25. ТАЛАНТИ

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 25:13-30)

На Маслиновата Гора Христос со Своите ученици разговарал за Своето второ доаѓање на светот. Навел и неколку знаци што ќе покажат кога Неговото доаѓање е близу и им наредил на Своите ученици да бидат будни и подготвени: „И така, бидете будни, зашто не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки!“ Потоа покажал што значи да се очекува Неговото доаѓање. Времето треба да се потроши, не во безделничење, туку во вредна работа. Тоа е суштина на поуката што ја изнел Христос во оваа парабола за талaнтите. {ХП 325.1}

„Царството небесно“, рекол Тој, е како човек „кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот;и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според способноста негова; и веднаш замина”. {ХП 325.2}

Човекот кој отпатувал во далечна земја го претставува Христа кој, многу бргу откако ќе ја изнесе оваа парабола, ќе мора да ја напушти оваа земја и да се врати на небото. Слугите или робовите во параболата ги претставуваат Христовите следбеници. Ние не си припаѓаме себеси. Ние сме „скапо платени” (1. Коринтјаните 6:20); за нас е платена висока цена. „Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот… туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос” (1. Петрово 1:18,19). „Та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:15). {ХП 325.3}

Сите луѓе се откупени со оваа неизмерна цена. Истурајќи ја целата небесна ризница на овој свет и давајќи ни го во Христа целото небо, Бог ги откупил волјата, склоностите, умот и душата на секое човечко суштество. Без разлика дали се верници или неверници, сите луѓе се Господова сопственост. Сите се повикани да извршуваат служба за Него, и на големиот суден ден од сите ќе се бара да дадат сметка за тоа како одговориле на овој повик. {ХП 326.1}

Меѓутоа, Божјите барања не ги признаваат сите луѓе. Само оние што тврдат дека ја прифатиле Христовата служба, во параболата се претставени како Негови слуги. {ХП 326.2}

Христовите следбеници се откупени за да служат. Нашиот Господ нè учи дека службата е вистинската цел на животот. Самиот Христос бил работник и затоа на сите Свои следбеници им определува соодветна служба – служба на Бога и на ближните. Овде Христос му ја претставил на светот повисоката претстава за животот, повисока од сè што светот некогаш знаел. Живеејќи за да им служи на другите, човекот воспоставува врска со Христа. На тој начин законот на служење станува алка што нè поврзува со Бога и со нашите ближни. {ХП 326.3}

На Своите слуги Христос им го доверил „својот имот“ нешто што треба да го употребат за Него. Тој му дал „секому според способноста негова“. Секој човек има свое место во вечниот небесен план. Секој треба да работи во соработка со Христа при спасувањето на душите. Како што е сигурно дека ни е подготвено место во небесните станови, исто толку е сигурно дека овде на земјата ни е определено посебно место каде што треба да работиме за Бога. {ХП 326.4}

Даровите на Светиот Дух

Талантите што и ги доверил Христос на Својата црква посебно се однесуваат на даровите и благословите дадени од Светиот Дух. „Зашто, на еден му се дава преку Духот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух;на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух;на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на друг да толкува јазици.Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака“ (1. Коринтјаните 12:8-11). Сите луѓе не добиваат исти дарови, но на секој слуга Учителот му ветил некој дар на Духот. {ХП 327.1}

Пред да ги напушти Своите ученици, Христос „дувна врз нив и им рече: ‘Примете Дух Свети’“ (Јован 20:22). И повторно им рекол: „И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец“ (Лука 24:49). Но, дури по вознесението тие овој дар го примиле во целост. Сè додека преку вера и молитва учениците целосно не се предале на Неговото посветувачко влијание Светиот Дух не се излеал врз учениците. Тогаш, во посебна смисла, небесните добра им биле доверени на Христовите ученици. „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето”. „А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов“ (Ефесјаните 4:8,7). „Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака“ (1. Коринтјаните 12:11). Даровите се веќе наши во Христа, но дали навистина ќе ги поседуваме, зависи од нашиот прием на Божјиот Дух. {ХП 327.2}

Ветувањето за Духот не се цени како што треба. Ова ветување не се исполнило  и не се исполнува онака како што треба. Отсуството на Духот ја прави евангелската служба толку немоќна. Ние можеме да поседуваме образование, таленти, елоквентност и секаква природна или стекната способност, но без присуство на Духот Божји, нема да биде допрено ниту едно срце, ниту еден грешник нема да биде придобиен за Христа. Од друга страна, ако тие се поврзат со Христа, ако ги примат даровите на Духот, и најсиромашните и најнеуките Негови ученици ќе имаат сила да влијаат врз срцата. Бог ќе ги направи канали за вршење на најголемо влијание во вселената. {ХП 328.1}

Други таланти

Посебните дарови на Духот не се единствените таланти претставени во оваа парабола. Со нив се опфатени сите дарови и способности, без оглед дали се наследени или стекнати, природни или духовни. Сите треба да се употребат во Христовата служба. Кога ќе станеме Негови ученици, ние му се предаваме Нему, со сè што сме и што имаме. Овие дарови Тој ни ги враќа пречистени и облагородени, за да ги употребиме во Негова слава и на благослов на нашите ближни. {ХП 328.2}

Бог на секој човек му дава дарови, „секому според способноста негова“. Талантите не се распределуваат непромислено. Оној што има способност да искористи пет таланти, добива пет. Оној кој може да употреби два, добива два, а оној кој може мудро да се послужи само со еден, добива еден. И никој не треба да се жали што не добил поголеми дарови; зашто Оној, кој му дал на секој човек е подеднакво почестен со подобрувањето на секој дар, без оглед дали е мал или голем. Оној што добил пет таланти, должен е да донесе добивка од пет; оној што добил само еден, од него се очекува добивка само од еден. Бог очекува човекот да му врати „според она што има, а не според она што нема“ (2. Коринтјаните 8:12). {ХП 328.3}

Во параболата „Оној што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти;и исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два“. {ХП 329.1}

Талантите, колку и да се малобројни, мора да се употребат. Прашањето што најмногу нè засега не е: Колку примив?  туку, што сум сторил со она што сум го примил? Наша прва должност кон Бога и кон нашите ближни е да ги развиваме сите наши способности. Оној кој не ги развива секојдневно своите способности и својата корисност, не ја исполнува целта на животот. Исповедајќи ја својата вера во Христа, ние се обврзуваме дека ќе направиме сè што е во наша моќ да станеме корисни работници  за нашиот Учител и затоа мораме да ја развиваме секоја наша способност до највисок степен за да постигнеме најголемо количество добра за кое сме способни. {ХП 329.2}

Господовото дело што треба да се изврши на оваа земја е големо и Тој во идниот живот најмногу ќе им даде на оние кои најмногу направиле во верната, доброволна служба во сегашниот живот. Господ ги бира Своите орудија и секој ден во различни околности им дава можност да направат нешто за Неговото големо дело. Во секој искрен вложен напор да се исполни Неговиот план, Тој бира Свои орудија, не затоа што тие се совршени, туку затоа што во соработка со Него, тие можат да постигнат совршенство. {ХП 330.1}

Бог ќе ги прими само оние кои одлучиле да ја достигнат оваа висока цел. Тој секое човечко орудие го обврзува да даде сè од себе. Од сите се бара морално совршенство. Никогаш не треба да го намалуваме стандардот на праведноста за да се прилагодиме кон наследените и стекнатите склоности кон злото. Мораме да сфатиме дека несовршеноста на карактерот е грев. Сите праведни особини на карактерот се наоѓаат во Бога како совршена и хармонична целина, и секој што го прима Христа како личен Спасител, има привилегија да ги поседува овие особини. {ХП 330.2}

Сите што сакаат да бидат Божји соработници мора да се трудат секој орган на своето тело и секоја способност на својот ум да ги доведат до совршенство. Вистинското образование претставува подготовка на сите физички, ментални и морални сили за извршување на секоја должност; обука за вежбање на телото, умот и душата за божествена служба. Тоа е образование кое ќе продолжи и во вечниот живот. {ХП 330.3}

Од секој христијанин, Господ бара да се усовршува, да биде успешен и способен во секое подрачје од животот. Христос однапред ја платил нашата доброволна служба со Своите страдања и со Својата крв. Тој дошол на нашиот свет за да ни даде пример како треба да работиме и каков дух треба да внесеме во работата. Тој сака да проучиме како можеме најдобро да го унапредиме Неговото дело и да го прославиме Неговото име во светот, крунисувајќи го со чест, со најголема љубов и посветеност Оној кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). {ХП 330.4}

Меѓутоа, Христос не ни дал никаква гаранција дека е лесно да се постигне совршенство на карактерот. Благородниот, сестран карактер не може да се наследи. Тој не се појавува случајно. Благородниот карактер се изградува со лични напори преку заслугите и милоста на Исуса Христа. Бог дава таленти, сила на умот; ние го обликуваме карактерот. Тој се обликува низ остри, жестоки борби со самиот себеси. Мора да се води битка по битка против сите наследени склоности. Ние мораме внимателно да се критикуваме и да не дозволиме ниту една неповолна карактерна особина да остане непоправена. {ХП 331.1}

