6. ДРУГИ ПОУКИ ОД СЕЕЊЕТО НА СЕМЕТО

Сподели го ова:

Од работата на сеидбата на семето и растот на билката од семето, можат да се одржат скапоцени поуки во семејството и во училиштето. Дозволете им на децата и младите да научат да ги препознаваат во процесите во природата делувањето на божествените сили и тие ќе можат со вера да ги сфатат невидливите придобивки. Кога ќе сфатат дека Бог на прекрасен начин ги задоволува потребите на Своето големо семејство и како ние треба да соработуваме со Него, тие ќе имаат поголема доверба во Бога и ќе имаат појасна претстава за Божјата сила во нивниот секојдневен живот. {ХП 80.1}

Бог го создал семето, како што ја создал и земјата, со Својот збор. Со Својот збор Тој му дал сила да расте и да се размножува. Тој рекол: „Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, плодоносни дрвја  кои во себе имаат семе (според својот род и вид)! И стана така… И Бог виде дека тоа е добро“ (Создавање 1:11.12). Тоа е тој збор што и денес предизвикува раст на семето. Секое семе, чијшто ‘ртулец под дејство на сонцето се развива во зелен изданок, ја објавува чудотворната сила на зборот што го изговорил Оној кој „рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа“ (Псалм 33:9). {ХП 80.2}

Христос Своите ученици ги научил да се молат: „Лебот наш насушен дај ни го денес!“ Покажувајќи кон цвеќето, им дал уверување: „Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе стори за вас, маловерни?“ (Матеј 6:11,30). Христос постојано работи за да одговори на оваа молитва и да го утврди ова уверување. Постои една невидлива сила која постојано работи како слуга на човекот да го нахрани и да го облече. Нашиот Господ употребува многубројни средства за навидум отфрленото семе да прерасне во жива билка. И Тој во правилен меѓусебен однос ја снабдува со сè што е неопходно за совршена жетва. Оваа вистина со прекрасни зборови псалмистот ја искажал вака: {ХП 81.1}

„Ти ја посетуваш Земјата, ја напојуваш,

ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода;

си им приготвил храна на луѓето,

бидејќи така си ја подготвил:

ги напојуваш браздите нејзини,

и ги порамнуваш грутките нејзини

и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови;

ја овенчуваш годината со Твојата добрина

и колите Твои полни се со плодови.

Се појавуваат пасишта по пустините

и ритчињата се исполнуваат со радост“ (Псалм 65:9-11) {ХП 81.2}

Материјалниот свет се наоѓа под Божја управа. Природата им се покорува на природните закони. Сè во неа ја изговара и ја слуша волјата на Творецот. Облаците и сонцето, росата и дождот, ветерот и бурата, сите се под Божја контрола и безрезервно се покорува на Неговите заповеди. Покорувајќи им се на Божјите закони, никулецот од земјата избива и донесува „најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот“ (Марко 4:28). Сето тоа Бог го прави во соодветно време затоа што природните појави не се спротивставуваат на Неговото дејствување. Може ли, тогаш, човекот, создаден според Божјиот лик, надарен со ум и говор, да биде единственото суштество кое не ги цени Неговите дарови, единствено кое не и се покорува на Неговата волја? Дали само разумните суштества предизвикуваат хаос во нашиот свет? {ХП 81.3}

Во секоја област од животот, во сè што му е доверено на човекот, успех се постигнува со заемно содејство меѓу божествениот и човечкиот напор. Не може да има жетва ако човечката рака не учествува во сеидбата на семето. Меѓутоа, без придонесот што го дава Бог во вид на сончева светлина и дожд, роса и облаци, нема да има раст. Така е тоа во секоја деловна активност, во секоја област на науката и образованието. Така е тоа и во духовните работи, во формирањето на карактерот и во секоја гранка од христијанската активност. Ние мора да го извршиме својот дел, но со нас мора да се обедини божествената сила, во спротивно сите наши напори ќе бидат залудни. {ХП 82.1}

