23. ГОСПОДОВО ЛОЗЈЕ

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 21:33-44)

Еврејската нација

По параболата за двата сина, следела и параболата за лозјето. Во првиот пример Исус на еврејските учители им ја нагласил важноста на послушноста. Во вториот ги истакнал богатите благослови што му биле дадени на Израел, а со тоа и Божјото право на нивна послушност. Им ја изложил славата на Божјата намера што можеле да ја исполнат со својата послушност. Отстранувајќи го превезот од иднината, Тој покажал како, неисполнувајќи ја Неговата намера, целиот народ го губи Неговиот благослов и навлекува пропаст на себе. {ХП 284.1}

Христос рекол: „Беше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако им го предаде на лозарите, си отиде”. {ХП 284.2}

Опис на ова лозје е даден од пророкот Исаија: „Ќе Му ја запеам на мојот Возљубен Неговата песна за лозјето Негово. Мојот Возљубен имаше лозје на врвот од плодороден рид;Тој го огради и го исчисти од камења, насади во него избор од лозови прачки, изгради кула во средината негова, направи големи каци; очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје“ (Исаија 5:1,2). {ХП 284.3}

Лозарот одбрал парче земја во дивина; го оградил, го исчистил, го обработил и го засадил со избрана винова лоза, очекувајќи богат род. Оваа парцела сега била неспоредливо подобра од необработената пустелија и истата требала да ги потврди со резултат неговите напори и неговиот труд што ги вложил при неговата обработка. Исто така и Бог одбрал народ од светот за да го воспитува и обучува со Христова помош. Пророкот вели: „Лозјето на Господ Саваот е домот Израелов, а луѓето на Јуда – Негова љубена градина“ (Исаија 5:7). На овој народ Бог му дал големи привилегии, обилно го благословил од ризницата на Својата добрина. Од него очекувал да му укаже чест со тоа што ќе донесе плод. Преку него требало да се објават начелата на Неговото царство. Среде паднатиот, злобен свет, тие требало да го прикажат Божјиот карактер. {ХП 285.1}

Како Господово лозје, од нив се очекувало да донесат плод кој наполно ќе се разликува од плодот на многубожечките нации. Овие идолопоклонички народи наполно потонале во беззаконие. Без никакви ограничувања тие се оддавале на насилство и злосторство, на лакомство, угнетување, и практикувале најрасипани обичаи. Беззаконие, униженост и беда биле плодовите кои растеле на расипаното дрво. Бог очекувал лозата што Тој ја засадил да роди сосема поинакви плодови. {ХП 285.2}

Еврејскиот народ добил привилегија да го претставува Божјиот карактер онака како што му бил откриен на Мојсеј. Како одговор на молитвата на Мојсеј: „Покажи ми ја славата Своја“, Господ ветил: „Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава“ (Излез  33:18,19). „Потоа Господ помина покрај лицето на Мојсеј и извика: ‘Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен!Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови’“ (Излез 34:6,7). Ова бил плодот што Бог го посакувал од Својот народ. Во чистотата на нивните карактери, во светоста на нивните животи, во нивната милост и љубезност и сочувство, тие требало да покажат дека „непорочен е Законот Божји – душите ги укрепува“ (Псалм 19:7). {ХП 285.3}

Преку еврејската нација Божја цел била да им се дадат богати благослови на сите народи. Преку Израел требало да се подготви патот за ширење на Неговата светлина кон целиот свет. Нациите на светот, следејќи ги своите расипани обичаи, го изгубиле знаењето за Бога. Сепак, Бог во Својата милост не ги избришал од постоење. Тој имал намера да им даде можност да се запознаат со Него преку Неговата црква. Тој планирал начелата, откриени преку Неговиот народ, да бидат средство за враќање на моралната слика на Бога во човекот. {ХП 286.1}

Токму за остварување на оваа цел, Бог го повикал Авраама да го остави својот идолопоклонички род и му наложил да живее во земјата Ханан. Му рекол: „А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен“ (Создавање 12:2). {ХП 286.2}

Потомците на Авраам, Јаков и неговото потомство, биле доведени во Египет за да можат да ги откријат начелата на Божјото царство среде таа голема и злобна нација. Јосифовата чесност и неговото прекрасно дело за зачувување на животот на целиот египетски народ во вистинска светлина го претставиле животот на Христос. Мојсеј и многу други, биле сведоци за Бога. {ХП 286.3}

Изведувајќи ги Израелците од Египет, Господ повторно ја покажал Својата моќ и Својата милост. Неговите прекрасни дела во нивното избавување од ропство и Неговите постапки кон нив во текот на патувањето низ пустината, не беа само за нивна корист. Сето тоа требало да послужи како поука за околните народи. Господ се открил како Бог над сета човечка моќ и величина. Знаците и чудата што ги направил во корист на Својот народ ја прикажале Неговата моќ над природата и над најугледните обожаватели на природата. Бог поминал низ гордата египетска земја, како што ќе помине низ земјата во последните денови. Со оган и бура, земјотрес и смрт, големиот ЈАС СУМ го искупил Својот народ. Ги извел од земјата на ропството. Тој ги водеше „преку големата и страшна пустина, каде што има отровни змии и скорпии, и суви места, во кои нема вода; Кој ти извади вода од гранитна карпа“ (Второзаконие  8:15). „Тој удри во карпа – и бликнаа води“, ги нахранил со „леб небесен“ (Псалм 78:20,24). Мојсеј рекол: „Зашто делот на Господ е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово добиено со ждрепка.  Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое;како што орелот бдее над гнездото свое, летајќи над своите орлиња, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на перјата свои,така Господ Самиот го водеше, и немаше со Него туѓ бог“ (Второзаконие  32:9-12). Така ги донесол при Себе, за да можат да живеат под сенката на Севишниот. {ХП 286.4}

