12. ДА БАРАМЕ ЗА ДА ДАВАМЕ

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 11:1-13)

Христос постојано прима од Отецот за да може да ни дава нам. Исус рекол: „Словото што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме испрати“ (Јован 14:24). „Како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи“ (Матеј 20:28). Тој живеел, мислел и се молел не заради Себе, туку за другите. По часовите поминати со Бога, Тој излегувал секое утро за да им ја однесе небесната светлина на луѓето. Секојдневно добивал ново крштевање со Светиот Дух. Во утринските часови на новиот ден Господ го будел од Неговиот сон, и Неговата душа и Неговите усни биле помазани со благодат за да може да им дели на другите. Од небесните дворови му биле давани нови свежи зборови, зборови кои во вистинско време им ги кажувал на уморните и угнетените. Самиот за тоа рекол: „Господ Бог ми даде вешт јазик, за да можам со зборови да го поткрепувам изнемоштениот: секое утро Тој го разбудува увото мое, за да слушам како оние што се учат“ (Исаија 50:4). {ХП 139.1}

Христовите ученици биле восхитени од Неговите молитви и од Неговата навика да одржува заедница со Бога. Еден ден, по кратко отсуство од нивниот Господ, го нашле задлабочен во молитва. Навидум несвесен за нивното присуство, Тој продолжил гласно да се моли. Срцата на учениците биле длабоко трогнати. Кога престанал да се моли, тие извикале: „Господи, научи нè да се молиме!“ {ХП 140.1}

Одговарајќи, Исус ја повторил Господовата молитва, како што ја изговорил во проповедта на Гората. А потоа во параболата ја претставил поуката што сакал да им ја објави. {ХП 140.2}

Рекол: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‘Пријателе, дај ми на заем три леба;зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам.’ И ако оној одвнатре му одговори и рече: ‘Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти дадам’,ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба“ {ХП 140.3}

Овде Исус претставува молител кој бара за да му даде на друг. Тој морал да добие леб, зашто во спротивно нема да може да ги задоволи потребите на уморниот, задоцнет патник. Иако неговиот сосед не сакал да биде вознемируван, тој не можел да ја одбие молбата; на пријателот морало да му се помогне, и конечно неговата упорност била наградена и неговите потреби задоволени. {ХП 140.4}

На ист начин учениците требало да бараат благослови од Бога. Кога нахранил мноштво и ја изговорил проповедта за небесниот леб, Исус на Своите ученици им покажал што треба да прават како Негови претставници. Тие на луѓето требало да им го делат лебот на животот. Оној што им одредил работа, знаел колку често нивната вера ќе биде ставена на проверка. Знаел дека често ќе се најдат во неугодна положба, свесни дека како луѓе не се во состојба да го решат проблемот. Душите, гладни за лебот на животот, ќе доаѓаат кај нив, а тие ќе се чувствуваат сиромашни и беспомошни. Затоа и самите ќе мора да добијат духовна храна, или во спротивно немаат што да дадат, а не смеат да отпуштат ниту една душа ненахранета, гладна. Затоа Христос ги упатувал на изворот од кој можат да се снабдат. Човекот, чијшто пријател дошол кај него да бара помош, иако во незгодно време, околу полноќ, не го одбил. Тој немал ништо со што би го послужил, но отишол кај оној што имал храна и барал од него сè додека  соседот не ја задоволил неговата потреба. И зарем Бог, кој ги праќа Своите слуги да ги нахранат гладните, нема да ја задоволи нивната потреба во Своето дело? {ХП 140.5}

Меѓутоа, себичниот сосед во параболата не го претставува Божјиот карактер. Поуката не се извлекува од сличноста, туку од спротивноста. И себичниот човек ќе го прифати итното барање за да се ослободи од некого кој му го нарушува одморот. Бог ужива да дава. Тој е полн со сочувство и копнее да ги прифати барањата на сите што доаѓаат кај Него со вера. Тој ни дава за да можеме да им послужиме на другите, и на тој начин ќе станеме слични со Него. {ХП 141.1}

Христос изјавува: „Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа, и на оној што чука – ќе му се отвори“ {ХП 141.2}