Никогаш немојте да кажете: Јас не сум во состојба да ги поправам недостатоците на мојот карактер! Ако дојдете до таков заклучок, сигурно нема да успеете во борбата за вечен живот. Неспособноста лежи единствено во вашата волја. Ако не сакате да победите, не ќе можете ниту да победите. Вистинска тешкотија ви создава вашето расипано и непосветено срце и вашата неподготвеност да и се потчините на Божјата власт. {ХП 331.2}

Мнозина кои Бог ги оспособил за големи задачи, постигнуваат мошне малку, затоа  што малку и се обидуваат. Илјадници минуваат низ животот како да немаат никаква одредена цел за која би вредело да се живее, никакво мерило што би било вредно да се постигне. Таквите ќе добијат награда сразмерна со нивните дела. {ХП 331.3}

Запомнете дека никогаш нема да постигнете поголема цел од онаа што самите сте ја поставиле. Затоа поставете си висока цел, и чекор по чекор, дури и со болни напори, со самоодрекување и жртви, искачувајте се по целата должина на скалилата на напредокот. Не дозволувајте ништо да ве попречува. За ниту едно човечко суштество судбината не ги исткала толку густо своите  мрежи за тоа да мора да остане беспомошно и оставено во неизвесност. Неповолните околности треба да создадат цврста решеност да ги совладате. Уривањето на една бариера ќе ви даде поголема способност и храброст да продолжите напред. Појдете решително во вистинската насока и тогаш околностите ќе претставуваат само помош, а не ваши пречки. {ХП 331.4}   

Залагајте се најсесрдно да ги негувате сите благородните црти на карактерот на слава на својот Учител. Во секоја фаза од изградбата на вашиот карактер трудете се да му угодите на Бога. Вие тоа можете да го постигнете, зашто и Енох му угодил на Бога иако живеел во време на голема изопаченост. И денес сè уште може да се најде по некој Енох. {ХП 332.1}

Стојте цврсто како Даниел, тој верен државник, човек кого ниту едно искушение не можело да го расипе. Немојте да го разочарате Оној кој го дал Својот живот за да ги избрише твоите гревови. Тој вели: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15:5). Запомнете го ова. Иако сте направиле грешка, вие можете да постигнете победа доколку ги согледате овие грешки и ако ги сфатите како знаци на предупредување. На тој начин поразот го претворате во победа, разочарувајќи го непријателот и прославувајќи го својот Откупител. {ХП 332.2}

Карактерот, обликуван според божествениот лик, е единственото богатство што ќе можеме да го однесеме од овој свет на небото. Сите кои во овој свет биле во Христовата школа, ќе ги понесат сите свои духовни достигнувања во своите небесни станови. Но и на небото ќе продолжат да се усовршуваат. Според тоа, колку е важен развојот на карактерот во овој живот. {ХП 332.3}

Небесните сили ќе соработуваат со човечките орудија кои решително и со вера се обидуваат да постигнат совршенство на карактерот што ќе им овозможи да постигнат и совршенство во делата. На сите што се вклучиле во ова дело Христос им вели: Јас ти стојам од десната страна за да ти помогнам. {ХП 332.4}

Кога човечката волја соработува со Божјата волја, таа станува семоќна. Сè што треба да се направи по Негова заповед, може да се оствари во Негова сила. За сè што бара од човекот, Бог овозможува и извршување. {ХП 333.1}

Умни способности

Бог бара обука на умните способности. Тој сака Неговите слуги да имаат поголема интелигенција и појасно распознавање од световните луѓе, и Тој не е задоволен од оние кои се премногу невнимателни или премногу индолентни, за да станат способни, добро упатени работници. Господ ни заповеда да Го љубиме со цело срце, со сета душа, со сета сила и со сиот ум. Ова нè обврзува да го развиваме интелектот во неговиот најголем капацитет, за да можеме со целиот ум да го познаваме и да го сакаме нашиот Творец. {ХП 333.2}

Ако се ставиме под контрола на Неговиот Дух, колку потемелно се негува интелектот, толку поуспешно ќе можеме да бидеме употребени во Божјата служба. Необразованиот човек, кој е посветен на Бога и кој копнее да им биде на благослов на другите, Господ може да го употреби во Својата служба. Но, оние што негуваат ист дух на посветување и ја уживаат благодатта на темелното образование, можат да извршат многу поголема работа за Христа, бидејќи се наоѓаат во далеку поповолна положба. {ХП 333.3}

Господ сака да постигнеме колку што е можно повисоко образование, со цел нашето знаење да им го пренесеме на другите. Никој не може да знае каде или како ќе биде повикан да работи или да зборува за Бога. Единствено нашиот небесен Отец знае како ќе го употреби човекот. Пред нас се можности кои нашата слаба вера не е во состојба да ги согледа. Затоа мораме да ги развиваме нашите умни способности за да можеме, доколку е потребно, вистините на Неговата Реч така да ги изнесуваме дури и пред највисоките авторитети на земјата и тоа на таков начин за да се прослави Неговото име. Не треба да дозволиме да пропуштиме ниту една можност интелектуално да се оспособиме да работиме за Бога. {ХП 333.4}

Нека младите, на кои им е потребно образование, работат со решителност за да го стекнат. Не чекајте да ви се отворат, туку сами создадете си можности. Искористете и најмала прилика што ви се укажува. Научете се на штедливост. Не трошете ги своите средства на задоволување на апетитот или во барање задоволство. Бидете одлучни во настојувањето да станете корисни и делотворни, бидејќи тоа Бог со право го очекува од вас. Бидете темелни и верни во сè што преземате. Искористете секоја можност што ви е на располагање да го зајакнете интелектот. Проучувањето на книгите комбинирајте го со корисна физичка работа, и со предан напор, будност и молитва, стекнете мудрост што доаѓа од небото. На тој начин ќе стекнете сестрано образование. Тоа поволно ќе влијае и врз вашиот карактер, ќе го засили вашето влијание врз ближните и ќе ве оспособи да ги поведете по патот на правда и светост. {ХП 334.1}

Многу повеќе би можело да се постигне во самообразованието кога би ги согледале сите наши можности и предности. Вистинското образование подразбира многу повеќе од она што можат да го дадат школите. Иако не смее да се занемари науката, постои повисоко образование што може да се стекне единствено тогаш кога ќе се воспостави животна врска со Бога. Секој ученик нека ја земе својата Библија и нека се поврзе со големиот Учител. Нека умот се извежба и дисциплинира да се бори со тешки проблеми при истражување на божествената вистина. {ХП 334.2}

Оние што копнеат по знаење за да им биде на благослов на ближните, и самите ќе добијат благослов од Бога. Проучувањето на Неговата реч ќе ги поттикне нивните умни сили на сериозна активност. Способностите ќе се прошират и  развијат, а умот ќе зајакне и ќе стане поефикасен. {ХП 334.3}

Сите што сакаат да работат за Бога мора да практикуваат самодисциплина. Со тоа ќе се постигне повеќе отколку со речитоста или со најсјајните способности. Просечниот ум, добро дисциплиниран, може да постигне многу повеќе и да изврши поодговорна работа отколку најголемиот талент и највисоко образованиот ум ако не се научил на самосовладување. {ХП 335.1}

Говор

Дарот на говорот претставува талент што треба грижливо да се негува. Од сите дарови што сме ги добиле од Бога, ниту еден не е во состојба да донесе поголеми благослови од овој. Со гласот осведочуваме и уверуваме, му упатуваме молби и пофалби на Бога, со него им кажуваме на другите за љубовта на Откупителот. Тогаш, колку е важно да ја вежбаме вештината на говорот за да биде што поуспешен во службата на доброто. {ХП 335.2}

Негувањето и правилната употреба на гласот во голема мера се занемарени; дури и од мошне интелигентни луѓе кои се занимаваат со христијански активности. Мнозина зборуваат или читаат толку тивко или толку брзо, што не можат лесно да се разберат. Некои имаат тежок нагласок или нејасен изговор; други зборуваат со висок, остар и пискав глас кој е  непријатен за слушателите. Текстовите, песните, извештаите и другите списи што се претставуваат пред јавноста понекогаш се читаат на таков начин што не можат да се разберат, така што со тоа се уништува нивната сила и влијание. {ХП 335.3}

Ова е зло што може и треба да се поправи. Во врска со ова, Библијата ни дава упатства. За Левитите што им ги читале Светите списи на народот во деновите на Ездра, се вели: „И читаа разбирливо од книгите, од Законот Божји, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното“ (Немија 8:8). {ХП 335.4}

Со вреден напор, сите можат да стекнат моќ да читаат и да зборуваме јасно и со пријатен глас, изразито и впечатливо. Правејќи така, во голема мера можеме да ја зголемиме нашата делотворност како работници за Христа. {ХП 335.5}

Секој христијанин е повикан на другите да им ги открие неистражливите Христови богатства; затоа треба да се труди да постигне совршенство во говорот. Тој Божјата реч треба да ја претстави на таков начин за да им ја препорача на своите слушатели. Бог не сака Неговите човечки орудија да бидат неизделкани. Не е Божја волја човекот да ја омаловажи или деградира струјата на небесната светлина која преку него тече во светот. {ХП 336.1}

  Ние треба да гледаме на Исуса кој е наш совршен пример; треба да се молиме за помош на Светиот Дух и во Негова сила треба да се трудиме секој свој орган да го оспособиме за совршена служба. {ХП 336.2}

