64. ОСУДЕН НАРОД

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Марко 11:11-14,20,21; Матеј 21:17-19.

Христовото триумфално влегување во Ерусалим било само едно бледо навестување на Неговото доаѓање на небесните облаци, со сила и слава, сред триумфот на ангелите и радоста на верниците. Тогаш ќе се исполнат зборовите што Христос им ги упатил на свештениците и фарисеите: „Нема да ме видите отсега дури не кажете: Благословен е Оној, Кој Доаѓа во името Господово”. (Матеј 23:39) Во пророчко видение на Захарија му бил прикажан денот на конечниот триумф; и тој исто така ја опишал и осудата на оние кои Го отфрлиле Христа при Неговото прво доаѓање: „И ќе Го гледаат Оној, Кого Го прободоа; ќе плачат над Него како над единец, горко ќе Го оплакуваат како првенец”. (Захарија 12:10) Христос го видел ова, кога го набљудувал градот и плачел над него. Во привремената пропаст на Ерусалим, Тој ја видел конечната пропаст на тој народ, кој бил виновен за крвта на Божјиот Син. {КВ 580.1}

Учениците ја забележале омразата на Евреите кон Христа, но сѐ уште не сфатиле кон што ќе води истата. Тие не ја разбирале вистинската состојба на Израел, ниту ја разбрале казната што ќе го снајде Ерусалим. Христос им го објаснил тоа со една значајна очигледна поука. {КВ 580.2}

Последниот апел на Ерусалим бил напразен. Свештениците и поглаварите слушнале како пророчкиот глас од минатото одекнува од мноштвото, одговарајќи на прашањето: „Кој е тоа?“; меѓутоа, тие не го примиле тоа како глас на Вдахновението. Во гнев и зачуденост се обиделе да го замолчат народот. Во мноштвото се наоѓале римски офицери и непријателите го обвиниле Исуса како водач на бунт. Тие тврделе дека Исус се подготвува да го преземе храмот и да владее како цар во Ерусалим. {КВ 580.3}

Меѓутоа, Исусовиот спокоен глас за момент го стивнал бучното мноштво, повторно објавувајќи дека не дошол да воспостави земно царство, дека наскоро ќе се вознесе кај Својот Татко и дека Неговите обвинители веќе нема да Го видат, додека повторно не дојде во слава. Тогаш тие ќе Го признаат, но ќе биде премногу доцна за нивно спасение. Исус ги изговорил тие зборови со тага и со необична сила. Римските офицери замолчиле и се покориле. Нивните срца, иако биле туѓи за божественото влијание, биле вознемирени како никогаш порано. На спокојното, свечено Исусово лице тие виделе љубов, добрина и мирно достоинство. Во нив се разбудила наклоност која не можеле да ја сфатат. Наместо да Го уапсат, тие биле склони да Му укажат поклонение. Свртувајќи се кон свештениците и поглаварите, тие ги обвиниле дека создаваат немир. Засрамени и поразени, тие поглавари се обратиле кон народот со своите поплаки и гневно се расправале меѓу себе. {КВ 581.1}

Во меѓувреме, Исус незабележано стигнал до храмот. Тука сѐ било мирно, бидејќи сцената на Маслиновата Гора ги привлекла луѓето. Исус кратко време останал во храмот, набљудувајќи го со тажен поглед. Потоа се повлекол со Своите ученици и се вратил во Витанија. Кога народот Го побарал за да Го постави на престолот, никој не можел да го најде. {КВ 581.2}

Исус поминал цела ноќ во молитва, а изутрината повторно дошол во храмот. Попатно поминал низ еден овоштарник со смокви. Бил гладен и „кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи не би ли нашол нешто на неа. Но кога се приближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви”. {КВ 581.3}

Уште не било време за зрели смокви, со исклучок на некои места и за планинските височини околу Ерусалим навистина можело да се каже дека „уште не беше време за смокви”. Меѓутоа, во овоштарникот во кој влегол Исус, изгледало дека едно стебло е понапредно од другите. Тоа веќе било покриено со лисја. Природно е за смоквата прво да покаже плод, а потоа лист. Според тоа, дрвото кое веќе разлистало, ветувало дека веќе на него се наоѓа добро созреан плод. Меѓутоа, тоа била измама. Бидејќи пребарал на сите гранки, од најниската до највисоката, Исус не нашол „ништо освен лисја”. Тоа било само маса на претенциозни листови и ништо повеќе. {КВ 581.4}

