13. ПРОВЕРКА НА ВЕРАТА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 16; 17,18-20; 21:1-14; 22:1-19

Ветувањето дека ќе добие син, Аврам требало да го прифати без никакво прашање или сомневање, но тој не чекал Бог да го исполни ветувањето во свое време и на начин што Тој го определил. За да се испита неговата вера во Божјата моќ, исполнувањето на ова ветување било одложено за извесно време; но тој не ја издржал проверката. Сара, сметајќи дека не е можно во својата длабока старост да добие дете за да се остварат Божјите намери му предложила на Аврама како втора жена да земе една од нејзините слугинки. Многуженството во тоа време било вообичаено и толку распространето, што не се сметало веќе за грев; но тоа сепак не било ниту малку помалечок престап на Божјиот закон и било кобно за светоста и за спокојството на семејниот живот. Аврамовиот брак со Агара имал лоши последици не само за неговото семејство, туку и за идните генерации. {ПП 145.1}

Поласкана со честа на својата нова положба како Аврамова жена и надевајќи се дека ќе биде мајка на голема нација, што треба да произлезе од Аврама, Агара се возгордеала и станала растурлива и презриво се однесувала кон својата господарка. Взаемната љубомора на овие две жени ги нарушила мирот и спокојството на некогаш толку среќното семејство. Присилен да слуша поплаки и од едната и од другата, Аврам попусто се трудел повторно да воспостави хармонија и слога. Иако Агара ја зел за жена само на упорно инсистирање на Сара, таа сега го прекорувала како тоа да била негова кривица. Сакала својата соперничка да ја отера, но Аврам тоа не го дозволил, зашто Агара требало да биде мајка на неговото дете детето што толку копнежливо го очекувал и што требало да биде ветениот син. Па сепак, бидејќи Агара била слугинка на Сара, тој препуштил таа и понатаму да остане под нејзина контрола. Меѓутоа, горделивиот дух на Агара не ја поднесувал острината на грубото однесување на Сара кое самата го предизвикала со својата дрскост. „И Сара вочна да ја угнетува, и таа избега од неа”. {ПП 145.2}

Се упатила в пустина, и додека осамена и без пријатели се одмарала крај еден извор, и се јавил Господен ангел како човек и, за да ја потсети на нејзината положба и должност, и се обратил со зборовите: „Агаро, слугинко на Сара”. А потоа и наредил: „Врати се кај господарката твоја и покори и се”. Но, кон укорот биле додадени и зборови на утеха: „Ќе го умножам многу потомството твое, така што не ќе може да се изброи”. А за вечен спомен на неговата милост, и било наредено своето дете да го нарече Исмаил, „Бог слуша”. {ПП 145.3} 

Кога Аврам имал речиси сто години, Бог уште еднаш му го повторил ветувањето дека ќе добие син, и му било загарантирано дека идниот наследник ќе биде дете на Сара. Но Аврам сѐ уште не го сфатил ветувањето. Веднаш помислил на Исмаил, верувајќи дека преку него ќе се исполни благословената божествена намера. Обземен со љубов кон својот син, извикал: „Исмаил да биде жив пред лицето Твое”. Тогаш ветувањето му било повторено со зборови што не можат погрешно да се разберат: „Навистина, Сара, жената твоја, ќе ти роди син и ќе го наречеш со името Исак; и ќе направам заветот Мој со него да биде завет вечен, и (да му бидам Бог) на потомството негово по него”. Сепак, Бог не бил рамнодушен ниту кон Аврамовата татковска желба за Исмаил. „А и за Исмаил те послушав; еве, го благословувам, и ќе го направам плоден, и многу ќе го умножам, многу… И од него ќе произлезе голем народ”. {ПП 146.1}

