14. УНИШТУВАЊЕТО НА СОДОМ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 19 глава

Содом бил најубав град во Јорданската долина. Лежел во рамнина која според убавината и плодноста била слична на „Господоватаградина”. Тука во изобилство буел тропски растителен свет. Тој бил расадник на палми, маслинки и лозја, а прекрасните цвеќиња својот пријатен мирис го точеле во текот на цела година. Полињата биле прекриени со богата летнина, а околните ритчиња со стада овци и говеда. Уметноста и трговијата имале свој удел во богатењето на горделивиот град. Ориенталните ризници ги украсувале и ги кителе палатите на Содом, а пустинските карвани со своите драгоцености ги снабдувале неговите пазари и продавници. Со малку мудрост и труд можеле да се задоволат сите животни потреби, а цела година личела на низа празници и празнувања. {ПП 156.1}

Општото изобилство водело кон раскош и горделивост. Неактивноста и богатството сториле срцата што никогаш не биле мачени со скудност или со тага да станат уште потврди. Изобилството и безделничењето создавале желба за уживање и луѓето се оддавале на задоволување на сетилните страсти. „Ете”, кажува пророкот, „во каква состојба е беззаконието на сестра ти Содом и на ќерките нејзини: во гордост, во презаситеност, во празнина, и раката нејзина не помагаше сироти и бедни.И се возгордеаја тие, па вршеа гадотии пред лицето Мое, и, откако го видов тоа, Јас ги отфрлив” (Езекиел 16:49,50). Луѓето за ништо не се стремат повеќе отколку за богатство и безделничење, и токму тоа ги поттикнало гревовите поради кои биле уништени градовите на оваа долина. Нивниот некорисен и безделнички живот ги сторил жртви на сатанските искушенија и тие Божјиот лик во себе го изопачиле до таа мера што повеќе личеле на сатаната отколку на Бога. Безделничењето е најголемо проклетство што може да го снајде човекот, зашто него веднаш го следи порок и злосторство. На тој начин слабее умот, се изопачува сфаќањето и се понижува душата. Во заднината на сето тоа стои сатаната за да ги уништи сите оние кои не се претпазливи и чиешто безделничење му дава можност да им се приближи под некоја привлечна маска. Тој кај луѓето никогаш не постигнува поголем успех отколку тогаш кога ќе им се приближи во часовите на нивното безделничење. {ПП 156.2}

Во Содом постојано имало бучни веселби, забави, гозби, пирови и пијанчења. Луѓето без никакво ограничување се предавале на најниски и најгнасни страсти. Отворено му пркоселе на Бога, се противеле на неговиот закон и наоѓале уживање во насилството. Иако пред себе го имале примерот на претпотопниот свет и добро знаеле како се покажал Божјиот гнев при нивното уништување, сепак живееле со ист безбожнички живот. {ПП 157.1}

Во времето кога Лот се преселил во Содом, изопаченоста уште не зела толкав замав, и Бог во својата милост дозволил зраците на светлината да заблескаат во моралната темнина. Кога Аврам ги ослободил еламските заробеници, вниманието на народот било свртено кон вистинската вера. На жителите на Содом Аврам не им бил непознат, а неговото почитување на невидливиот Бог за нив било предмет на потсмев. Меѓутоа, неговата победа над многу посилните воени сили и неговото великодушно постапување со заробениците и со пленот, кај нив предизвикале чудење и восхит. И додека се пренесувала вест за неговата надареност и храброст, никој не можел да се ослободи од помислата дека победник го сторила само некаква божествена сила. А неговиот благороден и несебичен дух, кој за себичните жители на Содом бил толку туѓ, бил уште еден доказ за надмоќноста на неговата вера. {ПП 157.2}

Благословувајќи го Аврама, Мелхиседек признал дека Јехова е извор на неговата сила и победа. „Благословен да е Аврам од Севишниот Бог, Создателот на небото и земјата!Благословен да е и Севишниот Бог, Кој ги предаде непријателите твои во рацете твои” (Создавање 14:19,20). На овој народ сам Бог му проговорил преку своето провидение, но и последните зраци на светлината биле отфрлени исто така како и сите претходни. {ПП 157.3}