Христос бил водач на синовите на Израел во текот на нивното патување низ пустината. Обвиткан со столб од облак дење и со столб од оган ноќе, Тој ги водел и ги насочувал. Ги чувал од опасностите во пустината, ги донел во ветената земја и пред очите на сите народи кои не го признавале Бога, Тој го утврдил Израел како Свој избран имот, како Господово лозје. {ХП 287.1}

На овој народ му биле доверени Божјите откровенија. Го оградил со прописите на Својот закон, вечните начела на вистината, правдата и чистотата. Послушноста кон овие начела требало да биде нивна заштита, зашто таа го пазела да не се уништи самиот себеси со грешните обичаи. Слично на кулата во лозјето, Бог го поставил Својот свет храм среде земјата. {ХП 287.2}

Христос ги поучувал Израелците. Како што бил со нив во пустината, така требало да им биде учител и водич. Во шаторот за средба и во храмот Неговата слава пребивала во светата шекина над престолот на милоста. Заради нив Тој постојано го откривал богатството на Својата љубов и трпеливост. {ХП 288.1}

Бог сакал да направи од Својот народ Израел пофалба и слава. Затоа му ги дал сите духовни предности. Бог не го лишил од ништо што би можело поволно да влијае врз формирање на карактерот со што би ги направил Негови претставници во светот. {ХП 288.2}

Послушноста кон Божјиот закон на Израелците би им обезбедила благосостојба на која би и се восхитувале сите народи на светот. Оној што би можел да им даде мудрост и вештина во секоја работа, и понатаму би останал нивен учител и преку послушноста на Неговиот закон би ги облагородувал и возвишувал. Ако биле послушни, тие би биле сочувани од болестите што ги мачеле другите народи и би биле благословени со сила и бистрина на умот. Божјата слава, Неговата величественост и моќ би се откриле преку нивната благосостојба. Тие требало да бидат царство на свештеници и кнезови. Бог ги опремил со сите средства да станат најголема нација на земјата. {ХП 288.3}

На недвосмислен начин Христос преку Мојсеј им ја покажал Божјата цел и ги разјаснил условите за нивниот просперитет. Им рекол: „Зашто ти си свет народ на Господ, твојот Бог; тебе те избра Господ, твојот Бог, за да бидеш негов сопствен народ меѓу сите народи, што се на земјата… И така, знај дека Господ, твојот Бог, е Бог верен, Кој го пази Својот завет и има милост кон оние што Го сакаат и ги извршуваат заповедите Негови до илјада поколенија… И така, пази ги овие заповеди, наредби и закони, кои денес ти ги кажувам и да ги исполнуваш.И ако ги слушате сите овие закони и ги пазите и исполнувате, Господ, твојот Бог, ќе го пази заветот и милоста кон тебе, како што им се заколна Тој на вашите предци;ќе те засака, ќе те благослови, ќе те намножи и ќе го благослови плодот на твојата утроба, и плодот на твојата земја: пченицата твоја, и виното твое, и маслото твое, и стелните крави твои, и објагнетите овци твои, во онаа земја, за која Тој им се заколна на татковците твои дека ќе ти ја даде;благословен ќе бидеш повеќе од сите народи: нема да има ни бесплоден, ни бесплодна, како меѓу вас, така и меѓу добитокот твој;и ќе ја отстрани од тебе Господ, секоја немоќ, и никакви лути египетски болести (што си ги видел и) што ги знаеш“ (Второзаконие  7:6,9.11-15). {ХП 288.4}

Ако ги држат Неговите заповеди, Бог рекол; „А Мојот народ ќе го хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед пештерски“. „Ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене“ (Псалм 81:16; 91:16). {ХП 289.1}

Со својата непослушност кон Бога, Адам и Ева го изгубиле Едем и поради гревот целата земја била проклета. Но, ако Божјиот народ ги следи Неговите упатства, нивната земја повторно ќе биде плодна и убава. Самиот Бог им дал упатства во врска со обработка на земјата и тие требало да соработуваат со Него во нејзиното обновување. Така целата земја, под Божја управа, ќе стане пример за духовна вистина. Како што во послушноста на Неговите природни закони, земјата требало да произведува свои богатства, така и во послушноста на Неговиот морален закон, срцата на луѓето требале да ги рефлектираат особините на Неговиот карактер. Дури и незнабошците би ја препознале надмоќноста на оние што му служат и му се поклонуваат на живиот Бог. {ХП 289.2}

Мојсеј рекол: „Ете, ви ги изнесов наредбите и законите, што ми ги предаде Господ, Бог мој, за да постапувате така во земјата, во која влегувате, за да ја завладеете.И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе чујат за сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ.Зашто има ли некој голем народ, кому неговиот бог му се приближил толку, како што е близок кон нас Господ, нашиот Бог, кога и да Го повикаме?И има ли некој голем народ со такви праведни наредби и закони, како целиот овој закон, што ви го предавам денес?“ (Второзаконие  4:5-8). {ХП 289.3}

