27. „АКО САКАШ, МОЖЕШ ДА МЕ ОЧИСТИШ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 8:2-4; 9:1-8, 32-34; Марко 1:40-45; 2:1-12; Лука 5:12-28

Од сите болести познати на Исток, лепрата била сметана за најстрашна. Неизлечивоста, заразноста и нејзините страшни последици на жртвите, ги исполнувале со страв и срцата на најхрабрите. Меѓу Евреите таа болест била сметана како казна заради гревот и затоа е наречена „удар“ или „Божји прст”. Длабоко вкоренета, неизлечива, смртоносна, таа болест била сметана како симбол на грев. Според обредниот закон, лепрозниот бил сметан за нечист. Како некој, кој веќе е мртов, лепрозниот бил отстранет од човечките населби. Сѐ што тој ќе допрел било нечисто. Воздухот бил заразен од неговиот здив. Оној за кого ќе се посомневало дека боледува од таа болест, морал да се пријави на свештениците, кои тогаш го испитувале неговиот случај и донесувале одлука. Ако бил прогласен за лепрозен, таквиот болен бил изолиран од своето семејство, одвоен од останатите Израелци и осуден да се дружи само со оние кои боледувале од истата болест. Законот не бил флексибилен во тој поглед. Дури ни царевите и владетелите не биле исклучок. Монархот што заболел од таа страшна болест морал да го одложи жезолот и да се повлече од општеството. {КВ 262.1}

Далеку од своите пријатели и своите роднини, лепрозниот морал да го носи проклетството на својата болест. Бил принуден сам да ја објавува својата несреќа, раскинувајќи ја својата облека и да даде знак, предупредувајќи ги останатите да бегаат од него за да не се заразат. Тажниот извик: „Нечист! Нечист!“ се слушал од осамените места и влевал страв и одвратност. {КВ 262.2}

Во областа на Христовата служба имало многу такви страдалници и веста за Неговото дело стигнала до нив и поттикнала зрак на надеж. Меѓутоа, од времето на пророкот Елисеј не се знаело за такво нешто, како што е очистување на оној, кој заболел од таа страшна болест. Тие не се осмелувале од Исуса да очекуваат да го направи за нив она што дотогаш не го направил за никого. Меѓутоа, тука се нашол еден, во чие срце почнала да се буди вера, но не знаел како да дојде до Исуса. Бидејќи му било забрането да Доаѓа во допир со своите ближни како може да излезе пред Исцелителот? Тој се прашувал дали Христос ќе сака да го исцели и него? Дали Тој ќе се наведне за да го забележи оној за кого се верува дека е под Божја казна? Нема ли како фарисеите, па дури и лекарите, да искаже проклетство над него и да му нареди да бега од општествениот живот? Размислувал за сѐ она што слушнал за Исуса. Никој, кој побарал Негова помош не бил одбиен. Несреќникот одлучил да го најде Спасителот. Иако не смеел да се доближи до градовите, можеби ќе го сретне додека поминува по некои од патчињата долж планинските патишта или додека Тој поучува надвор од градовите. Тешкотиите биле големи, но тоа била негова единствена надеж. {КВ 262.3}

Лепрозниот бил воден кон Спасителот. Исус поучувал покрај езерото и луѓето се собирале околу Него. Стоејќи подалеку, разбрал неколку зборови од усните на Спасителот. Видел како Спасителот ги става Своите раце на болните. Забележал како слепите и оние на смртна постела оздравуваат, фалејќи го Бога заради своето оздравување. Верата зајакнала во неговото срце. Сѐ повеќе се приближувал до насобраниот народ. Заборавил на ограничувањата што му биле наметнати, на безбедноста на другите и на стравот со кој го набљудувале луѓето. Мислел само на блажената надеж за исцелување. {КВ 263.1}

Неговиот надворешен изглед бил ужасен. Болеста земала замав и ужасно било да се погледне телото што се распаѓа. Кога го здогледале, луѓето со ужас се повлекле. Тие се туркале еден во друг во својата желба да избегнат допир со него. Некои се обидувале да го спречат да не му се доближи на Исуса, но попусто. Тој не ги гледал и не ги слушал. Тој не ги забележувал изразите на гадење. Тој го гледал само Божјиот Син. Тој го слушал само Гласот, Кој дава живот на смртниците. Туркајќи се до Исуса, тој му се фрлил под нозете, велејќи: „Господе! Ако сакаш, можеш да ме очистиш”. {КВ 263.2}

