28. НАГРАДАТА НА МИЛОСТА

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 19:16-30; 20:1-16; Марко 10:17-31; Лука 18:18-30)

Евреите речиси ја изгубиле од вид вистината за Божјата бесплатна милост. Рабините учеле дека Божјата милост мора да се заработи. Тие се надевале дека со сопствените дела ќе ја добијат наградата предвидена за праведните. Затоа и нивното богослужение било проникнато со алчен, трговски дух. Дури и Христовите ученици не биле целосно слободни од тој дух, и Спасителот ја користел секоја можност да им укаже на оваа нивна заблуда. Непосредно пред да ја изнесе параболата за работниците, се случил еден настан кој му дал можност да ги запознае со вистинските начела. {ХП 390.1}

Додека оделе по патот, еден млад началник потрчал кон Него, клекнал и со почит го поздравил и рекол: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ {ХП 390.2}

Началникот му се обратил на Христа само како на угледен рабин, во кого не го препознал Божјиот Син. Спасителот рекол: „Зошто Ме нарекуваш добар? Само Еден е добар!“ Врз основа на што ме нарекуваш добар? Само Бог е добар. Ако ме препознаваш како таков, тогаш мора да ме прифатиш како Негов син и претставник! {ХП 390.3}

Христос додал: „А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите!“ Божјиот карактер е изразен во Неговиот закон, и за да бидеш во хармонија со Бога, начелата на Неговиот закон треба да станат извор на сите твои активности! {ХП 391.1}

Христос не ги намалил барањата на законот. Со недвосмислен јазик, Тој ја претставил послушноста како услов за вечен живот – истиот услов кој се барал од Адама пред неговиот пад. Господ денес нè очекува од човекот ништо помалку отколку што очекувал од него во Едем – совршена послушност, беспрекорна праведност. Барањата на заветот на милоста се исто толку широки како и барањата во Едем, апсолутна хармонија со Божјиот закон, кој е свет, праведен и добар. {ХП 391.2}

На зборовите: „Запазувај ги заповедите!“ младиот човек прашал: „Кои?“ Тој претпоставил дека Христос мисли на некоја церемонијална заповед, но, Христос зборувал за законот даден на Синај. Тој навел неколку заповеди од втората плоча на Декалогот, а потоа сите ги сумирал во заповедта: „Сакај го ближниот свој како себеси!“ {ХП 391.3}

Младиот човек без двоумење одговорил: „Сето тоа сум го запазил уште од детството; што ми е уште потребно?“ Неговото сфаќање за законот било формално и површно. Судејќи според човечки критериум, неговиот карактер бил без мана. И навистина, неговиот надворешен, видлив живот, во голема мера бил без мана; тој навистина мислел дека неговата послушност кон законот е беспрекорна. Сепак, потајно стравувал дека нешто не е во ред меѓу неговата душа и Бога. Тоа го навело да праша: „Што ми е уште потребно?“ {ХП 391.4}

Христос му одговорил: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!  Штом ги чу младиот човек овие зборови, си отиде нажален, бидејќи имаше голем имот”. {ХП 391.5}

Себичноста е престап на законот. Тоа Исус сакал да му го открие на младиот човек, па го ставил на проверка која ќе ја покаже себичноста на неговото срце. Тој му ја покажал слабата точка на неговиот карактер. Младиот човек не сакал никакво натамошно објаснување. Тој негувал идол во своето срце; светот бил негов бог. Тврдел дека ги држи заповедите, но неговиот живот не бил проникнат со духот и суштината на сите заповеди. Немал вистинска љубов кон Бога и кон ближните. Овој недостиг покажува дека тој немал ништо што би можело да го оспособи да влезе во небесното царство. Со својата љубов кон себе и кон световните добивки, тој не бил во хармонија со небесните начела. {ХП 392.1}

