13. ДВАЈЦА МОЛИТЕЛИ

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 18:9-14)

„А на оние што беа уверени во себе дека се праведни и ги презираа другите“, Христос им ја кажал параболата за фарисејот и за цариникот. Фарисејот отишол во храмот да се помоли, не затоа што чувствувал дека е грешник и дека му е неопходно проштавање, туку затоа што мислел дека е праведен, очекувајќи за тоа да биде пофален. Присуствувањето на богослужението го сметал за акт кој ќе го препорача на Бога. Во исто време се надевал дека луѓето ќе стекнат високо мислење за неговата побожност. Тој се надевал дека на тој начин ќе обезбеди милост и кај Бога и кај луѓето. Неговата побожност била поттикната од лични интереси. {ХП 150.1}

Тој бил полн со само фалење. Така изгледал, така одел, така се молел. Оддалечувајќи од другите, како да сакал да каже: „Застани, не доближувај се до мене, зашто сум свет за Тебе“ (Исаија 65:5), стоел и се молел „во себе“. Наполно задоволен од себе, тој сметал дека и Бог и луѓето го гледаат со истото задоволство. {ХП 150.2}

Велел: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; разбојници, несправедливи, прељубници, или како овој цариник“. Својот карактер го оценувал не според Божјиот карактер, туку според карактерот на другите луѓе. Неговите мисли се одвратиле од Бога и се занимавале со луѓето. Во тоа и лежела тајната на неговото самозадоволство.  {ХП 150.3}

Продолжил да ги раскажува своите добри дела: „Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што ќе стекнам”. Религијата на фарисејот не ја допира душата. Тој и не се стремел да стане сличен на Бога во карактерот, за срце исполнето со љубов и милост. Се задоволил со религијата што се однесувала само на надворешниот живот. Неговата праведност била само негова – плод на неговите дела – и се оценува според човечките мерила. {ХП 151.1}

Секој што себеси се смета за праведен, ќе ги презира другите луѓе. Како што фарисејот себеси се споредувал со другите луѓе, така и тој сите други ги споредувал со себе. Својата праведност ја оценувал со нивната, така што колку тие изгледале полоши, толку тој изгледал подобар. Неговата самоправедност го наведувала да ги обвинува другите. „Другите луѓе“ ги прогласува за престапници на Божјиот закон. Со тоа тој го манифестирал духот на сатаната, кој е обвинител на браќата. Луѓето инспирирани со таков дух не можат да воспостават заедница со Бога, не можат да разговараат со Него, и затоа отишол дома лишен од Божјиот благослов. {ХП 151.2}

Цариникот отишол во храмот со другите верници, но наскоро се одвоил од нив, сметајќи се себеси за недостоен да учествува во нивната побожност. Стоејќи оддалеку, тој не се осмелил „дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради“, полн со длабоко каење и презирајќи се самиот себе. Бил свесен дека е престапник пред Бога, дека е грешен и расипан. Знаел дека не може да очекува дури ни сожалување од луѓето околу себе, зашто сите го посматрале со презир. Знаел дека нема никакви заслуги со кои би се препорачал пред Бога, па во краен очај извикал: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ Не се споредувал со другите. Преплавен со чувство на вина, стоел како сам да се наоѓа во Божјо присуство. Неговата единствена желба била помирување и мир, и барал само милост од Бога. И бил благословен. Христос рекол: „Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној“. {ХП 151.3}

Фарисејот и цариникот претставуваат две големи групи луѓе кои доаѓаат да се покажат пред Бога. Двете први деца, родени на земјата, биле двајца први претставници на двете групи. Каин се сметал за праведник и дошол пред Бога носејќи само благодарен принос. Не признал никакви гревови, и не почувствувал никаква потреба од милост. Меѓутоа, Авел дошол со крв која укажувала на Божјото Јагне. Дошол како грешник, признавајќи дека е изгубен. Негова единствена надеж била незаслужената Божја љубов. Господ ја прифатил неговата жртва, но Каин и неговата жртва не можел да ги прифати. Свеста дека ни е потребен Бог, дека треба да го признаеме нашето сиромаштво и гревот, претставуваат прв услов да бидеме прифатени кај Бога. „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно“ (Матеј 5:3). {ХП 152.1}