Секогаш, кога човекот ќе постигне нешто, на духовно или на световно подрачје, тој мора да има на ум дека тоа го постигнал соработувајќи со својот Творец. Наша голема потреба е да ја сфатиме нашата зависност од Бога. Премногу голема доверба му укажуваме на човекот и премногу се потпираме на човечките пронајдоци. Од друга страна, многу малку доверба имаме во силата што Бог е подготвен да ја даде. „Ние сме Му соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:9). Занемарлив е уделот што го има човечкото орудие; но, ако се поврзе со Христовото божество, тоа може да стори сè со силата што му ја дава Христос. {ХП 82.2}

Постепениот развој на билката од семе е предмет на поука во обука на децата.  „Најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот“. Оној кој ја дал оваа парабола, го создал и малото семе, му ги всадил неговите животодавни својства и ги одредил законите што управуваат со неговиот раст. Вистините што ги учи оваа парабола станале жива стварност во Неговиот живот. И во Својата физичка и во Својата духовна природа, Тој го следел божествениот редослед на растењето прикажан со билката, и сака истото тоа да го прават и сите млади. Иако бил небесно Величество, Цар на славата, Тој се родил како бебе во Витлеем и извесно време претставувал беспомошно новороденче ставено на грижа на својата мајка. Во Своето детство дејствувал како послушно дете. Зборувал и дејствувал служејќи се со мудроста на дете, а не на човек, почитувајќи ги Своите родители и исполнувајќи ги нивните желби на корисен начин, во согласност со способноста на детето. Но, во секоја фаза од својот развој Тој бил совршен, покажувајќи едноставна прекрасна природна убавина на безгрешен живот. Светиот извештај кажува за Неговото детство: „А Детето растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него”. А за Неговата младост е запишано: „Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето“ (Лука 2:40,52). {ХП 82.3}

Овде се укажува на задачата на родителите и учителите. Тие треба да имаат за цел да ги негуваат склоностите на младите, така што тие во секоја фаза од својот живот да можат да ја прикажуваат природната убавина својствена за тој период, природно да се развиваат, како билките во градината. {ХП 83.1}

Најпривлечни се децата кои се природни, непроменети. Не е мудро да им се обрнува посебно внимание, и да се повторуваат нивните паметни изјави пред нив. Суетата не треба да се охрабрува со фалење на нивниот изглед, нивните зборови и или нивните постапки. Ниту, пак, треба да бидат облечени на привлечен начин. Ова ја поттикнува гордоста во нив и ја буди зависта во срцата на нивните другари. {ХП 83.2}

Децата треба да се воспитуваат во детска едноставност. Треба да се учат да бидат задоволни со малите, корисни должности, со задоволствата и искуствата природни за нивните години. Детството одговара на стебленцето во параболата, а стебленцето има своја необична убавина. Децата не треба да ги туркаме во предвремена зрелост, туку да им помагаме колку што е можно подолго да ја задржат свежината и убавината на нивните рани години. {ХП 83.3}

И малите деца можат да бидат христијани, да имаат искуство што одговара на нивните години. Тоа е сè што Бог очекува од нив. Ним им е неопходно духовно воспитување и родителите треба да им ги обезбедат сите потребни предности за да можат да го обликуваат карактерот според примерот на Христовиот карактер. {ХП 84.1}

Според законите што ги поставил Бог во природата, последицата ја следи причината со непогрешлива точност. Жетвата ќе сведочи за тоа каква била сеидбата. Мрзливиот работник е осуден од неговата работа. Жетвата сведочи против него. Истото правило важи и во духовните работи; верноста на секој работник се мери со резултатите од неговата работа. Карактерот на неговото дело, без оглед дали е марливо или мрзеливо, се открива со жетвата. На тој начин се одлучува неговата судбина за вечноста. {ХП 84.2}

Секое посеано семе носи жетва според својот вид. Така е и во животот на човекот. Сите ние треба да сееме семе на сожалување, сочувство и љубов, зашто ќе пожнееме она што сме посеале. Секоја карактеристика на себичност, самољубие, самодоверба, секој чин на самозадоволување, ќе донесе слична жетва. Оној што живее за себе, сее во телото и од телото ќе пожнее расипаност. {ХП 84.3}

