4 Богослужбениот живот на остатокот

Сподели го ова:

Двоен живот

Во ова време, непосредно пред второто Христово доаѓање на небесните облаци, треба да се изврши дело слично на делото на Јован Крстителот. Бог бара луѓе кои ќе го подготват народот да опстане во големиот ден Господов… За да можеме да објавиме вест слична на онаа на Јован, мораме да се здобиеме со духовно искуство слично на искуството на Јован. Истото дело треба да се изврши во нас. Ние мораме да Го гледаме Господа и гледајќи Го Него да се загубиме себеси од вид. (8T стр. 332,333)

Дружењето со Бога ќе ги облагороди нашиот карактер и нашиот живот и луѓето ќе зборуваат за нас, како што зборувале за првите ученици, дека сме биле со Исус. Тоа на евангелскиот работник ќе му овозможи влијание какво ништо друго не би можело да му овозможи. Тој не би смеел да дозволи да биде лишен од таа сила. Ние мораме да живееме со двоен живот живот на мисли и дела, тивка молитва и вредна работа. (MH стр. 512)

Молитва и напор, напор и молитва, тоа ќе биде содржината на вашиот живот. Морате да се молите како сета сила и благодарност да Му припаѓаат само на Бога, и да работите како сите должности да се само ваши. (4Т стр. 538)

Никој не е сигурен ниту еден ден, ниту еден час без молитва. (GC стр. 530)

Оној кој не прави ништо освен што се моли, наскоро ќе престане и да се моли. (ЅС стр. 101)

Цврсто вкоренети во Христа

Доаѓа бура, бура која ќе ја искуша верата на секој човек и ќе покаже од кој вид е. Верниците треба сега да бидат цврсто вкоренети во Христа, инаку некоја заблуда ќе ги одведе на крив пат. (Ev стр. 361,362)

За нас би било добро секој ден да поминеме по еден час во размислување за Христовиот живот. Треба да го проучуваме дел по дел, дозволувајќи и на својата мечта да се занимава со секоја сцена, особено со оние поврзани со крајот на Неговиот живот. (DA стр. 83)

Единствена одбрана од злото е Христос Кој престојува во срцето со посредство на верата во Неговата правда. Се додека не станеме животно поврзани со Бога, никогаш нема да можеме да му се спротивставиме на обессветувачкото влијание на самољубието, самозадоволството и тенденциите кон гревот. Ние можеме да напуштиме многу лоши навики, привремено да престанеме да се дружиме со сатаната; но, без животворната врска со Бога, која се остварува кога од миг во миг Му се потчинуваме Нему, ќе бидеме поразени. Без лично познанство и постојана заедница со Христа, ние сме препуштени на милост и немилост на непријателот и на крајот ќе ги спроведеме неговите налози. (DA стр. 324)

Христос, и тоа распнатиот Христос, треба да биде тема на нашето размислување, на нашите разговори и на нашите најрадосни чувства. (SC стр. 103,104)

Обликувани со Светиот Дух

Човечкото срце никогаш нема да ја запознае среќата ако не Му се препушти на Светиот Дух за Тој да го обликува. Духот ја усогласува обновената душа со примерот, Исус Христос. Под Негово влијание неприј ателството кон Бога се менува во вера и љубов, а горделивоста во понизност. Душата ја сфаќа убавината на вистината и Христос се слави со извонредност и прекрасност на карактерот. (OHC стр. 152)

Нема таков нагон во нашата природа, таква способност на нашиот ум или тенденција на нашето срце, која не треба да биде, од час во час, под управа на Божјиот Дух. (РР стр. 421)

Духот ја осветлува нашата темнина, го оттрга нашето незнаење и ни помага во нашите многубројни потреби. Меѓутоа, умот треба постојано да посега кон Бога. Ако и дозволиме на световноста да се вгнезди, ако не чувствуваме желба да се молиме, желба да разговараме со Оној Кој е извор на сила и мудрост, Духот нема да престојува во нас. (OHC стр. 154)

Неопходност од проучување на Библијата

Ниту едно обновено срце не може да се одржи во свежа состојба ако секојдневно не се натопува со солта на Словото. Божествената милост мора да се прима секој ден, инаку никој нема да остане обратен. (OHC стр. 154)