За секоја од овие две групи, претставени со фарисејот и цариникот, во извештајот за животот на апостол Петар се крие важна поука. Во првите денови од своето учеништво, Петар себеси се сметал за силен. Како и фарисејот, според своја проценка тој „не бил како другите луѓе“. Кога Христос во предвечерието на Своето предавство ги предупредил учениците: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ!“ Петар самоуверено изјавил: „Дури и сите да се соблазнат, јас не“ (Марко 14:27,29). Петар не знаел каква опасност му се заканува. Самодовербата го довела во заблуда. Тој мислел дека е способен да го издржи искушението; но за неколку кратки часови дошол тестот и тој, дури со заклетва, се откажал од својот Господ. {ХП 152.2}

Кога кукуригањето на петелот го потсетило на Христовите зборови, изненаден и шокиран од она што штотуку го сторил, се свртел и го погледнал својот Учител. Во тој миг и Исус погледнал кон Петар, и под тој тажен поглед, во кој се мешало сочувство и љубов, му помогнал на Петар да се сфати себеси. Излегол и горко плачел. Тој Христов поглед му го скршил срцето. Петар дошол до пресвртница и горко се покајал за својот грев. Бил сличен на цариникот во својата понизност и покајание, и како и цариникот, нашол милост. Христовиот поглед го уверил дека му е простено. {ХП 152.3}

Тогаш исчезнала сета негова самоувереност. Никогаш веќе не се повториле старите фаленички тврдења. {ХП 154.1}

Христос по Своето воскресение трипати го проверил Петра: „Симоне Јованов, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар сега не се возвишувал над своите браќа, туку Му се обратил на Оној кој може да го прочита неговото срце. Одговорил: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам“ (Јован 21:15,17). {ХП 154.2}

И тогаш му е одредена работа. Му било назначено дело, пошироко и поделикатно од она што го извршувал до тогаш. Христос му заповедал да ги пасе овците и јагнињата. Доверувајќи му ги на тој начин на негова грижа душите за кои го положил Својот живот, Христос на апостол Петар му дал најсилен доказ за Својата доверба, за Својата сигурност дека се поправил. Некогаш немирниот, горд, самоуверен ученик станал понизен и покорен. Од тогаш го следел својот Господ во самоодрекување и пожртвуваност. Станал и учесник во Христовото страдање; и кога Христос еднаш ќе седне на престолот на Својата слава, Петар ќе биде учесник во Неговата слава. {ХП 154.3}

Злото што довело до пад на Петар, злото што го лишило фарисејот од заедница со Бога, и денеска уништува илјадници луѓе. Ништо не е толку навредливо за Бога или толку опасно за човечката душа како гордоста и самодовербата. Од сите гревови, тој е најбезнадежен, најтешко се лекува. {ХП 154.4}

Падот на Петар не настанал одненадеж и наеднаш, туку постепено. Самодовербата кај него создала сигурност дека е спасен, па тој чекор по чекор тргнал по удолница, сè додека не се откажал од својот Учител. Никогаш не можеме без опасност да се потпреме врз себе, ниту да помислиме, додека сме уште на оваа земја, оти сме сигурни од искушенијата. Сите што ќе го прифатат Спасителот, колку и да е искрено нивното преобратување, никогаш не смеат да тврдат или да мислат дека се спасени. Ова е погрешно. Секој треба да се научи да ја цени надежта и верата; но дури и тогаш, кога ќе му се предадеме на Христа и кога знаеме дека Тој нѐ прифатил, не сме надвор од можноста за искушение. Божјата реч изјавува: „Многумина ќе се очистат, ќе се избелат и ќе бидат искушани“ (Даниел 12:10). Само оној „кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот“ (Јаков 1:12). {ХП 155.1}