Израелците требало да ја запоседнат целата територија што им ја определил Бог. Од неа требало да ги истераат сите нации кои одбиле да го обожаваат вистинскиот Бог и да му служат. Меѓутоа, Бог сакал преку Израел да го открие Својот карактер и со тоа да ги привлече луѓето кон Себе. Евангелскиот повик требало да му се упати на целиот свет. Преку поуките што ги давала церемонијалната служба која опфаќала принесување на жртви, Христос требало да биде воздигнат пред народите за да можат да живеат сите што ќе гледаат кон Него. Слично на Рава Хананката или Рута Моавката, сите што ќе го напуштат идолопоклонството и ќе прифатат да го обожаваат вистинскиот Бог, требало да се придружат кон Неговиот избран народ. Како што се зголемувал бројот на Израелците, тие требало да ги шират своите граници сè додека  нивното царство не го опфати целиот свет. {ХП 290.1}

Бог сакал сите народи да ги доведе под Свое милостиво владеење. Тој посакувал земјата да биде исполнета со радост и мир. Тој го создал човекот да биде среќен и копнее човечките срца да ги исполни со небесен мир. Тој посакува човечките семејства на земјата да бидат симбол на големото семејство на небото. {ХП 290.2}

Но Израел не ја исполнил Божјата намера. Господ изјавил: „Јас те посадив како благородна лоза – најчисто семе; а како Ми се претвори во див ластар од туѓа лоза“ (Еремија 2:21). „Израел беше бујна лоза, таа донесуваше богат плод“ (Осија 10:1). „Па сега, жители ерусалимски и мажи Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив? Зошто, кога очекував принос од добро грозје, тоа даде диво грозје?Сега ќе ви кажам што ќе направам со лозјето Свое: ќе ја иставам оградата, и тоа ќе биде опустошено; ќе му ги разрушам ѕидиштата, и ќе биде газено:ќе го оставам да запусти: нема ни да го кројат, ни да го копаат – ќе обрасне во трње и боцки, ќе им заповедам на облаците да не истураат дожд врз него.Лозјето на Господ Саваот е домот Израелов, а луѓето на Јуда – Негова љубена градина. И чека Тој правосудие, но ете – крвопролевање; чека правда, а ете – пискот “ (Исаија 5:3-7). {ХП 290.3}

Господ преку Мојсеј на Својот народ му ги објавил последиците од неверноста. Одбивајќи да го почитуваат Неговиот завет, тие ќе се отсечат од животот што доаѓа од Бога и Неговите благослови не ќе можат да се излеваат врз нив. Мојсеј нагласил: „Гледај да не Го заборавиш Господа, твојот Бог, не почитувајќи ги заповедите Негови, законите Негови и наредбите Негови, кои денес ти ги кажувам.Кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, и ќе изградиш убави куќи и ќе се вселиш во нив,кога ќе ти се намножи крупниот и ситниот добиток, и кога се збогатиш со многу сребро и злато, и од сè ќе имаш во изобилие,  гледај, да не се возгордее срцето твое, та да заборавиш на Господ, твојот Бог… и за да не кажеш во срцето свое: ‘Мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство…’ Ако пак Го заборавиш Господа, твојот Бог, и тргнеш по други богови, служејќи им и поклонувајќи им се, ви сведочам денес (со небото и со земјата) дека ќе изгинете… затоа што не го послушавте гласот на Господ, вашиот Бог“ (Второзаконие  8:11-14,17,19,20). {ХП 291.1}

Оваа опомена еврејскиот народ не ја послушал. Го заборавиле Бога и ги изгубиле од вид високите предности што ги имале како Негови претставници. Благословите што ги примиле не му донеле никаков благослов на светот. Сите свои предности ги присвоиле за нивно сопствено величање. Го лишиле Бога од службата што ја барал од нив, а своите ближни од религиозното водство и од светиот пример. Како и жителите на претпотопниот свет, тие ги следеле сите замисли на своето зло срце. Така тие придонеле светите нешта да станат фарса, велејќи: „Ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов!“ (Еремија 7:4), а во исто време тие погрешно го претставувале Божјиот карактер, срамотејќи го Неговото име и загадувајќи го Неговото светилиште. {ХП 291.2}

Лозарите кои биле поставени да се грижат за Господовото лозје, не ја оправдале укажаната доверба. Свештениците и учителите не го поучувале верно својот народ. Не ја издигнувале пред народот Божјата добрина и милост и Неговото право на нивна љубов и служба. Настојувале единствено да се прослават себеси. Сакале сами да ги присвојат плодовите на лозјето. Промислено се обидувале да го привлечат вниманието на народот и да си обезбедат нивна почит. {ХП 292.1}

Вината на овие водачи во Израел не била како вината на обичните грешници. Тие носеле свечена одговорност пред Бога. Се обврзале дека ќе зборуваат само: „Така вели Господ!“, и дека со својот секојдневен живот ќе дадат пример на строга послушност кон Бога. Наместо да го прават ова, тие ги изопачувале Писмата. Ставале тешки бремиња врз луѓето и ги оптоварувале со церемонии што ги придружувале на секој чекор во животот. Луѓето живееле во постојан немир, бидејќи не можеле да ги исполнат барањата поставени од рабините. Бидејќи увиделе дека е невозможно да ги држат вештачките заповеди, тие станале немарни и во однос на Божјите заповеди. {ХП 292.2}

