9 Крај на времето на милоста

Сподели го ова:

Никој не знае кога ќе заврши времето на милоста

Бог не ни го открил времето кога оваа вест ќе престане да се проповеда или кога ќе заврши времето на милоста. Она што ни е откриено треба да го прифатиме за себе и за своите деца, но да не се обидуваме да го дознаеме она што останало како тајна во советите на Семоќниот…

Добивав писма кои од мене бараа да кажам дали сум добила некоја особена светлина за тоа кога ќе заврши времето на милоста. Јас одговарам дека имам да објавам само една порака, порака дека сега е време за работа додека е ден, зашто ќе дојде ноќта кога никој нема да може да работи. (1ЅМ стр. 191)

Прогласувањето на законот за неделата му претходи на крајот на времето на милоста

Господ јасно ми покажа дека иконата на ѕверот ќе биде направена пред истекот на времето на милоста, зашто тоа треба да биде големата проба* * на која ќе биде изложен Божјиот народ, проба од која зависи неговата вечна судбина. (2ЅМ стр. 81)

Што е „икона на ѕверот“ и како треба да биде направена? Иконата ќе ја направи ѕверот со двата рога според ликот на првиот ѕвер. Некои ја нарекуваат и слика на ѕверот**. За да разбереме каква е таа икона и како ќе биде направена треба да ги проучиме карактеристиките на самиот ѕвер папството.

Кога првата Црква се расипала оддалечувајќи се од едноставноста на Евангелието и прифаќајќи ги незнабожечките обреди и обичаи, таа ги загубила и Божјиот Дух и Божјата сила. За да може да управува со совеста на луѓето, побарала помош од световната власт. Така се појавило папството, Црква која ја контролирала државната власт и се служела со неа во своја корист, особено кога требало да казнува „еретици“. За Соединетите Држави да можат да направат икона на ѕверот, религиската власт треба да постигне контрола врз граѓанската власт така што ќе може да го користи државниот авторитет за постигнување на своите цели…

Иконата на ѕверот претставува форма на отпаднат протестантизам која ќе настане кога протестантските цркви ќе побараат помош од граѓанските власти за да ги наметнат своите догми. (GC стр. 443,445)

* Види ја претходната глава каде е покажано дека големата проба за Божјиот народ ќе биде прогласувањето на законот за присилно празнување на неделата.

*  Ѕверот со два рога од Откровение 13,11-17 ќе му направи икона на ѕверот кој е опишан во Откровение 13,1-10.

Времето на милоста ќе истече кога ќе заврши запечатувањето

Непосредно пред почетокот на времето на неволјите сите го примивме печатот на живиот Бог. Тогаш видов како четирите ангели престануваат да ги задржуваат четирите ветришта. И видов глад, болест и меч, и како станува народ против народ, и како неволјите го зафаќаат целиот свет. (7BC стр. 968)

Видов ангели како брзаат натаму наваму по небото. Ангелот со записничка опрема на колкот се врати од Земјата и Го извести Исус дека го завршил своето дело, дека сите свети се изброени и запечатени. Тогаш Го видов Исус, Кој служеше пред ковчегот во кој се чуваа Десетте заповеди, како ја фрла Својата кадилница. Ги подигна рацете и гласно извикна: „Се сврши!“ (EW стр. 279)

Ни остана уште, така да речам, само миг време. Меѓутоа, иако веќе станува народ против народ и царство против царство сеуште не е дојдено до сеопшт судир. До сега ангелите сеуште ги задржуваат четирите ветришта за Божјите слуги да бидат запечатени на своите чела. А тогаш земските сили ќе ги придвижат своите сили во последната голема битка. (6Т стр. 14)

Ангелот кој се врати од Земјата објави дека неговото дело е завршено; Светот беше ставен на конечна проба и сите кои се покажаа верни на божествените прописи го примија „печатот на живиот Бог“. Тогаш Исус го прекина Своето посредување во небесното светилиште. Ги подигна рацете и гласно извикна: „Се сврши!“ (GC стр. 613)