Особено ова важи за оние што се повикани на јавни служби. Секој проповедник и секој учител треба да има во предвид дека на луѓето им пренесува порака што вклучува вечни интереси. Изречената вистина ќе им суди во големиот ден на конечната пресметка. Постојат души кај кои начинот на кој се изнесува пораката ќе реши дали ќе ја прифатат или отфрлат. Тогаш да се потрудиме зборот да го изговараме на таков начин што ќе влијае врз умот и ќе дејствува врз срцето. Тој мора да се изговара полека, јасно и свечено, но сепак со сета сериозност што ја бара нејзината важност. {ХП 336.3}

Правилно образование и употребата на моќта на говорот е поврзано со секоја сфера од христијанското активност; таа влијае врз домашниот живот и врз сите наши меѓусебни односи. Треба да се навикнеме да зборуваме со пријатен тон, да се служиме со чист и правилен јазик и со љубезни и учтиви зборови. Благите, љубезни зборови се како роса и како освежувачки дожд за душата. Писмото вели за Христа дека од Неговите усни течела благодат за да може „со зборови да го поткрепува изнемоштениот“ (Исаија 50:4). Господ ни налага: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен“ (Колосјаните 4:6). „Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:29). {ХП 336.4}

Кога се трудиме да ги поправиме или реформираме другите, треба внимателно да ги бираме зборовите. Тие ќе бидат животен мирис за живот или смртен за смрт. Давајќи укор или совет, мнозина себеси си дозволуваат да зборуваат остро, жестоко, да употребуваат зборови што не се во состојба да и донесат исцелување на ранетата душа. Со такви лошо одбрани, непромислени зборови, кај заблудените често се предизвикува револт. Сите што сакаат да ги застапуваат начелата на вистината треба да бидат помазани со небесното масло на љубовта. Во сите околности укорот треба да се изговара со љубов и дури тогаш нашите зборови ќе реформираат, без да раздразнуваат. Христос со Својот Свет Дух ќе ни даде сила и моќ. Тоа е Негово дело. {ХП 337.1}

Ниту еден збор не смее непромислено да се изговори. Од усните на оној што го следи Христа не смее да излезе никаков лош збор, никаков лекомислен израз, никаква остра забелешка или двосмислено навестување. Пишувајќи инспириран со Светиот Дух, апостол Павле вели: „Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша“ (Ефесјаните 4:29). Овде употребениот израз „гнасен збор“ не се однесува само на прости и непристојни зборови, туку на секој израз кој е во спротивност со светите начела на чистата, неизвалкана религија. Тоа исто така ги вклучува и сите расипани навестувања и прикриените злонамерни подметнувања. Таквите зборови, ако не им се спротивставиме веднаш, можат да доведат до голем грев. {ХП 337.2}

На секое семејство, на секој христијанин, му е доверена должност да им застане на пат на расипаните зборови. Кога сме во друштво на оние кои се впуштаат во непромислени разговори, наша должност е, ако е тоа можно, да го смениме предметот на разговорот. Со помош на Божјата милост треба незабележано да уфрлиме збор или да почнеме тема што ќе го пренасочи разговорот во корисна насока. {ХП 337.3}

Должност на родителите е своите деца да ги поучат на правилни навики при зборувањето. Најдобра школа за овој вид обука е домашниот живот. Од најраните години, децата треба да се поучуваат да зборуваат со почит и со љубов кога им се обраќаат на своите родители и едни со други. Треба да научат од нивните усни да излегуваат само љубезни, вистинити и чисти зборови. И родителите секој ден нека бидат ученици во Христовата школа. Дури тогаш со поука и пример ќе можат да ги научат своите деца на „слово здраво, без укор“ (Тит 2:8). Ова е една од нивните најголемите и најодговорни должности. {ХП 337.4}

Како Христови следбеници, ние треба да постигнеме со нашите зборови да си укажуваме помош и да се храбриме едни co други во христијанскиот живот. Далеку повеќе отколку што правиме, треба да зборуваме за драгоцените поглавја од нашето искуство. Треба да зборуваме за Божјата милост и добрина, за ненадминливите длабочини на љубовта на Спасителот. Нашите зборови треба бидат зборови на пофалба и благодарност. Ако умот и срцето се полни со Божја љубов, тоа ќе се покаже и во нашите разговори. Тогаш нема да ни биде тешко да зборуваме за она што го проникнува нашиот духовен живот. Возвишените мисли, благородните стремежи, јасното сфаќање на вистината, несебичните намери, копнежот по побожност и светост ќе вроди со плод со зборови што го откриваат карактерот на богатството кое се крие во ризницата на срцето. Кога Христос ќе се открие на овој начин во нашиот говор, тој ќе има моќ да придобие души за Него. {ХП 338.1}

Треба да им зборуваме за Христа на оние кои не го познаваат. Ние треба да се однесуваме како Христос. Каде и да се наоѓал, во синагога, покрај патот, во чамец малку поттурнат од брегот, на гозба во дом на фарисеј или на трпеза со цариник, Тој на луѓето им зборувал за работите што се однесуваат на повозвишениот живот. Нештата во природата и во секојдневниот живот ги поврзувал со зборовите на вистината. Срцата на Неговите слушатели биле привлечени кон Него, зашто ги лекувал нивните болни, ги тешел нивните ожалостени, ги земал на раце нивните деца и ги благословувал. Кога ја отворал устата да зборува, го привлекувал нивното внимание кон Себе, и секој збор за некоја душа бил како животен мирис за живот. {ХП 338.2}

Така треба да биде и со нас. Каде и да сме, ние треба да бараме можност да разговараме со другите за Спасителот. Ако го следиме Христовиот пример во правењето добро, и нам ќе ни се отвораат срцата како што му се отворале Нему. Не брзоплето и нагло, туку со тактичност која свој извор наоѓа во божествената љубов, можеме да им зборуваме за Оној кој е „поубав од десет илјади други“ и „целиот е прекрасен“ (Песна над песните 5:10,16). Ова е највозвишено дело во кое можеме да го користиме талентот на говор. Тој ни е даден за да можеме да го претставиме Христа како Спасител кој ги проштава гревовите. {ХП 339.1}

Влијание

Христовиот живот ширел постојано, сеопфатно влијание, влијание што го поврзувало со Бога и со целото човечко семејство. Бог преку Христа човекот го надарил со влијание што го оневозможува да живее сам за себе. Поединечно, ние сме поврзани со нашите ближни и сме дел од големото Божјо семејство во кое нè врзуваат заемни должности. Ниту еден човек не може да биде независен од своите ближни, бидејќи благосостојбата на секој од нив влијае на другите. Божја намера е секој од нас да се чувствува неопходен за благосостојбата на другите, и секој од нас да се труди да ја унапреди својата среќа. {ХП 339.2}

Секоја душа е опкружена со своја атмосфера – атмосфера која може да биде исполнета со животворна, силна вера, храброст и надеж, и со сладок мир на љубовта. Или може да биде студена и тешка, полна со незадоволство и себичност, отровна со смртоносна зараза на негуваните гревови. Атмосферата што нè опкружува, свесно или несвесно, влијае на секоја личност со која контактираме. {ХП 339.3}

Ова е одговорност од која не можеме да се ослободиме. Нашите зборови, нашите дела, нашата облека, нашето однесување, па дури и изразот на нашето лице имаат влијание. Од впечатокот што го оставаме зависат последиците кои другите ги наведуваат на добро или на зло што никој не може да го измери. Секоја побуда што ќе се пренесе на тој начин претставува семе кое еден ден ќе донесе своја жетва. Тоа е алка во долгиот синџир на човечките настани, за која никогаш не знаеме колку ќе биде далекусежна. Ако со нашиот пример им помогнеме на ближните да развијат добри начела, ние им даваме сила да прават добро. За возврат, тие шират исто влијание врз другите, а овие го пренесуваат понатаму. И така со нашето несвесно влијание илјадници можат да бидат благословени. {ХП 339.4}

Ако фрлите камче во езерото, ќе се формира бран, а тој ќе создаде друг, и друг, и како што растат, кругот се шири додека не стигне до брегот. Истото се случува и со нашето влијание. Без наше знаење или контрола тоа влијае на другите со благослов или проклетство. {ХП 340.1}

Карактерот е сила. Тивкото сведочење на верниот, несебичен, побожен живот, шири речиси неодоливо влијание. Откривајќи го во нашиот живот карактерот на Исуса Христа, ние соработуваме со Него во работата на спасувањето на душите. Значи, ние соработуваме со Него единствено ако со нашиот живот го откриваме Неговиот карактер. И колку е поширока сферата на нашето влијание, толку повеќе добра можеме да направиме. Кога оние што тврдат дека му служат на Бога го следат Христовиот пример, применувајќи ги начелата на законот во нивниот секојдневен живот, и кога секое нивно дело ќе сведочи дека го љубат Бога повеќе од сè и ближниот како себеси, тогаш црквата ќе има моќ да го придвижи светот. {ХП 340.2}