Исус одговорил: „Сакам, биди очистен,“ и ја ставил Својата рака врз него. (Матеј 8:13) {КВ 263.3}

Кај лепрозниот веднаш се забележала промена. Неговото тело станало здраво, неговите нерви чувствителни, неговите мускули цврсти. Исчезнала рапавата, лушпеста кожа, својствена за лепрата, а на нејзино место се појавила румена кожа, како кај здраво дете. {КВ 263.4}

Исус му рекол никому да не му зборува за стореното дело, туку веднаш да се покаже себеси во храмот и да принесе дар. Таквиот дар не бил примен, сѐ додека свештениците не го прегледаат болниот и не го прогласат за здрав. Иако без волја ја извршувале оваа должност, не можеле да избегнат да го испитаат случајот и да донесат одлука. {КВ 264.1}

Зборовите на Светото Писмо покажуваат со каква итност Христос му наложил на човекот да молчи и веднаш да го направи тоа што му било кажано. „И строго наложувајќи му, го отпушти и му рече: Гледај никому ништо да не кажеш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси за своето очистување она што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво”. Кога свештениците би биле запознаени со фактите во врска со исцелувањето на лепрозниот, нивната омраза кон Христа би можела да ги наведе да донесат нечесна одлука. Исус сакал тој човек да се покаже себеси во храмот пред да стигнат до свештениците гласовите за чудото. На тој начин можела да се обезбеди непристрасна одлука, а на излекуваниот од лепра ќе му се дозволи да се врати во кругот на своето семејство и пријатели. {КВ 264.2}

Христос имал на ум и други цели, кога му рекол на тој човек да молчи. Спасителот знаел дека Неговите непријатели постојано се трудат да го спречат Неговото дело и да го одвојат народот од Него. Тој знаел дека, ако се разгласи за исцелувањето на лепрозниот, многу други, кои се болни од таа ужасна болест ќе доаѓаат кај Него и дека околу тоа ќе се подигне врева дека народот ќе се зарази поради допирот со нив. Многу лепрозни не би го употребиле дарот на исцелување како благослов и за нив и за другите. Покрај тоа, кога би ги привлекол лепрозните кон Себе, би пружил повод за обвинување дека ги крши прописите на обредниот закон. На тој начин би било попречено Неговото дело на проповедање на евангелието. {КВ 264.3}

Настаните ја потврдиле оправданоста на Христовото предупредување. Многу луѓе присуствувале на исцелување на лепрозните и сите со нетрпение очекувале да ја дознаат одлуката на свештениците. Кога тој човек му се вратил на своето семејство и на пријателите, настанала голема возбуда. И покрај Исусовото предупредување, тој веќе не се трудел да го прикрие своето оздравување. Всушност, би било невозможно да се сокрие тој факт, но излекуваниот од лепра насекаде зборувал за тоа. Сметајќи дека Исус, само поради Својата скромност барал од него да молчи, тој насекаде ја објавувал моќта на својот Голем Исцелител. Тој не согледувал дека секое такво манифестирање ги прави свештениците и старешините уште порешителни во нивното настојување да го уништат Исуса. Излекуваниот од лепра чувствувал дека благословот на здравјето е многу драгоцено. Бил среќен во силата на својата мажевност и бидејќи се вратил на своето семејство и на општеството, за него било невозможно да се воздржи од славење на Лекарот, Кој го излекувал. Меѓутоа, разгласувајќи го тоа насекаде, резултирало со попречување на делото на Спасителот. Тоа довело до масовно собирање на народот околу Исуса, поради што Тој бил принуден извесен период да ја прекине Својата јавна работа. {КВ 264.4}

Секоја Исусова постапка имала далекусежна цел. Секоја постапка значела многу повеќе отколку што изгледала. Така и во случајот со лепрозниот. Служејќи им на сите оние што Доаѓале кај него, Исус истовремено копнеел да ги благослови и оние што не Доаѓале. Привлекувајќи ги кон Себе цариниците, незнабошците и Самарјаните, Тој истовремено копнеел по тоа да допре до свештениците и учителите, кои биле затворени со предрасуди и традиции. Не пропуштил ниедно средство со чија помош би можел да допре до нив. Испраќајќи го излекуваниот од лепра кај свештениците, Тој им дал едно сведоштво со кое сакал да ги разоружа нивните предрасуди. {КВ 265.1}

