16. ЈАКОВ И ИСАВ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 25:19-34 и 27 глава

Синовите близнаци на Исака, Јаков и Исав, претставуваат очигледна и значајна спротивност и во карактерот и во животот. Таа нееднаквост ја претскажал Божји ангел уште пред нивното раѓање. Во одговорот на молитвата што ја упатила Ревека во својот страв и загриженост, тој ѝ рекол дека ќе има два сина и дека секој од нив ќе биде глава на силен народ, но дека едниот ќе биде поголем од другиот и дека помладиот ќе има првенство. {ПП 177.1}

Кога Исав пораснал, живеел распуштено и неговиот интерес бил наполно сосредоточен на сегашноста. Бидејќи никако не се мирел со тоа некој да го зауздува, нашол задоволство во дивата слобода на ловот, и така уште рано го избрал ловечкиот живот. Но сепак бил љубимец на својот татко. Кроткиот и мирољубив пастир го привлекувала смелоста и енергијата на неговиот постар син, кој бестрашно ги крстосувал горите и пустините и се враќал кај татка си со уловен дивеч и со возбудливи стории за своите авантури. Јаков секогаш бил замислен и внимателен. Размислувал повеќе  за иднината отколку за сегашноста и се задоволувал да остане дома, пасејќи ги стадата и обработувајќи земја. Мајка му ја ценела неговата стрпливост, неговата истрајност, трудољубивост и претпазливост. Неговите чувства биле длабоки и силни, а сесрдното и непрекратно внимание ѝ носело многу повеќе среќа  отколку избувливите и повремени изливи на восхит на Исава. Ревека повеќе  го сакала Јакова. {ПП 177.2}

Сите желби и надежи на Исака и Ревека биле засновани на ветувањата дадени на Аврама и потврдени на неговиот син. Исав и Јаков знаеле за тие ветувања. Биле поучени дека наследното право има големо значење, зашто тоа не носи само земни богатства, туку во себе содржи и духовно првенство. Првородениот секогаш требало да биде свештеник на семејството, а од редовите на неговите потомци требало да дојде и Спасителот на светот. Од друга страна, првородениот имал и одговорности. Оној што ќе ги наследи благословите што му припаѓале на првородениот, морал да му го посвети својот живот на Бога; морал да ги слуша Божјите наредби како и Аврам. Морал да постапува во сообразност со откриената Божја волја при изборот на брачниот другар и во сите области од јавниот и семејниот живот. {ПП 177.3}  

Исак ги запознал своите синови со тие предимства и со условите и им објаснил дека Исав, како постар по раѓање, имал право на првенство. Но Исав не бил наклонет кон верскиот живот, ниту му било грижа за побожноста. Барањата и обврските на духовното првородство за него претставувале несакани и одвратни ограничувања. Божјиот закон, што претставувал услов на божествениот завет склучен со Аврама, Исав го сметал за ропски јарем. Наклонет да им попушта на своите телесни желби, кон ништо не се стремел толку колку кон слобода да прави што му се допаѓа. Според неговото сфаќање, среќата се состоела од богатство, од моќ, веселба и уживање во насладите. Се гордеел со неограничената слобода на својот див, скитнички живот. Споменувајќи си за зборовите на ангелот, Ревека карактерот на своите синови го читала со појасно сфаќање отколку Исак. Била убедена дека на Јакова му е наменето да биде наследник на божественото ветување. Таа на Исака му ги повторувала зборовите што ги кажал ангелот, но чувствата на таткото биле сосредоточени на постариот син и тој останал непоколеблив во својата намера. {ПП 178.1}

Јаков од мајка си дознал за божественото навестување според кое правото на првородство требало да му припадне нему и бил исполнет со неискажлив копнеж за предимствата што би ги стекнал со тоа право. Не жеднеел за богатсвото на татка си неговиот копнеж се однесувал на духовното предимство што му припаѓало на првенецот. Да одржува блиски духовни односи со Бога, како што го правел тоа праведниот Аврам да принесува жртви на помирување за своето семејство да биде еден од предците на избраниот народ и на ветениот Месија да го наследи вечното и непоминливо богатство опфатено со благословите на заветот тоа биле предимствата и почестите со кои гореле неговите најсесрдни желби. Неговите мисли постојано биле упатени кон она што допрва ќе дојде и тој сакал да ги сфати невидливите благослови на иднината. {ПП 178.2}

Со прикриен копнеж слушал сѐ што им раскажувал татко им за духовните предимства на првородениот додека во срцето верно го чувал и го паметел она што го дознал од мајка си. За тој предмет мислел ден и ноќ сѐ додека истиот не го опфатил целокупното негово животно интересирање. Меѓутоа, иако вечните благослови ги ценел повеќе отколку привремените земни добра, Јаков за Бога, на кого му оддавал толкава почит, сепак немал знаење стекнато од искуство. Неговото срце не било преродено со божествената милост. Мислел дека ветувањето што му било наменето нему не може да се исполни сѐ додека Исав го задржува правото на првородство, па постојано размислувал на кој начин би се добрал до благословот што неговиот брат толку малку го ценел, а кој за него бил толку драгоцен. {ПП 178.3}