Кога овој млад началник дошол кај Исуса, неговата искреност и ревност го освоила срцето на Спасителот. Кај овој млад човек Христос видел човек кој може да послужи како проповедник на правдата. Овој способен и благороден млад човек Христос би го примил исто толку подготвено како што ги примил сиромашните рибари кои го следеле. Ако младичот ги посветил своите способности во служба на спасување на душите, тој можел да стане вреден и успешен работник за Христа. {ХП 392.2}

Но, прво морал да ги исполни условите поврзани со учеништвото. Морал без предрасуди да му се предаде безрезервно на Бога. На повикот на Спасителот, Јован, Петар, Матеј и другите ученици „оставија сè, станаа и тргнаа по Него“ (Лука 5:28). Истата преданост се барала и од младиот владетел. Барајќи го тоа од него, Христос не барал поголема жртва од онаа што Самиот ја направил: „Бидејќи вие ја знаете дарежливоста на нашиот Господ Исус Христос, дека Тој, иако богат, осиромаши заради вас, да се збогатите и вие преку Неговата сиромаштија“ (2. Коринтјаните 8:9). Младичот требало да оди таму каде што ќе го води Христос. {ХП 393.1}

Христос го погледнал младиот човек и копнеел по неговата душа. Копнеел да го прати како гласник да им носи благослови на луѓето. Наместо целокупното негово богатство од кое морал да се откаже, Христос му нудел привилегија да се дружи со Него. Затоа му рекол: „Дојди и врви по Мене!“ Таа предност радосно ја прифатиле Петар, Јаков и Јован. И младичот со восхит го посматрал Исуса. Неговото срце било привлечено кон Спасителот. Но, тој не бил подготвен да го прифати начелото на самопожртвуваност на Спасителот. Наместо Исуса, тој го одбрал своето богатство. Сакал вечен живот, но не сакал да ја прифати во својата душа таа несебична љубов, која е единствениот живот, и со горчливо срце се оддалечил од Христа. {ХП 393.2}

Кога младичот заминал, Исус им рекол на Своите ученици: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно!“ Овие зборови ги зачудиле учениците. Тие биле научени да гледаат на богатите како на небесни миленици. И самите се надевале дека во царството на Месијата ќе добијат световна моќ и богатство, па ако богатите тешко можат да влезат во небесното царство, тогаш каква надеж може да има некој обичен човек? {ХП 393.3}

„Исус им рече на учениците Свои: ‘Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно… полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.’ Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија”. Сега сфатиле дека истата оваа свечена опомена им е упатена ним. Во светлината на зборовите на Спасителот, се обелодениле нивните потајни копнежи за моќ и богатство. Длабоко загрижени за себе, извикале: „Тогаш кој може да се спаси?“ {ХП 394.1}

„Исус, ги погледна и им рече: ‘За луѓето тоа не е можно, но за Бога сè е можно!’“ {ХП 394.2}

Богатиот човек, како таков, не можел да влезе во небото. Неговото богатство не му дава право на наследството на светите во светлината. Само преку Христовата незаслужена благодат секој човек може да најде пристап во Божјиот град. {ХП 394.3}

И на богатите, како и на сиромасите, им се упатени зборовите на Светиот Дух: „Или не знаете дека… не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени“ (1. Коринтјаните 6:19,20). Кога луѓето ќе поверуваат во ова, тогаш сиот свој имот ќе го сметаат за богатство што не е негово, што му е доверено и што мора да се употребува онака како што кажал Бог за спасување на изгубените и за утеха на измачените и сиромасите. За човекот тоа е невозможно, затоа што неговото срце е приврзано за неговото земно богатство. Онаа душа која му служи на мамонот, станува глува за крикот на човечките потреби. Меѓутоа, за Бога сè е можно. Размислувајќи за неспоредливата Христова љубов, и себичното срце може да смекне и да стане кротко. Богатиот може да биде охрабрен, како и фарисејот Савле, да каже: „Затоа, сметам дека и сè друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и сè сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос“ (Филипјаните 3:8). Тогаш (богатите) ништо на земјата нема веќе да го сметаат за свое, туку ќе се радуваат што себеси се сметаат за чувари на сестраната Божја милост и заради Него слуги на сите луѓе. {ХП 394.4}