Фарисеите тврделе дека Христовото учење е спротивно на законот што Бог им го дал преку Мојсеј. Тоа обвинување го негирало упатството кое Тој му го дал на излекуваниот губавец да принесе дар според законот. Тоа било доволно сведоштво за секој што сакал да се осведочи. {КВ 265.2}

Водачите од Ерусалим испратиле шпиони да најдат некоја вина кај Христа за да го осудат на смрт. Тој возвратил со тоа што им пружил доказ за Својата љубов кон човештвото, за Своето почитување на законот и за Својата моќ да избави од гревот и смртта. Така, Тој посведочил за нив: „Ми враќаат зло за добро, омраза за Мојата љубов”. (Псалм 109:5) Оној, Кој на гората дал правило: „Љубете ги своите непријатели,“ и Самиот го спроведувал во дело тоа начело, не враќајќи „зло за зло, ниту навреда за навреда, туку напротив,“ благословувал. (Матеј 5:44; 1. Петрово 3:9) {КВ 265.3}

Оние исти свештеници што го осудиле лепрозниот на прогонство го потврдиле неговото исцелување. Таа одлука, јавно искажана и запишана, била сведоштво за Христа. Кога излекуваниот од лепра повторно се вратил во заедницата на Израелците, откако свештениците потврдиле дека на него нема никаква трага од болеста, тој самиот бил жив сведок за својот Добротвор. Радосно го принел својот дар и го величел Исусовото име. Свештениците биле уверени за божествената сила на Спасителот. Им била дадена можност да ја запознаат вистината и да профитираат од светлината. Ако ја отфрлат, таа ќе помине и никогаш повеќе нема да се врати. Повеќето ја отфрлиле светлината, но Сепак, таа не била попусто дадена. Таа влијаела на срцата на многумина, кои извесен период не манифестирале никакви знаци. За време на животот на Спасителот изгледало дека Неговата мисија наидува на мал одѕив на љубов од свештениците и учителите. Меѓутоа, по Неговото вознесение „многу свештеници станаа послушни на верата”. (Дела 6:7) {КВ 265.4}

Делото што го извршил Христос, очистувајќи го лепрозниот од неговата ужасна болест претставува илустрација на Неговото дело на чистење на душата од гревот. Човекот што дошол кај Исуса, бил „сиот лепрозен”. Смртоносниот отров на лепрата се пробил низ целото тело. Учениците сакале да го спречат својот Учител од таквиот допир, бидејќи оној, кој би допрел лепрозен би станал нечист. Меѓутоа, Исус не се осквернил ставајќи ја Својата рака на лепрозниот. Неговиот допир пренел животворна сила. Лепрозниот бил излекуван. Така е и со лепрата на гревот која е длабоко вкоренета; смртоносна и не може да се излекува со човечка сила. „Сета глава е болна, срцето изнемоштено; од глава до петици никаде здраво место, туку повреди, модринки и гнојави рани”. (Исаија 1:5,6) Но Исус не се извалкал доаѓајќи да живее меѓу луѓето. Неговото присуство има исцелувачка моќ за грешникот. Секој што ќе падне пред Неговите нозе, велејќи со вера: „Господе, Ако сакаш, можеш да ме очистиш,“ ќе добие одговор: „Сакам, биди очистен”. (Матеј 8:2,3) {КВ 266.1}

Во некои случаи на исцелување Исус не го подарил веднаш Благословот што бил баран. Меѓутоа, во случајот на лепрозниот, молбата била веднаш услишена. Кога се молиме за земни благослови, можеби ќе се одложи одговорот на нашата молитва и можеби Бог ќе ни даде нешто друго, а не она што го бараме. Но не е така, кога бараме избавување од гревот. Негова волја е да се очистиме од гревот, да станеме негови деца и да не оспособи да живееме свет живот. Христос „се даде Себеси за нашите гревови за да не избави од сегашниот зол свет, според волјата на Бога и нашиот Татко”. (Галатјаните 1:4) И „ова е увереноста што ја имаме во Него: Дека ако побараме нешто според Неговата волја, Тој не слуша; и ако знаеме дека не слуша, што и да побараме, знаеме дека ќе го добиеме она што сме го побарале од Него”. (1. Јованово 5:14,15) „Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен да ги прости нашите гревови и да не очисти од секаква неправедност”. (1. Јованово 1:9) {КВ 266.2}