А сега на Содом му се приближувала последната ноќ. Облаците на одмазда веќе ги простирале своите сенки над градот осуден на пропаст. Но луѓето тоа и не го забележувале. Додека ангелите, кои имале задача да уништат сѐ, се приближувале кон градот и влегле во него, луѓето сонувале за напредок, за богатење и уживање. Нивниот последен ден дошол, но и поминал како и секој друг. Настапувала вечер давајќи слика на занесна милина и сигурност. Сонцето на залез со своите зраци осветлувало сцена на неспоредлива убавина. Вечерната свежина ги измамила жителите на градот и тие, секогаш желни за уживање, се шетале во групи, насладувајќи се со убавината на вечерните мигови. {ПП 157.4}

Во квечерината кон капијата на градот се приближиле двајца странци. Изгледале како патници кои очигледно не брзаат да заминат поради тоа што настапува ноќ. Никој во тие скромни патници не можел да ги препознае силните весници на божествениот суд, а веселата толпа и не сонувала дека со својата постапка кон тие божествени весници уште оваа ноќ ќе ја преполнат чашата на беззаконието и со тоа ќе се осудат на уништување и себеси и својот горд град. Меѓутоа, во градот се нашол еден човек кој сосема спонтано им укажал внимание на овие странци и ги повикал во својот дом. Лот не го знаел нивниот вистински карактер, но учтивоста и гостољубивоста биле негови навики, тоа бил составен дел на неговата вера поуки на кои го учел Аврам со личен пример. Кога не би покажал дух на учтивост и љубезност, можеби би бил оставен во Содом да пропадне заедно со другите. Затворајќи ја својата врата пред странците, многу домаќинства на тој начин го одбиле и Божјиот весник кој, да бил примен, би им донел благослов, надеж и мир. {ПП 158.1}  

Секоја постапка во животот, колку и да изгледа безначајна, има свое влијание на добро или зло. Верноста или немарноста во она што се чини како безначајна должност, може да ја отвори вратата за најголеми благослови или за најголеми животни тешкотии. Во малечките постапки се проверува карактерот. Едноставните постапки во секојдневниот живот, извршени со дух на самооткажување и со радост, Бог ги посматра со задоволство. Ние не треба да живееме само за себе, туку и за другите. Само ако заборавиме на себе и ако сме секогаш љубезни и подготвени да им помогнеме на другите, можеме нашиот живот да го сториме благословен. Незначителните вниманија и вообичаената љубезност можат многу да придонесат за животната среќа, а занемарувањето на овие особини придонесуваат, не помалку, луѓето да станат ујадени и потиштени. {ПП 158.2}

Имајќи го предвид малтретирањето што ги очекувало странците во Содом, Лот си поставил задача веднаш, по влегувањето во градот да ги земе во заштита, нудејќи им гостопримство во својот дом. Тој седел пред градските порти кога патниците се приближиле и, штом ги забележал, станал од своето место, им пошол во пресрет и љубезно се поклонил пред нив, велејќи: „Ве молам, господари, вратете се во куќата на својот слуга, за да преноќевате”. Се чинело тие како да го одбиваат неговото гостопримство, велејќи: „Не, ќе преноќеваме на улица”. Меѓутоа, овој одговор ја навестувал нивната двојна намера да ја испитаат искреноста на Лот и да создадат впечаток како да не им е познат карактерот на луѓето во Содом, па сметале дека не е опасно да се остане преку ноќ на улица. Нивниот одговор кај Лот создал уште поголема решителност да не ги препушти на милоста на џганот. Не престанал да ги навалува со своите понуди сѐ додека тие не попуштиле и не се согласиле да влезат во неговиот дом. {ПП 158.3}

Се понадевал дека својата намера ќе ја скрие од безделничарите собрани пред градската капија на тој начин што странците по заобиколен пат ќе ги одведе до својата куќа; но додека тие се притеснувале, одолжувале и упорно ја одбивале понудата, биле забележани и, пред да легнат, толпа беззаконици ја опколиле куќата. Тоа било огромно мноштво млади и стари кои еднакво ги распалила најгнасна страст. Странците упорно се распрашувале за особеностите на овој град, а Лот ги предупредил во никој случај да не излегуваат од дома ноќе. При тоа се слушнале извици и зајадливо предизвикување од џганот кој барал странците да се изведат надвор. {ПП 159.1}