Раѓањето на Исака како исполнување на најскапоцените надежи, остварување што го чекале речиси цел живот, ги исполнило шаторите на Аврама и Сара со голема радост. Меѓутоа, за Агара тој настан значел пропаст на нејзините омилени славољубиви очекувања. Исмаил, кој веќе бил момче, сите во логорот го сметале за наследник не само на Аврамовото богатство, туку и на сите благослови ветени на неговото потомство. А сега, наеднаш, бил потиснат на страна, па и мајката и синот, разочарани, го замразиле детето на Сара. Општиот порој на радост уште повеќе ја засилил нивната љубомора и Исмаил се осмелил да го исмева наследникот на Божјите ветувања. Во склоноста на Исмаил да создава немир, Сара видела извор на постојани судири и неслоги, па му се обратила на Аврама со молба и со барање Агара и нејзиниот син да ги истера од логорот. За патријархот тоа било болно и мошне мачно. Како да го истера својот син, Исмаил, кој сѐ уште му бил толку мил? Збунет и во недоумица, се молел за божествено упатство. Преку еден од светите ангели, Господ го посоветувал да ја исполни желбата на Сара, и љубовта кон Исмаил или кон Агара не треба да застане на патот на тоа, зашто само на тој начин можела да се воспостави слога и среќа во неговото семејство. Ангелот му дал утешно ветување дека Исмаил, иако мора да биде одвоен од татковиот дом, нема да биде заборавен и напуштен од Бога; тој ќе живее и ќе стане татко на голем народ. Аврам ги послушал зборовите на ангелот, но со длабока болка. Неговото татковско срце го притискала неискажлива тага кога од домот ја извел Агара и својот син Исмаил. {ПП 146.2}

Упатството дадено на Аврама во врска со неприкосновеноста на брачниот завет претставува поука за сите времиња. Со тоа му било објаснето дека правото и среќата на таа заедница мора да се пазат дури и по цена на големи жртви. Сара била Аврамова единствена вистинска сопруга. Ниту едно друго лице не можело да бара со неа да го дели правото на жена и мајка. Таа го почитувала својот маж и како таква во Новиот завет се споменува како достоен пример. Таа не се согласувала со тоа Аврамовата љубов да биде посветена и на друга жена, и Господ не ја прекорил поради тоа што барала соперничката да се истера. До брак со Агара дошло само поради тоа што ниту Аврам ниту Сара немале доволно доверба во Божјата моќ. {ПП 147.1}

Бог Аврама го повикал да биде татко на верните и неговиот живот требало да служи како пример на верата за идните поколенија. Меѓутоа, неговата вера не била совршена. Дека немал доволно доверба во Бога се покажало тогаш кога го прикрил фактот оти Сара му е жена и повторно кога стапил во брак со Агара. За да го усоврши до највисок степен, Бог го изложил уште еднаш на искушение, на најтешка проверка која човекот кога и да е бил повикан да ја издржи. Една ноќ на сон добил налог да оди во земјата Морија и таму на гората што ќе му биде покажана да го принесе на жртва својот син, својот мил Исак. {ПП 147.2}

Во времето кога ја примил оваа заповед, Аврам имал сто дваесет години. Него го сметале за старец дури и луѓето на неговата генерација, кога човечкиот век бил значително подолг отколку денеска. Во своите помлади години тој имал доволно сили да ги издржи тешкотиите и неволјите и храбро и смело да презре секоја опасност; но сега огнот на неговата младост веќе бил згаснат. Човекот во силата на својата мажевност може храбро да се соочи со тешкотиите и маките пред кои во поодминатите години на животот, кога нозете веќе му потклекнуваат и одат кон гробот, срцето би затреперило. Но Бог последното и најтешко искушение го пуштил врз Аврама во периодот кога веќе бил притиснат со товарот на годините и кога копнеел да се одмори од грижите и страдањата што ги носи животот со себе. {ПП 147.3}