Со исцелувањето на парализираниот во Капернаум, Христос повторно ја поучувал истата вистина. Чудото било извршено за да ја манифестира Својата власт да простува гревови. Исцелувањето на парализираниот илустрира и други драгоцени вистини. Тоа е полно со надеж и охрабрување и заради својата поврзаност со критично настроените фарисеи, тоа исто така претставува и опомена. {КВ 267.1}

Слично на лепрозниот, и овој болен ја изгубил надежта дека ќе оздрави. Неговата болест била последица на грешниот живот и неговите страдања биле уште погорчливи заради грижата на совеста. Тој веќе одамна пред тоа им се обратил на фарисеите и лекарите, надевајќи се дека ќе му ги олесни душевните страдања и телесната болка. Меѓутоа, тие студено изјавиле дека не може да се излекува и го препуштиле на Божјиот гнев. Фарисеите сметале дека несреќата е знак на Божјото негодување и се држеле одвоени од болните и страдалниците. Меѓутоа, токму оние, кои се прикажувале како свети, биле поголеми грешници од страдалниците што ги осудувале. {КВ 267.2}

Фатениот човек бил целосно немоќен па, надевајќи се дека веќе нема никаква помош од никаде, паднал во очај. Тогаш слушнал за Исусовите чудесни дела. Му кажале дека и други, исто толку грешни и немоќни, биле целосно излекувани, дека дури и лепрозните биле очистени. И пријателите што му го кажувале тоа, го храбреле да поверува дека и тој би можел да биде излекуван, ако го однесат кај Исуса. Меѓутоа, при помислата на причината за неговата болест, надежта го напуштала. Стравувал дека чистиот Лекар нема да го толерира него во Неговото присуство. {КВ 267.3}

Меѓутоа, тој не сакал толку телесно исцелување колку што сакал ослободување од товарот на гревот. Кога би можел да го види Исуса и од Него да добие уверување за простување и мир со Небото, би бил задоволен да живее или да умре, според Божјата волја. „О, само кога би можел да дојдам до Него!“ тоа бил неговиот смртен извик. Немало веќе време за губење; неговото ослабено тело веќе покажувало знаци на распаѓање. Ги замолил своите пријатели да го однесат на неговото легло до Исуса и тие радосно го направиле тоа. Меѓутоа, во домот и околу домот каде што бил Спасителот, се собрало толкаво мноштво народ, така што болниот и неговите пријатели не можеле да дојдат до Него, ниту да го слушнат Неговиот глас. {КВ 267.4}

Исус го поучувал народот во домот на Петар. Според нивниот обичај, учениците седеле веднаш до Него, а „таму седеа и фарисеи и учители на законот, кои дојдоа од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим”. Тие дошле како шпиони, со намера да најдат обвинение против Исуса. Освен овие достоинственици се собрало најразлично мноштво на желни луѓе, луѓе со стравопочит, како и љубопитници и скептици. Биле застапени разни народности и сите општествени слоеви. „И силата Господова беше присутна за да исцели”. Духот на животот се надвиснал над собирот, но фарисеите и учителите не го распознале Неговото присуство. Немале чувство дека нешто им недостига и тие не искусиле исцелување. „Гладните ги засити со добра, а богатите ги отпушти празни”. (Лука 1:53) {КВ 267.5}