Времето на милоста ќе заврши одненадеж, неочекувано

Кога Исус ќе престане да се моли, случаите на сите луѓе ќе бидат засекогаш решени… Времето на милоста ќе заврши; Ќе престане и Христовото посредување на Небото. Тој миг, на крајот, ќе ги изненади сите, а оние кои пропуштиле да ги очистат своите души со послушност кон вистината ќе бидат фатени на спиење. (2Т стр. 191)

Крајот на времето на милоста ќе дојде одненадеж, неочекувано во време кога тоа најмалку ќе го очекуваме. Меѓутоа, уште денес нашиот извештај на Небото може да биде чист и ние можеме да знаеме дека Господ не прифатил. (7ВС стр. 989)

Кога ќе заврши истражниот суд, судбината на сите ќе биде запечатена или за живот или за смрт. Времето на милоста ќе истече кусо време пред појавата на нашиот Господ на небесните облаци…

Пред потопот, откако Ное влегол во ковчегот, Бог ја затворил вратата, така што Ное не можел да излезе ниту безбожниците можеле да влезат. Меѓутоа, луѓето уште седум дена, не знаејќи дека нивната судбина е запечатена, продолжиле да живеат безгрижно, оддавајќи се на забави и исмевајќи ги предупредувањата за судот кој им се заканувал. Спасителот рече: „Така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.“ (Матеј 24,39) Тивко и незабележливо, како крадец на полноќ, ќе дојде одлучувачкиот миг кој ќе ја запечати судбината на секој човек; Конечно ќе биде повлечена понудата на милост за грешниот човек…

Додека деловниот човек трча по работа, додека љубителот на забавата се препушта на уживањата, додека ќерката на модата се кити со своите украси можеби токму во тој миг Судијата на целата земја ќе ја изговори реченицата: „беше мерен врз мерилка и најден си прелесен.“ (Даниел 5,27) (GC стр. 490,491)

Човечките активности по истекот на времето на милоста

И праведниците и неправедниците и понатаму ќе живеат на Земјата како смртни луѓе ќе садат и ќе градат, ќе јадат и ќе пијат, и никој нема да биде свесен дека конечната, неотповиклива пресуда е изречена во небесното светилиште. (GC стр. 491)

Кога во светилиштето ќе биде донесена неотповиклива пресуда, и кога судбината на светот ќе биде засекогаш утврдена, жителите на Земјата тоа нема да го знаат. Луѓето кои Божјиот Дух конечно ќе ги напушти ќе го задржат надворешниот облик на побожност, а сатанската ревност со која кнезот на злото ќе ги инспирира за да ги оствари своите злонамерни планови ќе биде многу слична со ревноста за Господа. (GC стр. 615)

Пченицата и каколот ќе растат заедно до жетвата. При извршувањето на своите животни должности праведните се до крајот ќе доаѓаат во допир со безбожните. Децата на светлината ќе бидат расеани помеѓу децата на темнината, така што сите ќе можат да ја согледаат разликата. (5Т стр. 100)

Христос изјавил дека во времето на неговото доаѓање некои од Неговите чекатели ќе бидат зафатени со деловни потфати. Некои ќе сеат во полето, други ќе косат и ќе ја собираат жетвата, а трети ќе мелат во мелници. (Мѕ 26)

Неверство и забранети уживања

Скептицизмот и таканаречената наука во голема мера ќе ја поткопаат верата на христијанскиот свет во Библијата. Тие радосно ќе ги прифатат заблудите и приказните за да можат без страв да одат по удобниот пат на попуштање на своите слабости, затоа што ќе сакаат да Го избришат Бога од своите мисли. Ќе зборуваат: „И утре ќе биде како што беше денес, само уште многу подобро!“ Меѓутоа, среде нивното неверство и безбожни уживања ќе одекне воскликот на архангелот и ќе се зачуе Божјата труба…

Кога сите во нашиот свет ќе бидат зафатени со деловни активности, вклучени во себичната трка по добивка, Исус ќе се појави како крадец. (Ms 15b)

