26. „СОЗДАДЕТЕ СИ ПРИЈАТЕЛИ ПРЕКУ НЕПРАВЕДНО БОГАТСТВО!“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 16:1-9)

Христовото доаѓање било во време кога во исклучителна мера преовладувал световен дух. Луѓето вечното го подредувале на привременото, а своите стремежи наместо на иднината ги насочиле само на сегашноста. За нив привидното било вистинито, а вистинитото привидно. Тие со вера не го гледале невидливиот свет. Сатаната им ги претставил вредностите на овоземниот живот толку привлечни и сеопфатни, и тие не внимавале на неговите искушенија . {ХП 366.1}  

Христос дошол да го промени овој поредок на работите. Тој настојувал да ја разбие магијата со која луѓето биле занесени и заробени. Со Своето учење се трудел да воспостави хармонија меѓу небото и земјата, да ги пренасочи мислите на луѓето од сегашноста кон иднината. Тој ги повикал наместо постојана трка за привремените земни интереси да се подготват за вечноста. {ХП 366.2}

Христос рекол: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот.И тој го повика, и му рече: ‘Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник!’“ {ХП 366.3}

Гледајќи дека ќе биде отпуштен, слугата сфатил оти на располагање има три можности. Ќе мора да работи, да проси или да гладува. Тогаш си рекол во себе: „’Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам, да просам – се срамам.Знам што да направам, за да ме примат луѓето во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето на куќата.’ И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‘Колку му должиш на мојот господар?’ Тој одговори: ‘Сто мери масло.’ И му рече: ‘Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!’ Потоа му рече на другиот: ‘А ти, колку должиш?’ Тој одговори: ‘Сто мери пченица.’ И му рече: ‘Земи си ја потврдата и напиши осумдесет!’“ {ХП 367.1}

Така овој неверен слуга вовлекол и други во својата нечесност. Тој го измамил својот господар во полза на неговите должници, и прифаќајќи ја неговата понуда, тие се обврзале да го примат како пријател во своите домови. {ХП 367.2}

„И го пофали господарот несправедливиот настојник, зашто постапил досетливо”. Световниот човек ја пофалил остроумноста на човекот што го поткрадувал. Меѓутоа, пофалбата на богатиот човек не била и Божја пофалба. {ХП 367.3}

Христос не го пофалил неправедниот настојник, туку овој добро познат случај го искористил за да ја нагласи поуката што сакал да ја истакне. Рекол: „Создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога тоа ќе исчезне, да ве примат во вечните живеалишта!“ {ХП 367.4}

Фарисеите го критикувале Спасителот што се меша со цариници и грешници. Но тоа не ја намалило Неговата заинтересираност за нив, ниту пак Неговите напори околу нив престанале. Тој видел дека нивната работа ги води во искушение. Првиот погрешен чекор лесно се прави, а потоа бргу се паѓа во уште поголема нечесност и во се потешки престапи. Христос на секој начин се обидувал да ги убеди да си постават себеси повозвишени цели и да прифатат поблагородни начела. Оваа цел ја имал на ум во приказната за неверниот настојник. Меѓу цариниците имало токму таков случај како што е прикажан во параболата и во Христовиот опис тие го препознале своето вообичаено однесување. Нивното внимание било привлечено и од описот на нивните нечесни постапки и мнозина извлекле поука од духовен карактер. {ХП 368.1}

Сепак, параболата директно им била упатена на учениците. Ним најпрво им бил даден квасецот на вистината и преку нив требало да се пренесе на другите. Голем дел од Христовото учење учениците на почетокот не го разбрале, и честопати се чинело дека Неговите поуки биле речиси заборавени. Меѓутоа, под влијание на Светиот Дух, овие вистини подоцна оживеале во нивното сеќавање со многу појасно значење, и преку учениците тие живописно биле донесени пред новообратените следбеници кои пристапувале во црквата. {ХП 368}

Спасителот им зборувал и на фарисеите. Тој не губел надеж дека и врз нив ќе влијае силата на Неговите зборови. Мнозина меѓу нив биле длабоко осведочени, и кога подоцна ги слушале зборовите на вистината, изговорени по налог на Светиот Дух, тие во добар дел станале верни Христови ученици. {ХП 369.1}

Фарисеите настојувале да го поткопаат Христовиот углед обвинувајќи го дека се дружи со цариници и грешници. Сега овој укор Тој го насочува кон нив како тужители. Настанот за кој се знаело дека се случил меѓу цариниците, Тој го изнесува пред фарисеите како слика за нивното однесување и како единствен начин тие сами да ги исправат своите грешки. {ХП 369.2}