Бог никого не го уништува. Секој што е уништен, се уништил самиот себе. Секој што ги задушува опомените на совеста, сее семе на неверување, а тоа ќе донесе сигурна жетва. Во старо време, отрфлајќи ја првата Божја опомена, фараонот посеал семе на тврдоглавост, па и пожнеал тврдоглавост. Бог не го принудил да не верува. Семето на неверување што го посеал донело род од ваков вид. И така неговиот отпор продолжил сè додека со свои очи не ја видел својата уништена земја, студеното мртво тело на својот првенец, на сите првенци во својот дом и во сите семејства во своето царство, сè додека водите на Црвеното Море не се затвориле над неговите коњи, бојни коли и војници. Неговата историја е страшна слика за вистинитоста на зборовите дека: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7). Ако луѓето го сфатат ова, ќе бидат внимателни какво семе ќе посеат. {ХП 84.4}

Кога посеаното семе ќе донесе жетва и кога тоа повторно ќе се посее, приносот многукратно се зголемува. Овој закон важи и во нашите односи со ближните. Секое дело, секој збор, претставува семе што ќе донесе плод. Секое дело на промислена љубезност, послушност или самооткажување, ќе се повтори кај другите, а преку нив и кај многу други. Така и секое дело на завист, злоба или раздор, ќе биде семе кое ќе никне како „горчлив корен“ (Евреите 12:15) со кој мнозина ќе се осквернат. А колкав дури ќе биде бројот на оние што ќе ги отрујат тие „мнозина“! И така сеењето на добро и зло трае за време и за вечноста. {ХП 85.1}

Сеењето на семето во себе содржи поука за великодушната дарежливост и на духовно и на световно подрачје. Господ вели: „Блажени сте вие: ќе сеете при сите води“ (Исаија 32:20). „Ова, пак, ви го велам: кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее“ (2. Коринтјаните 9:6). Да се сее при секоја вода значи постојано да се делат Божјите дарови. Тоа значи да се дава секогаш кога Божјото дело или потребите на човештвото бараат наша помош. Тоа нема да нè осиромаши. „Кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее!“ Сејачот го умножува своето семе фрлајќи го далеку. Истото се случува и со оние кои верно и предано ги делат Божјите дарови. Давајќи им на другите, тие ги умножуваат своите благослови. Бог им ветил изобилство за да можат и понатаму да даваат. „Давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви“ (Лука 6:38). {ХП 85.2}

Со сеењето и со жнеењето е опфатено многу повеќе. Додека ги делиме Божјите земни благослови, доказите за нашата љубов и сочувство будат благодарност кон Бога и во срцето на оној што ги прима. Почвата на срцето е подготвена да го прими семето на духовната вистина. А оној кој му дал семе на сејачот, ќе стори тоа да никне и да донесе плод за вечен живот. {ХП 86.1}

Со сеењето на семето во почвата, Христос ја прикажал големата жртва што Самиот ќе ја принесе за нашиот откуп. „Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само!“ рекол. „А ако умре – ќе донесе голем плод“ (Јован 12:24). Значи, Христовата смрт ќе донесе плод за Божјото царство. Во согласност со законот на растителното царство, животот ќе биде резултат на Неговата смрт. {ХП 86.2}

И сите што ќе дадат плод како Христови соработници, ќе треба прво да паднат во земјата и да умрат. Животот мора да се фрли во браздата на потребите на светот. Љубовта кон себе, личниот интерес, мора да умре. Меѓутоа, законот на самопожртвуваноста е закон на самоодржување. Семето закопано во земјата дава плод, кој понатаму се сее. Така жетвата се умножува. Земјоделецот го чува своето семе расфрлајќи го при сеењето. Истото се случува и во животот на луѓето; да се дава значи да се живее. Животот што ќе биде зачуван е живот кој доброволно се дава во служба на Бога и на човекот. Оние кои заради Христа го жртвуваат својот живот на овој свет, ќе го сочуваат за вечен живот. {ХП 86.3}