Спасителот продолжува: „И кој татко меѓу вас, ако синот му побара риба, ќе му даде змија место риба?Или, ако побара јајце, ќе му даде скорпија?Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што Му бараат?“ {ХП 141.3}

За да ја зајакне нашата доверба во Бога, Христос нè учи да му се обраќаме со ново име, со име што е поврзано со најмилите спомени на човечкото срце. Тој ни дава привилегија бесконечниот Бог да го наречеме наш Татко. Ова име, со кое го нарекуваме кога му се обраќаме или кога зборуваме за Него, е знак на нашата љубов кон Него и на нашата поврзаност со Него; тоа е залог на Неговата грижа за нас и на Неговиот однос кон нас. Изговорено кога бараме Негова наклоност или благослов, тоа е како музика во Неговите уши. За да не помислиме дека е дрскост што Го викаме со тоа име, Тој самиот го повторил неколку пати и сака тоа име да ни стане блиско. {ХП 141.4}

Бог нè смета како Свои деца. Тој нè откупил од овој распуштен свет и не одбрал да бидеме припадници на Неговото царско семејство, синови и ќерки на небесниот цар. Тој нè повикува да се потпреме врз Него со доверба, поголема од довербата на детето во својот земен татко. Родителите ги сакаат своите деца, но Божјата љубов е далеку поголема, поширока и подлабока од човечката љубов. Таа е немерлива. Тогаш, ако земните родители знаат како да им даваат добри дарови на своите деца, колку повеќе нашиот небесен Отец ќе им го даде Светиот Дух на оние што Го бараат. {ХП 142.1}

Христовите поуки во врска со молитвата треба внимателно да се разгледаат. Во молитвата лежи божествена наука, и овој Христов пример ги нагласува начелата што сите треба да ги разберат. Тој покажува како изгледа вистинскиот дух на молитвата, ја нагласува потребата од истрајност при изнесувањето на нашите молитви пред Бога и нè уверува дека е подготвен да ги чуе и одговори на молитвите. {ХП 142.2}

Нашите молитви не треба да бидат себични, само за наша корист. Ние треба да бараме за да можеме да даваме. Начелото на Христовиот живот треба да стане начело и на нашиот живот. Обраќајќи им се на Своите ученици, Тој рекол: „И за нив јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината“ (Јован 17:19). Истата посветеност, истото самопожртвување, истата покорност кон барањата на Божјата реч што се виделе кај Христа, мора да се видат и кај Неговите слуги. Наша мисија во светот не е да си служиме или да си угаѓаме себеси; ние треба да го прославиме Бога соработувајќи со Него во делото на спасувањето на грешниците. Треба да бараме од Бога благослови што ќе им ги делиме на ближните. Способноста за примање може да се сочува само со давање. Ние не можеме да продолжиме да ги примаме небесните богатства ако истите не ги делиме со другите околу нас. {ХП 142.3}

Во параболата барателот неколку пати бил одбиен, но не отстапувал од својата намера. Така и нашите молитви изгледа не добиваат веднаш одговор; но Христос нè учи дека не смееме да престанеме да се молиме. Молитвата не треба да предизвика некоја промена кај Бога, туку таа треба да нè доведе во хармонија со Бога. Кога нешто бараме од Него, Тој може да види дека е потребно за нас да го испитаме своето срце и да се покаеме за гревот. Затоа нè води низ проверки и тешкотии, нè изложува на понижување за да увидиме што го попречува делото што треба да го изврши Светиот Дух преку нас. {ХП 143.1}

Постојат услови за исполнување на божествените ветувања. Извршувањето на должностите никогаш не можат да се заменат со молитвата. Христос вели: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“. „Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам“ (Јован 14:15,21). Оние што ги упатуваат своите молби до Бога, повикувајќи се на Неговото ветување, иако не ги исполнуваат условите, го навредуваат Господа. Тие го изнесуваат Христовото име како доказ дека имаат право да им се исполни молбата, но не и нешто со што би ја покажале својата вера во Христа и својата љубов кон Него. {ХП 143.2}