Петар прв се опоравил од тајното убедување предизвикано од Христовите зборови. Со задоволство размислувал за она од што се откажале тој и неговите браќа заради Христа. „Ете, ние оставивме сè, и по Тебе одиме”. Сеќавајќи се на условеното ветување дадено на младиот владетел: „Ќе имаш богатство на небото!“, тој прашал што ќе добијат тој и неговите другари како награда за нивните жртви. {ХП 395.1}

Одговорот на Спасителот ги трогнал срцата на галилејските рибари. Тој им ги опишал почестите на кои се надевале и сонувале само во своите најсмели соништа: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израелови колена;и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен”. {ХП 395.2}

Меѓутоа, прашањето на Петар: „Што ќе стане, со нас?“ го открива и духот кој ако не се поправи, ќе ги онеспособи учениците да бидат Христови гласници; бидејќи тоа е дух на платеник. Иако биле привлечени од Исусовата љубов, учениците не биле целосно ослободени од фарисејството. Тие и понатаму работеле уверени дека така ќе заслужат награда сразмерна на вложениот труд. Негувале дух на самоизвишување и самозадоволство и се споредувале едни со други. Кога некој од нив би доживеал некаков неуспех, тоа кај другите би родило чувство на надмоќ, свест дека се подобри од него. {ХП 396.1}

За да не ги изгубат од вид начелата на евангелието, Христос на учениците им кажал една парабола илустрирајќи го начинот на кој Бог се однесува кон Своите слуги и духот во кој сака тие да работат за Него. {ХП 396.2}

„Зашто царството небесно“, рекол Тој, „прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да изнајми работници за своето лозје”. Постоел обичај луѓето што барале работа да чекаат на пазарите, и таму работодавците оделе да најдат работници. Човекот во параболата е прикажан како во различно време излегува да најми работници. Работниците што ги најмил во најраните часови се договориле со него да работат за наведената сума; другите, што биле најмени подоцна, му препуштиле на домаќинот сам да им ја одреди надницата. {ХП 396.3}

„А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‘Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите’.И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј.А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј”. {ХП 396.4}

Однесувањето на господарот кон работниците во неговото лозје го претставува Божјото однесување кон припадниците на човечкиот род. Тоа е спротивно на обичаите што преовладувале меѓу луѓето. Во световните работи, платата се дава во зависност од постигнатите резултати. Работникот очекува да биде платен само за направеното. Но, во параболата, Христос ги отсликал начелата на Своето царство – царство што не е од овој свет. Христос не се управува според човечките стандарди. Господ вели: „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта… Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли“ (Исаија 55:8,9). {ХП 396.5}

Во параболата, првите работници се согласиле да работат за одредена сума, па и примиле толку колку што барале, не повеќе. Работниците што биле земени подоцна се потпреле врз ветувањето на господарот: „И што е право ќе добиете!“ Тие покажале доверба во него и не поставувале прашање во врска со платата. Тие верувале во  неговата правда. Биле наградени не според големината на нивната работа, туку според дарежливоста на господарот. {ХП 397.1}

Така и Бог сака да имаме доверба во Оној што ги оправдува безбожните. Неговата награда не се дава според нашите заслуги, туку сообразно со Неговите намери. „Според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Господ“ (Ефесјаните 3:11). „Тој нè спаси, не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост“ (Тит 3:5). На оние што се надеваат на Него Тој „може да изврши изобилно сè што ќе побараме или помислиме“ (Ефесјаните 3:20). {ХП 397.2}

