38. ПАТУВАЊЕТО ОКОЛУ ЕДОМ
Оваа глава е заснована на Броеви 20:14-29 и 21:1-9
Логорот на Израелците во Кадис се наоѓал недалеку од границата на Едом, па и Мојсеј и народот сакале низ таа област да го продолжат патот кон ветената земја. И затоа, по Божја заповед, му ја пратиле на едомскиот цар следната порака: {ПП 422.1}
„Вака вели братот твој Израел: ти ги знаеш сите тешкотии, што нè снајдоа;татковците наши слегоа во Египет, и ние живеевме во Египет долго време, и Египќаните лошо постапуваа со нас и со предците наши;и повикавме кон Господ, и Тој го чу нашиот глас, па испрати ангел, и нè изведе од Египет; и ете, ние сме сега во Кадис, град до самите твои предели.Дозволи ни да минеме преку твојата земја: нема да одиме преку ниви, ниту преку лозја, и нема да пиеме вода од кладенците (твои): туку ќе одиме по главниот пат, и нема да скршнуваме ни десно, ни лево, додека да ги минеме твоите предели”. {ПП 422.2}
Како одговор на оваа учтива молба дошло заканување: „Не минувајте преку мојата земја, зашто со војска ќе излезам против вас”. {ПП 422.3}
Изненадени со оваа одбивност, водачите му упатиле уште една молба на царот со ветување: „Ќе одиме по патот, и ако пиеме од водата твоја, јас и добитокот мој, ќе платиме за неа; ништо друго не бараме – само пешки да поминеме”. {ПП 422.4}
„Не минувајте” – гласел одговорот. Вооружени чети на Едомците веќе биле поставени во клисурите, така што во тој правец не било можно мирно и непречено да се помине, а на Евреите им било забрането да употребат сила. Затоа морале да одат по заобиколен пат, околу Едом. {ПП 422.5}
Кога народот би имал доверба во Бога, Војводата на Господовите војски би ги спровел низ Едом и жителите на таа земја толку многу би се уплашиле, што, наместо непријателство, би покажале наклоност. Но Израелците не постапиле веднаш според Божјото упатство и, додека се жалеле и протестирале, поминала златната прилика. Најпосле, кога се согласиле да му упатат на царот молба, таа била одбиена. Откако излегле од Египет, сатаната постојано настојувал нивниот пат да го опсипе со пречки и со искушенија за да не го наследат Ханан. А со своето неверство тие толку пати му овозможиле да ги осуети Божјите намери. {ПП 422.6}
Важно е да му се верува на Божјиот збор и веднаш да се постапува според него, а неговите ангели чекаат да ни помогнат. Лошите ангели се подготвени да ни оневозможат секој чекор напред. А кога Бог во своето провидение ќе им наложи на своите деца да тргнат напред, кога има намера за нив да стори нешто големо, сатаната ги искушава со цел тие со својата нерешителност и колебливост да навлечат на себе Божјо негодување; тој се труди да предизвика караници и да разбуди незадоволство и неверство и со тоа да ги лиши од благословите со кои Бог сака да ги опсипе. Божјите слуги мора секогаш да бидат подготвени да тргнат напред штом неговото провидение ќе го отвори патот. Секое колебање на сатаната му дава време да предизвика кај нив пораз. {ПП 423.1}
Во своите упатства дадени на Мојсеја во врска со нивното поминување низ Едом, објаснувајќи дека Едомците ќе се плашат од Израелците, Господ му забранил на својот народ тоа да го искористи против нив. Евреите не смееле да ги ограбат Едомците користејќи ја Божјата сила што се открила во нивна полза, поради што стравот Едомците би ги сторил лесен плен. Им било наредено: „Но вие ќе бидете внимателни:не започнувајте со нив војна. Јас нема да ви дадам од земјата нивна ни една стапка, зашто планината Сеир им ја дадов на потомците Исавови” (Второзаконие 2:4,5). Едомците биле потомци на Аврама и Исака и за љубов на тие свои слуги, Бог им укажал милост на децата на Исава. Им ја дал гората Сеир, и никој не смеел да ги вознемирува сè додека тие сами поради своите гревови не останат надвор од досегот на неговата милост. Евреите требало да ги истребат жителите на Ханан кои ја наполниле чашата на беззаконието и да ја преземат нивната земја; но Едомците сè уште уживале милост, па спрема нив морало да се постапува милосрдно. На Бога му е “мила милоста” и Тој покажува сожалување пред да казни. Тој им советувал на Израелците да го поштедат народот во Едом пред од нив да побара да ги истребат жителите на Ханан. {ПП 423.2}
