82. „ЗОШТО ПЛАЧЕШ?”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 28:1,5-8; Марко 16:1-8; Лука 24:1-12;

Јован 20:1-18

Жените кои стоеле покрај крстот будно стражареле и чекале да помине саботата. Првиот ден во седмицата тие многу рано тргнале на гробот, носејќи со себе скапоцени мириси за да Го помазат телото на Спасителот. Тие не помислувале на Неговото воскресение од мртвите. Сонцето на нивната надеж се скрило и ноќ се спуштила во нивните срца. Додека оделе по патот, се сеќавале на Христовите милосрдни дела и на Неговите утешни зборови, но не и на Неговото ветување: „Но, Јас пак ќе ве видам”. (Јован 16:22) {КВ 788.1}

Не знаејќи што се случило, тие се приближувале кон градината, зборувајќи меѓу себе одејќи: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“ Знаеле дека не можат да го придвижат каменот, но Сепак го продолжиле патот. Одеднаш небото засветило со слава која не Доаѓала од сонцето што изгревало. Земјата се тресела. Виделе дека големиот камен е тргнат. Гробот бил празен. {КВ 788.2}

Овие жени не дошле сите од ист правец кон гробот. Марија Магдалена прва стигнала на гробот и кога видела дека каменот е тргнат, побрзала да им јави на учениците. Во меѓувреме стигнале и останатите жени. Околу гробот блескала светлина, но Исусовото тело не било тука. Додека тие биле покрај гробот, одеднаш забележале дека не се сами. Едно момче, облечено во блескави облеки седело покрај гробот. Тоа бил ангелот што го тргнал каменот. Тој зел на себе човечка надворешност, за да не ги исплаши Исусовите пријатели. Меѓутоа, светлината на небесната слава сѐ уште блескала околу Него, па жените се исплашиле. Само што сакале да побегнат, зборовите на ангелот ги запреле нивните чекори. Тој рекол: „Не плашете се; Знам дека Го барате Исуса распнатиот. Тој не е овде, зашто воскресна како што кажа. Дојдете и видете го местото каде што Господ лежеше, па одете брзо и кажете им на Неговите ученици дека тој воскресна од мртвите”. Повторно погледнале во гробот и повторно ја слушнале прекрасната вест. Тука се наоѓал уште еден ангел во човечки лик и тој рекол: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Тој не е овде, туку воскресна! Спомнете си како ви зборуваше додека уште беше во Галилеја: Синот човечки треба да биде предаден во раце на грешни луѓе, да биде распнат и да воскресне на третиот ден”. {КВ 788.3}

Тој воскреснал, Тој воскреснал! Жените постојано ги повторувале тие зборови. Сега веќе не се потребни мириси за помазување. Спасителот е жив, и не е мртов. Сега се сетиле дека Исус, кога зборувал за Својата смрт, рекол и дека ќе воскресне. Колку бил прекрасен тој ден за овој свет! Жените брзо заминале од гробот и „со страв и со голема радост потрчаа да им го јават тоа на Неговите ученици”. {КВ 789.1}

Марија не ја слушнала добрата вест. Таа отишла кај Петар и Јован со тажна вест: „Тие Го зеле Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле”. Учениците побрзале кон гробницата и ја нашле како што кажала Марија. Ги виделе платното и повојот, но не го нашле својот Господ. Сепак, и тука се наоѓало сведоштво дека Христос станал. Мртовечките повои не биле неуредно расфрлани, туку внимателно преклопени, секој на свое место. Јован „виде и поверува”. Тој сѐ уште не го сфаќал стихот од Писмото дека Христос мора да воскресне од мртвите, но тој сега се сетил на зборовите со кои Спасителот го претскажал Своето воскресение. {КВ 789.2}

Самиот Христос толку грижливо ја ставил таа мртовечка облека. Кога моќниот ангел се симнал од небото, нему му се придружил уште еден, за заедно да стражари со него над Господовото тело. Кога еден од нив го тргнал каменот, другиот влегол во гробот и ги одмотал завоите од Исусовото тело. Меѓутоа, Спасителот го свиткал секој дел и го ставил на неговото место. За Оној што управува и со ѕвездите и со атомите, ништо не е неважно. Во сѐ што работи, се гледа ред и совршенство. {КВ 789.3}

