3. ИСКУШЕНИЕ И ПАД

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 3 глава

Кога на сатаната не му било веќе дозволено да поттикнува и да шири бунт на небото, тој нашол ново поле за своето непријателство против Бога. Почнал да планира како да го упропасти човечкиот род. Во среќата и мирот на светата брачна двојка во Едем го видел она блаженство кое самиот тој засекогаш го загубил. Гонет од зависта, решил да ги наведе на непослушност и на тој начин да ги изложи на казната што ја носи со себе сторениот грев. Цел му била нивната љубов да ја претвори во недоверба, а нивните песни на благодарност во поплаки и мрморење против нивниот Творец. Со тоа овие невини суштества не само што ќе бидат турнати во истата несреќа и беда во која и самиот се наоѓал, туку би го обесчестил и Бога и би му нанел болка на целото небо. {ПП 52.1}

На нашите прародители им било обрнато внимание на опасноста што им се заканува. Небесните весници им ја откриле историјата на падот на сатаната и неговите намери да ги уништи. Освен тоа, јасно им ја прикажале природата на Божјото владеење кое кнезот на злото се обидел да го собори. Сатаната и неговите приврзаници паднале токму поради непослушноста кон Божјите праведни барања. Затоа било неопходно Адам и Ева да го почитуваат овој закон кој претставувал единствена заштита на поредокот и правдата. {ПП 52.2}

Божјиот закон е свет исто толку колку и Бог што е свет. Тој ја открива неговата волја и претставува препис на неговиот карактер израз на божествената љубов и мудрост. Хармонијата на сѐ што е создадено зависи од совршеното потчинување на сите суштества, на сѐ што живее, и на мртвата природа, на непроменливите закони на Творецот. Бог поставил закони според кои треба да се управуваат не само живите суштества, туку и сите појави во природата. Сѐ е потчинето на одредени закони кои не можат да се, пренебрегнуваат. Меѓутоа додека во природата сѐ е потчинето само на природните закони, единствено човекот, меѓу сите созданија на земјата, е одговорен и пред моралниот закон. На човекот, како круна на сѐ што е создадено, Бог му дал разум и моќ да ги сфати неговите барања, неговата праведност и благотворноста на неговиот закон и на неговите свети прописи; и од човекот бара непоколеблива послушност. {ПП 52.3}

Жителите на Едем, како и ангелите пред нив, биле ставени на проверка; среќата што им ја дал Бог можеле да ја сочуваат само под услов на целосна верност кон законот на Творецот. Можеле да слушаат и да живеат, или да бидат непослушни и да пропаднат. Бог ги направил добитници на богати благослови; но, ако ја занемарат неговата волја, Оној, кој не ги штеди дури ни ангелите кога ќе згрешат, нема ниту нив да ги поштеди; со престапот би го загубиле правото на неговите дарови и би навлекле на себе беда и пропаст. {ПП 53.1}

Ангелите ги предупредиле да се пазат од лукавството на сатаната, зашто тој неуморно ќе настојува да им постави стапица и да ги совлада. Сѐ додека  ќе му бидат послушни на Бога, нема да им се случи никакво зло, зашто, ако притреба, сите небесни ангели ќе бидат пратени да им помогнат. Ако решително го одбијат неговото прво навестување, ќе можат да бидат сигурни исто толку колку и небесните весници. Меѓутоа, ако само еднаш му подлегнат на искушението, нивната природа во толкава мера ќе се изопачи, што не ќе најдат веќе во себе ниту сила ниту волја да му се спротивстават. {ПП 53.2}

Дрвото на сознанието било одредено да послужи како средство за испитување и за проверка на нивната послушност и љубов кон Бога. Господ нашол за добро да им постави само една единствена забрана, бидејќи сѐ друго во градината им стоело слободно на располагање; но, ако ја прекршат неговата волја и во тоа единствено ограничување, ќе паднат во престап. На сатаната не му било дозволено насекаде и постојано да ги лови со свои искушенија; пристап кон нив му бил овозможен само кај забранетото дрво. Ако се обидуваат да загледуваат во неговата природа, ќе се изложат на лукавите напади на сатаната. Биле предупредени будно да внимаваат на опомената што им ја дал Бог и да се задоволат со неговата поука. {ПП 53.3}

