24. БЕЗ СВАДБЕНА ОБЛЕКА

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 22:1-14)

Параболата за свадбената облека содржи поука од најголемо значење. Со бракот е претставено соединувањето на човечкото со божественото; свадбената облека го претставува карактерот кој треба да го поседуваат сите, кои се сметаат за соодветни гости  на свадбата. {ХП 307.1}

Во оваа парабола, како и во параболата за големата вечера, се опишува евангелскиот повик, неговото одбивање од страна на еврејскиот народ и повикот на милост упатен до незнабошците. Но, од страна на оние што го одбиле повикот, оваа парабола разоткрива подлабока навреда и пострашна казна. Овој пат повикот за гозба дошол директно од царот. Дошол од оној кој имал власт да заповеда. Повикот претставувал голема чест. Сепак, гостите таа чест не ја ценеле. Го потцениле и авторитетот на царот. Додека кон повикот на домаќинот гостите се однесувале рамнодушно, на повикот од царот одговориле со навреди и убиство. Тие се однесувале со потсмев кон неговите слуги, ги малтретирале и на крај ги убиле. {ХП 307.2}

Кога видел дека повиканите го одбиле неговиот повик, домаќинот изјавил дека ниту еден од нив нема да ја вкуси неговата вечера. Меѓутоа, оние што го презреле царот се казнуваат не само со тоа што нема да имаат место на неговата трпеза, туку казната е многу поголема: „Царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град”. {ХП 307.3}

И во двете параболи на гостите им е приредена гозба, но втората истакнува дека од сите присутни на гозбата се барала соодветна подготовка. Тие што ја занемариле таа подготовка биле исфрлени. „Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ‘Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?’ А тој молчеше.Тогаш царот им рече на слугите: ‘Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!’“ {ХП 308.1}

Повикот за гозба е упатен преку Христовите ученици. Нашиот Господ пратил дванаесетмина, а подоцна седумдесетмина кои проповедале дека се приближило царството Божјо и ги повикувале луѓето да се покаат и да веруваат во евангелието. Но повикот не бил прифатен. Оние што биле повикани на гозбата не дошле. Подоцна слугите биле испратени да кажат: „Ете, приготвив јадење; јунците мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово; дојдете на свадбата!“ Оваа порака и била упатена на еврејската нација по Христовото распнување. Но нацијата која тврдела дека претставува одбран Божји народ, го отфрлила евангелието донесено со силата на Светиот Дух. Мнозина тоа го сториле на најпрезрен начин. Другите биле толку многу огорчени со понудата за простување и спасение, што ја отфрлиле не само Божјата слава, туку станале и против оние што им ја донеле пораката. Настанал „голем прогон“ (Дела 8:1). Многу мажи и жени биле фрлени во затвор, а некои од Господовите гласници, како Стефан и Јаков биле убиени. {ХП 308.2}

Така, еврејскиот народ го запечатил отфрлањето на Божјата милост. Резултатот го претскажал Христос во параболата. Царот „испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град“. Оваа пресуда изречена над Евреите  е извршена при уништувањето на Ерусалим и при расејувањето на нацијата. {ХП 308.3}

Третиот повик за гозба го претставува објавувањето на евангелието на незнабошците. Царот рекол: „Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!“ {ХП 309.1}

„И излегоа слугите на крстопатите, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри“. Тоа било мешано друштво. Некои од нив немале ниту малку повеќе вистинска почит кон домаќинот на гозбата од оние што го одбиле повикот. Групата која прва била повикана не можела себеси да си дозволи, или барем така си мислела, да жртвува каква било светска предност за да присуствува на царевата гозба. Меѓу оние што го прифатиле повикот, имало и такви кои мислеле само на лична корист. Дошле да ги користат благодатите на гозбата, но немале никаква желба да му укажат чест на царот. {ХП 309.2}

Кога царот дошол да ги види гостите, секој од присутните го открил својот вистински карактер. За секој гостин на свадбата имало обезбедено свадбена облека. Таа облека била подарок од царот. Носејќи ја, гостите покажувале почит кон домаќинот на гозбата. Но, еден човек бил облечен во својата обична граѓанска облека. Тој одбил да ја изврши подготовката што ја барал царот. Со презир одбил да ја облече облеката, која за него била подготвена со многу висока цена. Така тој го навредил својот господар. На прашањето на царот: „Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?“ тој не можел ништо да одговори. И така се осудил самиот себеси. Тогаш царот рекол: „Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина“. {ХП 309.3}