Вредноста на некое дело Бог ја оценува не според големината на сработената работа или според видливите резултати, туку според духот со кој се раководиме во работата. Оние што дошле во лозјето во единаесет часот биле благодарни што имале можност да работат. Нивните срца биле полни со благодарност кон оној што ги примил; и кога, на крајот на денот, домаќинот им ја исплатил дневницата за цел работен ден, тие биле мошне изненадени. Знаеле дека не заслужуваат таква плата. Љубезноста што се видела на лицето на нивниот работодавец ги исполнила со радост. Никогаш не ја заборавиле добрината на господарот и дарежливата награда што ја примиле. Така ќе биде и со грешниците кои ќе влезат во лозјето на својот Господар во единаесеттиот час, свесни за својата недостојност. Нивното време во службата изгледало толку кратко што чувствувале дека не заслужуваат награда; но тие биле исполнети со радост што Бог воопшто ги прифатил. Тие работат со понизен дух, полн со доверба, благодарни за привилегијата да соработуваат со Христа. Таквиот дух Бог со задоволство го прифаќа и почитува. {ХП 397.3}

Господ сака да Му веруваме и да не поставуваме прашања за големината на Неговата награда. Кога Христос престојува во душата, мислата за награда не е на дневен ред. Ова не е мотивот што го поттикнува човекот на работа. Секако, во извесна смисла треба да ја цениме висината на ветената награда. Бог сака да ги цениме благословите што ги ветил. Меѓутоа, Тој не сака да бидеме нетрпеливи за наградите, ниту да чувствуваме дека треба да бидеме наградени за секоја обврска. Не треба на прво место да ни биде наградата. Независно од тоа дали ќе примиме награда, ние мораме да го сториме она што е правилно. Љубовта кон Бога и кон ближните треба да биде нашиот мотив. {ХП 398.1}

Оваа парабола не ги оправдува оние што први го слушнале повикот за работа, но пропуштиле да влезат во Господовото лозје. Кога домаќинот отишол на пазар во единаесеттиот час и нашол невработени мажи, тој рекол: „Зошто стоите тука цел ден без работа?“ Одговорот бил: „Никој не нè повика!“ Ниту еден од оние што биле повикани во единаесет часот не бил на пазарот тоа утро. Значи, тие не го одбиле повикот. Оние што ќе го одбијат и подоцна ќе се покаат, добро прават што се каат; но не е сигурно да се играме со првиот повик на милост. {ХП 399.1}

Кога сите работници во лозјето „добија по денариј“, оние што работеле од рано утро биле навредени. Зарем тие не работеа дванаесет часа, помислиле тие? Зар не би било право да добијат повеќе од оние што работеле само еден час и тоа во поладниот ден од денот? И велеа: „Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата!“ {ХП 399.2}

Домаќинот му одговорил на еден од нив: „Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј?Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе;зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?“ {ХП 399.3}

„Така ќе бидат последните први, а првите – последни; (зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани)!“ {ХП 399.4}

Првите работници во параболата се оние кои, затоа што учествувале во работата, сметале дека треба да уживаат предност пред другите. Тие тргнуваат на работа уверени дека самите се заслужни за постигнатите успеси и не се подготвени на самооткажување и жртва. Тие можеби ветиле дека ќе му служат на Бога во текот на целиот свој живот; можеби тие први поднесувале тешкотии, откажувања и неволји, па затоа сметаат дека имаат право на поголема награда. Всушност, тие повеќе мислат на наградата отколку на привилегијата да бидат слуги на Христос. Според нив, нивната работа и пожртвуваноста им даваат право да очекуваат поголема чест од другите, а кога нивните очекувања не се исполнуваат, тие се навредени. Кога во својата работа би внесувале дух на љубов и доверба, тие ќе продолжат да бидат први; но, нивната склоност кон кавги и препирања и нивното нехристијанско однесување покажуваат дека тие не се достојни за награда. Тоа ја открива нивната желба за самоистакнување, нивната недоверба во Бога, нивниот љубоморен, незадоволен дух кон своите браќа. Господовата љубезност и Неговата дарежливост за нив е само причина за мрморење. На овој начин тие покажуваат дека нивната душа воопшто не е поврзана со Бога и дека не ја запознале ниту радоста која на вистинските Христови работници им ја донесува соработката со Учителот. {ХП 399.5}