Предците на Израелците и Едомците биле браќа , па и меѓу нив требало да владее братска љубов и пријателство. На Израелците им било забрането на Едомците да им се одмаздуваат за навредата што им била нанесена кога им забраниле да поминат низ нивната земја. Не смееле да се надеваат дека ќе им биде даден макар и еден дел од едомската земја. И токму затоа што Израелците биле Божји одбран и благословен народ, морале да ги почитуваат сите ограничувања што им ги наметнал Тој. Бог им ветил сјајно наследство. Меѓутоа, не смееле да се занесуваат со мислата дека на цела земја само тие ги имаат сите права и дека другите можат да ги уништуваат. Им било наредено во однесувањето со Едомците строго да внимаваат за да не им сторат некаква неправда. Можеле со нив да тргуваат и да купуваат неопходни животни намирници, но веднаш да платат сè што ќе добијат. За да се поттикне нивната доверба во Бога и нивната послушност кон неговата реч, им било напоменато: „Господ, Бог твој, те благослови во секое твое дело… од ништо не се лишуваше”. Тие не зависеле од Едомците, зашто го имале Бога кој е неисцрпен извор на секоја помош. Ниту со сила ниту со лукавство не смееле да се доберат до ништо што не им припаѓало, туку во целокупното свое однесување морале да го применуваат начелото на Божјиот закон: „Сакај го ближниот свој како себеси”. {ПП 424.1}
Кога на таков начин би поминале низ Едом, кога би постапувале во сообразност со Божјата намера, нивниот премин би им послужил на благослов не само ним туку и на жителите на таа земја, зашто би им дал можност да дојдат во допир со Божјиот народ, да се запознаат со нивното богослужение и да се осведочат колку Бог го помага напредувањето на оние што го љубат и што го страхопочитуваат. Но сето тоа било спречено поради неверството на Израел. Тие викале на Бога и Бог им дал вода, но и дозволил за нивното неверство да настапи казна. Повторно морале да поминуваат низ пустина каде што ја гаснеле својата жед на чудесниот извор, а кој не би им бил веќе потребен само да имале доверба во него. {ПП 424.2}
Така израелските чети повторно се упатиле кон југ и поминале низ пустина која сега им изгледала уште потажна бидејќи пред тоа ги виделе зелените предели меѓу ритчињата и долините на едомската земја. Над планинскиот венец, кој ја надвиснувал пустината, се издигнувала гората Ор, на чијшто врв Арон требало да умре и да биде закопан. Кога Израелците стигнале на таа гора, Бог му наложил на Мојсеја: „Земи го Арон и синот негов Елеазар, и искачи ги на планината Ор;и соблечи ја од Арон облеката негова и облечи го со неа синот негов Елеазар, и нека замине Арон и нека умре таму”. {ПП 425.1}
Обајцата старци, заедно со Ароновиот син, со мака се искачувале на гората. И Мојсеј и Арон биле седи старци од околу сто и дваесет години. Нивниот долг и плодоносен живот бил обележан со најтешки и најголеми докази на почит која кога и да е му е укажана на еден човек. Биле луѓе со најголеми природни способности, а сите нивни сили биле усовршени, возвишени и облагородени со одржување на тесна заедница со вечниот Бог. Целиот свој живот го поминале во несебична работа за Бога и за своите ближни; на лицето можело да им се прочита голема интелектуална сила, цврсти на и благородност на намерите и силни чувства на љубов. {ПП 425.2}
Многу години Мојсеј и Арон стоеле рамо до рамо во своите напори и грижи. Заедно се изложувале на безброј опасности и заедно ги уживале видните Божји благослови; а сега настапил миг да се разделат. Оделе мошне полека, зашто секој миг од преостанатиот заеднички живот бил драгоцен. Искачувањето по стрмната гора напредувало мачно, и бидејќи често морале да застануваат за да се одморат, зборувале за минатото и за иднината. Пред нив, сè додека можел да допре погледот, лежела пустината низ која толку долго талкале. Долу во рамнината биле улогорени израелските чети на кои овие одбрани луѓе им го посветиле најдобриот дел од својот живот, за чијашто благосостојба најдлабоко се интересирале и поднеле толку жртви. Некаде од другата страна на едомските планини се наоѓал патот што водел во ветената земја – земја чиишто благослови нема да ги вкуси ниту Мојсеј ниту Арон. Во срцата на тие луѓе немало ниту трага од чувство на незадоволство; нивната уста не покажувала никакво негодување. Но на лицето сепак им се забележувала сериозна тага кога би си спомнале за тоа што ги исклучило од наследството на нивните татковци. {ПП 425.3}