Марија ги следела Јован и Петар до гробот и кога тие се вратиле во Ерусалим, таа останала. Додека го набљудувала празниот гроб, срцето и се исполнило со тага. Гледајќи внатре, таа видела двајца ангели, еден покрај главата, а другиот покрај нозете каде што лежел Исус. Тие ја прашале: „Жено, зошто плачеш?“ Таа одговорила: „Затоа што го зеле Мојот Господ и не знам каде Го положиле”. {КВ 789.4}

Потоа се оддалечила дури и од ангелите и размислувала како да најде некого кој би можел да и каже што е направено со Исусовото тело. Тогаш и се обратил уште еден глас: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Со очи замаглени од солзи, Марија здогледала лик на еден човек и мислејќи дека тој е градинар, рекла: „Господине, ако си го зел ти, кажи ми каде си го положил и јас ќе го земам”. Ако се сметало дека гробот на богаташот е премногу голема почест за Исуса тогаш таа сама ќе најде место за Него. Постоел еден гроб што се испразнил благодарение на Христовиот глас, гробот каде што Лазар почивал. Зар таму не би можела да пронајде место за да го погреба својот Господ? Чувствувала дека во нејзината длабока тага грижата за Неговото драгоцено, распнато тело би и донела голема утеха. {КВ 790.1}

Меѓутоа, Исус со Својот добро познат глас и рекол: „Марија”. Сега сфатила дека Оној што и се обратил не е странец и, откако се свртела, Го здогледала пред себе живиот Христос. Во својата радост, таа заборавила дека Христос бил распнат. Притрчувајќи кон Него, како да сака да Му ги прегрне нозете, рекла: „Рави!“ Но Христос ја подигнал раката, велејќи: Не Ме допирај, „зашто уште не отидов горе кај Својот Татко; туку оди кај Моите браќа и кажи им: Се враќам при Мојот Татко и при вашиот Татко, кај Мојот Бог и кај вашиот Бог”. И Марија отишла кај учениците со радосната вест. {КВ 790.2}

Исус одбил да прими поклонение од Својот народ сѐ додека не добие уверување дека Таткото ја прифатил Неговата жртва. Тој се вознел во небесните дворови и од Таткото слушнал дека Неговата жртва за гревовите на светот е доволна, дека преку Неговата крв сите можат да добијат вечен живот. Таткото го потврдил заветот што го направил со Христа, дека ќе ги прими сите покајани и послушни и дека ќе ги љуби како што го љуби Својот Син. Христос требало да го заврши Своето дело и да го исполни ветувањето дека „човекот ќе вреди повеќе од чисто злато, повеќе од злато офирско”. (Исаија 13:12) Сета власт и на Небото и на Земјата му била дадена на Кнезот на животот и Тој се вратил кај Своите следбеници во грешниот свет, за и на нив да им ја подари Својата сила и слава. {КВ 790.3}

Додека Спасителот се наоѓал пред Божјото лице, примајќи дарови за Својата црква, учениците размислувале за Неговиот празен гроб, тагувале и плачеле. Тој ден, кој бил ден на радост на небото, за учениците бил ден на неизвесност, збунетост и збрка. Нивното неверие во сведоштвата на жените покажува колку ниско паднала нивната вера. Веста за Христовото воскресение толку се разликувала од она што тие очекувале, па затоа не можеле да поверуваат во неа. Таа била премногу добра за да биде вистинита, мислеле тие. Тие толку многу слушале за доктрините и таканаречените научни теории на садукеите, што поимите кои ги стекнале во врска со воскресението, биле многу нејасни. Едвај знаеле што значи воскресението од мртвите. Тие не биле во состојба да сфатат нешто толку големо. {КВ 790.4}

Ангелите им рекле на жените: „Одете и кажете им на Неговите ученици и на Петар, дека Тој оди пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви кажа”. Тие ангели биле со Христа како ангели чувари во текот на Неговиот живот на Земјата. Биле сведоци на Неговото судење и распнување. Ги слушнале зборовите што им ги упатил на Своите ученици. Тоа се видело од веста која им ја упатиле на учениците и тоа требало да ги убеди учениците во нејзината вистинитост. Таквите зборови можеле да ги упатат само гласници на нивниот воскреснат Господ. {КВ 793.1}

„Кажете им на Неговите ученици и на Петар,“ рекле ангелите. Од Христовата смрт Петар бил притиснат со грижа на совеста. Неговото срамно откажување од Господа и погледот на Спасителот полн со љубов и болка, постојано биле пред него. Петар најмногу страдал од сите ученици. Му било дадено уверување дека неговото покајание е прифатено и неговиот грев простен. Тој бил споменат по име. {КВ 793.2}