Нека вашата вера биде поткрепена со Божјата Реч. Фатете се цврсто за живото сведоштво на вистината. Верувајте во Христа како во свој личен Спасител. Тој бил и секогаш ќе остане наша Карпа на спасението. (Ev стр. 362)

Христијаните треба да се подготват за она што наскоро ќе го снајде светот како силно изненадување. Таа подготовка треба да се состои од вредно проучување на Божјата Реч и настојување животот да се доведе во согласност со нејзините прописи. (PK стр. 626)

Никој освен оние кои го зајакнале својот ум со библиските вистини нема да се одржи во последната голема битка. (GC стр. 593,594)

Само оние кои вредно ги проучувале Писмата и кои примиле љубов кон вистината ќе бидат заштитени од моќните измами што ќе го заробат светот. (GC стр. 625)

Неопходно е нашите верници да ги разберат Божјите пророштва; тие мораат да располагаат со систематски познавања на принципите на откриената вистина за да се подготват за она што доаѓа на Земјата и да се сочуваат да не ги однесе ветрот на лажната наука. (5Т стр. 273)

Треба да ги учиме библиските текстови напамет

Неколку пати во текот на денот скапоцени, златни мигови треба да бидат посветени за молитва и проучување на Писмото, па макар само еден текст да се научи напамет, за да може духовниот живот да се одвива во душата. (4Т стр. 459)

Божјата скапоцена Реч е мерило за младите кои сакаат да Му бидат верни на Царот на Небото. Нека ги проучуваат Писмата. Нека учат напамет стих по стих и нека се здобиваат со знаење за она што го рекол Господ. (ML стр. 315)

Подигнете околу себе ѕид од Писмото и ќе видите дека светот нема да може да го урне. Учете го Писмото напамет и бранете се со него од сатаната кога ќе ви се приближи со своите искушенија; „Пишано е!” Тоа е начинот со кој нашиот Господ се соочил со искушенијата на сатаната и ги победил. (RH 10.04.1888)

Имајте ги на ѕидовите од својата сала на сеќавањата Христовите зборови. Треба да ги цените повеќе од злато и сребро. (6Т стр. 81)

Имајте џебна Библија со себе на работа и користете ја секоја можност да ги научите напамет нејзините скапоцени ветувања. (RH 2704.1905)

Ќе дојде време кога мнозина ќе бидат лишени од пишаната Реч. Меѓутоа, ако таа Реч биде запишана во сеќавањето, никој нема да може да ја земе од вас. (MR 760 стр. 24)

Проучувајте ја Божјата Реч. Учете ги напамет нејзините скапоцени ветувања така што и тогаш, кога ќе бидеме лишени од нашите Библии, и понатаму ќе ја имаме крај себе Божјата Реч. (10MR стр. 298)

Четиринаесеттата глава од Откровението како сидро за Божјиот народ

Во овие последни денови, наша должност е да го разбереме полното значење на веста на првиот, вториот и третиот ангел. Сите наши постапки треба да бидат во согласност со Божјата Реч. Вестите на првиот, вториот и третиот ангел се по се единствени и објавени се во четиринаесеттата глава од Откровението, од шестиот стих па до крајот. (13MR стр. 68)

Од оние кои ја прифатиле веста на третиот ангел мнозина немале искуства со претходните две вести. Сатаната го сфатил тоа и ги насочил своите зли очи кон нив за да ги собори; меѓутоа, третиот ангел им укажувал на Светињата над светињите, додека оние кои имале искуство со претходните две вести го откривале патот кој води кон небесната Светиња. Тие вести ми беа претставени како сидро за Божјиот народ. Оние што ќе ги разберат и прифатат ќе бидат сочувани да не ги однесе матицата на многуте измами на сатаната. (EW стр. 256)

Научете го својот ум да и верува на Божјата Реч

Оние кои си земаат слобода да ја прогласуваат Божјата Реч за несигурна, да се сомневаат во се што дава и најмала можност за неверување, ќе откријат дека само со страшна борба ќе можат да ја сочуваат својата вера кога ќе се појават неволјите. Ќе им биде речиси невозможно да ги совладаат влијанијата што ќе го зафатат умот, навикнуван се да прима со неверување, зашто на тој начин ја ставиле својата душа во стапиците на сатаната и ја направиле немоќна да ги раскине неговите страшни мрежи кои се поцврсто и поцврсто им ја опфаќале душата.