Господ го поучил Својот народ дека Тој е сопственик на лозјето и дека сиот имот што ги имаат им е даден во доверба да го употребат за Него. Меѓутоа, свештениците и учителите не ја извршувале својата света служба како управители на Божјиот имот. Систематски го поткрадувале Бога, присвојувајќи ги средствата и капацитетите што им биле доверени за унапредување на Неговото дело. Нивната лакомост и алчност придонеле да бидат презирани дури и од незнабошците. Така, на нееврејскиот свет му била дадена можност погрешно да го толкуваат Божјиот карактер и законите на Неговото царство. {ХП 292.3}

Полн со татковска љубов, Бог ги поднесувал припадниците на Својот народ. Се борел со нив со благословите што им ги давал или скусувал. Стрпливо им ги изнесувал нивните гревови и стрпливо чекал да ги признаат. Праќал пророци и гласници да им ги објават Божјите барања на лозарите; но, наместо да бидат добредојдени, тие биле третирани како непријатели. Ги прогонувале и ги убивале. Бог испратил други гласници, но тие добиле ист третман како и првите, само што лозарите кон нив покажале уште поодлучна омраза. {ХП 293.1}

Како последно средство, Бог го испратил својот Син, велејќи: „Ќе се засрамат од син ми!“ Меѓутоа, нивниот отпор ги направил да бидат одмаздливи, па си кажале меѓу себе: „Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово!“ Потоа ќе останеме да уживаме во лозјето и да правиме како што сакаме со плодот. {ХП 293.2}

Еврејските владетели не го сакале Бога, и затоа се одвоиле од Него и ги отфрлале сите Негови напори за праведна спогодба. Возљубениот Божји Син, Христос, дошол да ја потврди сопственоста на Сопственикот над лозјето; но тие го пречекале со исклучителен презир, велејќи: „Нејќеме тој да царува над нас!“ Му завидувале на карактерот на Христа. Неговиот начин на поучување бил далеку супериорен во однос на нивниот, и тие се плашеле од Неговиот успех. Тој им се спротивставил, откривајќи го нивното лицемерство покажувајќи на сигурните последици од нивното постапување. Ова ги вознемирувало до лудило. Пателе поради Неговите укори што не можеле да го замолкнат. Тие го мразеле високиот стандард на правда што Христос постојано го објавувал. Сфатиле дека Неговото учење ја открива нивната себичност, па решиле да го убијат. Го мразеле Неговиот пример на вистинитост и побожност и возвишената духовност откриена во сè што правел. Целиот Негов живот претставувал укор кон нивната себичност, и кога настапила последната проверка, проверка што значела послушност за вечен живот или непослушност за вечна смрт, тие го отфрлиле Светецот Израелов. Кога биле повикани да бираат помеѓу Христа и Варава, тие извикале: „Пушти ни го Варава!“ (Лука 23:18). Кога Пилат прашал: „А што да правам со Исус?“ тие жестоко извикале: „Да биде распнат!“ (Матеј 27:22). „Царот ваш ли да Го распнам?“ прашал Пилат, при што свештениците и поглаварите одговориле: „Ние немаме цар, освен цезарот“ (Јован 19:15). Додека Пилат ги миел рацете, велејќи: „Невин сум за крвта на Овој Праведник“, свештениците се приклучиле со неуката толпа и силно изјавувале: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“ (Матеј 27:24,25). {ХП 293.3}

Така, еврејските водачи го направиле својот избор. Нивната одлука била заведена во книгата што Јован ја видел во раката на Оној што седел на престолот, книгата што никој не можел да ја отвори. Со сета своја одмазда, оваа одлука ќе се појави пред нив на денот кога оваа книга ќе ја отпечати Лавот од племето на Јуда. {ХП 294.1}

Еврејскиот народ ја ценел замислата дека е небесен миленик и дека секогаш ќе ужива чест да ја претставува Божјата црква. Ние сме деца Авраамови, изјавиле тие, и темелот на нивната благосостојба им изгледал толку цврст што биле подготвени да им пркосат и на небото и на земјата ако се обидат да им ги одземат нивните права. Меѓутоа, живеејќи во неверство, тие се подготвувале за осуда на небото и за одвојување од Бога. {ХП 294.2}

Во параболата за лозјето, откако на свештениците им го опишал врвното дело на нивната расипаност, Христос им поставил прашање: „Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ Свештениците со длабок интерес го следеле излагањето и без да размислат за темата која се однесува на нив, му се придружиле на народот и заедно со него одговориле: „Злосторниците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме!“ {ХП 294.3}

Несакајќи сами си ја изрекле пресудата. Исус погледнал кон нив, и по Неговиот продорен поглед тие знаеле дека Тој ги чита тајните на нивните срца. Пред нив блеснала Неговата божествена природа со неискажлива сила. Во лозарите тие се виделе себеси и неволно извикале: „Да не даде Бог!“ {ХП 295.1}

Свечено и со жалење, Христос ги прашал: „Зар не сте читале во Книгите: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник: тоа е од Господ и чудесно е во очите наши’. Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови.И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби”. {ХП 295.2}

