12. АВРАМ ВО ХАНАН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 13-15 глава; 17:1-16 и 18 глава

      Аврам се вратил во Ханан „многу богат со добиток, со сребро и со злато”. Лот сѐ уште бил со него и повторно дошле во Ветил и своите шатори ги поставиле крај олтарот што го изградиле уште тогаш кога првпат се запреле тука. Набргу се осведочиле дека зголемувањето на богатството донесува со себе и поголеми тешкотии. Додека се мачеле и имале искушенија, живееле заедно и убаво се сложувале, а со појавувањето на благосостојбата се појавила опасност што се заканувала да ги скара. Пасиштата не биле доволно пространи за многубројните стада овци и говеда на двајцата нив, а често несогласијата меѓу пастирите доведувале до расправии и меѓу нивните стопани. Било очигледно дека мора да се разделат. Аврам од Лота бил постар по години, а право на првенство имал и според роднинството и според положбата и богатството. Сепак, тој бил прв што предложил помирливо решение. Иако сета таа земја му ја дал лично Бог, тој великодушно се откажал од тоа право. {ПП 132.1}

      „Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини.Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно; ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево”. {ПП 132.2}

       Овде се покажала благородноста и несебичноста на Аврамовиот дух. Колку има такви кои под слични услови, изложувајќи на опасност сѐ, упорно би ги барале своите лични права и предимства! Колку семејства се растуриле токму поради тоа! Колку цркви се растуриле, а делото Божјо станало предмет на презир и подбив меѓу неверните! „Не треба да се караме јас и ти”, вели Аврам, „зашто сме роднини”; и тоа не само според природното роднинство, туку и како почитувачи на вистинскиот Бог. Божјите деца во цел свет сочинуваат едно семејство и сите треба да се раководат од истиот дух на љубов и помирливост. „Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг” (Римјаните 12:10). Тоа е учење на нашиот Спасител. Кога секогаш кон секого без разлика би биле пријателски наклонети и кога на другите би им го правеле само она што сакаме нам да ни се прави, би исчезнала барем половината од злото и од неволјите што ги носи животот со себе. Духот на самоувереност е дух на сатаната, но срцето во кое се негува Христова љубов ќе има и љубов кон ближниот, љубов која „не го бара своето” (1. Коринтјаните 13:4,5). Таквото срце ќе го послуша божествениот налог: „Не грижете се секој само за себе, туку и за другите” (Филипјаните 2:4). {ПП 132.3}

Иако Лот за својата благосостојба требало да ѝ заблагодари токму на својата врска со Аврама, сепак не покажал никаква благодарност кон својот добротвор. Учтивоста налагала правото на избор да му го препушти на Аврама, но наместо да постапи така, тој се потрудил сите предимства во бирањето да ги приграби за себе. „Тогаш Лот ги крена очите свои и ја виде целата околина јорданска, која, пред Бог да ги уништи Содом и Гомора, целата, сè до Сигор се напојуваше со вода, како рајот Божји и како земјата египетска”. Најплоден предел во цела Палестина била долината на Јордан која посматрачот го потсетувала на загубениот рај, а според убавината и плодноста личела на долината што ја натопува реката Нил, од каде штотуку се вратиле. Тука имало и многу прекрасни и богати градови чиишто дуќани и пазари биле преполни со свет и ветувале успешна трговија. Заслепен со изгледите за земна добивка, Лот не бил во состојба да ги согледа моралните и духовните зла со кои морал да се сретне тука. Жителите на таа долина „беа лоши, и многу грешни пред Господ”; но Лот за тоа ништо не знаел или, иако знаел, сметал дека тоа не е важно. „И Лот ја избра за себе целата околина јорданска; па појде Лот кон исток… поставувајќи ги шаторите свои дури до Содом” (Создавање 13:11,12). Колку малку ги предвидувал ужасните последици на својот себичен избор. {ПП 133.1}

По разделбата со Лот, Аврам уште еднаш добил од Господа ветување дека сета таа земја ќе му припадне на неговото потомство. Набргу потоа тој преминал во Хеврон, поставувајќи го својот шатор под мамриските дабја, и тука му подигнал олтар на Господа. На свежиот воздух на оваа висорамнина, каде што имало маслинки и лозја, а по сите околни брекчиња родни полиња и пространи пасишта, Аврам живеел потполно задоволен со својот едноставен патријархален живот, препуштајќи му го на Лот опасното изобилство и раскош на содомската долина. {ПП 133.2}

