19. ЈАКОВ СЕ ВРАЌА ВО ХАНАН
Оваа глава е заснована на Создавање 34. 35. и 37 глава
Преминувајќи ја реката Јордан, „Потоа Јаков дојде во Сихем, во земјата хананска”. Така молитвата на патријархот упатена во Ветил, Бог на мир пак да го врати во неговата земја, била услишена. Извесно време тој живеел во Сихемската долина. Пред повеќе од сто години Аврам првпат ги распнал своите шатори и го подигнал првиот олтар во ветената земја . Тука Јаков за „за сто парчиња сребро” купил од синовите на Емор, таткото на Сихем, парче земја на кое подигнал свој шатор и олтар кој го нарекол „Ел, Елое Израел”, што значи „Силен Бог Израелов” (Создавање 33:19,20). Исто како и Аврам, Јаков покрај своите шатори подигал жртвеник и сите членови на своето домаќинство ги повикувал да присуствуваат при принесувањето на утринска и вечерна жртва. Тука го ископал и бунарот на кој, седумнаесет векови подоцна дошол Синот на Јакова и Спасителот и крај кој, одморајќи се од пладневната жега, им кажувал на своите зачудени слушатели за изворот чијашто вода „тече во живот вечен” (Јован 4:14). {ПП 204.1}
Престојот на Јакова и на неговите синови во Сихемската долина завршил со насилство и со крвопролевање. Една ќерка на семејството била осрамотена и ожалостена, и двајца браќа вплеткани во убиство. Цел еден град бил опустен со колеж извршен во знак на одмазда поради незаконската постапка на еден непромислен младич. Почеток што довел до толку страшни последици било делото на ќерката на Јакова која „излезе за да ги види девојките во тој крај”, изложувајќи се на опасност од стапување во врска со неверници. Секој што бара задоволства меѓу оние кои не се бојат од Бога навлегува во областа на сатаната и се изложува на искушенија. {ПП 204.2}
Свирепата вероломност на Симеон и Левие била предизвикана; сепак нивната постапка кон Сихемците претставува тежок грев. Тие мошне грижливо настојувале Јаков да не дознае за нивната намера, и кога дознал за веста за нивната одмазда, бил вчудовиден. Лукавството и насилството на неговите синови длабоко го потресле и тој само рекол; „Ми создадовте неприлики и ме омразивте кај народот од оваа земја… Јас имам малку луѓе; тие ќе се соберат против мене, ќе ме убијат, та ќе бидам истребен јас и домот мој”. Но болката и одвратноста со која тој дури и по педесет години гледал на оваа нивна крвава постапка, кога лежел во Египет на претсмртна постела, се гледа од неговите зборови; „Симеон и Левиј се вистински браќа, оружје на насилство се мечовите нивни.Во договарањата нивни да не учествува душата моја, ниту во собирот нивни славата моја… Проклет да е гневот нивни, зашто е жесток; и лутината нивна, бидејќи е свирепа” (Создавање 49:5-7). {ПП 204.3}
Јаков почувствувал дека постои причина за длабока понизност. Во карактерот на неговите синови се покажале свирепост и лага. Во неговиот логор имало лажни богови, а во извесна мера идолопоклонството нашло упориште дури и во неговото семејство. Дали можеби Господ, постапувајќи според нивната заслуга, ќе ги препушти на одмазда на околните народи? {ПП 205.1}
Додека Јаков така бил притиснат со грижа и со страв, Господ го упатил да замине јужно оттаму, кон Ветил. Помислата на тоа место го потсетувала патријархот не само на неговиот сон за ангелите и на Божјото ветување, туку и на заветот што го дал тука дека Господ ќе му биде Бог. Пред да се упати на тоа свето место, решил да го очисти својот дом од трагите на идолопоклонството со кое бил осквернет. Поради тоа им наредил на сите членови на своето домаќинство: „Исфрлете ги туѓите богови, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се. Да се кренеме и да отидеме во Ветил; таму ќе направам жртвеник на Бога, Кој ме чу во денот на неволјата моја, и беше со мене на патот, по кој одев”. {ПП 205.2}
Длабоко возбуден, Јаков ја повторувал историјата за својата прва посета на Ветил, како Господ тука му се открил во ноќно видение додека како осамен патник, напуштајќи го шаторот на својот татко, бегал да го спаси животот. Оживувањето на спомените на Божјото чудесно постапување со него уште повеќе го разнежило неговото срце; неговите деца биле трогнати и ги обзела некаква смирувачка сила; тој тогаш на најуспешен начин ги приготвил да му се придружат во молитвата и во оддавањето чест на Бога кога ќе стигнат во Ветил. „Му ги дадоа на Јаков сите туѓи богови, што беа во нивни раце, и обетките, што ги имаа на ушите; и ги закопа Јаков под дабот кај Сихем”. {ПП 205.3}