Христос би ја спречил пропаста на еврејската нација ако народот Го примил. Меѓутоа, зависта и љубомората ги направиле непомирливи. Тие едноставно решиле дека нема да го примат Исуса од Назарет како Месија. Ја отфрлиле Светлината на светот и оттогаш нивните животи биле опкружени со темнина како темнина на полноќ. Еврејскиот народ го стигнала проречената пропаст. Нивните жестоки и неконтролирани страсти ги одвеле во пропаст. Во својот слеп бес, се уништувале едни со други. Со својата бунтовна, тврдоглава гордост на себе го навлекле гневот на своите римски освојувачи. Ерусалим бил уништен, храмот лежел во урнатини, а местото преорано како нива. Синовите на Јуда загинале со најстрашна форма на смрт. Милиони биле продадени како робови за да служат во незнабожечки земји. {ХП 295.3}

Како народ, Евреите не успеале да ја исполнат Божјата намера и лозјето им било одземено. Привилегиите што ги злоупотребиле, делото што го омаловажиле, им било доверено на други. {ХП 296.1}

Денешната црква

Параболата за лозјето не се однесува само на еврејската нација. Таа претставува поука и за нас. Црквата во ова поколение добила од Бога големи привилегии и благослови, и Тој од неа очекува соодветни плодови. {ХП 296.2}

Нашиот откуп е платен со висока цена. Само според големината на овој откуп можеме да судиме за нејзините резултати. На оваа земја, на почвата што е натопена со солзите и со крвта на Божјиот Син, треба да израснат драгоцените плодови на рајот. Во животот на Божјиот народ вистините на Неговата Реч треба да ја покажат својата слава и возвишеност. Преку Својот народ Христос треба да го манифестира Својот карактер и начелата на Своето царство. {ХП 296.3}

Сатаната настојува да го оневозможи Божјото дело и затоа постојано ги поттикнува луѓето да ги прифатат неговите начела. Тој го претставува Божјиот избран народ како заведен народ. Тој е „клеветник на браќата наши“ и неговите обвинувања се насочени против оние што работат праведно. Господ сака преку Својот народ да одговори на неговите обвинувања, прикажувајќи ги резултатите од послушноста на вистинските начела. {ХП 296.4}  

Овие начела треба да се покажат кај секој христијанин поединечно, во семејството, во црквата и во секоја установа која е основана да му служи на Бога. Сите треба да бидат симболи на она што може да се направи за светот, приказ на спасоносната сила на евангелските вистини и средства за остварување на големата Божја цел за човечкиот род. {ХП 296.5}

Еврејските водачи со гордост гледале на својот величествен храм и впечатливите обреди на својата верска служба; но биле лишени од правда, милост и љубов кон Бога. Славата на храмот, привлечноста на нивната служба, не можеле да ги препорачаат пред Бога, бидејќи им недостасувало она што единствено има вредност во Неговите очи. Не му принеле жртва на скромен и смирен дух. Кога од вид ќе се загубат виталните принципи на Божјото царство, церемониите стануваат многубројни и раскошни. Кога се занемарува изградбата на карактерот, кога недостасува украс на душата, кога се губи од вид едноставноста на побожноста, тогаш гордоста и љубовта кон прикажување бараат прекрасни црковни зданија, прекрасни украси и впечатливи церемонии. Но сето тоа не го прославува Бога. Бог не прифаќа модерна религија која се состои од церемонии, од привидна побожност, религија со надворешен сјај и раскош. На такви богослуженија не присуствуваат небесните гласници. {ХП 297.1}

Црквата е мошне драгоцена во Божјите очи. Тој ја цени, не поради надворешните предности, туку поради искрената побожност со која се разликува од светот. Тој ја оценува според растот на членовите во познавањето на Христа, според нивниот напредок во духовното искуство. {ХП 298.1}

Христос копнее да прими од Своето лозје род на светост и несебичност. Тој очекува на дело да ги види начелата на љубов и добрина. Ниту сите убавини на уметноста не можат да се споредат со убавината на темпераментот и карактерот кој треба да се открие кај оние што се Христови претставници. Таква треба да биде и атмосферата што ја опкружува душата на верникот, Светиот Дух дејствува врз умот и срцето, правејќи го мирис животен за живот, и Бог може да го благослови неговото дело. {ХП 298.2}

Некоја месна црква може да биде најсиромашна на земјата. Може да биде непривлечна и без каква и да е видлива убавина; но, ако нејзините верници ги прифатиле начелата на Христовиот карактер, тие ќе ја имаат Неговата радост во нивните души. Ангелите ќе се обединат со нив на нивните богослуженија. Од нивните благодарни срца ќе се издигнува пофалба и благодарност на Бога како сладок мирис. {ХП 298.3}

Господ сака да ја споменуваме Неговата добрина и да зборуваме за Неговата моќ. Преку нашата благодарност и пофалба ние Му изразуваме чест. Тој вели: „Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува“ (Псалм 50:23). Додека поминувал низ пустината, Израелскиот народ го славел Бога со света песна. Господовите заповеди и Неговите ветувања се компонирани како песни што ги пееле патниците во текот на сите патувања. И во Ханан кога се состанувале на нивните свети празници требало да ги раскажуваат Божјите чудесни дела и во своите песни му упатувале благодарност на Неговото име. Бог сакал целиот живот на Неговиот народ да биде живот полн со благодарност. „За да се спознае на Земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе“ (Псалм 67:2). {ХП 298.4}