Околните народи Аврама го почитувале како моќен кнез и мудар и способен поглавар. Тој соседите не ги лишувал од своето влијание. Неговиот живот и карактер, видливо различни од животот на тие идолопоклоници, вршеле мошне силно влијание во прилог на вистинската вера. Во својата преданост кон Бога бил непоколеблив додека со својата љубезност и добронамерност влевал доверба и се здобивал со пријателство. А неговата природна големина му носела признание и висока почит. {ПП 133.3}

Својата вера не ја сметал за толку скапоцено богатство за да го чува толку љубоморно што во него да не може да ужива никој друг освен сопственикот. Вистинската вера не може да се сфаќа така, зашто таквото сфаќање е противно на начелата на евангелието. Сѐ додека  Христос живее во срцето на човекот, не е можно да се скрие светлината на неговото присуство, ниту пак таа светлина може да ослаби или да се угасне. Напротив, таа од ден на ден сѐ повеќе ќе блескоти додека маглата на себичноста и на гревот што ја обвива душата не исчезне пред светлите зраци на Сонцето на правдата. {ПП 134.1}

Припадниците на Божјиот народ се негови претставници на земјата и негова намера е тие да бидат светлина во моралната темнина што го покрива овој свет. Расеани по сета земја по градовите, населбите и селата тие се Божји сведоци, канали низ кои Тој сака на неверниот свет да му пренесе сознанија за својата волја и за чудесата на својата милост. Според Божјиот план, сите што треба да учествуваат во големото спасение, треба да бидат негови мисионери. Побожноста на христијаните претставува мерило според кое луѓето на овој свет го ценат евангелието. Стрпливото поднесување на неволјите, примањето на благословите со благодарност, храброто одолевање на искушенијата, покажувањето на кротост, милост и љубов така што тоа да ни премине во навика тоа се видела низ кои блескоти вистинскиот карактер, а тој нема ништо заедничко со темнината на себичното срце во кое никогаш не заблескала светлината на животот. {ПП 134.2}

Богат во верата, благороден во великодушноста, непоколеблив во послушноста и скромен и едноставен во својот патнички живот, Аврам бил исто така мудар во дипломатијата, а во војната храбар и вешт. Иако бил познат како учител на нова вера, сепак владетелите на аморејските рамнини, во кои тој ги преместувал своите шатори, три цара, кои инаку биле браќа, покажале пријателство кон него повикувајќи го да стапи во сојуз со нив заради поголема безбедност, зашто земјата била полна со насилство и со угнетување. Набргу му се дала можност од овој сојуз да извлече корист. {ПП 134.3}

Еламскиот цар, Кедорлаомер, четиринаесет години пред тоа навлегол во Ханан и го потчинил. Некои од домородечките кнезови сега се одметнале, не сакале веќе да му служат на еламскиот цар, па овој со своите сојузници повторно навлегол во земјата за да ги принуди на покорност. Пет ханански цареви ги обединиле своите сили и ги пресретнале напаѓачите во Сидимската долина, но биле наполно поразени. Голем дел од војската бил разбиен и уништен. А оние што побегнале барале засолниште на околните планини. Победниците ги ограбувале градовите во долината и се вратиле со богат плен и со многубројни заробеници, меѓу кои се наоѓал и Лот со своето семејство. {ПП 134.4}

