10. Милостивиот Самарјанин

Сподели го ова:

10. лекција Сабота, 9. јуни 2018.

Милостивиот Самарјанин

 „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ – Матеј 5:7.

„Во приказната за добриот Самарјанин, Христос ја открил природата на вистинската вера. Тој практично покажал дека таа не се состои во никаков систем, пропишани верувања или обреди, туку во дела на љубов, во правење добро на другите, во вистинска добрина.“ – Копнежот на вековите, 497.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 376-389.
Мисли од гората, 21-24.

Недела 3. јуни

1. УСЛОВИ ЗА ДОБИВАЊЕ НА ВЕЧЕН ЖИВОТ

а. Како Исус одговорил на прашањето на законикот за тоа како може да наследи вечен живот? Лука 10:25.26.

„Условите за спасението се секогаш исти. Животот – вечниот живот – е наменет за сите оние кои се послушни на Божјите заповеди. Совршена послушност, откриена во мислите, зборовите и делата, и сега е неопходна исто како и тогаш кога законикот го прашал Христа: ‘Што треба да направам за да наследам живот вечен?’“ – That I May Know Him, p. 299.

б. Кој закон го спомнал законикот, и како Исус му одговорил? Лука 10:27.28.

„Законикот не бил задоволен со сфаќањата и со делата на фарисеите. Тој ги проучувал Писмата со желба да го сфати нивното вистинско значење. Навистина се интересирал за ова прашање, па сериозно прашал: ‘Што треба да правам за да наследам вечен живот?’ Одговарајќи на прашањето, тој заобиколил мноштво церемонијални или обредни прописи, зашто нив ги сметал за неважни, но ги истакнал двете основни начела врз кои почива целиот закон и сите пророци.“ – Христовите очигледни поуки, 377.

Понеделник 4. јуни

2. ЗАНЕМАРУВАЊЕ НА НАШИОТ БЛИЖЕН

а. Кое прашање законикот подоцна му го упатил на Исуса поттикнувајќи го да ја каже параболата? Лука 10:29. Кој е денес нашиот ближен?

„Нашиот ближен е секој човек кому му е потребна нашата помош. Нашиот ближен е секоја душа која е ранета или во модринки од страна на противникот. Нашиот ближен е секоја душа која е Божја сопственост…
Нашите ближни не се само нашите соработници и особени пријатели, или оние кои припаѓаат на нашата црква, или кои мислат како нас. Нашите ближни се сите припадници на човечкиот род. Треба да им чиниме добро на сите луѓе, а особено на оние кои се со нас во вера. Ние треба на светот да му покажеме пример што значи да се држи Божјиот закон, љубејќи го Бога над сè и ближниот како самиот себе.“ – My Life Today, p. 232.

б. Каков став имаат многу луѓе денес покажувајќи дека не ги сакаат своите ближни? Кого тие копираат? Битие 4:9.

„Многу често се покажува дух кој е олицетворение на ставот: ‘Зар сум јас чувар на својот брат?’ ‘Да’, кажа ангелот, ‘ти си чувар на својот брат. Ти си најодговорен будно да водиш грижа за својот брат, навистина да се интересираш за неговата благосостојба, да негуваш љубезен дух кон него. Зближете се, зближете се!’ Божја намера е човекот да биде со отворено срце и искрен, природен, кроток, скромен и едноставен. Тоа се начела на небото, и тоа Бог го бара од нас. Но несреќниот човек, склон кон гревот, бара нешто друго – да го следи сопствениот пат, сето свое себично внимание да го посвети само на себе и на своите лични интереси.“ – 1 Сведоштво, 113.114.

в. Како знаеме дека таквиот став не е божествен? Римјаните 14:7.

„Секој чин од нашиот живот влијае на другите на добро или зло. Нашето влијание ги води луѓето нагоре или надолу; тие го чувствуваат, постапуваат и во помала или поголема мерка го репродуцираат на другите.“ – 2 Сведоштво, 133.
„Со нашето несвесно влијание, другите можат да бидат охрабрени и засилени, или обесхрабрени и оттурнати од Христа и од вистината.“ – Патот кон Христа, 120.

Вторник 5. јуни

3. ВИСТИНСКИОТ БЛИЖЕН ОТКРИЕН

а. Каде човекот од параболата упаднал среде крадците? Кој поминал покрај патот и го оставил полумртов? Лука 10:30-32.

„Патувајќи од Ерусалим во Ерихон, патникот морал да помине низ дел од Јудејската пустина. Патот го води низ диви, карпести клисури полни со разбојници, кои често биле сцена на насилства. Токму тука бил нападнат патникот, наполно ограбен и оставен полумртов крај патот. Додека лежел така наземи, покрај него поминал свештеник. Свештеникот го видел човекот како сиот во рани се вала во својата крв, но поминал покрај него без да му укаже каква и да е помош. Преминувајќи на другата страна на патот, едноставно си заминал. Потоа на патот се појавил Левит. Љубопитен да види што се случило, се запрел да го види ранетиот. Сфатил што би требало да стори, но задачата му се сторила неприфатлива. Посакал никогаш и да не поминал по овој пат и никогаш и да не го видел ранетиот. Сепак, се уверил себеси дека случајот не е во негова надлежност, па и тој преминал на другата страна од патот и си заминал.“ – Христовите очигледни поуки, 379.

