7. П О Т О П

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 6 и 7 глава

 Во времето на Ное земјата ја притискало двојно проклетство последиците на Адамовиот престап и братоубиственото злосторство што го извршил Каин. Сепак тоа не го изменило многу надворешниот изглед на природата. Очигледни знаци на распаѓање и пропаст постоеле, но земјата сѐ уште  била убава и богата со даровите на Божјото провидение. Ритчињата биле крунисани со величествени стебла на дрвја на кои виселе винови лози под товарот на својот плод. Пространите, слични на Едемската градина долини, биле прекриени со бујно зеленило и дишеле со пријатен мирис на илјадници цветови. Земните плодови биле разновидни и речиси безбројни. Тогашните стебла по својата убавина, големина и совршен сразмер далеку ги надминувале денешните. Нивното ткиво било составено од фини влакна и маса цврста како камен. Злато, сребро и драги камења имало во изобилство на сите страни. {ПП 90.1}

Човечкиот род сѐ уште имал многу од својата првобитна сила. Поминале само неколку генерации од онаа епоха кога Адам смеел да пристапи кон дрвото што го продолжувало животот, па човечкиот век сѐ уште  траел по неколку стотици години. Кога тогашните долговечни луѓе, со својата исклучителна сила и способност да планираат и да извршуваат би се посветиле на служба на Бога, тие неговото име би го сториле слава на земјата и би ја оствариле целта поради која Тој и им го подарил животот. Но тие пропуштиле да го сторат тоа. Во тоа време имало многу џинови, луѓе со висок раст и сила, прочуени по својата мудрост, остроумни да пронајдат и да реализираат најразновидни и најчудесни изуми. Меѓутоа, и нивната кривица што не го зауздувале ширењето на беззаконието била исто толку голема колку и нивниот талент и нивните умни способности. {ПП 90.2}

На тие претпотопни луѓе Бог им дал многу и богати дарови, но тие ги искористиле за да се прослават себеси и истите ги претвориле во проклетство, обожавајќи ги даровите наместо Дародавецот. Златото, среброто, скапоценото камење и скапоценото дрво ги употребувале градејќи од нив себеси станови и се труделе да се надминат еден со друг во украсувањето на своите куќи со најскапоцени трудови и дела. Се стремеле само кон тоа да ги задоволат желбите на своето горделиво срце и тонеле во сцени на уживања и беззаконија. Бидејќи не се труделе да го сочуваат Бога во својата свест, набргу почнале да го откажуваат и неговото постоење. Ја обожавале природата наместо Бога кој ја создал природата. Ја обожавале човековата генијалност, им се молеле на делата на своите сопствени раце и ги учеле своите деца да се клањаат на кипови. {ПП 90.3}

Во зелените полиња и под сенките на прекрасните раскошни стебла им подигале олтари на своите идоли. Пространите кории, кои преку цела година биле зелени, биле посветени на обожавање на лажни богови. Тие шумички прераснувале во прекрасни градини чиишто долги кривулести патеки биле начичкани со секаков вид на плодоносни дрвја, украсени со извајани кипови на идоли и преполни со сѐ што го насладувало умот и што можело да послужи како мамка за сетилните желби на народот и за воведување во идолопоклонство. {ПП 91.1}

Луѓето го заборавиле Бога и се молеле на измислици што самите ги создале, и поради тоа сѐ подлабоко тонеле во зло. Дејството што го има обожавањето на идолот врз својот поклоник, псалмистот го опишува со следните зборови: „Слични на нив се и оние што ги прават, такви се и оние што се надеваат на нив” (Псалм 115:8). Таков е законот на човечкиот ум човекот со посматрање се менува (преобразува) во она што го гледа. Човекот не се издигнува над границите до кои допираат неговите претстави и поими за вистината, за чистотата и светоста. Ако умот никогаш не се издигне над она што е само човечко, ако тој не се издигне со вера до рамниште на длабоко размислување за бесконечната мудрост и љубов, човекот постојано ќе паѓа сѐ подлабоко и подлабоко. Поклониците на лажните богови на своите божества им придавале човечки особини и страсти; така, она што го сметале за мерило и пример на карактерот, е спуштено до сличност со склоностите на грешниот човек. Поради тоа и се предавале на сквернавење. „И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време… А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда” (Создавање 6:5,11). Бог на човекот му дал заповеди да му служат како патоказ во животот, но неговиот закон е погазен, а последица на тоа е појава на сите можни гревови. Расипаноста и беззаконието, на кои луѓето отворено им се предавале, надминале секоја мера; правдата е погазена и фрлена во прав, а до небото се издигнувало пекање на угнетените. {ПП 91.2}