Оние кои во своето прво осведочување, кога ќе го примат Христа, склони се да кажат: „Спасен сум“, се наоѓаат во опасност да се потпираат на себе. Ја губат од вид сопствената слабост и постојаната потреба од божествена сила. Тие не се подготвени за лукавствата на сатаната, и кога ќе са најдат во искушение, мнозина како Петар паѓаат во длабочините на гревот. Ние сме предупредени: „Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:12). Нашата единствена сигурност е во постојаната недоверба во себе и зависноста од Христа. {ХП 155.2}

На Петар му било неопходно да ги сфати маните на својот карактер и својата потреба од Христова сила и милост. Господ не можел да го поштеди од искушенијата, но можел да го избави од пораз. Кога Петар би бил подготвен да ја прифати Христовата опомена, тој би бил буден и на молитва. Тој би одел со страв и трепет, внимавајќи да не му се сопнат нозете. Тогаш би добил божествена помош за да не може сатаната да ја однесе победата. {ХП 155.3}

Петар паднал затоа што бил самоуверен, но неговото покајание и неговата понизност придонеле повторно да се зацврстат неговите стапки. Во записот за неговото искуство, секој грешник што се кае може да најде охрабрување. Иако тешко згрешил, Петар не бил отфрлен. Христовите зборови биле врежани во неговата душа: „Но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера“ (Лука 22:32). Во својата горчлива агонија на каење, оваа молитва и сеќавањето на Христовиот поглед полн со љубов и сочувство му давале надеж. По своето воскресение Христос се сетил на Петар и преку ангел им упатил порака на жените: „Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите“ (Марко 16:7). Спасителот, кој ги проштава гревовите, го прифатил покајанието на Петар. {ХП 155.4}

Истата милост што му била укажана на Петар, се однесува на секоја душа која паднала под налетот на искушенијата. Сатаната смислил посебен план: луѓето прво да ги наведе на грев, а потоа да ги остави беспомошни, растревожени и полни со страв да бараат простување. Но, зошто треба да се плашиме кога Бог рекол: „Ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене“ (Исаија 27:5). Великодушно ни е понудено сè што е потребно да се отстранат нашите слабости и охрабрени сме да се вратиме кај Христа. {ХП 156.1}

Христос го понудил Своето скршено тело за да го откупи Божјото наследство, на луѓето да им даде уште една можност. „Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 7:25). Со својот беспрекорен живот, со Својата послушност, со Својата смрт на крстот на Голгота, Христос посредува за изгубениот човечки род. И сега, не само како обичен молител, туку како победник, кој ги бара плодовите на Својата победа, како поглавар на нашето спасение, посредува за нас. Неговата жртва е комплетна, и како наш посредник Тој извршува служба што самиот доброволно ја прифатил, подигајќи ја пред Бога кадилницата со Своите пречисти заслуги и молитви, исповеди и благодарници на Својот народ. Намирисани со мирисот на Неговата праведност, тие се издигнуваат пред Бога како сладок мирис. Жртвата е целосно прифатлива и помилувањето ги опфаќа сите престапи. {ХП 156.2}

Христос се обврзал дека ќе биде наш заменик и гаранција и Тој никого нема да го занемари. Оној кој не можел да дозволи човечките суштества да бидат изложени на вечна пропаст, туку Својата душа ја предал на смрт заради нив, со сожалување и сочувство гледа на секоја душа која сфаќа дека не може да се спаси самата себе. {ХП 157.1}

На секој кој очајува Тој ќе му помогне да се подигне. Тој кој со своето помирување им го ставил на луѓето на располагање вечното благо на духовната сила никогаш нема да пропушти оваа сила да не ја употреби во наша корист. Сите свои гревови, грижи и болки да ги ставиме покрај Неговите нозе, бидејќи Тој нѐ љуби. Секој Негов поглед и секој Негов збор треба да ни влева самодоверба. Тој ќе го формира и изгради нашиот карактер според Неговата волја.  {ХП 157.2}

