Нашето верување

Сподели го ова:

Краток преглед, објавен од страна на Генералната конференција на конгресот одржан од 14-20 јули 1925. година во Гота, Германија.

Предговор

Последната голема реформација во делото на вечното евангелие започна, благодарение на Божјата благодат, во сите земји каде продре веста за Христовото доаѓање и се шири согласно со Откровение 14,6-12.

Предвиденото големо отстапување од верата среде Адвентниот народ нѐ принуди да ги објавиме „Принципите на верата во пораката на Третиот ангел“. За разлика од многуте Адвентистички правци, ние, според сведоштвото, се нарекуваме „Реформно Движење“.

Поради тоа нашето име е – Црква на Адвентистите на Седмиот Ден Реформно Движење.

Наша желба е да заземеме цврст став во согласност со Законот и Откровението, и секоја душа, која бара совршено спасение во Христа, да го прими советот на Верниот Сведок во овие денови на проверка, да го крене знамето и да ја објави точната вистина.

Со доставувањето на овие принципи на верата на АСДРД во целиот свет, ние се молиме, оваа доктрина да биде на слава на Бога и за завршувањето на  Христовото дело.

Генерална конференција на АСДРД

БОГ

 Ние веруваме, дека постои само еден Бог, кој во Својата бескрајна мудрост и сила ги создал небото и земјата. (Излез 20,2.3; Исаија 45, 5.6.18). Бог е духовна личност (Јован 4,24), Тој е вечен, нема почеток и крај (Откровение 21,6), сеприсутен (Псалм 138,1-12), седи на небесата и луѓето не можат да го видат во нивната сегашна грешна состојба (1 Тимотеј 6,16; Исаија 59,2; Јован 1,18; Излез 33,20). Да се дојде до Бога е можно само преку вера (Евреите 11,6).

ИСУС ХРИСТОС

Ние веруваме, дека Исус Христос – е жив Син Божји, и како таков е едно со Отецот (Евреите 1,1-3). Преку Него сите нешта се создадени од вечноста, и на небото и на земјата (Колосјаните 1,15-17). Поради тоа, само Тој може да биде посредник помеѓу Бога и луѓето (1 Тимотеј 2,5). Според сведоштвата на пророците Тој е роден во човечки лик на земјата, во Витлеем Јудејски, преку девица Марија од Светиот Дух (Матеј 1,18-23). Само преку Неговата смрт и вера во бесплатната благодат ние можеме да се спасиме (Лука 1,77-79; Дела 4,12; Јован 14,15; 1 Јованово 2,3-6).

СВЕТИОТ ДУХ

Ние веруваме, дека Светиот Дух е Христов претставник на земјата (Јован 14,6). Без него е невозможно да се дознае Божјата волја и да се живее според неа. Без Светиот Дух исто така не можеме правилно да го толкуваме Божјото Слово (Јован 14,26; 1 Коринтјаните 2,11). Тоа е сила која произлегува од Отецот и Синот, но исто така делува и преку луѓето (2 Петрово 1,21; 1 Петрово 1,11). Светиот Дух е едно со Отецот и Синот, затоа верниците се крштеваат не само во името на Отецот и Синот, но познавајќи го Светиот Дух, исто така и во Негово име (Матеј 28,19; 1 Јованово 5,7; 2 Коринтјаните 13,13).  

СВЕТО ПИСМО

Ние веруваме, дека и Стариот, и Новиот Завет на Светото Писмо се Божјо Слово, кое ја открива Божјата волја (Јован 5,39). Библијата е напишана под вдахновение на Светиот Дух (2 Тимотеј 3,16; Римјаните 2,16; Откровение 1,2) и претставува наш водач и правило на животот; во неа е откриен Божјиот план за спасение, и таа нема потреба од човечки традиции или катихизис (Исаија 34,16; Откровение 22,18.19; Јован 5,39; Матеј 15,9; Изреки 30,6).

БОЖЈИ ЗАКОН

Ние веруваме, дека Христос не дошол да направи било какви измени во Законот кој бил напишан со Божји прст на планината Синај (Матеј 5,17; Псалм 118,142), бидејќи Десетте заповеди се совршени и затоа никаква исправка не е прифатлива (Псалм 18,8). Христос не можел да направи било каква промена во Законот, бидејќи Тој – е Оној кој е во Стариот Завет (1 Петрово 1,10.11; Колосјаните 1,15.16). Затоа, секој, кој свесно или несвесно, се наведува дека Божјиот Закон е променет или укинат, греши против Бога (Јаков 2,10; Матеј 7,21). Со признавање и исполнување на Светиот Божји Закон (Псалм 118,153,142; Јован 15,10; 17,17), ние докажуваме дека го љубиме Бога – Отецот и Неговиот Син (Јован 14,15.21; 1 Јованово 2,3-6). Бог го осудува прекршувањето на Законот, дури и во случај на малтретирање или прогон од страна на властите (Дела 5,29; 4,19; Даниел 3; Матеј 22,21). Во прашањата на верата, никој и никаква власт нема право да донесува закони (Исаија 42,8; Јован 10,35 последен дел).  

