35. БУНТОТ НА КОРЕЈ
Оваа глава е заснована на Броеви 16 и 17 глава
Казните што ги снаоѓале Израелците за извесно време го зауздувале нивното незадоволство и нивната непокорност, но сè уште во нивното срце се наоѓал дух на бунт кој најпосле донел мошне горчливи плодови. Поранешните буни биле обични нереди, последици на ненадејни изливи на раздразнетата толпа; но сега е создаден посилен заговор, произлезен од решителни намери да се собори авторитетот на водачите што ги поставил лично Бог. {ПП 395.1}
Водачот на ова движење, Кореј, бил Левит, од семејството на Каат и Мојсеев роднина, способен и влијателен човек. Иако му била доделена служба во шаторот за состанок, тој не бил задоволен со својата положба туку се стремел кон свештеничко достоинство. Неговата љубомора и незадоволство се предизвикани со тоа што свештеничката служба, која порано му била доверена на првородениот во секое семејство, му е доделена само на Арона и на неговиот дом. Затоа Кореј веќе подолго време потајно работел против Мојсеевиот и Ароновиот авторитет, иако не се осмелувал отворено да се дигне против нив. Но најпосле се осмелил и решил да го собори и граѓанскиот и верскиот авторитет. Бргу пронашол истомисленици. Недалеку од шаторот на Кореја и шаторите на синовите на Каат, на јужната страна од Светилиштето се наоѓал логорот на племето на Рувима; во близина на шаторот на Кореја биле шаторите на Датана и Авирона, двајца кнезови од споменатото племе. Тие кнезови подготвено му се придружиле во спроведувањето на честољубивите планови. Како потомци на најстариот син на Јакова, тие тврделе дека граѓанскиот авторитет им припаѓа ним, па решиле со Кореја да ги поделат свештеничките почести. {ПП 395.2}
Намерата на Кореја била помогната и од состојбата на народното расположение. Среде огорченоста и разочарувањето, кај нив повторно се јавиле поранешните сомнежи, љубомора и омраза и повторно предизвикале поплаки против толку стрпливиот водач. Израелците постојано го губеле од вид фактот дека се под Божјо водство. Заборавале дека заветниот Ангел бил нивни невидлив Водач, дека засолнето со облак пред нив одело Христовото присуство и дека Мојсеј токму од него ги добивал сите упатства. {ПП 395.3}
Не можеле да се помират со страшната пресуда според која морал е да изумрат во пустината и затоа радо го прифатиле толкувањето дека пресудата им ја изрекол Мојсеј, а не Бог. Ниту најсесрдните напори на најкроткиот човек на земјата не можеле да го совладаат непокорниот дух на тој народ. Иако меѓу нив сè уште се забележувале знаците на Божјото негодување поради поранешните грешки – нивните редови разбиени а бројот намален – опомената не ја примиле на срце. Пак му подлегнале на искушението. {ПП 396.1}
Во својот скромен пастирски живот, Мојсеј бил многу помирен и посреќен отколку на сегашната положба како водач на еден голем народ со немирни духови. Но Мојсеј не се осмелувал да бира. Наместо пастирски стап, му била дадена палка на моќ што не можел да ја одложи додека не му нареди Бог. {ПП 396.2}
Оној што ги чита тајните на секое срце, ги забележал намерите на Кореја и на неговите другари и на својот народ му дал предупредувања и опомени според кои можеле да се сочуваат од измамите на тие подмолни луѓе. Тие ја виделе Божјата казна што ја снашла Мирјам поради нејзината љубомора и жалби против Мојсеја. Бог изјавил дека Мојсеј е поголем од секој пророк. „Јас му говорам нему директно, и јавно… а вие како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеј?” Тие поуки важеле не само за Арона и за Мирјам, туку и за цел Израел. {ПП 396.3}
Кореј и неговите заговорници имале предимство да ги видат посебните откровенија на Божјата сила и големина. Му припаѓале на оној број луѓе кои со Мојсеја биле на гората и ја виделе Божјата слава. Но од тоа време настапила промена. На почетокот биле изложени на едно малечко искушение кое со текот на времето станувало сè посилно додека сатаната не им ги обзел сите мисли, па се осмелувале дури и јавно да го изразуваат своето незадоволство. Изјавувајќи дека на срце им лежи благосостојбата на народот, тие во почетокот си го дошепнувале своето незадоволство еден на друг, а подоцна и на водечките луѓе во Израел. Нивните иницијативи толку радо се прифаќа ни, што се осмелиле да одат и понатаму, додека најпосле и самите не поверувале дека се инспирирани со ревност за Бога. {ПП 396.4}