Така треба да биде и сега. Луѓето во светот обожаваат лажни богови. Тие треба да го напуштат нивното лажно богослужение, но не со осуда на нивните идоли, туку да им се покаже нешто што е многу подобро. Треба да им се објави Божјата добрина. „Вие сте Мои сведоци дека Јас сум Бог – вели Господ!“ (Исаија 43:12). {ХП 299.1}

Господ сака да го цениме големиот план за откуп, да ги сфатиме големите предности кои ни се дадени како Божји деца и со благодарни срца да живееме во послушност. Тој сака да му служиме во нов живот, секој ден радувајќи се одново. Тој копнее да види како нашите срца се полнат со благодарност затоа што нашите имиња се запишани во книгата на животот на Јагнето, затоа што сите наши грижи можеме да ги префрлиме на Оној кој се грижи за нас. Тој нè повикува да се радуваме затоа што сме Господово наследство, затоа што Христовата праведност, понудена на Неговите свети, станала наша бела облека, затоа што имаме блажена надеж во скорото доаѓање на нашиот Спасител. {ХП 299.2}

Да го славиме Бога со цело и искрено срце е исто толку должност, колку и молитвата. Ние треба да му покажеме на светот и на сите небесни битија, дека ја цениме прекрасната Божја љубов кон паднатото човештво и дека очекуваме сè поголеми благослови од Неговото бесконечно изобилие. Далеку повеќе отколку што правиме, треба да зборуваме за драгоцените поглавја од нашето искуство. Кога ќе почувствуваме дека во нашиот живот на посебен начин дејствувала силата на Светиот Дух, нашата радост во Господа и нашата успешност во Неговата служба во голема мера ќе се зголемат ако зборуваме за Неговата добрина и за Неговите прекрасни дела што ги сторил за Своите деца. {ХП 299.3}

Кога вака го славиме Бога, сатаната се повлекува. Ние немаме веќе време за мрморење и приговарање и искушувачот ја губи почвата под нозете. Кај нас се развиваат оние карактерни особини кои земните жители ги оспособуваат за небесните дворови. {ХП 300.1}

Ваквото сведоштво ќе влијае врз другите. Нема поуспешно средство кое може да се употреби за да се придобијат души за Христа. {ХП 300.2}

Ние треба да го славиме Бога со опиплива служба, правејќи сè што е во наша моќ да придонесеме за слава на Неговото име. Бог ни ги дава Своите дарови за да можеме и ние да даваме и на тој начин на светот да му го објавуваме Неговиот карактер. Во времето на еврејскиот систем даровите и приносите претставувале суштински дел на службата посветена на Бога. Од Израелците се барало десеттиот дел од целокупниот приход да го посветат за службите во Светилиштето. Покрај тоа, требало да донесат и жртви за грев, доброволни дарови и дарови на благодарност. Тоа биле средства со кои се поддржувала евангелската служба во тоа време. Бог не очекува ништо помалку од нас отколку што очекувал од Својот народ во некогашните времиња. Големото дело за спасување на душите мора да оди напред. Бог се погрижил за ова дело со помош на десетокот, даровите и приносите. Бог сака на овој начин да се хранат оние што го проповедаат евангелието. Тој десетокот го прогласува за Свој и истиот секогаш мора да се смета како свети средства што се носат во Неговата ризница за благосостојба на Неговото дело. Тој од нас исто така бара и доброволни дарови и дарови на благодарност. Сите овие средства треба да се употребат евангелието да се однесе и во најоддалечените делови на земјата. {ХП 300.3}

Службата на Бога вклучува и лично залагање. При спасувањето на душите во светот мораме да соработуваме со Него со нашите лични напори. Христовиот налог: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!“ (Марко 16:15) му е упатен на секој Негов следбеник поединечно. Сите што се повикани да живеат во Христа се повикани и во делото за спасување на своите ближни. Нивните срца ќе чукаат во хармонија со Христовото срце. Истиот копнеж кон душите што Тој го чувствувал ќе се манифестира во нив. Не можат сите да заземат исто место во Божјото дело, но има место и работа за сите. {ХП 300.4}

Во старо време во Божја служба биле повикувани не само кротки и мудри луѓе како Авраам, Исак, Јаков, Мојсеј, туку и такви каков што бил Исус Навин, со поинакви способности. Музиката на Мирјам, храброста и побожноста на Девора, детската приврзаност на Рута, послушноста и верноста на Самоил, непоколебливата верност на Илија, благотворното, смирувачко влијание на Елисеј биле потребни за Божјото дело. Затоа и сега сите што примиле Божји благослови треба да одговорат вклучувајќи се во активна служба; секој дар мора да се употреби за унапредување на Неговото царство и за слава на Неговото име. {ХП 301.1}

Сите што го прифатиле Христа како личен Спасител треба да ја покажат вистината на евангелието и нејзиното спасоносно влијание врз животот. Бог не поставува никакви барања без да обезбеди средства за негово извршување. Со Христовата милост ние можеме да постигнеме сè што бара Бог од нас. Сите небесни богатства треба да бидат откриени преку Божјиот народ. Христос рекол: „Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу плод и да бидете Мои ученици“ (Јован 15:8). {ХП 301.2}