Еден ден, кога се вратил од лов уморен и папсан, Исав посакал од јадењето кое Јаков штотуку го зготвил, а овој, имајќи ја на ум секогаш онаа, за него најважна мисла, подготвено ја искористил приликата и понудил да го уталожи гладот на брата си, но по цена на правото на првенство. Лекомислениот ловец, готов да им попушта на своите желби, рекол: „Еве, јас умирам, па што ќе ми е тоа првородство?” и за една чинија на некаква црвена чорба му го препуштил своето право на првенство и спогодбата ја потврдил со заклетва. Секако, во шаторите на татка си би добил храна за најкусо време, колку што било неопходно таа да се приготви, но, за да ја задоволи моментната желба, лекомислено го дал во замена славното наследство кое на неговите татковци им го дал лично Бог. Сето негово внимание и интереси биле насочени кон сегашноста. Бил готов небесното да го жртвува за земното, во замена за моментното задоволување да ги даде доброто и среќата на иднината. {ПП 179.1}

„Така Исав го презре првородството свое”. Кога се ослободил од првенството, му се сторило како да почувствувал некое олеснение. Сега ништо не му стоело на патот можел да прави што сака. Колку има такви и денеска кои за пустото задоволство, лажно наречено слобода, го продаваат своето право на првенство што им дава чисто, неизвалкано и вечно наследство на небото. {ПП 179.2}

Подлегнувајќи и понатаму и уште подлабоко на надворешните и земните привлечности, Исав зел две жени меѓу хетејските ќерки. Тие служеле на лажни богови и со своето идолопоклонство им задавале на Исака и Ревека многу јадови и горчина. Со тоа Исав прекршил еден од условите на заветот со кој било забрането склучување на брачни врски меѓу избраниот народ и незнабошците, па сепак, Исак сѐ уште бил непоколеблив во својата одлука нему да му го остави благословот на првородството. Таа негова одлука не можеле да ја изменат ниту причините на Ревека, ниту сесрдниот копнеж на Јакова за благословот, ниту рамнодушноста на Исава кон обврските на ветувањето. {ПП 179.3}

Многу години поминале додека Исак, тогаш веќе стар, слеп и очекувајќи скорашна смрт, не решил да го искаже благословот над својот постар син. Меѓутоа, бидејќи знаел за противењето на Ревека и Јакова против неговата намера, решил овој свечен обред да го изведе тајно. Во сообразност со обичајот по повод таквите свечености да се приреди гозба, патријархот му наредил на Исава: „Земи го сега оружјето свое, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч!Па зготви ми јадење… за да те благослови душата моја, пред да умрам”. {ПП 179.4}

Ревека ја претчувствувала неговата намера. Била убедена дека тоа е спротивно на она што ѝ го открил Бог нејзе како своја божествена волја. На Исака му се заканувала опасност да се изложи на Божјо незадоволство и гнев лишувајќи го помладиот син од она што му го доделил Бог. Напразно се трудела Исака да го убеди со причините и затоа решила да прибегне кон лукавство. {ПП 180.1}

Само што Исав заминал да ја изврши наредбата на татка си, Ревека се дала на остварување на својата намера. Му го изложила на Јакова она што се случува и го убедила дека нешто мора да се преземе, и тоа веднаш, за да се спречи конечно и неотповикливо благословот да му биде доделен на Исава. Го уверувала и го храбрела својот помлад син да постапи според нејзините упатства за да го прими тој благослов како што ветил Бог. Јаков не се согласил со планот што го предложила. Помислата дека треба да го измами татка си му паѓала многу тешко и силно го загрижила. Чувствувал дека тој грев побргу ќе му донесе проклетство отколку благослов. Но неговото двоумење и стравување пред сопствената совест биле совладани, и тој најпосле решил да ги прифати упатствата на мајка си. Немал намера директно да кажува лага, но кога веќе истапил со тоа пред татка си, му се сторило дека отишол премногу далеку за да може да се врати, и со измама го примил саканиот благослов. {ПП 180.2}

Јаков и Ревека успеале да го остварат својот план, но измамата им донела само страдање и болка. Бог рекол дека Јаков ќе го добие правото на првородство и неговиот збор би се исполнил во свое време кога би имале доверба и кога стрпливо би чекале Тој да работи за нив. Но, како и денеска што постапуваат мнозина кои се нарекуваат Божји деца, тие не биле расположени работата да ја препуштат во Божји раце. Ревека горко се каела што му дала таков погрешен совет на својот син, кој поради тоа морал да ја напушти неа и никогаш повеќе не му го видела лицето. Од мигот кога го примил првенството, Јаков почувствувал товар на вина и цел живот се осудувал самиот себеси. Згрешил против татка си, против брата си, против својата сопствена душа и против Бога. Во еден судбоносен миг сторил дело поради кое се каел цел живот. Таа сцена живо му излегувала пред очи во текот на подоцнежните години секогаш кога душата би му ја притискало лошото однесување на неговите синови. {ПП 180.3}