Наспроти забраната што ја дал Господ уште на почетокот, многуженството било рано воведено. Господ на Адама му дал една жена и со тоа ја покажал својата волја во тој поглед. Меѓутоа, човекот по паѓањето во грев се раководел од своите грешни страсти и желби и поради тоа брзо се ширеле беззаконието, расипаноста и бедата. Не се почитувала ниту брачната врска ниту правото на своина. Секој што би ја посакал жената или имотот на својот ближен, би го отимал тоа насилно, и луѓето триумфирале во своите насилнички постапки и постапки на сквернавење. Се насладувале убивајќи ги животните, а употребата на месо како храна ги правела уште посвирепи и покрволочни додека еден ден не станале вчудовидувачки рамнодушни и кон човечкиот живот. {ПП 91.3}

Светот бил во периодот на своето детство, а сепак беззаконието било толку длабоко и толку распространето, што Бог не можел повеќе да го поднесува, и затоа рекол: „Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал”. Бог изјавил дека неговиот дух нема довека да се бори со грешните луѓе. Ако не престанат да ја сквернават земјата и нејзините богатства со своите гревови, ќе ги истреби од своето создавање и ќе го уништи сето она што со задоволство го создал за да им служи на благослов; ќе го уништи сиот животински свет и сета вегетација која давала толкаво изобилство храна за сите, а прекрасната земја ќе ја претвори во огромна пустина и во урнатини. {ПП 92.1}

Среде сѐ поголемата изопаченост, Матусал, Ное и многу други, се труделе да го сочуваат знаењето за вистинскиот Бог и да го задржат поројот на моралното опаѓање и на злото. Сто дваесет години пред потопот, Господ својата намера му ја најавил на Ное преку еден свет ангел и го упатил да прави ковчег. За време на градењето на ковчегот, Ное требало да проповеда дека Господ ќе пушти потоп на земјата да ги уништи безбожниците. На оние што ќе поверуваат во оваа порака и со покајание и реформа ќе се приготват за тој настан, требало да им биде простено и да бидат спасени. Енох им го повторувал на своите потомци она што му го открил Бог во врска со потопот, а Матусал и неговите синови, кои уште биле живи, ги слушале проповедите на Ное и помагале при градењето на ковчегот. {ПП 92.2}

Бог на Ное му ги дал точните димензии на бродот и изрични упатства во врска со неговата конструкција во сите поединости. Човечката мудрост не би можела да измисли градба со толку голема сила и издржливост. Бог бил проектант, а Ное само изведувач на работите. Долниот дел на ковчегот бил сличен на труп на брод, но во извесни подробности ковчегот повеќе личел на куќа. Бил висок три ката, но имал само една врата која била поставена странично. Светлина доаѓала одозгора; просториите биле така распоредени, што сите биле добро осветлени. За градењето на ковчегот било употребено чемпресово дрво или гофер дрво кое со векови ја одржувало својата цврстина и не гниело. Градењето на толку голема конструкција било долго и напорно. Со оглед на големината и на другите особини на тогашното дрво, за неговата обработка била потребна значително поголема сила и повеќе труд отколку што бара обработката на дрвото во наше време, иако тогашните луѓе биле многу посилни. Луѓето сториле сѐ што било во нивна моќ за ова дело да биде совршено. Сепак, ковчегот сам по себе не би можел да и одолее на бурата што требало да се урне врз земјата. Само Бог можел да ги спаси своите слуги на вознемирените бранови на силната вода. {ПП 92.3}

