22. ЗБОРОВИ И ДЕЛА

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 21:23-32)

„Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ‘Сине, оди денес да работиш во моето лозје!’ Тој одговори и рече: ‘Не сакам!’ но потоа се покаја и отиде.  Дојде и кај вториот, и му го рече истото. Тој одговори и рече: ‘Ќе отидам, господаре.’ Но не отиде.Кој од двајцата ја исполни татковата волја? Му одговорија: ‘Првиот!’“ {ХП 272.1}

Во проповедта на гората Христос рекол: „Не секој што Ми вели: ‘Господи, Господи’, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Матеј 7:21). Искреноста не се проверува со зборови, туку со дела. Христос на никого не му рекол: Што си кажал повеќе од другите? туку „што особено правите?“ (Матеј 5:47). Полни со значење се Неговите зборови: „Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате“ (Јован 13:17). Зборовите немаат никаква вредност освен ако не се придружувани од соодветни дела. Ова е поуката што можеме да ја извлечеме од параболата за двата сина. {ХП 272.2}

Оваа парабола Христос ја кажал при Својата последна посета во Ерусалим, непосредно пред Својата смрт. Тогаш ги избркал купувачите и продавачите од храмот. Неговиот глас им зборувал на нивните срца со Божја сила. Зачудени и преплашени, тие ја послушале Неговата заповед без изговор и отпор. {ХП 272.3}

Кога нивниот страв малку стивнал, свештениците и старешините се вратиле во храмот и го нашле Исуса како лекува болни и луѓе што умирале. Се слушале радосни извици и пофални песни. Во храмот децата на кои Исус им го вратил здравјето мавтале со палмови гранчиња и пееле: „Осана на Синот Давидов!“ Значи, и гласовите на најмалите му упатувале благодарност на моќниот Исцелител. Сепак, за свештениците и старешините сето тоа не било доволно да ги совладаат своите предрасуди и љубомората. {ХП 273.1}

Следниот ден, додека Исус поучувал во храмот, „му пристапија првосвештениците и народните старешини, велејќи: ‘Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?’“ {ХП 273.2}

Свештениците и старешините имале несоборливи докази за Христовата сила. При Неговото чистење на храмот на Неговото лице блескал небесен авторитет. Тие не можеле да и одолеат на силата со која Тој зборувал. Тука со Своите прекрасни исцелувања повторно одговорил на нивното прашање. Им дал несоборливи докази за Својот авторитет. Но тоа не биле доказите што ги барале тие. Свештениците и старешините топло сакале Исус да се прогласи за Месија за да можат да ги злоупотребат Неговите зборови и да го кренат народот против Него. Сакале да го уништат Неговото влијание и да го убијат. {ХП 273.3}

Исус знаел дека тие нема да поверуваат ако им посведочи дека Тој е Христос (Месија), зашто уште не се во состојба да го препознаат во Него Бога и во Неговите дела да видат докази за Неговиот божествен карактер. Затоа на нивното прашање одговорил поинаку од нивните очекувања, со што товарот, осудата, ја префрлил врз нив. „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам тоа.Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?“ {ХП 273.4}

Свештениците и старешините биле збунети. „А тие размислуваа меѓу себе и велеа: Ако кажеме – од небото, ќе ни рече: ‘Па зошто не му поверувавте?’ А ако речеме: – од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јован за пророк.И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: ‘Не знаеме.’ А Тој им рече: ‘Ни Јас не ви кажувам со каква власт го правам тоа’”. {ХП 274.1}

„Не знаеме!“ Овој одговор бил лага. Но, свештениците ја виделе положбата во која се наоѓале, па прибегнале кон лага за да се заштитат себеси. Јован Крстител дошол да посведочи за Оној чијшто авторитет сега го доведувале во прашање. Јован укажувајќи на Христа, рекол: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1:29). Тој го крстил и по крштавањето, додека Христос се молел, небото се отворило, и Божјиот Дух во вид на гулаб слегол врз Него, и од небото се слушнал глас кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Матеј 3:17). {ХП 274.2}

