3. „КОГА СЕ ИСПОЛНИ ВРЕМЕТО”
„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син… за да ги откупи оние што се под Закон, та да го примиме посинувањето.” (Галатјаните 4:4,5) {КВ 31.1}
Доаѓањето на Спасителот било претскажано уште во Едем. Кога првпат го слушнале тоа ветување, Адам и Ева очекувале дека тоа брзо ќе се исполни. Тие радосно го поздравиле раѓањето на својот прв син, надевајќи се дека тој би можел да биде Избавителот. Меѓутоа, исполнувањето на ветувањето се оддолжило. Оние, кои први го примиле ова ветување умреле, без да го видат неговото исполнување. Почнувајќи од деновите на Енох, ова ветување го повторувале патријарсите и пророците, со што се одржувала надежта во Неговото доаѓање, но сепак, Тој сѐ уште не доаѓал. Пророштвото на Даниел го открило времето на Неговото доаѓање, но сите не ја протолкувале правилно оваа порака. Минувале векови и векови; гласот на пророците престанал. Раката на угнетувачот тешко го притискала Израел и многумина биле подготвени да кажат: „Ете, деновите минуваат, а од пророштвото нема ништо”. (Езекиел 12:22) {КВ 31.2}
Меѓутоа, како што ѕвездите се движат по одредени циркуларни патеки низ бескрајните пространства, Божјите намери не познаваат брзање ниту задоцнување. Употребувајќи ја симболично густата темнина и печката која дими, Бог му го открил на Авраам ропството на Израел во Египет и рекол дека времето на нивниот престој во таа земја ќе трае четиристотини години. „Потоа,“ рекол Тој, „тие ќе излезат со големо богатство”. (Создавање 15:14) Против тие зборови напразно се борела сета сила на фараоновото горделиво царство. „Во истиот ден“ кој е одреден во божественото ветување, „излезе сета Господова војска од египетската земја”. (Излез 12:41) Исто така, во Небесниот совет бил одреден часот на Христовото доаѓање. Кога големиот часовник на времето го покажал тој час, Исус се родил во Витлеем. {КВ 32.1}
„Кога наврши времето, Бог го испрати Својот Син”. Провидението управувало со движењето на народите и со плимата на човечките побуди и влијанија, сѐ додека светот не созреал за доаѓање на Спасителот. Народите биле обединети под едно владетелство. Употребата на еден јазик била широко распространета и тој јазик насекаде бил признат како книжевен јазик. Евреите, расеани низ сите земји се собирале во Ерусалим поради годишните празници. Кога се враќале во своите места на живеење, можеле по цел свет да ја рашират веста за доаѓањето на Месија. {КВ 32.2}
Во тоа време слабеела моќта на незнабожечките системи над луѓето. Тие биле изморени од церемониите и од митовите. Тие копнееле по религија што може да го задоволи срцето. Иако изгледало дека светлината на вистината ги напуштила луѓето, имало души, кои копнееле по светлина и кои биле исполнети со збунетост и тага. Тие биле жедни за сознание за живиот Бог, за некаква сигурност во живот после гробот. {КВ 32.3}
Кога Евреите се одвоиле од Бога, верата им се затемнила, а надежта речиси престанала да ја осветлува иднината. Зборовите на пророците не биле сфатени. За широките народни маси смртта била ужасна тајна по неа постоела неизвесност и мрак. До пророкот низ вековите допирале не само лелеците на витлеемските мајки, туку и криците од големото срце на човештвото гласот што се слушнал во Рама: „Плач, ридање и силни лелеци; Рахила ги оплакува своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема”. Во „областа и сенката на смртта“ луѓето биле неутешни. Со копнежлив поглед го очекувале доаѓањето на Избавителот, кога темнината ќе биде растерана и тајната на иднината ќе биде разјаснета. {КВ 32.4}
Имало луѓе надвор од еврејската нација, кои претскажувале дека ќе се појави божествен Учител. Тие луѓе ја барале вистината и ним им бил даден пророчки Дух. Еден по еден, како ѕвезди на темното небо, се подигнувале такви луѓе. Нивните пророчки зборови буделе надеж во срцата на илјадници од незнабожечкиот свет. {КВ 33.1}