„Преку вера Ное, откако беше предупреден за она што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот за да го спаси својот дом. Со тоа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера” (Евреите 11:7). Додека Ное му ја објавувал на светот опомената, неговите дела сведочеле за неговата искреност. На тој начин неговата вера е усовршена и станала очигледна. На светот со личен пример му покажал дека тој навистина верува во она што го кажал Бог. Сѐ што имал вложил во градењето на ковчегот. Кога почнал да го гради огромниот брод на сува земја, од сите страни доаѓале луѓе да ја видат оваа необична и дотогаш невидена сцена и да ги слушнат огнените зборови на чудниот проповедник. Секој удар при градењето на ковчегот за народот бил по едно сведоштво. {ПП 95.1}

Од почеток изгледало дека мнозина ја прифатиле опомената, но сепак не се обратиле кон Бога ниту пак вистински се покајале. Тие не биле готови да се откажат од своите гревови. Во текот на времето што преостанало до потопот, нивната вера била ставена на проверка, но не се одржале до крај. Совладани од неверството што сѐ повеќе се засилувало, најпосле тие му се придружиле на дотогашното друштво и заедно со нив ја отфрлиле свечената опомена. Некои биле длабоко осведочени и би ја прифатиле опомената, но имало толку многу такви кои се подбивале и се исмевале, што и тие најпосле му подлегнале на истиот дух, му се противставиле на повикот на милоста и набргу се нашле меѓу најдрските и најбезочните потсмевачи; а никој не е толку безобѕирен и не му се предава на гревот до таа мера како оние кои еднаш ја имале светлината, па му се противставиле на Божјиот Дух кој може да ја убеди и да ја осведочи душата. {ПП 95.2}

Сите луѓе на тоа поколение не биле идолопоклоници во полна смисла на зборот. Мнозина тврделе дека му служат на Бога. Тврделе дека нивните идоли се само видлива претстава на божеството и дека со нивна помош луѓето можат да стекнат појасен поим за Божјото битие. Тие биле најистакнати во отфрлањето на пораката на Ное. Настојувајќи Бога да го претстават со материјални, опипливи средства, не биле во состојба да го увидат неговото вистинско величество и моќ. Не можеле да ја сфатат повеќе светоста на неговиот карактер како ни светоста и непроменливоста на неговата природа и на неговите закони. Колку повеќе гревот се ширел, сѐ помалку ја увидувале неговата тежина и најпосле почнале да тврдат дека Божјиот закон не е веќе во сила; тврделе дека казнувањето на престапниците е спротивно на Божјиот карактер и го побивале тврдењето дека земјата ќе ја снајде негова казна. Кога луѓето на тогашното поколение би ги прифатиле божествените закони, би го препознале Божјиот глас во опомените на неговиот слуга. Но нивниот ум во толкава мера бил затемнет поради отфрлањето на светлината, што навистина биле убедени дека опомената на Ное е само една измама. {ПП 95.3}

На страна на правдата не се наоѓало мнозинството ниту воопшто многу приврзаници. Сиот свет застанал против Божјата правда и против неговите закони, а Ное го сметале за фанатик. Кога сатаната ја наговарал Ева на непослушност кон Бога, и рекол: „Не, нема да умрете!” (Создавање 3:4). Големите и мудри луѓе, луѓето кои во светот биле почитувани и ценети, го повторувале истото тоа. „Божјите закани”, велеле тие, „имаат за цел само да нè заплашат, но никогаш нема да се овистинат. Не треба да се вознемируваме. Никогаш нема да се случи Бог да ја уништи земјата која е дело на неговите раце и така да ги казни суштествата што самиот ги создал. Бидете спокојни и не плашете се. Ное е необичен фанатик”. Светот ја исмевал „глупоста” на прелаганиот старец. Наместо да го понизат срцето пред Бога, тие и натаму останале непослушни и во беззаконие, како Бог ништо да не им проговорил преку својот слуга. {ПП 96.1}

Но Ное стоел како карпа среде луња. Опкружен со сеопшт презир и со исмевање, се истакнал со својата чесност и непоколебливост во верата. Неговите зборови ги придружувала некаква сила, зашто тоа бил Божји глас упатен до луѓето преку неговиот слуга. Неговата поврзаност со Бога му давала бесконечна моќ и сила за сето време од сто и дваесет години додека неговиот свечен глас го опоменувал тогашното поколение, навестувајќи ги настаните кои, според проценката на тогашната човечка мудрост, биле неможни. {ПП 96.2}