За да го изврши своето дело незабележано, сатаната решил, како свој медиум да ја искористи змијата што за неговите измамнички намери била одлична маска. Змијата во тоа време била едно од најмудрите и најубавите созданија на земјата. Имала крилја, и додека летала низ воздухот, изгледала засенувачки сјајна, бидејќи имала бои кои на сонцето се прелевале како измазнето злато. Се одмарала во богато начичканите гранки на забранетото дрво и се насладувала со неговите вкусни плодови; тоа била сцена што го плени вниманието и го восхитува погледот на посматрачот. Така измамникот се вовлекол во градината на мирот и тука демнејќи, ја чекал својата жртва. {ПП 53.4}

Ангелите ја предупредиле Ева да внимава додека ги извршува во градината своите секојдневни работи, во никој случај да не се одделува од својот маж; наоѓајќи се крај него, ќе биде помалку изложена на опасност од искушение одошто кога е сама. Меѓутоа, задлабочувајќи се во толкава мера во своето пријатно занимање, таа несвесно се одделила од него. Опасноста ја сфатила дури тогаш кога забележала дека е сама, но го потиснала стравот, уверувајќи се самата себеси дека е доволно мудра и силна да распознае што е зло и да му се противстави. Не обѕирајќи се на предупредувањето што го добила од ангелите, набргу се нашла пред забранетото дрво посматрајќи го без здив, восхитена и љубопитна. Плодовите биле мошне убави и таа се прашувала зошто Бог им забранил да ги јадат. За искушувачот тоа бил вистински миг. Како да ги читал нејзините мисли, и се обратил со прашањето: „Вистина ли е дека Бог кажал да не јадете од секое дрво во градината?” Ева изненадена се секнала бидејќи и се сторило како да слуша одглас од своите сопствени мисли. Но змијата продолжила со мелодичен глас, лукаво фалејќи ја нејзината извонредна милност; а тие зборови упатени до Ева не звучеле непријатно. Наместо да побегне од тоа место, таа се колебала чудејќи се како змијата може да зборува. Кога би и се обратило некое суштество слично на ангел, таа би се исплашила; но вака таа и не помислувала дека волшебната змија би можела да биде медиум (посредник) на паднатиот непријател. {ПП 53.5}

На лукаво поставеното прашање од страна на искушувачот, таа одговорила: „Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете! Тогаш змијата и рече на жената: ‘Не, нема да умрете! Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло’” (Создавање 3:2-5). {ПП 54.1}

Јадејќи плод од тоа дрво, рекла змијата, тие ќе постигнат повисок степен на развиток и ќе навлезат во пошироко поле на сознанија. И самата таа (змијата), наводно, јадејќи плод од забранетото дрво, се здобила со моќ да зборува. Потоа навестила дека Бог љубоморно настојува да ги спречи во тоа, плашејќи се да не се изедначат со него во возвишеноста и дека вкусувањето на овој плод, или дури и само допирот со него, им ги забранил токму заради неговото чудно својство кое дава мудрост и сила. Заводникот нагласил дека Божјата опомена нема да се овистини, зашто, наводно, е пресметана само на тоа да ги заплаши. Зар е можно тие да умрат? Зар тие не јаделе плод од дрвото на животот? Бог сака да ги спречи да не постигнат повисок и поблагороден степен на развиток и да не станат посреќни. {ПП 54.2}

Така постапува сатаната уште од деновите на Адама па сѐ до денеска, и тоа со голем успех. Тој ги наведувал луѓето да губат доверба во Божјата љубов и да се сомневаат во неговата мудрост. Тој постојано се труди да поттикне дух на недозволено љубопитство дух на неспокој и копнеж кон проникнување во тајната на Божјата мудрост и сила. Во своите напори да го дознаат и она што Бог им го скусил, илјадници луѓе не ги забележуваат оние вистини што се битни за нивното спасение. Сатаната ги наведува луѓето на непослушност кон Бога, мамејќи ги да веруваат како, наводно, откриле чудесна област на сознание. Но сето тоа било само измама. Опиени со идејата за напредок, тие ги пречекориле границите што им ги определил Бог и стапиле на патека што води во пропаст и смрт. {ПП 54.3}