Но, никогаш не смееме да заборавиме дека влијанието исто толку може да биде сила на зло. Да се изгуби сопствената душа е страшна работа, но да се предизвика загуба на други души е уште пострашно. Застрашувачки е да се помисли дека нашето влијание треба да биде смртен мирис за смрт; но сепак ова е можно. Мнозина кои тврдат дека собираат со Христа, всушност го растураат она што е Негово. Затоа црквата е толку слаба. Мнозина без притеснување критикуваат и обвинуваат. Покажувајќи сомнеж, љубомора и незадоволство, тие стануваат орудија на сатаната. Пред да сфатат што прават, непријателот ја постигнал својата цел преку нив. Оставен е лош впечаток, фрлена е сенка и стрелите на сатаната ја погодиле својата цел. Душите, кои инаку можеле да го прифатат Христа, ги зафатило недоверба, сомневање и отворено неверување. Во исто време, слугите на сатаната задоволно ги посматраат душите што сами ги довеле до скептицизам, и кои сега отрпнале на секој укор и молба. Споредувајќи се себеси со овие несреќни души, тие си ласкаат дека се полни со доблести и праведни. Тие не сфаќаат дека овој бродолом на карактерот всушност е дело на нивниот нескротен јазик и бунтовно срце. Благодарение на нивното влијание тие искушани души паднале во грев. {ХП 340.3}

На тој начин таканаречените христијани со својата лекомисленост, себичност и безгрижната рамнодушност одвраќаат многу души од патот на животот. Мнозина од нив страшно ќе се уплашат кога со последиците на своето влијание ќе се сретнат на Божјиот суд {ХП 341.1}

Единствено Божјата милост може да ни помогне правилно да се послужиме со овој дар. Во нас нема ништо што би можело да ни помогне позитивно да влијаеме врз ближните. Кога ќе сфатиме колку сме беспомошни и колкава е нашата потреба од божествената сила, нема да се потпираме на себе. Ние не можеме да знаеме какви последици може да донесе и одреди денот, часот или некој миг, па затоа на почетокот на секој нов ден нашите патишта мораме да му ги предадеме на нашиот небесен Отец. Тој на Своите ангели им заповеда да нè чуваат и, ако се ставиме под нивната грижа, тие во секој миг на опасност ќе ни бидат од десната страна. Кога несвесно ќе се најдеме во опасност да шириме негативно влијание, ангелите ќе бидат покрај нас, упатувајќи нè на подобар пат, бирајќи зборови кои треба да ги изговориме влијаејќи на нашите постапки. И така нашето влијание може да биде тивка, несвесна, но моќна сила која ќе ги привлекува другите кон Христа и небесниот свет. {ХП 341.2}

Време

Нашето време му припаѓа на Бога. Секој миг е Негов, и ние сме под најсвечена обврска да го искористиме за Негова слава. Ниту за еден талент што ни го дал, Бог нема да бара построга сметка отколку за на нашето време. {ХП 342.1}

Вредноста на времето не може да се пресмета. Христос секој миг го сметал за драгоцен, и ние мора да го третираме така. Животот е краток за да се потроши напразно. Имаме само кусо време на милост за да се подготвиме за вечноста. Немаме време за губење, немаме време за себични уживања, немаме време да уживаме во гревот. Сега треба да обликуваме нашиот карактер за идниот, бесмртен живот. Сега треба да се подготвиме за истражниот суд. {ХП 342.2}

Припадниците на човечкиот род само што почнале да живеат, а веќе почнуваат да умираат. И непрекидните напори не значат ништо ако заради нив пропуштиме да стекнеме вистинско знаење во врска со вечниот живот. Човекот кој го цени времето како свој работен ден, се подготвува за небесните станови и за живот кој е бесмртен. За него е добро што се родил. {ХП 342.3}

Ние сме предупредени да го искористиме времето. Меѓутоа, изгубеното време никогаш не може да се врати. Не можеме да вратиме ниту еден единствен миг. Единствениот начин на кој можеме да го откупиме своето време е максимално да го искористиме она што ни останало, со тоа што ќе соработуваме со Бога во Неговиот голем план за откуп. {ХП 342.4}

Кај оној што постапува така, се случува трансформација на карактерот. Тој станува Божји син, припадник на царското семејство, дете на небесниот Цар. Тој е оспособен за друштво со ангелите. {ХП 342.5}

Сега е време да работиме за спасение на нашите ближни. Постојат луѓе кои мислат дека ако дадат пари за Христовото дело; дека тоа е сè што се бара од нив, со што дозволуваат драгоценото време што можат да го посветат во Негова служба да помине неискористено. Меѓутоа, привилегија и должност на сите што имаат здравје и сила е активно да се вклучат во Божјата служба. Сите треба да се трудат да придобијат души за Христа. Прилозите во пари не можат да ја заменат активната работа. {ХП 343.1}

Секој миг носи вечни последици. Ние како луѓе кои строго водат сметка за времето, во секој момент мораме да бидеме подготвени за служба. Можноста што ни се дава сега на некоја гладна душа да и кажеме зборови кои упатуваат но вечен живот можеби никогаш веќе нема да ни се даде. Бог може и на таа душа да и каже: „Ноќва ќе ти ја побарам душата твоја“ (Лука 12:20) а таа, поради нашата немарност, можеби нема да биде подготвена. Како ќе дадеме сметка пред Бога на големиот суден ден? {ХП 343.2}

Животот е премногу сериозен за да го посветиме на временски и земни работи, да се мачиме и грижиме само за она што во споредба со вечните вредности е помало од атом. Сепак, Бог нè повикал да Му служиме и во нашите минливи земни работи. Вредноста на ова дело е исто толку дел од вистинската религија, колку што е и побожноста. Библијата воопшто не го одобрува безделничењето, зашто тоа е најголемо проклетство што го мачи нашиот свет. Секој вистински обратен маж или жена ќе биде вреден работник. {ХП 343.3}

Нашиот успех во стекнување знаење и менталната култура зависи од правилното користење на времето. Интелектуалниот развој не треба да биде попречен поради сиромаштија, скромното потекло или неповолното опкружување. Само нека се ценат моментите. Неколку моменти овде, неколку моменти таму, кои лесно можат да се потрошат во бесцелни разговори; утринските часови, толку често потрошени во постела; времето поминато во патување со трамвај или воз, или чекање на станица; миговите додека се чека да се изнесе ручек, или чекањето на оние кои доцнат на закажаниот состанок – доколку имате книга при рака,  и тие фрагменти од времето ги искористите за учење, читање или грижливо размислување колку само можеме да постигнеме! Решителноста во намерите, напорната работа, внимателното трошење на времето, сето тоа може да му помогне на човекот да стекне знаење, да го развие интелектот и да се оспособи за речиси секоја значајна и корисна работа. {ХП 343.4}

Должност на секој христијанин е да стекне навика на уредност, темелност и брзина. Нема никакво оправдување за тромост и неукост при вршењето на која било работа. Кога некој постојано работи, а работата никогаш не е завршена, тоа е затоа што умот и срцето не ги вложил во работата. Оној што е бавен и произведува загуби, мора да сфати дека тоа се мани што треба да се поправат. Тој мора да го напрегне умот во планирањето како да го искористи времето за да постигне најдобри резултати. Со тактичност и примена на добри методи некои за пет часа можат да постигнат повеќе отколку други за десет. Домаќинките, кои се занимаваат со домашни работи, секогаш се на нозе, главно не затоа што имаат толку работа, туку затоа што не знаат да планираат како да го искористат времето. Тие се троми и ја усложнуваат работата и без потреба од малку работа прават многу. Меѓутоа, сите што сакаат можат да ги надминат овие неефикасни навики и тромоста. Нека си постават себеси јасни цели при работата. Нека утврдат колку време им е потребно за определена работа и потоа нека ги вложат неопходните напори работата да ја завршат во зададеното време. Вежбањето на силите на волјата ќе придонесе рацете побргу  и повешто да работат. {ХП 344.1}

На лицата кои не се решителни да се реформираат, погрешните работни навики можат да им прераснат во стереотипи; а ако ги развиваат своите сили, тие можат да се оспособат за својата работа, своите должности, да ги извршуваат со најголем успех. Тогаш насекаде ќе ги бараат и ќе ги ценат како работници достојни за почит. {ХП 344.2}

Многу деца и млади напразно го губат времето, наместо да им помогнат на родителите при извршувањето на домашните работи и со тоа да ја покажат својата љубов и грижа кон таткото и мајката, олеснувајќи им ги животните товари. Младите можат врз своите силни плеќи да преземат многу одговорности кои инаку мора да ги носат други. {ХП 345.1}

Уште од најраните денови Христовиот живот бил живот исполнет со работа. Тој не живеел за да си угодува Себеси. Бил син на бесконечниот Бог, но сепак работел столарски занает со својот татко Јосиф. И Неговиот занает многу зборувал за Него. Дошол на овој свет како градител на карактер, и како таков секое Негово дело било совршено. Во сите Свои световни работи го внесувал истото совршенство како и во карактерите што ги преобразувал со Својата божествена сила. Тој е наш пример. {ХП 345.2}

Родителите треба да ги научат своите деца за вредноста на правилното користење на времето. Научете ги дека е вредно да се стремат да направат нешто со што можат да го прослават Бога и да му донесат благослов на човештвото. Дури и во најрани години тие можат да бидат мисионери за Бога. {ХП 345.3}