ЧЕТВРТА ЗАПОВЕД – САБОТА

Ние веруваме, дека оваа заповед, исто како и секоја друга, не може да се промени (Јаков 2,10; Матеј 5,17). За разлика од сите други денови во неделата само седмиот се нарекува „ден Господов“ (Излез 20,8-11; Марко 2,27.28). Оваа заповед ни наредува да ја празнуваме саботата, а со тоа се забранува било каква професионална и обична работа, која не служи за празнување на денот. На пример, готвењето треба да се приготвува во денот за подготовка (петок) (Излез 16,23). Покрај забраната за професионалната работа, вклучувајќи ја и умствената работа, како и предавања од светски карактер, исто така е забрането да се разговара за нив (Исаија 58,13). Нашите деца не одат на училиште во сабота. Сите кои работат јавни дејности, како и оние во приватниот сектор кои ангажирале домашни работници – сите луѓе, без оглед на социјалното потекло (па дури и странци кои се во нашата куќа) на овој ден треба да се одмараат на свечен начин (Откровение 14,9-12). Исто така треба да одмара и домашниот добиток. Такви настани во сабота, како патување со воз или продажба на мисионерска литература, не служат за празнување на саботата, и затоа треба да се избегнуваат. Можеби ќе биде потребно да патуваме во сабота во посета на собранија кои имаат потреба од наша помош, за да им однесеме вест, која тие, согласно волјата Божја треба да ја слушнат. Но, доколку е возможно, ние треба претходно да водиме сметка за билетите за патување и сѐ што е потребно за тој ден. Долгото патување најпрвин треба да го испланираме, така што нашата дестинација да не биде во саботен ден. Целта на саботата е Неговите деца радосно да комуницираат со Небесниот Отец (Битие 2,2.3). Наша особена предност е, по примерот на Христос, да се „прави добро“ во сабота (Матеј 12,10-12). Во саботен ден потребно е да се ангажираме во духовно јакнење на младите и постарите луѓе, во пеење и славење на Бога, во посета на болните, во размислување во природна околина и со одмарање во нејзините пазуви. Ние веруваме дека сеопштото нарушување на светата сабота во сегашно време и празнувањето на неделата е исполнување  на пророштвото на Даниел 7,25. Според тоа пророштво, папската власт на антихристот се дрзнала да го промени времето за одмор и Божјиот Закон. Таа ја изменила втората и четвртата заповед, тврдејќи, дека има право на тоа. Протестантските цркви, исто така, го следат примерот на Рим. Саботата претставува печат (знак) на вистинското служење на Творецот, за разлика од ова празнувањето на првиот ден од седмицата (недела) е знак на силата на антихристот (Откровение 7,1-3; 13,16-18). Ние веруваме дека секој кој намерно ја крши саботата, го прима жигот (белегот) на ѕверот и ќе мора да ги трпи последиците од непослушноста.

МОЈСЕЕВИОТ ЦЕРЕМОНИЈАЛЕН ЗАКОН

Ние веруваме, дека новозаветната црква е ослободена од држењето на овој закон. Неговите одредби се однесувале на жртвениот систем и левитските обреди при службата во храмот, која го прикажува Христовото дело на откупување. Овој закон бил симбол и сенка на идните настани. Валидноста на овој закон ја изгубил својата сила од моментот кога Христос, вистинското жртвено Јагне, бил прикован на крстот (Евреите 10,1; Колосјаните 2,16.17).

ЦЕРЕМОНИЈАЛНИ САБОТИ

Ние веруваме, дека празниците, млад месец и останатите саботи за кои говори апостол Павле во своите посланија (Колосјаните 2,16; Галатјаните 4,10 и Римјаните 14,5), биле само сенка, и затоа не треба да се мешаат со седмичната сабота, седмиот ден, кој е посветен, и во моралниот закон на Десетте заповеди се нарекува „ден Господов“. Оваа сабота, основана од страна на Бога при создавањето на светот, нема симболично значење, кое би се однесувало на планот на спасението.

Церемонијалниот закон имал седум сенки во следниве саботи:  

1) Првиот ден од пасхалната недела (Излез 12,15.16; Левитска 23,6.7);

2) Седмиот ден од пасхалната недела (Броеви 28,17.18.25);

3) Педесетница, која уште се нарекува празник на седмиците (Левитска 23,15.16.21; Излез 34,22);

4) Првиот ден од седмиот месец, празникот на Трубите (Левитска 23,24.25; Броеви 29,1-6);

5) Десетиот ден од седмиот месец, денот на Очистувањето (Левитска 23,27.28.31.32; Броеви 29,7);

6) Првиот ден од празникот Сеници (Броеви 29,12; Левитска 23,34.35);

7) Осмиот ден на празникот Сеници (Левитска 23,39).  

Ако Исус со својата смрт ја укинал седмичната сабота, напишана во Законот, тогаш Тој не можел да изјави: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам“ (Матеј 5,17). Исто така и апостолите, после педесет години, не можеле да го напишат следново: „Матеј 24,20;  Марко 2,27;  Дела 13,13.14;  13,42-44;  16,13;  17,2;  18,2-4;  Евреите 4,9.10.

БЛАГОДАТ (МИЛОСТ) И НЕЈЗИНИТЕ СРЕДСТВА

Ние веруваме, дека милост значи простување на гревовите преку Христа. Тој е основачот на царството на милоста (Јован 1,17; Евреите 4,16). Ние можеме да ги искористиме предностите на спасоносната милост само тогаш, кога ќе ја соединиме својата волја со Христовата сила и на тој начин ќе го победиме гревот (Јован 14,5; Дела 2,38). Преку Неговата благодат ние ќе бидеме слободни (Јован 8,31.32).

Зборовите: „Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината дојдоа од Исус Христос“ (Јован 1,17), не значат дека благодатта и вистината имаат  свој почеток само после смртта на Исус Христос; тие биле дарувани од Христа долго време пред да дојде во телото (Псалм 102,17; Излез 34,6.7; Плачот на Еремија 3,22.23). Исус Христос постоел пред создавањето на светот (Колосјаните 1,15-20). Веднаш по падот на човекот во грев, било основано царството на милоста, односно, е воведено проштевањето преку Христа (Битие 3,15). Целосното воспоставување на Царството на милоста било остварено со Христовата смрт како „извршен“ откуп (Јован 19,30).