Сатаната на брачната двојка и ги прикажал така работите како да престапот на Божјиот закон му донесува на човекот полза и среќа. Зар не слушаме и денеска слични измамливи заклучоци? Мнозина зборуваат за ограниченоста на оние што им се покоруваат на Божјите заповеди додека за себе тврдат дека имаат многу пошироки погледи и уживаат значително поголема слобода. Тоа всушност не е ништо друго освен одглас на зборовите на искушувачот изговорени уште во Едем „Оној ден, кога ќе вкусите од него” кога ќе ја престапите Божјата заповед „ќе станете како богови”. Сатаната тврдел дека земањето на забранетиот плод му донело нему многу добра, но фактот дека поради престапот бил фрлен од небото не сакал да го истакне. Иако лично искусил дека гревот донесува ненадоместлива загуба, сепак ја прикривал сопствената беда со цел и другите да ги вовлече во иста состојба. Исто така и денеска престапникот настојува да го прикрие својот вистински карактер; тој може да тврди дека е свет, но токму тоа возвишено исповедање го прави уште поопасен заводник. Газејќи го Божјиот закон, тој се става на страна на сатаната, наведувајќи и други да постапуваат на ист начин, на своја вечна пропаст. {ПП 55.1}

Ева навистина им поверувала на зборовите на сатаната, но тоа не ја спасило од казната за сторениот грев. Таа не им верувала на Божјите зборови и тука бил почетокот на нејзиниот пад. На судот луѓето нема да бидат судени затоа што верувале во некоја лага, туку затоа што не верувале во вистината, зашто ја пропуштиле можноста да се осведочат што е тоа вистина. Без оглед на лукавството на сатаната и на неговата подготвеност да противречи, останува засекогаш фактот дека луѓето се одговорни затоа што не го слушаат Бога. Ние со сето срце мораме да настојуваме да дознаеме што е вистина. Сѐ што Бог дал да се запише на страниците на неговата света Реч е наменето за наша наука и опомена за да не бидеме прелажани. Ако го занемариме тоа, ќе се упропастиме самите себеси. За сѐ што доаѓа во судир со Божјата реч, можеме да бидеме сигурни дека потекнува од сатаната. {ПП 55.2}

Змијата скинала плод од забранетото дрво и го ставила во рацете на Ева која уште се колебала. Потоа ја потсетила на зборовите од Божјата забрана што самата пред малку ги изговорила: „Не допирајте се до него, за да не умрете”. Меѓутоа, како што не умрела кога го пофатила плодот, рекла змијата, така нема ништо да и наштети ниту ако го вкуси. Кога видела дека она што го сторила не и донело никакви лоши последици, Ева се окуражила. А потоа, „кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде”. Плодот имал мошне пријатен вкус и, додека го јадела, ѝ се чинело дека чувствува некаква животворна сила, вообразувајќи дека преминува во некој повисок степен на животот. Кинела плодови и јадела без страв, а потоа, откако самата згрешила, станала орудие во рацете на сатаната да го упропасти и својот маж. Во состојба на необична и неприродна возбуда, со полни раце со забранети плодови, го побарала и му раскажала сѐ  што се случило. {ПП 55.3}

На лицето на Адама се појавил израз на тага. Изгледал изненаден и збунет. Кога ги слушнал зборовите на Ева, тој кажал дека тоа веројатно бил непријателот, од кој, според даденото предупредување, толку многу требало да се пазат, и дека таа, според она што го кажал Бог, мора да умре. Но таа го навалила него и тој да јаде, повторувајќи ги зборовите на змијата дека не е вистина оти тие ќе умрат. Докажувала дека тоа што го кажува змијата мора да е вистина, бидејќи таа на себе не чувствува никакви траги од Божја казна туку, напротив, прекрасно и освежувачко влијание кое секоја нејзина способност ја проникнува со нов живот, така вообразила таа како што се чувствуваат инспирираните небесни весници. {ПП 56.1}