Опкружен со благосостојба и со почести, патријархот во тоа време живеел во Вирсавија. Бил мошне богат, па владетелите на земјата во која живеел го почитувале како моќен кнез. Илјадници овци и говеда ги покривале рамнините што се простирале околу неговиот логор. На сите страни биле поставени шаторите на луѓето кои најпредано го поддржувале домовите на стотиците негови верни слуги. Синот на ветувањето, кој веќе влегувал во период на зрелост, бил крај него. Се чинело како небото со своите благослови да го крунисува пожртвуваниот живот на овој човек кој исполнувањето на своите долго одложувани надежи толку стрпливо го очекувал. {ПП 147.4}

Воден од верата, Аврам ја раскинал врската со своето родно место ги напуштил гробовите на своите татковци и татковината на својот род. Низ земјата на своето наследство талкал како странец. По Божја заповед го протерал својот син Исмаил. И сега, кога долго очекуваниот син навлегувал во години на мажевност, и кога на патријархот му се чинело дека го досегнал исполнувањето на своите надежи, му претстоело искушение поголемо од сите дотогашни. {ПП 148.1}

Заповедта била изговорена со зборови кои на татковото срце му нанеле најболна рана: „Земи го синот твој единец Исак, кого што многу го сакаш… и принеси го таму како жртва сепаленица”. Исак бил светлина на неговиот дом, утеха и крепост на неговата старост, пред се наследник на ветениот благослов. Кога овој син, со некој несреќен случај или поради болест би го снашла смрт, нежното татковско срце би било скршено, а неговата седа глава би била оборена со таа длабока болка; меѓутоа, нему му било заповедано со сопствена рака да ја пролее крвта на својот син. Тоа му се чинело како ужасна неможност. {ПП 148.2}

Сатаната бил готов да му дошепне дека веројатно е измамен, зашто Божјиот закон кажува: „Не убивај”, а Бог не би го барал она што еднаш го забранил. Напуштајќи го својот шатор, Аврам го подигнал погледот кон мирното и ведро небо и помислил на ветувањето што му било дадено пред речиси педесет години: дека неговото семе ќе биде многубројно како ѕвездите на небото. Ако тоа ветување треба да се исполни преку Исака, како може тој да биде предаден на смрт? Аврам бил во искушение да поверува дека можеби е измамен. Мачен од сомневање и во душевна болка се наведнал до земјата и се молел така како никогаш до тогаш ако навистина мора да ја изврши оваа ужасна задача да му се даде некаква потврда за дадената заповед. Си споменал за ангелите пратени да му ја откријат Божјата намера за уништувањето на Содом, за весниците кои му го донеле ветувањето дека ќе го добие овој син, и отишол на местото каде што повеќепати се среќавал со небесните весници, надевајќи се дека повторно ќе ги сретне и ќе добие подетално упатство, но никој не дошол да му олесни. Се чинело како сосема да е фрлен во темнина; а Божјата заповед, „Земи го синот твој единец Исак”, постојано се одгласувала во неговите уши. Заповедта морала да се изврши, а тој не се осмелил да ја одлага. Се приближувал денот и тој морал да тргне на пат. {ПП 148.3}

Враќајќи се во својот шатор, се упатил кон местото каде што Исак спиел со длабок и спокоен сон на младешка невиност. За миг татковиот поглед се запрел врз милото лице на синот, а потоа, тресејќи се, се свртел на другата страна; се упатил кон Сара која исто така спиела. Дали да ја разбуди уште еднаш да го прегрне своето дете? Дали да и го соопшти Божјото барање? Чувствувал потреба со неа да го подели товарот што му ја притискал душата и заедно да ја понесат таа страшна одговорност. Но, плашејќи се дека таа би можела да го спречи во извршувањето на божествената заповед, сепак се воздржал. Исак бил нејзина радост и нејзина гордост; нејзиниот живот бил цврсто врзан за него и мајчинската љубов би можела да ја одбие таа толку голема жртва. {ПП 148.4}