Им успеало да заведат двесте и педесет кнезови, угледни и чесни луѓе. Цврсто се надевале дека со толку влијателни и силни соработници ќе извршат коренити измени во начинот на владеењето и дека управата на Мојсеја и Арона значително ќе ја поправат. {ПП 397.1}
Љубомората предизвикала завист, а зависта бунт. Долго расправале за тоа со какво право Мојсеј ужива толку голем авторитет и толку голема чест. Тие расправии најпосле создале помисла дека тој зазема положба која исто така би можел да ја зазема секој од нив. Се мамеле еден со друг и самите себеси, мислејќи дека Мојсеј и Арон сами се добрале до своите положби. Незадоволниците тврделе дека овие водачи сами се издигнале над Господовиот народ, преземајќи ги свештеничките звања и власт иако нивниот дом немал поголеми права од другите Израелови домови; не биле посвети од другите и требало да се задоволат со тоа што ќе бидат рамноправни со другите браќа кои исто толку уживале предимство на Божјо присуство и заштита. {ПП 397.2}
Потоа заговорниците му се обратиле на народот. За оние кои се во заблуда и кои заслужуваат прекор, ниту малку не е попријатно отколку да им се укаже наклоност и да им се упатува пофалба. Така Кореј и неговата група го привлекле вниманието на собирот и добиле негова поддршка. Тврделе дека е заблуда да се каже оти народното незадоволство предизвикува Божји гнев. Зборувале дека собирот не грешел, бидејќи го барал само своето право, дека Мојсеј е горделив господар кој ги обвинувал луѓето како грешници, а дека всушност народот е свет и Господ е среде него. {ПП 397.3}
Потоа Кореј се осврнал на нивните патувања низ пустината, како биле доведени во тешки неприлики и мнозина го загубиле животот поради жалбите и непослушноста. Слушателите помислувале дека сега е сè јасно, дека можеле да ги избегнат сите тие опасности само кога Мојсеј би постапувал поинаку. Биле уверени дека тој е виновен за сите тешкотии и дека биле исклучени од Ханан поради погрешното водство на Мојсеја и Арона. Им се чинело дека нивното патување би било мошне мирно и среќно кога Кореј би им бил водач, кога би ги храбрел истакнувајќи ги нивните добри дела наместо да ги укорува нивните гревови. Наместо талкање низ пустината, можеле да заминат директно во ветената земја. {ПП 397.4}
При ширењето на незадоволство во заедницата, посилно од кога и да е, постоело единство меѓу незадоволниците. Успехот на Кореја кај народот ја засилувал неговата самоувереност и убедување дека узурпацијата на власта од страна на Мојсеја, доколку не му се застане на пат, ќе ја загрози слободата на народот. Тој тврдел дека Бог му ги отворил очите и го овластил да изврши промена во водството пред да биде доцна. Но мнозина не се согласувале со обвинувањата на Кореја против Мојсеја. Си спомнувале за стрпливата и пожртвувана работа на Божјиот слуга и совеста не им била мирна. Затоа било неопходно на неговото големо залагање за Израелците да му се припише некоја себична побуда; повторено е старото обвинување дека тој го извел народот од Египет за да го уништи во пустината и да го приграби за себе народниот имот. {ПП 398.1}
Извесно време сето тоа се работело во тајност. А кога движењето нараснало до таа мера што станало јавно, се појавил Кореј на чело на својата група и отворено ги обвинил Мојсеја и Арона дека ја приграбиле за себе онаа власт на која исто толку имаат право и Кореј и неговите другари. Понатаму, подигнале обвинување дека на народот му е одземена слободата и независноста. „Доста ви е толку”, велеле заговорниците, „целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?” {ПП 398.2}