Знаејќи дека тие беззаконици доколку бидат предизвикани на насилство, лесно можат да провалат во куќата, Лот излегол надвор обидувајќи се да влијае врз нив со убедување: „Браќа мои, немојте да правите зло”, ги замолил. При тоа го употребил зборот „браќа” како нивни сосед, надевајќи се дека ќе ги смири и дека тие ќе се засрамат од своите лоши намери. Но неговите зборови дејствувале како долевање на бензин врз оган. За миг нивниот бес се претворил во оркан. Го исмевале Лота тврдејќи дека тој се обидува да господари над нив и му се заканиле дека со него ќе постапат уште полошо отколку што имале намера да постапат со неговите гости. Го нападнале него и да не се вмешале Божјите ангели да го ослободат, би го парчосале. Небесните весници „дигнаа раце и го вовлекоа Лота кај себе, во куќата, и ја затворија вратата”. Она што уследило потоа го открило карактерот на гостите што тој ги примил во својот дом: „А луѓето, кои беа пред куќната порта, ослепеа, од мал до голем, и не можеа да ја најдат вратата”. Да не ослепиле со двете очи, и Божјата казна да не сторила да се исплашат, тие не би отстапиле од своите лоши намери. Таа, за нив последна ноќ била исто така полна со гревови како и многу претходни; но милоста, која толку долго ја омаловажувале, се ближела кон крај. Жителите на Содом ја преминале границата на божествената доброта скриената граница меѓу Божјото трпение и неговиот гнев. Огнот на неговата одмазда само што не блеснал над Сидимската долина. {ПП 159.2}

Тогаш ангелите му ја откриле на Лот целта на својата мисија: „Зашто ние ќе го сотреме ова место, бидејќи викот против нив е голем пред Господ, па затоа нè испрати Господ да го уништиме”. Странците, на кои Лот им укажал своја заштита, сега му ветиле дека тие ќе го заштитат него и дека ќе ги избават и сите членови на неговото семејство што ќе се согласат заедно со него да побегнат од тој безбожнички град. Изнемоштениот џган полека се растурил, па Лот можел да излезе и да ги предупреди своите деца. Им ги повторил зборовите на ангелите: „Станете и бегајте од ова место, зашто сега Господ ќе го уништи овој град”. Но ним им се сторило тој како да се шегува. Го исмевале и него и неговите суеверни стравувања. Неговите мажени ќерки биле наполно под влијание на своите мажи. Ним тука им било сосема добро. Не забележувале никаков знак на опасност. Сѐ околу нив било исто онака како што било и до тогаш. Биле мошне богати и не можеле да веруваат дека прекрасниот Содом би можел да биде уништен. {ПП 159.3}

Исполнет со болка, Лот се вратил дома и го изложил својот неуспех. Тогаш ангелите му наредиле да ја земе жена си и двете ќерки што сѐ уште биле дома и веднаш да го напуштат градот. Но Лот се двоумел. Иако го мачело тоа што секој ден морал да гледа насилство, сепак, немал вистинска претстава за нискоста и за гнасноста на беззаконието што владеело во тој изопачен град. Тој уште не ја увидел ужасната неминовност дека Бог со својата казна ќе му застане на пат на гревот. Некои од неговите деца биле врзани за Содом, а жена му не била подготвена да се оддели од нив. Помислата дека мора да го остави она што му е најмило на светот му се чинела потешка отколку што верувал дека може да ја поднесе. Тешко било да ја напушти раскошно снабдената куќа и сето богатство што го стекнал со труд во текот на целиот свој живот и да замине како беден бездомник. Опфатен со грижа, „бидејќи тој се двоумеше”, немаше волја да појде. Да не биле Божјите ангели, сите тие би загинале заедно со Содом. Тогаш небесните весници ги зеле за раце него, неговата жена и нивните две ќерки и ги извеле од градот. {ПП 160.1}