И покрај сета своја сила сатаната не е во состојба да ја совлада душата која со едноставна доверба се потпира на Христа. „Тој му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот“ (Исаија 40:29). {ХП 157.3}

„Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда” (1. Јованово 1:9). Господ вели: „Признај ја само вината своја: зашто отстапи од Твојот Господ Бог” (Еремија 3:13). „Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам“ (Езекиел 36:25). {ХП 158.1}

Меѓутоа, пред да најдеме простување и мир, ние пред тоа мораме да станеме свесни за својата грешност и таа свест треба да нè наведе на покајание. Фарисејот не бил осведочен во својата грешност. Затоа Светиот Дух и не можел да работи со него. Неговата душа била обвиткана со оклоп на самоправедност кој не можеле да го пробијат ниту најострите Божји стрели, насочени од ангелски раце. Христос може да го спаси само оној кој е свесен дека е грешник. Тој дошол да им соопшти „радосна вест на бедните… на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените“ (Лука 4:18). Но, „здравите немаат потреба од лекар, туку болните“ (Лука 5:31). Ние мораме да ја познаваме нашата вистинска состојба, зашто инаку не ќе чувствуваме потреба од Христова помош. Мораме да сфатиме каква опасност ни се заканува, зашто инаку нема да бегаме во засолниште. Ние мораме да ја почувствуваме болката што ни ја задаваат нашите рани, зашто инаку не ќе посакаме да се исцелиме. {ХП 158.2}

Господ вели: „Зашто велиш: ‘Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба’, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш“ (Откровение 3:17,18). Златото низ оган пречистено е верата која дејствува во спрега со љубовта. Само тоа може да воспостави хармонија меѓу нас и Бога. Ние можеме да бидеме активни и многу да работиме, но без љубов, онаа љубов која живее во срцето на Исуса Христа, никогаш нема да станеме дел од небесното семејство. {ХП 158.3}

Никој не е во состојба сам да ги разбере своите грешки. „Лукаво е човечкото срце повеќе од сè и е наполно расипано; кој ќе го разбере?“ (Еремија 17:9). Усните можат да зборуваат за сиромаштвото на душата, иако срцето не сака да го признае тоа. Додека човекот му се обраќа на Бога и зборува за своето духовно сиромаштво, неговото срце може да гори од вообразба дека поради својата наводна понизност и возвишена праведност е подобро и повеќе достојно од другите. Само на еден единствен начин можеме да добиеме вистинско знаење за себе. Мораме да го посматраме Христа! Токму непознавањето на Христа ги наведува луѓето толку многу да ја возвишуваат својата праведност. Кога ќе размислуваме за Неговата чистота и за Неговото совршенство, тогаш ќе ја согледаме својата слабост, своето сиромаштво и маните во вистинска светлина. Ќе видиме дека сме изгубени и без надеж, облечени во облека на самоправедност, како и сите други грешници. Ќе увидиме дека спасението не можеме да го заработиме со нашата добрина, туку единствено со Божјата бесконечна милост. {ХП 159.1}

Молитвата на цариникот била слушната затоа што покажувала зависност која произлегувала од целосно потпирање на Семоќниот. Цариникот во своите очи не заслужувал ништо друго освен срам. Така мора да се гледаат себеси сите што го бараат Бога. Со вера – вера која се одрекува од секаква самодоверба, понизниот молител можел да се држи до бесконечната моќ. {ХП 159.2}

Никакви формални обреди не можат да ја заменат едноставната вера и целосното отфрлање на својата стара непреобратена природа, своето старо јас. Меѓутоа, никој не е во состојба целосно да се ослободи од својата стара природа. Ние единствено можеме да се потпреме врз Христа Тој да ја изврши таа промена во нас. Тогаш нашата душа ќе зборува: Господе, земи го моето срце, зашто јас не можам да ти го дадам! Тоа е твоја сопственост. Сочувај го од расипаност, зашто јас не можам да го сочувам за Тебе! Спаси ме наспроти самиот мене, наспроти мојата слаба, нехристијанска стара природа! Обликувај ме, промени ме, подигни ме во чистата и света небесна атмосфера, така што низ мојата душа да можат да потечат изобилните количества на Твојата љубов! {ХП 159.3}