Бог полага право над целата земја како Свое лозје. Иако сега е во рацете на узурпаторот, таа му припаѓа на Бога. Таа е негова не само со создавањето, туку и со откупувањето. Христовата жртва била принесена за светот. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син“ (Јован 3:16). Во тој единствен дар на луѓето им биле дадени сите други дарови. Секој ден светот прима благослов од Бога. Секоја капка дожд, секој зрак на светлината кој го осветлил овој наш неблагодарен човечки род, секој лист, цвет и плод, сведочат за Божјото долго трпение и за Неговата голема љубов. {ХП 301.3}

А како му возвратил светот на големиот Дарител? Како се однесуваат луѓето кон Божјите барања? На кого масите на човечкиот род му ја посветуваат својата служба во текот на целиот живот? Тие му служат на мамонот! Богатството, положбата, световните задоволства, тоа е нивна цел. Богатството го стекнуваат со грабеж, не само од луѓето, туку и од Бога. Ги користат Неговите дарови за да ја задоволат својата себичност. Сè до што можат да се доберат го употребуваат за да ја задоволат својата алчност и својата љубов кон себични уживања. {ХП 302.1}

Гревот на денешниот свет е истоветен со гревот што го уништил Израел. Неблагодарност кон Бога, занемарување на можностите и благословите, себичното присвојување на Божјите дарови, сето тоа било опфатено со гревот со кој Израел навлекол на себе Божји гнев. Тие гревови и денес го уништуваат светот. {ХП 302.2}

Солзите што ги пролеал Христос на Маслиновата Гора додека стоел со поглед над избраниот град не биле само за Ерусалим. Во судбината на Ерусалим Тој го видел уништувањето на светот. {ХП 302.3}

Кога би можел во овој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа е сега сокриено од твоите очи“ (Лука 19:42). {ХП 302.4}

„Кога би можел во овој ден!“ Тој ден се ближи кон својот крај. Периодот на милост и на привилегија е при крај. Веќе се собираат облаци на одмазда. Сите што ја отфрлиле Божјата милост многу бргу ќе бидат зафатени со брза и неповратна пропаст. {ХП 302.5}

Светот сепак спие. Луѓето не го препознаваат времето на својата посета. {ХП 302.6}

Во оваа криза, каде црквата треба да се најде? Дали нејзините членови ги исполнуваат Божјите барања? Дали тие извршувајќи го Неговиот налог, му го откриваат на светот Неговиот карактер? Дали тие го свртуваат внимание на своите ближни кон последната порака на милост која предупредува? {ХП 302.7}

Луѓето се во опасност. Мноштво луѓе пропаѓаат. Но, колку малку таканаречени Христови следбеници чувствуваат товар за овие души? Судбината на светот виси на конец; но ова одвај може да ги поткрене и оние што тврдат дека веруваат во најдлабоката и најопсежна вистина дадена досега на смртниците. Недостасува онаа  љубов која го натерала Христа да го напушти Својот небесен дом и да земе човечка природа со цел како човек да му пристапи на човекот и да го привлече кон Бога. Божјиот народ го зафатила летаргија, парализа, која го спречува да ја сфати својата сегашна должност. {ХП 303.1}

Кога Израелците влегле во Ханан, тие не ја исполниле Божјата намера да ја освојат целата земја. Бидејќи делумно ја освоиле, тие се сместиле да ги уживаат плодовите на своите победи. Во своето неверување и љубов кон удобност, тие се собрале во веќе освоените делови, наместо да се залагаат да заземат нови територии. И така почнале да се оддалечуваат од Бога. Со тоа што не ја извршиле Неговата намера, тие му оневозможиле да им го исполни Своето ветување за благослов. Зарем денешната црква не го прави истото? Со оглед на тоа што целиот свет пред нив има потреба од евангелие, таканаречените христијани се собираат таму каде што и самите можат да ги уживаат привилегиите на евангелието. Тие не чувствуваат потреба да запоседнат нови територии, носејќи ја веста на спасението во далечни краишта. Тие одбиваат да го извршат Христовиот налог: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16:15). Дали тие се помалку виновни од еврејската црква? {ХП 303.2}

Таканаречените Христови следбеници се ставени на проверка пред очите на целата вселена; но нивното студенило и слабоста на нивните напори во Господовата служба веќе ги означиле како неверни. Кога она што го прават би било најдобро што можат да го направат, врз нив не би почивала осуда; но кога нивните срца би биле вклучени во делото, би можеле да сторат многу повеќе. Тие знаат, а и светот знае, дека во голема мера го загубиле духот на самоодрекување и не се подготвени да го понесат својот крст. Во небесните книги покрај имињата на многумина ќе биде запишано: Не е производител, туку само потрошувач! Кај мнозина кои го носат Христовото име, Неговата слава потемнела, Неговата убавина е скриена, Неговата чест отфрлена. {ХП 303.3}

Има многу такви чиишто имиња се запишани во црковните книги, но кои не се под Христова управа. Тие не ги слушаат Неговите упатства, ниту пак ја извршуваат Неговата работа. Затоа се наоѓаат под контрола на непријателот. Тие не прават ништо позитивно, па затоа прават непроценлива штета. Бидејќи нивното влијание не е животен мирис за живот, тоа станало смртен мирис за смрт. {ХП 304.1}