Мнозина воопшто не ги исполнуваат условите под кои би можеле да бидат промени кај Отецот. Ние треба внимателно да го проучиме договорот за доверба со кој излегуваме пред Господа. Ако сме непослушни, тоа е пред Бога  така како да сме за исплата на одредена сума на пари поднеле меница за чија исплата не сме ги исполниле условите. Ние ги изнесуваме пред Бога Неговите ветувања и бараме од Него да ги исполни, иако Тој постапувајќи во склад со таквата наша желба би го обесчестил Своето име. {ХП 143.3}

Ветувањето гласи: „Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте и ќе ви биде“ (Јован 15:7). Јован изјавува: „По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди.Кој вели: ‘Го познав’, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина;а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него“ (1. Јованово 2:3-5). {ХП 144.1}

Една од Христовите последни заповеди, упатени до учениците гласела: „Да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34). Дали ја почитуваме оваа заповед или негуваме остри, нехристијански карактерни особини? Ако на кој било начин сме ги навредиле или повредиле другите, наша должност е да ја признаеме својата вина и да побараме помирување. Тоа е неопходна подготовка за да можеме да излеземе пред Бога со вера, и да го побараме Неговиот благослов. {ХП 144.2}

Постои друга работа што премногу често ја занемаруваат оние кои излегуваат пред Господа на молитва. Дали сте биле искрени пред Бога? Преку пророкот Малахија Господ изјавува: „Уште од деновите на вашите татковци отстапувате од наредбите Мои и не ги пазите; вратете се кон Мене, и Јас ќе се вратам кај вас, вели Господ Саваот. Вие, пак, ќе речете, како да се вратиме?Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене! Ќе речете: ‘Што крадеме од Тебе?’ – од десетокот и од приносите!“ (Малахија 3:7,8). {ХП 144.3}

Како дарител на сите благослови, Бог бара одреден дел од сѐ што поседуваме. Ова е Неговата одредба за поддршка на проповедањето на евангелието. Враќајќи му го на Бога овој дел, ние на тој начин ја покажуваме нашата благодарност за Неговите дарови. Но, ако го задржиме она што Нему му припаѓа, како можеме да го бараме Неговиот благослов? Ако сме неверни управители на земните работи, како можеме да очекуваме од Него да ни ги довери небесните работи? Можеби тука се крие тајната на неодговорените молитви. {ХП 144.4}

Но, Господ во Својата голема милост е подготвен да прости и затоа кажува: „Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме… Зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?Заради вас ќе им забранам на оние, што ги изедуваат плодовите земни, и лозата ваша во полето нема да остане без плод… И блажени ќе ве нарекуваат сите народи, зашто ќе бидете земја на благослови, вели Господ Саваот“ (Малахија 3:10-12). {ХП 144.5}

Така е и со сите други Божји барања. Сите Негови дарови се ветени под услов на послушност. Бог има небо полно со благослови за оние што ќе соработуваат со Него. Сите што Му се послушни можат со доверба да бараат Тој да ги исполни своите ветувања. {ХП 145.1}

Но ние мораме да покажеме цврста и неограничена доверба во Бога. Честопати Тој одложува да ни одговори за да ја провери нашата вера или да ја испита искреноста на нашата желба. Ако сме барале според Неговата Реч, мораме да веруваме во Неговите ветувања и да ги повторуваме нашите молби со решителност што нема да биде одбиена. {ХП 145.2}

Бог не вели, барај еднаш, и ќе добиеш! Тој нè повикува да бараме, неуморно да истраеме во молитвата. Упорното барање придонесува молителот да стане посериозен и со зголемена желба да копнее по она што го бара. Христос и рекол на Марта на гробот на Лазар: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја?“ (Јован 11:40). {ХП 145.3}

Но мнозина немаат жива вера. Ова е причината зошто тие не гледаат повеќе докази за Божјата моќ. Нивната слабост е последица на нивното неверување. Тие имаат повеќе верба во своите дела отколку во делата што ги прави Бог за нив, со што сами ја преземаат грижата за себе. Планираат и смислуваат, но малку се молат и имаат малку вистинска доверба во Бога. Мислат дека имаат вера, но тоа е само моментна побуда. Не успевајќи да ги реализираат своите потреби или Божјата подготвеност истите да им ги задоволи, тие не се истрајни при изнесувањето на своите барања пред Бога. {ХП 145.4}