Сомневајќи се во се, човекот ги повикува силите на сатаната на своја страна. Меѓутоа, единствена надеж за оние што навикнале да се сомневаат лежи во тоа беспомошно да се фрлат во прегратките на Спасителот и како деца да Му ја покорат својата волја на Христа, да Му ги предадат своите патишта за да можат да бидат изведени од темнината и приведени кон Неговата чудесна светлина. Човекот нема сила самиот да се ослободи од стапиците на сатаната. Оние кои навикнале да се сомневаат во се, се да прогласуваат за несигурно, се да критикуваат, самите себе се засилуваат во неверството. (Ms 3)

Подготвување за идните неволји

Христовите слуги не треба да подготвуваат некои однапред научени говори што ќе ги изговараат кога ќе бидат изведени на суд поради својата вера. Нивната подготовка треба да се извршува од ден на ден и да се состои од собирање на скапоцените вистини од Божјата Реч и нивно чување во срцето, од проучување на Христовите учења, од засилување на верата со молитва и тогаш, кога ќе бидат изведени пред суд, Светиот Дух ќе им ги повика во сеќавање токму оние вистини кои ќе ги трогнат срцата на оние што дошле да ги слушаат. Бог ќе им го врати во сеќавање знаењето здобиено со вредно проучување на Писмото токму во мигот кога тоа ќе им биде неопходно. (CSW стр. 40,41)

Кога ќе дојде времето на неволја, помеѓу оние што сега им проповедаат на другите ќе има и такви кои ќе согледаат, испитувајќи ги своите принципи, дека за многу свои верувања не можат да наведат задоволителна причина. Се додека не бидат така искушани, нема ни да бидат свесни за големината на своето незнаење. Во Црквата има многу верници што се сосема сигурни дека го разбираат она што го веруваат и кои нема да разберат колку се неутврдени се додека не дојде до расправа за спорните прашања. Кога ќе бидат одделени од своите истоверници и натерани самите, без ничија помош, да ја образложат својата вера, ќе се изненадат кога ќе видат колку се нејасни нивните поими за она што го прифатиле како вистина. (5Т стр. 707)

Држете ги под контрола вашите морални сили

Способноста да ја образложиме својата вера е големо достигнување, но, ако вистината не навлезе подлабоко од тоа, никогаш нема да бидеме спасени. Срцето мора да се исчисти од секоја морална расипаност. (OHC стр. 142)

Нема мнозина такви кои сфаќаат дека им е должност да ги контролираат своите мисли и својата фантазија. Навистина е тешко незаузданиот ум да се насочи кон полезни теми. Меѓутоа, ако мислите не се вработат на вистинскиот начин, религијата не може да ја окупира душата. Умот мора да се занимава со светите и вечни теми, или ќе се губи во безвредни и површни мисли. И интелектуалните и моралните сили мораат да се дисциплинираат, а со вежбање тие ќе зајакнат и ќе станат подобри. (OHC стр. 111)

Наша голема потреба е да поттикнеме и негуваме чисти, морални мисли, да ги зајакнеме моралните сили наместо пониските, телесни тенденции. Бог нека ни помогне повеќе да не им попуштаме на нашите себични желби! (MM стр. 278)

Примерот на Енох

Енох чекорел со Бога триста години пред да отиде на Небото, а состојбата во светот тогаш не била ништо поподобна за усовршување на христијански карактер отколку што е денес. А како Енох чекорел со Бога? Тој научил во мислите и срцето секогаш да се чувствува во Божја близина, а секогаш кога ќе се најдел во неволја, упатувал молитви кон Бога да го сочува.

Тој одбивал да Го навреди Бога со било што. Господ постојано му бил во мислите. Тој се молел: „Учи ме на Своите патишта за да не Ти грешам! Со што сакаш да Ти угодам? Со што можам да го прославам Твоето име, мој Господе?” и така својот пат и однесувањето постојано ги усогласувал со Божјите заповеди негувајќи совршена доверба во својот небесен Татко, потпирајќи се постојано на Неговата помош. Не негувал никакви свои мисли, ниту се поведувал по својата волја. Таа потполно се губела во волјата на неговиот Отец.