Арон го завршил своето дело за Израел. Четириесет години пред тоа, кога имал осумдесет и три години, Бог го повикал да му се придружи на Мојсеја во неговата голема и важна задача. Тој му помагал на својот брат да ги изведе синовите Израелови од Египет. Тој му ги држел рацете на големиот водач додека Евреите војувале со Амалиците. Му било дозволено да се качи на Синајската гора, да му се приближи на Бога и да ја види божествената слава. Господ на Ароновото семејство му ја доверил свештеничката служба и го почестил со тоа што му доделил свето звање на првосвештеник. Го поддржал во неговата света должност при излевањето на страшната казна кога се уништени Кореј и неговата дружина. Токму со Ароново посредување поморот тогаш престанал. Кога неговите два сина биле убиени затоа што ја прекршиле изричната Божја заповед, тој не се побунил па дури и не негодувал. А сепак историјата на неговиот благороден живот била извалкана. Арон направил голем грев кога на Синај попуштил пред барањето на народот и направил златно теле; вторпат пак згрешил кога се здружил со Мирјам во зависта и мрморењето против Мојсеја. А со Мојсеја во Кадис го навредил Господа кога не ја послушал заповедта да ѝ проговори на карпата од која требало да потече вода. {ПП 425.4}
Бог сакал тие големи водачи на неговиот народ да бидат претставници на Христа. Арон ги носел имињата на израелските племиња на своите гради. Тој на народот му ја соопштувал Божјата волја. На денот на помирувањето стапувал во светињата над светињите како посредник за сите Израелци, „со крв”. Завршувајќи го своето дело, тој излегувал да го благослови народот исто онака како што Христос, кога ќе ја заврши својата посредничка мисија, ќе дојде да го благослови својот народ кој го очекува. Токму поради возвишениот карактер на светата служба што ја вршел во својство на застапник на нашиот голем Првосвештеник, гревот на Арона во Кадис е сметан за толку голем. {ПП 426.1}
Со длабока болка Мојсеј ја соблекол од Арона светата облека и му ја облекол на Елеазара кој, со божествено именување, станал негов наследник. Поради својот грев во Кадис, Арон бил лишен од предимството да ја продолжи својата првосвештеничка служба во Ханан – во ветената земја да ја принесе првата жртва и со тоа да го посвети наследството на Израел. Мојсеј како водач на народот требало да продолжи да го носи товарот сè до границата на Ханан. Ќе му биде дозволено само од далеку да ја види ветената земја, но не и да стапи во неа. Колку поинаква би била иднината на Божјите слуги кога, стоејќи пред карпата во Кадис, без мрморење би го поднеле искушението што наишло на нив! Лошото дело никогаш не може наполно да се исправи. Се случува цел живот да не може да се надомести она што е загубено во еден единствен миг на искушение или непромисленост. {ПП 426.2}
Отсуството на големите водачи од логорот и фактот што ги придружувал Елеазар кој, како што било добро познато требало да го наследи Арона во светата служба, предизвикувале страв, па нестрпливо очекувале тие да се вратат. Гледајќи околу себе во големиот народен собир, луѓето забележувале дека речиси сите возрасни што излегле од Египет изумреле во пустината. Сите ги опфатило лошо претчувство при помислата на казната изречена над Мосјеја и Арона. Поединци ја насетувале целта на таинственото заминување на врвот на гората Ор; освен тоа, грижата им ја зголемувале и нивните горки сеќавања и нивната самоосуда. {ПП 426.3}
Најпосле ги забележале Мојсеја и Елеазара како полека се спуштаат низ гората, но Арон не бил со нив. Елеазар ја носел првосвештеничката облека како знак дека го наследил татка си во светата служба. Кога целиот народ со тешко срце се собрал околу својот водач, Мојсеј им соопштил дека Арон умрел на гората Ор и дека таму го закопале. Сите заплакале, тажејќи и липајќи, зашто го сакале Арона иако често му задавале болка. „И целото општество виде дека Арон умре, и целиот израелски народ го оплакуваше Арон триесет денови”. {ПП 427.1}
