10 Седумте последни зла и безбожниците

Сподели го ова:

(Време на голема неволја, прв дел)

Чашите на Божјиот гнев ќе бидат излеани

Сеуште треба да се случат сериозни настани. Треба да одекне труба по труба; Чаша по чаша треба да се излее врз жителите на оваа Земја. (3SM стр. 426)

Ангелот на милоста наскоро треба да го напушти светот и тогаш ќе се излеат седумте последни зла. Стрелите на Божјиот гнев наскоро ќе бидат пуштени и кога Тој ќе почне да ги казнува престапниците, нема да има одмор се до крајот. (TM стр. 182)

Народите ќе се судрат

Четири моќни ангели ги задржуваат силите на оваа Земја се додека Божјите слуги не го примат печатот на своите чела. Народите на овој свет се желни за судир, но ангелите ги задржуваат. Кога силата што ги задржува ќе биде повлечена, ќе дојде време на неволја и страв.

Ќе бидат направени смртоносни воени орудија. Бродовите, заедно со својот жив товар, ќе наоѓаат гроб во морските длабочини. Сите оние што го немаат Духот на вистината ќе се обединат под водство на сатанските претставници, но ќе бидат задржувани се додека не дојде време за големата битка наречена Армагедон. (7BC стр. 967)

Целиот свет ќе биде изложен на опустошување

Ангелите сега ги задржуваат ветровите на судирот да не дуваат додека светот не биде предупреден на судбината која му се заканува; Но, бурата се подготвува, готова да ја опустоши Земјата; И кога Господ ќе им заповеда на Своите ангели да ги одврзат ветровите, ќе избие таков судир што ниедно перо нема да може да го опише. (Ed стр. 179,180)

Пророштвото на Спасителот за излевањето на Божјите судови врз Ерусалим треба да се исполни уште еднаш, но првото опустошување, иако страшно, ќе биде само слаба сенка на второто. Во несреќата на избраниот град треба да ја препознаеме судбината на светот кој ја отфрлил божествената милост и го погазил Неговиот закон. (GC стр. 36)

Сатаната тогаш ќе ги втурне жителите на Земјата во голема, последна неволја. Кога Божјите ангели ќе престанат да ги задржуваат разјарените бури на човечките страсти, сите елементи на судирот ќе бидат одврзани. Целиот свет ќе биде изложен на опустошување, многу пострашно од она кое го погодило некогашниот Ерусалим. (GC стр. 614)

Бог е праведен колку што е и милостив

Божјата слава е да биде милостив, полн со трпение, љубезност, добрина и вистина. Меѓутоа, праведноста покажана при казнувањето на грешниците исто толку е Божја слава колку и покажувањето на Неговата милост. (RH 10.03.1904)

Господ Бог Израелов треба да им суди на боговите на овој свет како што им судел на египетските богови. Со оган и вода, со зла и земјотреси, Тој ќе ја опустоши целата Земја. Тогаш Неговиот откупен народ ќе го возвиши Неговото име и ќе Го прослави на Земјата. Зарем оние што живеат во последните денови од историјата на оваа Земја не би требале да ги разберат пораките што Бог им ги дава? (10MR стр. 240,241)

Оној Кој стои како наш Посредник, Кој ги слуша сите покајнички молитви и признанија, Кој е претставен со виножито, симбол на милоста и љубовта, околу Својата глава, наскоро треба да го заврши Своето дело во небесното светилиште. Тогаш милосрдноста и милоста ќе слезат од престолот, а праведноста ќе го заземе нивното место. Оној Кого Неговиот народ Го очекува со право ќе го земе она што Му припаѓа положбата на врховен Судија. (RH 01.01.1899)

Во целата Библија Бог е претставен не само како Суштество полно со милост и добрина, туку и како Бог Кого го придвижува строга и непристрасна правда. (ЅТ 24.03.1881)

Извесност на божествените судови

Во наше време, за Божјата љубов се зборува како за особина која ќе Го спречи Бога да ги уништи грешниците. Луѓето поаѓаат од своите ниски мерила за праведност и добрина. „Зар мислиш дека Јас сум сличен на тебе?“ (Псалм 50,21) Луѓето Го мерат Бога според себе. Размислуваат како самите би се однесувале во одредени услови и заклучуваат дека и Бог ќе постапи онака како што тие тоа го замислиле…