Претпотопниот свет знаел дека законите на природата со векови не се менувале. Годишните времиња се сменувале секогаш во одредено време. Дотогаш не паѓал дожд; земјата ја квасела роса или еден вид магла. Реките никогаш не се излевале, туку безбедно ја носеле водата в море. Непроменливите закони ги задржувале големите води да не се излеат од своите корита. Но луѓето кои резонирале така не го признавале и не го ценеле Оној чијашто рака ги собрала водите и која постојано ги задржува, велејќи: „Дотука ќе дојдеш и нема да преминуваш” (Јов 38:11). {ПП 96.3}

Бидејќи поминувале децении и децении, а во природата не настанале никакви промени, луѓето, чиишто срца извесно време трепереле од страв, повторно почнале да се утврдуваат во своето поранешно неверство. Помислувале, како и денеска мнозина што мислат дека природата е над Бога и дека нејзините закони се толку постојани, што дури ни Бог не може да ги измени. Дошле до заклучок дека доколку пораката на Ное е точна во природата мора да настане нарушување, и врз основа на тоа пораката пред очите на светот ја прикажале како привидение и голема измама. Својот презир кон Божјата опомена го покажувале на тој начин што и понатаму живееле онака како и пред тоа. И понатаму продолжиле со своите забави и разуздани гозби. Јаделе и пиеле, саделе и граделе, правејќи планови за успеси на кои се надевале во иднината. Во своето беззаконие и расипаност оделе уште подалеку и пркосно ги газеле Божјите закони за да покажат како немаат страв од Семожниот. Тврделе дека доколку би било вистина тоа што го зборува Ное, истото сигурно би го сфатиле прочуените, славни и големи мудреци на светот. {ПП 97.1}

Кога жителите на претпотопниот свет би поверувале, кога би ја прифатиле опомената и би се покајале за своите лоши дела, Господ би го повлекол својот гнев и би ги поштедил, како подоцна што сторил со жителите на Ниневија. Но бидејќи упорно му се противеле на гласот на совеста и на опомените на Божјиот пророк, тогашното поколение ја надминало мерката на беззаконие и созреало за уништување. {ПП 97.2}

Времето на милоста и на проверка што им било оставено се ближело кон крај. Ное верно се придржувал кон поуката што ја примил од Бога. Ковчегот бил завршен во сите подробности, онака како што заповедил Господ, и бил снабден со храна и за луѓето и за животните. Тогаш Божјиот слуга му упатил на народот последен свечен повик. Со болка и со сесрдност што не може да се искаже со зборови, ги преколнувал да побараат прибежиште додека уште може да се најде. Тие повторно ги отфрлиле неговите зборови, го исмевале и му се подбивале. Но, одненадеж, среде исмевањето, толпата потсмевачи замолкнала. Се видело како од планините и од шумите се спуштаат животни од секој вид, од најдивите до најпитомите и мирно се упатуваат кон ковчегот. Се слушнал шум сличен на ветер, кој со своите крилја го создавале птиците доаѓајќи од сите страни. Биле толку многубројни, што го затемниле небото, но во совршен ред се приближувале кон ковчегот. Животните ја слушале Божјата заповед додека луѓето останале непослушни. Предводени од светите ангели, и животните и птиците влегувале „кај Ное во ковчегот по две, машко и женско, како што Бог му заповеда на Ное”, а од чистите животни влегле по седум. Светот ова го посматрал со чудење, а некои и со страв. Повикани се филозофите да ја објаснат оваа единствена и необична појава, но напразно. Тоа била тајна во која тие не можеле да проникнат. Меѓутоа, луѓето со своето упорно отфрлање на светлината станале толку окоравени, што и оваа сцена врз нив оставила само моментен впечаток. Посматрајќи го сонцето како и понатаму свети со својата убавина, и речиси како Едем украсената земја, осуденото поколение со бучна веселба го потискувало разбудениот страв, а со своите дела на сквернавење како да сакало уште повеќе да ја предизвика најавената казна на веќе разгневениот Бог. {ПП 97.3}