И сега Енох е претставник на оние кои ќе живеат на Земјата кога Исус ќе дојде, кои ќе бидат пренесени на Небото без да вкусат смрт. (1SAT стр. 32)

И Енох имал искушенија како и ние. Бил опкружен со општество кое не било ништо понаклонето кон праведност од општеството кое нас не опкружува.

Атмосферата што ја вдишувал била загадена со грев и расипаност како и нашата, но сепак живеел со посветен живот. Бил неизвалкан од гревовите што преовладувале во времето во кое живеел. И ние можеме да останеме чисти и нерасипани. (2T стр. 122)

Да се сетиме на некогашните Божји благослови

Кога ќе размислам за нашето минато, кога повторно ќе го согледам секој наш чекор се до денес, можам да кажам: Ти благодарам, Боже! Кога гледам што сторил Господ за нас, полна сум со восхит и доверба кон Христа како водач. Ние немаме причини да се плашиме од иднината освен ако заборавиме како Господ некогаш не водеше и како не поучуваше во минатото. (LS стр. 196)

Тема за сериозно размислување

Ако некогаш постоело време сите кои се плашат од Бога сериозно да поразмислат, тоа време е сега, кога личната побожност е така животно важна. Треба да се запрашаме: „Што сум јас, и какво е моето дело, каква е мојата мисија во ова време! На чија страна јас делувам на Христовата страна или на страната на непријателот?” Затоа, секоја душа да се понизи пред Бога, бидејќи ние сега сигурно живееме во текот на големиот Ден на помирување. Токму сега пред Бога се разгледуваат случаите на мнозина, зашто тие нема да останат во своите гробови уште долго време. Вашето исповедање на верата нема да ви биде гаранција во тоа време, туку состојбата на вашите чувства. Дали храмот на мојата душа е исчистен од секоја нечистотија? Дали сум ги признал своите гревови и дали сум се покајал пред Бога, така што тие ќе можат да бидат избришани? Да не се проценувам себеси премногу лесно? Дали сум подготвен да ја принесам секоја можна жртва за да постигнам совршенство во познавањето на Исуса Христа? Дали постојано чувствувам дека не сум свој, туку Христов, дека и мојата служба Му припаѓа на Бога, чија сопственост сум? (Мѕ 87)

Треба да се запрашаме: „За што работиме и живееме? И каков ќе биде исходот од сето тоа?” (ST 21.11.1892)

Живот во сенка на денот на судот

Гледајќи ги луѓето во градовите како трчаат наваму натаму по своите работи, во мислите се прашував, дали некогаш помислуваат на Божјиот ден кој е пред нас? Секој поединец меѓу нас треба да живее имајќи го на ум големиот ден кој наскоро ќе дојде на сите нас. (1SAT стр. 25)

Ние не можеме да си дозволиме да живееме воопшто не осврнувајќи се на денот на судот. Зашто, иако долго одложуван, сега е блиску, пред вратата и многу се брза. Трубата на Архангелот наскоро ќе ги затресе сите живи и ќе ги разбуди мртвите. (GC стр. 560,561)

Подготвени за Христовото доаѓање

Ако сега не наоѓаме никакво задоволство во размислувањето за небесните теми, ако не сме заинтересирани да се зајакнуваме во познавањето на Бога, ако не уживаме во проучувањето на Христовиот карактер; ако светоста воопшто не не привлекува тогаш можеме да бидеме сигурни дека е залудна секоја надеж дека ќе го наследиме Небото. Совршената ускладеност со Божјата волја е високата цел што Христијаните секогаш мораат да ја имаат пред очите. Затоа, тие со задоволство ќе разговараат за Бога, за Исус, за блескавиот и непорочен дом што Христос им го приготвил на сите оние кои Го љубат. Размислувањето за тие теми, кога душата се гости со блажените Божји ветувања, апостолот го претставува како обид да се вкусат „силите на оној свет” (Евреите 6,5). (5Т стр. 745).

Сподели го ова:

Слични објави