11. ИСУСОВОТО КРШТЕВАЊЕ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 3:13-17; Марко 1:9-11; Лука 3:21,22.

Гласот за пророкот од пустината и неговата чудесна вест се раширила низ цела Галилеја. Веста допрела до селаните дури и во најзафрлените планински села и до рибарите на езерото и во тие едноставни, срдечни срца, наишла на најискрен одѕив. За тоа се зборувало и во Назарет, во работилницата на дрводелецот Јосиф и Исус го разбрал повикот. Неговото време дошло. Напуштајќи ја својата секојдневна работа, Тој се простил од Својата мајка и тргнал по стапките на Своите сонародници, кои се собирале кај Јордан. {КВ 109.1}

Исус и Јован Крстител биле роднини и тесно поврзани со околностите на своето раѓање, но сепак не се познавале лично еден со друг. Исус го поминал животот во Назарет, во Галилеја, а Јован во јудејската пустина. Живеејќи во различни околности и повлечено, тие немале комуникација еден со друг. Така одредило Провидението. Не требало да биде дадена никаква можност што би ги обвинувала дека се договарале да се поддржуваат еден со друг. {КВ 109.2}

Јован бил запознаен со настаните кои го обележале Исусовото раѓање. Слушнал за посетата на Ерусалим во Неговото детство и што се случило во рабинската школа. Знаел за Неговиот безгрешен живот и верувал дека Тој е Месијата, но за тоа немал силни докази. Фактот дека Исус поминал толку години во повлеченост, не поткрепувајќи ја со ништо Својата мисија, давала можност за сомневање дали Тој би можел да биде Ветениот. Сепак, Крстителот чекал со вера, убеден дека во Свое време Бог ќе објасни сѐ. Му било откриено дека Месијата од него ќе бара да го крсти и дека тогаш ќе биде даден знак за Неговиот божествен карактер. Така ќе биде во можност да му го претстави на народот. {КВ 109.3}

Кога Исус дошол кај Јован да се крсти, Крстителот во Него видел чистота на карактерот, каква што никогаш порано не забележал кај ниеден човек. Атмосферата на Неговото присуство била света и влевала стравопочит. Меѓу мноштвото што се собирало околу него, Јован слушнал мрачни приказни за злосторства и видел души свиени под товарот на безбројни гревови, но никогаш не дошол во допир со човек од кој толку зрачело божествено влијание. Сето тоа било во склад со она што му било откриено на Јован за карактерот на Месијата. Сепак, тој се притеснувал да го исполни Исусовото барање. Како тој, грешник, да го крсти Безгрешниот? И зошто Оној, Кому не му било потребно покајание морал да се потчини на еден обред што го претставува признавањето на вината која треба да се измие? {КВ 110.1}

Кога Исус побарал да биде крстен, Јован извикал: „Ти треба мене да ме крстиш, а Ти Доаѓаш при мене!“ Благо, а сепак решително, Исус одговорил: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме сета правда”. Попуштајќи, Јован го повел Спасителот до Јордан и го нурнал во водата. Исус „веднаш излезе од водата. И ете наеднаш се отворија небесата и Тој го виде Божјиот Дух како слегува како гулаб и се спушта на Него”. {КВ 111.1}

Исус не го примил крштевањето како признание на Својата вина. Тој се идентификувал Себеси со грешниците, правејќи чекор, кој мораме ние да го направиме и извршувајќи го делото, кое ние мораме да го извршиме. Неговиот живот на страдање и истрајно трпение по крштавањето исто така претставува пример за нас. {КВ 111.2}

Кога излегол од водата, Исус ја наведнал главата во молитва на брегот од реката. Пред Него се отворал нов и значаен период. Тој сега, на една поширока сцена, влегувал во конфликтот на Својот живот. Иако бил Кнез на мирот, Неговото доаѓање морало да изгледа како извлекување на меч од корицата. Царството кое дошол да го основа било спротивно на она што го посакувале Евреите. Тој, Кој бил темел на церемониите и еврејското верско уредување, ќе биде сметан како негов непријател и уништувач. Тој, Кој го објавил законот на Синај, ќе биде осуден како престапник. Тој, Кој дошол да ја уништи силата на сатаната, ќе биде обвинет дека е Велзевул. Никој на Земјата не го сфаќал и во текот на Својата служба морал да чекори сам. Во текот на целиот Негов живот Неговата мајка и Неговите браќа не ја сфаќале Неговата мисија. Дури ниту Неговите ученици не го разбрале. Како едно со Бога, живеел во вечна светлина, но Својот живот на Земјата морал да го помине во осаменост. {КВ 111.3}

Како едно со нас, морал да го носи товарот на нашата вина и несреќа. Безгрешниот морал да го чувствува срамот на гревот. Љубителот на мирот морал да живее во конфликт, вистината морала да живее со лагата, чистотата со нечистотијата. Секој грев, секоја неслога, секој валкан порок, кој го донел престапот со себе, претставувале мачење за Неговата душа. {КВ 111.4}

Сам морал да оди по патот, сам морал да го носи бремето. Спасението на светот мора да почива на Оној, Кој ја положил Својата слава и ги примил на Себе слабостите на човештвото. Тој го видел и почувствувал сето тоа, но Неговата цел останала цврста. Од Него зависело спасението на паднатиот човечки род и Тој ја испружил раката, за да се фати за раката на Семоќната Љубов. {КВ 111.5}

