.    Ставот кон политиката и војната

Во 1844. година црквата на АСД се соочила со уште едно многу важно прашање: дали носењето на оружје е во согласност, особено во време на војна, со барањата на Божјиот закон? Била донесена следната одлука: „Ние сме принудени да се откажеме од било какво учество во војна и во дела на крвопролевање“. – Извештај од третата годишна сесија на ГК на АСД.

Таква била почетната позиција на адвентистите – никакво учество во војна. Тоа било во склад со Библијата (Јован 18,36; Матеј 5,43.44; Лука 9,56; Матеј 26,52; Јован 15,14) и Духот на пророштвото:

„Ми беше покажано дека Божјиот народ, кој е Негово особено богатство, не може да учествува во оваа збунувачка војна, бидејќи тоа е во спротивност со сите начела на нивната вера. Тие за време на својата служба во армијата не можат во исто време да се покоруваат на вистината и на наредбите на своите претпоставени. Тие во тој случај би морале постојано да ја газат својата совест.

Десетте Божји заповеди претставуваат темел на сите праведни и добри закони. Оние кои ги љубат Божјите заповеди ќе се придржуваат кон секој добар закон на својата земја. Но, ако барањата на властите доаѓаат во судир со Божјите закони, единственото прашање што во тој момент треба да се реши е: Треба ли да се покориме на Бога, или на човек?“ – Сведоштва за црквата 1, 361.362.

„Сатаната ужива во војната, зашто војната буди најлоши страсти во душата и потоа ги фрла во вечна пропаст своите жртви потонати во порок и крв. Негова цел е да ги подбуцнува народите да војуваат едни против други, зашто така може мислите на луѓето да ги одврати од подготовката да опстанат во денот на Божјото доаѓање.“ – Големата борба, 629.

„Божјиот народ треба да ги држи Неговите заповеди, отфрлајќи ја сета световна политика. Бидејќи ги прифатиле исправните начела на делување, луѓето треба да ги почитуваат тие начела, бидејќи тие се од небесно потекло. Послушноста на Бога за вас е од поголема вредност од злато или сребро.“ – 8 Сведоштво, 95.

Исус рекол: „Никој не може да им слугува на двајца господари“ (Матеј 6,24). Бидејќи воената служба бара апсолутна послушност, тоа значи апсолутно поврзување.

„Сатаната ужива во војната, зашто војната буди најлоши страсти во душата и потоа ги фрла во вечна пропаст своите жртви потонати во порок и крв. Негова цел е да ги подбуцнува народите да војуваат едни против други, зашто така може мислите на луѓето да ги одврати од подготовката да опстанат во денот на Божјото доаѓање.“ – Големата борба, 478.

Нашиот став во однос на ова прашање е јасен: Господ тоа ни го открил преку Својата реч и Духот на пророштвото. Секое отстапување од оваа светлина е отстапување од Бога.

 

 4.    Здравствена реформа

На шести јули 1863. година на сестра Е. Г. Вајт во едно видение и беше покажана потребата за една продирачка здравствена реформа и вегетаријански начин на живот. (Почеток и развој, 229).

„Здравствената реформа е една гранка на големото дело со кое Господовиот народ треба да се подготви за Христовото доаѓање. Таа е толку тесно поврзана со веста на третиот ангел, како што е поврзана раката со телото.“ – Христијанска умереност, 12.

„Помеѓу оние што го очекуваат Господовото доаѓање, употребата на месо како храна ќе биде конечно изоставена – месото ќе престане да сочинува дел од нивната исхрана. Таа конечна цел секогаш треба да ја имаме во предвид и секогаш да вложуваме напори да го оствариме тоа. Не можам да сметам, ниту да верувам дека јадејќи месо постапуваме во согласност со светлината која Бог во Својата милост ни ја дал.“ – Христијанска умереност, 118.

„Во оваа состојба од светската историја ние го обесчестуваме Бога со јадење на месо. Остатокот треба да се воздржува да јаде месна храна. Нека оние кои веруваат во вистината останат верни на своето знаме.“ – Библиска воспитна школа, 1902.

