13 Наследството на светите

Сподели го ова:

Дар од Господа*

Христос, само Христос и Неговата праведност, ќе ни обезбедат пропусница за Небото. (Letter 65)

Гордото срце се стреми да го заслужи спасението; Но нашето право на Небото и нашата подобност за него се темелат на Христовата правда. (DA стр. 300)

За да можеме да станеме членови на небесното семејство, Тој станал член на земското семејство. (DA стр. 638)

Подобро од правото на најотмените палати на Земјата е правото на становите што Господ отишол да ги подготви. И подобри од сите зборови на земска пофалба ќе бидат зборовите што Спасителот ќе им ги упати на Своите верни слуги: „Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот!“ (Матеј 25,34) (COL стр. 374)

* Елен Вајт имала можност да ги види новото Небо и новата Земја. Нејзе таа небесна стварност и била прикажана во облик кој им одговара на човечките можности на сфаќање. Поради ограниченоста на нашиот човечки јазик и можностите за изразување, ние не можеме да кажеме како навистина изгледа опишаната небесна стварност; „Зашто, сега гледаме како во огледало нејасно; но тогаш: лице в лице; Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат“ (1. Коринтјаните 13,12)

Зошто треба да мислиме на светот што ќе дојде

Исус го отворил Небото за нашиот поглед и ни ја претставил неговата слава за вечноста да не исчезне од нашите мисли. (ST 04.04.1895)

Ако пред очите ја имаме небесната стварност, тогаш и нашите мисли ќе се занимаваат со Божјото присуство. Тоа ќе ни стане заштита од продорот на непријателот; Ќе ни даде сила и сигурност, ќе ни ја воздигне душата над секој страв. Вдишувајќи ја атмосферата на Небото, нема да можеме да вдишуваме загаден воздух маларијата на овој свет…

Исус доаѓа да ни укаже на предимствата на Небото и прекрасната слика на небесната стварност, така што нашите мисли да се занимаваат со убавините на Небото и галериите на нашите сеќавања да се украсат со слики на небесни и вечни сцени…

Големиот Учител им овозможил на луѓето поглед во идниот свет. Тој го ставил, заедно со неговите привлечности, во дострелот на нашиот поглед… Кога би можел да ги врзе нашите мисли за идниот живот и неговите благослови, кога би можел да не наведе да го споредиме со минливите грижи на овој свет, длабоката разлика би станала кристално јасна во нашиот ум, би влијаела врз нашето срце и душата, врз целото битие. (OHC стр. 285,286)

Поттик за христијаните

Не би можеле да се замислат посилни мотиви ни помоќни средства; Извонредни благослови што ги донесува праведното однесување, задоволства на Небото, друштво на ангелите, поврзаност и љубов со Бога и Неговиот Син, воздигнување и развивање на сите наши способности во текот на целата вечност зарем тоа не е доволно силен поттик и доволно охрабрување своето срце од љубов да го ставиме во служба на нашиот Создател и Откупител? (SC стр. 21,22)

Ако Го сретнеме Исус во мир и бидеме спасени, вечно спасени, ќе бидеме најсреќни од сите созданија. О, да се биде дома, каде нема безбожници да не мачат и каде изморените конечно го наоѓаат својот мир! (Letter 113)

Сакам да набљудувам се што е убаво во природата и на овој свет. Мислам дека би била совршено задоволна со оваа Земја, опкружена со добрата што Бог ги создал, кога сето тоа не би било извалкано со проклетството на гревот. Меѓутоа, ние треба да ги добиеме новото Небо и новата Земја! Јован тоа го видел во свето видение и рекол: „И чув силен глас од Небото, велејќи; ‘еве го Божјиот шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и самиот Бог ќе биде со нив!” (Откровение 21,3). О, каква блажена надеж, какви славни изгледи! (Letter 62)

Вистинско и опипливо место

Каков извор на радост за учениците во сознанието дека имаат таков Пријател на Небото, Пријател Кој се моли за нив! Со видливото Христово вознесение се сменија сите нивни погледи за Небото, сите нивни размислувања станаа поинакви. Порано нивните мисли се занимаваа со Небото како подрачје кое е неограничено со простор, населено со нематеријални духови. Сега Небото било поврзано со мислите за Исус, Кого Го сакале и почитувале повеќе од сите други, со Кого разговарале и патувале, Кого Го допирале, дури и по воскресението…