Царевото испитување на гостите на гозбата ја претставува работата на судот. Гостите на евангелската гозба се тие што тврдат дека му служат на Бога, тие чиишто имиња се запишани во книгата на животот. Меѓутоа, не сите што тврдат дека се христијани се вистински  ученици. Пред да се подели конечната награда, ќе мора да се одлучи кој е достоен да има удел во наследството на праведните. Оваа одлука мора да се донесе пред второто Христово доаѓање на небесните облаци; бидејќи кога Тој ќе дојде, Неговата награда ќе биде со Него, „за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22:12). Пред Неговото доаѓање, тогаш ќе се испита карактерот на секој човек, и на секој Христов следбеник ќе му се додели награда според неговите дела. {ХП 310.1}

Додека луѓето сè уште живеат на земјата, во небесните судници ќе се изврши процес на истражниот суд. Пред Бога ќе биде испитан животот на сите што тврделе дека го следат Христа. Сите ќе бидат испитани согласно со она што е запишано во небесните книги и вечната судбина ќе им биде определена според нивните дела. {ХП 310.2}

Со свадбената облека во параболата е претставен чистиот, беспрекорен карактер што ќе го имаат сите вистински Христови следбеници. На црквата и е дадено „да се облече во чист и светол висон“; таа „нема осквернување, или порок, или нешто слично“. „А висонот е праведноста на светиите“ (Откровение 19:8; Ефесјаните 5:27). Всушност, тоа е Христовата праведност, Неговиот сопствен беспрекорен карактер, кој со вера им се дава на сите што ќе го примат како личен Спасител. {ХП 310.3}

Бела облека на невиност носеле нашите прародители кога Бог ги наместил да живеат во светиот Едем. Тие живееле во совршена согласност со Божјата волја. Сета сила на нивните чувства му била посветена на нивниот небесен Отец. Светиот пар го опкружувала прекрасна пријатна светлина, Божја светлина. Таа облека од светло претставувала симбол на нивната духовна облека на небесната невиност. Да останале верни на Бога, тие засекогаш би биле обвиткани со неа. Меѓутоа, кога згрешиле, ја прекинале врската со Бога, се повлекла светлината што ги опкружувала. Голи и посрамени, тие се обиделе својата небесна облека да ја надоместат со облека од смоквини лисја што сами ја направиле. {ХП 310.4}

Токму тоа го правеле престапниците на Божјиот закон уште од денот на непослушноста на Адам и Ева. Тие сошиле смоквини лисја за да ја покријат голотијата предизвикана од престапот. Носеле облека што самите ја направиле, се обиделе да ги покријат своите гревови, и да се направат поприфатливи за Бога. {ХП 311.1}

Меѓутоа, никогаш не успеале да го постигнат тоа. Човекот не може ништо да стори за да ја надомести својата изгубена облека на невиност. Никаква облека од смоквини лисја, никаква световна облека нема да носат оние што ќе седнат со Христа и со ангелите на свадбената вечера на Јагнето. {ХП 311.2}

Само прекривката што самиот Христос ја обезбедил, може да нè направи достојни да се појавиме во Божјо присуство. Со оваа прекривка, со облеката на Својата праведност, Христос ќе ја облече секоја душа што се кае и верува. Тој вели: „Те советувам да си купиш од Мене… бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја“ (Откровение 3:18). {ХП 311.3}

Оваа облека, исткаена на небесен разбој, нема во себе ниту една нишка на човечка заслуга. Христос во Својата човечка природа изградил совршен карактер и тој карактер Тој ни го нуди и нам. „Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека“ (Исаија 64:6). Сè што можеме да сториме ние самите е извалкано со грев. Но Божјиот Син „се јави за да ги земе нашите гревови; а грев во Него нема“. Гревот е опишан како „беззаконие“ (1. Јованово 3:5,4). Христос бил послушен кон сите барања на законот. Самиот за Себе рекол: „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое“ (Псалм 40:8). Кога бил на земјата, Тој им рекол на Своите ученици: „Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец“ (Јован 15:10). Со Својата совршена послушност Христос на секое човечко суштество му овозможил да ги почитува Божјите заповеди. Кога ќе му се предадеме на Христа, срцето се соединува со Неговото срце, волјата се спојува со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите се заробуваат покорувајќи се Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи дека сме облечени во облеката на Неговата праведност. Тогаш, кога Господ ќе погледне на нас, Тој не гледа облека од смоквини лисја, не ја гледа голотијата или изопаченоста на гревот, туку облеката на Неговата праведност – совршена послушност на Господовиот закон. {ХП 311.4}