Тука ангелите ги оставиле и се вратиле во Содом за да ја извршат својата задача да го уништат. Оној, на кого Аврам му ги упатувал своите молби, одвај го истргнал Лота. Во сите градови во долината не можело да се најдат ниту десет праведници, но, благодарение на заземањето и на молитвите на патријархот, оној единствен човек кој тука се боел од Бога, сепак бил оттргнат од уништувањето. Налогот што му е даден звучел мошне потресно: „Спасувај ја душата своја и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа долина! Побарај спас во планината, за да не загинеш!” Притеснувањето и колебањето во тој миг можеле да бидат судбоносни. Еден единствен копнежлив поглед фрлен врз градот на кој му претстои пропаст, еден миг на премислување или двоумење да го напуштат своето родно место можеле да го платат со животот. Луњата на Божјиот суд чекала само овие единствени кутри бегалци да побегнат. {ПП 160.2}

Но Лот, збунет и исплашен, молел да биде поштеден да не го снајде смрт пред да стигне на определеното место. И неговата вера во значителна мера ослабела поради постојаниот допир со неверниците додека живеел во тој безбожнички град. Небесниот Кнез бил на негова страна, а тој сепак се плашел за својот живот, како Бог, кој до тогаш покажал кон него толку љубов и грижа да не го чувал и понатаму. Требало целосно да им се довери на небесните весници, не сомневајќи се и не поставувајќи никакви прашања. Но, како и мнозина други, тој се обидувал сам да се погрижи за својот живот. „Ене, во оној град; доста е близу, да побегнам таму, а местото е мало; таму ќе побегнам и ќе останам жив”. Градот што се споменува тука се викал Валака, а подоцна е наречен Сигор. Од Содом бил оддалечен само неколку километри, а бил исто така расипан и осуден на уништување, но Лот молел да биде поштеден, истакнувајќи дека моли затоа што градот е малечок, и желбата му била исполнета. „Еве, за твое добро ќе го сторам и тоа: нема да го уништам градот, за кој ми зборуваш”. О, колку Бог е милостив кон заблудените созданија на своите раце! {ПП 161.1}

Уште еднаш на Лот му е повторена свечената и сериозна заповед, зашто огнената луња не можела веќе да се одложува. Еден од бегалците, и покрај забраната, се осмелил својот поглед да го сврти кон градот осуден на пропаст, и се претворил во солен камен кој останал како споменик на божествената казна. Кога Лот не би се колебал да го послуша предупредувањето на ангелите и кога веднаш би побрзал во правец на гората без никакви забелешки и двоумења, тогаш и неговата жена би успеала да побегне. Влијанието на неговиот пример би ја сочувало од гревот кој ја запечатил нејзината пропаст. Но со својата колебливост и одолжување тој придонел таа лекомислено да ја прифати божествената опомена. Иако со телото била во рамнината, срцето ѝ останало во Содом, па заедно со него и пропаднала. Се бунела против Бога што неговата казна го зафатила и нејзиниот имот и нејзините деца. Иако ѝ била укажана голема милост со тоа што била изведена од безбожничкиот град, сепак сметала дека е премногу строго да се бара од неа да му го препушти на уништување сето свое богатство што го собирала со години. Наместо со благодарност да го прифати понуденото ослободување, таа дрско се осврнувала на минатото, посакувајќи онаков живот каков што воделе оние што ја отфрлиле божествената опомена. Нејзиниот грев покажал дека не била достојна за животот за чиешто спасение била толку малку благодарна. {ПП 161.2}

Мораме да внимаваме да не го прифаќаме лекомислено она што во Божјото провидение е толку милосливо сторено заради нашето спасение. Има христијани кои велат: „Што имам јас од тоа што ќе бидам спасен ако со мене не се спасат и мојата жена и моите деца!” Ним им се чини дека небото за нив нема да претставува спасение ако заедно со нив не бидат и нивните најблиски. Но имаат ли луѓето со такви чувства вистинска претстава за својот однос кон Бога и за неговата доброта и милост кон нив? Зар тие забораваат дека се врзани со најсилни врски на љубовта, на честа и верноста што ги обврзуваат да му служат на својот Творец и Спасител? Повикот на милоста му е упатен на секого, и ако нашите пријатели или роднини ја отфрлаат молбата на љубовта на Спасителот, треба ли тогаш и ние да се свртиме од него? Спасението на душата е нешто што според вредноста нема споредба. За нашето спасение Христос платил неизмерно висока цена, и секој што знае да ја цени таа голема жртва и вредноста на душата, нема да ја презре понудената Божја милост поради тоа што други ја презираат. Токму тој факт што другите не ги признаваат праведните Божји барања треба да ни биде уште поголем поттик да го почитуваме Бога, настојувајќи и оние врз кои можеме да влијаеме да ја прифатат неговата љубов. {ПП 162.1}