„Ако здравствената реформа се применува правилно, тогаш таа е како клин  кој го отвора патот, така што другите вистини можат да допрат до срцето. Кога тројната ангелска порака во својата полнота ќе биде прифатена, тогаш здравствената реформа ќе го заземе своето место во советите на конференциите, во работата на собранието, во домовите и на трпезите и во сите домашни ситуации. Тогаш десната рака ќе му служи на телото и ќе го чува.“ – Колпортерот како евангелист, 90.

„Оние кои добиле поуки во поглед на штетноста на употреба на месо, чај и кафе, како и за подготвување на тешка и нездрава храна и решиле да направат завет на жртва со Бога, нема да продолжат да и попуштаат на својата  наклоност за храна за која знаат дека е нездрава. Бог бара да го победиме апетитот и да се одречеме од оние намирници кои не се добри. Тоа дело мора да се изврши за Божјиот народ да може да стои пред Него како совршен народ“. – 9 Сведоштво, 151.

Поради големата важност на овој предмет биле давани упатства преку Духот на пророштвото. Во книгата: „Христијанска умереност“, „Здравје и среќа“ и во многу сведоштва било укажувано на големата потреба од здравствената реформа во подготовката за второто Христово доаѓање. Ненаситноста на стариот Израел кој копнеел по египетските лонци со месо ни е наведен како предупредувачки пример.

„Израеловите синови сакале месо зборувајќи, како што и денес зборуваат многумина: „Ќе умреме без месо“. Бог им дал месо на бунтовно настроените Израелци, но на месото било Неговото проклетство. Илјадници од нив умреле додека саканото месо им било во забите. Ние го имаме примерот на старите Евреи и опомена да не правиме како што правеле тие. Нивната историја на постојано неверување и бунт е забележана како посебна опомена да не се поведуваме по нивниот пример во мрморењето против Божјите барања. Како можеме толку рамнодушно да преминеме преку тоа, бирајќи сопствен пат, одејќи по она што го гледаат нашите очи и оддалечувајќи се сѐ повеќе од Бога како што тоа го правеле и Евреите?“ – 3Сведоштво, 171,172.

„Оние кои уживаат месна храна, ги презираат сите Божји опомени кои Тој им ги дал во врска со ова прашање. Тие немаат никаков доказ дека одат по сигурен пат. Тие немаат ни најмало извинување што јадат месо од мртви животни… Божјото проклетство е на животинскиот свет. Често пати кога се консумира месо, истото гние во желудникот и предизвикува болести. Повеќето болести како ракот, чиревите и болестите на органите за дишење настануваат поради употреба на месна храна.“ – Записник од Пацифичката унија од 9. октомври, 1902.

„Начелата за здраво живеење се мошне значајни за нас како поединци и како народ… Тој ми покажа дека оние кои ги држат Неговите заповеди, треба да воспостават света врска со Него и да бидат умерени во јадењето и пиењето, за да можат го сочуваат својот ум и тело за служба во најдобра состојба.“ – 9 Сведоштво, 158.

 

 ЦВРСТА ОСНОВА

На темелот на овие вистини настанала адвентната заедница, која требало да ја исполни свечената задача, да ја однесе тројната ангелска порака во целиот свет. Начелата на оваа вистина требале да останат недопрени пред целиот свет, бидејќи на истите, ние како заедница, стоиме или паѓаме. Седумдесет години Господ го водел и штител овој народ преку пророците, како што тоа некогаш го правел со Израел (Осија 12,13), но токму тогаш кога се приближила една криза и денови на голема опасност за Божјиот народ, тогаш овој дар на пророштво бил одземен. Господ ја положил сестра Вајт во гроб токму тогаш, кога адвентниот народ во Првата светска војна бил испитан и тргнал по свој сопствен пат. Господ во сите времиња ги испитувал поединците, како и својата заедница, дали ќе бидат послушни на Неговите заповеди и дали ќе стојат на темелите на вистината. Во такви судбоносни времиња се откривале поединци, како и заедница, дали љубовта кон вистината пребива во нивните срца, бидејќи во „одлучни точки се открива карактерот“.