Гостите на свадбената свеченост ги проверил лично царот. Тој ги прифатил само оние што ги послушале Неговите барања и ја облекле свадбената облека. Така ќе биде и со гостите на евангелската гозба. Сите мора да ги провери лично големиот Цар, и се примаат само оние што ја облекле облеката на Христовата праведност. {ХП 312.1}

Праведноста значи праведно постапување, зашто секому ќе му биде судено според неговите дела. Нашиот карактер се открива преку она што го правиме. Делата покажуваат дали нашата вера е вистинска. {ХП 312.2}

Не е доволно само да веруваме дека Исус не е измамник и дека религијата на Библијата не е вешто смислена басна. Ние можеме да веруваме дека Исусовото име е единственото име под небото со кое човекот може да се спаси, но тоа не мора да значи дека сме го прифатиле со вера како личен Спасител. Не е доволно да се верува во теоријата на вистината. Не е доволно да ја искажеме со зборови нашата вера во Христа и да го запишеме нашето име во црковните книги. „И оној, што ги чува заповедите Негови, пребива во Него, и Тој – во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Духот што ни Го дал”. „По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди“ (1. Јованово 3:24; 2:3). Ова е доказ за вистинското преобразување. Независно од тоа што исповедаме, ништо не вреди ако не го откриеме Христа во нашите дела на праведноста. {ХП 312.3}

Вистината мора да се засади во срцето. Тоа значи дека таа мора да го контролира умот и да управува со чувствата. Карактерот целосно мора да биде обележан со божествени зборови. Секоја буквичка и црта на Божјата реч мора да се вткае во нашата секојдневна пракса. {ХП 314.1}

Секој оној што ќе стане учесник во божествената природа ќе бидат во хармонија со големото Божјо мерило на праведноста – Неговиот свет закон. Тоа е мерило според кое Бог ги мери постапките на луѓето. Тоа ќе биде и критериум за одредување на карактерот на судот. {ХП 314.2}

Мнозина тврдат дека со Христовата смрт законот бил укинат; но со тоа тие се косат со Христовите зборови: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците… Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè“ (Матеј 5:17,18). Христос го положил Својот живот за да го искупи човекот за престапот на законот. Кога законот би можел да се промени или укине, тогаш немало потреба Христос да умре. Со Својот живот на земјата Тој го почитувал Божјиот закон. Со Својата смрт го потврдил тоа. Тој го жртвувал Својот живот, не за да го уништи Божјиот закон, ниту да постави некакви пониски мерила, туку да се сочува правдата, да се прикаже дека законот е непроменлив, дека стои цврсто довека. {ХП 314.3}

Сатаната тврдел дека е невозможно за човекот да им се покорува на Божјите заповеди; и навистина е така; ние не можеме да го постигнеме тоа со своја сила. Меѓутоа, Христос дошол во човечки лик и со Својата совршена послушност докажал дека човекот кога е поврзан со Бога може да им се покорува на сите Божји заповеди. {ХП 314.4}

„А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји“ (Јован 1:12). Оваа „моќ“ не се наоѓа кај човекот. Тоа е моќ која доаѓа од Бога. Кога душата го прифаќа Христа, таа добива сила да може да го живее Христовиот живот. {ХП 314.5}

Бог од Своите деца бара совршенство. Неговиот закон е препис на Неговиот карактер и претставува мерило за сите карактери. Тоа бесконечно мерило им е покажано на сите за никој да не може да биде во заблуда какви луѓе Бог сака да има во Своето царство. Христовиот живот на земјата бил совршен израз на Божјиот закон, и кога оние што тврдат дека се Божји деца со својот карактер ќе станат слични на Христа, тие ќе бидат послушни на Божјите заповеди. Тогаш Господ ќе може да ги прогласи за припадници на небесното семејство. Облечени во славна облека на Христовата праведност, тие ќе добијат место на Царевата гозба. Тие имаат право да се придружат кон мноштвото опрано со крвта. {ХП 315.1}