Мојсеј и не насетувал какви заговори се коват, а кога наеднаш ја сфатил сета негова стравотија, паднал ничкум пекајќи пред Бога во тајна молитва. Потоа станал, прибран и силен, иако тажен. Бог сигурно го водел додека ги изговарал зборовите: „Утре ќе покаже Господ, кој е Негов, и кој е свет, за да го приближи кон Себеси; и кого Тој ќе го избере, него и ќе го доближи до Себеси”. Таа проверка требало да биде одложена за следниот ден за сите да имаат време да размислат. Потоа требало секој од оние што полагале право на свештенички позив да дојде и со своја кадилница да го окади шаторот за состанок во присуство на целата народна заедница. Законот јасно кажува дека во Светилиштето можат да служат само оние кои се повикани во света служба. Дури и Надав и Авију, иако свештеници, биле погубени затоа што, наспроти Божјата заповед, се осмелиле да принесат „туѓ оган”. Но Мојсејсепак своите тужители ги повикал својата работа да му ја доверат на Бога ако сакаат да го прифатат тој опасен позив. {ПП 398.3}
Обраќајќи им се посебно на Кореја и на Левитите што му се придружиле, Мојсеј рекол: „Малку ли ви е тоа, што Бог Израелов ве оддели од израелското општество и ве приближи кон Себеси, за да служите при скинијата Господова и да стоите пред народот, служејќи за Него?Тој те приближи тебе и заедно со тебе сите твои браќа, Левиеви синови, а вие барате уште и да свештенодејствувате.И така, ти и целата твоја дружина сте се собрале против Господ. Што е Арон, па негодувате против него?” {ПП 399.1}
Датан и Авирон не зазеле толку дрзок став, како Кореј, и Мојсеј, надевајќи се дека тие се само вовлечени во заговорот и дека не се наполно расипани, ги повикал кај себе за да ги сослуша нивните обвинувања. Меѓутоа, тие не сакале да дојдат, туку безобѕирно одбиле да го признаат неговиот авторитет. Нивниот одговор, кажан пред целиот народ, гласел: „Малку ли ти беше, што нè изведе од земјата, каде што тече мед и млеко, за да нè погубиш во пустината, а сакаш уште и да господариш над нас!Нè воведе ли во земјата, каде што тече мед и млеко, и ни даде ли да владееме ниви и лозја? Или сакаш да им ги извадиш очите на тие луѓе? Нема да одиме”. {ПП 399.2}
Значи, ги употребиле истите зборови со кои Бог го опишал ветеното наследство за да ја прикажат земјата на своето робување. Мојсеја го обвинувале дека тврди оти работи под Божјо водство само затоа да го одржи својот авторитет; изјавиле дека нема веќе да дозволат тој да ги води низ пустината како слепци ту кон Хорев, ту кон пустината, според неговите променливи честољубиви намери. Така, оној кој бил сличен на нежен татко и стрплив пастир, е прикажан како тиран со мрачен карактер и узурпатор. Него го обвинувале за исклучувањето од Ханан, иако тоа била казна за нивните сопствени гревови. {ПП 399.3}
Било очигледно дека народот бил на страна на незадоволниците, но Мојсеј не се трудел да се оправда себеси. Во присуство на целиот народен собир се повикувал на Бога како сведок дека неговите намери биле чисти, а ставот исправен и се молел Тој да му биде судија. {ПП 399.4}
Следното утро, тие двесте и педесет кнезови, со Кореја на чело, се појавиле со кадилници пред шаторот. Биле одведени во тремот на Светилиштето, а народот бил собран надвор да го почека резултатот. Мојсеј не го свикал собирот да биде сведок на Кореевиот пораз и на поразот на неговата група, туку бунтовниците сами ги собрале со својата слепа дрскост да бидат сведоци на нивната пропаст. Голем дел од народот бил на страна на Кореја, зашто овој бил сигурен дека ќе го победи Арона. {ПП 400.1}
Откако се собрале пред Господа, „славата Господова се јави пред целото општество”. Бог ги предупредил Мојсеја и Арона: „Секој од вас нека се истави од тие луѓе, и во еден миг ќе ги истребам”. Но тие паднале ничкум со молба: „Боже, Боже на духовите во сите тела, Ти што даваш живот на секоја плот! Еден човек згреши, а Ти на целото општество ли се гневиш?” {ПП 400.2}
Кореј истапил од собирот за да се упати кон Датана и Авирона кога Мојсеј со седумдесеттемина старешини се упатил кон тие луѓе кои одбиле да му пристапат за да ги опомене за последен пат. Мноштвото тргнало и Мојсеј, пред да ја упати својата порака, по Божја наредба ги предупредил присутните: „Отргнете се од шаторите на тие луѓе со жестоко срце и не се допирајте до ништо нивно, за да не загинете (заедно со нив) во сите нивни гревови”. Народот ја послушал опомената зашто сите биле проникнати со страв од казната што претстоела. Главните бунтовници виделе како ги напуштаат оние што ги измамиле, но останале непоколебливи во својата дрскост. Стоеле со своите семејства пред вратите на своите шатори токму како да ѝ пркосат на Божјата опомена. {ПП 400.3}