Живеејќи спокојно во сенките на светите дрвја, Аврам од еден бегалец дознал за резултатот на битката и за несреќата што го снашла и неговиот внук. Кај него не се задржал никаков лош спомен наспроти суровата неблагодарност на Лот. Сите негови чувства на љубов и сожалување се разбудиле и тој решил да го спаси. Барајќи, пред сѐ друго, божествен совет, Аврам се приготвувал за војна. Од својот сопствен логор повикал триста и осумнаесет слуги обучени за борба, луѓе кои биле научени да се бојат од Бога да го слушаат својот стопан и да ракуваат со оружје. Неговите сојузници: Мамре, Ешхол и Анер му се придружиле со своите чети и заедно се упатиле да ги прогонуваат напаѓачите. Еламците и нивните сојузници биле улогорени кај местото Дан, на северната граница на Ханан. Опиени со дотогашните победи, и не плашејќи се дека би можел да ги нападне веќе победениот непријател, безгрижно се предале на пирување. Патријархот своите борбени сили ги поделил така за во логорот да се навлезе од сите страни, а препадот е извршен ноќе. Толку силниот и неочекуван напад завршил со брза и целосна победа. Еламскиот цар бил убиен а неговата војска, опфатена од панична избезуменост, била потполно уништена. Лот и неговото семејство, заедно со другите заробеници и со нивното богатство, биле ослободени, и во рацете на победникот паднал богат плен. За овој триумф прво требало да му се заблагодари на Бога, па веднаш потоа на Аврама. Почитувачот на Јехова ѝ направил голема услуга на земјата во која живеел и се покажал како исклучително храбар и смел човек. Се покажало дека праведноста не значи страшливост и дека на Аврама неговата вера му дала сила и смелост да се заложи за правдата и да ги одбрани угнетените. Со своето јуначко дело стекнал голем углед и влијание меѓу околните племиња. При враќањето во пресрет му излегол содомскиот цар со своја придружба за да му укаже чест како на победник. Го молел богатството да го задржи за себе, а да ги пушти само заробениците. Според воените обичаи, воениот плен му припаѓал на победникот, но Аврам во овој поход не се упатил со цел да оствари некаква добивка, и ја одбил понудата да ја искористи туѓата несреќа; единствено барал на неговите сојузници да им се даде она на што имале право. {ПП 135.1}

Малку има такви кои во вакво искушение би се покажале толку благородни како Аврам. Малку се оние што би му одолеале на искушението да се доберат до богат плен. Неговиот пример претставува укор за оние што имаат себичен, користољубив и поткуплив дух. Аврам ги почитувал барањата на правдата и човечноста. Неговата постапка е олицетворение на библиското начело: „Сакај го ближниот свој како самиот себе” (Левитска 19:18). „Ја кревам раката своја”, рекол тој, „кон Севишниот Господ Бог, Создател на небото и на земјата,дека ни конец, ниту, пак, ремен од обувки, нема да земам од сè она, што е твое, да не речеш – јас го збогатив Аврам”. Не сакал да даде повод да се мисли дека пошол во војна заради добивка, или дека за својата благосостојба треба да им благодари на подароците или на нечија милост. Бог ветил дека ќе го благослови Аврама и нему требало да му се припише сета чест и слава. {ПП 135.2}

Друга личност која излегла со добредојде пред патријархот како победник бил Мелхиседек, царот шалемски, кој донел леб и вино за да му ја освежи војската. Како „свештеник на Севишниот Бог”, тој го благословил Аврама и му заблагодарил на Господа што преку својот слуга извршил толку величествено ослободување. „И му даде (Аврам) десетти дел од сè”. {ПП 136.1}

Аврам задоволен се вратил во своите шатори и кај своите стада, но душата му ја обземале мисли што носат неспокојство. Тој бил мирољубив човек и одбегнувал секакво непријателство и караници колку што било во негова моќ. Со ужас си споменувал за страшната сцена на крвопролевањето што се одигрувала пред неговите очи. Но народите, чиишто војски тој ги поразил, повторно ќе навлезат во Ханан, во тоа нема сомнение, и тој посебно ќе биде предмет на нивна одмазда. Бидејќи на тој начин бил вплеткан во националните караници, спокојството на неговиот мирен живот било нарушено. Освен тоа, тој уште не стапил во посед на Ханан како ветена земја ниту пак сега веќе можел да се надева дека ќе добие наследник врз кого би можело да се исполни даденото ветување. {ПП 136.2}