„Кажете им на Неговите ученици и на Петар, дека Тој оди пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите”. Сите ученици го напуштиле Исуса и повикот повторно да се сретнат со Него ги опфаќал сите нив. Тој не ги отфрлил. Кога Марија Магдалена им кажала дека го видела Господа, го повторила повикот за состанок во Галилеја. И по трет пат им била испратена оваа порака. По вознесувањето кај Својот Татко, Исус се јавил на уште некои жени, велејќи: „Здраво, а тие пристапија кон Него, се фатија за Неговите нозе и Му се поклонија. Тогаш Исус им рече: Не бојте се! Одете и јавете им на Моите браќа да одат во Галилеја. Таму ќе Ме видат”. {КВ 793.3}

Прва Христова задача на Земјата по Своето воскресение била да ги осведочи Своите ученици во Својата несмалена љубов и нежна грижа за нив. За да им даде доказ за тоа дека Тој е нивен жив Спасител, дека ги раскинал оковите на гробот и дека непријателот, смртта, не можела повеќе да го задржи, за да им открие дека го има истото срце на љубовта, како и кога бил со нив како нивен сакан Учител, Исус често им се јавувал. Тој сакал уште повеќе да ги стегне со нишките на љубовта. „Одете и кажете им на Моите браќа,“ рекол Тој, „да се сретнат со Мене во Галилеја”. {КВ 793.4}

Кога слушнале за овој состанок, учениците почнале да размислуваат за зборовите кои Христос ги претскажал за Своето воскресение. Меѓутоа, дури ни сега не се радувале. Не можеле да се ослободат од своите сомнежи и од својата збунетост. Дури и кога жените изјавиле дека Го виделе Господа, учениците не верувале. Тие сметале дека тоа е само нивна илузија. {КВ 794.1}

Изгледало како неволјите да доаѓаат една по друга. Шестиот ден од седмицата виделе како нивниот Учител умрел; првиот ден од седмицата биле лишени од Неговото тело, обвинети дека го украле за да го измамат народот. Тие изгубиле надеж дека некогаш ќе успеат да ги исправат лажните впечатоци кои сѐ повеќе се зацврстувале против нив. Се плашеле од непријателството на свештениците и од гневот на народот. Копнееле за Христовото присуство, Кој им помагал во секоја неволја. {КВ 794.2}

Тие често ги повторувале зборовите: „А ние се надевавме дека Тој е Оној што ќе го избави Израел”. Осамени и со тажни срца си спомнувале за Неговите зборови: „Ако вака се постапува со зеленото дрво, тогаш што ќе биде со сувото?“ (Лука 24:21; 23:31) Тие се состанале во горната соба, ја затвориле и осигуриле вратата, знаејќи дека секој момент можат да ја доживеат судбината на саканиот Учител. {КВ 794.3}

Меѓутоа, за сето тоа време можеле да се радуваат заради сознанието дека Спасителот воскреснал. Марија стоела во градината и плачела, додека Исус бил близу неа. Нејзините очи биле толку замаглени од солзи, што не Го препознала. Срцата на учениците биле толку полни со тага, што не верувале на веста на ангелите, ниту на зборовите на Самиот Христос. {КВ 794.4}

Колку луѓе и денес се однесуваат слично како учениците! Колку многу има такви, кои како Марија очајно извикуваат: „Го зеле Господа… и не знаеме каде го положиле!“ На колкумина од нив би можеле да им се упатат зборовите на Спасителот: „Зошто плачеш? Кого го бараш?“ Тој е близу нив, но нивните очи, замаглени од солзи, не Го препознаваат. Тој им зборува, но тие не разбираат. {КВ 794.5}

О, кога наведнатите глави би се подигнале, кога очите би се отвориле за да Го видат, кога ушите би Го слушнале Неговиот глас! „Одете бргу и кажете им на Неговите ученици дека Тој воскресна”. Наложете им да не гледаат во Јосифовиот нов гроб, кој бил затворен со голем камен и запечатен со римски печат. Христос не е таму. Не гледајте во празниот гроб. Не тагувајте како оние кои се без надеж и без никакви изгледи за помош. Исус живее и затоа што Тој живее и ние ќе живееме. Од благодарните срца, од усните кои се допрени со свет оган, нека одекне радосната песна: Христос воскресна! Тој живее за да посредува за нас. Држете се цврсто за таа надеж и таа ќе ја држи душата како сигурна, испробана котва. Верувај и ќе ја видиш Божјата слава! {КВ 794.6}

Сподели го ова:

Слични објави