„Бог го води Својот народ, чекор по чекор. Тој ги доведува во различни положби и околности за да се покаже што им е во срцето. Некои опстануваат во еден аспект, но паѓаат на наредниот. При секоја следна проверка срцето се става на посериозен испит. Ако припадниците на Божјиот народ чувствуваат отпор во своето срце кон овој сосем оправдан процес, тоа треба да ги осведочи дека во тој поглед мора да извршат одлучна промена ако не сакаат да бидат изблуени од устата Господова“ – 1 Сведоштво, 186.187.

„Ниеден дел од вистината која адвентистите на седмиот ден ги чини она што се, не смее да биде ослабен. Ние имаме стари граници на вистината, искуства и должности и затоа треба пред целиот свет цврсто да стоиме во одбрана на нашите начела.“ – Сведоштва за црквата, 77.

„Нека никој не се осмели да ги собори основните начела на нашата вера – начела кои биле поставени на почетокот на нашето дело преку истражување на Божјата реч, преку молитви и откровенија… „Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената“. Во минатото мнозина се обидувале да воведат една нова вера и да постават нови темели; но колку долго останала нивната градба? Таа речиси паднала бидејќи не била основана на камен.“ – Слуги на евангелието, 272.

 

 ПОДЕЛБА МЕЃУ АДВЕНТИСТИТЕ НА СЕДМИОТ ДЕН ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Со појавата на Првата светска војна за адвентниот народ настапила една криза. Носителите на знамето сега требало храбро да одат пред стадото и да водат чесна борба за Христовото знаме. Но колку бедно и слабо се покажале водачите во овој час на искушение! Тие често пати се откажувале од вистината и ја срамеле со своите повици да се брани татковината со оружје во раце, па дури и во сабота. Водачите побрзале во едно писмо до Војното министерство да го објават своето ново гледиште. На тој начин беа оставени старите начела и прифатени новите, но не повеќе во согласност со едно „Така вели Господ“, или „Според законот и сведоштвата“, туку тоа беа сопствени мислења на луѓе кои ги оставиле Божјите начела. Писмото до Војното министерство јасно покажува, колку бил длабок падот и отстапувањето од првобитните начела. Споменатото писмо кое водачите на европското одделение го упатиле до Војното министерство гласи:

Карлотенбург, 6. август, 1914.

Превозвишен Господине!

Препочитуван Господине, Генерале и воен Министер!

Иако нашиот став за односите кон властите, како и општата воена служба, бил повеќе пати објавен а особено поради одбивањето на војна служба во време на мир во саботен ден било сметано како фанатично, дозволете ми на Вашата Екселенција повторно да и ги соопштам следниве начела на германските адвентисти на седмиот ден, особено во сегашнава војна состојба. Додека ние стоиме на темелите на Светото Писмо и се трудиме да живееме според начелата на христијанскиот живот, држејќи го од Бога поставениот ден за одмор (сабота), воздржувајќи се од секоја работа во тој ден, ние чувствуваме должност во ова сериозно време на војна да стоиме на браникот на татковината исто така и во саботниот ден, под исти услови и со оружје во рака. Ние се потпираме и во оваа точка на Библискиот текст во 1 Петрово 2,13-17 „И така, покорувајте се на секоја човечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт, било на управители на Негови пратеници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците … имајте страхопочит кон Бога, царот почитувајте го!“

Ние ова наше гледиште им го соопштивме на сите наши членови и освен тоа баравме од сите наши собранија да воведат молитвени состаноци, особено да се молат на Бога за победа на германското оружје. Ако се случи некои адвентисти да се откажат од служба во сабота или одбијат да примат оружје, ќе и бидеме благодарни на Вашата Екселенција ако за ова наше гледиште ги известите командите кои ви се потчинети.

Во врска со ова нека ми биде дозволено да и соопштам на Вашата Екселенција, дека ви го оставаме на располагање нашиот санаториум во Фриденсау кај Магдебург и нашето мисионерско училиште, како и 250 поставени шатори со еден лекар и извесен број на лекарски образувани болничарки за сместување на околу 1400 ранети. Со желба Бог да и даде победа на оваа германска работа, чест ми е да се претставам како многу лојален на Вашата Екселенција.