Родителите не можат да направат поголем грев од оној кога им дозволуваат на своите деца времето да го поминуваат во безделничење. Децата мошне бргу се навикнуваат на безделничење и така израснуваат како неспособни, некорисни суштества. Кога ќе пораснат сами да заработуваат за животот и кога ќе се вработат, тие работат немарно и мрзливо, но сепак очекуваат да бидат платени како вредни работници. Постои огромна разлика меѓу овие работници и оние што знаат дека мора да бидат верни управители. {ХП 345.4}

Навиката световните работи да се извршуваат немарно и невнимателно лесно се пренесува и во духовниот живот и истата го онеспособува човекот успешно да му служи на Бога. Мнозина, кои како вредни работници можеа да бидат на благослов на светот, се упропастиле со својата немарност. Кога некој нема работа ниту цврста цел пред себе, им отвора врата на илјадници искушенија. Расипаното друштво и лошите навики го изопачуваат умот и душата, а резултатот е пропаст за овој живот и идниот живот. {ХП 345.5}

Без оглед со која дејност се занимаваме, Божјата реч нè учи да бидеме „со горлив дух; служете Му на Господ“. „Сè, што може да врши раката твоја, според силите твои, врши“, „знаејќи дека како награда ќе добиете од Господ наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите“ (Римјаните 12:11; Проповедник 9:10; Колосјаните 3:24). {ХП 346.1}

Здравје

Здравјето е благослов чијашто вредност малкумина ја ценат, иако во голема мера од него зависи успехот на нашите ментални и физички сили. Нашите побуди и страсти имаат свое седиште во телото и тоа мора да се одржува во најдобра физичка состојба, да се подложи на најсилни духовни влијанија за да можат нашите таленти да се искористат на најдобар начин. {ХП 346.2}

Сè што ја намалува физичката сила го ослабува и умот и го прави помалку способен да прави разлика помеѓу доброто и злото. Стануваме помалку способни да го избереме доброто и имаме помала сила на волја да го правиме она за што знаеме дека е исправно. {ХП 346.3}

Злоупотребувајќи ги своите физички сили, ние го скратуваме времето што би можеле во нашиот живот да го искористиме на слава на Божјото име. И тоа нè спречува да ја завршиме работата што ни ја дал Бог. Дозволувајќи си себеси да формираме погрешни навики, да остануваме будни доцна ноќе, да го задоволуваме апетитот на штета на здравјето, ние ги загрозуваме нашите сили. Занемарувајќи ги физичките вежби и занимавајќи се со прекумерна умна работа, ние ја нарушуваме рамнотежата на нервниот систем. Оние што на овој начин го скратуваат својот живот и се онеспособуваат за служба кршејќи ги природните закони, виновни се, зашто со тоа го поткрадуваат и Бога и своите ближни. Бог ги пратил во светот да им бидат на благослов на ближните, а тие со своите постапки се лишуваат од таа можност и себеси се онеспособуваат да го сторат дури и она што можеле да го сторат за пократок временски период. Бог нè смета за виновно кога со нашите лоши навики светот предвреме го лишуваме од доброто што сме можеле да му го направиме. {ХП 346.4}

Престапот на физичките закони е престап на моралниот закон; зашто Бог е вистински автор и на физичкиот и на моралниот закон. Неговиот закон со Негов прст е напишан на секој нерв, на секој мускул, на секоја способност што му ја доверил на човекот. И секоја злоупотреба на кој било дел од нашиот организам е кршење на тој закон. {ХП 347.1}

Наша должност е темелно да ја познаваме градбата на човечкиот организам за да можеме да го одржиме нашето тело во состојба што ќе ни овозможи да работиме за Господа. Здравјето на нашето тело мораме грижливо да го пазиме и да го развиваме за да може преку нашата човечка природа во целост да се прикаже божествената природа. Науката за заемната поврзаност на телото и духовниот живот е една од најзначајните гранки во воспитувањето и нејзе мора да и се посвети големо внимание и во семејството и во училиштето. Сите мора да се запознаат со својата анатомска градба и со физиолошките закони на телото. Оној кој намерно не сака да се запознае со законите на своето тело и кој поради тоа истите ги крши, греши пред Бога. Света должност е да се чува здравјето и во таа смисла треба да правиме сè што е во наша моќ. Сите наши навики треба да ги ставиме под управа на умот, а својот ум под Божја управа. {ХП 348.1}

Апостол Павле кажува: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе?Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“ (1. Коринтјаните 6:19,20). {ХП 348.2}

Сила

Ние треба да го љубиме Бога, не само со сето срце, со сиот ум и со сета душа, туку и со сета сила. Тоа целосно ја опфаќа целосна и разумна употреба на физичките сили. {ХП 348.3}

Христос бил вистински работник како во овоземните, така и во духовните работи, и во сета Своја работа бил решен да ја исполни волјата на Својот Отец. Настаните на земјата и на небото се потесно поврзани и се директно под надзор на  Христос отколку што мнозина сфаќаат. Христос бил Тој што ја испланирал изградбата на првиот земен шатор. Тој ги дал сите упатства за изградба на Соломоновиот храм. Оној, што во Својот земен живот работел како столар во селото Назарет, всушност бил небесен архитект кој го нацртал планот на светата градба во која требало да се слави Неговото име. {ХП 348.4}

Христос бил Тој кој им дал мудрост на градителите на шаторот од состанок да ја направат највештата и најубавата ракотворба. Тој рекол: „Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот на Ор, од племето Јудино;и го исполнив со Духот Божји, со мудрост, разум, знаење и секаква умешност… И, ете, му го дадов за помошник Охолијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потрудат да направат сè како што ти заповедав“ (Излез 31:2-6). {ХП 349.1}

Бог сака Неговите работници на секое подрачје да гледаат кон Него како дарител на сè што поседуваат. Сите корисни пронајдоци и изуми наменети за добро на човештвото имаат свој извор во Оној кој е прекрасен во советите и возвишен во делата. Вештиот допир на раката на лекарот, неговата моќ над нервите и мускулите, неговото знаење на нежната градба на телото сето тоа му го подарила божествената мудрост за да им ги олесни страдањата и болките на болните. Вештината со која дрводелецот ракува со својот алат, силата на раката на ковачот од која одѕвонува наковалната доаѓаат од Бога. Тој на луѓето им доверил таленти и очекува од нив да се обратат до Него за совет. Што и да правиме, каква било задача да прифатиме, Тој сака да управува со нашиот ум за да можеме совршено да ја извршиме работата. {ХП 349.2}

Религијата и деловните потфати не треба да се сметаат како поими кои немаат ништо заедничко; напротив, сè што работиме или зборуваме треба да биде проткаено со Библиската религија. Тие треба да бидат обединети во сите човечки потфати, во механички и земјоделски работи, во трговски и научни потфати. Оваа соработка мора да постои во сè што е вклучено во христијанската активност. {ХП 349.3}

Бог ги објавил начелата врз основа на кои Тој единствено може да соработува со нас. Неговата слава мора да биде мисла водилка на сите што сакаат да работат заедно со Него. Секое наше дело мора да биде направено од љубов кон Бога и во согласност со Неговата волја. {ХП 350.1}

Во иста мера е битно да ја послушаме Божјата волја кога градиме куќа и кога присуствуваме на богослужение. И ако работниците се раководат од вистинските начела, тогаш при подигањето на секоја градба тие ќе растат во милоста и ќе напредуваат во знаењето. {ХП 350.2}

Но, Бог нема да ги прифати ниту најголемите таленти или најсјајната служба, освен ако себеси не се поставиме на олтарот како жива жртва паленица. Коренот мора да биде свет, инаку родот не може да му биде угоден на Бога. {ХП 350.3}

Господ Даниел и Јосиф ги оспособил да бидат мудри управители. Тој можел да работи преку нив затоа што тие не живееле за да си угодат себеси, туку да му угодат на Бога. {ХП 350.4}

Случајот на Даниел ни дава важна поука. Тој го открива фактот дека деловниот човек не мора да биде препреден и лукав. Тој може на секој чекор да биде научен од Бога. Во времето кога вршел служба како највисок службеник во Вавилонското царство, Даниел бил и Божји пророк и примал светлина, небесно вдахновение. Световните, амбициозни државници, во Божјата реч се претставени со трева што бргу расте и со цвет што венее. Сепак, Бог сака во Својата служба да има умни луѓе, квалификувани за различни подрачја на дејност. Има потреба од деловни луѓе кои големите начела на вистината ќе ги преточат во сите свои деловни потфати и кои се подготвени своите таленти да ги усовршуваат со мошне темелно учење и вежбање. Независно од дејноста со која се занимаваат, ако луѓето ја користат секоја можност да се здобијат со поголема мудрост и да станат делотворни, тогаш тие своите таланти навистина ги употребуваат да го изградат Божјото царство на овој свет. За Даниел дознаваме дека во сите негови деловни потфати, иако биле највнимателно проверени, не можела да се најде ниту една грешка или недостаток. Тој претставува пример за она што може да стане секој деловен човек. Неговата историја покажува што може да постигне човек кој сите сили на умот, коските и мускулите, срцето и животот, ќе ги посвети во служба на Бога. {ХП 350.5}