Ние веруваме, дека Бог предвидел разни начини за да ги привлече грешниците кон Себе, со цел да им даде ветување за спасение преку Христовата благодат (Ефесјаните 2,8).

Овие средства се следниве:

Божјото Слово. (Римјаните 10,13-17; Марко 16,15).

Божјата Црква. Сите кои ќе се обратат под влијанието на Светиот Дух, можат да бидат членови на Божјата Црква преку крштевање (Дела 2,38-41; Марко 16,16; Дела 16,15.33; 10,48).

Миење на нозете. Сите членови на Божјата Црква, по примерот на Исус Христос, можат да учествуваат во чинот на миењето на нозете, кој има за цел – да нѐ обедини во еден дух и во Христовата понизност (Јован 13,1-13).

Вечера Господова. Сите членови на Црквата на оваа спомен вечера,  воспоставена од Христа, можат да се причестуваат од лебот и виното, кои нѐ потсетуваат на Христовата смрт и љубовта која постои помеѓу Него и Неговата Црква (1 Коринтјаните 11,17-34).

ПОКАЈАНИЕ, ПОСЛУШНОСТ И ПРЕРОДБА

Покајанието (или жалењето) за направените гревови и оставањето на истите произлегува од Словото и Божјиот Дух (Евреите 4,12; Римјаните 1,10-17). Божјото Слово се проповеда од луѓе кои се повикани на тоа дело (Римјаните 10,14-17; Лука 16,29-31). Разликата меѓу повиканите од Бога и лажните проповедници е во спроведувањето на начелата на Христовото царство во нивните животи (Јован 8,31.32). Преку слушање на Божјото Слово грешниот човек се буди од духовна смрт (Дела 2,37).  Словото го доведува до вистинската вера, односно, да се покае за своите зли дела, кои го жалостат Бога (Неемија 9,13; 2 Коринтјаните 7,10; Јован 3,5-9). Сознавајќи го ова, срцето на грешникот бара спасение (Дела 2,37), и Словото го води кон вистинскиот Спасител (Дела 4,12; Јован 3,36), каде што дознава дека послушноста само од страв поради казна не донесува никакво спасение (Матеј 27,2-5; Даниел 3,28-30).

Покорноста (послушност) – е плод на покајанието. Покајанието е плод на верата (Јаков 2,16), а верата – е плод на слушањето на Божјото Слово (Римјаните 10,17). Ако некој совршено не се покорува на Божјото Слово, тогаш таквиот несовршен во покајание, со своите лични постапки докажува дека неговата врска со гревот сѐ уште не е прекината (Матеј 5,19; Јаков 2,10).  

Преродба или ново создание (Јован 3,3; 2 Коринтјаните 5,17). Раѓањето одозгора (од Светиот Дух), значи покорување на Неговото водство, токму како што детето се покорува на својот роден татко (Римјаните 8,9-13). Стариот квасец – отстапување од духот на Законот, мора да биде целосно отстранет (Галатјаните 5,19-21; Колосјаните 3,5-10). Доколку човекот не е роден од Духот, тој не може да стане соучесник во Христовиот живот (Јован 7,38.39).

КРШТЕВАЊЕ

Ние веруваме, дека, според Светото Писмо, верните треба да се крстат, сѐ додека на земјата постои Христовата милост (Матеј 28,19.20; Марко 16,15.16). Крстени можат да бидат само оние души, кои со вера ќе го прифатат Исус Христос, како свој личен Спасител, Неговото учење, учењето на апостолите и пророците од Стариот и Новиот Завет и кои ќе се откажат од сето она што го осудува Божјото Слово (Матеј 28,19.20; Дела 2,37.38). На децата, кои сѐ уште не можат да веруваат и не се во состојба да разликуваат правда од неправда, не им е дозволено да се крстат (Дела 19,1-12; 1 Петрово 3,21). Чинот на крштевање го извршува Евангелски ракоположен  служител со еднократно потопување во вода во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Овој чин на крштевање претставува погребување на стариот човек и негово воскресение на нов живот во Христа (Римјаните 6,2-5); Колосјаните 2,12).  

Верниците од другите верски организации, кои биле крстени во согласност со Библијата и кои со вистинска Христова вера покажуваат, дека тие секогаш доброволно ги следат Божјите заповеди, немаат потреба повторно да се крстат. Пред некој да биде крстен, потребно е дека тој сведочел за своето признавање на темелите на верата (Дела 8,37.38; 6 Сведоштво за црквата, 95-97).   

Приемот во собранието во сите случаи треба да се направи со внимателно испитување. При приемот во собранието преку крштевање или гласање, кандидатот мора да се повлече од членството во црквата на која тој порано и припаѓал.

Крштевањето се врши еднаш (Ефесјаните 4,5), додека другите средства на милоста, како што се миењето на нозете, причестувањето и молитвата се повторуваат во верскиот живот.

Повторното крштевање се врши само тогаш, кога првпат тоа не било извршено во согласност со библиските прописи или пак во незнаење (Дела 19,2-6).

ВЕЧЕРА ГОСПОДОВА

Ние веруваме, дека со примањето на бесквасниот леб и неферментираното вино на вечерата Господова се симболизира Христовата смрт. Со примањето на лебот и виното не е направено простување на гревовите, но тоа е Вечера на дијалог, која се одржува во спомен на Исусовите страдања и Неговата смрт, во насока на зајакнување на собранието и сочувување на понизноста, љубовта и единството (1 Коринтјаните 10,16.17; 11,27-29).