Небото веќе никогаш нема да може да личи на некој неодреден, неразбирлив простор, исполнет со недопирливи духови. Тие сега го набљудувале како свој иден дом, каде нивниот сакан Спасител подготвува станови за нив. (3SP стр. 262)

Стравот дека нашето идно наследство не изгледа премногу материјално навел мнозина духовно да ги толкуваат токму оние вистини кои не поттикнуваат да му приоѓаме како на свој дом. Христос им рекол на учениците дека заминува да им подготви дом во куќата на Својот Отец. (GC стр. 674,674)

На обновената Земја спасените ќе ги имаат истите интереси и задоволства што ги усреќувале Адам и Ева на почетокот. Ќе живеат со едемски живот, живот во градина и поле. (PK стр. 730,731)

Неопишана слава

Ја видов ненадминливата убавина и слава на Исуса Христа. Неговото лице беше посјајно од пладневното сонце, Неговата облека побела од најбелото бело. Како би можела… да ти ја опишам славата на Небото и прекрасните ангели, кои пеат и свират на своите харфи од десет жици! (Letter 3)

Не сум во состојба да ги опишам прекрасните слики што ги видов таму. О, кога би можела да зборувам на ханански јазик, дури тогаш би можела да кажам по нешто за славата на подобриот свет! (EW стр. 19)

Јазикот е потполно немоќен во својот обид да го опише Небото. Кога сликата се појави пред моите очи, онемев од стаписаност. Понесена од ненадминливиот сјај и совршената слава, го спуштив перото и воскликнав: „О, каква љубов! Каква бескрајна љубов!“ Ни највозвишениот јазик не е во состојба да ја опише славата на Небото или бескрајните длабочини на љубовта на Спасителот. (EW стр. 289)

Човечкиот јазик е неспособен да ја опише наградата на праведните. Тоа ќе им биде можно само на оние кои ќе ја видат. Ниту еден ограничен ум не може да ја разбере славата на Божјиот рај. (GC стр. 675)

Кога само еднаш би го виделе небесниот Град, никогаш повеќе не би посакале да се вратиме на Земјата. (ST 08.04.1889)

Потоци, ритчиња и дрвја

Тука го видовме дрвото на животот и Божјиот престол. Од престолот течеше чистата река на водата на животот, а од двете страни на реката растеше стеблото на дрвото, но и од другата страна на реката беше стеблото на дрвото, двете од чисто, проѕирно злато. Прво мислев дека сум видела две дрвја. Погледнав повторно и видов дека при врвот се соединуваат во едно дрво. Според тоа, тоа беше дрвото на животот од двете страни на реката на животот. Неговите гранки се свиткуваа до местото на кое стоевме, а плодовите беа прекрасни; Се чинеше дека се од злато измешано со сребро. (EW стр. 17)

Таму се потоците кои вечно жуборкаат, бистри како кристал, а на нивните брегови разнишани дрвја кои ги фрлаат своите сенки на патеките подготвени за откупените на Господа. Таму просторните рамнини се претвораат во прекрасни ритчиња и Божјите планини ги издигаат своите величествени врвови. И на тие спокојни рамнини, покрај тие живи води, Божјиот народ, кој толку долго бил патник и придојден, ќе го најде својот дом. (GC стр. 675)

Цвеќе, овошје и животни

Видов друго поле полно со секакви цвеќиња и воскликнав: „Ова никогаш нема да свене!” Потоа видов поле со висока трева, со прекрасен изглед. Таа беше живо зелена, со златни и сребрени преливи, додека гордо се лелееше во слава на Царот Исус. Потоа влеговме во поле преполно со сите видови животни лавови, јагниња, леопарди, волци кои живееја во совршена слога. Поминавме низ нивните редови и тие мирољубиво не следеа.