Пари

Бог на луѓето им доверил и средства. Тој им дава сила да стекнат богатство; Тој ја натопува земјата со небесна роса и со изобилен дожд што освежува; Тој дава сончевата светлина која ја загрева земјата, будејќи ја во живот целата природа. Тој прави сето тоа да цвета, буи и да донесе плод. За возврат Тој го бара она што му припаѓа Нему. {ХП 351.1}

Парите не ни се дадени за да се славиме и воздигаме себеси туку, како верни управители, треба да ги употребиме во чест и слава на Бога. Некои мислат дека само дел од нивните средства му припаѓаат на Господ. Кога ќе издвојат дел од своите средства за верски и добротворни цели, остатокот го сметаат за своја сопственост и мислат дека можат да го употребат како што им одговара. Но, во ова тие грешат. Сè што поседуваме е Господово и ние сме одговорни пред Него како го користиме тоа. При употребата на секој денар, може да се види дали ние го љубиме Бога над сè и ближниот како себеси. {ХП 351.2}

Парите имаат голема вредност, бидејќи можат да направат многу добра. Во рацете на Божјите деца тоа е храна за гладните, вода за жедните и облека за голите. Тоа е одбрана за угнетените и средство за помош на болните. Но, парите сами по себе немаат поголема вредност од песокот, освен ако не се употребат за намирување на животните потреби, за помагање на ближните и за унапредување на Христовото дело. {ХП 351.3}

Собраното богатство не само што е бескорисно, туку тоа претставува проклетство. Во овој живот тоа станува стапица за душата, зашто одвраќа од љубовта кон небесното богатство. Во големиот Божји ден парите, како сведок за неупотребените таленти и занемарените можности, ќе го осудат сопственикот. Библијата вели: „Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас.Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа.Златото ваше и среброто ви за‘рѓаа, и ‘рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за последните дни.Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот“ (Јаков 5:1-4). {ХП 352.1}

Христос не одобрува никакво раскошно или лекомислено трошење на парите. Неговата поука за штедење: „Соберете ги останатите парчиња за да не се загуби ништо!“ (Јован 6:12) е наменета за Неговите следбеници. Оној што сфаќа дека неговите пари се талант што го добил од Бога, ќе го употреби штедливо; ќе разбере дека му е должност да штеди за да може да даде. {ХП 352.2}

Колку повеќе средства трошиме на раскош и самозадоволство, толку помалку ќе можеме да ги нахраниме гладните и да ги облечеме голите. Секој денар непотребно потрошен го лишува сопственикот од драгоцената можност да прави добро, и на Бога му ја одзема славата и честа која со правилна употреба на доверените таланти би му била укажана. {ХП 352.3}

Љубезни побуди и чувства

Љубезните чувства, великодушните побуди и способноста за брзо сфаќање на духовните работи се драгоцени таланти, но истите на својот сопственик му наметнуваат сериозна одговорност. Сите тие треба да се употребат во Божјата служба. Меѓутоа, овде мнозина грешат. Задоволни што поседуваат вакви особини, тие пропуштаат да ги употребат во активна служба за ближните. Тие си ласкаат себеси дека би извршиле големо и добро дело кога би имале можност или кога околностите би им оделе на рака. И така цел живот чекаат да им се укаже прилика. Ја презираат тесноградоста на бедните скржавци кои мрморат дури и кога му даваат и најмала милостина на сиромавиот. Тие гледаат дека тие луѓе живеат само за себе и дека ќе бидат повикани на одговорност заради злоупотребените таланти. Самозадоволно се споредуваат себеси со нив, сметајќи дека нивната состојба е многу поповолна од состојбата на нивните бездушни соседи. Но, тие се мамат себеси. Фактот што имаат неискористени таланти само ја зголемува нивната одговорност. Тие што добиле нежни чувства се одговорни пред Бога истите да ги покажат не само во допир со своите пријатели, туку во допир со сите на кои им е потребна нивната помош. Социјалните придобивки се таленти и тие мора да се употребат на благослов на сите што се наоѓаат на дофат на нашето влијание. Љубовта што се покажува само кон одбрани лица не е љубов, туку себичност. Таа во никој случај нема да работи за добро на луѓето или за славата на Бога. Оние што не ги користат талантите што ги примиле од својот Учител многу повеќе се одговорни отколку оние за кои тие чувствуваат таков презир. За нив ќе биде речено: „Вие ја знаевте волјата на вашиот Господар, но не ја творевте!“ {ХП 352.4}

Таланти умножени со употреба

Талантите што се употребуваат се умножуваат. Успехот не е резултат на случајност или судбина, туку дело на Божјото провидение, награда за верата и благоразумноста, за доблеста и истрајниот напор. Господ сака да го употребиме секој дар што го имаме; ако постапуваме така, ќе добиеме уште поголеми дарови со кои ќе можеме да се послужиме. Способностите што ни недостигаат нема да ги добиеме на некаков натприроден начин. Меѓутоа, додека се служиме со она што веќе го имаме, Бог ќе работи заедно со нас и ќе ја зголемува и зајакне секоја наша способност. Секоја жртва која искрено и од срце се принесува во служба на Учителот, ја зголемува нашата сила. Додека се даваме себеси како орудија за работа на Светиот Дух, Божјата благодат дејствува во нас за да ги отфрлиме старите склоности, да ги совладаме силните наследени страсти и да формираме нови навики. Ако ги цениме и се потчинуваме на влијанијата на Светиот Дух, нашето срце се шири за да прима сè повеќе од Неговата сила, и да прави повеќе и подобро. Заспаните сили ќе се разбудат, а парализираните способности повторно ќе оживеат. {ХП 353.1}

Скромниот работник кој послушно одговара на Божјиот повик може да биде сигурен дека ќе добие божествена помош. Веќе и самото прифаќање на толку возвишената и света одговорност го облагородува карактерот. Тоа ги поттикнува на активност највисоките ментални и духовни сили, и ги зајакнува и прочистува умот и срцето. Чудесно е како може слабиот човек преку вера во Божјата моќ да стане силен, решителен и да постигнува големи успеси. Оној кој почнува на едноставен начин, со скромно знаење, кој го кажува она што го знае, додека едновремено вредно се труди да ги прошири своите сознанија, ќе утврди дека на располагање му стои целокупната небесна ризница. Колку повеќе се труди да ја разнесе светлината, толку повеќе светлина ќе добие. Колку повеќе некој се труди да им ја објасни Божјата реч на другите од љубов кон нив, таа му станува сè појасна. Колку повеќе се служиме со нашето знаење и со нашите способности, стекнуваме сè повеќе знаење и способности. {ХП 354.1} 

Секој напор направен за Христа ќе се одрази како благослов врз нас самите. Ако ги користиме нашите средства за Негова слава, Тој ќе ни даде повеќе. Додека се трудиме  да ги придобиеме другите за Христа, носејќи го товарот на душите во нашите молитви, нашето срце ќе пулсира со засилувачкото влијание на Божјата благодат; божествена ревност уште повеќе ќе ги разгори нашите чувства; целокупниот наш христијански живот ќе стане пореален, поусрден и проткаен со молитви. {ХП 354.2}

Вредноста на човекот небото ја оценува според способноста на неговото срце да го запознае Бога. Тоа знаење е извор од кој произлегува сета наша сила. Бог го создал човекот така што секоја негова способност да може да се обедини со способностите на божествениот ум; и Тој постојано се труди човековиот ум да го здружи со божествениот ум. Тој ни нуди предност да соработуваме со Христа во откривањето на Неговата благодат на светот, за на тој начин и самите добиеме поголемо знаење за она што е небесно. {ХП 354.3}

Гледајќи кон Исус, ние стекнуваме се појасна претстава за Бога и гледајќи, ние се менуваме. Добрината, љубовта кон нашите ближни, станува дел од нашата природа. Развиваме карактер кој е сличен на божествениот карактер. Растејќи во Неговото подобие, ние ја зголемуваме и нашата способност за познавање на Бога. Сè повеќе и повеќе влегуваме во заедница со небесниот свет, и постојано ја зголемуваме моќта да ги примаме богатствата на знаење и вечната мудрост. {ХП 355.1}

Еден талант

Човекот што добил еден талант „отиде и го закопа в земја и така ги сокри парите на својот господар“. {ХП 355.2}

Така оној кој примил најмал дар дозволил неговиот талант да остане неискористен. Ова е опомена за сите што сметаат дека затоа што немаат некои посебни природни дарби се ослободени од учество во Христовата служба. Кога би можеле да сторат нешто големо, велат тие, со радост би го сториле тоа! Но, бидејќи им се доделени само незначителни служби, тие тоа го земаат како оправдување да не прават ништо. Во ова тие грешат. Делејќи ги Своите дарови, Господ всушност го става на проверка карактерот на човекот. Човекот кој пропуштил да го употреби тој еден талант се покажал како неверен слуга. Да добил пет таланти, тој би ги закопал и нив како што го закопал и оној еден. Злоупотребувајќи го својот еден талант, покажал дека ги презира небесните дарови. {ХП 355.3}

„Верниот во малку и во многу е верен“ (Лука 16:10). Важноста на малите нешта често се потценува само затоа што се мали; но вистинската дисциплина во животот во најголема можна мера се учи преку малите работи. Во христијанскиот живот навистина нема ништо неважно. Во изградба на карактерот наидуваме на многу опасности токму затоа што ја потценуваме важноста на малите работи. {ХП 356.1}