На Господа ништо не му е толку одвратно колку тој тесноград, самољубив дух. Бог не може да соработува со никого кој покажува такви особини. Тие луѓе се нечувствителни за влијанието на Светиот Дух. {ХП 400.1}

Евреите први биле повикани во лозјето Господово и затоа биле горди и самозадоволни. Бидејќи долги години поминале во Божја служба, сметале дека тоа им дава право да добијат поголема награда од другите. Ништо не ги иритирало повеќе од навестувањето дека во поглед на Божјата милост и на незнабошците ќе им бидат дадени истите права и привилегии како и ним. {ХП 400.2}

Христос ги предупредил учениците кои први биле повикани да го следат, да не се негува истото зло меѓу нив. Тој видел дека духот на самоправедноста ќе биде слабост и проклетство за црквата. Луѓето би помислиле дека со свои заслуги ќе можат да заработат место во небесното царство; дека Господ ќе им дојде на помош дури откако самите ќе постигнат одреден напредок. На тој начин во христијанството би имало многу човечко, а малку Исусово. Мнозина што направиле мал напредок ќе се возгордеат и ќе мислат дека се подобри во однос на другите, очекувајќи другите да им ласкаат или ќе бидат навредени ако не ги признаат за најдобри. Христос се обидел Своите ученици да ги заштити од таа опасност. {ХП 400.3}

Нема место за никаква фалба со нашите заслуги. „Мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое.А кој се фали, нека се фали со тоа дека Ме разбира Мене и дека знае дека Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; зашто само овие работи Ми се угодни, вели Господ“ (Еремија 9:23,24). {ХП 401.1}

Награда не се добива заради делата, за да не може никој да се пофали; туку е целосно од милост. „А што би можеле да кажеме дека добил нашиот прататко по тело Авраам?Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога.Впрочем што вели Писмото? – ‘Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност’.На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг.Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува безбожникот, верата му се смета за праведност“ (Римјаните 4:1-5). Според тоа, нема никаква причина некој да се издигнува над другите или да мрмори против друг. Никој не добил поголеми привилегии од другите ниту пак некој може да бара награда како некое свое право. {ХП 401.2}

И првиот и последниот треба да учествуваат во големата, вечна награда. А првиот треба со радост да го поздрави последниот. Оној што негодува заради наградата на друг, заборава дека и самиот е спасен само со милост. Параболата за работниците осудува секоја завист и секој сомнеж. Љубовта се радува на вистината и не прави никакви завидни споредби. Оној кој поседува љубов, својот несовршен карактер го споредува единствено со Христовата убавина. {ХП 402.1}

Оваа парабола е предупредување за сите работници, без оглед колку веќе долго работат и колкави се нивните работни успеси. Без љубов кон своите браќа, без понизност пред Бога, тие не се ништо. Нема религија во востоличување на себеси. Оној, чијашто животна цел е да се прослави себеси, набргу ќе утврди дека му недостигаат токму оние особини кои единствено можат да придонесат да стане успешен во Христовата служба. Секогаш кога се попушта пред гордоста и самозадоволствата, делото трпи. {ХП 402.2}

Не должината на времето што сме го поминале на работа, туку нашата подготвеност и верност во работата го прават тоа прифатливо за Бога. Во секоја наша служба се бара целосна посветеност. И најмалата должност, извршена искрено и несебично, многу му е попријатна на Бога од најголемата работа што е обележана со себичност. Бог гледа колку ние го негуваме Христовиот дух и во колкава мера во својата работа покажуваме сличност со Христа. Тој повеќе гледа на љубовта и верноста со која работиме отколку на количината на работата што ќе ја извршиме. {ХП 402.3}