Ниту едно царство, ниту влада не им препуштаат на злосторниците да одредуваат со какви казни треба да се казнуваат оние што ќе го прекршат законот. Се што имаме, севкупното изобилство од божествената милост која ја чувствуваме, Му ја должиме единствено на Бога. Човекот не е во состојба да процени колку гревот Го навредува таквиот Бог, колку го разјарува, исто како што не може да го измери Небото со јаже. Бог не е само Татко, Тој е и чувар на моралот. Тој е Законодавец. Тој ги прогласува и ги спроведува Своите закони. Закон кој не пропишува казни нема никаква сила.

Можеби би можело да се рече дека Татко полн со љубов не би можел да си дозволи да ги казнува Своите деца со оган се додека ја има моќта да ги ослободи од казната. Меѓутоа, Бог сепак, поради доброто на Своите слуги и поради нивната сигурност, ќе ги казни престапниците. Бог не дејствува според човечки мерила. Бог може да примени бесконечна праведност каква човек нема право да примени кон своите ближни. На Бога не би Му било угодно кога Ное би задавил некој од подбивачите и галамџиите што го мачеле, но Бог си го земал Себеси правото да го потопи целиот свет. Лот немал право да ги казни своите зетови, но Бог можел врз нив да ги примени правилата на Својата строга праведност.

Тогаш кој смее да каже дека Бог нема да го стори она што Самиот рекол дека ќе го стори? (12MR стр. 207209; 10MR стр. 265)

Казните доаѓаат кога Бог ќе ја повлече Својата заштита

Ми беше покажано дека Божјите судови не доаѓаат непосредно од Господ врз луѓето, туку дека луѓето сами се откажуваат од Неговата заштита. Тој ги предупредува, ги укорува и им укажува на единствениот сигурен пат; А ако оние кои биле предмет на Неговата особена грижа сами изберат некој свој пат, независно од Божјиот Дух, ако и покрај повторените предупредувања тргнат по свој пат, тогаш Бог повеќе не бара од Своите ангели да ги спречуваат одлучните напади на сатаната против нив.

Силата на сатаната е на дело и на море и на копно, донесувајќи неволји и жалости, уништувајќи илјадници и илјадници за да си обезбеди плен за себе. (14MR стр. 3)

Бог ќе се послужи со Своите непријатели за да ги казни оние што оделе по нивните погубни патишта и така придонеле за погрешно претставување, погрешно оценување и осрамотување на Божјата вистина. (PC стр. 136)

Божјиот Дух напаѓан, отфрлуван и злоупотребуван веќе полека се повлекува од Земјата. И токму сразмерно со брзината на повлекувањето на Божјиот Дух, сатаната го извршува своето безмилосно дело на копно и на море. (Мѕ 134)

Безбожните ги пречекориле границите на своето време на милоста. Божјиот Дух, на Кој толку упорно му се спротивставуваа, конечно се повлече од нив. Лишени од засолништето на божествената милост, тие немаат никаква заштита од нападите на нечестивиот. (GC стр. 614)

Понекогаш и светите ангели се служат со разурнувачки сили

Божјите судови му се заканиле на Ерихон. Тоа бил утврден град. Меѓутоа, Војводата на војската Господова Самиот слегол од Небото да ги поведе небесните чети во напад на градот. Божјите ангели ги заземале масивните ѕидини и ги собориле на земја. (3T стр. 264)

Под Божја управа ангелите се семоќни. Слушајќи ја Христовата заповед, тие една ноќ ја уништиле асирската војска од сто осумдесет и пет илјади луѓе. (DA стр. 700)

Оној ангел кој дошол од небесните дворови да го ослободи Петар, за Ирод бил гласник на гнев и суд. Ангелот го допрел Петар за да го разбуди од сон. Сосема поинаков бил допирот со кој го соборил расипаниот цар кога, извршувајќи ја пресудата на Семоќниот ја фрлил во прав неговата гордост. Ирод умрел во тешки душевни и телесни маки, чувствувајќи ја врз себе жестината на Божјиот одмазднички суд. (AA стр. 152)