Семето умира за да никне од него нов живот. Со тоа ни се дава поука за воскресението. Сите што го љубат Бога ќе живеат повторно во Едем, на небото. За човечкото тело што е положено да изгние во гробот, Бог рекол: „Така е и со воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила“ (1. Коринтјаните 15:42,43). {ХП 87.1}

Ова се само некои од многуте поуки на кои можеме да се научиме од природата, од параболата за сејачот и семето. Кога родителите и учителите ќе се трудат да ги пренесат овие поуки, тоа дело мора да се изврши на практичен начин. Дозволете им на децата сами да ја подготват почвата и да го посеат семето. Додека работат, родителите или учителите можат да им зборуваат за градината на срцето и за доброто и лошото семе што може да се посее во него; дека срцето мора да биде подготвено за семето на вистината како градината што мора да се обработи за да го прими семето. Кога семето се фрла во земјата, тие можат да зборуваат за Христовата смрт; кога ќе се појави никулецот, тие можат да ја научат поуката за вистината за воскресението. Додека билките растат, може постојано да им се прикажува сличноста меѓу природното и духовното сеење. {ХП 87.2}

Младите треба да бидат поучувани на сличен начин. Тие треба да научат да ја обработуваат почвата. Би било добро кога секое училиште би имало на располагање доволно обработлива земја. Таа земја мора да се смета за Божја училница. На работите во природата треба да се гледа како на книга со поуки што им стои на располагање на Неговите деца од која можат да добијат знаење за образование на душата. {ХП 87.3}

Обработката на почвата, особено мелиорација на почвата (подобрување на квалитетот на земјиштето, заштита од поплави, наводнување, чистење на коров, ѓубрење и др.) нуди можност да се научи нешто ново. Никој и не би помислил да се насели на некоја запуштена почва и веднаш да очекува таа да почне да донесе принос. Пред да се посее семето, мора да се вложат сериозни, трудољубиви и истрајни напори за да се подготви почвата. Така е и во духовната работа во човечкото срце. Сите што очекуваат успех при обработката на почвата, мора да се упатат на работа со Божјата реч во своите срца. Тогаш тие ќе откријат дека Светиот Дух со своето нежно и кротко влијание дејствува врз необработената почва на срцето. При обработката на земјата, ако не се вложат сериозни напори, таа нема да донесе жетва. Така е и со почвата на срцето: Божјиот Дух мора да делува на срцето за да го очисти и облагороди, и дури потоа може да донесе род на слава на Бога. {ХП 88.1}

Почвата нема да го дарува со своето богатство оној што ја обработува набрзина, површно и без љубов. Таа бара промислено, секојдневно внимание. Таа мора да се ора често и длабоко за да се отстрани плевелот кој му ја одзема храната на доброто семе. Така, оние што ораат и што сеат со право очекуваат жетва. Никој своето работно поле не треба да го гледа со тага и без надеж. {ХП 88.2}

Господови благослови ќе почиваат врз оние кои на тој начин ја обработуваат земјата, извлекувајќи духовни поуки од природата. При обработката на почвата, работникот не може да знае какви ризници ќе се отворат пред него. Иако не смее да ги презре советите што ги добил од искусни луѓе, иако не смее да ги отфрли податоците што му ги дале интелигентните луѓе, тој и сам за себе мора да собира знаење. Ова е дел од неговата обука. Обработката на почвата секогаш ќе се покаже и како средство за образование на душата. {ХП 88.3} Оној кој предизвикува семето да никне, кој го негува дење и ноќе, кој му дава сила да се развива е Зачетникот на нашето постоење, Царот на небото, и Тој многу повеќе се труди, многу повеќе се грижи за Своите деца. Додека човекот како сејач го сее семето за да го одржи земниот живот, божествениот Сејач ја засејува душата со семе што ќе донесе плод за вечен живот. {ХП 89.1}

Сподели го ова:

Слични објави