Само кога себичноста ќе умре, кога ќе прекине борбата за превласт, кога срцето ќе се исполни со благодарност, кога љубовта ќе го разубави животот – само тогаш Христос престојува во душата и ние ќе бидеме признати како Божји соработници. {ХП 402.4}

Независно од тежината на работата, вистинските работници не ја сметаат за тешка. Тие се подготвени да се потрошат и да бидат потрошени; всушност, работата им создава радост, тие ја извршуваат со весело срце. Радоста во Бога се изразува преку Исуса Христа. Таа е истата онаа радост која Му причинувала радост и на Христа: „Да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34). Тие соработуваат со Господарот на славата. Оваа мисла ги засладува сите напори, ја зајакнува волјата, го подготвува духот за сè што може да им случи. Работејќи со несебично срце, облагородени со тоа што се учесници во Христовите страдања, проникнати со Неговите склоности и соработувајќи со Него во Неговата работа, тие помагаат Неговата радост да прерасне во вистинска плима и Му оддаваат чест и слава на Неговото возвишено име. {ХП 402.5}

Со таков дух треба да биде проникната секоја вистинска служба за Бога. Заради недостаток на таков дух, мнозина кои изгледаат дека се први ќе станат последни, додека оние што го поседуваат, иако ги сметаат за последни, ќе станат први. {ХП 403.1}

Постојат многу луѓе кои се предале на Христа, но сепак не им се укажала можност да направат некое големо дело или да направат големи жртви во Неговата служба. Тие можат да најдат утеха во помислата дека не е нужно некој да претрпи маченичка смрт за да биде голем во Божјите очи; не мора некој да стане мисионер и секој ден да се соочува со опасност и смрт, за во небесните книги да биде забележан како најголем. Христијанинот кој е таков во својот личен живот, во својата секојдневна посветеност, во искреноста на своите намери и чистота на мислите, во својата кротост кога е изложен на провокации, во својата вера и побожност, во својата верност, кој во својот дом го претставува Христовиот карактер – таквиот во Божјите очи може да биде подрагоцен дури и од светски познат мисионер или маченик. {ХП 403.2}  

О, колку се различни стандардите според кои Бог и луѓето го мерат карактерот! Бог ја гледа борбата против искушенијата за кои светот, па дури и најблиските пријатели никогаш не знаат – искушенија во домот, во срцето. Тој ја гледа понизноста на душата кога таа ќе се соочи со своите слабости; искрено покајание дури и за лоша мисла. Тој ја гледа искрената посветеност во Божјата служба. Тој ги забележува часовите поминати во тешка борба со самиот себеси, борба во која извојувал победа. Бог и ангелите го знаат сето тоа. Пред Него е напишана книга на спомени за оние што се бојат од Господ и што мислат на Неговото име. {ХП 403.3}

Тајната на успехот не е во нашето образование, ниту во нашата положба, ниту во бројот на луѓе или талантите што ни се доверени, ниту во човечката волја. Чувствувајќи ја нашата неефикасност, ние мора да размислуваме за Христа, и преку Него, кој е извор на секоја сила и на секоја добра мисла, ние ќе бидеме послушни и подготвени да извојуваме победа по победа. {ХП 404.1} Колку и да е краткотрајна нашата служба, колку и да е скромна нашата работа, ако го следиме Христа со едноставна вера, нема да се разочараме од наградата. Она што дури и најголемите и најмудрите не можат да го заслужат, можат да го добијат најслабите и најскромните. Златната небесна порта не се отвора пред оние што самите себеси се извишуваат, ниту пред оние со горделив дух. Но, вечните порти ширум ќе се отворат на треперливиот допир на малото дете. Блажена ќе биде наградата на милоста за оние што работеле за Господа во едноставноста на верата и љубовта. {ХП 404.2}

Сподели го ова:

Слични објави