Според Христовите зборови, лебот го претставува неговото тело, а виното – неговата крв. Учество во Светата вечера можат да имаат само крстените (Матеј 28,19.20).

МИЕЊЕ НА НОЗЕТЕ

Ние веруваме, дека оваа Христова одредба е задолжителна за сите христијани (Јован 13,14.15.17). Тоа е служба, која учи на понизност, и која е воспоставена од Исус, а не Еврејска традиција или Источен обичај, туку нова заповед. Тоа е видно од однесувањето на Петар и другите ученици, кои на почетокот се спротивставувале. Обичното миење на нозете секогаш се правело на влезот од домот, и таквото миење не би предизвикало никакво изненадување кај учениците. „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.”. Овие Христови зборови потврдуваат дека миењето на нозете – е свет чин и тој не треба да  се прави духовно, туку буквално. Во Јован 13,17 блажени се нарекуваат сите оние кои го следат примерот на Исус во миењето на нозете.

2300 ВЕЧЕРИ И УТРА

Ние веруваме, дека најголемиот пророчки период од Даниел 8,14 завршил во 1844. година, и дека „чистењето на светињата“ го означува почетокот на истражниот суд на небото (Езекиел 4,6; Броеви 14,34; Даниел 9,24-27). Почетокот на овој период, според Ездра 7,11-26 започнал од 457 година п.н.е.

Само неколку години пред истекот на овој период и преминот на Христос, како Првосвештеник, во Светињата над светињите во небесното светилиште, започнало едно светско будење за подготовка на народот за второто Христово доаѓање. Верните адвентисти разбрале од  Откровение 14,6-8 дека Бог им ја доверил пораката. Сепак, повеќето христијански заедници се спротивставиле на повикот за сериозна подготовка, и како резултат на тоа станале Вавилон (конфузија).  Предупредувачката порака на Вториот ангел го подготвила патот на Третиот ангел од Откровение 14,9-12, и од тогаш светите барања на Бога – Неговиот Закон – се прогласуваат на секое, племе, колено, јазик и народ, и оваа последна црква се подготвува за второто доаѓање на Христос.

ТРЕТАТА АНГЕЛСКА ПОРАКА

Ние веруваме, дека веста од Откровение 14,6-12 е последната вистина за сегашното време во планот на спасението. Во определено време – во 1844 година – таа започнала да ги повикува сите луѓе да ги почитуваат Божјите заповеди, а особено саботата, и да предупредува против поклонувањето на земниот религиозен систем (ѕверот) кој со помош на државата бара покорност.

Целта на оваа последна порака на милост  е да се подготви еден народ од сите луѓе, кои ќе го сретнат Исуса при Неговото второ доаѓање, и да го сочуваат од злата кои со Божјиот гнев, не помешан со милост, ќе се излеат на отпаднатото христијанство истовремено со завршувањето на времето на милоста (Откровение 15,8; 16 поглавје).

ГЛАСНИОТ ВИК

(Откровение 18,4) Ние веруваме, дека ова будење меѓу отпаднатите од третата ангелска вест Адвентниот народ ќе доведе до исполнување на следните пророштва:

„На почетокот на времето на неволјите ќе бидеме исполнети со Светиот Дух за да можеме уште поцелосно да ја објавиме вистината за саботата.“ – Рани Списи, 48.

„Почетокот на времето на неволјите“, кое тука се споменува, не се однесува на времето кога седумте последни зла ќе почнат да се излеваат, туку на краткиот период непосредно пред тоа, додека Христос сѐ уште се наоѓа во светињата. Во тоа време, кога делото на спасување ќе се приближи кон крајот, неволјите ќе наидат на земјата и народите ќе се разгневат, но ќе бидат задржани за да не го попречат делото на Третиот ангел. Во тоа време ќе дојде „позниот дожд“, или освежувањето од Господовото лице, за да даде сила на Гласниот вик на Третиот ангел и да ги подготви светиите да се одржат во периодот на излевање на седумте последни зла.“ – Рани Списи, 85.86.

„Пораката за падот на Вавилон, како што е дадена од вториот ангел, е повторена, со додатна напомена за изопачувањето коешто има влезено во црквите од 1844 година. Делото на овој ангел доаѓа во вистинско време за да се соедини во последното големо дело на Третата ангелска вест, како таа би прераснала во Гласен вик.“ – Рани списи, 277.

Како што кажува Верниот Сведок во Откровение 3,14-22, Лаодикија – народот на судот – бидејќи е Израел на последните денови, повикува на реформа преку „сериозно испитување на верата“, како и Израел во времето на Исуса, преку полнотата на Божјиот Дух да го објави последното одлучно предупредување.

Гласниот вик претставува продолжение на Третата ангелска порака и особено зајакнување на Тројната ангелска порака, бидејќи таа му претходеше на отстапувањето, поради слабеењето на последната порака, и како резултат на неговото изопачено толкување.  

Во речиси сите земји на земјината топка, каде што навлегла Тројната ангелска порака, поголемиот број од Адвентниот народ со проповедите и со спроведувањето во живот на начелата на Божјиот закон се прилагодил и се потчинил на светот, рушејќи го авторитетот на саботата и другите Божји заповеди, за што и било јасно објавено порано од водството.

Сите докази од Духот на Пророштвото говорат дека вистинските чувари на саботата се одделиле од оние, коишто го турнале во прав знамето на последната порака.