За погребот на израелскиот првосвештеник Светото писмо едноставно бележи: „Таму умре Арон и беше погребан” (Второзаконие 10:6). Колку голема разлика меѓу тој погреб што бил извршен по изрична Божја заповед и денешните обичаи. Денеска погребот на некој истакнат човек често е повод за наметливо и претерано прикажување. Кога Арон умирал, иако бил еден од највидните луѓе кои кога и да е живееле, покрај него се нашле само неговите двајца најблиски пријатели кои биле сведоци на неговата смрт и кои го извршиле закопот. И тој осамен гроб на гората Ор засекогаш останал скриен од погледот на Израелците. Не му се укажува на Бога чест со тоа што се приредуваат големи свечености и што се прават претерани трошоци околу враќањето на телата на умрените во прав. {ПП 427.2}
Сиот народ жалел за Арона, но загубата никој не можел да ја почувствува толку болно како Мојсеј. Смртта на Арона живо го потсетила Мојсеја дека и нему му се приближува крајот; колку уште и да бил кус неговиот престој на земјата, тој длабоко ја почувствувал загубата на својот постојан придружник – единствениот човек кој во текот на толку години го делел со него и доброто и злото, надежите и стравувањата. Од сега Мојсеј морал да продолжи сам. Меѓутоа, знаел дека Бог му е пријател, па уште повеќе се потпрел на него. {ПП 427.3}
Набргу по напуштањето на гората Ор, Израелците претрпеле пораз во битката со еден од Хананските цареви, по име Арад. Но кога сериозно го побарале Бога, Тој им укажал помош, па ги победиле своите непријатели. Таа победа, наместо да ги исполни со благодарност и да ги наведе да почувствуваат колку многу зависат од Бога, кај нив разбудила чувства на гордост и самоувереност. Не поминало многу време и тие, според својот стар обичај, пак почнале да се бунат. Им било криво што израелската војска пред четириесет години, по бунтот поради лошите извидници, не влегла веднаш во Ханан. На својот долг престој во пустината гледале како на непотребно одложување, сметајќи дека и во тоа време можеле исто толку лесно да ги победат сите непријатели како и сега. {ПП 427.4}
Патувајќи натаму кон југ, наишле на жешка и песочна долина во која не можеле да најдат никакво растение ниту сенка. Патот им се чинел долг и тежок, а ги мачел умор и жед. И пак не успеале да му одолеат на искушението пред кое биле исправени верата и трпението. Сè повеќе се одделувале од Бога затоа што постојано гледале само на мрачната страна на своите искуства. Го загубиле од вид фактот дека би биле поштедени од обиколувањето околу Едом кога кај Кадис, каде што водата престанала да им тече од камен, не би се бунеле. Срцата требало да им бидат исполнети со благодарност кон Оној кој толку благо ги казнувал. Наместо тоа, вообразувале дека веќе би биле во ветената земја кога Бог и Мојсеј не би се вмешале. Иако самите си создале тешкотии и својата судбина ја отежнале повеќе отколку што Бог замислувал, го обвинувале Бога за сета своја несреќа. Главите до таа мера им биле полни со горчливи мисли во врска со Божјото постапување со нив, што најпосле станале незадоволни со сè и сешто. Им се чинело дека Египет е подобар и поугоден од слободата и од земјата во која ги водел Бог. {ПП 428.1}
Бидејќи му дале место на незадоволството, Израелците биле склони да им изнаоѓаат мани дури и на благословите што ги уживале: „Зошто нè изведе од Египет, па да умреме во пустинава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна”. {ПП 428.2}
Мојсеј на Израелците верно им го изнел нивниот голем грев. Единствено Божјата сила ги сочувала во „големата и страшна пустина, каде што има отровни змии и скорпии, и суви места, во кои нема вода” (Второзаконие 8:15). Секој ден во текот на патувањето биле сочувани со некакво чудо на Божјата милост. На целиот пат, по кој ги водел Бог, наоѓале вода со која ја гаснеле жедта, небесен леб да го уталожат гладот, и мир и безбедност во сенката на облакот дење и во огнениот столб ноќе. Ангелите им помагале кога се искачувале по стрмните падини или кога оделе пеш по мачните патеки низ пустината. Наспроти тешкотиите што ги поднесувале, во нивните редови немало ниту папсани ниту истоштени. На толку долгото патување на ниеден од нив дури ни ногата не му натекла, ниту облеката им изветвила. Бог сторил шумските грабливи ѕверови и отровните лазачи во пустината да им се потчинуваат. И покрај сите тие знаци на неговата љубов, бидејќи народот сепак и понатаму постојано се плачел, Бог решил да ги лиши од својата заштита додека не научат да ја ценат неговата милосрдна наклоност и додека повторно не му се обратат во покајание и понизност. {ПП 428.3}