„А несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив”. Кога човекот е неверен, макар да се работи и за најмали должности, го лишува својот Творец од должната служба и си наштетува самиот себеси. Со своето неверство се лишува од убавината, моќта и цврстината на карактерот, кои може да ги добие со безрезервно предавање на Бога. Одделувајќи се од Христа, тој станува подложен на сатанските искушенија, и во својата служба за Учителот почнува да прави грешки. Бидејќи не се управува според вистинските начела во своите мали должности, тој не му е послушен на Бога ниту во големите должности што ги смета за своја посебна задача. Грешките што си ги дозволува себеси во ситните подробности во животот ќе станат негова навика и во многу поважни работи. Тој се раководи според начелата на кои навикнал. И така, повторените постапки формираат навики, а навиките го формираат карактерот, а карактерот ја одредува неговата судбина за овој живот и за вечноста. {ХП 356.2}

Само со верност во ситни поединости душата може да се обучи да постапува верно и во поголемите одговорности. Бог ги поврзал Даниел и неговите другари со големите луѓе во Вавилон, со цел овие незнабошци да се запознаат со начелата на вистинската религија. Во самото средиште на таа идолопоклоничка нација, Даниел требало да го претстави Божјиот карактер. Како се оспособил за позиција со толку голема доверба и чест? Токму неговата верност во малите нешта го обликувала целиот негов живот! Тој го прославил Бога во најмалите должности и Господ соработувал со него. На Даниел и на неговите другари Бог им дал „знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниел му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа“ (Даниел 1:17). {ХП 356.3}

Како што го повикал Даниела да сведочи за Него во Вавилон, така Бог нè повикува и нас да сведочиме за Него денес во светот. Во најмалите, како и во најголемите работи во животот, Тој посакува да им ги откриеме на луѓето начелата на Неговото царство. {ХП 357.1}

Христос во Својот живот на земјата ни дал поука за грижливо внимание кон малите нешта. Големото дело на спасението постојано ја оптоварувало Неговата душа. Додека поучувал и лекувал, Тој до крајни граници ги напрегал сите сили на умот и телото, а сепак ги забележувал и најситните поединости во животот и во природата. Негови највпечатливи поуки биле оние во кои со едноставни примери од природата ги отсликувал големите вистини на Божјото царство. Тој не ги занемарувал потребите ниту на Своите најскромни слуги. Неговото уво го слушнало секој повик за помош. Тој го почувствувал допирот на измачената жена во толпата; најмалиот допир на верата предизвикал Негов одговор. Кога ја воскреснал ќерката на Јаир од мртвите, ги потсетил нејзините родители да и дадат нешто да јаде. Кога со Својата моќна сила се дигнал од гробот, Нему не му било тешко внимателно да го свитка и да го стави на соодветно место платното со кое бил завиткан. {ХП 357.2}

Како христијани ние сме повикани да соработуваме со Христа во делото на спасувањето на душите. На тоа сме се обврзале со заветот што сме му го дале. Да се занемари ова дело значи да се биде нелојален кон Христа. Но, за да ја извршиме оваа работа, ние мораме да го следиме Неговиот пример во верно, совесно внимание кон малите нешта. Токму во тоа лежи тајната на успехот на секое подрачје од христијанските напори и влијание. {ХП 358.1}

Господ посакува Неговиот народ да постигне највисока положба на скалилата на успехот за да може да го прослави со способностите што ги добил од Него. Во Својата милост Тој сторил сè за да можеме да покажеме дека ние постапуваме според подобри планови од оние според кои постапува светот. Ние треба да покажеме супериорност во интелектот, во разбирањето, во вештината и знаењето, затоа што веруваме во Бога и во Неговата моќ да работи врз човечките срца. {ХП 358.2}

Меѓутоа, не треба да се обесхрабрат оние што не добиле големи или многубројни дарови. Нека се послужат со она што им стои на располагање, внимателно нека бдеат над секоја слаба страна на својот карактер, трудејќи се со помош на божествената милост да зајакнат. Во секоја акција во животот треба да вткаеме верност и лојалност, негувајќи ги особините што ќе ни овозможат да ја извршиме работата. {ХП 358.3}

Немарноста како навика мораме решително да ја победиме. Мнозина сметаат дека заборавноста е доволен изговор и за најголемите пропусти. Но, зарем тие, како и другите, не се надарени со умни способности? Ако е така, тогаш мора да ги дисциплинираат своите умови да помнат. Грев е да се биде заборавен, грев е да се биде немарен! Ако формирате навика на немарност, може да го занемарите и спасението на својата душа и на крај да утврдите дека не сте подготвени за Божјото царство. {ХП 358.4}

Големите вистини морат да се внесат во ситници. И во најскромните должности на секојдневниот живот мора да биде внесена практичната религија. Најголемата квалификација за секој човек е безусловно да се покорува на Божјата реч. {ХП 359.1}

Бидејќи не се поврзани директно со некоја верска активност, мнозина сметаат дека живеат бескорисен живот, дека не прават ништо за унапредување на Божјото царство. Меѓутоа, тоа е заблуда. Ако се занимаваат со некоја работа која некој мора да ја изврши, тие не смеат да се обвинуваат себеси дека се некорисни припадници на големото Божјо семејство. Не смеат да се занемарат ниту најскромните должности. Секоја чесна работа служи на благослов, а верноста при една таква работа може да се покаже како обука за поголеми одговорности. {ХП 359.2}

Колку и да е скромна, секоја работа направена за Бога со целосно предавање на себеси е прифатлива за Него исто како и највисоката служба. Ниту еден прилог не е мал ако се дава со искрено срце и радост во душата. {ХП 359.3}

Каде и да сме, Христос ни налага да ја прифатиме секоја должност што ни се нуди. Ако е тоа во домот, потрудете се доброволно и сесрдно својот дом да го сторите пријатно место. Ако сте мајка, воспитајте ги своите деца за Христа. Тоа е исто толку важна работа за Господа колку и делото на проповедникот на проповедалницата. Ако должноста ве врзува за кујна, потрудете се да станете совршен готвач. Настојувајте да подготвувате здрава, хранлива и вкусна храна. И додека ги користите најдобрите состојки при подготовка на храна, секогаш трудете се и својот ум да го храните со најдобри мисли. Ако обработувате земја, или се занимавате со некој занает или со која било трговија, трудете се да постигнете најдобар успех во таа своја сегашна должност. Посветете се со телото и душата на работата што ја работите. Со секое твое дело претстави го Христа. Прави онака како што би направил Тој на твое место. {ХП 359.4}

Колку и да е мал вашиот талант, Бог има место за него. Тој еден талант, мудро употребен, ќе ја заврши задачата што му е доделена. Кога сме верни во мали должности, ние работиме според планот на додавање, а Бог работи според планот на умножување. Тие мали дарови ќе се претворат во најдрагоцено влијание во Неговото дело. {ХП 360.1}

Живата вера нека тече како златни нишки при извршувањето и на најмалите должности. На тој начин со нашиот секојдневен труд ќе придонесеме за нашето христијанско растење. Постојано ќе гледаме кон Исуса. Љубовта кон Него ќе ни даде витална сила во сè што правиме. И така со правилна употреба на нашите таланти, можеме да се поврземе со златен ланец со повисокиот свет. Ова е вистинско посветување, зашто посветувањето се состои од радосно извршување на секојдневните должности во совршена послушност на Божјата волја. {ХП 360.2}

Меѓутоа, многу христијани чекаат да им се додели некоја голема работа. И бидејќи не можат да најдат место доволно големо за да ја задоволат својата амбиција, тие не успеваат верно да ги извршат обичните животни должности. Тие им изгледаат неинтересни. Тие од ден на ден ги пропуштаат можностите да ја покажат својата верност кон Бога. И додека чекаат некоја голема работа, животот поминува, нивните цели не се исполнети, нивната работа е неостварена. {ХП 360.3}

Талентите се вратени

„По долго време дојде господарот на тие слуги и побара да му поднесат сметка“. Кога Господ ќе побара сметка од Своите слуги, враќањето на секој талант ќе биде испитано. Извршената работа го открива карактерот на работникот. {ХП 360.4}

Оние што добиле пет или два таланти, на Господа ќе му ги вратат даровите кои им биле доверени заедно со добивката што ја спечалиле. Заслугите нема да си ги припишуваат себеси. Нивно било само она што го добиле; тие оствариле добивка благодарение на средствата што им биле доверени. Тие увидуваат дека ја извршиле само својата должност. Капиталот му припаѓал на Господа; па и добивката е Негова. Кога Спасителот не би им подарил Своја љубов и милост, тие би банкротирале за сета вечност. {ХП 360.5}

Меѓутоа, кога Господарот ги прима талантите, Тој ги фали и ги наградува работниците како сите заслуги да им припаѓаат само ним. Неговото лице е озарено од радост и задоволство. Тој е исполнет со задоволство што може да им подари благослови. Секоја служба и секоја жртва ја наградува не затоа што е должен да го стори тоа, туку затоа што Неговото срце е преплавено со љубов и нежност. {ХП 361.1}