Тогаш Мојсеј, во име на Израеловиот Бог, изјавил пред целиот народен собир: „По ова ќе познаете дека Господ ме испрати да ги извршам сите овие дела, а не го правам тоа сам од себеси.Ако умрат тие, како што умираат сите луѓе, и ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме пратил;но, ако Господ изврши нешто необично, и земјата ја отвори устата и ги голтне (нив и домовите нивни, и куќите нивни) со сè што имаат, и тие слезат живи во адот, тогаш уверете се дека овие луѓе Го разгневиле Господа”. {ПП 400.4}
Очите на сиот Израел биле насочени кон Мојсеја и со страв очекувале да видат што ќе се случи. А кога Мојсеј престанал да зборува, тврдата почва се расцепила и заговорниците живи пропаднале во утробата на земјата заедно со сè што било нивно „и нив ги снема од заедницата израелска”. Народот се разбегал бидејќи се чувствувал како соучесник во гревовите на осудените. {ПП 400.5}
Но казната уште не била целосна. Од облакот светнала секавица и ги убила оние двесте и педесет кнезови кои принеле свој темјан. Бидејќи не биле зачетници на заговорот, не биле уништени заедно со главните бунтовници. Им било дозволено да го видат нивниот крај и дадена им е можност да се покаат; но тие ги жалеле бунтовниците, па затоа ги снашла иста судбина. {ПП 401.1}
Израелците можеле да ја избегнат Божјата казна дури и тогаш кога Мојсеј ги молел да се спасат од претстојната пропаст, само кога Кореј и неговата група би се покајале и би побарале проштавање. Меѓутоа, нивната упорна тврдоглавост им ја запечатила судбината. Целиот народен собир бил соучесник во нивната кривица зашто сите, во поголема или помала мера, им биле наклонети. Сепак, Бог во својата голема милост правел разлика меѓу водачите на заговорот и оние што биле само заведени. На народот, кој дозволил да биде заведен, му е дадена можност да се покае. Им биле дадени силни докази дека згрешиле, а дека Мојсеј имал право. Јасниот показ на Божјата сила отстранил секоја неизвесност. {ПП 401.2}
Ангелот, Христос, кој одел пред Евреите, се трудел да ги спаси од пропаста. Копнеел да им подари проштавање. Божјата казна, која само што не се урнала врз нив, претставувала повик на покајание. На нивниот бунт одненадеж му е ставен крај, со што на посебен начин се вмешало лично Небото. И сега, кога би ја примиле поуката на Божјото провидение, би можеле да бидат спасени. Но, додека исплашени бегале пред казната, тие не се исцелиле од бунтот. Таа ноќ се вратиле во своите шатори уплашени, но не и покајани. {ПП 401.3}
Кореј и неговото друштво толку многу им ласкале на Израелците, што овие најпосле навистина поверувале дека тие, а и народот, се мошне добри, а дека Мојсеј им нанел неправда и ги малтретирал. Ако признаат дека Кореј и неговата дружина биле во заблуда, а Мојсеј имал право, тогаш би биле присилени како Божја казна да ја прифатат и осудата според која требало да изумрат во пустината. Тие пак не биле готови да го прифатат тоа и се труделе да поверуваат дека Мојсеј ги измамил. Негувале напразна надеж дека новиот поредок, наместо грижи, караници и укори, ќе им донесе олеснение и пофалба. Луѓето што пропаднале им ласкале и им тврделе како многу ги сакаат и дека на срце ги носат, па народот заклучил дека Кореј и неговите соучесници сигурно се добри луѓе, а Мојсеј на некој начин ја предизвикал нивната пропаст. {ПП 401.4}
Тешко можело луѓето да му нанесат на Бога поголема навреда од оваа – да ги отфрлат и да ги презрат орудијата што Бог сакал да ги употреби за нивно сопствено спасение. Меѓутоа, Израелците не само што го сториле тоа, туку имале намера и да ги убијат Мојсеја и Арона. Не увидувале колку било потребно да се молат на Бога да им го прости нивниот тежок грев. И таа ноќ на искушение не ја поминале во каење и признавање на своите гревови, туку во планирање како ќе се спротивстават со докази што ги потврдувале нивните големи гревови. Сè уште негувале омраза кон луѓето што ги одбрал Бог и ја собирале сета сила да му се спротивстават на нивниот авторитет. Сатаната бил готов да им го помати умот и така заслепени да ги турне во пропаст. {ПП 402.1}