„И кога сонцето изгреа над земјата, Лот пристигна во Сигор”. Се чинело дека светлите зраци на утринското сонце им најавуваат на градовите во долината само благосостојба и мир. На улиците почнувала бучавата на секојдневниот живот; луѓето се упатиле секој по свој пат, било на своја работа или на уживањата предвидени за тој ден. Зетовите на Лот ги исмевале стравувањата и опомените на изветреениот старец. Но, одненадеж и неочекувано, како гром од ведро небо, наишла луња. Бог од небото ја излеал врз градовите и плодните рамнини преполната чаша со оган и сулфур. Нивните палати, храмови, скапоцените згради, градините, лозјата и веселите толпи луѓе желни за уживање, кои уште минатата вечер ги исмевале Божјите весници сѐ било уништено. Чадот од пожарот се издигал високо кон небото како чад од некаква огромна печка, а прекрасната Сидимска долина се претворила во пустина која никогаш веќе нема да биде обработувана ниту населена останала сведоштво кое на сите поколенија на човештвото им зборува за неизбежната Божја казна над престапниците. {ПП 162.2}

Пламенот што ги проголтал градовите во долината е силна опомена сѐ до нашите денови. Тоа го потврдува страшното и сериозно предупредување дека Божјата милост, иако на престапникот му се укажува долго и стрпливо, има и граница преку која луѓето со своите гревови не можат да преминат. Кога ќе се стигне до таа граница, тогаш милоста престанува, а почнува извршувањето на казната. {ПП 162.3}

Спасителот на светот кажува дека има и поголеми гревови отколку што биле оние поради кои се уништени Содом и Гомор. Оние што ќе го слушнат повикот на евангелието, со кој грешниците се повикуваат на покајание, а не одговараат, се виновни пред Бога и повеќе грешни отколку жителите на Сидимската долина. А уште поголем грев од нивниот имаат оние кои тврдат дека го познаваат Бога и дека ги држат Божјите заповеди додека со својот карактер и со секојдневниот живот се откажуваат од Христа. Во светлината на зборовите на Спасителот, судбината на Содом претставува сериозна опомена не само за оние што се виновни за сторениот грев, туку и за сите кои се играат со предимствата и со светлината пратена од небото. {ПП 165.1}

Верниот сведок му порачува на ангелот на ефеската црква: „Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. Спомни си од каде си паднал и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам свеќникот твој од местото негово, ако не се покаеш” (Откровение 2;4,5). Одговор на понудената љубов и проштавање Спасителот чека со сочувство понежно од побудите што го поттикнуваат срцето на земните родители да му проштаваат на заблудениот син кој страда. Тој ги повикува заблудените со овие зборови: „Вратете се кон Мене, и Јас ќе се вратам кај вас” (Малахија 3:7). Но, ако заблудениот тврдоглаво се двоуми, не обрнувајќи внимание на опомената која толку нежно и со љубов повикува, тогаш тој ќе биде оставен во темнина. Срцето кое долго ја презирало Божјата љубов ќе се стврдне во гревот и не го чувствува веќе влијанието на Божјата милост. Страшна ќе биде судбината на оној за чијшто случај Спасителот, покрај сето свое настојување, конечно ќе мора да каже: „Се поврзал со идолите; остави го” (Осија 4:17). Во страшниот суден ден полесно ќе им биде на жителите на Содом и Гомор отколку на оние кои знаеле за Христовата љубов, а сепак се одвратиле од неа за да уживаат во задоволствата на грешниот свет. {ПП 165.2}