Најпосле Аврам го разбудил сина си и му соопштил дека на една оддалечена гора треба да принесат жртва. Исак често одел со татка си да се помолат на Бога и да принесат жртва на некои од олтарите што го обележувале неговиот порано поминат пат, и затоа овој повик не го возбудил ниту го изненадил. Набргу биле извршени сите подготовки за пат. Дрвата биле приготвени и натоварени на магаре и со двајца слуги тие тргнале на пат. {ПП 151.1}

Таткото и синот молчејќи оделе еден крај друг. Патријархот, притиснат со тешката тајна која уште не ја поделил со никого, не бил расположен да разговара. Мислел како ќе се чувствува гордата и нежна мајка оној ден кога ќе и се врати без синот. Добро знаел дека срцето ќе и биде прободено како со нож ако синот ѝ биде земен. {ПП 151.2}

Полека изминувал денот кој на Аврама. му изгледал подолг од сите денови што ги преживеал во својот живот. Додека синот спиел со момоците, тој сета ноќ ја поминал на молитва, надевајќи се дека сѐ уште ќе се појави небесен весник со порака оти е крај со искушението и дека момчето може неповредено да се врати дома. Но немало никакво олеснение за неговата измачена душа. Така поминал уште еден долг ден и уште една ноќ во понизност и молитва додека во ушите постојано се одгласувала заповедта според која требало да остане без дете. Сатаната бил близу да му дошепне сомневање и неверие, но Аврам му противставил. Третиот ден, кога тргнале на пат, патријархот, насочувајќи го погледот кон север, го забележал ветениот знак славен облак се виел над гората Морија и тој занел дека му зборува глас од небото. {ПП 151.3}

Дури ни во тој час не се жалел против Бога, туку ја засилувал својата душа задржувајќи се на доказите за неговата добрина и верност. Тој син му е подарен тогаш кога за тоа не можел веќе да се надева; и, зар Оној што му го дал тој драгоцен дар немал право повторно да го земе она што било негово! Тогаш верата го повторила ветувањето: „Потомството од Исак ќе се нарече со твое име” (Евреите 11:18) потомство безбројно како морскиот песок. Исак бил чудо-дете и, зар Оној што му го дал животот не е во состојба повторно да му го врати? Гледајќи преку границите на видливото, Аврам ги сфатил божествените зборови:  „Зашто тој сметаше дека е Бог силен и дека и мртви може да воскреснува” (Евреите 11:19). {ПП 151.4}

Сепак, никој, освен Бог, не можел да сфати колкава е жртвата за таткото својот син да го препушти на смрт. Аврам сакал сцената на разделбата да не ја види никој освен Бог. На слугите им наредил да останат тука, во долината:: „Јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се помолиме, ќе се вратиме кај вас”. Дрвата биле натоварени на Исака, на оној што требало да биде жртва; таткото понел нож и оган; и додека заедно се искачувале кон врвот на гората, момчето во себе долго се чудело од каде ќе дојде жртвата толку далеку од стадата и трлата. Најпосле Исак проговорил: „Татко,… ете оган и дрва, а каде е јагнето за жртва?” О, какво искушение! Колку длабоко засекол во Аврамовото срце милиот збор „татко”! Сепак, тој сѐ уште не можел да му ја соопшти страшната вистина. „Синко”, рекол тој, „Бог ќе си прибави, синко, јагне за жртва”. {ПП 152.1}

На определеното место подигнале жртвеник и ги ставиле дрвата на него. Тогаш Аврам со треперлив глас му ја соопштил на сина си божествената порака. Вчудовиден и изненаден, Исак ја дознал својата судбина, но без отпор се согласил да биде жртвуван. Кога би сакал, би можел да побегне, зашто старецот, измачен од болката и исцрпен од борбата во текот на последните три страшни денови, не би можел да му се противстави на силното момче. Но Исак уште од своето детство бил воспитан доброволно и со доверба да послуша и, откако била изложена Божјата намера доброволно се покорил. Тој верувал исто како и Аврам и го сметал за чест тоа што токму тој бил повикан својот живот да го положи на жртва на Бога. Нежно се обидувал да ја ублажи болката на татка си и ги крепел неговите изнемоштени раце да го врзат јажето со кое самиот требало да биде приврзан на жртвеникот. {ПП 152.2}