Штом Јаков излегол од шаторот на татка си, стигнал Исав. Иако своето првенечко право го продал и продажбата ја потврдил со свечена заклетва, тој сега, независно од барањата на неговиот брат, решил да си ги осигури себеси благословите што произлегуваат од тоа. Со духовното првенство биле поврзани земните предимства што би му овозможиле водство во семејството и двапати поголем дел при наследувањето на богатството на татка си. Благословите што тој можел да ги цени биле поврзани со второто, со богатството на татко му. „Стани, татко, и јади од она што синот твој улови”, му рекол на татка си, „за да ме благослови душата твоја”. {ПП 180.4}

Треперејќи од изненадување и болка, стариот и слеп татко дознал дека го измамиле. Неговите долго и со љубов негувани надежи биле осуетени, а тој длабоко и болно го чувствувал разочарувањето што морало да го погоди неговиот постар син. Сепак му светнала мислата дека Божјото провидение ги спречило неговите намери и го остварило токму она што тој сакал да го избегне. Си споменал за зборовите што и ги упатил ангелот на Ревека и увидел дека Јаков, и покрај гревот што го сторил сега, бил попогоден за исполнување на Божјата намера. Додека благословувал, го почувствувал Духот на пророштвото; и тогаш, сфаќајќи што се случило, сепак го потврдил благословот што, и не сакајќи, му го дал на Јакова: „Тој и ќе остане благословен”. {ПП 181.1}

Исав малку го ценел благословот сѐ додека се чинело оти му е сигурен, при рака; но сега, кога засекогаш го загубил, тој посакал да го добие. Сета сила на неговата незауздана и страстна природа се побунила, а болката и бесот избиле со жестока силина. Залипал горко со сиот глас: „Благослови ме и мене, татко!… Не остави ли благослов и за мене?” Но даденото ветување не смеело да се повлече. Своето првенечко право што толку лесно го продал, не можел веќе да го добие. „За една манџа”, за моментно задоволување на апетитот кој никогаш не бил зауздуван, Исав го продал своето наследство; но кога ја увидел својата лудост, било премногу доцна повторно да го стекне правото на благослов. „Зашто не најде место за покајание, иако го бараше со солзи” (Евреите 12:16,17). На Исава не му било скусено правото со покајание да ја побара Божјата наклоност, но немало веќе никаков начин ниту средство да го поврати правото на првенство. Неговата болка не произлегувала од осведочувањето за гревот; тој не се трудел ниту сакал да се помири со Бога. Му било жал поради последиците на неговиот грев, но не и поради самиот грев. {ПП 181.2}

Поради својата рамнодушност кон благословите и кон Божјите барања, Исав во Библијата се нарекува „блудник” (Евреите 12:16). Тој ги претставува сите оние што малку го ценат откупот стекнат со Христовата крв и кои се готови да го жртвуваат своето небесно наследство за поминливите земни интереси. Голем е бројот на оние што живеат само за овој свет, без никаква грижа и мисли за иднината. И тие велат како Исав: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме” (1. Коринтјаните 15:32). Тие се робови на своите склоности и наместо да се вежбаат на самооткажување, тие побргу се откажуваат од она што има вечна вредност. Кога треба да се бира: или да му се попушта на изопачениот апетит или да се добијат небесните благослови ветени само на оние што се откажуваат од самите себе и се бојат од Бога, тогаш првенство му се дава на апетитот, а небото и Бог речиси се занемаруваат. Колку има такви дури и меѓу божемните христијани кои се оддаваат на задоволства кои се штетни за здравјето и кои ја умртвуваат чувствителноста на душата. Нив ги навредува кога ќе им се укаже дека должност им е да се воздржуваат од секое валкање на телото или духот за да ја усовршат светоста во Божји страв. Тие увидуваат дека не е можно да се обезбеди небесното блаженство, а во исто време да ги задржат своите штетни уживања, и бидејќи патот кон вечен живот е толку тесен, тие се одвраќаат од него. {ПП 181.3} Илјадници има такви кои го продаваат своето право на првенство за сетилните уживања. Здравјето се жртвува, умните способности слабеат и се губи небото, и сето тоа поради едно моментно задоволство, поради задоволство кое човекот и го слабее и го понижува. Како Исав што се разбудил и лудоста на својата брзоплето сторена замена ја увидел дури тогаш кога било премногу доцна да се отстранат нејзините последици, така во денот на Божјиот суд ќе биде и со сите оние кои небесното наследство го заменуваат за себично задоволување на телесните желби. {ПП 182.1}

Сподели го ова:

Similar Posts