Адам сфатил дека Ева, пречекорувајќи ја единствената забрана што била поставена за да се испита нивната верност и љубов кон Бога, ја престапила неговата заповед. Во неговата душа се водела ужасна борба. Очајувал што ѝ дозволил на Ева да се одвои од него и да остане сама. Но сега делото веќе било сторено; тој мора да се одвои од својот животен сопатник во чиешто друштво наоѓал своја радост. Како да се помири со тоа? Адам се радувал што може да разговара со Бога и со светите ангели. Тој ја посматрал славата на Творецот и ја сфатил возвишената задача што му била наменета на човечкиот род ако му остане верен на Бога. Сепак, сите благослови ги загубил од вид, плашејќи се дека ќе го загуби дарот кој во неговите очи надминувал сѐ друго. Љубовта, благодарноста и преданоста кон Творецот сето тоа било потиснато од љубовта кон Ева. Таа била дел на неговото битие и не можел да ја поднесе мислата да се раздели од неа. Не сфатил дека таа иста бесконечна Сила, која го создала од прав, која му подарила живот и толку чудесен изглед, па во својата љубов му дала и придружничка, може, наместо оваа да му даде друга. Решил да ја дели нејзината судбина; ако таа мора да умре, ќе умре и тој со неа. А најпосле, мислел тој, не ли можеби сепак е вистина она што го кажува лукавата змија? Пред него стоела Ева, убава и надворешно гледано исто онаква каква што била и пред да згреши. Таа кон него покажувала љубов повеќе отколку до тогаш. На неа не можело да се забележи никаков знак на смрт, и тој решил да не мисли на последиците. Го грабнал плодот и бргу го изел. {ПП 56.2}

Откако згрешил, и на Адама му се сторило како да преминал во повисоки сфери на постоење. Но помислата дека згрешил набргу го исполнила со ужасен страв. Воздухот, кој до тогаш бил толку благ и со постојана температура, сега на грешната брачна двојка им се чинел остар и грозно студен. Исчезнала нивната дотогашна љубов и мир, а наместо тоа се појавило чувство на вина, страв од иднината и свест за голотијата на душата. Исчезнала и облеката на светлината со која до тогаш биле препашани, па морале да се потрудат, наместо неа да „направат опашала”, зашто не можеле необлечени да излезат пред Бога и пред светите ангели. {ПП 57.1}

Сега почнале да го увидуваат вистинскиот карактер и тежината на својот грев. Адам ја прекорувал Ева што непромислено се одвоила од него и дозволила змијата да ја прелаже; меѓутоа, обајцата си ласкале себеси дека Оној, кој им дал толку докази за својата љубов, ќе им го прости тој единствен прекршок или барем дека нема да бидат толку страшно казнети, како што очекувале. {ПП 57.2}

Сатаната ликувал поради својот успех. Тој ја навел жената да ја загуби довербата во Божјата љубов да се посомнева во неговата мудрост и да го престапи неговиот закон, а преку неа го кутнал и Адама. {ПП 57.3}

Меѓутоа, големиот Законодавец решил Адама и Ева да ги соочи со последиците на нивниот прекршок. Божественото присуство се покажало во градината. Додека биле невини и свети, секогаш со радост и со добредојде го поздравувале доаѓањето на својот Творец, но сега се уплашиле и го барале најзафрленото катче во градината за да се скријат. Но „ Но Господ Бог го повика Адам и му рече: „Адаме каде си?”А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив”.И Бог рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?” (Создавање 3:9-11). {ПП 57.4}

Адам не можел својот грев ниту да го побие ниту да го оправда. Меѓутоа, наместо да покаже дека се кае, се обидел вината да ја префрли врз својата жена, а со тоа и врз Бога. „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде плод од дрвото, и јас јадев”. Тој, кој од љубов кон Ева доброволно решил да ја жртвува Божјата наклоност кон себе, својот опстанок во рајот и вечниот живот полн со радост сега, по својот пад, се обидува одговорноста за својот прекршок да ја префрли врз жената, па дури и врз самиот Творец. Толку е страшна моќта на гревот! Кога жената била прашана: „Зошто го направи тоа?” таа одговорила: „Змијата ме измами, и јас јадев”. Во нејзиното оправдување поради сторениот грев во исто време се наоѓале и прашања: „Зошто си ја создал змијата? Зошто си дозволил да влезе во Едем?” Така таа, како и Адам, одговорноста за својот пад му ја припишувала на Бога. Духот на самооправдување води потекло од таткото на лагата; нашите прародители подлегнале во тоа веќе во мигот кога дозволиле да бидат изложени на влијанието на сатаната, и тоа го покажуваат сите Адамови синови и ќерки. Наместо понизно да го признаат својот грев, тие се обидуваат да се оправдаат, пренесувајќи ја одговорноста врз друг, врз околностите или врз Бога при што дури и неговите благослови ги користат како повод да се плачат против него. {ПП 58.1}