Бог пуштил страв кај жителите во таа земја, така што и не се обиделе да се одмаздат за колежот сторен во Сихем. Патниците непречено дошле во Ветил. Тука Господ повторно му се јавил на Јакова и му го повторил своето заветно ветување. „А Јаков подигна споменик на истото место, каде што му зборуваше Бог; споменик од камен”. {ПП 206.1}
Во Ветил Јаков доживеал жалост бидејќи ја загубил Девора, која долго била почитуван член на семејството на неговиот татко. Таа била доилка на Ревека и ја придружувала својата господарка од далечната Месопотамија во хананската земја. Присуството на таа стара жена за Јакова било мошне драгоцено зашто го потсетувала на неговото детство и младост, а особено на мајка му која толку нежно и многу го сакала. Девора ја закопале со изрази на тага и толку длабока жалост, „и ја погребаа подолу од Ветил, под дабот, кого Јаков го нарече Плачниот даб”. Нејзиниот живот, исполнет со верна служба, и тагата за неа како член на домаќинството, се забележани во Божјата реч. {ПП 206.2}
Од Ветил до Хеврон имало само два дена пеш, но тие два дена на Јакова му донеле голема болка му умрела и Рахила. Двапати по седум години служел за неа, но љубовта кон неа сите тие мачни напори му ги правела мошне лесни. Колку длабока и трајна била неговата љубов се покажало многу години подоцна кога болен, пред скорашна смрт во Египет, го посетил Јосиф. Во таа пригода, веќе остарениот патријарх, оживувајќи ги спомените од својот живот, нагласил: „И умре Рахила, и ја погребаа крај патот што води кон Ефрат, во Витлеем”. Од целата семејна историја на својот долг и мачен живот, Јаков во своите сеќавања ја споменал само Рахила. {ПП 206.3}
Пред својата смрт Рахила го родила и вториот син. Умирајќи го нарекла Венонија, но татко му му дал име Венијамин, „десна рака” или „бастун на староста”. Рахила била закопана на местото каде што умрела, и тука е подигнат споменик за да и се овековечи споменот. {ПП 206.4}
На патот кон Ефрат уште едно мрачно злосторство го извалкало семејството на Јакова, поради што најстариот син Рувим ги загубил привилегиите и почестите на првородството. {ПП 206.5}
Најпосле Јаков го завршил своето патување „И дојде Јаков кај Исак, таткото свој, во Мамре, во Кирјат-Арба, односно во Хеврон, каде што Авраам и Исак беа доселеници”. Тука останал сѐ додека татко му не умрел. За ослабениот и слеп Исак, пријатното внимание на тој одамна побегнат син, било утеха за сите години што ги поминал во самотија и патила. {ПП 207.1}
Јаков и Исав се сретнале крај претсмртната постела на татка си. Некогаш постариот брат тој настан го предвидувал како можност за одмазда, но од тогаш неговите чувства значително се измениле. Потполно задоволен со духовните благослови на првородството, Јаков се откажал од своето право на богатото наследство на татка си во полза на постариот брат. Така тоа наследство му припаднало на Исава, што тој, впрочем, единствено го барал и го ценел. Нив меѓусебно не ги отуѓувала веќе никаква љубомора или омраза, но сепак се разделиле и Исав заминал во гората Сеир. Бог, кој е пребогат со благослови, му дал на Јакова, покрај повисоките духовни добра за кои жеднеел, и земни благослови. Богатството на двајцата браќа „им беше многу голем, па не можеа да живеат заедно; ниту земјата, во која беа доселени, можеше да ги собере, поради многуте стада”. Таа разделба била во сообразност со намерите што ги имал Бог за Јакова. Бидејќи браќата меѓусебно многу се разликувале според своите верски убедувања, било подобро да живеат одвоено. {ПП 207.2}
Исав и Јаков добиле потполно исто воспитание и сознание за Бога и обајцата слободно можеле да живеат според Божјите заповеди и да заслужат негова наклоност, но не постапиле обајцата на ист начин. Двајцата браќа се упатиле по различни патишта и нивните патеки сѐ повеќе се оддалечувале една од друга. {ПП 207.3}