Луѓето што го носеле парализираниот се обидувале да се пробијат низ толпата, но попусто. Болниот гледал наоколу со неискажлива болка. Како да се откаже од надежта, кога помошта по која копнеел толку долго била толку близу? На негово барање, пријателите го однеле на покривот од куќата. Пробивајќи го покривот го спуштиле пред Исусовите нозе. Проповедта била прекината. Спасителот го погледнал неговото измачено лице и видел очи, кои молежливо го набљудувале. Го сфатил случајот; Тој го привлекол кон Себе тој збунет и сомничав дух. Спасителот ја разбудил совеста на парализираниот човек, уште додека лежел во својот дом. Кога се покајал за своите гревови и поверувал дека Христос може да исцелува, животворната милост на Спасителот го благословила неговото срце полно со копнеж. Исус видел како првиот зрак на надеж се претвора во верување дека Тој е единствениот помошник на грешниците и како тоа верување станува посилно со секој обид да се дојде во Неговото присуство. {КВ 268.1}

Тогаш Спасителот изговорил зборови, кои како музика допреле до ушите на страдалникот: „Охрабри се синко, ти се простуваат твоите гревови”. {КВ 268.2}

Товарот на очај бил симнат од душата на овој болен; на неговиот дух почива мир на простување и го осветлува неговото лице. Болката исчезнала и целото негово битие било преобразено. Немоќниот паралитичар бил исцелен! Грешникот добил простување! {КВ 268.3}

Со едноставна вера тој ги прифатил Исусовите зборови како дар на нов живот. Понатаму не барал ништо повеќе, туку лежел во блажена тишина, премногу среќен за да може тоа да го искаже со зборови. Небесна светлина го осветлувала неговото лице, додека луѓето со восхит и стравопочит ја гледале оваа сцена. {КВ 268.4}

Рабините со нетрпение чекале да видат како Христос ќе постапи со овој случај. Се сетиле како тој човек им се обраќал за помош и како одбиле да му влеат надеж и да покажат сочувство кон него. Тоа сѐ уште не им било доволно, така што изјавиле дека на себе носи Божјо проклетство заради своите гревови. Сето тоа повторно се појавило во нивниот ум, додека го гледале болниот пред себе. Забележале со колкав интерес сите ја набљудувале оваа сцена и многу се исплашиле да не го загубат своето влијание кај народот. {КВ 268.5}

Овие достоинственици не изговориле меѓусебно ниту еден збор, но, погледнувајќи се еден со друг, на секое лице се читала една иста мисла дека мора нешто да се преземе, за да се запре таа плима на чувства. Исус изјавил дека на парализираниот човек му се простени гревовите. Фарисеите се фатиле за тој збор како за богохулство, убедени дека тоа можат да го прикажат како грев што заслужува смрт. Тогаш рекоа во своите срца: „Тој хули на Бога. Кој може да ги простува гревовите освен Бог?“ (Марко 2:7)  {КВ 269.1}

Насочувајќи го Својот поглед кон нив, од кој затрепериле и се повлекле, Исус рекол: „Зошто мислите зло во своите срца? Што е полесно, да му се каже на фатениот: Ти се простуваат гревовите, или да му се каже: Стани и оди? Но да знаете дека Синот Човечки има власт на Земјата да простува гревови”. Свртувајќи се кон парализираниот, рекол: „Стани, земи ја својата постела и оди си дома”. {КВ 269.2}

Тогаш човекот што бил донесен кај Исуса на носила, станал на нозе со еластичност и сила на младоста. Низ неговите вени потекла животворна крв. Секој орган од неговото тело наеднаш станал повторно активен. Бледилото на смртта што се приближувала било заменето со руменило. „И тој веднаш стана, ја зеде постелата и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и го славеа Бога, велејќи: Такво нешто никогаш не сме виделе”. {КВ 269.3}

О, чудесна Христова љубов, што си се надвила да ги исцелиш грешните и страдалниците! Божество, Кое тагува и ги утешува страдањата на човештвото! О, чудесна сило, која на тој начин си им се покажала на синовите човечки! Кој може да се сомнева во пораката на спасение? Кој може да ја омаловажува милоста на сочувствителниот Откупител? {КВ 269.4}

За да се поврати здравјето на тоа тело што се распаѓало, морала да стапи во дејство создавачката сила. Со истиот збор со кој му е даруван животот на човекот создаден од прав, даден е и животот на парализираниот што умирал. Истата сила, која на телото му подарила живот, го обновила срцето. Оној, Кој при создавањето „рече и настана,“ Кој „заповеда и сѐ се утврди“ (Псалм 33:9), и влеал со Своите зборови живот на душата мртва во престапите и гревовите. Исцелувањето на телото било знак на сила што го обновила срцето. Христос му наложил на парализираниот човек да стане и да оди, „за да знаете,“ рекол Тој, „дека Синот Човечки има власт на Земјата да простува гревови”. {КВ 269.5}