Еден единствен ангел ги убил сите египетски првенци и ја исполнил земјата со плач. Кога Давид Го навредил Бога попишувајќи го народот, еден ангел предизвикал страшно уништување со кое тој грев бил казнет. Истата разурнувачка сила, која ја покажале светите ангели кога Бог им го заповедал тоа, ќе ја покажат и злите ангели кога Бог тоа ќе им го дозволи. Тие сили се веќе подготвени и само чекаат божествена дозвола да предизвикаат пустош на сите страни. (GC стр. 614)

Првите две зла

Кога Христос ќе ја заврши Својата посредничка служба во светилиштето, ќе биде излеан неразводнетиот гнев кој им е закана на оние што му се поклонуваат на ѕверот и неговата икона и го примаат неговиот жиг (Откровение 14,9.10). Злата што го погодиле Египет, кога Бог се подготвувал да го ослободи Израилот, по крактер биле слични на овие, навистина многу пострашни и сеопфатни судови, кои ќе го погодат светот непосредно пред конечното избавување на Божјиот народ. Опишувајќи ги овие страшни казни, Јован пишува: „И се појави лоша и лута рана на луѓето, кои ја имаа ознаката на ѕверот и кои се поклонуваа на неговиот лик.“ И морето „стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето“ (Откровение 16,2.3). (GC стр. 627,628)

Зла ги погодуваа жителите на Земјата. Некои Го обвинија и проколнуваа Бога. Други трчаа кај припадниците на Божјиот народ и бараа да научат како да ги избегнат Божјите судови. Но светите не можеа да им помогнат. Веќе беше пролеана последната солза за грешниците, упатена последната усрдна молитва, понесен последниот товар, објавено последното предупредување. (EW стр. 281)

Трето зло

Видов дека четири ангели ќе ги задржуваат четирите ветришта се додека Исус не го заврши Своето дело во светилиштето и дека тогаш ќе бидат излеани седумте последни зла. Тие зла ќе ги разгневат безбожниците и ќе ги подигнат против праведниците; Ќе помислат дека ние сме виновни затоа што Божјите судови се излеани врз нив и дека злата ќе престанат ако ја исчистат Земјата од нас. Ќе биде издадена наредба да се убијат светите, што ќе ги наведе сите да плачат дење и ноќе, молејќи се за избавување. (EW стр. 36,37)

„И третиот ангел ја излеа својата чаша во реките и во водните извори: и тие станаат крв.“ Иако овие зла се толку страшни, Божјата строгост е сосема оправдана. Божјиот ангел објаснува: „Праведен си Господи, Кој си, и Кој си бил, зашто пресуди така; зашто тие ја пролеаа крвта на светите и на пророците, и крв им даде да пијат, тоа го заслужуваат!“ (Откровение 16,4-6) Осудувајќи го Божјиот народ на смрт, тие вината за нивната крв ја навлекле врз себе како да ја пролеале со сопствени раце. (GC стр. 628)

Четврто зло

Во текот на следното зло сонцето добива моќ „да ги гори луѓето со оган“ (Откровение 16,8,9). Еве како пророците ја опишуваат состојбата на Земјата во тоа страшно време: „Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши.“ „Секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови.“ „Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците…“ „Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда скитаат, зашто им нема пасиште… Зашто огнот ги спали пустинските пасишта…“ „И храмските певици ќе ридаат во тој ден говори Господ Бог ќе бидат многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде, молчејќи.“ (Јоил 1,10-12; 17-20; Амос 8,3)

Тие зла не се сеопшти, зашто инаку сите жители на Земјата би биле истребени. Сепак, тоа ќе бидат најстрашните зла што некогаш ги погодиле смртните суштества. (GC стр. 628,629)

Петто зло

Со победнички викот, потсмев и клетви, чети злосторници се подготвуваат да скокнат на својот плен но, ете, ненадејна, длабока темнина, потемна од ноќта, се спушта на Земјата. Потоа се појавува виножито, блескајќи од славата на Божјиот престол, и го премостува небото како да сака да ги наткрили сите групи што се собрале на молитва. Разгневеното мноштво одеднаш застанува. Потсмешливите извици престануваат. Жртвите на убиствениот гнев се заборавени. Со страшно претчувство, грешниците го набљудуваат симболот на Божјиот завет и сакаат да се заштитат од неговиот неиздржлив сјај…