Затоа што имал можност да бира, Бог не го отфрлил тирански Исава лишувајќи го од правото на благословите на спасението. Даровите на неговата милост преку Христа слободно му се достапни на секого. Човекот се запустува единствено ако сам, со сопствен избор, јури во пропаст. Бог во својата Реч ги изнел условите под кои секоја душа може да биде избрана за вечен живот послушност на неговите заповеди со вера во Христа. Бог го избрал карактерот кој е во целосна хармонија со неговите закони, и на секого што ќе ја постигне мерката поставена во неговото барање ќе му биде дозволено да влезе во царството на славата. Сам Христос рекол: „Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот” (Јован 3:36). „Не секој што Ми вели: ‘Господи, Господи’, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен” (Матеј 7:21). А во Откровението Тој изјавува: „Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите” (Откровение 22:14). Тоа е единствена можност на избор изложена во Божјата реч во врска со конечното спасение на човекот. {ПП 207.4}
Одбрана е секоја душа која своето спасение го гради „со страв и трепет”. Избран е оној кој сака да се вооружи „во сето оружје Божјо” и истрајно да се бори во борбата на верата. Избран е оној кој сака да стражари во молитва, кој го истражува Светото писмо и не дозволува да биде поттикнат или наговорен на зло. Избран е оној кој во верата ќе остане цврст и постојан, прифаќајќи го секој збор што излегува од Божјата уста. Благодетите и можностите на откупувањето му се достапни на секого; плодовите на откупувањето ќе ги уживаат оние што ќе ги исполнат поставените услови. {ПП 208.1}
Исав ги презрел благословите на заветот. Тој повеќе ги сакал поминливите земни уживања отколку духовните добра и го добил она што. го сакал. Изборот со кој засекогаш е одвоен од Божјиот народ тој го извршил сам и тоа со премисла. Јаков се определил за наследството на верата. Се потрудил до тоа да се добере со лукавство, со измама и со невистина, но Бог дозволил сторениот престап да го поттикне на поправање. И покрај сите горчливи искуства на своите подоцнежни години, Јаков никогаш не отстапил од својата цел ниту пак го напуштил својот избор. Искуството му покажало дека, обидувајќи се со човечка мудрост или со лукавство да се добере до благословот, всушност војувал против Бога. Самоувереноста била искоренета. Не се служел веќе со препреденост. Наместо со лукавство и со измама, неговиот живот сега се одликувал со едноставност и со вистина. Искуството го научило со искрена доверба да се предаде во рацете на Семожниот и во деновите на неволја и патила понизно да ѝ се предаде на Божјата волја. Пониските елементи на неговиот карактер биле уништени во огнената печка на неволјите, вистинското злато е пречистувано сѐ додека кај Јакова не се појавила незатемнетата вера на Аврама и Исака. {ПП 208.2}
Од гревот на Јакова и целата низа настани што ги предизвикал тој произлегло неизбежно влијание кое своите горчливи плодови ги открило во карактерот и во животот на неговите синови. Кога тие синови стапиле во зрели години, покажувале сериозни недостатоци. Во семејството се појавиле последиците на многуженството. Тоа страшно зло се заканувало да ги задуши и самите извори на вистинската љубов, а со своето влијание ги заслабувало и најсветите врски. Љубомората на одделни мајки го загорчувала семејниот живот. Децата израснале како кавгаџии и неподложни на контрола, што животот на таткото го затемнувале со страшна загриженост и болка. {ПП 208.3}
Но сепак се нашол еден чијшто карактер забележливо се разликувал од другите. Тоа бил Јосиф, постариот син на Рахила, момче чијашто ретка лична убавина како да била само одблесок на внатрешната убавина на душата и срцето. Чисто, вредно и весело, момчето покажувало и морална сериозност и цврстина. Ги слушало поуките на татка си и сакало да биде послушно на Бога. Особините со кои подоцна се истакнувало во Египет кротоста, верноста и вистинитоста уште тогаш се покажувале во неговиот секојдневен живот. Бидејќи мајка му не била веќе жива, му било наполно предано на татка си, а срцето на Јакова било посебно врзано за тоа дете на неговата старост. „А Израел го сакаше Јосиф повеќе од сите свои синови”. {ПП 209.1}