Парализираниот во Христа нашол исцелување на телото и душата. По духовното оздравување следела и обнова на телесното здравје. Оваа поука не треба да се запостави. И денес илјадници болни, слично на парализираниот човек, копнеат по пораката: „Ти се простуваат твоите гревови”. Товарот на гревот, со неговиот немир и неостварени желби, претставува основа за нивната болест. Тие не можат да најдат олеснување, додека не дојдат кај Исцелителот на душата. Мирот што само Тој може да го подари, би дал сила на умот и здравје на телото. {КВ 270.1}

Исус дошол да „ги уништи делата на ѓаволот”. „Во Него имаше живот“ и Тој вели: „Јас дојдов за тие да имаат живот и тоа живот во изобилство”. Тој е „Дух, Кој оживува”. (1. Јованово 3:8; Јован 1:4; 10:10; 1. Коринтјаните 15:45) Тој сѐ уште ја има истата животворна моќ, како, кога на Земјата ги лекувал болните и им давал простување на грешниците. Тој „ги простува сите твои беззаконија,“ и „ги исцелува сите твои болести”. (Псалм 103:3) {КВ 270.2}

Исцелувањето на парализираниот човек делувало врз народот, како небото да се отворило и да ја открило славата на еден подобар свет. Додека исцелениот човек поминувал низ мноштвото, благословувајќи го Бога на секој чекор и носејќи ги своите носила како да се лесни како пердув, луѓето му правеле пат за да помине и со лица на кои се гледало восхитеност си дошепнувале еден на друг: „Денес видовме чудни нешта”. {КВ 270.3}

Фарисеите биле неми од вчудовиденост и совладани од својот пораз. Виделе дека тука немаат шанси со својата љубомора да го потпалат мноштвото. Чудесното дело извршено над човекот кого тие го предале на Божјиот гнев оставило толку длабок впечаток кај народот, така што рабините за одредено време биле заборавени. Тие виделе дека Христос поседува сила што тие му ја припишувале единствено на Бога, но Сепак Неговото нежно и достоинствено однесување било во очигледна спротивност со нивната горделивост и вообразеност. Биле збунети и посрамени, увидувајќи, но не признавајќи дека се наоѓаат во присуство на едно возвишено Суштество. Колку посилен бил доказот дека Исус има власт на Земјата да простува гревови, толку повеќе тие се утврдувале во своето неверие. Излегле од домот на Петар, каде што виделе како Исус со Својата Реч го исцелил парализираниот, за да смислат нови планови како да го замолчат Божјиот Син. {КВ 270.4}

Христовата сила ја исцелила телесната болест, Колку и да е опасна и сериозна, меѓутоа болеста на душата уште посилно ги обземала оние, кои ги затвориле своите очи за светлината. Лепрата и парализата не биле толку страшни, како предрасудите и неверието. {КВ 271.1}

Кога фатениот човек се вратил во своето семејство, во неговиот дом завладеала огромна радост. Со леснотија ја носел постелата на која пред кратко време внимателно го изнеле од домот. Членовите на семејството се собрале околу него со солзи радосници, одвај осмелувајќи се да им поверуваат на своите очи. Тој стоел пред нив со полна мажевност. Неговите раце, до неодамна безживотни, сега се покорувале на неговата волја. Неговата кожа, која била свената и со темна боја, сега станала свежа и румена. Одел со цврст и лесен чекор. Радост и надеж биле испишани на секоја црта на неговото лице, а наместо знаци на грев и страдање, се појавил израз на чистота и мир. Радосно оддавање на благодарност се издигнувало од тој дом, каде што Бог бил прославен преку Својот Син, Кој ја вратил надежта на безнадежниот и силата на парализираниот. Овој човек и неговото семејство биле подготвени да го дадат животот за Исуса. Никаков сомнеж не ја затемнил нивната вера, никакво неверие не ја слабеело нивната верност кон Оној, Кој донел светлина во нивниот мрачен дом. {КВ 271.2}

Сподели го ова:

Similar Posts