ДУХОТ НА ПРОРОШТВОТО

(или Исусовото сведоштво) Ние веруваме, дека Христос зборува за Својата црква преку пророците на Стариот и Новиот Завет (1 Петрово 1,10.11; Откровение 19,10; Колосјаните 1,15-20; 2 Летописи 20,20). Сите, кои сакаат да ги почитуваат Божјите заповеди, ако не ги примат предупредувањата и објаснувањата на пророците, ќе одат во темнина и ќе залутаат, застранувајќи од Божјиот пат.

Секоја вистинска Црква треба да ги има сите духовни дарови, вклучувајќи го и дарот на пророштвото (со визии и соништа). Пророчкиот дар е око на телото (црквата) (Ефесјаните 4,11-14; 1 Коринтјаните 12,6-11). Штом црквата ќе почне да го занемарува овој дар, таа ќе го изгуби и ќе отпадне, слегувајќи во мракот (Изреки 29,18). Пророштвото ќе остане во црквата до Второто доаѓање на Исус Христос (1 Коринтјаните 13,8-13; Матеј 28,20). Од 1844 година, кога последната црква се разбудила покорувајќи му се на Христа, таа го добила благословот на откровението на Божјата волја, преку сестра Е.Г.Вајт.

Бог ја зел оваа сестра во лоша здравствена состојба, среде Својот народ, кој веќе во неколку наврати бил во развојот на планот на спасението, кога верните жени во минатото биле повикани на ова свето дело (Излез 15,20; Судии 4,4; 2 Цареви 22,14-16; Лука 2,36; Дела 21,9).

Откровенијата на пророците секогаш му биле дадени на народот и грижливо запишани со посредство на совети и помош од Бога (Авакум 2,2; Еремија 30,2).

Во врска со ова сестра Вајт пишува: „Книгите на Духот на пророштвото, а исто така и Сведоштвата треба да ги има секое семејство, кое ја празнува саботата, и браќата треба да се поттикнуваат да ја сфатат вредноста на овие книги и да ги читаат, Не било најмудро што тие книги се давани по толку ниски цени и што во секоја црква се наоѓа само по еден примерок. Тие треба да се наоѓаат во библиотеката на секое семејство и секогаш треба одново и одново да се читаат.“ – 4 Сведоштво за црквата, 390,391. (Исто така, 5 Сведоштво за црквата, 680).

Ние веруваме, дека Сведоштвото на Духот на пророштвото не се над Библијата, и не се додаток на неа, но тие се неопходен совет од Бога, кој нѐ води до вистината на Неговото Слово. Дополнителни сведоштва Бог ќе даде само тогаш, кога веќе дадената светлина ќе нѐ подготви за прием на нови откритија.

БРАК

Ние веруваме дека бракот е воспоставен од Бога, посветен, благословен од рајот и сѐ до крајот на светот (Битие 2,24; Евреите 13,4; Ефесјаните 5,22.23) и служи:

а)   За размножување на човечкиот род, но не за задоволување на страстите (Битие 1,27.28);

б)  За да мажот и жената го надополнуваат своето битие и со љубов да си помагаат еден на друг (Ефесјаните 5,22-25);

в)   За да се избегне прељубата и блудот ( 1 Коринтјаните, 7,1-9).

Божја волја е мажот да има само една жена, а жената – само еден маж (Матеј 19,4-6; 1 Коринтјаните 6,16).

Ние веруваме, дека христијаните се должни да го почитуваат принципот на воздржување (морална чистота), така што нивните физички и духовни сили не би биле жртвувани на олтарот на страстите и ниските телесни похоти.

Советите кои ни се дадени во тој поглед од Божјото Слово нѐ водат до совршена чистота. Со оглед на големите искушенија од сатаната, Светото Писмо учи секој да постапува во согласност со своите физички склоности, да стапи во брак или да остане неоженет (1 Коринтјаните 7,1.2.37.38). Во сите случаи, приемот на човекот во собранието зависи од доказите за неговата морална чистота во Христа.

Ние исто така веруваме, дека христијаните можат да стапат во брак само со своите истоверници. Светото Писмо и Сведоштвата го сметаат склопувањето на бракот  на верникот со неверникот како голем грев, и оддалечување од Христа. Во такви случаи, треба да се раководиме од страна на Сведоштвата за Црквата. – 7 Сведоштво за црквата, 260-264, како и 1 Коринтјаните 7,39; Исус Навин 23,12.13; Неемија 13,23-28. 

Разводот не му е угоден на Бога (Матеј 19,6-8; 1 Коринтјаните 7,10.11). Само поради прељуба или прогонство од неверната страна разводот е дозволен, после што треба да остане неоженет се до смртта на другата страна (1 Коринтјаните 12-15).

Ако се остане неоженет во една таква раскината позиција, ќе се види, дали разводот бил поради совеста или грешно прељубодејство со желба да стапи во брак со друга личност (Римјаните 7,1-3).

Ние исто така веруваме, дека треба да се направи граѓански брак (Римјаните 13,1) и верски (на пример кај матичар и во собрание).

Сите, што стапуваат во брак, треба, откако тие добро се одмериле пред Бога, да се консултираат со своите родители или нивните заменици, како и со нивниот духовен старател. Таквата постапка ќе биде од голем благослов за оние што стапуваат во брак во црквата на последните денови, согласно барањата на петтата заповед и по примерот на татковците на верата.

УМЕРЕНОСТ ИЛИ ЗДРАВСТВЕНА РЕФОРМА

Ние веруваме дека Божја волја е секој човек да се радува на духовното и физичкото здравје (1 Коринтјаните, 6,19.20). Кој не е умерен и ги прекршува законите на природата и го уништува својот организам, греши против Божјиот закон и мора да страда и да ги трпи привремените последици и Божјиот суд (1 Коринтјаните 3,16.17).