Христос изрекол над неа проклетство. „Отсега никој довека да не јаде повеќе плод од тебе,“ рекол Тој. Следното утро, кога Спасителот со Своите ученици повторно се наоѓал на пат кон градот, исушените гранки и свенатите лисја го привлекле нивното внимание. „Учителе,“ рекол Петар, „види, смоквата што ја проколна се исушила”. {КВ 582.1}

Учениците биле изненадени што Христос ја проколнал смоквата. Ним им изгледало дека тоа не е во склад со Неговите постапки и зборови. Често ги слушале Неговите зборови дека не дошол да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Се сеќавале на Неговите зборови: „Синот Човечки не дојде да уништи човечки животи, туку да спаси”. (Лука 9:56) Неговите прекрасни дела биле да обноват и никогаш да уништат. Учениците Го познавале само како Обновител, како Исцелител. Оваа постапка била осамена. Тие се прашувале: „Каква е нејзината цел?“ {КВ 582.2}

Бог „ужива да искажува милост”. Господ вели: „Животот ми Мој, вели Господ Бог, Јас не наоѓам задоволство во смртта на безбожникот”. (Михеј 7:18; Езекиел 33:11) За Него делото на уништување и изрекување на казна е „необична работа”. (Исаија 28:21) Меѓутоа, во Својата милост и љубов Тој го подига превезот на иднината и им ги открива на луѓето последиците од проклетството на гревот. {КВ 582.3}

Проколнувањето на смоквата всушност било практична поука. Неродната смоква, која се фалела пред Христа со своите вообразени лисја, била симбол на еврејскиот народ. Спасителот сакал јасно да им ја покаже на Своите ученици причината за неминовната пропаст на Израел. Од таа причина го украсил дрвото со морални особини и го направил толкувач на божествената вистина. Евреите горделиво се издвојувале од сите други народи, исповедајќи лојалност кон Бога. Бог им бил посебно наклонет и тие се сметале себеси поправедни од другите народи. Меѓутоа, тие биле изопачени поради љубовта кон овој свет и алчноста. Се фалеле со своето знаење, а не ги познавале Божјите барања и биле полни со лицемерие. Како неродното дрво, и тие високо ги ширеле своите вообразени гранки, раскошни според својот изглед, убави на око, но немале „ништо, освен лисја”. Еврејската религија, со својот величествен храм, со своите свети олтари, со своите свештеници со своите митри, како и импресивните церемонии, навистина била убава по надворешен изглед, но и недостигале понизност, љубов и добродетелност. {КВ 582.4}

Ниедно дрво во овоштарникот немало плод, но дрвјата без лисја не давале повод за никакво очекување, ниту предизвикувале никакво разочарување. Тие дрвја ги прикажувале незнабошците. Тие биле лишени од побожноста исто како и Евреите, но не тврделе дека Му служат на Бога. Тие не се фалеле со наводна добрина. Тие биле слепи за Божјите патишта и дела. За нив тогаш сѐ уште не било времето за смокви. Тие сѐ уште го чекале денот што ќе им донесе светлина и надеж. Евреите, кои примиле поголеми благослови од Бога, биле сметани за одговорни што ги злоупотребиле тие дарови. Предностите со кои се фалеле само ја зголемувале нивната вина. {КВ 583.1}