Бидејќи живееле под закрила на Божјата сила, тие и не ги забележувале безбројните опасности што постојано ги опкружувале. Во својата неблагодарност и неверство постојано ја споменувале смртта, и сега Господ дозволил смртта да дојде. Змиите отровници, што претставувале вистинска напаст за пустината, се нарекувани огнени змии поради страшното дејство на нивниот отров кој веднаш предизвикувал воспаление и брза смрт. Бидејќи врз Израелците не почивала веќе Божјата заштитничка рака, мнозина од народот биле нападнати од овие отровни созданија. {ПП 429.1}
Во целиот логор завладеал страв и метеж. Речиси во секој шатор се нашол по некој мртовец или болен на претсмртна постела. Никој не се чувствувал сигурен. Често ноќната тишина ја нарушувал продорен крик, најавувајќи нови жртви. Сите се труделе да се најдат околу болниот или да си ги заштитат оние кои уште не биле погодени. Сега од нивната уста не се слушнала никаква поплака. Во споредба со моментните страдања, поранешните тешкотии и искушенија не биле ниту вредни да се споменат. {ПП 429.2}
Најпосле народот се понизил пред Бога. Дошле пред Мојсеја признавајќи и со молби. „Згрешивме кога се побунивме против Господ и против тебе”. А само малку пред тоа го обвинувале како најцрн непријател и го прикажувале како предизвикувач на сите свои маки и неволји. Меѓутоа, дури и во мигот кога тие зборови им излегувале од усните, знаеле дека обвинувањето им било лажно; и штом ги снашла казна, побрзале кај него како кај единствен човек кој можел за нив да се заземе пред Бога. „Помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите”, гласела молбата. {ПП 429.3}
Бог му наредил на Мојсеја да направи змија од бронза која ќе личи на жива змија и да ја подигне на мотка високо среде народот. Секого што би го каснала змија, требало само да погледне во оваа змија од бронза и веднаш да оздрави. Тој тоа го сторил и низ логорот набргу се пронела радосна вест дека сите што биле каснати од овие отровници ќе останат живи само ако погледнат во змијата од бронза. Мнозина веќе изумреле, и кога Мојсеј ја подигнал змијата на мотка, некои не верувале дека само еден поглед на металната фигура ќе може да ги исцели. Тие изумреле поради своето неверство. Меѓутоа, мнозина верувале во моќта на од Бога даденото средство. Татковците, мајките, браќата и сестрите со страв и копнеж настојувале малаксаниот поглед на своите роднини, често и на оние на претсмртна постела, да го насочат кон подигнатата змија. Иако целосно исцрпени и на претсмртна постела, требало само еднаш да погледнат па веднаш потполно да оздрават. {ПП 430.1}
Народот добро знаел дека силата што може да предизвика таква промена не се наоѓа во змијата од бронза. Моќта на исцелување можела да дојде само од Бога. Тој во својата мудрост одбрал токму таков начин за да ја покаже својата сила. Благодарение на тоа едноставно средство, народот бил наведен да сфати дека токму со својот сопствен грев упаднал во тоа зло. Истовремено добиле ветување дека нема причина да се плашат сè додека му се послушни на Бога, зашто Тој ќе ги сочува. {ПП 430.2}
Подигањето на бронзената змија на Израелците требало да им даде важна поука. Тие не можеле сами да се спасат од смртоносното дејство на отровот во нивните рани. Само Бог можел да ги исцели; а од нив се барало да покажат доверба во неговиот начин на лекување. Морале да погледнат за да живеат. На Бога можеле да му угодат само со вера, а со тоа што погледнале во змијата ја докажувале својата вера. Тие знаеле дека во самата змија нема никаква сила, туку дека тоа е симбол на Христа; на тој начин им е укажано на неопходноста од верување во неговите заслуги. Пред тоа мнозина, принесувајќи му жртви на Бога, мислеле дека со тоа наполно се ослободиле од своите гревови. Тие не се потпреле врз идниот Спасител кого тие жртви само симболично го претставувале. Сега Бог сакал да им покаже дека нивните жртви, сами по себе, немаат поголема моќ од бронзената змија, но се средство, токму како и змијата, нивните мисли да ги упатат кон Христа како најголема жртва за гревовите. {ПП 430.3}