Материјалните добра на господарот му биле доверени на неверниот настојник да ги употребува за добротворни цели, но тој себично ги користел само за себе. Така било и со Израел. Бог ги избрал како потомство на Авраам. Со Својата силна рака ги избавил од египетско ропство. Ги поставил за чувари на светата вистина за да му послужат на благослов на светот. Тој им ги доверил живите пророштва со цел светлината на вистината да им ја пренесат на другите. Меѓутоа, Неговите настојници (управители) овие дарови ги користеле да се збогатат и возвишат. {ХП 369.3}

Фарисеите исполнети со самодоверба и правда, ги злоупотребиле добрата што Бог им ги дал за да ги користат за Негова слава. {ХП 369.4}

Слугата во параболата не се погрижил за својата иднина. Имајќи ја на ум само сегашноста, добрата што му биле доверени за благослов на другите ги употребувал за себе. Кога му била одземена управувачката служба, нему ништо веќе не му останало. Но, добрата на неговиот господар сè уште биле во негови раце, и тој решил да се послужи со нив за да си ги обезбеди своите идни потреби. За да го постигне тоа, тој морал да примени нов план. Наместо да собира за себе, морал да им дели на други. Со тоа сакал да придобие пријатели кои ќе го прифатат кога ќе биде отпуштен од служба. Така се случило и со фарисеите. Наскоро требало да им биде одземена управувачката служба и тие морале да се погрижат за иднината. Себеси можеле да си помогнат само ако се грижат за добро на другите. Единствено делејќи ги Божјите дарови во сегашниот живот, тие можеле да обезбедат вечност. {ХП 369.5}

Откако ја раскажал параболата, Христос рекол: „Зашто синовите на овој свет кон својот род се подосетливи од синовите на светлината!“ Тоа значи дека световните луѓе покажуваат поголема мудрост и ревност во работата за себе отколку таканаречените Божји деца во својата служба за Него. Така било во Христовите денови. Така е и сега. Погледнете го животот на мнозина кои тврдат дека се христијани. Господ им подарил способности, сила и влијание; Тој им доверил пари за да можат да соработуваат со Него во големото дело на откупувањето. Сите Негови дарови требало да се употребат за благослов на човештвото, за олеснување на страдањата на страдалниците и сиромасите. И ние треба да ги храниме гладните, да ги облечеме голите, да се грижиме за вдовиците и сирачињата, да ги храбриме разочараните и да им служиме на угнетените. Божја намера никогаш не била во светот да владее толкава беда и немаштија. Тој никогаш не сакал еден човек да има преголемо изобилство и раскош во животот, додека децата на другите да плачат за леб. Средствата што ги надминуваат реалните животни потреби му се доверени на човекот да прави добро, да му носи благослов на човештвото. Господ вели: „Продајте си ги имотите ваши и давајте милостина“ (Лука 12:33). Христијаните „нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, да бидат штедри и сочувствителни“ (1. Тимотеј 6:18). „Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите“ (Лука 14:13). „Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем;раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го… и нахрани ја душата на страдалникот“ (Исаија 58:6,7,10). „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16:15). Ова се заповедите на Господ. Дали мнозинството од таканаречените христијани постапува вака? {ХП 370.1}

За жал, колкумина христијани Божјите дарови ги употребуваат за себе! Колку многу има такви кои додаваат куќа на куќа и земја на земја! Колкумина своите пари ги трошат на уживања, на задоволување на апетитот, на раскошни куќи, мебел и облека, додека нивните сограѓани се препуштени на беда и криминал, на болест и смрт. Мнозина пропаѓаат без ниту еден поглед на сочувство, без ниту еден збор или гест на сожалување! {ХП 371.1}

Луѓето се виновни што го закинуваат Бога. Користејќи ги средствата себично, тие го лишуваат Господа од славата која треба да се покаже во олеснување на страдањето на човештвото и спасението на душите. Наместо тоа, тие ги растураат средствата што им ги доверил Тој. Господ изјавува: „И ќе дојдам кај вас за суд и ќе бидам брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја скусуваат платата на работникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене немаат страв, вели Господ Саваот!“ „Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене! Ќе речете: ‘Што крадеме од Тебе?’ – од десетокот и од приносите!Со проклетство сте проколнати, зашто Ме крадете – вие и сиот народ“ (Малахија 3:5,8,9). „Ајде сега вие, богати!… Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа.Златото ваше и среброто ви за‘рѓаа, и ‘рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас… Сте насобрале богатство за последните дни“.„Се веселевте на земјата и се насладувавте“. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот“ (Јаков 5:1-4). {ХП 371.2}

Секој ќе треба да ги предаде своите дарови што му биле доверени. На денот на конечната пресуда, зачуваното богатство нема да им биде од никаква корист на луѓето. Тие ќе немаат ништо што можат да го наречат свое. {ХП 372.1}