Кога оние, кои се декларираат за Божји народ ќе се соединат со светот, кога ќе почнат да живеат како што живее светот и кога ќе му се придружат на светот во забранетите уживања; Кога насладите на светот ќе станат наслади на Црквата, додека одекнуваат свадбените ѕвона и сите очекуваат уште многу години световна благосостојба тогаш, одеднаш, како гром од ведро небо, ќе дојде крајот на нивните блескави сништа и лажливи надежи. (GC стр. 338,339)

Луѓето ќе бидат целосно окупирани со работата

Кога Лот ги предупредил членовите на своето семејство на уништувањето на Содом, тие не ги послушале неговите зборови, туку го гледале како некој фанатичен занесеник. Уништувањето на градот ги затекнало неподготвени. Така ќе биде и при Христовото доаѓање селаните, купувачите, правниците, продавачите ќе бидат зафатени со своите работи и ним денот Господов ќе им дојде како стапица. (RH 10.03.1904)

Кога свештениците, селаните, трговците, правниците, големите и навидум добри луѓе ќе повикаат: „Мир е и немаме од што да се плашиме!“ ќе ги снајде ненадејна пропаст. Лука ги наведува Христовите зборови дека денот Господов ќе дојде како стапица слика на животно кое се крие во шумата очекувајќи плен, а потоа одненадеж се наоѓа фатено во стапицата на птичарот. (10MR стр. 266)

Кога луѓето ќе се опуштат, забавувајќи се со уживања, окупирани со купување и продавање, крадецот крадешкум се привлекува. Така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки. (Letter 21)

Верските старешини ќе бидат полни со оптимизам

Кога филозофските мудрувања ќе го протераат стравот од Божјите судови, кога верските старешини ќе најавуваат долги периоди на мир и благосостојба и кога светот ќе биде обземен со своите работи и уживања, ќе сади и ќе гради, ќе празнува и ќе ужива, отфрлувајќи ги божествените предупредувања и презирајќи ги Неговите весници токму тогаш ненадејна пропаст ќе дојде на него и тој нема да избега. (РР стр. 104)

Без оглед на тоа кога ќе дојде, за безбожниците Божјиот ден секогаш ќе дојде ненадејно. Кога животот ќе тече по својот непроменлив тек, кога луѓето ќе бидат опфатени со свои уживања, работи, средби, заработки; Кога верските старешини ќе го величаат напредокот и просветленоста на светот и кога луѓето ќе бидат залулани во лажна сигурност тогаш, како што крадецот на полноќ се прикрадува до становите на невнимателните, ненадејна пропаст ќе ги снајде безгрижните и безбожните и „нема да избегаат.“ (GC стр. 38)

Сатаната заклучува дека времето на милоста е истечено

Во времето на големата неволја сатаната ги разбуди безбожните и тие го опколија Божјиот народ за да го уништат. Меѓутоа, тој не знае дека зборот „помилување“ веќе е напишан покрај нивните имиња во небесните книги. (RH 19.11.1908)

Како што влијаел врз Исав да тргне против Јаков, така сатаната во времето на големата неволја ќе ги придвижи безбожниците да го уништат Божјиот народ… Тој гледа дека ги штитат Божји ангели и затоа заклучува дека гревовите им се простени, но не знае дека нивните случаи се веќе решени во небесното светилиште. (GC стр.618)

Глад за Божјата Реч

Оние кои сега не ја вреднуваат, не ја проучуваат и не ја издигнуваат високо Речта која Господ ја изговорил преку Своите слуги, подоцна ќе имаат причина горко да се кајат. Видов дека на крајот од времето Господ со Своите судови ќе ја посети Земјата; Ќе почнат де се излеваат страшните седум зла. Тогаш оние кои ја презирале Божјата Реч, кои не ја вреднувале доволно, ќе талкаат: „од море до море и од север до исток“ (Амос 8,12). И на Земјата ќе биде глад за слушање на Божјата реч. (Мѕ 1)