Токму на полноќ Бог ја открива Својата моќ да го избави Својот народ. Сонцето се појавува, блескајќи во полна светлина. Знаците и чудата бргу се менуваат едно со друго. Безбожниците со ужас и стаписаност ја набљудуваат глетката пред себе, додека праведниците со свечена радост ги прифаќаат залозите на своето избавување. (GC стр. 635,636)

Божјиот закон се појавува на небото

Тогаш на небото се појавува рака која држи две преклопени плочи. Пророкот вели: „Небесата ја објавуваат Неговата праведност: Тој е Бог Судија!“ Овој свет Закон, темелот на Божјата праведност, кој со громови и оган бил објавен од Синај како водич низ животот, сега им е покажан на луѓето како мерило по кое ќе се суди. Раката ги разделува плочите така што прописите на Декалогот се гледаат како врежани со пламено перо. Зборовите се толку јасни што сите можат да ги читаат. Сеќавањето се буди, темнината на суеверието и ереста исчезнува од мислите и десетте куси, разбирливи и авторитетни Божји зборови се појавуваат пред очите на сите жители на Земјата.“ (GC стр. 639)

Загубените ги проколнуваат своите лажни пастири

Верниците на Црквата кои ја гледале светлината и биле осведочени, но за спасението на својата душа се потпреле на своите духовни пастири, ќе сфатат, во денот Господов, дека ниту еден друг човек не може да го плати откупот за нивните престапи. Ќе одекне страшен викот: „Загубен сум, засекогаш загубен!“ Луѓето ќе посакаат да ги растргнат на парчиња своите духовни пастири кои им проповедале лаги и ја осудувале вистината. (4ВС стр. 1157)

Сите заеднички ќе ги опсипуваат своите духовни пастири со клетви. Неверните пастири им претскажувале мили нешта: Ги наведувале да го отфрлат Божјиот закон и да ги прогонуваат оние кои сакале да го почитуваат. Сега, во очајание, овие учители ги признаваат своите измами пред целиот свет. Гнев го обзема мноштвото кое возвикува: „Ние сме загубени, а вие ја предизвикавте нашата пропаст!” Луѓето се свртуваат против своите лажни пастири. Токму оние што некогаш најмногу ги воздигнувале, сега најстрашно ги проколнуваат. Истите раце што некогаш ги овенчувале, сега се подаваат да ги растргнат. Мечевите, кои биле направени да го убијат Божјиот народ, сега се подигаат да ги уништат неговите непријатели. (GC стр. 655,656)

Тука гледаме дека Црквата Господовото светилиште прва морала да ја почувствува тежината на Божјиот гнев. Старешините (Езекиел 9,6), оние на кои Бог им доверил голема светлина и кои биле поставени да бидат чувари на духовните интереси на народот, ја изневериле укажаната доверба. (5Т стр. 211)

Божјата реч го загубила секое влијание поради лажните пастири… Нивното дело наскоро ќе се урне врз нив. И тогаш ќе се видат сцените опишани во осумнаесеттата глава од Откровението, кои го прикажуваат излевањето на Божјите судови врз таинствениот Вавилон. (Мѕ 60)

Шесто зло

Ѓаволските духови ќе ги обиколуваат земските цареви и целиот свет за да ги утврдат во измамата и да ги повикаат да се обединат со сатаната во неговата последна битка со небесната власт. (GC стр. 624)

Божјиот Дух постепено се повлекува од светот. И сатаната ги собира своите сили на злото и оди кај „царевите на целиот свет“ да ги собере под своето знаме и да ги увежба за „војна во великиот ден на Бога Семоќниот.“ (Откровение 16,14) По паѓањето во грев, Адам и Ева биле голи, затоа што им била одземена нивната облека на светлина и сигурност.