б. Кој се смилувал на ранетиот човек и што сторил за него? Лука 10:33-35.

„И свештеникот и Левитот се фалеле со својата побожност, но само Самарјанецот покажал дека е навистина преобратен. И за него оваа должност не била ниту малку попријатна отколку за свештеникот и Левитот; но тој на дело покажал дека со сето срце живее сообразно со Божјата волја…
А сепак свештеникот и Левитот го занемариле делото што сам Господ им го доверил и му препуштиле на омразениот и презрен Самарјанец да му послужи на еден од нивните сонародници.“ – Христовите очигледни поуки, 380.381.

в. Кого законикот го признал за вистински ближен? Како тој одговорил? Лука 10:36.37.

„Законикот во дадената поука не нашол ништо што можел да критикува. Неговите предрасуди кон Христа биле отстранети. Меѓутоа, тој не успеал доволно да ги совлада своите национални предрасуди за да му оддаде признание на самото име ‘Самарјанин’.“ – Христовите очигледни поуки, 380.

Среда 6. јуни

4. СОВЛАДУВАЊЕ НА ПРЕДРАСУДИТЕ

а. Зошто законикот одговорил токму на тој начин? Каков став Евреите имале кон Самарјаните? Јован 4:9; 8:48.49.

„Евреите и Самарјаните најмногу ги делело различно сфаќање за верските прашања, особено за изгледот на вистинското богослужение. Фарисеите немале ниту еден добар збор за Самарјаните, туку ги опсипувале со најостри клевети. Нетрпеливоста меѓу Евреите и Самарјаните била толку силна што на жената Самарјанка и било чудно што Исус од неа бара вода да пие.“ – Христовите очигледни поуки, 380.381.

б. Каков пример оставил Христос служејќи им на оние кои биле од други националности? Дела 10:38. Што можеме да научиме од оваа поука? Матеј 23:8 (последен дел).

„За време на Својата земна мисија Христос почнал да го урива ѕидот на поделбата што бил подигнат меѓу Евреите и незнабошците за да може спасението да му се проповеда на целото човештво. Иако бил Евреин, Тој со задоволство се дружел со Самарјаните, отфрлајќи ги фарисејските обичаи на Евреите во врска со тој презрен народ. Спиел под нивни покрив, јадел на нивна трпеза и ги поучувал на нивните улици.“ – Делата на апостолите, 19.
„Бог не признава никаква разлика направена по националност, класа или општествен слој. Тој е Творец на целото човештво. Според создавањето сите луѓе се припадници на едно исто семејство. Христос сите ги соединил со Својот откуп.“ – Христовите очигледни поуки, 386.

в. Како подоцна учениците покажале дека ги надминале своите предрасуди кон другите народи? Дела 8:25; 17:24-27.

„Така Христос продолжувал да ги поучува Своите ученици на вистината дека во Божјото царство не постојат територијални граници, касти ниту аристократија и дека мораат да одат кај сите нации, носејќи им ја пораката за љубовта на Спасителот. Но тие дури подоцна наполно сфатиле дека Бог ‘од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта, за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас’ (Дела 17:26.27).“ – Делата на апостолите, 20.

Четврток 7. јуни

5. ДОПИРАЊЕ ДО ОНИЕ КОИ ИМААТ ПОТРЕБА

а. Што сака Исус да научиме од параболата за добриот Самарјанин? Лука 10:36.37; Римјаните 12:20.21.

„Ние можеме да го следиме Христа, можеме да тврдиме дека веруваме во секоја вистина содржана во Божјото слово, но тоа на нашите ближни не ќе им донесе никакво добро ако нашето верување не е внесено во нашиот секојдневен живот. Нашето исповедање на верата може да биде високо дури до небото, но тоа нема да нè спаси ниту нас ниту нашите ближни ако не сме христијани на дело. Вистинскиот пример ќе му донесе многу повеќе благослови на светот од сите наши зборови.“ – Христовите очигледни поуки, 383.

б. Како Тој сака да им помагаме на луѓето околу нас? Матеј 7:12; 10:8.

„Ние мораме да ги пресретнеме тагите, тешкотиите и неволјите на другите. Мораме да ја делиме радоста и грижите на угледните и презрените, на богатите и сиромасите. Христос рекол: ‘Бесплатно добивте, бесплатно давајте’ (Матеј 10:8). Насекаде околу нас среќаваме јадосани, измачени души на кои им се неопходни зборови на сочувство и корисни дела.“ – Христовите очигледни поуки, 386.
„Никаде не смееме да одминеме ниту една измачена душа и никогаш не смееме да пропуштиме да ја утешиме со утехата со која Бог нас нè утешил…
Од вашата верност во ова дело зависи не само благосостојбата на другите, туку и вашата лична вечна судбина.“ – Христовите очигледни поуки, 388.

Петок 8. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку далекусежно треба да бидеме послушни на Божјиот закон?
2. Кој е нашиот ближен? Која е нашата обврска кон него или неа?
3. Свештеникот и Левитот ја исповедале својата вера и се фалеле со неа. Што имал Самарјанинот, а што овие двајцата немале?
4. Како Исус почнал да ги руши ѕидовите на предрасудите во Негово време?
5. Ако сме вистински христијани, како ќе бараме да им помогнеме на нашитеближни?

Сподели го ова:

Слични објави