Бог му заповедал на Ное: „Влезете во ковчегот ти и целото твое семејство, бидејќи ти си единствениот праведен пред Мене во овој род”. Светот ги отфрлил опомените на Ное, но неговото влијание и пример му послужиле на благослов на неговото семејство. Како награда за неговата верност и исправност, Бог заедно со него ги спасил и сите членови на неговото семејство. Какво охрабрување за родителската верност! {ПП 98.1}

Милоста престанала да се залага за грешниот род. Сите копнени животни и небесните птици го зазеле своето место во засолништето. Во ковчегот влегол Ное со своето семејство „потоа Господ го затвори (ковчегот) однадвор”. Светнал блесок на заслепувачка светлина, а светол облак, посилен од молња, се спуштил од небото и го обвил влезот во ковчегот. Масивната врата, која оние одвнатре во никој случај не би можеле да ја затворат, полека се поткренала и е затворена со невидливи раце. Ное бил во засолништето, а оние што ја отфрлиле Божјата милост, останале надвор. На вратата на ковчегот се наоѓал небесен печат; сам Бог ја затворил и само Тој можел да ја отвори. Така, кога Христос ќе престане да посредува за грешниот човек, пред повторно да дојде на небесните облаци, и вратата на милоста ќе биде затворена. Тогаш божествената милост нема повеќе да ги зауздува безбожниците, и сатаната ќе има неограничена власт над оние што го отфрлиле понуденото милосрдие. Тие ќе настојуваат да го уништат Божјиот народ, но, како Ное што бил затворен во ковчегот, така и праведниците ќе бидат заштитени со божествената сила. {ПП 98.2}

Седум дена по влегувањето на Ное и на неговото семејство во ковчегот, не се покажал никаков знак дека се приближува луња. Во тоа време нивната вера била ставена на проверка. Другиот свет, кој се наоѓал надвор од ковчегот, ликувал. Привидното одложување ги зацврстило во убедувањето дека пораката на Ное била лажна и дека никогаш нема да дојде потоп. Иако ги гледале животните и птиците како влегуваат во ковчегот и како Божји ангел ја затвора вратата тие и понатаму продолжиле да се забавуваат и бучно да се веселат и да ја исмеваат видливата манифестација на Божјата сила. Се собирале во толпи околу ковчегот, исмевајќи и навредувајќи ги оние што се наоѓале во него толку смело и дрско, како што не се осмелиле никогаш порано. {ПП 98.3}

Но осмиот ден небото го прекриле црни облаци. По зачестеното молскање на светкавици, уследил силен грмеж. Набргу почнале да паѓаат крупни капки дожд. Такво нешто светот до тогаш не видел, па срцата на луѓето почнале да треперат од страв. Сите потајно се прашувале: „Зар е можно Ное навистина да беше во право и дека светот е осуден на уништување?” Небото станувало сѐ  потемно, и паѓал сѐ посилен дожд. На сите страни се слушало рикање и виење на животни кои завивале во див страв, а нивните невообичаени крици потсетувале на жално и болно редење над нивната судбина и над катастрофата што ги снашла луѓето. „Тој ден се отворија сите извори на големата бездна и прснаа сите небесни брани”. Паѓал невообичаен пороен дожд на земјата се уривале огромни количества вода како силни водопади. Реките се излевале од своите корита и ги плавеле долините. Огромни млазеви вода со неопишана сила избивале и од земјата, исфрлајќи масивни карпи и над триесет метри во воздухот, кои при паѓањето длабоко се забивале во земјата. {ПП 99.1}

Луѓето прво посматрале како пропаѓаат творбите на нивните раце. Молњи од небото ги разурнувале нивните сјајни градби, прекрасните градини и кории во кои биле сместени нивните идоли, а парчосаните урнатини летале на сите страни. Биле разурнати и олтарите на кои на боговите им биле жртвувани и човечки суштества, а поклониците затрепериле пред силата на живиот Бог и увиделе дека со својата расипаност и со своето идолопоклонство предизвикале сопствена пропаст. {ПП 99.2}