Здравствена реформа не е само усвојување и спроведување на хигиенските, медицинските или вегетаријанските барања. Здравствената реформа е десна рака на Третата ангелска вест (1 Сведоштво за црквата, 486).

Исто, како што Јован Крстител пред првото Христово доаѓање морал да практикува строга умереност во својот живот, за да ја исполни својата особена мисија, така и народот кој живее пред второто Христово доаѓање, има уште поголема потреба од тоа. Умереност значи оставање на сите јадења и пијалаци, кои се штетни за телото и духот, како што се:

а)   месото, рибата, животинските масти, алкохолните пијалаци и пијалаци кои содржат кокаин, силни зачини, сирење (се однесува на стари сирења со лоша миризба), кафе, црн чај, жестоки зачини, слатки кои се тешки за варење, тутун, опиум, морфиум и т.н…  Согласно Сведоштвата ние не одобруваме употреба на отровни лекарства (со големи несакани последици), вакцини. Бидејќи медицинските мислења се поделени во врска со вакцинацијата, ние не можеме во овој случај да ја ограничиме совеста на членовите. Секој треба да биде запознаен со доволен материјал на оваа тема, содржан во книгите:  Одбрани пораки 2, 281 и Умереност, 88. и друга медицинска литература

б)  Во христијанската умереност, исто така спаѓа и реформа во облеката. Раскошот, современата мода, непотребното украсување, ловењето на погледи, неморалното соголување на телото со деколтеа и засеци на фустаните или употребата на провиден материјал, нездравите и несоодветни обувки, штетното за здравје стегање – сето тоа е непристојно за христијаните. Напротив, христијанска должност е соодветната здрава, чиста, пристојна и примерна облека да биде пример за сите.

ВЛАСТА

Ние веруваме, дека секоја власт е воспоставена од Бога, да ги заштити сите оние што прават добро (Римјаните 13,1-4).

Ние веруваме, дека во поглед на властите ние треба да ги извршуваме своите должности не со принуда, туку совесно. Наша должност е да им оддадеме почит и да ги почитуваме државните власти (Римјаните 13,5-7; Тит 3,1-3; 1 Петрово 2,13.14.17; Матеј 22,21).

Ние исто така веруваме, дека власта треба да му обезбеди на секој свој граѓанин целосна слобода да ја практикува својата вера. Насилството врз совеста и прописите, кои се спротивни на Божјата волја, ги лишуваат властите од нивниот авторитет, и во такви случаи како вистински христијани ние сме принудени да изјавиме: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето“ (Дела 5,29-42; Даниел 3, 8-30).

Ние исто така веруваме, дека е потребно да се молиме за властите, за да се запази редот и мирот меѓу луѓето, така што секој може да живее според својата вера, и да нема пречки за проповедање на Христовото евангелие.

Според Христовото учење, ние, како Негови следбеници, не можеме да учествуваме во било која политичка партија, војна, востание или крвопролевање.

144.000 ЗАПЕЧАТЕНИ

Во согласност со Откровение 7. поглавје ние веруваме дека, запечатувањето – е обновување на Божјиот карактер преку Христовото евангелие, согласно со сите барања на Неговиот свет закон, на 144.000 живи во последното време.

Надворешната разлика, или печатот, на вистинските борци за Бога е саботата. Таа секогаш ја испитувала верната послушност на сите верници (Езекиел 20,20).

Делото на запечатување на 144.000 започнало истовремено со почетокот на објавувањето на третата ангелска вест, која бара потполна послушност на Божјите заповеди и почитување на саботата пред второто Христово доаѓање. Од сите народи ќе биде собран еден народ, слободен од сите човечки врски, кој со својата искрена послушност ја покажува љубовта кон Небесниот Цар (Откровение 14,6-12).

Ние веруваме, дека запечатувањето ќе продолжи се до крајот на времето на милоста. До тоа време, бројот на запечатени ќе биде 144.000. Овој духовен Израел (совршен победник) ќе биде избран на чудесен начин од сите народи, племиња и јазици (Откровение 7,2-8; 14,1-5; 15,1-5; Големата борба, 637.645.648,649).

Сите запечатени, вклучувајќи ги и оние кои умреле во периодот на објавувањето на третата ангелска порака, која започнала во 1844 година, односно, сите победници, чувари на саботата од моментот на завршетокот на 2300 вечери и утра, ќе влезат во бројот од 144.ооо.

Запечатените мртовци ќе воскреснат во времето на злата, во делумното воскресение, пред второто Христово доаѓање, и во комбинација заедно со живите запечатени, по склучувањето на Заветот на мирот, ќе бидат земени од страна на Господ Исус Христос како првенци од спасените и ќе бидат променети заедно со големото мноштво на спасените (Даниел 12,2; Рани списи, 285; Големата борба, 635-652).

БОЖЈА ЦРКВА

Ние веруваме, дека Црквата е назначена од Бога за здружување и собирање на верниците, основана од почетокот на Христовата откупувачка мисија. Самиот Исус со своите и апостолските делувања го обновил „шаторот Давидов“ (Дела 20,28; 1 Коринтјаните 3,16-19).

Само преку вера, покајание и крштевање ние можеме да станеме членови на Христовата Црква, или членови на Неговото тело (1 Коринтјаните 12,13; Матеј 28,19.20). Само по исполнувањето на овие услови верникот може да учествува во миењето на нозете и во светата вечера и во сите други дарови, дадени на Црквата.