Сеќавајќи се како Јован ги повторил пророштвата во врска со Месијата и сеќавајќи се на сцената при Исусовото крштавање, свештениците и старешините не можеле да се осмелат да кажат дека Јовановото крштавање не е од небото. Ако признале дека Јован е пророк, како впрочем и што верувале, како да го негираат неговото сведоштво дека Исус од Назарет бил Божји Син? А не можеле да кажат ниту дека Јовановото крштавање е од луѓето, заради народот, кој верувал дека Јован е пророк. Затоа изјавиле: „Не знаеме!“ {ХП 274.3}

И тогаш Исус им ја дал параболата за таткото и двата сина. Кога таткото отишол кај првиот син, велејќи му: „Сине, оди денес да работиш во моето лозје!“ синот веднаш одговорил: „Не сакам!“ Тој одбил да се покори и се предал на лош живот со лошо друштво. Сепак, подоцна се покајал и го послушал повикот. {ХП 274.4}

Таткото отишол кај вториот син со истата заповед: „Сине, оди денес да работиш во моето лозје!“ Овој син одговорил: „Ќе отидам, господаре!“ но не отиде. {ХП 275.1}

Во оваа парабола таткото го претставува Бога, а лозјето црквата. Од страна на двата сина се претставени две класи на луѓе. Синот, кој одбил да ја послуша заповедта, велејќи: „Не сакам!“ ги претставува оние што живеат во отворен престап, кои не тврдат дека се побожни верници, туку отворено одбиваа да го прифатат јаремот на ограничувањата и на послушноста што Божјиот закон го наметнува. Но, мнозина од нив потоа се покајале и го послушале Божјиот повик. Кога им било објавено евангелието преку пораката на Јована Крстител: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“, тие се покајале и ги признале своите гревови (Матеј 3:2). {ХП 275.2}

Преку синот кој рекол: „Ќе отидам господаре“, но не отишол, прикажан е карактерот на фарисеите. Како и овој син, еврејските водачи биле непогодни и самостојни. На тој начин верскиот живот на еврејската нација станал преправање. Кога законот бил објавен на гората Синај, целиот народ се обврзал на послушност. Тие кажале: „Ќе отидам, господаре!“ но не отишле. Кога Христос лично дошол да ги истакне начелата на законот, тие го отфрлиле. На еврејските водачи на своето време Христос им дал изобилство докази за Својот авторитет и за божествената сила, но, иако биле осведочени, тие не ги прифатиле доказите. Христос им покажал дека упорно одбиваат да веруваат само затоа што го немаат духот кој води кон послушност. Тој им рекол: „Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание… Но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби“ (Матеј 15:6,9). {ХП 276.1}

Меѓу Христовите слушатели имало книжници и фарисеи, свештеници и владетели, и откако им ја дал параболата за двата сина, Христос им се обратил на Своите слушатели со прашањето: „Кој од двајцата ја исполни татковата волја?“ Заборавајќи се себеси, фарисеите одговориле: „Првиот!“ Така кажале бидејќи не сфатиле дека со тоа си изрекуваат пресуда против себе. И тогаш од Исусовите усни се слушнала пресудата: „Вистина ви велам дека цариниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо:зашто дојде кај вас Јован по патот на праведноста и вие не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се предомисливте отпосле за да му поверувате”. {ХП 276.2}

Јован Крстител дошол проповедајќи ја вистината и преку неговото проповедање грешниците се осведочиле и се преобратиле. Тие биле подостојни да влезат во небесното царство од оние кои, уверени во својата самоправедност, одбиле да ја прифатат свечената опомена. Цариниците и блудниците живееле во незнаење, додека овие учени луѓе го знаеле патот на вистината. Сепак, одбиле да одат по патот што води во Божјиот рај. Вистината што можела да им биде животен мирис за живот им станала мирис за смрт. Отворените грешници, кои се мразеле себеси, го прифатиле крштевањето што го вршел Јован; но овие учители биле лицемери. Нивните тврди срца биле пречка да ја примат вистината. Тие се спротивставиле на убедувањето на Божјиот Дух. Тие одбиле да се покоруваат на Божјите заповеди. {ХП 277.1}