Веќе стотици години Библијата била преведена на грчки јазик, кој тогаш бил во широка употреба низ римската империја. Евреите биле насекаде расеани, а во нивното очекување на доаѓањето на Месијата, во извесна мера учествувале и незнабошците. Меѓу оние, кои Евреите ги сметале за незнабошци се наоѓале луѓе, кои многу подобро ги разбирале библиските пророштва за Месија од израелските учители. Имало и такви, кои се надевале на Неговото доаѓање како на ослободување од гревот. Филозофите се труделе да ја проучат тајната на еврејското верско уредување, меѓутоа верската нетрпеливост на Евреите го спречувала ширењето на светлината. Со намера да одржуваат одвоеност помеѓу себе и другите народи, тие не сакале да го поделат знаењето што сѐ уште го имале во поглед на симболичната служба. Мора да дојде вистинскиот Толкувач. Смислата на симболите мора да ја објасни Оној, Кого сите симболи го прикажувале. {КВ 33.2}
Бог му зборувал на светот преку природата, преку сликите и симболите, преку патријарсите и пророците. Човештвото морало да добие поука со човечки јазик. Гласникот на заветот мора лично да проговори. Неговиот глас мора да се чуе во Неговиот сопствен храм. Христос мора да дојде да изговори зборови, кои секој јасно и сигурно ќе ги разбере. Тој, Творецот на вистината, мора да ја одвои вистината од плевата на човечки искажувања што ја уништувале силата на вистината. Начелата на Божјата власт и планот на спасението мора јасно да бидат дефинирани. На луѓето мора јасно да им се укажува на поуките од Стариот Завет. {КВ 34.1}
Меѓу Евреите сѐ уште имало непоколебливи души, потомци на онаа света лоза, преку кои било сочувано знаењето за Бога. Тие сѐ уште се надевале во ветувањето, кое било дадено на нивните татковци. Тие ја зацврстувале својата вера, размислувајќи за ветувањето дадено преку Мојсеј: „Господ Бог ќе ви подигне Пророк меѓу вашите браќа, како мене. Него слушајте го во сѐ што ќе ви каже”. (Дела 3:22) Потоа тие читале како Господ ќе помаза Еден „да им објави добри гласови на кротките,“ „да ги превие ранетите во срцето, да им огласи на заробените слобода“ и да ја објави „благопријатната Господова година”. (Исаија 61:1,2) Тие читале како Тој „ќе постави суд на Земјата,“ како островите ќе „чекаат на Неговиот закон,“ како незнабошците ќе дојдат кај Неговата светлина, и цареви кон светлината на Неговото доаѓање. (Исаија 42:4; 60:3) {КВ 34.2}
Зборовите што ги изговорил Јаков при својата смрт ги исполниле со надеж: „Нема да се оддалечи жезолот од Јуда, ниту палката владеачка од кај неговите нозе, додека не дојде Шајло”. (Создавање 49:10) Опаѓањето на силата на Израел сведочело дека доаѓањето на Месијата е близу. Даниеловото пророштво ја опишало славата на Неговото владеење, над империја што ќе ги наследи сите земни царства и пророкот кажува дека „тоа ќе стои довека”. (Даниел 2:44) Малку имало такви, кои ја сфатиле природата на Христовата мисија, а многумина очекувале моќен Владетел, Кој ќе воспостави свое царство во Израел и Кој ќе дојде како Ослободител на народите. {КВ 34.3}
Времето се навршило. Човештвото, станувајќи сѐ повеќе расипано поради вековните престапи, копнеело по доаѓањето на Откупителот. Сатаната се трудел да го продлабочи понорот помеѓу Земјата и Небото и да го стори непремостлив. Со своите лаги ги поттикнувал луѓето уште повеќе да грешат. Неговата цел била да се исцрпи Божјото трпение и да се изгасне Неговата љубов кон човекот, за Бог да го препушти светот да биде под сатанска власт. {КВ 34.4}
Сатаната се трудел да им оневозможи на луѓето да го запознаат Бога, да го сврти нивното внимание од Божјиот храм и да воспостави свое царство. Изгледало дека неговата борба за превласт речиси потполно успеала. Вистина е дека во секое поколение Бог имал Свои посредници. Дури и меѓу незнабошците имало луѓе преку кои Христос делувал, за да го подигне народот од нивниот грев и деградација. Меѓутоа, тие луѓе биле презрени и замразени. Многумина од нив умреле со насилна смрт. Мрачната сенка што сатаната ја фрлил врз светот станувала сѐ потемна и потемна. {КВ 35.1}
Сатаната преку незнабоштвото со векови ги одвојувал луѓето од Бога, но својата голема победа ја извојувал со тоа што ја изопачил верата на Израел. Размислувајќи за сопствените сфаќања и обожавајќи ги, незнабошците го изгубиле знаењето за Бога и тонеле во сѐ подлабока изопаченост. Така било и со Израел. Начелото дека човекот може да се спаси со сопствените дела, се наоѓало во темелот на секоја незнабожечка религија, а сега станало и начело на еврејската вера. Сатаната го всадил тоа начело. Секаде каде што се усвојува, луѓето немаат заштита од гревот. {КВ 35.2}