Тогаш Господ изрекол пресуда над змијата: „Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот”. Змијата морала да ја снајде казна на божествениот суд затоа што му послужила на станата како негов посредник. Од најубаво создание, на кое повеќе од „сите полски ѕверови” сите му се восхитувале, требало да стане најзамразена и најпрезрена од сѐ што е живо; од неа да се плашат и да ја мразат и луѓето и животните. Зборовите што потоа и се упатени на змијата се однесуваат непосредно на сатаната и укажуваат на неговиот конечен пораз и уништување: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата” (Создавање 3:15). {ПП 58.2}

На Ева ѝ се предочени неволјите и болките што од сега мора да бидат нејзина судбина. „А на жената и рече: ‘Кога ќе бидеш бремена, ќе ти ги умножам и преумножам маките; со болки ќе раѓаш деца, и ќе се приклониш кон мажот свој, и тој ќе ти биде господар!’” (Создавање 3:16). При создавањето Бог Ева ја изедначил со Адама. Да му останале послушни на Бога во сообразност со неговиот голем закон на љубовта тие би живееле во вечна меѓусебна хармонија. Но гревот донел раздор и нивното единство можело да се одржи само со меѓусебно потчинување еден на друг. Ева прва згрешила, а на искушението му подлегнала затоа што, наспроти божественото упатство, се одделила од својот маж. Подоцна, на нејзино инсистирање, згрешил и Адам, и затоа таа сега морала да му биде потчинета на својот маж. Кога паднатите луѓе би се придржувале кон начелата содржани во Божјиот закон, оваа пресуда, иако уследила како последица на гревот, би се покажала како благодат за нив. Меѓутоа, човекот премногу често го злоупотребувал предимството што му е дадено над жената, загорчувајќи ја уште повеќе нејзината судбина и создавајќи од нејзиниот живот вистински товар. {ПП 58.3}

Додека биле во Едем, Ева била совршено среќна покрај својот маж, но, како и модерните „Еви” на денешното време, кои не можат да се задоволат со она што им е дадено, се занесувала со надежта дека ќе проникне во некоја сфера повисока од онаа во којашто ја упатил Бог. Обидувајќи се да се издигне над положбата која првобитно ѝ била определена, паднала на ниво многу пониско од она на кое се наоѓала. Слично ќе поминат сита оние кои должностите на својот живот не ги прифаќаат доброволно и во сообразност со Божјите планови. Настојувајќи да заземат положба за која не се оспособени, мнозина го испуштаат испразнетото место на кое би можеле да послужат на благослов. Стремејќи се да проникнат во повисоки сфери на влијание или интереси, многу жени го жртвуваат своето женско достоинство и благородноста на карактерот и ја занемаруваат токму онаа задача што им ја определило Небото. {ПП 59.1}

Обраќајќи му се на Адама, Господ рекол: „Бидејќи ја послуша жената твоја и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: – не јади од него – затоа земјата нека биде проклета за тебе; со мака ќе се храниш од неа сè до крајот на својот живот;трње и бодлики ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска.Со пот на лицето свое ќе јадеш леб, сè дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш”. {ПП 59.2}

Не била Божја волја светата брачна двојка да запознае какво било зло. Тој им дал изобилство на добра, а им го скусил злото. Меѓутоа, наспроти неговата заповед, тие вкусиле плод од забранетото дрво, и сега ќе  продолжат да ги јадат тие плодови за да стекнуваат знаење за злото цел живот. Од тоа време човечкиот род ќе биде напаѓан со сатански искушенија. Наместо среќното занимање што им било наменето првобитно, нивна судбина ќе биде живот полн со грижи и страдања. Ќе бидат изложени на разочарување, на болка и тага, и најпосле ќе мора да умрат. {ПП 59.3}