Една ноќ Аврам повторно во визија го слушнал божествениот глас: „Не плаши се, Авраме! Јас сум ти закрила, и наградата твоја ќе биде многу голема”. Но злослутен страв толку тешко го притискал неговиот дух, што не бил веќе во состојба даденото ветување да го прифати со безусловна доверба како порано. Се молел да му се даде некаков опиплив доказ дека ветувањето навистина ќе се исполни. А како може да се исполни ветувањето кога уште не добил син? „Зошто ми се Твоите дарови кога сум без пород… бидејќи, Ти не ми даде потомство, ете, затоа еден од слугите родени во куќата моја, ќе биде мој наследник”. Предложил својот предан слуга Елиезер да го посвои како син и да го стори наследник на својот имот. Но дадено му е цврсто ветување дека негов наследник ќе биде негов роден син. Потоа му било кажано да излезе од шаторот и да погледне кон безбројните ѕвезди што трепкале на небото. Кога постапил така, се слушнале зборовите: „Толкаво ќе биде потомството твое”. „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност “ (Римјаните 4:3). {ПП 136.3}

Патријархот сѐ уште се молел за некој видлив знак што би ја засилил неговата вера, а на идните поколенија би им послужил како доказ дека Божјите милостиви намери навистина ќе се исполнат. Господ се согласил со својот слуга да склучи сојуз, при што се послужил со церемонијалот кој меѓу луѓето обично се применувал како потврда на некоја свечена обврска. Според божественото упатство, Аврам принел на жртва јуница, коза и овен, секое по три години старо. Ги преполовил по средината и расечените делови ги поставил еден спроти друг на извесно растојание. Кон тоа додал грлица и гулапче, но нив не ги расекол. Кога го сторил сето тоа, со страхопочит поминал меѓу разделените делови на жртвата и му се заветувал на Бога на вечна послушност. Сѐ до зајдисонце будно и истрајно бдеел над телата на закланите животни внимавајќи да не ги осквернат и да не ги изедат птици грабливки. Кога сонцето зашло, заспал со длабок сон, при што „го опфати голем мрак – и го обзеде ужас”. На сон го слушнал Божјиот глас да не очекува дека веднаш ќе стапи во посед на ветената земја , туку му е обрнато внимание на страдањата што ќе мора да ги поднесат неговите потомци пред конечно да се настанат и да се зацврстат во Ханан. Му бил откриен планот на откуп во кој Христовата смрт претставува голема жртва, а го видел и неговото доаѓање во слава. На Аврама исто така му била покажана обновената земја во сета нејзина едемска убавина, што ќе му биде дарувана засекогаш, како конечно и целосно исполнување на ветувањето. {ПП 137.1}

Како залог на тој Божји завет со луѓето „дим како од печка и огнен пламен” симбол на божественото присуство  „помина меѓу оние делови” и потполно ги спалил. Уште еднаш Аврам слушнал глас што потврдил дека хананската земја ќе им биде дадена на неговите потомци „од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат”. {ПП 137.2}

Кога Аврам поминал во Ханан околу дваесет и пет години, „Јас Сум Ел Шадај – Сèмоќен Бог, оди по Мојот пат и биди непорочен”. Патријархот со страхопочит паднал ничкум и слушал понатаму: „А Својот Завет го склучувам со тебе и ќе те размножам многу”. Како надворешен знак дека ќе се исполни тој завет, неговото име, кое до тогаш се изговарало кратко Аврам, се променило така да се изговара подолго и понагласено Авраам, што значи „татко на многу народи”. И името на Сара е променето на сличен начин, а изговорено со нов нагласок значело „кнегиња”, зашто „ќе ја благословам, и народи ќе потекнуваат од неа, и цареви на народи ќе излезат од неа”. {ПП 137.3}

Во тоа време на Аврама му бил даден обредот обрезание „како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието” (Римјаните 4:11). Тоа за патријархот и за неговите потомци требало да биде знак дека се посветени на Божјата служба и изделени од идолопоклониците и дека Бог ги прифаќа како свое посебно богатство. Со тој обред тие се обврзале дека верно ќе ги исполнуваат условите на заветот направен со Аврама. Не смееле да склучуваат брачни врски со незнабошците зашто со тоа би ја загубиле страхопочитта кон Бога и кон неговиот свет закон; би се изложиле на искушение да учествуваат во грешните обичаи на незнабошците и да бидат вовлечени во идолопоклонство. {ПП 138.1}

Бог на Аврама му укажал голема чест. Небесните ангели му се јавувале и разговарале со него како што разговара пријател со пријател. Кога требало да се изврши пресудата над Содом, тоа од него не се криело, и тој требало да биде застапник на грешниците пред Бога. Неговото општење со ангелите покажува исто така убав пример на гостољубивост. {ПП 138.2}