Потоа влеговме во шума, но не во темна шума какви што се овдешните; Не, не, туку во светла и над се величествена; Гранките на дрвјата се нишаа таму-ваму, а ние извикавме: „Ние спокојно ќе престојуваме во пустиња и ќе спиеме во шума!“ Поминавме низ шумата, патувајќи кон гората Сион…

На ридот се наоѓаше прекрасен храм… Секакви дрвја беа посадени околу храмот за да го разубават местото: Шимшир, бор, ела, палма, мирта, калинка, а и смоквата се свиткуваше под товарот на своите рани плодови сето тоа правеше местото да изгледа уште повозвишено…

Видов и маса од чисто сребро; Беше долга многу километри, но нашите очи можеа да ја догледаат. Видов плодови од дрвото на животот, мана, бадеми, смокви, калинки, грозје и секакво друго овошје. Го замолив Исус да ми дозволи да јадам од тоа овошје. (EW 18,19)

Животната сила на вечната младост

Сите излегоа од своите гробови со иста височина како кога слегле во гробот. Адам, кој стои среде воскреснатото мноштво, со величествен раст и достоинствен изглед, сепак е нешто понизок од Синот Божји. Тој впечатливо се разликува од луѓето од последните генерации; И по тоа се гледа колку човечкиот род се изродил, се изопачил. Но, сите стануваат во свежина и животна сила на вечната младост… Пристапот кон дрвото на животот во вратениот Едем ќе им овозможи на откупените да израснат до полната височина на припадниците на човечкиот род во нивната првична слава. (GC стр. 644,645)

Ако Адам, при создавањето, не добил дваесет пати повеќе животна сила од луѓето од денешно време, човечкиот род, земајќи ја предвид неговата сегашна навика да ги крши природните закони, веќе одамна би изумрел. (3T стр. 138)

Никој нема да се изморува ниту да сака починка. Никому нема да му здодее да ја извршува Божјата волја или да го слави Неговото име. Секогаш ќе ја чувствуваме свежината на утрото и таа никогаш нема да престанува… Стекнувањето знаење нема да го заморува умот ниту да ја исцрпува силата. (GC стр. 676,677)

Небото ќе биде полно со здравје. (ЗТ стр. 172)

Среќата е сигурна

Одговарајќи на нивните прашања Исус го подигнал превезот од идниот живот. „При вокресението“, рекол Тој, „ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангели Божји на небото!“ (DA стр. 605)

Денес има луѓе кои го изразуваат своето верување дека на новата Земја ќе има склопување бракови и раѓања, но оние кои веруваат во Писмото не можат да ги прифатат таквите учења. Доктрината дека на новата Земја ќе се раѓаат деца не е дел од „најсигурната пророчка Реч“ (2. Петрово 1,19).

Би било дрско да се впуштаме во претпоставки и теории за она што Бог не ни го објавил во Својата Реч. Ние не смееме да се занимаваме со нагаѓања за нашата идна состојба. (1SM стр. 172,173)

Оние што работат за Бога не треба да го поминуваат своето време во нагаѓање за тоа какви околности ќе владеат на новата Земја. Дрскост е да се впуштаме во претпоставки и теории за она што Господ не ни го открил. Тој сторил се што е потребно за нашата среќа во идниот живот и ние не смееме да нагаѓаме какви се Неговите планови со нас. Не смееме ниту да ги споредуваме околностите на идниот живот со околнос тите од сегашниот. (GW стр. 314)

Спасените ќе ги сочуваат својата личност и ликот

Исусовото воскресение било слика на конечното воскресение за сите кои починале во Него. Ликот на воскреснатиот Спасител, Неговото однесување, Неговиот говор, сето тоа им било познато на учениците. Како што Исус станал од мртвите, така и оние што спијат во Него повторно ќе станат. Ние ќе ги знаеме своите пријатели онака како што учениците Го познавале Исус. Тие можат да бидат изобличени, болни или унакажани во овоземскиот живот, но ќе станат во совршено здравје и убавина; Сепак во прославеното тело совршено ќе се сочува особеноста на нивната личност. (DA стр. 804)

Истиот облик ќе излезе од гробот, но ќе биде слободен од секоја болест и недостаток. Ќе продолжи да живее, покажувајќи ги истите индивидуални карактеристики, така што пријателот ќе може да го препознае пријателот. (6BC стр. 1093)

Таму ќе знаеме како што сме познати. Таму љубовта и сочувството, кои Бог ги всадил во душата, ќе го најдат својот најдобар и најубав израз. (Ed стр. 306)

Румени лица и облека од светлина

Кога излегол од рацете на својот Создател, Адам имал многу благороден раст и прекрасна градба. Бил два пати повисок од луѓето што денес живеат на Земјата и мошне складен. Се на него било совршено и привлечно. Неговото лице не било ниту бело ниту жолтеникаво, туку румено, блескаво од здравје. Ева не била висока како Адам. Нејзината глава допирала нешто над неговите раменици. И таа била благородна по изглед со совршена градба и многу убава. (3SG стр. 34)