Џ.Ф. Шуберт, проповедник

 Каков бил резултатот на еден таков искривен став на водечките браќа? За тоа пишувал светскиот печат од каде го наведуваме следниов пасус?

„Меѓу приврзаниците на адвентистите по избувнувањето на војната се случил еден расцеп. Повеќето сакале за време на траењето на војната да ја остават надвор од сила постојната наука, додека преостанатиот дел барал да се празнува саботата и во ова тешко време. Оваа спротивставеност довела до конечно исклучување на приврзаниците на старата вера од Црквата.“ – Келнише цајтунг од 21. септември, 1915 година.

Така беа исклучени од Црквата членови верни на начелата и со нив се случило истото она што се им се случувало на сите реформатори кои го кренале својот глас против отпадот. Преку овие настани во адвентниот народ, душите кои му беа верни на Бога чувствуваа обврска да го подигнат својот глас против отпадот во адвентната црква, и тогаш настапило едно решетање меѓу Божјиот народ.  

 

 РЕШЕТАЊЕ

 „Деновите на прочистување на црквата нагло се приближуваат. Бог ќе има народ кој ќе биде чист и верен. Во силното решетање кое наскоро ќе дојде, ќе можеме подобро да ја измериме силата на Израел. Знаците покажуваат дека е близу времето кога Господ ќе се појави како Оној Кој во Својата рака држи лопата, и Кој целосно ќе го очисти Своето гумно. Бргу се приближуваат денови на голема забуна и збрка. Сатаната, облечен во ангелска облека, ќе ги измами, ако е можно, дури и избраните.

Ќе има многу богови и господари. Ќе дува секој ветар на науката. Тие што на „таканаречената лажна наука“ ѝоддавале најголема почест тогаш нема да бидат водачи. Тие што се потпирале на разумот, генијалноста или талентите нема да стојат на чело… Борбата се води меѓу Божјите и човечките заповеди. Во тоа време во црквата ќе се одвои златото од троскотот. Вистинската побожност јасно ќе се разликува од лажната. Ќе потемнат многу ѕвезди на чиј сјај се восхитувавме. Ветрот ќе ја разнесе плевата, дури и оттаму каде што гледаме гумна со богата пченица. Сите кои ги присвојуваат украсите на светилиштето, а не се облечени во Христовата праведност, ќе се појават во срамот на својата голотија.

Кога ќе се исечат бесплодните дрвја кои се испостувачи на земјата, кога лажните браќа ќе се одвојат од вистинските, тогаш ќе се појават тие што се скриени и ќе се соберат под Христовото знаме, воскликнувајќи: Осана! Луѓето кои беа срамежливи и без доверба во себе отворено ќе се изјаснат за Христа и за вистината.“ – 5 Сведоштво, 79.80.

Се повториле истите карактеристики кои, во времето на Јован Крстител, се случиле во прахристијанската реформација. Тогашното решетање меѓу јудејството довело до организирање на христијанска заедница, додека масите на еврејската матична заедница се покажале како плева, и заедно со својот храм пропаднале при разорувањето на Ерусалим, затоа што не ја примиле божествената вест. (Матеј 3,11.12).

Со тоа се исполнило Сведоштвото за едно претскажано решетање меѓу адвентниот народ во 1914. година. Во она време било јасно до каде се протега принципиелната верност кон начелата; било откриено дека „верата која го победува светот“ и љубовта кон Бога не биле вистински и дека се исполнило следново пророштво:

„Во тоа време површната, конзервативна класа, чие влијание постојано го забавувал напредокот на делото, ќе се одречат од верата и ќе станат отворени непријатели, на чија страна долго биле време се стремеле нивните симпатии. Тогаш овие отпадници ќе се покажат како најогорчени непријатели и ќе прават сѐ што е во нивна моќ за да им наштетат на своите поранешни браќа и да предизвикаат омраза кон нив. Овој ден е токму пред нас. Членовите на црквата поединечно ќе биде испитан и испробани.“ – 5 Сведоштво, 463,2.