Христос не им рекол: Вие не можете да влезете во царството небесно! туку им покажал дека самите себеси си станале пречка да влезат. Вратата сè уште била отворена за овие еврејски водачи; повикот и натаму се слушал. Христос копнеел да му дозволат да ги осведочи и да ги преобрати. {ХП 277.2}

Свештениците и старешините на Израел својот живот го поминале во верски церемонии, кои ги сметале за премногу свети за да бидат поврзани со световната деловна активност. Затоа нивните животи требало да бидат посветени на религијата. Меѓутоа, тие своите церемонии ги извршувале видливо пред очите на луѓето само затоа светот да ги смета за побожни и посветени. Иако тврделе дека се покоруваат, тие одбиле да му бидат послушни на Бога. Тие не ја применувале вистината за која тврделе дека ја поучуваат. {ХП 278.1}

Христос го прогласил Јован Крстителот за еден од најголемите пророци и на Своите слушатели им покажал дека имаат доволно докази да веруваат дека Јован бил гласник од Бога. Зборовите на овој проповедник во пустината навистина биле моќни. Тој ја изнесувал својата порака непоколебливо, прекорувајќи ги гревовите на свештениците и владетелите и барал од нив да имаат дела достојни за царството небесно. Тој им укажал дека грешат кога не го почитуваат авторитетот на својот небесен Отец, зашто одбиваат да го извршат делото што им го одредил. Јован не правел никакви компромиси со гревот, и мнозина биле оттргнати од нивната неправедност. {ХП 278.2}

Кога верата што ја исповедале овие еврејски поглавари би била искрена, тие би поверувале во сведоштвото на Јован и би го прифатиле Исуса како Месија. Но тие не покажале плодови на покајание и правда. Затоа и се случило токму оние што тие ги презирале пред нив да влезат во Божјото царство. {ХП 278.3}

Во параболата синот кој рекол: „Ќе отидам господаре!“ се претставил себеси како верен и послушен, но времето покажало дека неговиот исказ не бил веродостоен. Тој немал вистинска љубов кон својот татко. Исто така и фарисеите се гордееле со својата светост, но кога биле ставени на проверка, било откриено дека се лесни. Секогаш кога имале интерес, барањата на законот ги сфаќале мошне строго; но, кога и од самите нив се барала послушност, тогаш со лукаво срочени изговори ги обессилувале Божјите прописи. За нив Христос изјавил: „Сè што ќе ви кажат пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат“ (Матеј 23:3). Тие немале вистинска љубов кон Бога ниту кон луѓето. Бог ги повикал да соработуваат со Него во благослов на светот. Но, иако со збор го прифатиле повикот, на дело тие одбиле послушност. Се потпирале врз себе и се гордееле со својата добрина, но всушност им пркоселе на Божјите заповеди. Одбиле да ја извршат работата што им ја определил Бог и токму заради нивниот престап Господ се подготвувал да раскине со тој непослушен народ. {ХП 278.4}

Самоправедноста втемелена врз делата всушност и не е праведност, и оние што се потпираат на неа ќе мораат да ги сносат последиците од фаталната измама. Денес мнозина тврдат дека ги почитуваат Божјите заповеди, но немаат љубов кон Бога во своите срца за да се излева врз другите. Христос ги повикува да се соединат со Него во Неговото дело за спасување на светот, но тие се задоволуваат со зборовите: „Ќе отидам господаре!“ Но, тие не одат! Тие не соработуваат со оние што ја вршат Божјата служба. Тие се безделничари. Слично на неверниот син, му даваат лажни ветувања на Бога. Кога пристапиле кон црквата и дале свечен завет, тие се обврзале дека ќе ја прифатат и ќе ја слушаат Божјата реч, дека себеси ќе се предадат во Божјата служба, но тие не го прават тоа. Со зборови тврдат дека се синови Божји, но во животот и карактерот го отфрлаат тој однос. Тие не му ја предаваат волјата на Бога. Живеат во лага. {ХП 279.1}