Човекот што дошол на гозбата без свадбена облека ја претставува состојбата на мнозина кои денес живеат на светот. Тие се изјаснуваат дека се христијани, полагаат право на благословите и на привилегиите на евангелието, но не чувствуваат потреба да го преобразат својот карактер. Тие никогаш вистински не ги покајале своите гревови. Тие не ја сфаќаат својата потреба од Христа ниту пак имаат вера во Него. Никогаш не успеале да ги совладаат своите наследени или негувани склоности кон злото. А сепак мислат дека сами по себе се доволно добри, се потпираат врз своите заслуги наместо да веруваат во Христа. Тие се само слушатели на Речта; доаѓаат на гозбата, но не сакаат да ја облечат на себе облеката на Христовата праведност. {ХП 315.2}

Мнозина кои себеси се нарекуваат христијани се само обични човечки моралисти. Тие го одбиле дарот кој единствено може да ги оспособи да го почитуваат Христа претставувајќи го на светот. Делото на Светиот Дух за нив е неразбирливо, необично дело. Тие не се „извршители на словото“ (Јаков 1:22). Небесните начела според кои, оние што се соединиле со Христа се разликуваат од другите кои се соединиле со светот, во нивниот живот одвај се забележуваат. Таканаречените Христови следбеници не се веќе посебен и особен народ. Линијата на разграничување станала нејасна. Тие луѓе се обземени со светот, со неговите обичаи, со неговите навики, со неговата себичност. Црквата се приближила кон светот во кршењето на законот, наместо светот да се приближи кон црквата во почитувањето на законот. Од ден на ден црквата сè повеќе се изедначува со светот. {ХП 315.3}

Сите тие очекуваат да бидат спасени со Христовата смрт, иако одбиваат да го живеат Неговиот пожртвуван живот. Тие ги возвишуваат богатствата на Божјата доброволна милост и се обидуваат да се покријат со привидна праведност, зашто се надеваат дека на тој начин ќе ги откријат маните на својот карактер; но сите нивни напори ќе бидат напразни во големиот Божји ден. {ХП 316.1}

Христовата праведност нема да покрие ниту еден негуван грев. Човекот може да биде прекршител на законот во срцето; сепак, доколку не го прекрши законот видливо, светот може да го смета за човек со висок морал. Меѓутоа, Божјиот закон навлегува во тајните на срцето. Секое дело се проценува според побудите со кои е сторено. На Божјиот суд ќе опстане само она што е во согласност со начелата на Божјиот закон. {ХП 316.2}

Бог е љубов. Тој таа љубов ја покажал дарувајќи ни го Христа. Кога „Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“, од ништо не ги лишил оние што ги откупил како Своја сопственост (Јован 3:16). Тој го дал целото небо, од кое можеме да црпиме сила и успешност за да не нѐ совлада и порази нашиот голем непријател. Меѓутоа, љубовта не го навела Бога да го правда гревот. Тој гревот не го оправдал ниту кај сатаната; не го оправдал ниту кај Адам или кај Каин; и нема да го оправда ниту кај еден од синовите човечки. Тој нема да ни прогледа низ прсти за нашите гревови ниту ќе ги превиди недостатоците на нашиот карактер. Тој очекува да победиме во Негово име. {ХП 316.3}

Оние што го одбиваат дарот на Христовата праведност, ги одбиваат карактерните особини што би ги направиле Божји синови и ќерки. Тие го одбиваат единственото нешто што би можело да ги оспособи да добијат место на свадбената гозба. {ХП 316.4}

Во параболата, кога царот го прашал: „Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?“ човекот останал без зборови. Така ќе биде и во денот на големиот суд. Луѓето сега можат да ги оправдуваат своите карактерни мани, но во тој ден не можат да понудат никакво оправдување. {ХП 317.1}