Едно жешко летно попладне патријархот седел пред вратата на својот шатор и, посматрајќи ја мирната панорама на пределот пред себе, во далечината забележал тројца патници како се приближуваат. Пред да наближат до неговиот шатор, странците застанале, како да се договараат што треба да сторат. Не чекајќи да го замолат за гостопримство, Аврам бргу станал и, бидејќи се чинело дека се упатиле во друг правец, побрзал со голема љубезност да ги одоброволи да му укажат чест со тоа што ќе свратат кај него да се освежат. Со свои раце донел вода да ги измијат прашливите нозе од одењето пеш. Самиот испланирал со што ќе ги нагости и додека тие се одморале во пријатната сенка, им зготвил јадење, па од почит стоел крај нив додека јаделе и уживале во неговото гостопримство. Овој израз на учтивост Бог го сметал за доволно значаен да се запише во неговата Реч; и повеќе од илјада години подоцна вдахновениот апостол, мислејќи токму на тоа, пишува: „Гостољубивоста не запоставувајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели” (Евреите 13:2). {ПП 138.3}

Аврам во своите гости видел само тројца уморни патници, не помислувајќи дека меѓу оние што ги послужувал бил и Оној кој е непогрешен. Меѓутоа, сега се открил вистинскиот карактер на небесните весници. Иако на пат кренале како весници на гнев, тие на Аврама, на човекот од вера, прво му зборувале за благословите. Иако Бог е строг да го жигоса злото и да ги казни престапниците, Тој не наоѓа некое уживање во одмаздата. Делото на уништување е „необично дело” за Оној чијашто љубов е бесконечна. {ПП 138.4}

„Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој” (Псалм 25:14). Аврам го почитувал Бога, но и Господ го почитувал него, упатувајќи го во своите совети и откривајќи му ја својата волја. „Ќе кријам ли од Авраам (Мојот слуга) што сакам да направам?” рекол Господ. „Голем викот е против Содом и Гомора, зашто гревовите нивни се претешки.Затоа ќе слезам да видам дали е тоа токму така, како што доаѓа викот до Мене, или не”. Бог мошне добро ја знаел големината на содомските гревови, но се изразил со зборови разбирливи за луѓето за да може да се сфати праведноста на неговата постапка. Пред да се изврши пресудата над престапниците, Тој бил готов сам да оди кај нив и уште еднаш да го преиспита нивниот начин на живеење и доколку не ја преминале границата на божествената милост да им даде можност за покајание. {ПП 139.1}

Двајца од небесните весници заминале, оставајќи го Аврама насамо со Оној за кого сега знаел дека е Божјиот Син. И човекот од вера најсесрдно се зазел за жителите на Содом. Еднаш ги спасил со својот меч, а сега се трудел да ги спаси со своите молитви. Лот со своето семејство сѐ уште живеел таму, а несебичната љубов што го натерала Аврама да ги спасува од Еламците, сега правела сѐ што можело да се стори, ако е тоа Божја волја да ги спаси од луњата на божествената пресуда. {ПП 139.2}

Со длабока страхопочит и понизност тој ја изложил својата молба: „Еве, се осмелив да Му проговорам на Господ, иако сум земја и пепел”. Не бил самоуверен ниту се расфрлал со својата правда. Правото на милост не го засновал на својата послушност или на жртвата што ја принел извршувајќи ја Божјата волја. Чувствувајќи се и самиот грешник, се залагал за грешниците. Таков дух треба да поседуваат сите што пристапуваат кон Бога. Аврам покажал токму онаква доверба каква што покажува дете кога за нешто го моли саканиот татко. Му пристапил сосема близу на небесниот весник и најсесрдно упорно ја повторувал својата молба. Иако Лот бил еден од доселениците во Содом, тој не учествувал во беззаконието на неговите жители. Аврам мислел дека во тој голем град мора да има и други почитувачи на вистинскиот Бог. Имајќи го тоа предвид, преколнувал: „Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не може да биде тоа од Тебе; зарем Судијата на целата земја нема да суди право?” Аврам не молел само еднаш, ами повеќе пати. Гледајќи дека неговите молби наидуваат на одговор, се охрабрил и продолжил да моли сѐ додека не добил гаранција оти градот ќе биде поштеден ако во него се најдат само десет праведници. {ПП 139.3}