Нашите молитви треба да бидат исто така сериозни и истрајни како што било барањето на пријателот во неволја кој барал леб на полноќ. Колку посериозно и поупорно се молиме, толку поблиску ќе биде нашето духовно соединување со Христа. Ќе добиеме пообилни благослови затоа што имаме сè поголема вера. {ХП 146.1}

Наша задача е да се молиме и да веруваме. Бдејте во молитвата. Бдејте и соработувајте со Бога кој ја слуша молитвата. Имајте на ум дека „ние сме Му соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:9). Зборувајте и постапувајте во склад со вашите молитви. Бесконечно многу ќе добиете ако неволјите покажат дека вашата вера и вистинска или ќе покажат дека вашите молитви се само форма. {ХП 146.2}

Кога сте збунети и кога ќе се соочите со тешкотии, не барајте луѓето да ви помогнат. Доверете му се на Бога. Обичајот да им ги кажуваме на другите нашите тешкотии само нè прави послаби, и не ни дава никаква сила. Со тоа и ним им го наметнуваме товарот на нашите духовни слабости од кои тие не можат да нè ослободат. Ние бараме сила од грешни, смртни луѓе, во мигот кога можеме да добиеме сила од непогрешливиот, бесконечен Бог. {ХП 146.3}   

Не мора да одите до краиштата на земјата за мудрост, бидејќи Бог е близу. Способностите што ги имате сега или што ќе ги стекнете допрва нема да ви обезбедат успех. Успех ќе ви обезбеди она што Бог може да го стори за вас. Ние треба да имаме многу помалку доверба во она што човекот може да го стори, а многу повеќе доверба во она што може Бог да го стори за секоја душа што верува. Тој копнее да Го побарате со вера. Тој сака од Него да очекувате големи работи. Тој сака да ви помогне да ги разберете и земните и духовните работи. Тој може да ја изостри вашата интелигенција. Тој може да ви даде тактичност и вештина. Употребете ги своите таленти во работата, барајте од Бога мудрост и таа ќе ви биде дадена. {ХП 146.4}

Примете ја Христовата реч како ваша гаранција. Зарем Тој не ве повикал да дојдете кај Него? Никогаш немојте да изговарате зборови што обесхрабруваат и што ја уништуваат надежта! Ако постапувате така, ќе изгубите многу. Гледајќи ги само надворешните околности и жалејќи се кога ќе дојдат тешкотии и притисоци, вие докажувате дека вашата вера е болна и слаба. Зборувајте и однесувајте се како вашата вера да е непобедлива. Бог е богат со ресурси; Тој е сопственик на светот. Погледнете со вера кон небото. Погледнете кон Оној кој има светлина, моќ и делотворност. {ХП 146.5}

Вистинската вера е полетна, со цврсти начела, со постојани намери кои не можат да ги ослабнат ниту времето ниту напорите. „Се уморуваат и момчињата и ослабуваат, и млади луѓе паѓаат,а оние кои се надеваат на Господ, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат“ (Исаија 40:30,31). {ХП 146.5}

Мнозина копнеат да им помогнат на другите, но сметаат дека немаат духовна сила и светлина што можат да ја поделат со ближните. Тие нека ги изнесат своите молби пред престолот на милоста. Нека се молат да го добијат Светиот Дух. Бог стои зад секое ветување што го дал. Со Библијата во рака кажете: јас направив како што Ти кажа. Го истакнувам Твоето ветување: „Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“. {ХП 147.2}

Ние не само што треба да се молиме во Христово име, туку и под влијание на Светиот Дух. Ова објаснува што се мисли кога ќе се каже дека „Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување“ (Римјаните 8:26). Бог со задоволство одговара на такви молитви. Кога искрено и огнено ќе искажеме молитва во Христово име, тогаш токму таа огненост е Божји залог дека Тој ќе одговори на нашата молитва „изобилно над сè што ќе побараме или помислиме“ (Ефесјаните 3:20). {ХП 147.3}