Цел Израел се разбегал во страв кога ги слушнал пискотите на осудените грешници кои пропаѓале во длабината, велејќи: „Бегајте, за да не нè голтне и нас земјата”. „Утредента целиот собир на синовите Израелови возропта против Мојсеја и Арона и рече: „Вие го уништивте народот Господов”. Имале намера да применат дури и сила против тие верни и самопожртвувани водачи. {ПП 402.2}
Тогаш над Светилиштето се открила божествената слава и се слушнал глас од облакот, обраќајќи им се на Мојсеја и Арона: „Отстранете се од тие луѓе и Јас во еден миг ќе ги погубам”. {ПП 402.3}
Мојсеј не бил виновен за сторениот грев, па затоа и не се плашел и не заминал веднаш за да не го препушти собирот на пропаст. Не брзајќи да се оддалечи и да се засолни, Мојсеј во таа страшна криза покажал вистинска грижа на пастир за довереното му стадо. Се молел на Бога да не го уништи во гневот одбраниот народ. Со своето посредување ја запрел раката одмаздничка со цел непослушниот и бунтовен Израел да не биде наполно уништен. {ПП 402.4}
Но извршителот на гневот излегол и поморот го сторил своето. Според упатството на својот брат, Арон ја зел кадилницата „и се најде кај народот… И тој исипа темјан и се помоли за народот”. „Застана меѓу мртвите и живите”. Како се издигнувал мирисот на темјанот, така кон Бога се издигнувале и Мојсеевите молитви од Светилиштето, па поморот запрел; но дури тогаш кога веќе четиринаесет илјади Израелци лежеле мртви како доказ за казната со која биле казнети мрморењето и бунтот. {ПП 402.5}
Освен тоа, даден е уште еден доказ дека свештенството му припаѓа само на Ароновото семејство. По Божја наредба, секое племе донело по една палка и на неа напишано неговото име. Ароновото име стоело на палката на племето на Левие. Сите палки биле поставени во светињата „во скинијата на собранието”. Процутената палка требало да претставува Божји знак дека соодветното племе е избрано за свештеничка служба. „На вториот ден влезе Мојсеј (и Арон) во скинијата на собранието, и ете, Ароновиот жезол, од Левиевиот дом, беше напупил, расцветал и родил бадеми”. Таа палка му е покажана на народот, а потоа е оставена да се чува во шаторот како сведоштво за идните поколенија. Со тоа чудо конечно е решено прашањето на свештенството. {ПП 403.1}
Така најпосле било утврдено дека Мојсеј и Арон зборувале со божествен авторитет и народот бил присилен да ја прифати непријатната вистина дека мора да изумрат во пустината. „На вториот ден влезе Мојсеј (и Арон) во скинијата на собранието, и ете, Ароновиот жезол, од Левиевиот дом, беше напупил, расцветал и родил бадеми”, викале на глас, гинеме, сите ќе изумреме”. Тогаш признале дека згрешиле што се побуниле против своите водачи и дека Кореја и неговата дружина ги снашла праведна Божја казна. {ПП 403.2}
Во бунтот на Кореја може да се забележи, само во помалечок размер, дејствувањето на истиот оној дух што го предизвикал и бунтот на сатаната на небото. Токму гордоста и самољубието го поттикнале Луцифера да се жали против Божјото владеење и се обидел да го урне поредокот што владеел на небото. Уште од својот пад, сатаната постојано се труди да го влее кај луѓето својот дух на завист и незадоволство, и стремеж за положби и почести. Така тој дејствувал и врз духот на Кореја, на Датана и Авирона за да разбуди кај нив желба кон самоизвишување и поттикнал завист, недоверба и бунт. Сатаната ги навел да го отфрлат Бога како свој водач на тој начин што ќе ги отфрлат луѓето кои ги именувал Бог. И, навредувајќи ги Мојсеја и Арона, тие всушност хулеле на Бога и биле измамени до таа мера што себеси се сметале за праведни, а оние што верно ги укорувале за гревот, како орудија на сатаната. {ПП 403.3}
Зар нема и денеска исти такви зла што лежат во основата на пропаста на Кореја? Гордоста и славољубието широко се распространети; а попуштањето пред тие склоности го отвора патотза завист и борба за превласт; душата се отуѓува од Бога и несвесно преминува во редовите на сатаната. Слично на Кореја и на неговите другари, и денеска мнозина, дури и меѓу таканаречените Христови следбеници, размислуваат, планираат и силно се стремат кон самоизвишување; само да си обезбедат себеси истомисленици, тие се подготвени дури и да ја изопачат вистината и да ги оцрнат Господовите слуги, припишувајќи им најниски и најсебични побуди кои всушност ги поттикнуваат нивните сопствени срца. Со постојано повторување на лагата, наспроти јасните спротивни докази, најпосле и самите почнуваат да веруваат дека тоа е вистина. Трудејќи се да ја уништат довербата кај народот во оние луѓе што ги избрал Бог, тие навистина мислат дека прават добро и дека му служат на Бога. {ПП 403.4}