Но токму таа наклоност на таткото ќе стане причина за страдања и болки. Немудрото покажување на наклоност на Јакова кон Јосифа предизвикала љубомора и завист кај другите негови синови. Кога Јосиф го забележал лошото однесување на своите браќа, бил длабоко вознемирен. Се обидел на пријателски начин да им приговори, но со тоа само предизвикал уште поголема омраза и ујаденост. Тој не можел да гледа како тие грешат против Бога, и се изнесувал пред татка си, надевајќи се дека неговиот авторитет ќе ги натера да се поправат. {ПП 209.2}
Јаков претпазливо одбегнувал со свирепост или со строгост да не предизвика кај нив јарост. Длабоко возбуден ја изложил својата загриженост за своите деца и ги молел да имаат почит кон неговата седа глава и да не го осрамотат неговото име, а над сѐ барал од нив да не го обесчестуваат Божјото име со такво непочитување на неговите прописи. Посрамени што нивните гревови се обелоденети, се чинело дека тие млади луѓе се каат, но тие ги криеле своите вистински чувства кои сега станале уште полоши. {ПП 209.3}
Кога Јаков пак, не мислејќи на последиците, му подарил на Јосифа шарена облека, скапоцена туника каква што носеле само угледните личности, тоа за нив било нов доказ за татковата пристрасност. Поради тоа тие се посомневале дека тој има намера да ги потисне постарите синови и првенечкото право да му го предаде на синот на Рахила. Нивната злоба уште повеќе се засилила кога момчето еден ден им го раскажало својот сон: „Врзуваме снопје во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на мојот сноп”. {ПП 209.4}
Тогаш браќата, исполнети со гнев и со завист, му рекле: „Зарем ти ќе царуваш над нас? Зарем ти ќе владееш над нас?” {ПП 210.1}
Набргу Јосиф сонил уште еден сон со слично значење, што исто така им го раскажал: „Сонив уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа”. Овој сон е протолкуван како очигледен стремеж за првенство. Таткото, кој се нашол тука, го прекорил, велејќи: „Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајка ти, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?” Наспроти привидната строгост на неговите зборови, Јаков верувал дека Бог на Јосифа му ја открил иднината. {ПП 210.2}
Додека момчето стоело пред своите браќа со лице озарено од вдахновение со Духот, тие не можеле да го скријат своето чудење и восхитување; но не сакале да отстапат од своите лоши патишта и ја мразеле чистотата што ги осудувала нивните гревови. Во срцето им се разгорувал истиот дух што го водел и Каина. {ПП 210.3}
Барајќи пасишта за своите стада, синовите на Јакова морале да одат од место во место и често со месеци биле одвоени од дома. Токму по еден ваков случај тие се упатиле на едно место кое нивниот татко во свое време го купил од Сихема. Поминало извесно време од нивното заминување, а татко им не добил вест од нив, па се загрижил, имајќи ја на ум нивната свирепа постапка кон Сихемците. Затоа го пратил Јосифа да ги побара и да му донесе извештај за нив. Кога Јаков би го знаел вистинското расположение на другите свои синови кон Јосифа, во никој случај не би го пратил сам, но тие своите чувства грижливо ги криеле. {ПП 210.4}
Јосиф со радосно срце се разделил од татка си; ниту старецот ниту момчето и не сонувале што сѐ ќе се случи пред пак да се видат. Кога Јосиф по долг и тежок пат стигнал во Сихем, таму не можел да ги најде своите браќа и нивните стада. Распрашувајќи се за нив, бил упатен во Дотан. Патувал над осумдесет километри, а сега требало да оди пеш уште над дваесет, но тој брзал и така замислен заборавил на својот умор; мислел само на тоа својот стар татко да го ослободи од грижата и да ги пронајде своите браќа кои, и покрај нивната суровост, сѐ уште ги сакал. {ПП 210.5}
Неговите браќа го виделе кога им се приближувал. Силината на нивната омраза не стивнала со помислата на неговиот долг пат преминат само затоа за да ги најде, на уморот и гладот ниту на нивната должност да му укажат должно гостопримство и братска љубов. Самиот поглед на онаа шарена облека доказот на татковата љубов, ги исполнувал со избезуменост. Подбивно извикале: „Ене го стигнува сонувачот!” Зависта и одмаздата, одамна негувани и прикривани во нивното срце, сега наполно завладеале со нив. „Ајде, да го убиеме сега”, рекле, „и да го фрлиме во некоја јама! Можеме да речеме дека го изеде див ѕвер. Ќе видиме што ќе биде од неговите соништа”. {ПП 210.6}