Исус гладен и пристапил на смоквата, со цел да најде храна. Така дошол и во Израел, копнеејќи кај нив да најде плодови на праведноста. Тој изобилно ги дарувал со Своите дарови, за тие да можат да дадат плод што би бил на благослов за светот. Им биле пружени сите можности и предности, а како надомест за тоа ја барал нивната наклонетост и соработка во Своето дело на благодатта. Тој копнеел во нив да види самопожртвуваност и сочувство, ревност за Бога и длабок душевен копнеж за спасение на ближните. Кога би го држеле Божјиот закон, тие би го извршиле истото она несебично дело што го извршил Христос. Меѓутоа, горделивоста и самоувереноста ја фрлиле во сенка љубовта кон Бога и човекот. Одбивајќи да им служат на другите, тие самите себеси се осудиле на пропаст. Не ја отвориле за светот ризницата на вистината која им ја доверил Бог. Во неродната смоква можеле да го видат и својот грев и казната за гревот. Свената под проклетството на Спасителот, исушена, овената и сува до корен, таа покажувала што ќе биде со еврејскиот народ, кога ќе му биде скратена Божјата благодат. Одбивајќи да го пренесат благословот, тие веќе нема ниту да го добијат. Господ вели: „О Израеле, сам себеси се уништи”. (Осија 13:9) {КВ 583.2}

Оваа опомена е за сите времиња. Проколнувајќи ја смоквата која е создадена со Неговата сила, Христос дал опомена на сите цркви и сите христијани. Никој не може да живее според Божјиот закон, а да не им служи на другите. Многумина во својот живот не се угледуваат на милостивиот, несебичен Христов живот. Некои, кои сметаат дека се одлични христијани, не сфаќаат што ја сочинува службата за Бога. Тие мислат само како да си удоволат себеси. Тие прават нешта мислејќи само на себеси. Времето за нив има вредност, само ако можат да придобијат нешто за себеси. Тоа е нивна цел во сите нивни постапки во животот. Тие си служат себеси, а не на другите. Бог ги создал за да живеат во светот, во кој секој мора несебично да служи. Тој одредил тие да им помагаат на своите ближни на сите можни начини. Меѓутоа, нивното ,,јас“ е толку големо, што тие не гледаат ништо друго. Тие не се во допир со човештвото. Оние што живеат само за себе се слични на смоквата која се фалела со своите лисја, но била неплодна. Тие се придржуваат за верските форми без покајание и вера. Со зборови тие му оддаваат чест на Божјиот закон, но им недостига послушност. Тие зборуваат, а не творат. Во пресудата изречена на смоквата, Христос покажал Колку му е одвратно празното претендирање. Тој кажува дека отворениот грешник е помалку виновен од оној што тврди дека Му служи на Бога, а всушност не донесува плод во Негова слава. {КВ 584.1}

Параболата за смоквата, раскажана пред Христовото доаѓање во Ерусалим, непосредно е поврзана со поуката што ја дал, преколнувајќи го неродното дрво. Градинарот молел за неродното дрво во параболата: „Остави ја уште оваа година, додека не ископам околу неа и не ја наѓубрам; па ако роди, добро, а ако не, потоа ќе ја пресечеш”. На неплодното дрво требало да му се посвети поголемо внимание. Требало да му се пружи секоја предност. Меѓутоа, ако остане неплодно, ништо не може да го спаси од уништување. Во параболата не се кажува каков бил резултатот од трудот на градинарот. Тоа зависи од луѓето на кои им биле упатени Христовите зборови. Нив ги претставувало неплодното дрво и тие требало да донесат одлука за сопствената судбина. Им биле дадени сите предности кои Небото може да ги даде, но тие не ги користеле овие големи благодети. Резултатот се покажал, кога Христос ја проколнал смоквата. Тие сами ја запечатиле својата пропаст. {КВ 584.2}

Повеќе од илјада години, Евреите ја злоупотребувале Божјата милост и ги повикувале Неговите казни. Тие ги отфрлале Неговите опомени и ги убивале Неговите пророци. Придржувајќи се за тој ист пат, луѓето во Христово време биле одговорни за тие исти гревови. Во отфрлувањето на тогашната милост и опомените лежела вината на тоа поколение. Во Христово време народот уште поцврсто ги стегал околу себе синџирите, кои Евреите со векови ги ковале. {КВ 584.3}

Во секој век на луѓето им е даден период на светлина и предности, еден период на проба во кој можат да се помират со Бога. Меѓутоа, таа благодат има граници. Милоста може да се застапува со години и да е презрена и отфрлана, но доаѓа време, кога милоста се укажува последен пат. Срцето станува толку тврдо, што веќе не се одѕива на Божјиот Дух. Тогаш благиот Глас, Кој придобива веќе не го преколнува грешникот, а укорите и опомените престануваат. {КВ 587.1}