Луњата се засилувала и во таа фортуна како играчки летале и исчезнувале градби, стебла на дрвја, карпи и разни предмети. Стравот на луѓето и на животните станал неопишан. Татнежот на бурата ги надвивал пискотите на народот кој го презрел Божјиот авторитет. И самиот сатана, кој бил присилен да остане среде завојуваните елементи и силите на стихијата, стравувал за својот опстанок. Тој уживал во тоа да владее над еден толку силен род (како што биле претпотопните луѓе) и сакал тие да живеат за да продолжат со своите гнасни дела и со бунтот против небесниот Владетел. Сега го преколнувал Бога, обвинувајќи го за неправда и свирепост. Мнозина од луѓето, како и сатаната, хулеле на Бога и, кога би можеле, би го отфрлиле од престолот на семоќта. Други пак, обезумени од страв, ги подавале рацете кон ковчегот, преколнувајќи да бидат пуштени внатре. Но сите нивни молби биле напразни. Совеста најпосле им се разбудила и спознале дека постои Бог кој владее на небото. Најсесрдно го призивале, но неговите уши останале затворени за нивното пекање. Во тој страшен час увиделе дека престапот на законот ја предизвикал нивната пропаст. Па сепак додека го признавале својот грев само од страв од казната, не почувствувале вистинско каење ниту одвратност кон злото. Кога казната би била отстранета, тие повторно би се вратиле на својот стар пркос кон Небото. Исто така кога Божјите казни ќе се урнат врз земјата пред таа да биде уништена со оган, непокајаните мошне добро ќе знаат кога и во што грешеле, занемарувајќи го светиот Божји закон; сепак, нема да почувствуваат поискрено жалење и каење одошто грешниците на претпотопниот свет. {ПП 99.3}

Некои очајно се обидувале со сила да влезат во ковчегот, но цврсто изградената структура одолевала на нивните обиди. Други се фаќале за ковчегот додека побеснетите бранови не ги однеле, или пак биле оттргнати и смачкани со удар во некоја карпа или дрво покрај кои поминувал ковчегот. Масивниот ковчег затреперувал во сите свои спојки додека луњавите ветрови немилосрдно го шибале и го фрлале од еден на друг бран. Криците на животните што се наоѓале во него зборувале за нивниот страв и вознемиреност. Но среде побеснетите стихии што се судирале меѓусебно, ковчегот продолжувал сигурно да плови. На ангелите, кои се ненадминати во силата, им било наредено да го чуваат и да го штитат. {ПП 100.1}

А надвор, гонети од луњата, животните ги навалувале луѓето како од нив да очекуваат некаква помош. Некои луѓе ги врзувале своите деца и себеси за големите и силни животни, зашто знаеле дека тие се мошне отпорни во борбата за живот и дека ќе се искачат на највисоките врвови за да го избегнат давењето во водата која постојано надоаѓала. Други пак се качувале на високите стебла на дрвјата на горите и на планинските врвови, но стеблата биле искорнати сосе корен и заедно со својот жив товар фрлени во побеснетите бранови. Едно по едно местата им откажувале помош и морале да ги напуштаат. Бидејќи водата сѐ повеќе надоаѓала, луѓето побарале прибежиште на врвовите од највисоките планини. Често луѓето и животните се бореле меѓусебно за некакво малечко место каде што одвај би можеле да стапнат со нога на цврста почва, додека брановите не би ги голтнале. {ПП 100.2}

Од највисоките врвови луѓето гледале бескраен океан што ги опкружувал од сите страни. Свечените опомени на Божјиот слуга не биле веќе предмет на исмевање и подбив. Колку многу тие осудени грешници сега копнееле за приликата и можноста што толку долго ги омаловажувале и пропуштиле! Колку силно преколнувале времето на проба да им се продолжи само за уште еден час, само уште еднаш да им се укаже милост да слушнат само уште еден повик од усните на Ное! Но не можеле веќе да го слушнат слаткиот глас на милосрдие. Љубовта, ништо помалечка отколку и правдата, барала со Божја казна да му се стави крај на гревот. Брановите на одмаздата го преплавиле и последното прибежиште, а сите оние што го презреле Бога загинале во морничаво мрачните длабини. {ПП 100.3}

„Со силата на Божјото слово… тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе” (2. Петрово 3:5-7). Се приближува друга катастрофа. Со гнев на опустување, Бог уште еднаш ќе ја очисти земјата, а гревот и грешниците ќе бидат уништени. {ПП 101.1}