Додека ја излевал Својата душа во молитва, погледот на Спасителот како да проникнувал во Небото. Добро знаел колку се стврднати човечките срца заради гревот и колку на луѓето ќе им биде тешко да ја сфатат Неговата мисија и да го примат дарот на спасението. Тој го молел Таткото да му даде сила да го совлада нивното неверие, да ги скрши оковите со кои сатаната ги маѓепсал и заради нив да го победи уништувачот. Молел за очигледен доказ дека Бог го прима човештвото во лицето на Својот Син. {КВ 111.6}

Никогаш порано ангелите не слушнале таква молитва. Тие биле исполнети со силна желба на Својот сакан Заповедник да му донесат вест на уверување и утеха. Но не, Самиот Татко ќе одговори на молитвата на Својот Син. Директно од престолот се излеваат зраците на Неговата слава. Небесата се отвориле и врз главата на Спасителот се спуштила најчиста светлина во облик на гулаб соодветен симбол за Оној што е понизен и кроток. {КВ 112.1}

Во големото мноштво собрано на Јордан имало малку луѓе кои, освен Јован, го виделе ова небесно видение. Сепак, светоста на божественото присуство почивала на присутните. Народот во тишина го набљудувал Христа. Неговата форма била осветлена со светлината, која вечно блеска околу Божјиот престол. На Неговото лице, подигнато кон небото, се одразувала слава каква што никогаш дотогаш не се видела на лицето на ниту еден човек. Од отворените небеса се слушнал Глас, Кој зборувал: „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја”. {КВ 112.2}

Овие потврдни зборови биле дадени за да ги вдахнат со вера оние кои биле сведоци на тој настан и да го зајакнат Спасителот за Неговата мисија. И покрај тоа што гревовите на грешниот свет биле пренесени на Христа, и покрај тоа што Тој се понизил и ја презел на Себе природата на паднатиот човек, Гласот од небото потврдил дека Тој е Син на Вечниот. {КВ 112.3}

Јован бил длабоко возбуден, кога го видел Исуса како понизен молител, Кој со солзи во очите барал потврда од Таткото. Кога Божјата слава го опкружила Христа и кога се слушнал Глас од небото, Јован го препознал знакот што му го ветил Бог. Тогаш тој знаел дека го крстил Спасителот на светот. Светиот Дух почивал на Него и со подадена рака, покажувајќи кон Исуса, Јован рекол: „Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. {КВ 112.4}

Никој меѓу присутните, па дури ниту Јован, кој го кажал тоа, не го разбрал значењето на тие зборови: „Божјо Јагне”. На гората Морија, Авраам го слушнал прашањето на својот син: „Татко! Каде е јагнето за жртва?“ Таткото одговорил: „Синко, Бог ќе си обезбеди за Себе јагне за жртва”. (Создавање 22:7,8) Во овенот што се нашол тука преку божественото провидение, Авраам видел симбол на Оној, Кој ќе умре заради човечките гревови. Служејќи се со истиот симбол, Светиот Дух преку Исаија пророкувал за Спасителот: „Го одведоа како јагне на колење,“ „Господ ги стави на Него сите наши беззаконија“ (Исаија 53:7,6), но израелскиот народ не ја разбрал таа поука. Многумина од нив на жртвените дарови гледале онака како што незнабошците гледале на своите жртви како дарови преку кои ќе го одоброволат Божеството. Бог сакал да ги поучи дека од Неговата љубов произлегува дар што ги помирува со Него. {КВ 112.5}

Зборовите што му биле упатени на Исуса на Јордан „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ го опфаќаат човештвото. Бог му зборувал на Исуса како на наш претставник. Покрај сите наши гревови и слабости, ние не сме отфрлени како недостојни. Тој не прифати во Возљубениот”. (Ефесјаните 1:6) Божјата слава, која почивала на Христа, претставува залог за Божјата љубов кон нас. Таа ни укажува на моќта на молитвата како човечкиот глас може да стигне до Божјото уво, како нашите молитви можат да бидат услишени во Небесните дворови. Заради гревот Земјата била одвоена од Небото и отуѓена од заедница со него, но Исус повторно ја поврзал Земјата со сферата на славата. Неговата љубов го опкружила човекот и достигнала до највисокото небо. Светлината, која од отворените небеса ја осветлила главата на нашиот Спасител, ќе не осветли и нас, кога се молиме за помош да му се спротивставиме на искушението. Гласот, Кој му зборувал на Исуса, и зборува на секоја душа што верува: „Ова е Моето возљубено дете, кое е по Мојата волја”.  {КВ 113.1} „Возљубени, сега сме деца Божји и уште не се покажа што ќе бидеме. Но знаеме дека кога Тој ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе го видиме онаков каков што е”. (1. Јованово 3:2) Нашиот Откупител го отворил патот, така што најгрешните, најзагрозените, најугнетените и најпрезрените можат да најдат пристап кон Таткото. Сите можат да најдат свој дом во живеалиштата што Исус отишол да ги подготви. „Ова го кажува Светиот, Вистинитиот, Оној што го има Давидовиот клуч; Оној што отвора и никој не затвора; Оној што затвора и никој не отвора… Ете, поставив пред тебе отворена врата, која никој не може да ја затвори”. (Откровение 3:7,8) {КВ 113.2}

Сподели го ова:

Слични објави