Аврамовата молитва била проникната со љубов кон душите што биле осудени на пропаст. Додека чувствувал одвратност кон гревовите на изопачените жители на тој град, тој сакал тие грешници да се спасат. Неговото толку длабоко и искрено интересирање и залагање за жителите на Содом покажува колкава загриженост би морале и ние да чувствуваме за непокајаните. Гревот треба да се мрази, а грешникот треба да се сака и да се има кон него сомилост. Насекаде околу нас се наоѓаат души кои безнадежно заминуваат во пропаст, страшна исто толку колку и онаа што го снашла Содом. Секој ден за некого значи крај на времето што му било одредено да се провери. Секој миг некои ја преминуваат границата зад која милоста веќе не допира. А каде се весниците со опомена и со сесрдно преколнување да го повикаат грешникот да ја одбегне таа страшна судбина? Каде се рацете подадени да го оттргнат од смртта? Каде се оние кои понизно и со истрајна вера би го молеле Бога за него? {ПП 140.1}

Духот што го покажал Аврам е Христов дух. Божјиот Син е најискрен посредник за добро на грешниците. Тој, кој платил висока цена за нивниот откуп, ја знае вредноста на човечката душа. Тој кон гревот чувствувал одвратност каква што може да постои само во една беспрекорно чиста душа, но кон грешникот покажувал љубов што може да ја сфати само бесконечната доброта. Во своите претсмртни маки на крстот додека и самиот бил под страшниот товар на гревовите на цел свет, Тој за своите убијци и за сите оние што го исмевале, се молел: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават” (Лука 23:34). {ПП 140.2}

Апостол Јаков за Аврама кажува: „и тој се нарече – пријател Божји” (Јаков 2:23); а апостол Павле за него кажува дека е „татко на сите необрезани што веруваат” (Римјаните 4:11). Божјото сведоштво за верниот патријарх гласи: „Аврам го слушаше мојот глас и им се покоруваше на моите заповеди, на моите закони и на моите наредби”. А на друго место кажува: „Затоа што го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд, и Господ ќе го исполни (сè) она, што му го вети на Авраам”. За Аврама била голема чест што бил повикан да биде татко на нација која со векови ќе биде чувар и повереник на Божјата вистина наменета за овој свет нација преку која сите народи на земјата треба да бидат благословени со доаѓањето на ветениот Месија. Но Оној, кој го повикал патријархот за оваа задача и му ја укажал таа голема чест, видел дека тој е достоен за тоа. Тие зборови ги изговорил Господ. Оној кој „ги чита помислите оддалеку” и за луѓето суди право, рекол: „Јас знам за него”. Никогаш Аврам не отстапил од вистината од себични побуди. Секогаш се придржувал кон законот и постапувал праведно и искрено. И не само самиот тој што се боел од Бога, туку верата ја развивал и ја издигнувал и во својот дом. Ги учел на правда и на исправност и членовите на своето семејство. Божјиот закон бил правило во неговиот дом. {ПП 140.3}

Аврамовото домаќинство броело повеќе од илјада души. Оние кои под влијание на неговото учење решиле да му служат на вистинскиот и единствениот Бог, во неговиот логор наоѓале свој дом; и тука, како во некое училиште, примале поуки со кои се приготвувале да станат претставници на вистинската вера. Поради тоа врз Аврама почивала голема одговорност. Тој ги обучувал старешините на домовите и неговиот начин на раководење на тој начин се пренесувал и во домаќинствата со кои тие требало да управуваат. {ПП 141.1}

Во прво време таткото бил господар и свештеник во семејството, а синовите и ќерките му се покорувале, почитувајќи го неговиот авторитет дури и тогаш кога веќе и секој од нив би основал свое семејство. Неговите потомци биле научени во него да гледаат како во свој старешина и во верските и во земните прашања. Аврам настојувал да го овековечи тој патријархален систем на управување со семејството, бидејќи тој во значителна мера придонесувал да се сочува знаењето за Бога. Било потребно членовите на семејството да се поврзат меѓусебно за да изградат бедем против идолопоклонството кое било мошне распространето и длабоко вкоренето. Со сите можни средства што му стоеле на располагање, Аврам се трудел жителите на својот логор да ги сочува да не се мешаат со незнабошците и да не ги гледаат нивните идолопоклонички обичаи, зашто знаел дека блискоста со злото незабележано ќе ја расипе и ќе ја ослаби преданоста кон вистинските начела. Најголема грижа му била од умовите на оние што ги поучувал да исклучи секој облик на лажна вера и живо да им го предочи величеството и славата на живиот Бог на кого единствено треба да му се молат. {ПП 141.2}