Безгрешната двојка не носела никаква вештачка облека; Ги покривала наметка од светлина и слава, слична на онаа што ја носат ангелите. Се додека биле послушни на Бога, ги обвиткувала таа света облека. (PP стр. 45)

Радост поради средбата со своето семејство на Небото

Видовме колона ангели од двете страни на вратата и додека влегувавме, Исус рече: „Влезете, благословени од Мојот Татко, да го примите царството приготвено за вас од создавањето на светот!“ Тука Тој ве повикува да учествувате во Неговата радост, а каква е таа радост? Тоа е радост што го гледа трудот на вашата душа, татковци. Тоа е радост што гледа дека вашите напори се наградени, мајки. Тука се вашите деца, а круните на животот се на нивните глави. (CG стр. 567,568)

Најголемиот Божји дар е Христос, чиј живот е наш, жртвуван заради нас. Тој умрел за нас и станал за нас, за и ние да можеме да излеземе од нашите гробови и да им се придружиме на небесните ангели, да се сретнеме со своите сакани и да ги препознаеме нивните лица; Сличноста со Христа не го уништила нивниот лик, туку го преобразила во Неговото славно обличје. Сите откупени, врзани со цврсти семејни врски, тука ќе се препознаваат едни со други. (3SM стр. 316)

Спасение на бебињата и слабоумните

Кога малите бебиња ќе излезат бесмртни од своите правливи постели, веднаш ќе одлетаат во прегратките на своите мајки. Тие ќе се сретнат за никогаш повеќе да не се разделат. Меѓутоа, мнозина малечки тука немаат мајки. Ние залудно ќе ги чекаме восхитените победнички песни на нивните мајки. Затоа, ангелите ќе ги земат малечките без мајки и ќе ги поведат кон дрвото на животот. (2SM стр. 260)

Некои прашуваа дали малите деца, дури и на верните родители, треба да бидат спасени, бидејќи не поминале низ проба на карактерот; Знаеме дека сите мораат да бидат испробани и нивниот карактер да биде испитан. Се поставувало прашањето: „Како малите деца би можеле да поминат низ таа проба и да бидат испитани?“ Јас одговарам дека верата на верните родители ги покрива и децата исто онака како што Божјата осуда се однесувала на првенците на Египјаните…

Не можеме да кажеме дали сите деца на неверни родители ќе бидат спасени, бидејќи Бог не ни ги открил Своите намери во тој поглед. Затоа е најдобро решавањето на тоа прашање да Му го препуштиме на Бога и да се занимаваме со она што Тој јасно ни го открил во Својата Реч. (3SM стр. 313-315)

Наградата на верните мајки

Кога судот ќе започне и книгите ќе се отворат, кога големиот Судија ќе го изрече Своето: „Добро, добри и верни слуго!“, кога круните на бесмртната слава ќе бидат ставени врз главите на победниците, мнозина, пред очите на целата насобрана вселена, ќе ги подигнат своите круни, ќе покажат на своите мајки и ќе речат: „Со милоста Божја, таа го направи од мене тоа што сум сега. Нејзините упатства, нејзините молитви, ми го донесоа благословот на вечното спасение!” (MYP стр. 330)

Божјите ангели ќе ги сочуваат за вечност имињата на мајките чии напори ги задобиле нивните деца за Исуса Христа. (CG стр. 568)

Наградата на оние кои задобиле души за Христа

Кога откупените ќе стојат пред Бога, многу скапоцени души ќе се јават кога ќе бидат прозвани некои имиња и ќе речат дека благодарение на нивните верни, трпеливи напори, молитви и сериозни наговарања, побарале прибежиште во Христа; На тој начин, оние кои во овој свет соработувале со Христа ќе ја примат својата награда. (8Т стр. 196, 197)

Кога вратите на оној величествен Град во височините ќе се придвижат на своите блескави шарки и кога народите што ја одржале вистината ќе влегуваат, на нивните глави ќе бидат ставени круни на славата, а тие честа и славата и величеството ќе Му ги припишат на Бога. И во таа пригода некои ќе дојдат кај вас и ќе речат: „Да не беа зборовите што љубезно ми ги упативте, да не беа вашите солзи, и молитви, и усрдни напори, јас никогаш немаше да Го видам Царот во Неговата убавина!” Каква награда! Колку се безначајни човечките пофалби во овој земски, минлив живот кога ќе се споредат со бескрајно големата награда што ги очекува верните во идниот, вечен живот! (Words of Encouragement to Self-Supporting Workers, Ph 113, 16)