Светот ќе ги заборави Божјите совети и укори, како што тоа го направиле и луѓето од времето на Ное и жителите на Содом. Тие се разбудиле, размислувајќи за своите беззаконички планови и изуми, но од небото одеднаш паднал огнен дожд и ги проголтал сите безбожници. „Исто така ќе биде во оној ден, кога ќе се јави Човечкиот Син.“ (Лука 17,30) (14MR стр. 96,97)

Последна голема битка помеѓу доброто и злото

Две големи противнички сили ќе се судрат во последниот голем судир. На едната страна ќе биде Создателот на Небото и Земјата. Сите што ќе се наоѓаат на Неговата страна ќе го носат Неговиот знак. Тие ќе бидат послушни на Неговите заповеди. Од другата страна ќе стои кнезот на темнината, опколен со оние кои одбрале отпад и бунт. (7ВС стр. 983)

Пред нас е страшна битка. Ние сме се поблиску до судирот што ќе се води во големиот ден на Бога Седржителот. Она што до сега било задржувано, ќе биде разврзано. Ангелот на милоста веќе ги склопува своите крила, подготвувајќи се да слезе од престолот и да го препушти светот на власта на сатаната. Поглаварствата и властите на Земјата огорчено се бунат против небесниот Бог. Полни се со омраза кон оние кои Му служат на Бога и наскоро, многу скоро, ќе се разгори последната голема битка помеѓу доброто и злото. Земјата ќе стане бојно поле сцена на последниот судир и конечната победа. И тука, на ова место на кое сатаната толку долго ги водел луѓето против Бога, бунтот ќе биде засекогаш изгаснат. (RH 13.05.1902)

Битките што се водат помеѓу овие две војски се исто толку стварни како и оние во кои учествуваат војските на овој свет, само што од исходот на овој духовен судир зависи вечната судбина на луѓето. (PK стр. 176)

Целиот свет ќе застане или на едната или на другата страна

Целиот свет ќе се најде или на едната или на другата страна. Ќе се води битката наречена Армагедон. Тој ден не смее да не фати на спиење. Треба да бидеме наполно будни и, како мудрите девојки, да имаме доволно масло во садовите за своите светилки. Силата на Светиот Дух треба да почива врз нас додека Војводата на војската Господова стои на чело на небесните ангели и раководи со битката. (3SM стр. 426)

Омразата на сатаната против доброто ќе доаѓа се повеќе до израз додека ги придвижува своите чети во последниот напор да го доведе делото на бунт до успешен крај. Секоја душа која не се предала потполно на Бога и која не се ставила под Негова целосна заштита ќе се соедини со сатаната против Небото и заедно со него ќе појде во битка против Владетелот на вселената. (TM стр. 465)

Наскоро сите жители на Земјата ќе се определат за едната или за другата страна; Ќе застанат на страната на небесната влада, или ќе бидат против неа. (7Т стр. 141)

Седмо зло

Потребно е да го проучуваме излевањето на седмата чаша (Откровение 16,17-21). Силите на злото нема да попуштат без борба. Но, провидението треба да ја одигра својата улога во судирот кој се вика Армагедон.

Кога Земјата ќе биде осветлена со славата на ангелите од Откровение 18, религиозните елементи, и добрите и лошите, ќе се разбудат од сонот и војските на живиот Бог ќе тргнат во борба. (7BC стр. 983)

Битката која се вика Армагедон наскоро ќе започне. Оној на Чија наметка е напишано Цар над Царевите и Господар над Господарите ќе ги поведе Своите небесни војски на бели коњи, облечени во чиста и бела свила (Откровение 19,11-16). (7ВС стр. 982)

Целата Земја се подига и спушта како бранови на морето. Нејзината површина се грчи. Како и самите темели да попуштаат. Планински вериги потонуваат. Населени острови исчезнуваат. Морските пристаништа, кои станале слични на Содом по својата расипаност, стануваат плен на разбеснетата водена стихија… Најгордите градови на Земјата паѓаат во прав. Господските палати, во кои најпознатите луѓе на светот го вложувале своето богатство за да се прослават, се распаѓаат пред нивните очи. Ѕидовите на темниците се уриваат и Божјиот народ, затворен поради својата вера, бива ослободен. (GC стр. 637)

Сподели го ова:

Слични објави