Никој веќе нема да се моли за безбожниците

Божјите проповедници ќе ја извршат својата последна работа, ќе ги упатат своите последни молитви, ќе ја пролеат својата последна горчлива солза над бунтовната Црква и безбожниот народ. Ќе го изговорат своето последно сериозно предупредување. О, како тогаш оние кои ја исповедаа вистината, а не живееа според неа, би ги дале куќите, земјата и парите што толку скржаво ги чуваа и стискаа, само за да добијат некаква утеха, некое објаснување за патот на спасението, да чујат збор на надеж, молитва или укор од своите проповедници! Но не, залудно! Сега мораат да поднесуваат глад и жед; Нивната жед никогаш нема да биде изгасната, никаква утеха нема да им биде дадена. Нивните случаи се решени, засекогаш запечатени. Тоа ќе биде ужасно, тешко време! (Мѕ 1)

Во времето кога Божјите казни ќе надоаѓаат без милост, о, колку пожелно ќе изгледа положбата на оние што престојуваат во „тајните места на Севишниот“ во колибите каде Господ ги крие оние кои Го љубат и ги почитуваат неговите заповеди! Праведничкиот дел навистина ќе им делува толку привлечно на безбожниците кои страдаат поради своите гревови. Но, вратата на милоста за нив ќе биде затворена. Никој веќе нема да се моли за безбожниците по истекувањето на времето на милоста. (3BC стр. 1150)

Пренесувањето на карактерот нема да биде можно

Господ доаѓа со сила и голема слава. И тогаш Негова задача ќе биде да го изврши целосното одделување на праведниците од грешниците. Меѓутоа, маслото тогаш нема да може да се пресипува во садовите на оние што го немаат. Тогаш ќе се слушнат Христовите зборови: „Две ќе мелат заедно, една ќе се земе, една ќе се остави. Двајца ќе бидат на нива, еден ќе се земе, а другиот ќе се остави!“ Праведните и безбожните ќе мораат да се најдат заедно на животниот пат. Но, Господ ги чита карактерите. Тој знае кои се Негови послушни деца, Тој знае кој ги почитува и ги сака Неговите заповеди. (TM стр. 234)

Многу е сериозен мигот кога човекот треба да се сретне со смртта, но уште посериозен е оној кога треба да се соочи со животот. Ние ќе мораме повторно да се соочиме со секоја своја помисла и збор, со секое свое дело. Она што ќе го направиме од себе во текот на времето на милоста, тоа ќе мораме да останеме во текот на целата вечност. Смртта предизвикува распаѓање на телото, но не го менува карактерот. Ни Христовото доаѓање нема да го смени нашиот карактер; Тоа само ќе го утврди за сета вечност. (5Т стр. 466)

Ново време на милост не би ги сменило безбожниците

Ние мораме на најдобар начин да ги искористиме можностите што сега ни се нудат. Нема да ни биде дадено некое ново време на милост за да се подготвиме за Небото. Ова е нашата единствена и последна можност да изградиме карактер достоен за идниот дом што Господ ќе им го понуди на сите кои ги слушаат Неговите заповеди. (Letter 20)

Нема да има никакво време на милост по Господовото доаѓање. Оние што мислат дека ќе го има, се измамени и заведени. Пред Христовото доаѓање ќе владее иста состојба каква што владеела пред потопот.

Откако Спасителот ќе се појави на небесните облаци никому нема да му биде дадена нова можност да добие спасение. Сите тогаш веќе ќе ја имаат донесено својата одлука. (Letter 45)

Сите ќе бидат испитани и испробани врз основа на светлината што ја добиле. Оние што ја отфрлиле вистината и прифатиле бајки нема да можат да очекуваат некое ново време на милост. Нема да има некаков преоден милениум. Ако, откако Светиот Дух го осведочи нивното срце, луѓето ја одбијат вистината и го искористат своето влијание и другите да ги одвратат од неа, никогаш ни нема да се обратат. Тие не се потрудиле да го преобразат својот карактер во времето на милоста кое им било одредено и Христос нема да им даде нова можност повторно да појдат по истиот пат. Нивната одлука ќе биде конечна. (Letter 25)

Сподели го ова:

Слични објави