Своето ветување за послушност привидно го исполнуваат кога тоа не бара од нив никаква жртва; но кога се бара самоодрекување и пожртвуваност, кога ќе видат дека крстот треба да се подигне, тогаш се повлекуваат назад. И така полека се губи свеста за должноста и свесното престапување на Божјите заповеди преминува во навика. Можеби со ушите сè уште ја слушаат Божјата реч, но немаат веќе духовна способност да ја сфатат. Срцето се стврднува, совеста отапува. {ХП 279.2}

Немојте да мислите дека затоа што не покажувате решително непријателство кон Христа вие му служите. Со тоа само ги залажуваме сопствените души. Задржувајќи го она што Бог ни го дал да го користиме во нашата служба, без оглед дали се работи за времето или за средствата, или за кој и да е друг доверен дар, ние всушност работиме против Него. {ХП 279.3}

Сатаната ја користи рамнодушноста и слепата немарност на божемните христијани за да ги зајакне своите сили и да придобие души на своја страна. Мнозина кои мислат дека иако не прават ништо за Христа, сепак се на Негова страна, му овозможуваат на непријателот да го освои теренот и со тоа да се здобие со предност. Со нивниот неуспех да бидат вредни работници за Господарот, оставајќи ги неизвршени доверените должности и со своето молчење, тие му дозволуваат на сатаната да добие контрола врз душите кои можеби биле придобиени за Христа. {ХП 280.1}

Никогаш не можеме да се спасиме ако сме немарни и неактивни. Еден вистински преобратен човек не може да живее празен и бескорисен живот. Никој од нас не може да бара некој друг да го однесе на небото. За мрзливците таму нема место. Ако не се трудиме искрено да влеземе во небесното царство, ако не вложиме сериозни напори да научиме од што се сочинети Неговите закони, нема да се оспособиме да бидеме во него. Оние што одбиваат да соработуваат со Бога на земјата, нема да соработуваат со Него ниту на небото. Затоа не би било ниту безбедно да бидат примени на небото. {ХП 280.2}

Повеќе надеж има за цариниците и за грешниците отколку за оние што ја знаат Божјата реч, а одбиваат да ја послушаат. Оној што се гледа себеси како грешник, чиишто гревови не може ништо да ги скрие, кој знае дека пред Бога е откриена сета расипаност на неговата душа, тело и дух, станува вознемирен да не биде вечно разделен од небесното царство. Тој увидува дека е духовно болен и затоа лек бара од големиот Лекар кој рекол: „Кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор“ (Јован 6:37). Овие души Бог може да ги употреби како работници во Своето лозје. {ХП 280.3}

Синот, кој привремено одбил да се покорува на заповедта на својот татко не бил осуден од Христос, ниту пак пофален. И оние кои постапуваат слично на првиот син одбивајќи послушност, не заслужуваат пофалба за таквото однесување. Нивната искреност не треба да се смета за доблест. Светоста и побожноста луѓето ги оспособуваат смело да сведочат за Христа, но користена од грешникот, тогаш искреноста станува навредлива и дрска, слична на богохулство. Фактот дека човекот не е лицемер, не го прави ниту малку помал грешник. Кога до нашето срце ќе допре повикот на Светиот Дух, нашата единствена сигурност е веднаш да одговориме. Кога ќе го слушнете повикот: „Оди денес да работиш во моето лозје!“ не одбивајте го повикот. „Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши“ (Евреите 4:7). Не е безбедно да се одложи послушноста. Можеби повеќе нема да го слушнете повикот. {ХП 280.4}

Никој нека не се лаже дека гревовите негувани некое време можат лесно да се отфрлат. Не е така! Секој негуван грев го ослабува карактерот и ја зајакнува навиката, оставајќи зад себе телесна, ментална и морална расипаност како последица. Вие можете да се покаете за злото што сте го сториле, и да тргнете по вистинскиот пат, но вашиот вообличен ум и познавањето на злото ќе ви отежнат да разликувате добро од зло. Преку формирани лоши навики, сатаната ќе ве напаѓа одново и одново. {ХП 281.1}