Во тоа тешко време на искушенија за верните кои не сакале да се потчинат на заклучокот на водечките луѓе и да ја напуштат саботата за време на војна, и кои во својата совест не можеле да се согласат да кренат оружје против своите ближни, тие го барале Бога во молитва. Гонети со потерници од властите, оставени од своите пастири, мнозина доживеале затвор и заробеништво. Дури и по судски пат тројца собраниски старешини биле исклучени од црквата од страна на своите старешини, само затоа што го  објавувале старото неборбено гледиште на црквата и со истото биле согласни.

Неверните пастири го оставиле своето стадо не само на цедилка, туку над своите браќа вршеле предавство поради страв од прогонство и затвор, како што се гледа од писмото на Војното министерство од 1914. година:

„Ако се случи поедини адвентисти да откажат служба во саботен ден, или одбијат да примат оружје ќе и бидеме благодарни на Вашата Екселенција ако за ова наше гледиште ги известите оние кои се потчинети на вашата команда.“

Но каде беа неверните пастири во она време? Верните трпеле прогонства, мачење и затвори. Неверните пастири сами изјавиле на преговорите во Фриденсау: „Повеќето наши проповедници беа надвор, а уште поголемо мнозинство од нашите собраниски чиновници и браќа исто така беа надвор.“

Зошто истите не го паселе стадото како што тоа го правел добриот Пастир кој својот живот го дал за овците?

 

 СТАВОТ НА ГЕНЕРАЛНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА КОН НАСТАНИТЕ ОД 1914 ГОДИНА

 На браќата од Генерална конференција не им беа непознати настаните во Европа, и верните, изгонети души со нетрпение чекаа на еден официјален став. Но тие мораа да се стрпат се до 23. јули 1920. година кога Генералната конференција била волна да преговара со браќата во Фриденсау, кои поради настаните меѓу адвентистите стоеле надвор од црквата. Сите прашања кои довеле до овој расцеп биле дискутирани, и братот А.Г. Даниелс, кој тогаш беше претседател и официјален претставник на Генералната конференција меѓу останатото го изјавил и следново:

„Но, кога ќе поминеме на проучување на прашањето, дајте му го на царот неговото, тогаш наоѓаме дека тоа е мултиплицирано. Штом започна војната во Европа ние овој предмет во Европа грижливо го студиравме. Ние имавме во однос на вас голема предност. Кај вас војната изби ненадејно, преку ноќ. Со таква брзина таа ве изненади и вие моравте нешто да преземете, не доцнејќи ниту еден ден. Но ние имавме речиси две години време да размислуваме за ова прашање пред и кај нас да настапи војна. Во оваа точка исто така имавме една голема предност пред вас, која ни овозможи да заземеме добро промислен став. Бидејќи овој предмет грижливо го истражувавме, пронајдовме дека тој за нас е многу замрсен…“ (Од „Протоколот за разговорите во Фриденсау“ стр. 34-35).

Каков тогаш беше тој „добро промислен став“ на Генералната конференција, кога ниту во Библијата ниту во Сведоштвата не можеле ништо да најдат за на основа на тоа да заземат еден јасен став? Братот Даниелс понатаму вели:

„Ние најдовме дека е мошне тешко да се даде едно сеопшто начело во случај на војна. Војниот проблем е еден мошне компликуван проблем, можеби многу потежок од другите што сме ги имале. Тоа не е толку едноставно како десетте заповеди или едноставно Библиско толкување на Евангелието по Јован 3,16. итн.

Се додека ние немаме никакви одредени граници и изразито правило во однос на нашиот став кон властите, мора на секој поединец да му се препушти самиот да постапува според својата совест.“ (Протокол 37.38).

Така ова одлучувачко прашање кое предизвикало толку многу болки и страдања на верните браќа и доведе до расцеп во црквата, беше оставено на личната совест на секој поединец. Ова прашање донело голема забуна меѓу водечките браќа и таа забуна во ова спорно прашање останала и до денешен ден нерешлива, иако црковните историчари како Пасторот Валтер Дигнат-Дирен ова прашање јасно и отворено го опишале. Дали може за овие водачи да се каже: „Да, свештениковите усни треба да го чуваат знаењето, а од неговата уста треба да се бара Законот: зашто тој е пратеник на Господа над Воинствата“ – Малахија 2,7.