Вие што ја презирате понудената милост, помислете на долгата низа записи напластени против вас во небесните книги, зашто таму се води точен извештај и се бележат податоците за безбожноста на народите, на семејствата и на секој поединец. Бог може да има долго трпение дозволувајќи извештајот да се продолжува, упатувајќи повик на покајание и милосливо нудејќи проштавање; но сепак доаѓа време кога сметката ќе биде заклучена, кога ќе падне одлука за секоја душа, кога со сопствен избор на секој поединец ќе биде решена неговата судбина. Тогаш ќе биде даден знак за извршување на пресудата. {ПП 165.3}

Денешната состојба на верата во светот дава повод за сериозна загриженост. Мошне лекомислено се прифаќаат Божјото трпение и неговата милост. Милиони го газат Божјиот закон и го прогласуваат за неважен, „учејќи науки, што се човечки заповеди” (Матеј 15:9). Во многу цркви неверството се засилува. Тоа не е неверување во најширока смисла на зборот отворено побивање на Библијата туку неверување што се облекува во облеката на христијанството, а всушност ја поткопува верата во Библијата како Божјо откровение. Живата и сесрдна побожност им го отстапила местото на празните формалности. Како последица на тоа, се почесто се појавува сетилност и отпад од Бога и од верата. Христос рекол: „Како што беше во Лотовите дни… така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки” (Лука 17:28,30). Секојдневните записи за она што се случува денеска го потврдуваат исполнувањето на овие зборови. Светот бргу зрее за уништување. Врз оваа земја набргу ќе се урне Божјата казна и ќе бидат уништени и гревот и грешниците. {ПП 166.1}

Нашиот Спасител рекол: „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно;зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по целата земја;бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки” (Лука 21:34-36). {ПП 166.2}

Пред уништувањето на Содом, Бог му пратил весници на Лот со пораката: „Спасувај ја душата своја и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа долина! Побарај спас во планината, за да не загинеш”. Истата опомена ја чуле и Христовите ученици пред разурнувањето на Ерусалим: „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека е блиску неговото запустување.Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините” (Лука 21:20,21). Не смееле да губат време спасувајќи што и да е од својот имот, туку со сите сили морале да ја искористат дадената можност за бегство. {ПП 166.3}

Тоа било изделување од безбожниците, решителна разделба од нив, бегање за да се спаси животот. Така било во времето на Ное; така и во случајот на Лот; така со учениците пред разурнувањето на Ерусалим, а така ќе биде и во последните денови. Пак ќе се чуе Божјиот глас во опомена упатена до неговиот народ да се одвои од безбоштвото кое сè повеќе се засилува. {ПП 166.4}

Состојбата на моралната расипаност и отпадот што ќе преовладуваат во верскиот свет во последните денови му била покажана уште на пророкот Јован во сликата на Вавилон прикажан како „големиот град кој царува над земните цареви” (Откровение 17:18). Пред неговото уништување од небото, ќе биде упатен повик: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини” (Откровение 18:4). Како во деновите на Ное и Лот, одделувањето од гревот и од грешниците мора да биде очигледно и решително. Меѓу Бога и светот не може да има никаков компромис, никакво обѕирање назад за да се сочува земното богатство. „Не можете да им служите на Бога и на Мамон” (Матеј 6:24). {ПП 167.1}

Слично на жителите на Сидимската долина, луѓето и денеска сонуваат за богатство и мир. „Спасувај ја душата своја… не запирај”, гласи опомената на Божјите ангели; но луѓето слушаат други гласови што велат: „Не возбудувај се; нема никаква причина за тревога”. Мнозина викаат: „Мир е и нема од што да се плашиме” додека небото тврди оти на престапникот му претстои пропаст која само што не се урнала врз него. И онаа ноќ, непосредно пред својата пропаст, жителите на Сидимската долина не престанале да се оддаваат на разуздано уживање и да ги исмеваат стравувањата и опомените на Божјиот весник. Но сите тие хулници пропаднале во пламенот; токму таа ноќ засекогаш е затворена вратата на милоста пред безгрижните и безбожни жители на Содом. Бог нема довека да поднесува луѓето да го исмеваат и да го навредуваат; со него не треба да се шегуваме. „Ете, денот Господов доаѓа лут, со гнев и пламната јарост, за да ја претвори земјата во пустина и да ги истреби од неа грешниците нејзини” (Исаија 13:9). Мнозинството на луѓето во светот ќе ја отфрлат Божјата милост и ќе бидат уништени со ненадејна и неизбежна пропаст. Но оние што ќе ја прифатат опомената, ќе бидат „под закрилата на Севишниот” и ќе почиваат во „сенката на Семожниот”. Неговата вистина за нив ќе биде „штит и ограда”. Ним им припаѓа ветувањето: „Ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене” (Псалм 91:1,4,16). {ПП 167.2}