А потоа се искажани последните зборови на љубов, пролеани се последните солзи и за последен пат таткото и синот се прегрнале. Таткото го потегнал ножот да го заколе сина си единец, но наеднаш раката му била задржана. Божји ангел му викнал на патријархот од небото: „Аврааме! Аврааме!” Тој бргу одговорил: „Еве ме”. И повторно се слушнал глас: „Не кревај ја раката своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам дека се плашиш од Бога штом не го пожали ни синот свој единец заради Мене”. {ПП 152.3}

Свртувајќи се, Аврам видел овен кој недалеку се „заплеткал со роговите во грмушка” и без одлагање таа нова жртва ја принел на олтарот „место синот свој (Исак)”. Во својата голема радост и благодарност, Аврам тоа свето место го нарекол со ново име “Јахве Јерае” што значи „Господ ќе се погрижи”. {ПП 153.1}

На гората Морија Бог уште еднаш го повторил својот завет потврдувајќи го со свечена заклетва благословот на Аврама и на неговото потомство за сите идни поколенија. „Се колнам во Себе – вели Господ – кога така направи, и не го пожали синот свој единец, (заради Мене),Јас ќе те благословам и преблагословам, и потомството твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокот на морскиот брег! А потомците твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои.И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша Мојот глас”. {ПП 153.2}

Големиот подвиг на Аврамовата вера стои како столб на светлина и ја осветлува патеката на Божјите слуги во сите идни поколенија. Тој не се обидувал да се изговара кога требало да ја изврши Божјата волја. Да бил наклонет кон сомневање, во текот на тие три дена на патувањето имал доволно време да размисли и да се посомнева во Бога. Можел да помисли дека него, ако го заколе сина си, ќе го сметаат за убиец, за втор Каин; дека неговите поуки и совети ќе бидат отфрлени и презрени и дека на тој начин ќе биде лишен од влијанието и од можноста да им прави добро на своите ближни. Можел да ја одбие послушноста, повикувајќи се на својата длабока старост. Но патријархот не се засолнил ниту зад еден од тие изговори. Аврам бил само човек, имал лични чувства и склоности како и секој од нас, но не се запрел на прашањето како ќе се исполни ветувањето ако Исак биде жртвуван. Не се задржал на заклучоците на своето рането срце. Знаел дека Бог е верен и праведен во своите барања и ја послушал заповедта до последна буква. {ПП 153.3}

„Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност”, и тој се нарече – пријател Божји” (Јаков 2:23). А апостол Павле кажува: „Оние што се потпираат на верата, се синови Авраамови” (Галатјаните 3:7). Но Аврам својата вера ја посведочил со дела. „Нели со дела беше оправдан Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи својот син Исак?Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена” (Јаков 2:21,22). Мнозина не ја сфаќаат тесната поврзаност што постои меѓу верата и делата. Тие велат: „Само верувај во Христа и сигурен си. Држењето на законот нема никакво значење ниту важност”. Меѓутоа, вистинската вера се открива во послушноста. На Евреите кои не верувале Христос им рекол: „Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови” (Јован 8:39). За таткото на сите верни, Господ кажува: „Аврам го слушаше мојот глас и им се покоруваше на моите заповеди, на моите закони и на моите наредби” (Создавање 26:5). Апостол Јаков кажува: „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва” (Јаков 2:17). А Јован, кој толку се задржувал на љубовта додава: „Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки” (1. Јованово 5:3). {ПП 153.4}

Со помош на симболи и со ветувања Бог на Аврама „однапред му го објави” евангелието (Галатјаните 3:8). И верата на патријархот била сосредоточена на Искупителот кој требало да дојде. Христос им рекол на Евреите: „Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува” (Јован 8:56). Овенот, принесен на олтарот наместо Исака, го претставувал Божјиот Син кој требало да биде жртвуван наместо нас. Кога човекот бил осуден на смрт поради престапот на Божјиот закон, Отецот погледнувајќи го својот Син му рекол на грешникот: „Живеј, најдов откуп!” {ПП 154.1}