Притисната со проклетството на гревот, целата природа требало да му сведочи на човекот за карактерот и за последиците на бунтот против Бога. Кога Бог го создал човекот, го поставил за господар над сета земја и над сѐ што живее на неа. Додека Адам бил предан кон Небото, сѐ во природата му се покорувало. Но кога тој се побунил против божествениот закон, нижите созданија почнале да му се опираат на неговото господарење. На тој начин Господ во својата голема милост настојувал на луѓето да им ја покаже светоста на својот закон, наведувајќи ги од лично искуство да ја увидат опасноста од отфрлањето на неговите прописи дури и во најмала мера. {ПП 59.4}

И животот исполнет со страдања и грижи, кој од тогаш требало да биде човекова судбина, му бил даден од љубов. Тоа била една казна чијашто неопходност ја наметнал гревот и која требало да биде пречка кон задоволување на апетитот и страстите, како и поттик кон развој на самосовладување. Тоа е еден дел на големиот Божји план со кој е предвидено враќање на човекот од пропаста и од неговото понижување предизвикани со гревот. {ПП 60.1}

Со опомената дадена на нашите прародители: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш” (Создавање 2:17), не се сакало да се каже дека тие ќе умрат веднаш, истиот ден кога ќе го стават забранетиот плод во својата уста. Меѓутоа, истиот тој ден требало да им биде изречена неотповиклива одлука. Бесмртност им била ветена под услов на послушност. Со престапот го загубиле вечниот живот. Во истиот ден требало да им биде изречена смртна пресуда. {ПП 60.2}

За да може да живее вечно, човекот морал да продолжи и натаму да јаде плодови од дрвото на животот. Но, бидејќи тоа му било скусено, неговата животна сила морала постојано да опаѓа сѐ додека најпосле неговиот живот не се угасил. План на сатаната бил Адам и Ева со својата непослушност да навлечат на себе Божји гнев; а потоа се надевал дека тие доколку Бог не им прости, и натаму ќе продолжат да ги уживаат плодовите од дрвото на животот и со тоа ќе го овековечат постоењето на гревот и на неволјите. Меѓутоа, веднаш по човековиот пад, на светите ангели им било наредено да ги чуваат приодите кон дрвото на животот. Тие ангели биле опкружени со блескотни зраци на светлина што изгледала како пламенен меч. Никому од Адамовите потомци не му било дозволено да ја премине таа граница за да го вкуси животворниот плод од дрвото на животот; затоа не постои бесмртен грешник. {ПП 60.3}

Поројот на страдања, настанати поради престапот на нашите прародители, мнозина ги сметаат како премногу голема казна за еден толку незначителен грев и ја доведуваат во прашање Божјата мудрост и праведност во врска со неговата постапка кон луѓето. Меѓутоа, кога тие луѓе подлабоко би навлегле во ова прашање, би ја увиделе својата заблуда. Бог човекот го создал според својот лик без никаков грев. Земјата требало да ја населат суштества само малку помали од ангелите, но нивната послушност морала да биде проверена, зашто Бог не можел да дозволи светот да се наполни со жители кои не би го почитувале неговиот закон. Сепак, во својата голема милост, Тој Адама не го поставил на некоја тешка проба. И токму тоа што забраната била толку малечка, гревот го прави исклучително голем. Зашто, ако Адам не можел да ја издржи таа најмала проба, сигурно е дека не би се одржал во потешки искушенија кога би му биле доверени поголеми одговорности. {ПП 60.4}

Кога Адам би бил ставен во некое големо искушение, тогаш оние, чиишто срца се наклонети кон злото, би се правдале за своите престапи тврдејќи: „Тоа е сосема безначајна работа, а Бог не ги зема предвид ситниците”. На тој начин постојано би се оправдувале прекршоците што се сметаат за незначителни и преку кои луѓето преминуваат лекомислено. Меѓутоа, Бог јасно покажал дека гревот му е одвратен, колку и да е мал и незначителен. {ПП 61.1}