Лот не живеел долго во Сигор; и тука владеело беззаконие како и во Содом и, стравувајќи дека и тоа гратче ќе биде разурнато, не смеел да остане тука. И навистина, не поминало долго и Сигор бил уништен, како што била Божјата намера. Потоа Лот се упатил во планините и живеел таму во пештера, лишен од сето она заради што се осмелил своето семејство да го изложи на влијанието на безбожничкиот град. Но содомското проклетство го прогонувало и таму. Грешното однесување на неговите ќерки уследило како резултат на лошото влијание на оние со кои се дружеле во тој изопачен град. Моралната расипаност во толкава мера им се вовлекла во карактерот, што не биле во состојба да го разликуваат доброто од злото. Единствените потомци на Лот, Моавците и Амонците, биле идолопоклонички племиња, бунтовници против Бога и огорчени непријатели на неговиот народ. {ПП 167.3}

Каква разлика меѓу животот на Аврама и Лота? Некогаш заедно оделе низ животот, на ист олтар принесувале жртви, живееле еден крај друг во своите шатори како дојденци; но колку сега се разминувале нивните патишта? Лот го избрал Содом од корист, задоволства и уживање. Го напуштил жртвениот олтар на Аврама и Аврамовата секојдневна жртва принесувана на живиот Бог и им дозволил на своите деца да се дружат со безбожните и расипани идолопоклоници; но сепак, во неговото срце се задржал стравот од Бога, зашто Светото писмо кажува за него дека бил  „праведник”. Неговата праведна душа ја мачеле секојдневните одвратни разговори што морал да ги слуша, насилството и расипаноста што не можел да ги спречи. Бил спасен во последен миг како „гламја истргната од оган” (Захарија 3:2), но лишен од сѐ што имал, оставен без жена и деца и озлогласен, под стари денови морал да живее во пештера како див ѕвер; тој на светот не му оставил ниту едно поколение праведни луѓе, туку две идолопоклонички нации што биле во непријателство со Бога и војувале против неговиот народ сѐ додека не ја преполниле чашата на своето беззаконие и биле препуштени на пропаст. Колку страшни биле последиците на еден непромислен чекор! {ПП 168.1}

Мудрецот кажува: „Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли”. „Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази поткуп, ќе живее” (Изреки 23:4; 15:27). А апостол Павле додава: „А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел” (1. Тимотеј 6:9). {ПП 168.2}

Кога се настанил во Содом, Лот бил цврсто решен да се држи на растојание од безбожните луѓе и истото тоа да му го нареди и на „домот свој по себе”. Но забележливо отстапил од тоа. Заводничките влијанија со кои бил опкружен дејствувале негативно врз неговата вера, а врските на неговите деца со жителите на Содом длабоко ги поврзале неговите интереси со нивните. Последиците на тоа се очигледни. {ПП 168.3}

И денеска мнозина прават иста грешка. Кога бараат место за живеење, тие повеќе внимаваат на земните погодности и можности да заработат, отколку на моралните и општествените влијанија на кои ќе бидат изложени и кои ќе го опкружуваат нивното семејство. Настојувајќи да постигнат колку што е можно поголема благосостојба, тие бираат убава и плодна долина или се населуваат во некој град што дава можност за брзо збогатување; но поради тоа децата им се изложени на искушенија и често склучуваат познанства што мошне неповолно влијаат врз развитокот на побожноста и врз изградувањето на исправен карактер. Атмосферата на слабиот морал, неверството и рамнодушноста кон верските работи, често дејствуваат спротивно од влијанието на родителите. Децата постојано гледаат противење против родителскиот и божествениот авторитет. Мнозина поинтимно се зближуваат со неверниците и својата судбина ја поврзуваат со Божјите непријатели. {ПП 168.4