Гревовите поради кои Бог го казнил претпотопниот свет, постојат и денеска. Страхопочитта кон Бога исчезнала од срцата на луѓето, а неговиот закон го гледаат рамнодушно и со презир. Видливата и незауздана склоност кон земните уживања, толку карактеристична за претпотопниот свет, во иста мера ја покажува и денешната генерација. Христос кажува: „Зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сè – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки” (Матеј 24:38,39). Бог не ги осудил претпотопните луѓе затоа што јаделе и пиеле. Тој им дал земни плодови во големо изобилство за да ги задоволат своите секојдневни потреби. Нивниот грев се состоел во тоа што, користејќи ги тие дарови, не му биле благодарни на Дародавецот и што се понижувале со неограничено попуштање на апетитот. Со закон им било дозволено да се женат и да се мажат. Бракот е божествена установа, една од првите во поредокот што го воспоставил Бог. Тој за оваа установа дал посебни упатства и ја облекол во светост и убавина; но тие упатства се заборавени и бракот е изопачен до таа мера што служел само за задоволување на сетилните страсти. {ПП 101.2}

Слична состојба постои и денеска. Се претерува во сѐ што инаку е дозволено. На апетитот му се попушта без никакво ограничување. Оние што тврдат дека се Христови следбеници јадат и пијат со пијаниците додека нивните имиња стојат во црковните книги на почесно место. Неумереноста ги умртвува моралните и духовните сили и го приготвува патот за задоволување на ниските страсти. Илјадници и илјадници не чувствуваат никаква морална обврска да ги зауздат своите сетилни желби и стануваат робови на похота и страстите. Луѓето живеат само заради сетилните уживања и само за овој свет и за овој земен живот. Претерување и неумереност ги проникнуваат сите општествени слоеви и ги преминуваат сите граници. Честитоста и чесноста им го отстапуваат местото на раскошот и распуштеноста. Оние што сакаат бргу да се збогатат ја извртуваат правдата и ги угнетуваат сиромасите, а сѐ уште  се купуваат и се продаваат „телата и душите на луѓето”. Измами, поткупувања и кражби можат да се сретнат и во високите и во нижите општествени кругови, и никој не ги осудува. Весниците се полни со извештаи за убиства и злосторства, сторени толку ладнокрвно и без никаква причина, што се чини како да исчезнало секое чувство на човечност. А тие стравотии станале толку обична појава, што одвај предизвикуваат осуда или чудење. Дух на анархија ги проникнува сите нации на светот, а буните и нередите што го потресуваат светот се само напластени огнени страсти и беззаконија кои, кога еднаш ќе се оттргнат од контролата и ограничувањето, ќе го преплават светот со беда и со пустење. Сликата со која Вдахновението ја прикажува состојбата на претпотопниот свет премногу верно го прикажува она кон што денешното општество бргу оди во пресрет. Дури и денеска, во овој век, и тоа во земјите што се сметаат за христијански, секојдневно се случуваат злосторства црни и ужасни исто како и оние поради кои биле уништени грешниците на претпотопниот свет. {ПП 101.3}

Пред потопот Бог го пратил Ное да ги предупреди жителите на светот за да се покаат и да ја одбегнат претстојната опасност. Бидејќи сега се приближило времето на Христовото повторно доаѓање, Бог ги праќа своите слуги да го предупредат светот да се приготви за тој голем настан. Огромни маси живеат во престап на Божјиот закон, и сега Бог милосливо ги повикува да живеат според неговите свети прописи. На сите што се готови со вера во Христа и со покајание пред Бога да ги отфрлат своите гревови, им се нуди проштавање. Меѓутоа, мнозина мислат дека отфрлањето на гревот бара голема жртва. Бидејќи нивниот живот не е во согласност со чистите начела на Божјото морално владеење, тие ја отфрлаат неговата опомена и го откажуваат авторитетот на неговиот закон. {ПП 102.1}