Свештениците треба будно да внимаваат и стражарат за да некој не си земе слобода на совеста да го престапува Божјиот закон, меѓутоа Генералната конференција им дозволила на своите членови слобода на совест! Зошто тогаш не ја дава таа слобода на совест и во другите заповеди, како на пример во прашањето на бракот и во осмата заповед? Може ли водството да им дозволи на членовите слобода во кршење на бракот? Ако не, тогаш немаат никакви права да им дозволат престап на шестата заповед  (не убивај) и престап на саботата, туку нивна света должност е да ги воспитаат членовите на црквата во верска послушност.  За слобода на совеста во книгата „Мисли од гората на блаженството“ стр. 51,4 читаме:

„Кога на луѓето би им се дозволило да отстапуваат од Божјите барања и сами на себе да си одредуваат мерила на должностите, тие мерила би биле различни како што се различни и човечките мисли и власта би била одземена од рацете на Господа. Човечката волја би била над сѐ, а возвишената и света волја Божја, Неговиот план на љубовта за човечките суштества би бил презрен и обесчестен“.

Библијата нѐ учи дека Бог на секој човек му дал слободна волја да одлучи дали ќе ги слуша Божјите зборови и заповеди или нема. Ова јасно произлегува од книгата на Исус Навин 28,15; Еремија 21,8; и Левитска 18,5. Божјата црква има свечена задача од Бога да оди во целиот свет и да ги научи луѓето „да пазат сè што сум ви заповедал“ (Матеј 28,20). Секој верник при заветот на крштевање се обврзал пред Бога и црквата дека ќе ги држи Божјите заповеди и верата Исусова, и на овој темел е поставена организацијата на црквата на адвентистите на седмиот ден, како што тоа веќе беше порано покажано. Затоа нејзина света должност е да внимава овие заеднички принципи верно да се чуваат и од секој поединечен член да се извршуваат. Црквата како таква не е овластена на своето членство да му дозволува слободно да ги престапува Божјите заповеди, бидејќи тогаш би доминирало човечкото самоволие а божествената волја би била попречена. Но како што „Не секој што Ми вели: ,Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Матеј 7,21) исто таква беше и официјалната изјава на Одборот на Генералната Конференција од ноември 1915 година „дека во различни земји се дозволува полна слобода на прилагодување на законите во сите граѓански должности (па и за учество во војната) како досега така и понатаму“,  – еден директен повик за престап на заповедите и самоволно презирање на Христовата мирољубива наука во Беседата на гората (Матеј 5,38-48; Јован 18,36). Резултатот од една лажна претпоставена слобода на совеста, која врховното водство на адвентистите на седмиот ден им ја дозволило на членовите на црквата, според нивните сопствени зборови беше дека: „Повеќето наши проповедници беа надвор, а уште поголемо мнозинство од нашите собраниски чиновници и браќа исто така беа надвор.“ Ние прашуваме: Што барале тие таму? Не може во воениот метеж, со Библија во една рака и со меч во друга да се објавува евангелието на тројната ангелска порака. Сепак, тоа може да го прави, според нивниот сопствен суд „Само една отпадната црква, или некој, кој начелата на Христовото царство ги изгубил од своето срце и ги споил со државната сила“ (Домашен христијански пријател од 23. септември 1915. година). Но не само тоа! Додека од една страна била дадена слобода на совеста особено за четвртата и шестата заповед во време на војна, со што црквата на адвентистите на седмиот ден жртвувала многу души на богот на војната, сега од друга страна оние адвентисти кои протестирале против тоа, бидејќи во тоа виделе отворен отпад од нашите основни начела, биле исклучени и прогонети од своите сопствени пастири и обвинувани како отпадници и во многу случаи предавани на властите. Така една изопачена слобода на совест довела дотаму да се прилагодат на сите војни барања, додека оние кои од чиста совест ова го одбиле, немале слобода јавно да го исповедаат своето гледиште. Со тоа пастирите доброволно ја напуштиле вистината и стадото кое им било доверено, и секој член го оставиле на самиот себе окружен со безбројни опасности.