Таканаречените Христови цркви во ова поколение уживаат најголеми привилегии. Господ ни се откривал и ни давал сè поголема светлина. Нашите привилегии се далеку поголеми од привилегиите што ги уживал некогашниот Божји народ. Ние ја имаме не само големата светлина подарена на Израелците, туку имаме и посилни докази за големото спасение овозможено преку Христа. Она што за Евреите било симбол или слика, за нас е реалност. Тие ја имале историјата на Стариот завет; ние го имаме тоа и  Новиот завет исто така. Ние уживаме сигурност во Спасителот кој дошол, Спасителот кој бил распнат на крст, кој воскреснал и над позајмениот Јосифов гроб изјавил: „Јас сум воскресението и животот!“ Благодарение на познавањето на Христа и Неговата љубов, Божјото царство дошло среде нас. Христос ни е откриен во проповедите и опеан во песните. Во богато изобилие ни е понудена духовна гозба. На секоја душа и се нуди свадбена облека, купена по бесконечно голема цена. Божјите весници ни ја претставуваат Христовата праведност, оправдувањето со вера, неизмерно големите и драгоцени ветувања на Божјата реч, слободниот пристап до Отецот преку Христа, утеха од Светиот Дух, цврсто втемелено ветување за вечен живот во Божјото царство. Што уште Бог можел да стори што веќе не го сторил, повикувајќи нè на големата вечера, на небесната гозба? {ХП 317.2}

Ангелите како слуги можеле да изјават на небото: Службата што ни беше наложено да ја извршиме, ја извршивме. Ние ги натеравме на повлекување четите на злите ангели. Ние внесовме сјај и светлина во душите на луѓето, го освеживме нивното сеќавање за љубовта што им ја покажа Бог во Исуса Христа. Ние нивните погледи ги насочивме кон Христовиот крст. Нивните срца беа длабоко трогнати кога сфатија дека гревот го распнал Божјиот Син. Тие беа осведочени. Согледаа кои чекори мораат да ги преземат при своето преобратување; ја почувствуваа моќта на евангелието; нивното срце смекна кога ја видоа убавината на Божјата љубов. Тие ја увидоа и сета убавина на Христовиот карактер. Меѓутоа, за мнозина од нив сето тоа беше залудно. Не сакаа да ги отфрлат своите навики и својот карактер. Не сакаа да ја слечат својата земна облека за да се облечат во небесната облека. Нивните срца се предале на лакомство; повеќе го сакаа друштвото на овој свет отколку што го сакаа својот Бог”. {ХП 318.1}

Свечен ќе биде денот на конечната одлука. Во пророчка визија апостол Јован тој ден го опишува вака: „И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде.Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни“ (Откровение 20:11,12). {ХП 318.2}

Жалосен ќе биде погледот во минатото оној ден кога луѓето ќе се соочат со вечноста. Пред очите ќе им се прикаже целиот живот токму онаков каков што бил. Задоволствата, богатствата и почестите нема веќе да им изгледаат толку важни. Дури тогаш луѓето ќе увидат дека праведноста што ја презреле била единственото нешто што вреди. Тогаш ќе сфатат дека својот карактер го обликувале според измамите на сатаната. Облеката што ја одбрале претставувала знак на нивната верност кон првиот голем отпадник. И тогаш ќе ги видат последиците на својот избор. Тогаш ќе разберат што значи да се престапуваат Божјите заповеди. {ХП 318.3}

Ќе нема веќе ново, идно време на милост во кое ќе се подготвуваме за вечноста. Сега, во овој живот, треба да се облечеме во облеката на Христовата праведност. Ова е единствена наша можност да го изградиме карактерот за домот што Христос го подготвил за оние кои ги држат Неговите заповеди. {ХП 319.1}

Деновите на милост и проба бргу изминуваат и се ближат кон крај. Крајот е близу. Нам ни е дадено предупредување: „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно“ (Лука 21:34). Пазете се да не ве најде неподготвени! Внимавајте да не се случи на царевата гозба да се најдете без свадбена облека! {ХП 319.2} „Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате!“ „Ете, Јас доаѓам како крадец; блажен е оној кој бдее и пази на алиштата свои за да не оди гол и да не се гледа срамот негов“ (Матеј 24:44; Откровение 16:15). {ХП 319.3}

Сподели го ова:

Слични објави