Нашиот карактер останува непроменет

Ако сакате да бидете праведник на Небото, прво морате да станете праведник на Земјата. Карактерните особини што ги покажувате додека сте живи нема да се сменат по смртта или воскресението. Вие ќе излезете од гробот со истите особини што сте ги покажувале во својот дом или во друштвото. Исус нема да менува карактери при Своето доаѓање. Тоа дело на преобразување мора да се изврши сега. Со својот секојдневен живот ние ја одредуваме својата вечна судбина. Карактерните мани мораме да ги препознаеме и со Христова милост да ги победиме сега. Ние мораме да изградиме складен карактер додека сме сеуште тука, додека сеуште трае времето на милоста, за да можеме да се подготвиме за небесните станови. (13MR стр. 82)

Спокојната и пријатна атмосфера на Небото

Мирот и хармонијата во небесните дворови не смеат да бидат пореметени со присуството на некој што е груб или нељубезен. (8Т стр. 140)

На Небото се е благородно и возвишено. Сите се трудат да ги задоволат интересите на другите и да ги направат среќни. Никој не се обидува да гледа само на себе или да се грижи само за себеси. Најголема радост на сите свети суштества е да уживаат во радоста и среќата на оние кои живеат околу нив. (2Т стр. 239)

Ми се чинеше дека се најдов на место каде владее сеопшт мир, каде никогаш нема да се разгорат бурните земски судири на Небото, во царството на праведноста во кое се собрани сите свети, чисти и благословени, десет илјади по десет илјади и илјада илјади, и сите живеат и чекорат во среќно, чисто пријателство, фалејќи Го Бога и Јагнето Кое седи на престолот.

Нивните гласови се во совршена хармонија. Тие никогаш не се ожалостиле едни со други. Кнезовите на Небото, раководителите на тоа моќно царство, се натпреваруваат само во она што е добро, се трудат да ги направат другите среќни и радосни. Таму најголемиот најмалку се истакнува себеси, а најмалиот е најголем во својата благодарност и богатството на љубовта.

Таму нема мрачни заблуди да го замаглат разумот. Вистината и знаењето, јасно, моќно и совршено, го протерале секое двоумење и ни трага од сомнеж не ја фрла својата темна сенка врз неговите среќни жители. Никакви гласови на расправии не го нарушуваат слаткиот и совршен мир на Небото. Неговите жители не знаат за тага, ни жалост, ни солзи. Се е во совршен склад, во совршен ред и во совршен сјај…

Небото е дом каде сочувството живее во секое срце, се изразува во секој поглед. Тука владее љубовта.

Нема елементи на неслога, нема несогласувања ни судири, ни војување со зборови. ( 9MR стр. 104,105)

Нема искушение и нема грев

Никакво дрво на познавање на доброто и злото нема да дава можност за искушение. Таму нема никаков искушувач, никаква можност за зло. (Ed стр. 302)

Слушнав победоносни извици на ангели и откупени свети, кои одекнуваа како десет илјади музички инструменти, затоа што веќе го нема сатаната да ги мачи и искушува и затоа што жителите на другите светови се ослободени од неговото присуство и неговите искушенија. (SR стр. 416)

Врска со Отецот и Синот

Божјиот народ има предимство да одржува постојана врска со Отецот и Синот… ние ќе Го гледаме лице в лице, без превез кој би ни го затскривал погледот. (GC стр. 676, 677)

Ние засекогаш ќе живееме со него и ќе уживаме во светлината на Неговото мило лице. Моето срце забрзано чука од радост кога ќе се сетам на тоа! (HP стр. 352)

Небото е таму каде што е Христос. Небото не би било небо за оние кои Го љубат кога Христос не би бил таму. (Мѕ 41)

Помеѓу Бога и воскреснатите праведници ќе постои блиска и нежна врска. (DA, стр. 606)

Ставајќи ги пред нозете на Откупителот круните што Тој ги ставил на нашите глави, удирајќи во своите златни харфи, ние целото Небо ќе го исполниме со благодарност за Оној Кој седи на престолот. (8Т стр. 254)