Ова отфрлање на старата природа на човекот не се случува само на почетокот на неговиот христијански живот. Тоа мора да се повторува на секој чекор од неговото напредување кон небото. Сите наши добри дела зависат од силата што се наоѓа надвор од нас. Затоа нашето срце постојано мора да го досегнува Бога; затоа мораме постојано, сериозно и искрено да ги признаваме нашите гревови и со понизно срце да излегуваме пред Него. Само ако постојано ја отфрламе нашата стара природа и ако постојано се потпираме врз Христа, ние ќе можеме спокојно да продолжиме да чекориме по патот кој води кон небото. {ХП 159.4}

Колку поблизу доаѓаме до Христа, и колку појасно ја согледуваме чистотата на Неговиот карактер, толку појасно ќе ја препознаваме прекумерната грешност на гревот и помалку ќе сакаме да се извишуваме себеси. Секако, оние што небото ги признава за свети, последни се кои ќе ја истакнуваат својата добрина. Апостол Петар станал верен Христов слуга, во голема мера бил награден со божествена светлина и сила и одиграл активна улога при изградувањето на Христовата црква; но Петар никогаш не го заборавил страшното искуство на своето понижување; неговиот грев бил простен, но тој добро знаел дека во слабоста на карактерот што предизвикала кај него пад може да му помогне само Христовата милост. Во себе не наоѓал ништо со што би можел да се пофали. {ХП 160.1}

Ниту еден од апостолите или пророците никогаш не тврдел дека е без грев. Луѓето кои живееле најблиску до Бога, луѓе кои би го жртвувале самиот живот наместо свесно да направат некое лошо дело, луѓе кои Бог ги надарил со божествена светлина и сила, ја признале грешноста на својата природа. Тие не се потпирале во телото, ниту пак тврделе дека имаат некаква своја праведност, туку целосно се потпирале врз Христовата праведност. Така ќе биде и со сите што го гледаат Христа. {ХП 160.2}

На секој нов чекор во нашето христијанско искуство, нашето покајание ќе се продлабочува. Токму на оние на кои им простил, на оние што ги признал како Свој народ, Тој им вели: „Тогаш ќе се сетите за своите лоши патишта и за своите лоши дела, па ќе почувствувате одвратност од самите себе за гревовите свои и за лошите престапи“ (Езекиел 36:31). И повторно нагласува: „Јас ќе го востановам Мојот сојуз со тебе, и ти ќе разбереш дека Јас сум Господ,за да помниш и да се срамуваш, и во иднина да не можеш од срам да ја отвориш устата, кога ќе ти простам сè што правеше ти – вели Господ Бог“ (Езекиел 16:62,63). Тогаш нашите усни нема веќе да се отвораат во само-величење. Ќе знаеме дека нашиот успех единствено зависи од нашата заедница со Христа. Признавањето на апостол Павле ќе биде и наше признавање: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто“ (Римјаните 7:18). „А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Галатјаните 6:14). {ХП 160.3}

Во склад со ова искуство е и заповедта: „Со страв и трепет градете го своето спасение,зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Филипјаните 2:12,13). Бог не бара од вас да се плашите дека Тој нема да ги исполни Своите ветувања, дека ќе се измори во Своето трпение, дека ќе му недостигне сожалување. Всушност, треба да се плашите вашата волја да не и откаже покорност на Христовата волја и со вашиот живот да не завладеат вашите лоши наследени и стекнати карактерни особини. „Зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја”. Би требало да се плашите меѓу вашата душа и вашиот голем Учител да не се испречи вашата стара природа; плашете се вашето „јас“ да не ја осуети целта што Бог сака да ја постигнете; плашете се од преголемо потпирање врз своите сопствени сили; плашете се да не ја истргнете својата рака од Христовата рака и да се обидете да одите по животниот пат без Неговото постојано присуство. {ХП 161.1}