Ние веруваме, дека никој кој е просветлен од Неговото Слово, преку вера, не може да стои и да расте во Божјата благодат, ако е одделен и независен од благословите на Црквата. Преку сеопштото учење, искуството, упатството и утехата, сите треба да учат во Христовото училиште, односно Неговата Црква на земјата, за да се подготват за Црквата во вечноста. Како што ниту еден орган на телото не може да живее без другите, така и членовите на Црквата не можат да живеат без комуникација и соработка со другите (1 Коринтјаните 12,12-26).

Непроменлива трска за мерење на Христовата Црква е Божјиот Закон. Само преку него во секое време било можно да се утврди отпадот  во Христовата Црква и да се остане верен во вистинското Христовото тело (Ефесјаните 2,20-22; Колосјаните 2,1-5; 1 Коринтјаните 3,9-11).

СЛУЖБИ ВО ЦРКВАТА

Ние веруваме, дека според Божјото Слово Црквата е должна сама да ги избира своите служители (Дела 6,1-6; 13,1-5; 20,28).

Првите служители се:

Ракоположен проповедник (наречен исто така апостол);

Ракоположен старешина (наречен епископ или пастир);

Ракоположен ѓакон (наречен исто така старател за сиромашните).

Пред да се ополномоштат преку полагање на рацете и назначат како служители на собранието, тие мора да го поминат најпрвин тестот за нивниот дигнитет и корисност во Господовото дело (1 Тимотеј 5,22; Тит 1,5). Во однос на нивната позиција, тие пред сѐ, како и сите членови на собранието, мораат да бидат послушни на редот и на светите должности, со таа разлика, што за нивната служба и одговорност, сите членови се должни да им укажат достојна почит и внимание (1 Тимотеј 5,17.19). Ракополагањето на овие служители се прави по потреба. Со ова не се достигнува највисокиот степен на светост. Полагањето на рацете и божествениот благослов го дава никој друг, туку само ополномоштениот од страна на црквата со поголеми одговорности. Само овие ракоположени служители на Евангелието се повикани да ја водат работата и грижата за Црквата (организирање на групи, одбележување на крштевање и Света вечера).

ПРИЕМ ВО СОБРАНИЕТО

Приемот во собранието може да се изврши само тогаш, кога секоја душа која сака прием постигнала темелно убедување и познавање на принципите на верата и кога од страна на собранието нема никакви приговори за прием.

Овие лица треба да сведочат пред собранието за својата вера. Според овој исказ и информациите, раката на собранието во лицето на ракоположениот служител го потврдуваат приемот во собранието (Дела 2,37.38.41; 1 Тимотеј 6,12).  Сите членови на собранието се браќа и сестри во Христа, и се поздравуваат, браќата меѓу себе, а сестрите – меѓу себе со свет целив (2 Коринтјаните 13,12).

Доброволното осигурување на животот е во спротивност со Христовото учење, и затоа и Христовите следбеници не треба да го прават тоа (1 Петрово 1,17-19; Исаија 53,4; Изреки 17,16; Колосјаните 3,2-4; 1 Коринтјаните 6,19.20; 1 Сведоштво за црквата, 549-551).

Приемот во собранието исто така бара излез од било кое друго религиозно друштво, а  исто така и од сите тајни друштва и политички организации (2 Коринтјаните 6,14-18; Откровение 18,4; Јаков 5,7-9; 2 Сведоштво за црквата, 84).

ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОБРАНИЕТО

Должностите на членовите на собранието се засновани на взаемна љубов (Јован 13,34.35). Секој член мора да ја препознае својата должност и предност да земе учество во миењето на нозете, во Светата причест, во состаноците на Саботната школа и во другите црковни служби во сабота, и во другите денови. Само болеста или оправданите околности се оправдување за отсуството (Псалм 115,9).

ДИСЦИПЛИНА ВО СОБРАНИЕТО

Дисциплината во заедницата се заснова на прописите кои ги дал Исус во Евангелието по Матеј 18,15.16. Ова правило мора да се почитува од страна на сите членови со сета прецизност, независно од личноста.

Секој член исто така е должен да прима изобличување во љубов (Изреки 15,31.32; 10,17). Единствено исклучувањето од Црквата и дава право на собранието и нејзините членови да ги сметаат исклучените за слободни од братските односи во Христа.

ИСКЛУЧУВАЊЕ

Исклучувањето се заснова на прописите дадени од страна на Господ (1 Коринтјаните 5,11-13). Собранието е обврзано пред Бога да го исклучи членот, чие однесување и тврдоглавост јавно противречи на принципите на верата.

Само собранието во согласност со Божјото Слово може легитимно да донесе одлука како за прием, така и за исклучување (1 Тимотеј 1,19.20; 1 Коринтјаните 5,1-13; Тит 3,10.11; 1Тимотеј 6,3-5).

ДЕСЕТОК

Ние веруваме, дека десетокот е воспоставен од Бога во почетокот на делото на откупувањето. И во Стариот и во Новиот Завет овој принос во собранието е наменет за евангелската служба (Битие 14, 18-20; Броеви 18,20-24; 1 Коринтјаните 9,7-14; 2 Коринтјаните 11,8).

Секој верник има предност и обврска да даде една десетина од својот имот и приход, со кој Бог го благословил (Неемија 13,10-12).

Ние веруваме, дека десетокот не е дар, туку света сопственост на Бога. Личната употреба на десетокот, дури и за некои добри цели, или неговото задржување, Господ го споредува со кражба, донесувајќи проклетство (Малахија 3,6-18).

Десетокот му се дава на благајникот кој е избран од собранието, кој дава потврда за износот кој го примил. Се користи за ширење на Евангелието, тоа се прави според поредокот, воспоставен од собранието преку проповедникот. Никој, освен организираното собрание, не може да го собира или да го користи за било која намена светиот десеток.