Сам Бог тоа мудро го уредил изделувајќи ги своите верни, колку што било можно, од секоја врска со незнабошците и создавајќи од нив самостојна нација која немала ништо заедничко со другите народи. Тој го повикал Аврама да се одвои од своите идолопоклонички роднини за патријархот да може членовите на своето семејство да ги воспитува непречено од заводливите влијанија со кои би бил опкружен во Месопотамија, и за неговите потомци од поколение во поколение да можат да ја сочуваат вистинската вера во сета нејзина чистота. {ПП 141.3}

Љубовта кон своите деца и кон членовите на своето домаќинство го навела Аврама да ги пази нивните верски убедувања, и знаењето за божествените уредби и закони да им го пренесе како најсвет завет што можел да им го остави ним, а преку нив и на цел свет. Сите биле поучени дека се наоѓаат под власт на Бога кој е на небото. Родителите не смееле да ги малтретираат своите деца ниту врз нив да вршат притисок, а децата не смееле да бидат непослушни. Божјиот закон на секого му пропишал должности, и среќа и благосостојба можат да се обезбедат само ако се прифати тој закон. {ПП 142.1}

Со својот личен пример, со тивкото влијание на својот секојдневен живот, давал постојана поука. Во тој дом се покажувале непоколеблива чесност, човекољубие и несебична учтивост особини што предизвикувале восхит кај царевите. Мирисот на таквиот живот, благородноста и љубезноста на неговиот карактер, им откривале на сите дека тој бил повикан од небото. Тој не ја запоставувал душата ниту на најнискиот слуга. Во неговото домаќинство за слугата не важел друг закон туку истиот како и за господарот, ниту пак постоела царска патека за богатиот, а друга за сиромавиот. Со сите се постапувало како со рамноправни наследници на благодатта на животот и тоа правично и сочувствително. {ПП 142.2}

„Тој ќе ги поучува своите деца и својот дом после него”. Тој нема да биде виновен поради немарност да ги заузди лошите навики на своите деца, нема да ги размази со својата слабост, со својата несовршеност и попуштање; ниту ќе го жртвува чувството на должност пред барањето на погрешно сфатената љубов. Давајќи поуки за правдата и исправноста, Аврам со тоа го поддржувал и авторитетот на праведните и добрите закони. {ПП 142.3}

Колку малку има такви во нашите денови кои го следат овој пример! Кај многу родители се јавува слепа и себична сентименталност, погрешно наречена љубов, која се покажува во тоа што дозволуваат со нивната волја да владеат децата чиишто страсти сѐ уште нескротени, а расудувањето недозреано и неоформено. Тоа е вистинска свирепост кон младите и најголема неправда кон светот. Родителите со своето попуштање внесуваат нехармоничност во семејството и во општеството. Тоа кај младите ја засилува желбата да ги раководат нивните склоности наместо да ги прифатат божествените барања. Израснати во таков дух, тие во срцето носат одбивност кон Божјата волја и својот нерелигиозен и непокорен дух го пренесуваат на своите деца и на децата на нивните деца. Родителите би требало да му заповедаат на својот дом и „откако ќе заминат”, како што го правел тоа Аврам. Учете ги децата да го почитуваат родителскиот авторитет, а тоа ќе послужи како прв чекор во прифаќањето на Божјиот авторитет. {ПП 142.4}

Многу зла произлегуваат од тоа што дури и таканаречените верски водачи кон Божјиот закон се однесуваат сосема лекомислено. Распространетото учење дека божествените прописи не се веќе задолжителни за луѓето, влијае врз моралот на народот исто толку колку и идолопоклонството. Оние што се трудат да ги намалат барањата на светиот Божји закон директно ги поткопуваат темелите на управувањето и со семејството и со нацијата. Родителите што исповедаат христијанство, а не ги држат Господовите уредби, не им заповедаат ниту на своите деца да се придржуваат кон неговите патишта. Божјиот закон не е правило на нивниот живот. Кога децата на таквите родители ќе дораснат да формираат свое огниште, тие не чувствуваат никаква обврска своите помлади да ги учат на она на што ни самите не биле поучувани. Тоа е причината што има толку многу семејства во кои ништо не се знае за Бога; затоа изопаченоста и порокот толку многу се засилуваат. {ПП 143.1}