Од целокупното мноштво жители што живееле на земјата пред потопот, само осум души поверувале и ја послушале Божјата реч упатена преку Ное. Сто и дваесет години овој проповедник на правдата го опоменувал светот и го предупредувал на претстојната пропаст, но неговата порака била презрена и отфрлена. Така ќе биде и сега. Пред да дојде големиот Законодавец со казната за непослушноста, престапниците ќе бидат опоменати да се покаат и да се одвратат од гревот; но за мнозинството опомените ќе останат напразни. Апостол Петар кажува: „Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти.Ќе велат: ‘Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сè си стои така како од создавањето на светот’” (2. Петрово 3:3,4). Зар не допираат и до нашите уши истите зборови, и тоа не само од отворените неверници, туку и од мнозина кои излегуваат на проповедалните на нашата земја? (Писателот мисли на Соединетите Американски Држави, заб. на прев.). „Нема причина за вознемиреност”, велат тие. „Пред да се појави Христос, ќе се обрати сиот свет, а праведниците ќе владеат илјада години. Мир е и нема од што да се плашиме. И понатаму сѐ тече онака како што било од почеток. Никој нека не се вознемирува со возбудувачките вести на тие злослутни весници”. Но доктрината за илјадагодишното царство не се согласува со учењето на Христа и на неговите апостоли. Исус поставил значајно прашање: „Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?” (Лука 18:8). И, како што можевме да видиме од изложеното, Тој кажува дека состојбата на светот ќе биде исто онаква каква што била во деновите на Ное. Апостол Павле не опоменува и не предупредува дека, колку повеќе се приближува крајот, сѐ повеќе можеме да очекуваме и ширење на беззаконието. „А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења” (1. Тимотеј 4:1). Тој исто така кажува дека „во последните денови ќе настанат тешки времиња” (2. Тимотеј 3:1) и дава вчудовидувачки список на гревовите што ќе се најдат меѓу оние кои „на изглед се побожни”. {ПП 102.2}

Кога времето на милоста за претпотопниот свет веќе поминало, луѓето сѐ уште  се оддавале на возбудливи забави и на бучна веселба. Оние што имале влијание и власт, правеле сѐ што било во нивна моќ за умот на луѓето постојано да биде окупиран со задоволства и со уживања, за последната свечена опомена да не трогне ничие срце. Зар во нашите денови не се повторува истото тоа пред нашите очи? Додека Божјите слуги ја објавуваат пораката дека крајот на светот е пред врата, светот наполно се оддава на задоволства и се стреми кон уживање. Возбудите што се нижат една по друга луѓето ги прават рамнодушни кон Бога и ги спречуваат да го прифатат влијанието на вистината која единствено може да ги спаси од претстојното уништување. {ПП 103.1}

Во времето на Ное световните мудреци тврделе дека уништување на светот со вода воопшто не е можно; така и денеска има луѓе од науката кои се обидуваат да докажат дека е неможно светот да биде уништен со оган дека тоа е спротивно на законите на природата. Но Бог, кој ја создал природата, Оној кој ги создал нејзините закони и кој има власт над нив, може да ги употреби делата на своите раце да послужат за неговата цел. {ПП 103.2} Кога великаните и мудреците во тоа време ги убедиле луѓето дека не е можно светот да биде уништен со вода, кога стравот на народот бил стивнат, кога пророштвото на Ное сите го сметале за заблуда, а него го гледале како фанатик тогаш за Бога настапил вистинскиот миг. „Во тој ден бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески”, а подбивачите пропаднале во брановите на водата која преплавила сѐ. И покрај сета своја мудрост со која толку горделиво се фалеле, луѓето премногу доцна увиделе дека нивната мудрост всушност била лудост дека Законодавецот на природата стои над законот на природата и дека Семожниот во остварувањето на своите намери не зависи од средствата. „Како што беше во Ноевите дни… така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки” (Лука 17:26,30). „И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори” (2. Петрово 3:10). Кога мислењата и заклучоците на филозофите ќе отстранат секој страв од Божјата казна, кога вероучителите ќе толкуваат дека настапуваат долги векови на мир и благосостојба и кога светот наполно обземен со работите и со задоволствата, со сеење и со градење, со насладување и со јадење и пиење, со веселби и забави ќе ги отфрли Божјите опомени и ќе ги исмее неговите весници, „тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат” (1. Солунјаните 5:3). {ПП 103.3}

Сподели го ова:

Слични објави