Господ вели: „Зар да не казнам поради тоа?“ (Еремија 5:9). Бидејќи не успеале да ја исполнат Божјата намера, синовите на Израел биле отфрлени и Божјиот повик им бил упатен на другите народи. Ако и тие се покажат неверни, нема ли да бидат отфрлени на ист начин? {ХП 304.2}

Во параболата за лозјето Христос лозарите ги прогласил за виновни. Токму тие одбиле да му ги вратат на својот господар плодовите на неговата земја. Кај еврејскиот народ, свештениците и учителите ги повеле верниците во погрешна насока и така Бога го лишиле од службата што ја барал од нив. Токму тие го одвратиле народот од Христа. {ХП 304.3}

Божјиот закон, неизмешан со човечки преданија, Христос го претставил како мерило на послушноста. Со тоа на себе навлекол омраза од страна на рабините. Тие човечките учења ги издигнувале над Божјата реч и со тоа го одвраќале народот од Неговите прописи. Тие не сакале да отстапат од своите човечки заповеди за да ги прифатат барањата на Божјата реч. Секако, заради вистината тие не би ја жртвувале ниту својата интелектуална гордост ниту пофалбите со кои ги опсипувале луѓето. Кога Христос дошол, објавувајќи му ги на народот Божјите барања, свештениците и старешините му го оспориле правото да интервенира меѓу нив и народот. Не сакале да ги прифатат ниту Неговите прекори и опомени, па со сите сили се труделе народот да го свртат против Него и на тој начин да Го упропастат. {ХП 304.4}

Затоа тие биле одговорни што народот го отфрлил Христа и за последиците што произлегле од тоа. Гревот и пропаста на една нација морале да им се припишат на верските водачи. {ХП 305.1}

А зар во нашево време не се на дело истите влијанија? Зарем не одат по стапките на еврејските поглавари многу работници во Господовото лозје? Зарем верските учители не ги одвраќаат луѓето од јасните барања на Божјата реч? Наместо да ги учат на почитување на Божјиот закон, зарем не ги учат на престапи? Од многу проповедални по црквите верниците слушаат дека Божјиот закон не е обврзувачки за нив. Се издигнуваат човечките традиции, уредби и обичаи. Се негуваат гордост и самозадоволство, и тоа како резултат на даровите примени од Бога, додека едновремено се игнорираат Божјите барања. {ХП 305.2}

Кога го отфрлаат Божјиот закон, луѓето навистина не знаат што прават. Божјиот закон е препис на Неговиот карактер. Тој ги отелотворува начелата на Божјото царство. Оној што одбива да ги прифати тие начела, себеси се става надвор од каналот каде што течат Божјите благослови. {ХП 305.3}

Славните можности поставени пред Израел можеле да се остварат само преку почитување на Божјите заповеди. Истото совршенство на карактерот, истата полнота на благословите, благословите на умот, душата и телото, благословите во домовите и полињата, благословите во овој живот и во животот што доаѓа, можеме да ги уживаме само ако сме послушни. {ХП 305.4}

Во духовниот, како и во природниот свет, почитувањето на Божјите закони е услов за плодородие. Учејќи го народот да не ги почитува Божјите заповеди, вероучителите го спречуваат да носи плод во слава на Бога и така стануваат виновни пред Господа што го лишуваат од плодот на Неговото лозје. {ХП 305.5}

По заповед на Учителот и кај нас доаѓаат Божјите гласници. Следејќи го Христа, и тие бараат послушност кон Божјата реч, истакнувајќи го Неговото право на плодовите на лозјето, на плодовите на љубовта и понизноста, Неговото право на пожртвувана служба. Зар не се разгневиле многу лозари во Господовото лозје како што сториле еврејските поглавари? Кога му ги објавиле на народот барањата на Божјиот закон, зарем тие учители не го искористиле сето свое влијание да ги наведат луѓето да ги отфрлат Божјите гласници? Таквите учители Бог ги нарекува неверни слуги. {ХП 306.1}

Зборовите што му ги упатил Бог на некогашниот Израел содржат свечена опомена за денешната црква и за нејзините водачи. За Израел Господ рекол: „Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи“ (Осија 8:12). На учителите и свештениците им рекол: „Мојот народ гине што нема разум, зашто ти си го отфрлил разумот, и Јас ќе те отфрлам од Моето свештенство; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои“ (Осија 4:6). {ХП 306.2}

Дали овие Божји опомени ќе останат незабележани? Смеат ли можностите и приликите за служба на Бога да поминат неискористени? Дали подбивите што доаѓаат од светот, интелектуалната гордост, наклоноста кон човечките обичаи и традиции, ќе ги задржат таканаречените Христови следбеници да не стапат во Христова служба? Дали и тие ќе ја отфрлат Божјата реч како што еврејските водачи го отфрлиле Христа? Последиците на гревот на Израел ни се познати. Дали денешната црква ќе го прифати предупредувањето? {ХП 306.3} „Ако, пак, некои од гранките се скршени, а ти, кој си дива маслинка, си бил прикалемен на нивното место и си станал заедно со нив соучесник во сочниот корен на маслинката, не биди горделив… Тие поради неверие беа откршени, а ти поради вера се држиш: немој да бидеш горделив, туку имај страв.Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, нема ни тебе да те поштеди“ (Римјаните 11:17-21). {ХП 306.4}

Сподели го ова:

Слични објави