Кога од Аврама барал да го жртвува својот син, Бог имал намера живо да му ја предочи стварноста на евангелската вистина и да ја испита неговата вера. Душевната болка и страдањата што требало да ги претрпи во текот на тие страшни денови на неговата проверка биле дозволени со цел од лично искуство, барем донекаде да ја сфати големината на жртвата што ја принесува Семожниот и вечниот Бог за откуп на човекот. Ниту едно друго искушение за Аврамовата душа не би било толку болно како жртвувањето на саканиот син. А Бог својот Син го дал да биде изложен на срамно понижување, на измачување и смрт. На ангелите што требало да бидат сведоци за понижувањата и за душевните страдања на Божјиот Син не им било дозволено да интервенираат како во случајот на Исака. Тогаш немало глас кој би извикал: „Доста е!” За да го спаси загубениот човечки род, Царот на славата морал да го положи својот живот. Има ли посилен доказ што би можела да ја даде бесконечната Божја љубов и сомилост? „Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сè?” (Римјаните 8:32). {ПП 154.2}

Жртвата што е барана од Аврама требало да послужи не само за негово лично добро, ниту пак исклучиво за благослов и корист на идните поколенија туку претставува поука за безгрешните жители на небото и на другите светови. Оваа земја, како сцена на големата борба меѓу Христа и сатаната сцена на која се спроведува и се остварува планот на спасението претставува учебник за целата вселена. Бидејќи Аврам со некои свои поранешни постапки покажал дека нема доволно доверба во Божјите ветувања, сатаната го обвинувал пред ангелите и пред Бога докажувајќи дека тој не ги исполнил условите на заветот и дека поради тоа не е достоен ниту за благословите што ги предвидувал прекршениот завет. Бог сакал преданоста на својот слуга да ја докаже пред сите небесни жители да покаже дека Тој не може да прифати ништо освен совршена послушност, и уште поцелосно да им го открие планот на спасението. {ПП 154.3}

Небесните суштества ја посматрале сцената што претставувала испит за верата на Аврама и за послушноста на Исака. Проверката била многу потешка од онаа на која бил изложен Адам. Покорувањето на заповедта што им била дадена на нашите прародители не барало никакви страдања. Но заповедта дадена на Аврама барала најболна жртва. Цело небо со чудење и со восхит ја посматрало Аврамовата непоколеблива послушност и ѝ оддало признание на неговата вера. Се покажало дека обвинувањата на сатаната биле лажни. Бог изјавил за својот слуга: „Еве, сега знам дека се плашиш од Бога штом не го пожали ни синот свој единец заради Мене”. Заветот, потврден со заклетва пред небесните суштества и пред претставниците на другите светови, покажувал дека послушноста ќе биде наградена. {ПП 155.1} Дури и за ангелите било тешко да ја сфатат тајната на спасението да разберат дека небесниот Заповедник, Божјиот Син, мора да умре за грешните луѓе. Заповедта упатена на Аврама да го жртвува својот син предизвикала внимание кај небесните суштества. Со најголема сериозност тие следеле секој чекор во извршувањето на оваа заповед. Кога Исак го прашал Аврама, „Каде е јагнето за жртва?”, кога Аврам одговорил, „Бог ќе си прибави, синко, јагне за жртва”, кога раката на таткото била задржана во мигот кога веќе замавнал да го заколе сина си, и кога наместо Исака е жртвуван овенот за кој навистина се погрижил Бог тогаш над тајната на откупувањето заблескала светлина и тогаш ангелите појасно ја сфатиле чудесната Божја грижа за спасението на човекот (1. Петрово 1:12). {ПП 155.2}

Сподели го ова:

Слични објави