На слугите им кажува: „Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја радоста со својот господар!“ {ХП 361.2}

Бог ја прифаќа само верната и предана служба од љубов. Секој поттик на Светиот Дух кој ги поттикнува луѓето на добрина и кон Бога, е забележан во небесните книги и на денот на Божјиот суд ќе биде пофален секој работник преку кого Тој делувал. {ХП 361.3}

Тие ќе влезат во радоста на својот Господар и ќе учествуваат во неа кога во Неговото царство ќе ги видат оние што се откупени со нивното залагање. Тие ќе имаат привилегија и таму да учествуваат во Неговото дело, бидејќи тие се оспособиле учествувајќи во Неговото дело овде. Она што ќе бидеме во новиот живот не е ништо друго туку одраз на она што го покажуваме во нашиот карактер и во светата служба за Бога.  Зборувајќи за Себе, Христос рекол: „Како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи“ (Матеј 20:28). Тоа било Негово дело на земјата, а тоа е Негово дело и на небото. Нашата награда што сме работеле со Христа во овој свет ќе ни овозможи уште поголема сила и поголема предност да работиме со Него во светот што доаѓа. {ХП 361.4}

„Пристигна и оној што беше зел еден талант и рече: ‘Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел, и собираш каде што не си веел,па се уплашив и отидов, и го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето!’“ {ХП 362.1}

Така луѓето се обидуваат да се оправдаат што ги занемаруваат Божјите дарови. Тие гледаат на Бога како на строг тиран кој се труди да ги пронајде сите нивни грешки и да ги казни. Тие го обвинуваат дека од нив бара нешто што Тој никогаш не им го дал, дека жнее и таму каде што никогаш не сеел. {ХП 362.2}

Мнозина во своите срца го обвинуваат Бога дека е тврд господар затоа што полага право над нивниот имот и на нивна служба. Но, ние не можеме да му дадеме на Бога ништо што веќе не е Негово. Царот Давид рекол: „Но од Тебе е сè, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме“ (1. Летописи 29:14). Сè му припаѓа на Бога, не само со создавањето, туку и со откупот. Сите благослови во овој живот и во животот што доаѓа носат печат на крстот на Голгота. Затоа наполно неосновано и лажно е обвинувањето дека Бог е „тврд“ господар и дека жнее и таму каде што никогаш не сеел. {ХП 362.3}

Господарот не го негира обвинувањето на злобниот слуга, колку и да е неправедно, туку се служи со него за да му докаже дека неговото однесување не може да се оправда. Имало патишта и начини талантот да се искористи и да му донесе добивка на сопственикот. Тој рекол: „Требаше моите пари да им ги дадеш на трговците, па кога ќе дојдам да си го приберам своето со добивка!“ {ХП 362.4}

Нашиот небесен Отец не бара ниту помалку ниту повеќе од она за кое ни дал способност да го направиме. Врз плеќите на Своите слуги Тој не става товари што тие не можат да ги носат. „Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав“ (Псалм 103:14). Сè што Тој бара од нас, ние со Божја благодат можеме да го дадеме. {ХП 362.5}

„Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него“ (Лука 12:48). Ние поединечно ќе бидеме одговорни ако сме сториле само една цртичка помалку од она што сме биле способни да го сториме. Господ со најголема точност ја одмерува секоја можност што ни се укажува да направиме нешто за Него. Неискористените можности ќе се земат во предвид исто како и искористените. Бог ќе нè повика на одговорност за сè што сме можеле да сториме и да станеме преку правилна употреба на нашите таланти. Ќе ни се суди и за она што требало да го сториме, а не сме го сториле, зашто не сме ги искористиле нашите способности да го прославиме Бога. Дури и ако не ја загубиме нашата душа, во вечноста ќе можеме реално да ги согледаме последиците на нашите неискористени таланти. Секое знаење што сме можеле да го стекнеме, а не сме го стекнале, секоја способност што сме можеле да ја развиеме, а не сме ја развиле, на небото ќе се запише како вечна загуба. {ХП 362.6}

Но кога себеси целосно ќе му се предадеме на Бога и кога во нашата работа ги следиме Неговите упатства, Тој ја презема врз Себе одговорноста за нашиот успех. Тој не сака ние да претпоставуваме каков успех ќе постигнат нашите искрени напори. Никогаш не смееме да помислиме на неуспех, зашто соработуваме со Оној кој не знае за неуспех. {ХП 363.1}

Не треба да зборуваме за нашата слабост и неспособност. Со тоа само би покажале дека немаме доверба во Бога, дека ја отфрламе Неговата Реч. Кога мрмориме заради нашите товари или ја одбиваме одговорноста што Бог ни ја дал, ние всушност тврдиме дека Тој е тврд господар, дека од нас бара нешто за што не ни дал доволно сили да го сториме. {ХП 363.2}

Често сме склони однесувањето на мрзливиот слуга да го прогласиме за понизност. Меѓутоа, вистинската понизност изгледа сосема поинаква. Да се биде понизен не значи дека треба да бидеме џуџиња во интелектот, без желба за напредување, дека мораме кукавички да се однесуваме во животот, избегнувајќи ги товарите и одговорностите од страв дека не ќе можеме да ги носиме успешно. Вистинската понизност ги исполнува Божјите намери, потпирајќи се на Негова сила. {ХП 363.3}

Бог работи преку кого сака. Тој понекогаш го избира најскромното орудие за да изврши најголема работа, зашто Неговата сила најдобро се открива преку слабоста на човекот. Ние имаме свои мерила, и според нив едно нешто го прогласуваме за големо, а друго за мало; но Бог не проценува според нашите правила. Ние не треба да претпоставуваме дека она што е големо за нас мора да биде големо и за Бога; или дека она што е мало за нас мора да биде мало и за Него. Не ни е препуштено нам да донесуваме пресуда за нашите таланти или да ја бираме својата работа. Ние треба да ги преземаме товарите што Бог ни ги наменил, носејќи ги заради Него, и во Него ќе најдеме спокојство и мир за својата душа. Без оглед на видот на работата, Бога го славиме со радосната служба од цело срце. Тој е задоволен кога со благодарност ги извршуваме нашите должности, радувајќи се што сме се нашле достојни да бидеме Негови соработници. {ХП 363.4}

Одземање на талантот

Над мрзливиот слуга изречена е пресуда: „Земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти!“ Со овие зборови, како и при наградата на верниот слуга, навестена е не само наградата на конечниот суд, туку и на постепениот процес на враќање уште во овој живот. Како во природниот, така и во духовниот свет, секоја снага која ќе остане неискористена слабее и пропаѓа. Активноста е закон на животот; мрзливоста значи смрт. „А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза“ (1. Коринтјаните 12:7). Кога ќе се употребат на благослов на други, Божјите дарови се умножуваат. Кога ќе се закопаат за да му служат само на сопственикот, тие се намалуваат и конечно се повлекуваат. Оној што ќе одбие да го пренесе она што го добил, на крај ќе утврди дека и нема што да дава. Тој се подложил на процес кој постепено но сигурно ги слабее и конечно ги уништува способностите на неговата душа. {ХП 364.1}

Никој нека не претпоставува дека може да живее себичен живот, а потоа, служејќи им на своите интереси, да влезе во радоста на својот Господар. Тие не можат да учествуваат во радоста на несебичната љубов. Тие не се ниту оспособени да живеат во небесните дворови, ниту воопшто се во состојба да ја ценат атмосферата на љубов која го проткајува целото небо. Гласовите на ангелите и музиката на нивните харфи за таквите не би претставувале никакво задоволство. За нивниот ум, небесната наука би останала вечна загатка. {ХП 364.2}

Во големиот суден ден, оние што не работеле за Христа, кои талкале горе-долу, отфрлајќи ги сите одговорности, мислејќи само на себе и задоволувајќи се само себеси, ќе бидат изведени пред Судијата на сета земја задно со оние што правеле зло. Ќе им биде изречена иста пресуда. {ХП 365.1}

Мнозина што тврдат дека се христијани ги занемаруваат Божјите барања, но сепак не чувствуваат дека во тоа има нешто лошо. Тие знаат дека хулниците, убијците и прељубниците заслужуваат казна; но што се однесува до нив, тие уживаат во верската служба. Тие сакаат да го слушаат проповедањето на евангелието и затоа мислат дека се христијани. Но, затоа што цел живот поминале грижејќи се само за себе, ќе бидат исто толку изненадени колку и неверниот слуга кога ќе ја слушнат пресудата: „Земете го од него талантот!“ Слично на Евреите, и тие се лажат дека имаат право себично да ги уживаат добиените благослови наместо да ги поделат со другите. {ХП 365.2} Мнозина кои се изговараат што не учествуваат во христијанските активности тврдат дека се неспособни за работа. Но, дали Бог ги сторил толку неспособни? Не, никогаш! Оваа неспособност е последица на нивната неактивност, последица на нивниот немарен избор. И уште сега во нивниот карактер се чувствуваат последиците од пресудата: „Земете го од него талантот!“ Тоа трајно запоставување на талантите што ги примиле кај нив го задушило гласот на Светиот Дух кој е единствен извор на светлина. Пресудата: „А лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби!“ само става небесен печат на изборот што тие самите го направиле за вечност. {ХП 365.3}

Сподели го ова:

Слични објави