Кога си бараме себеси дом, Бог сака првенствено да обрнеме внимание на моралните и верските влијанија што ќе не опкружуваат нас и членовите на нашето семејство. Можеби со стек на околностите ќе се најдеме во мачна положба, зашто мнозина не можат да имаат таква средина каква што би сакале; но каде и да не одведе нашата должност, Бог ќе ни даде сила да останеме чисти, ако постојано стражариме во молитва, верувајќи во Христовата милост. Меѓутоа, не смееме без потреба да се изложуваме на влијание кое неповолно дејствува врз изградувањето на христијанскиот карактер. Ако доброволно се изложуваме на световна атмосфера и на неверство, ѝ се спротивставуваме на Божјата волја и ги истеруваме светите ангели од нашиот дом. {ПП 169.1}

Сите кои на своите деца им пластат земно богатство и им осигуруваат почит од светот на сметка на нивните вечни интереси, на крај ќе видат дека сите привидни предимства и благодети всушност се страшна загуба. Мнозина, слично на Лот доживуваат да ја видат пропаста на своите деца и одвај ја спасуваат сопствената душа. Сѐ што правеле во својот живот пропаѓа, а целиот живот им е жалосен неуспех. Да се раководеле според мудроста, нивните деца можеби би имале помало земно богатство, но затоа би стекнале право на непоминливото вечно наследство. {ПП 169.2}

Наследството што му го ветил Бог на својот народ не е на овој свет. Аврам на овој свет немал земја „ниту една стапка” (Дела 7:5). Бил мошне богат со подвижно богатство што го употребувал да го слави Бога и да им помага на ближните, но овој свет не го сметал за свој роден крај. Господ го повикал да ги напушти своите идолопоклонички земјаци и за вечни времиња му ја ветил хананската земја; но сепак, неа не ја наследиле ниту тој, ниту неговиот син, ниту синовите на неговиот син. Кога посакал да има посебно место да ги закопа своите мртви, и тоа морал да го купи од еден Хананец. Единствениот негов имот во ветената земја се состоел од една гробница изделкана во камен во пештерата Махпела. {ПП 169.3}

Меѓутоа, Божјиот збор сепак не изневерил. Самото заземање на Ханан од страна на Евреите не значело негово целосно исполнување. „Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово” (Галатјаните 3:16). Лично Аврам требало да учествува во благословите на ветеното наследство. Можело да се чини дека исполнувањето на ветувањето премногу се одолжува, но „за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден” (2. Петрово 3:8). Може да се чини дека Бог „се премислува” да го исполни тоа ветување, но во одредено време „зашто ќе наиде и нема да забави” (Авакум 2:3). Ветувањето дадено на Аврама и на неговото семе не се однесувало само на Ханан, туку на целата земја. Така кажува апостолот: „Зашто, ветувањето на Авраама, или на неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста од верата” (Римјаните 4:13). А Библијата јасно кажува дека ветувањата дадени на Аврама треба да се исполнат преку Христа. „А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето” (Галатјаните 3:29). „За непоминливо наследство, и неизвалкано, и кое не вене” (1. Петрово 1:4), а тоа е земјата ослободена од клетвата на гревот. „А царството, власта и величеството под сите небеса, ќе им се даде на народот на Светите на Сèвишниот” (Даниел 7:27), а „кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир” (Псалм 37:11).  {ПП 169.4}

Бог на Аврама во визија му го покажал тоа бесмртно наследство што нема да овене, и со тоа неговата надеж била задоволена. „Преку вера се насели во земјата на ветувањето, како во туѓа и се настани во шаторите заедно со Исака и Јакова, сонаследници на истото ветување,зашто бараше град со основи, кому Бог му е Градител и Творец” (Евреите 11:9,10). {ПП 170.1} За Аврамовите потомци стои напишано: „Сите овие умреа во вера, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и придојденици на земјата”. Овде на земјата мораме да живееме како гости и дојденци ако сакаме „подобро” наследство, „односно небесно” (Евреите 11:13,16). Оние што се деца Аврамови се стремат кон оној град „со основи… кому Бог му е Градител и Творец”. {ПП 170.2}

Сподели го ова:

Similar Posts