Кога не би бил Рувим, тие би ја исполниле својата намера. Но тој се исплашил од помислата да учествува во убиството на својот брат, па предложил Јосифа жив да го фрлат во една дупка, таму сам да умре. Меѓутоа, Рувим имал намера подоцна да го спаси Јосифа и жив да го врати кај татка си. Бидејќи успеал и другите браќа да ги наговори да го прифатат неговиот план, се оддалечил од нив, плашејќи се дека не ќе може доволно да ги совлада своите чувства, па со тоа можеби ќе ја открие својата вистинска намера. {ПП 211.1}
Јосиф им се приближил не наслутувајќи ја опасноста, радосен што најпосле стигнал на целта од своето долго патување. Но, наместо очекуваниот поздрав, бил вџашен од острите и осветољубиви погледи на кои наишол. Го фатиле и ја слекле од него неговата шарена облека. Ваквата постапка и ваквите отворени закани сведочеле за нивните убиствени намери. На неговите најсесрдни преколнувања немало одговор. Тој целосно бил во власт на тие избезумени луѓе. Прво на најсуров начин го довлечкале до една длабока јама и го турнале во неа. Откако се увериле дека нема никаква можност да се спаси, го оставиле таму да умре од глад, а тие сами „седнаа да ручаат”. {ПП 211.2}
Но на некои од нив тоа уште не им било доволно; во оваа одмазда не е најдено она задоволување што тие го барале. Набргу потоа забележале група патници што им се приближувала. Тоа бил карван на Исмаилци од другата страна на реката Јордан кои патувале во Египет, носејќи мирудии и разна друга стока. Тогаш Јуда предложил својот брат да го продадат како роб на тие трговци наместо да го препуштат на смрт. Така ќе се ослободат од него на сигурен начин, а нема да ги извалкаат рацете со неговата крв. „Зашто тој е наш брат”, нагласувал Јуда, „наше месо”. Со тој предлог веднаш сите се согласиле и бргу го извадиле Јосифа од јамата. {ПП 211.3}
Кога Јосиф ги видел трговците, веднаш му била јасна ужасната стварност. Од страшната судбина да стане роб се плашел повеќе отколку од смртта. Во агонијата на стравот ги преколнувал еден по еден сите свои браќа, но напразно. Некои од нив навистина биле трогнати од сожалување, но се плашеле да не бидат исмеани, и затоа останале неми. Сите чувствувале дека отишле премногу далеку за да можат да се вратат. Ако Јосиф би бил поштеден, тој секако би му кажал на татка си, кој не би можел да премине лесно преку нивната свирепост кон неговиот најмил син. Срцата им останале нечувствителни пред неговото пекање и тие го предале во рацете на незнабожечките трговци. Карванот го продолжил својот пат и набргу се изгубил од вид. {ПП 211.4} Рувим се вратил кај јамата, но Јосифа веќе го немало таму. Сиот исплашен и осудувајќи се самиот себеси, ја искинал својата облека и ги побарал другите браќа, викајќи: „Детето го нема! Каде ќе се скријам сега јас?” Кога дознал за судбината на Јосифа и кога сфатил дека не може да го врати, бил присилен да им се придружи на другите во обидот да ја скријат својата кривица. Потоа заклале јаре и со неговата крв ја натопиле облеката на Јосифа, па му ја пратиле на татка си со напомена дека таа облека ја нашле во полето и дека се плашат оти тоа би можело да биде облеката на нивниот брат. „Гледај, дали е ова облеката на твојот син или не е”, биле нивните зборови. Тие таа сцена ја очекувале со страв, но не се надевале дека ќе мораат својот татко да го гледаат потонат во тага и болка што му го кинеле срцето. „Облеката е на мојот син”, рекол Јаков, „Див ѕвер го растрга! Јосиф е растрган на делови”. Попусто синовите и ќерките се обидувале да го утешат. Тој „ја скина својата облека, стави покорничко вреќиште околу половина, и долго време го оплакуваше својот син”. Се чинело дека ниту времето не можело да ја олесни ниту да ја ублажи неговата болка. „Со тага ќе слезам при својот син во подземјето” липал во очај. Вџашени со она што го сториле, но плашејќи се од прекор на татка си, синовите на Јакова сепак во своето срце ја криеле вистината за сопствената вина која сега дури и ним им изгледала многу голема. {ПП 212.1}