На Ева ѝ се чинело дека тоа е ситница што покажала непослушност кон Бога вкусувајќи плод од забранетото дрво и што мажот го навела на престап; но нејзиниот грев отворил врата на цел порој страдања што го преплавиле светот. Кој можел во тој миг на престапот да ги согледа ужасните последици што ќе ги предизвика тој единствен погрешен чекор? {ПП 61.2}

Мнозина кои учат дека Божјиот закон не е задолжителен за човекот, упорно докажуваат дека човекот не е во состојба да ги исполни неговите прописи. Меѓутоа, ако тоа е точно, зошто тогаш Адам би морал да поднесе казна за својот прекршок? Гревот на нашите прародители го изложил на страдања и на неволји целиот свет; и кога Бог не би бил толку добар и милослив, човештвото одамна би пропаднало во безнадежен очај. Никој нека не се лаже: „Платата, што ја дава гревот, е смрт” (Римјаните 6:23). Престапувањето на Божјиот закон денеска не е помалку казниво отколку што било тогаш кога е изречена казната над таткото на човечкиот род. {ПП 61.3}

На Адама и Ева, по сторениот прекршок, не им било веќе дозволено да останат во Едем. Тие искрено молеле да им се дозволи да останат во родниот крај на својата невиност и радост. Признале дека загубиле секакво право на тоа среќно престојувалиште, но се заветувале дека во иднина строго ќе му бидат послушни на Бога. Меѓутоа, објаснето им е дека нивната природа е толку изопачена со гревот, што поради тоа е намалена нивната сила со која би можеле да му се спротивстават на злото и дека на сатаната ќе му го отворат патот поуспешно да им пристапи. Додека биле невини, тие подлегнале во искушението; а сега, свесни за својата кривица, би имале многу помалечка сила да се сочуваат. {ПП 61.4}

Скршени и неискажливо тажни, се простиле од својот прекрасен роден крај и заминале да се населат на земјата која сега ја притискало проклетството на гревот. Температурата на воздухот, која до тогаш била рамномерна и блага, сега станала подложна на значителни промени, и Бог милосливо ги снабдил со облека од кожа да ги штити од преголеми горештини и од студ. {ПП 61.5}

Кога во овенатото цвеќе и во отпаднатите лисја ги виделе првите знаци на распаѓање, Адам и неговата содружничка тагувале повеќе и поболно отколку што тагуваат луѓето денеска за своите покојници. Смртта на нежното и милно цвеќе била навистина повод тие да почувствуваат болка; но кога величествените стебла ги отфрлиле своите лисја, таа сцена на нивниот ум живо им го предочила суровиот факт дека смртта станала судбина на сѐ што е живо на овој свет. {ПП 62.1}

Едемската градина останала на земјата уште долго по изгнанството на човекот од нејзините пријатни патеки. Паднатиот човечки род уште долго можел да го посматра родниот крај на својата безгрешност, чијшто влез сега го чувале ангели. Бог ја откривал својата слава пред вратата на рајот што ја чувале херувими. Тука Адам и неговите синови доаѓале да се молат на Бога. Тука тие ги обновувале своите завети дека ќе го почитуваат оној закон поради чијшто престап биле истерани од Едем. Кога светот бил преплавен со плима на беззаконие, и кога расипаноста на луѓето го запечатила нивното уништување со потоп, тогаш Едем го отстранила од земјата истата онаа рака која и го засадила. Но во конечното обновување, кога ќе бидат создадени „ново небо и нова земја” (Откровение 21:1), и тој повторно ќе биде воспоставен и уште почудесно украсен отколку што бил на почетокот. {ПП 62.2}

Тогаш оние што ги држеле Божјите заповеди ќе уживаат под дрвото на животот и ќе имаат бесмртна сила; и низ бесконечните времиња на вечноста жителите на безгрешните светови, во таа градина на уживање и задоволство, ќе гледаат пример на совршеното дело на Божјото творештво, негибнато со проклетство на гревот пример за она што можела да биде целата земја кога човекот би го прифатил величествениот план на својот Творец. {ПП 62.3}

Сподели го ова:

Слични објави