Ако во текот на овој живот бидат верни на Бога, тие конечно „ќе Го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела“ (Откровение 22,4). А во што е среќата на Небото, ако не во тоа да го гледаме Неговото лице? Која поголема радост би можела да му падне во дел на грешникот спасен со Христовата милост отколку да гледа во лицето Божјо и Него да Го запознае како свој Отец? (8Т стр. 268)

Дружење со ангелите и верните од сите векови

Секоја спасена душа ќе дознае каква служба во нејзиниот живот извршувале ангелите. Како ли ќе биде тоа кога таа ќе разговара со ангелот кој бил нејзин чувар од нејзините најрани денови; Со ангелот кој бдеел над нејзините чекори и ја засолнувал нејзината глава во денот на опасност; Со ангелот кој бил со неа во долината на смртната сенка, кој го обележил местото на нејзината починка и кој прв ќе ја поздрави во утрото на воскресението кога ќе ја дознае историјата на божественото мешање во животот на поединецот, историјата на дејствување на целото Небо во се што е направено за човечкиот род! (Ed стр. 305)

Никогаш нема да дознаеме од кои опасности, видливи и невидливи, сме биле сочувани со посредство на ангелите, се додека во светлината на вечноста не ги согледаме Божјите провиденија. (DA стр. 240)

Љубовта и сочувството кои Бог ни ги всадил во душата, таму ќе најдат најдобра и најубава примена. Чистата врска со светите суштества, складниот социјален живот со блажените ангели и верните од сите генерации кои ги испрале своите облеки и ги избелиле во крвта на Јагнето, светите врски кои ги соединуваат „секој род на небесата и на земјата“ (Ефесјаните 3,15 сето тоа придонесува за непоматената среќа на откупените. (GC стр. 677)

Сведочење на безгрешните суштества

„Синот Човечки не дојде да Му служат, туку да служи“ (Матеј 20,28). Она што го правел тука, Христос го прави и горе, а нашата награда за работата со Него во овој свет ќе биде поголема сила и повозвишено предимство со Него да работиме и во светот што ќе дојде. „Вие сте мои сведоци, вели Господ, и Јас сум Бог.“ (Исаија 43,12) Тоа ќе бидеме во вечноста.

Зошто било дозволено големата борба да трае со векови? Зошто сатаната не престанал да постои штом се побунил? Тоа било за вселената да може да се увери дека Бог постапува праведно со злото; За гревот да може да биде засекогаш осуден. Во планот на спасението постојат височини и длабочини кои ни самата вечност нема да ги истражи, чуда во кои и ангелите сакаат да ѕирнат. Само откупените, помеѓу сите создадени суштества, стекнале лично искуство со гревот; Тие работеле со Христа и, повеќе и од самите ангели, ја запознале заедницата на Неговите маки; Зарем тие немаат што да кажат за науката на спасението нешто што би им било од полза и на безгрешните суштества? (Ed стр. 308)

Прославување на Бога со богати, мелодични звуци

Таму ќе има музика и песна, таква музика и песна каква освен во виденијата што Бог ги дал, ниту едно смртно уво не слушнало ниту ум замислил…

Песната што ќе ја пеат спасените песната на нивното искуство ќе ја објавува Божјата слава: „Големи се и прекрасни Твоите дела Господи Боже, Седржителу!

Праведни и вистински се Твоите патишта Цару на народите. Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет.” (Откровение 15,3.4) (Ed стр. 307-309)

Постои само еден ангел кој секогаш води, кој прв удира во харфата и прв дава тон, а потоа сите се придружуваат кон богатата, совршена музика на Небото. Таа не може да се опише. Тоа е небесна, божествена мелодија. (1Т стр. 146)

Не како човек на болката, туку како славен и победнички Цар ќе стои на Маслинската гора, додека еврејските извици Алилуја, ќе се мешаат со незнабожечките Осана, а гласовите на спасените како моќни војски ќе се слеат во воскликот: Крунисајте Го, Господарот над Господарите! (DA стр. 830)

Истражување на вселенските сокровишта

Какво подрачје на истражување ќе се отвори за нас тогаш кога ќе биде отстранет превезот кој сега го замрачува нашиот поглед, кога нашите очи ќе го здогледаат светот на убавина што сега бегло го гледаме со микроскоп; Кога ќе ја гледаме славата на небесата која сега оддалеку ја набљудуваме со телескоп; Кога ќе биде отстрането злокобното влијание на гревот, кога целата Земја ќе се појави „во убавината на Господа, нашиот Бог“! Тогаш секој истражувач на науката ќе може да ги чита извештаите за создавањето, а да не открие ништо што би го потсетило на законот за злото. Ќе може да ја слуша музиката на гласовите на природата, и да не открие ниту една нота на тагување, ниту еден призвук на жалост…