Треба да избегнуваме сè што ќе поттикне гордост и самодоволност; затоа треба да пазиме да не даваме или да примаме пофалби или ласкање. Ласкањето е сатанско дело. Тој дејствува во иста мера преку ласкањето колку и преку обвинувањето и осудувањето. Со ласкањето тој се обидува да ги упропасти душите. Сите што ги слават луѓето сатаната ги употребува како свои орудија. Христовите работници не смеат да ласкаат ниту да примаат ласкање. Од нашиот видокруг нека исчезне нашето старо „јас“. Само Христос треба да биде возвишуван. Кон Него, „Кој нè возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв“ (Откровение 1:5), нека се издигнува фалба од нашето срце и кон Него нека биде насочено секое око. {ХП 161.2}

Животот во кој се негува стравот од Господ, нема да биде живот на тага и мрачност. Христовото отсуство го прави лицето тажно, а животот аџилак (поклонување) на воздишки. Оние што се исполнети со самопочит и самољубие, не чувствуваат потреба за жива, лична заедница со Христа. Срцето што не паднало врз Карпата (врз Христа), се гордее со себеси и со својата севкупност. Луѓето сакаат достоинствена религија. Тие сакаат да одат по патека која е доволно широка за да ги прифати такви какви што се, со сите нивни особини. Нивното самољубие и желбата да бидат популарни и фалени, го исклучуваат Спасителот од нивното срце, а без Него им остануваат само потиштеност и тага. Меѓутоа, Христовиот престој во душата претставува извор на радост. За сите што Го примаат, и самиот основен тон на Божјата реч претставува радост. {ХП 162.1}

„Зашто вака вели Високиот и Возвишениот, вечно Живиот, Чие име е Светец: ‘Јас живеам на небесната височина и во светилиштето, но Јас сум и со оние што имаат скршено срце и понизен дух, за да го оживувам духот на понижените и да ги оживувам срцата на поразените’“ (Исаија 57:15). {ХП 162.2}

Кога се наоѓал скриен во процеп на карпа, Мојсеј ја видел Божјата слава. Кога ние ќе се скриеме во пукнатината на Карпата, Христос ќе нè покрие со Својата прободена рака и ќе чуеме што им кажува Господ на Своите слуги. И нам, како и на Мојсеј, Бог ќе ни се открие како „Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен!Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови“ (Излез  34:6,7). {ХП 162.3}

Христовото дело на откуп ни носи убавини што човек одвај може да ги сфати. „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат“ (1. Коринтјаните 2:9). Привлечен од Христовата сила, кога грешникот ќе се приближи до издигнатиот крст, и се поклонува пред него, тој станува ново создание. Добива ново срце и станува ново создание во Исуса Христа. Светоста и ништо веќе не бара. Бог „го оправдува секого што верува во Исус“ (Римјаните 3:26). А „кои ги оправда, тие и ги прослави“ (Римјаните 8:30). Колку и да е голем нивниот срам и нивната расипаност предизвикана со гревот, уште поголема ќе биде честа и возвишувањето преку откупителската љубов. На човечките суштества, кои се стремат да се здобијат со божествен лик, им се дава право да го уживаат небесното богатство, превозвишена чест што ќе ги издигне на положба повисока дури и од положбата на ангелите кои никогаш не паднале. {ХП 162.4}

„Така вели Господ, Искупителот на Израел, Светецот негов, на презрениот од сите, на прекоруваниот од народот… царевите ќе Те видат, кнезовите ќе станат и ќе се поклонат заради Господ, Кој е верен, заради Светецот Израелов, Кој Те избрал“ (Исаија 49:7). {ХП 163.1} „Зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен“ (Лука 18:14). {ХП 163.2}

Сподели го ова:

Слични објави