ДОБРОВОЛНИ ДАРОВИ

Ние веруваме, дека овие средства се наменети од Господа за да им се помогне на оние кои имаат потреба, и во рамките на собранието и надвор од него (Лука 6,30-36; Второзаконие 15,1-5).     

Даровите во првиот ден од седмицата, во согласност со 1 Коринтјаните 16,1-3, се наменети за сиромашните во собранието. Секој член во првиот ден од седмицата за ова одвојува според можностите од своите средства (Галатјаните 6,9.10), и секој месец ги дава на благајникот во собранието.

Дарот за Саботна школа е жртва на благодарност за драгоцените богатства на вистината, дадени од Бога во Саботната школа. Овие дарови првенствено се наменети за усно и писмено ширење на вистината на нашето верување. Управителот на Саботна школа ги собира овие дарови на крајот од саботните лекции и ги дава на благајникот.

Мисионерски дарови – тоа се доброволни дарови од членовите и посетителите кои се користат за нашите мисии.

Собирањето се врши на крајот на секој состанок, а особено по одбележувањето на светата вечера. Со овие дарови се покриваат трошоците за изнајмување на домови за богослужба, нивното загревање и за други потреби на локалната заедница или група.

ЗАКЛЕТВА

Ние веруваме, дека според Божјото Слово лажната и непотребна заклетва е гнасотија пред Бога (Матеј 5,34-37; Јаков 5,12). Нормалниот разговор на вистинскиот христијанин е: „Да, да“ и „Не, не“. Меѓутоа потребната заклетва, кога треба да се повика Бог како сведок дека кажаното е вистина, е во согласност со Евангелието. Таквата заклетва е дозволена од Бога (Римјаните 1,9; 2 Коринтјаните 1,23; Галатјаните 1,20; Е.Г. Вајт. Мисли од гората на блаженството, 66-68).

ПРОПОВЕДАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО

Ние веруваме, дека ова упатство на Господ: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28,19.20), е од особена важност денес. Ние сме свесни дека наша должност е да учествуваме во ширењето на Евангелието ширум светот, како усно така и во писмена форма (Марко 16,15.16; Проповедник 11,1-6; Матеј 11,29.30).

ПОСЛУШНОСТ И ПОКОРНОСТ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОБРАНИЕТО

Ние веруваме, дека, според Божјото Слово, сите членови на собранието треба да подлежат на црковен ред и упатствата на водачите и служителите во сите времиња, се додека тие остануваат доследни на принципите на верата (Евреите 13,7.17; 1  Солунјаните 5,12.13).

ВТОРОТО ХРИСТОВО ДОАЃАЊЕ

Ние веруваме дека тоа е многу блиску (Лука 21,25-27; Матеј 24,3-14.16.27; 25,31). Христос ќе дојде со голема слава и сила (Матеј 24,30). Ние веруваме дека второто Христово доаѓање ќе биде лично и видливо (Матеј 24,30; Дела 1,8-11; Марко 13,26; 14,62). Кога Тој ќе се појави, мртвите во Христа први ќе воскреснат, а живите ќе се изменат (1 Солунјаните, 4,15-17; 1 Коринтјаните 15,51.52).

СОСТОЈБАТА МА МРТВИТЕ

Од Светото Писмо ние знаеме, дека до времето на второто Христово доаѓање, сите мртви се наоѓаат во несвесна и лежечка состојба (Проповедник 9,5.6; Псалм 145,4). Ние исто така веруваме дека човекот нема бесмртна душа (Проповедник 9,5.6).

ВОСКРЕСЕНИЕ

Сите оние, кои се во подземјето на гробот, ќе воскреснат во тело. Праведниците ќе воскреснат во првото воскресение, истовремено со доаѓањето на Господ, а грешниците ќе воскреснат по истекот на илјада години, во второто воскресение (Јован 5,28.29; Дела 24,15; 1 Солунјаните 4,15; 11,13; Откровение 20,4-6.

МИЛЕНИУМ ОД ОТКРОВЕНИЕТО

Ние веруваме, дека после второто Господово доаѓање воскреснатите ќе бидат грабнати со Господа на небото (1 Солунјаните 4,17). Беззакониците ќе бидат истребени од Неговата појава (2 Солунјаните 1,6-8; 2 Петрово 3,10; Откровение 6,14-16; 19,17-21; Исаија 24,3-20). Кога праведниците ќе бидат грабнати на небесните облаци во Светиот Град, тие ќе седнат на судските престоли со Господ и ќе им судат на беззакониците 1000 години (1 Коринтјаните 6,3).

Во тоа време, земјата ќе биде опустошена, на неа нема да има ниту едно човечко суштество. По завршувањето на небесниот суд Спасителот со спасените и Светиот Град, Новиот Ерусалим, ќе слезе на Маслинска Гора. Огнот кој проголтува ќе ја очисти целата земја, во која по второто воскресение сатаната со сите беззаконици ќе биде уништен засекогаш. Воспоставувањето на мирно, блажено и вечно Христово Царство тогаш ќе биде целосно завршено (Захарија 14,3-5; Малахија 4,1-3; Откровение 20,11-15; 21,8).

НОВО НЕБО И НОВА ЗЕМЈА

Ние веруваме дека старата земја ќе биде исчистена со оган, и ќе настане ново небо и нова земја. Новата земја со Новиот Ерусалим (Откровение 21,1-4), наречен свет град, ќе биде вечно наследство на светиите, место каде што спасените ќе живеат среќно (2 Петрово 3,13; Исаија 65, 17.18.25; Псалм 36,11.29).

Сподели го ова:

Слични објави