Евреите не биле расположени да ги прифатат Божјите упатства и ограничувања. Тие не поднесувале никакви ограничувања и нерадо примале прекори. И тоа била главната причина за нивното мрморење против Мојсеја. Да им било дозволено да прават што сакаат, помалку би се жалеле на својот водач. Во текот на целата историја на црквата, Божјите слуги наидувале на истиот тој дух. {ПП 404.1}
Попуштајќи му на гревот, луѓето му овозможуваат на сатаната да ѝ пристапи на нивната душа и така запаѓаат во сè поголемо беззаконие. Поради отфрлањето на светлината, разумот потемнува и срцето се стврднува, па уште полесно е да се стори следниот чекор што води во грев и да се отфрли уште појасната светлина сè додека најпосле наполно не се вкорени навиката да прават зло. Гревот не им изгледа веќе грешен. Оној што верно ја објавува Божјата реч и го осудува нивниот грев, мошне често навлекува на себе нивна омраза. Бидејќи не сакаат да поднесуваат болка и жртва, што е нужен придружник на преродбата, тие се свртуваат против Божјиот слуга, изјавувајќи дека неговите прекори се неправедни и преостри. Слично на Кореја, тие тврдат дека народот е без кривица, а дека оној што ги укорува всушност е виновен за сето зло. И така, умирувајќи ја својата совест со таа заблуда, зависливците и бунтовниците се здружуваат за да сеат раздор во црквата и да ги ослабнуваат рацете на оној што настојува да ја изгради. {ПП 404.2}
Секој напредок, остварен со напорите на оние што ги повикал Бог да предничат во неговото дело, предизвикувал презир. Зависливците и незадоволниците погрешно прикажуваат секоја постапка. Така било и во времето на Лутера и Веслеја и во времето на другите реформатори – така е и денеска. {ПП 404.3}
Кореј не би се однесувал како што се однесувал кога би знаел дека сите заповеди и упатства што му биле дадени на Израел доаѓале од Бога. Но тој тоа можел да го знае. Бог дал убедливи докази кои сведочеле дека Тој го води Израел. Меѓутоа, Кореј и неговите соучесници ја отфрлиле светлината и станале толку заслепени, што ни најочигледните откровенија на неговата сила не биле доволни да ги убедат; тие сето тоа ѝ го припишувале на човечката или на сатанската моќ . Исто така се однесувал и народот кој тој ден, по пропаста на Кореја, дошол кај Мојсеја и кај Арона велејќи: „Вие го уништивте народот Господов”. Иако имале убедливи докази дека нивното однесување не му се допаднало на Бога, зашто ги уништил оние што ги прелагале, сепак се осмелиле Божјата казна да му ја припишат на сатаната, изјавувајќи дека смртта на тие наводно добри и свети луѓе ја предизвикале Мојсеј и Арон со помош на силата на злото. Тоа им ја запечатило судбината. Сториле грев против Светиот Дух, грев чијашто последица е потполна нечувствителност на човечкото срце пред влијанието на божествената милост. Христос кажува: „И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет” (Матеј 12:32). Тие зборови ги изговорил нашиот Спасител во она време кога Евреите делата на милоста што Тој ги правел со Божја сила му ги припишувале на Велзевула. Бог комуницира со луѓето со помош на Светиот Дух, но оние кои намерно го отфрлаат тоа средство како сатанско, сами ја прекинуваат врската меѓу душата и небото. {ПП 404.4} Бог дејствува со помош на Светиот Дух за грешникот да го покара и да го убеди, а кога делото на Светиот Дух конечно ќе се отфрли, тогаш Бог не може ништо веќе да стори за душата. Со тоа Тој се послужил со последното средство на божествената милост. Престапникот се одделил од Бога и нема веќе никакво средство со кое би можел да се лекува од гревот. Не постои никаква друга сила со која Бог би можел да го убеди и да го обрати грешникот. Тогаш Божјиот налог гласи: „Остави го” (Осија 4:17). „Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците” (Евреите 10:26,27). {ПП 405.1}