Ако во една таква ситуација црквата немала верска храброст своите имоти и животи да ги изложи на опасност поради вистината, и ако водачите на стадото под изговор на граѓанска должност ја напуштиле возвишената должност да бранат едно јасно „така говори Господ“, како може за поедини членови на црквата кои под закана на власта ја откажувале бараната служба да се тврди дека истите се против Божјата волја? Кога црквата му откажува послушност на Бога, како можат тогаш поединци да опстанат?

Генералната конференција на Адвентистите на Седмиот Ден го одрекува правото на постоење на реформното движење за време на разговорот во Фриденсау во 1920. година

 На страна 44-46 од книгата „Протокол за разговорите во Фриденсау“ братот Даниелс изјавил дека поради војниот расцеп на АСД настанатото Реформно движење немало право да се организира и цепа од матичната црква. Исто такво тврдење било подигнато и против Јован Крстител и првобитната христијанска реформација, што се гледа од Јован 1,19-25; Матеј 3,9-12; Јован 9,22 и 16,1-3; Дела 28,22. Истото се тврдело и против реформаторите во средниот век, дека истите и покрај злоупотребата и изопачените црковни науки не биле во право да се одвојат од мајчинската црква и да создадат организација. Од страна на старешините и водечките духовничари секогаш било изјавувано дека пред се мора да се зачува единството на стадото. на реформаторот Лутер му било кажано дека треба да ги повлече своите Тези кои предизвикале само неединство, пречка и узбуна. Бидејќи тоа било така секогаш во црковната историја, не е ништо ново ако истото се повтори и во црквата на адвентистите на седмиот ден. Овде ги наведуваме зборовите на претседателот Даниелс кои ги упатил до членовите на Реформацијата:

„Браќа, вие не требавте да основате никаква организација меѓу нашиот сопствен народ.  Не требавте да издавате списи и да ги ширите насекаде, и тогаш во нашите сопствени редови да основате нова црква, за на тој начин да извлекувате десетоци и дарови од нашиот народ“ (Протокол, стр. 44).

Понатаму во ова точка беше кажано: „Некои членови на црквата можат да бидат навредени од страна на чиновниците или старешините. Можеби постои нешто во водството на собранието кое тие не можат да го одобрат. И што тогаш тие треба да прават? Дали требаат веднаш да основаат една нова црква и да се одвојат? Јас велам: Не!“ (Протокол, 44),

Колку и да погрешиле вашите браќа, вие бидете внимателни и мирни и предајте му се на Бога и на Негова грижа и не дозволувајте да дојде до расцеп. Немојте да војувате против своите браќа. Немојте да печатите и да ширите никакви списи кои ги доведуваат во тешкотии нас и нашите институции. А кога бурата и тешкотиите ќе поминат, тогаш ќе се состанеме и ќе дискутираме за оваа работа и ќе ја доведеме кон една цел“ (Протокол, 45).

Овие изјави на братот Даниелс, тогашниот претседател на Генералната конференција, покажуваат дека настаните кои се случиле меѓу адвентистите на седмиот ден во 1914. година не биле посматрани од гледиште на начелни науки според Законот и Сведоштвото, туку воглавном од гледиште на организација. Од иста гледна точка еврејските, римските и многу други религиозни организации тврделе дека истите се валидни и од Бога повикани цркви. Тие и понатаму се повикувале на своето долгогодишно постоење, на бројната моќ, на богатството, влијанието итн., сепак овие надворешности не се никаква легитимација за потврда на вистинската Христова црква. Основачот на христијанството изјавил: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици“; и „Секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен“ (Јован 8,31; Матеј 7,24). Црквата треба да се темели на Божјата реч; но ако таа ги напушти принципите на Божјата реч и се обиде да го избегне крстот, прилагодувајќи се кон светот, водејќи светска политика, тогаш го губи правото да биде Божја црква. За тоа во „Домашен христијански пријател“ од 12. март 1906. година е напишано следново:

 

Црквата и речта

Продолжува…

Сподели го ова:

Слични објави