Христос рекол: „Сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде“ (Марко 11:24). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот“ (Јован 14:13). А љубениот Јован, под вдахновение на Светиот Дух, мошне јасно и со уверување зборува: „И тоа е увереноста, која ја имаме пред Него, дека ако побараме нешто по Неговата волја, Тој нè услишува.А кога знаеме дека ни услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него“ (1. Јованово 5:14,15). Според тоа, изнесувајте ги своите молби пред Отецот во Исусово име! Бог ќе го почитува тоа име. {ХП 147.4}

Виножитото околу престолот е уверување дека Бог е вистинит, дека во Него нема промени ни сенка од измена. Ние сме грешеле против Него и не ја заслужуваме Неговата милост, но Самиот Тој ја ставил најубавата молба во нашите усни: „Не отфрлај нè нас заради името Твое; не понижувај го престолот на Својата слава: сети се, не разрушувај го Твојот завет со нас“ (Еремија 14:21). Кога ќе дојдеме кај Него признавајќи ја својата недостојност и грев, Тој се обврзал Себеси дека ќе го слушне нашиот вик. Честа на Неговиот престол е залог дека Речта што ни ја дал, сигурно ќе се исполни. {ХП 148.1}

Како и Арон, кој го симболизирал Христа, нашиот Спасител ги носи имињата на сите припадници на Својот народ на своето срце во Светилиштето. Нашиот Првосвештеник се сеќава на сите зборови со кои нѐ храбрел да Му веруваме. Тој секогаш внимава на Својот завет. {ХП 148.2}

Сите што Го бараат, ќе го најдат. Сите што тропаат ќе им се отвори вратата. Нема да се слушне изговор: „Немој да ме вознемируваш; вратата е затворена, не сакам да ти отворам!“ Никогаш нема да се каже: „Не можам да ти помогнам!“ Оние што на полноќ ќе побараат леб за да ги нахранат гладните души ќе бидат услишени. {ХП 148.3}

Во параболата, оној што барал леб да го нахрани странецот добил „онолку колку што му било потребно“. Според која мера Бог ќе ни даде за да можеме да им дадеме на ближните? „Според мерката на дарот Христов“ (Ефесјаните 4:7). Ангелите со голем интерес гледаат да видат како човекот се однесува кон своите ближни. Кога ќе видат дека некој покажува сочувство слично на Христа кон заблудените, тие се приближуваат кон него и му дошепнуваат зборови што треба да ги каже, што ќе бидат како леб на животот за таа душа. И така Бог ќе ја „исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:19). Вашето искрено и вистинито сведоштво Тој ќе го направи силно во силата на идниот живот. Господовата реч ќе биде во вашата уста реч на вистина и правда. {ХП 148.4}

На личните напори за другите треба да им претходат многу тајни молитви, зашто е потребна голема мудрост за да се разбере науката за спасување на душите. Пред да разговарате со луѓето, разговарајте со Христа. Подгответе се пред престолот на небесната милост за да им служите на ближните. {ХП 149.1}

Срцето нека ви биде проникнато со копнеж да излезете пред Бога, пред живиот Бог! Христовиот живот покажал што може да стори човештвото со учество во божествената природа. Сè што примил Христос од Бога, можеме да примиме и ние. Според тоа, барајте и ќе добиете. Исполнети со истрајната вера на Јаков, со непопустливата упорност на Илија, барајте да добиете сè што Бог ветил. {ХП 149.2} Нека душата ви ја исполнат славните претстави за Бога. Дозволете вашиот живот со невидливи врски да биде поврзан со Исусовиот живот. Оној што заповедал од темнината да изгрее светлина, сака таа да изгрее и во вашето срце за да ја запознаете Божјата слава во лицето на Исус Христос. Светиот Дух ќе ви ги открие божествените вистини, внесувајќи ги како животворна сила во срцето кое е подготвено да ги послуша. Христос ќе ве доведе до прагот на Семожниот. Ќе можете да ја видите славата зад завесата и да им го откриете на луѓето изобилството на Оној кој секогаш живее за да може да се застапува за нас. {ХП 149.3}

Сподели го ова:

Слични објави