„И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен” (Јован 3:14,15). Сите кои, кога и да е живееле на земјата, го почувствувале смртоносното каснување на „старата змија, наречена ѓавол и сатана” (Откровение 12:9). Кобните последици на гревот можат да бидат отстранети само со помош на средството за кое се погрижил Бог. Израелците го спасувале својот живот со тоа што би погледнале во подигнатата змија. Меѓутоа, тој поглед во себе содржел и вера. Останувале живи затоа што верувале во Божјиот збор и во средството предвидено за нивно исцелување. Така и грешникот може да гледа во Христа и да живее. Со вера во жртвата на помирување тој добива проштавање. За разлика од безживотниот симбол, Христос има во себе и сила и моќ да му помогне на грешникот кој се кае. {ПП 431.1}
Иако грешникот не може да се спаси со своја сила, тој сепак мора нешто да преземе за да си обезбеди спасение. Христос вели: „А кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор” (Јован 6:37). Значи, ние мораме да дојдеме кај него; и ако се каеме за нашите гревови, мораме да веруваме дека Тој ќе нè прими и ќе ни прости. Верата е дар од Бога, но од нас зависи дали ќе ја оживотвориме. Верата е рака со која душата ја прифаќа милоста – понудениот Божји дар. {ПП 431.2}
Единствено Христовата правда може да ни даде право на благо словите на заветот на милоста. Мнозина се стремеле и долго настојувале да ги добијат овие благослови, но никогаш не ги примиле затоа што мислеле дека можат сами нешто да сторат за да ги заслужат. Ние не смееме да веруваме дека можат да нè спасат нашите сопствени заслуги. Христос е единствена надеж на нашето спасение. „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме” (Дела 4:12). {ПП 431.3}
Ако целосно му се довериме на Бога и ако ги прифатиме заслугите на Спасителот Исус кој ги проштава гревовите, тогаш сигурно ќе ја примиме помошта што ја сакаме. Никој нека не се гледа себеси како суштество кое има моќ самото себеси да се избави. Исус умрел за нас бидејќи ние сами не сме биле во состојба да го сториме тоа. Во него лежи нашата надеж, нашето оправдување и нашата правда. Кога ќе ја согледаме нашата грешност, не треба да очајуваме ниту да се плашиме како да немаме Спасител или како Тој да нема милост кон нас. Токму во тие мигови Тој нè повикува да дојдеме кај него со нашата беспомошност и Тој ќе нè избави. {ПП 431.4}
Многу Израелци не сакале да си помогнат со лекот што го одредило Небото. Насекаде околу нив лежеле мртви и мноштво на претсмртна постела и биле свесни дека без Божја помош и самите сигурно ќе пропаднат; па сепак, и понатаму се јадосувале поради своите рани и болки и поради сигурната смрт сè додека не им исчезнала силата и не им се укочиле очите, а можеле за миг да се исцелат. Ако сме свесни за нашите потреби, не би требало да ја трошиме силата во јадосување. Ако ја увидуваме беспомошноста на нашата положба без Христа, не смееме да паднеме во малодушност, туку мораме да се потпреме врз заслугите на распнатиот и воскреснат Спасител. Погледни и живеј! Исус ни дал свој збор; Тој ќе ги спаси сите што доаѓаат кај него. Иако милиони, на кои им е потребно исцелување, ќе ја отфрлат неговата понудена милост, ниеден што ќе ги прифати неговите заслуги нема да пропадне. {ПП 432.1} Мнозина не се подготвени да го примат Христа сè додека потполно не им се објасни тајната на планот на спасението. Одбиваат да погледнат со вера иако увидуваат дека илјадници веќе погледнале и ја почувствувале делотворноста од насочениот поглед кон Христовиот крст. Мнозина талкаат низ лавиринтите на филозофијата во потрага по докази и причини што никогаш нема да ги најдат, а ги отфрлаат доказите што Бог милосливо им ги дал. Одбиваат да одат во светлината на Сонцето на правдата сè додека не им се објасни причината зошто сонцето свети. Сите кои упорно го задржуваат тој став, никогаш нема да ја запознаат вистината. Бог никогаш нема да ги отстрани сите причини за сомневање. Тој дава доволно докази како основа да се верува, а ако тие не се прифатат, духот останува во темнина. Оние што биле каснати од змија отровница можеле да се колебаат и да се премислуваат дали да погледнат во бронзената змија или не, но во тој случај би пропаднале пред да се решат да послушаат. Наша должност е прво да погледнеме, а тогаш погледот со вера ќе ни даде живот. {ПП 432.2}