Оние што цел живот го поминале собирајќи световни богатства, покажуваат помалку мудрост и грижа за својата вечна благосостојба, од неправедниот настојник кој се погрижил за своето земно добро. Овие таканаречени деца на светлината се многу помалку мудри од децата на овој свет во ова поколение. Ова се оние за кои пророкот, во своето видение за големиот суден ден изјавил: „Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се поклонува,за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата“ (Исаија 2,20.21). {ХП 372.2}

„Создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога тоа ќе исчезне, да ве примат во вечните живеалишта!“ рекол Христос. Бог, Христос и ангелите заедно им укажуваат помош и ги исполнуваат потребите на нажалените, страдалниците и на грешните. Предајте му се на Бога во оваа работа, употребете ги Неговите дарови за оваа намена и вие ќе станете соработници со небесните суштества. Вашето срце ќе чука во сочувство со нивното. Вие ќе станете слични со нив во карактерот. За вас овие жители во вечните шатори нема да бидат странци. Кога земните работи ќе поминат, стражарите пред небесните порти ќе ви посакаат добредојде. {ХП 373.1}

Средствата употребени на благослов на другите ќе донесат добивка. Богатствата искористени правилно ќе направат големо добро. За Христа ќе бидат придобиени многу души. Оној што го следи Христовиот план во својот живот, во небесните станови ќе ги сретне оние за кои се трудел и жртвувал на земјата. Откупените со благодарност ќе си спомнуваат за оние што послужиле како орудија за нивното спасение. Драгоцено и прекрасно ќе биде небото за оние кои биле верни во делото на спасување на душите. {ХП 373.2}

Поуката содржана во оваа парабола е наменета за сите. Секој ќе биде одговорен за даровите на милоста кои му се дарувани во Христа. Животот е премногу сериозен за да им се препуштиме на минливите и земни интереси. Господ бара од нас на другите да им го пренесеме она што самите сме го дознале за вечното и невидливото. {ХП 373.3}

Милиони и милиони човечки суштества секоја година заминуваат во вечноста непредупредени и неспасени. Од час на час ни се нудат можности во различни животни ситуации да допреме до срцата на луѓето и да ги спасиме. Тие можности постојано се појавуваат и исчезнуваат. Бог сака да ги искористиме максимално. Денови, седмици и месеци поминуваат, и ние постојано на располагање имаме ден, седмица и месец помалку за да ја завршиме нашата работа. Во најдобар случај само уште неколку години и ќе се чуе гласот на кој не можеме да одбиеме да одовориме, велејќи: „Дај сметка за раководењето!“ {ХП 373.4}

Христос бара од секој поединец да размисли. Направете чесна пресметка. На една страна ставете го Исуса, што значи вечно богатство, живот, вистина, небо и Христовата радост за откупените души; а на друга страна ставете ги сите привлечности што може да ви ги понуди светот. На едната страна ставете ја загубата на својата душа и на душите на оние на кои сте можеле да им послужите како орудие за спасение; а на друга, во свое и во нивно име, животот кој по траење може да се мери со Божјиот живот. Измерете за време и за вечност! И додека се занимавате со тоа, Христос ви порачува: „Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?“ (Марко 8:36). {ХП 374.1}

Бог сака да го избереме небесното наместо земното. Тој пред нас отвора можности за небесна инвестиција. Тој нè поттикнува и храбри да се стремиме кон највисоки цели и да си го обезбедиме најскапоценото богатство, изјавувајќи: „Ќе направам така, што луѓето да бидат поретки од чисто злато, а мажите – поретки од офирско злато“ (Исаија 13:12). Кога ќе исчезнат богатствата што ги јаде молец и ’рѓа расипува, Христовите следбеници ќе можат да се радуваат на своето небесното богатство, богатството кое не може да пропадне. {ХП 374.2}

Од сите пријателства на овој свет подобро е пријателството со оние што Христос ги откупил. Многу поубави и од најлуксузните палати на овој свет се становите што нашиот Господ отишол да ги подготви за спасените. И поубава од секоја земна пофалба ќе бидат зборовите на Спасителот упатени до Неговите верни слуги: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25:34). {ХП 374.3}

На оние што ги растураат Неговите добра, Христос сè  уште им дава можност да си обезбедат трајно богатство. Тој вели: „Давајте и ќе ви се даде!“ „Подгответе си ќесиња што нема да изветват, ризница на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде“ (Лука 6:38; 12:33). „Заповедај им на богатите од овој свет… нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, да бидат штедри и сочувствителни.И на таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен“ (1. Тимотеј 6:17-19). {ХП 374.4} Тогаш, нека вашиот имот оди на небото пред вас. Ставете го своето богатство покрај Божјиот престол. Обезбедете си себеси право на неисцрпното Христово богатство. „Создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога тоа ќе исчезне, да ве примат во вечните живеалишта”. {ХП 375.1}

Сподели го ова:

Слични објави