Божјите деца ќе можат да ги истражуваат сите сокровишта на вселената. Со неискажано уживање ние ќе учествуваме во радоста и мудроста на безгрешните суштества. На располагање ќе ни стојат богатствата спечалени во текот на многу векови на размислување за делата на Божјите раце. (Ed стр. 303,307)

Непопречени од смртноста, ќе се вивнат во неуморен лет во далечните светови во световите кои биле обземени со болка додека ги гледале човечките страдања и одекнувале со песни кога би слушнале вест за некоја откупена душа… Со незамаглен поглед ќе ја набљудуваат славата на создавањето на сонцата и ѕвездите и системите, кои по редот што им е одреден кружат околу Божјиот престол. И на се, од најмалото до најголемото, е напишано името на Создателот, и на сите се гледа богатството на Неговата моќ. (GC стр. 677,678)

Приказ на светата историја

Откупеното мноштво ќе патува од свет до свет, трошејќи голем дел од своето време на истражување на тајната на откупувањето. (7BC стр. 990)

Размислувањето за откупувањето ќе им го обземе и умот, и срцето, и јазикот на спасените во текот на бескрајните векови. Тие ќе ги разберат вистините кои Христос копнеел да им ги открие на Своите ученици, а кои тие не успевале да ги разберат, затоа што немале доволно вера. Од вечност во вечност, секогаш ќе се појавуваат нови откровенија за совршенството и славата на Исуса Христа. Во текот на сите бескрајни векови, Неговите верни слуги од Неговите сокровишта ќе изнесуваат нови и стари богатства. (COL стр. 134)

Тогаш ќе им биде откриен текот на големиот судир што избувнал пред почетокот на времето, судирот кој ќе се заврши дури кога времето ќе истече. Историјата на настанувањето на гревот, на смртоносните измами поради неговото изопачено дејствување; Историјата на вистината која, не скршнувајќи од сопствениот прав пат, ја сретнала заблудата и ја победила сето тоа ќе биде објавено. Превезот што бил ставен помеѓу видливиот и невидливиот свет, ќе биде повлечен на страна и ќе им бидат дадени прекрасни откровенија. (Ed стр. 304)

Дури и кога ќе дојде крајот на земските грижи, страдања и искушенија, дури и кога ќе биде отстранета нивната причина, Божјиот народ секогаш ќе има јасно и правилно сфаќање за цената што била платена за нивното спасение…

Нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните од Своето распнување. На Неговата ранета глава, на Неговите плеќи, на Неговите раце и нозе, ќе останат единстевните траги од бездушното дело што го извршил гревот. (GC стр. 651,674)

Објаснети животните маки

Тогаш ќе бидат објаснети сите тешкотии во животното искуство. Таму каде што гледавме само забуна и разочарување, неуспешни намери и изјаловени планови, ќе се види големата, врвна, победоносна намера, божествениот склад. (Ed стр. 305)

Таму Исус ќе не води по бреговите на живата река која тече од Божјиот престол и ќе ни ги објаснува темните мигови низ кои не водел на оваа Земја за да го усоврши нашиот карактер. (8Т стр. 254)

Се што не збунувало во Божјото провидение ќе ни биде објаснето во светот што ќе дојде. Се што така тешко сме разбрале, тогаш ќе добие вистинско објаснување. Тајните на мислите ќе ни се разјаснат. Таму каде што нашите ограничени умови гледале само мешаница и изневерени ветувања, ќе видиме најсовршен и најубав склад. Ќе знаеме дека бескрајната љубов го нарачала искуството кое ни изгледало најтешко. И кога ќе ја препознаеме нежната грижа на Оној Кој прави се што се случува да биде на наше добро, ќе се радуваме со неискажана радост и ќе бидеме полни со благодарност. (9Т стр. 286)

Плодови на секое добро дело

Сите кои несебично работеле таму ќе ги гледаат плодовите на својот труд. Таму ќе се види исходот на секој правилен принцип и благородно дело. Нешто од тоа гледаме уште тука. Но, колку малку резултати од својата работа гледа во својот живот оној кој го извршува најблагородното дело на светот! Колку несебично и неуморно работи за оние кои никогаш нема да ги види ниту да ги запознае! Родителите и учителите заминуваат на својата последна починка, а се што работеле во животот изгледа залудно; Тие не знаат дека нивната верност отпечатила извори на благослови кои никогаш нема да престанат да течат; Само во вера гледале дека децата што ги воспитувале ќе станат благослов и инспирација за своите ближни и дека нивното влијание ќе се умножи.