Со заповедта: „Оди денес да работиш во моето лозје!“ искреноста на секоја душа е ставена на проверка. Дали ќе има дела, како и зборови? Дали повиканите ќе го искористат целото знаење што го имаат, работејќи верно, за Сопственикот на лозјето? {ХП 281.2}

Апостол Петар нè запознава со планот на кој мораме да работиме. Тој вели: „Благодатта и мирот со познавањето на Бог и Христос Исус, нашиот Господ, да ви се умножат.Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што е потребно за животот и побожноста, а преку познанието на Оној Кој нè повика со Својата слава и совршенство,преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет (2. Петрово 1:2-4). {ХП 281.3}

„Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење,кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност,кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов“ (2. Петрово 1:5-7). {ХП 282.1}

Ако верно го обработувате лозјето на својата душа, Бог ќе ве прифати како Свои соработници и вие ќе морате да извршите дело не само за себе, туку и за другите. Претставувајќи ја црквата како лозје, Христос не учи дека ние нашата љубов и нашите напори мора да ги ограничиме само на припадниците на нашите редови. Господовото лозје треба да се прошири. Бог сака тоа да ги опфати сите делови на светот. Благодарение на Божјата милост, штом ќе примиме поуки за тоа како се негуваат овие драгоцени билки, должни сме ова знаење да го поделиме со другите. Така ние можеме да го прошириме Божјото лозје. Бог сака да види докази за нашата вера, љубов и трпеливост. Тој сака да се увери дека сме ги искористиле сите свои духовни предности за да станеме вешти работници во Неговото лозје на земјата, за да можеме да влеземе во Божјиот рај, во оној едемски дом, од кој биле исклучени Адам и Ева поради престапот. {ХП 282.2}

Бог кон Својот народ се однесува како татко и како татко има право на наша верна служба. Разгледајте го Христовиот живот. Стоејќи на чело на човештвото, служејќи му на својот Отец, Тој претставува пример за она што треба и што може да биде секој син. Истата послушност што ја покажал Христос кон Отецот се бара денеска од секое човечко суштество. Тој му служел на својот Отец од љубов, доброволно и со радост. Самиот Тој изјавил: „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое“ (Псалм 40:8). Христос ниту една жртва не сметал дека е премногу голема, ниту еден напор премногу тежок за да го изврши делото што дошол да го изврши. На дванаесетгодишна возраст Тој рекол: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она коешто е на Мојот Татко?“ (Лука 2:49). Тој го слушнал повикот и ја прифатил работата. Изјавил: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34). {ХП 282.3}

Така и ние треба да му служиме на Бога. Нему му служи само оној што ќе ги постигне највисоките мерила на послушноста. Сите што сакаат да станат Божји синови и ќерки мора да се докажат како соработници на Бога, на Христа и на Неговите ангели. Ова е проверка низ која мора да помине секоја душа. За оние кои верно Му служат, Господ вели: „Тие ќе бидат Мои… во оној ден, што го готвам, и ќе бидам милостив кон нив како што татко е милостив кон синот свој, кој му служи“ (Малахија 3:17). {ХП 283.1}

Исполнувајќи ги Своите намери, Бог има голема цел да ги провери луѓето, да им даде можност да развијат карактер. На тој начин Тој сака да утврди дали тие се послушни или непослушни на Неговите заповеди. Добрите дела не ја купуваат Божјата љубов; но откриваат дека ние ја поседуваме таа љубов. Ако му ја предадеме волјата на Бога, тоа не е обид со дела да ја заслужиме Божјата љубов? Неговата љубов душата ја добива како Негов безусловен дар и од љубов кон Него ние со радост ќе ги извршуваме Неговите заповеди. {ХП 283.2} Денес во светот постојат само две класи на луѓе и само две класи ќе бидат признати на судот – оние што го кршат Божјиот закон и оние што му се покоруваат. Христос дава тест кој ќе ја докаже нашата лојалност или нелојалност. Тој рекол: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди… Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам… Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме испрати”. „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 14:15-24; 15:10). {ХП 283.3}

Сподели го ова:

Слични објави