Сѐ додека  родителите и сами не го следат со сето срце Господовиот закон, не ќе можат како Аврам да им заповедаат на своите синови, „откако ќе заминат” да се придржуваат кон неговите патишта. Во тој поглед потребно е да настане една длабока и корена реформа. Родителите мора да се реформираат, и проповедниците исто така мора да се реформираат, зашто во нивните семејства се чувствува дека го немаат Бога. Ако сакаат навистина да настане ваква промена, тие мора во своите семејства да ја внесат Божјата реч и Бога да го земат за свој советник. Децата треба да се учат дека упатствата на Божјата реч се Божји глас упатен до нив, и дека на тоа мора безусловно да му се покорат. Освен тоа децата треба стрпливо да се советуваат и неуморно да се поучуваат како треба да живеат за да му угодат на Бога. Децата на таквите родители ќе можат да им одолеат и на најпрепредените лукавства на неверниците. Нека ја прифатат Библијата како основа на својата вера и ќе имаат темел кој плимата на скептицизмот што наидува не ќе може да го поткопа. {ПП 143.2}

Има многу домови во кои молитвата е потисната. Родителите велат дека немаат време за утринско и вечерно богослужение. Не можат да посветат неколку мига во благодарење на Бога за толку големото изобилство на неговата милост за благотворните сончеви зраци и за освежувачките порои дожд што придонесуваат во природата сѐ да буи и да расте, и за заштитата на светите ангели. Немаат време да се помолат за божествена помош и водство и за постојано Христово присуство во семејството. На работа поаѓаат како волови или коњи без ниедна мисла за Бога и за небото. Нивните души во Божјите очи имаат таква вредност, што Божјиот Син го дал својот живот за да ги спаси од пропаста и од целосната безнадежност; меѓутоа, тие таа негова голема добрина знаат да ја ценат одвај малку повеќе од обичните животни. {ПП 143.3}

Оние што тврдат дека го љубат Бога треба, слично на патријарсите во старо време, секаде каде што ќе подигнат свој шатор, покрај него да му подигнат и олтар на Господа. Ако некогаш било време секој дом да биде дом на молитва, тогаш сигурно тоа е денеска. Татковците и мајките често треба да ги издигнуваат своите срца кон Бога во понизна молитва за себе и за своите деца. Таткото, како свештеник на семејството, треба наутро и навечер да му принесува жртва на Господа на семејниот олтар додека мајката и децата треба да му се придружат во молитвата и во благодарењето на Бога. Во едно такво семејство Исус со задоволство ќе се задржува. {ПП 144.1}

Секој христијански дом треба да зрачи светлина. Љубовта треба да се открива во постапките. Таа треба да се одразува во секој меѓусебен однос на домашните во вниманието, во љубезноста и во несебичната учтивост. Има семејства каде што ова начело се применува, семејства во кои се почитува Бог и каде што владее вистинска љубов. Од таквите домови секој ден се издигнуваат кон Бога утринска и вечерна молитва како пријатен мирис на темјан, а неговата милост и неговите благослови се спуштаат врз молителите како утринска и вечерна роса. {ПП 144.2} Едно добро средено христијанско домаќинство е силен доказ во прилог на вистинската христијанска вера доказ што неверниците не можат да го оспорат. Сите можат да видат дека делотворното влијание на таквото семејство позитивно се одразува врз децата и дека со нив е Бог Аврамов. Кога домовите на оние што тврдат дека се христијани би имале вистински верски карактер, тие би вршеле силно влијание на добро. Тие навистина би биле „светлината на светот” (Матеј 5:14). За секој верен родител небесниот Бог го кажува она што некогаш го рекол за Аврама: „Затоа што го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд, и Господ ќе го исполни (сè) она, што му го вети на Авраам”. {ПП 144.3}

Сподели го ова:

Similar Posts