Не еден работник му испраќа на светот вести полни со сила, надеж и храброст, зборови кои носат благослов на срцата во секоја земја; Но тој, кој работи сам и во непознатост, знае малку за нивните плодови. Така се даваат даровите, се носи товарот, се извршува работата. Луѓето сеат семе од кое други, над нивните грбови, ја жнеат благословената жетва. Тие садат овошки за другите да можат да јадат плод. Тука им е доволно што знаат дека ги придвижиле силите на доброто. Во вечноста ќе се види дејството и противдејството на се. (Ed стр. 305,306)

Нашата радост постојано ќе се умножува

Има тајни во планот на спасението понижувањето на Божјиот Син, бидејќи морал да се појави во лик на човек, прекрасната љубов и сомилост на Отецот кога ни Го дал Својот Син кои постојано ги восхитуваат дури и небесните ангели и тие ќе бидат предмет на изучување на откупените низ сите векови. Додека го разгледуваат Божјото дело на создавање и откупување, нова вистина постојано ќе се разоткрива пред нивниот восхитен и воодушевен ум. И додека се подобро и подобро ги запознаваат Божјата мудрост, љубов и сила, способностите на нивниот ум постојано ќе се зголемуваат и нивната радост постојано ќе расте. (5Т стр. 702)

А годините на вечноста, додека изминуваат, ќе донесуваат се побогати и пославни откровенија на Бога и Христа. Како што ќе се умножува знаењето, така ќе се зголемуваат и љубовта, стравопочитта и среќата. Колку подобро Го запознаваат Бога, луѓето се повеќе ќе се восхитуваат на Неговиот карактер. И кога Исус пред нив ќе ги отвора сокровиштата на откупението и восхитувачките постигнувања во големата борба со сатаната, срцата на откупените ќе пламтат со уште поогнена верност, па уште порадосно ќе удираат во своите златни харфи; И десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се соединуваат и ќе оддекнуваат во моќен хор на славата. (GC стр. 678)

И вечноста постојано ќе биде пред нас

Таму секоја моќ ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Ќе се превземаат највеличествени потфати, ќе се остварат најблагородни стремежи, ќе се постигнуваат највозвишени цели. И повторно ќе се појавуваат нови врвови за да ги совладаме, нови чуда да им се восхитуваме, нови вистини да ги разбереме, нови замисли да ги придвижат силите на телото, умот и душата. (Ed стр. 307)

Без оглед колку ќе напредуваме во познавањето на Божјата мудрост и Неговата сила, секогаш пред нас ќе се простира бесконечност. (RH 14.09.1886)

Сета татковска љубов која преку каналите на човечките срца течела од генерација во генерација, сите извори кои се отворале во човечките души претставуваат само тесно поточе кон бескрајниот океан, кога ќе се споредат со бесконечната, неисцрпна Божја љубов. Јазикот не може да ја искаже; Перото не може да ја опише. Можете да размислувате за неа секој ден во животот; Можете вредно да ги истражувате Писмата за да ја разберете; Можете да ги соберете сите сили и способности што Бог ви ги дал и да се обидете да ги разберете љубовта и сочувството на небесниот Татко, а сепак пред вас и понатаму ќе се простира бескрај. Би можеле со векови да ја проучувате таа љубов, па сепак никогаш не би ги разбрале потполно должината и широчината, длабочината и височината на Божјата љубов кога Го дал Својот Син да умре за светот. Ни самата вечност нема да може потполно да ја открие. (5Т стр. 740)

Целата вселена објавува дека Бог е љубов

Големата борба е завршена. Гревот и грешниците ги нема повеќе. Целата вселена е чиста. Потполна хармонија и радост владеат во целото неизмерно дело на создавањето. Од Оној Кој создал се течат живот, светлина и радост, исполнувајќи ги сите светови во бескрајното пространство. Од најситниот атом, па до најголемиот свет, се, живо и неживо, во својата непоматена убавина и совршена радост, објавува дека Бог е љубов. (GC стр. 678)

Сподели го ова:

Слични објави