Веста за спасението до луѓето се соопштува преку човечки орудија. Меѓутоа, Евреите се обидувале да направат монопол од вистината, која е вечен живот. Тие натрупале жива мана и таа се расипала. Се труделе да ја задржат верата само за себе и таа се претворила во соблазна. Тие го лишиле Бога од Неговата слава и го измамиле светот со фалсификувано евангелие. Одбиле да му се предадат на Бога за спасение на светот и станале орудие на сатаната за негово уништување. {КВ 36.1}
Народот кого Бог го повикал да биде столб и тврдина на вистината, станал претставник на сатаната. Тие го правеле тоа што го барал сатаната, неправилно го прикажувале Божјиот карактер и го наведувале светот Бога да го смета за тиранин. И свештениците што служеле во храмот ја изгубиле од вид смислата на службата што ја вршеле. Престанале да го вперуваат погледот во она што го прикажувал симболот. Принесувајќи жртви, тие постапувале како актери на сцена. Обредите кои Бог ги одредил, се претвориле во средство со кое се заслепува умот и се закоравува срцето. Преку нив Бог не можел веќе ништо да направи за човекот. Целиот тој систем морал да биде отфрлен. {КВ 36.2}
Измамата на гревот го достигнала својот врв. Сите средства за изопачување на човечките души биле ставени во движење. Набљудувајќи го светот, Божјиот Син видел страдање и беда. Со сожалување гледал како луѓето станале жртви на сатанската свирепост. Со сочувство ги посматрал оние, кои биле измамувани, убивани и загубени. Тие избрале владетел, кој како робови ги оковал со вериги за својот караван. Збунети и измамени, тие се движеле во жалосна поворка кон вечна пропаст кон смрт во која нема надеж за живот, кон ноќ по која нема утро. Сатанските претставници се соединиле со луѓето. Телата на човечките суштества, создадени да бидат Божји живеалишта, станале живеалишта на демоните. Врз сетилата, нервите, нагоните и органите на луѓето делувале натприродни сили, за да ги поттикнат кон прифаќање на најниските страсти. На лицата на луѓето се забележувал изгледот на демоните. Човечките лица имале израз на лошите легиони, под чија власт се наоѓале. Таква била сликата што ја набљудувал Откупителот на светот. Каква сцена за Бескрајната чистота! {КВ 36.3}
Гревот станал наука, а порокот бил посветен како дел на религијата. Бунтот длабоко се вкоренил во срцето, а најжестокото непријателство на човекот било вперено против Небото. Пред целата вселена се покажало дека без Бога човештвото не може да се издигне. Оној, Кој го создал светот, мора да внесе нов елемент на живот и сила. {КВ 37.1}
Безгрешните светови со најголемо внимание очекувале да видат како Јехова стапува во акција и ги уништува жителите на Земјата. Кога Бог би го сторил тоа, сатаната би бил подготвен да го спроведе својот план да ги придобие небесните суштества. Тој тврдел дека начелата на Божјата власт оневозможуваат простување. Кога светот би бил уништен, сатаната би тврдел дека неговите обвинувања биле вистинити. Тој бил подготвен да ја фрли вината на Бога и да го прошири својот бунт на небесните светови. Меѓутоа, наместо да го уништи светот, Бог го испратил Својот Син да го спаси. Иако расипаноста и непослушноста се забележувале насекаде во светот, Сепак бил отворен патот на спасението. Во моментот на криза, кога изгледало дека сатаната ќе триумфира, дошол Божјиот Син со пораката на божествената милост. Во сите векови, во секој миг, Божјата љубов се излевала над грешниот род. Без оглед на расипаноста на луѓето, знаците на милост не престанувале. И кога времето се навршило, Божеството излеало над светот изобилство од исцелителна благодат, која никогаш нема да биде спречена ниту повлечена, додека не се изврши планот на спасението. {КВ 37.2} Сатаната ликувал, бидејќи успеал да го унижи Божјиот лик во човештвото. Тогаш дошол Исус да го обнови во човекот ликот на Творецот. Само Христос можел повторно да го вообличи карактерот изопачен од гревот. Тој дошол да ги растера демоните кои господареле со волјата. Дошол да не подигне од правта, повторно да го обликува уништениот карактер, според примерот на Својот божествен карактер и да го разубави со Својата слава. {КВ 37.3}