Тој ден дошол за Ерусалим. Исус во душевни маки плачел поради градот осуден на пропаст, но Тој не можел да го избави, бидејќи сите извори биле исцрпени. Отфрлајќи ги опомените на Божјиот Дух, Израелците ја отфрлиле единствената помош која можела да им биде дадена. Немало никаква друга сила што би можела да ги спаси. {КВ 587.2}

Еврејскиот народ бил симбол на луѓето од сите векови, кои го презираат преколнувањето на Бесконечната Љубов. Христовите солзи, кои ги пролеал над Ерусалим, биле солзи за гревовите на сите времиња. Во казните изречени над Израел можат да се прочитаат сопствените казни на сите оние што ги отфрлаат укорите и опомените на Божјиот Свети Дух. {КВ 587.3}

Во ова поколение многумина продолжуваат по тој ист пат по кој оделе Евреите скептици. Тие виделе манифестација на Божјата сила; Светиот Дух се обраќал на нивните срца; меѓутоа, тие цврсто се придржувале за своето неверие и отпор. Бог им упатува опомени и укори, но тие не се волни да ги признаат своите грешки и ја отфрлаат Неговата вест и Неговите гласници. Средствата кои ги употребува Бог за нивно спасение, за нив стануваат камен на сопнување. {КВ 587.4}

Отпаднатиот Израел ги мразел Божјите пророци, бидејќи преку нив биле изнесени на виделина нивните скриени гревови. Ахав го сметал Илија за свој непријател зашто пророкот го укорувал неговото скриено беззаконие. Така и денес Христовиот слуга, кој го укорува гревот, наидува на презир и одбивање. Библиската вистина, Христовата религија се бори против силната струја на моралната нечистотија. Денес, во срцата на луѓето предрасудите се многу посилни, отколку што биле во Христово време. Христос не ги исполнил очекувањата на луѓето; Неговиот живот претставувал прекор за нивните гревови и тие Го отфрлиле Него. Така и денес, вистината на Божјата Реч не е во хармонија со постапките на луѓето и на нивните природни склоности, па затоа илјадници ја отфрлаат нејзината светлина. Поттикнати од сатаната, луѓето фрлаат сомнежи врз Божјата Реч и донесуваат свој независен суд. Тие ја одбираат попрво темнината, отколку светлината, но со тоа ги изложуваат своите души на опасност. Оние, кои наоѓале грешки во Христовите зборови, секогаш наоѓале причина да го прават истото, додека не се одвратиле од Вистината и Животот. Така е и денес. Бог нема намера да ја отстрани секоја забелешка, која телесното срце може да ја изнесе против Неговата вистина. На оние што ги отфрлаат драгоцените зраци на светлината, кои би ја растерале темнината, тајните на Божјата Реч засекогаш ќе останат неоткриени. Вистината е скриена од нив. Тие одат во своето слепило и не ја гледаат пропаста пред себе. {КВ 587.5}

Христос го посматрал светот и сите векови од врвот на Маслиновата Гора и Неговите зборови се однесуваат на секоја душа што ги занемарува застапувањата на божествената милост. Тој денес ти се обраќа тебе, кој ја презираш Неговата љубов. Ти, „токму ти“ треба да знаеш што е за твојот мир. Христос пролева горчливи солзи поради тебе, ти кој не чувствуваш потреба да плачеш за себеси. Во тебе веќе се манифестира онаа фатална закоравеност на срцето, која ги уништила фарисеите. Секој доказ на Божјата благодат, секој зрак на божествената светлина или ја растопува и потчинува душата, или ја утврдува во нејзината безнадежна непокајаност. {КВ 588.1}

Исус предвидел дека Ерусалим ќе остане упорен и дека нема да се покае; но Сепак за сета вина и сите последици на отфрлената милост биле самите одговорни. Така ќе биде и со секоја душа, која оди по истиот пат. Господ објавува: „О Израеле, сам себе се уништи”. „Чуј, земјо! Еве, донесувам зло на овој народ, плод на нивните помисли, зашто тие не ги слушаа Моите зборови, го отфрлија Мојот закон”. (Осија 13:9; Еремија 6:19) {КВ 588.2}

Сподели го ова:

Слични објави