6. Изгубениот син

Сподели го ова:

6. лекција Сабота, 12. мај 2018..

Изгубениот син

„Зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде.“ – Лука 15:24.

„Љубовта на Отецот кон паднатиот човечки род е несфатлива, неопислива, неспоредлива.“ – God’s Amazing Grace, p. 79.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 198–211.

Недела 6. мај

1. ПРИВЛАЧНОСТИТЕ НА СВЕТОВНИТЕ ЗАДОВОЛСТВА

а. Иако параболите често имаат неколку намени, на која класа на луѓе конкретно се однесува параболата за изгубениот син? Лука 15:1.2.

„Во параболата за изгубениот син прикажано е Господовото постапување со оние што некогаш ја познавале љубовта на Отецот и потоа му дозволиле на искушувачот да ги зароби и да управува со нив.“ – Христовите очигледни поуки, 198.

б. Бидејќи бил искушан со световни задоволства, какво барање упатил помладиот син, а што таткото направил? Лука 15:11.12.

в. Какви биле последиците од нереалните претстави за слободата, кои ги имал помладиот син? Лука 15:13.14; Еремија 17:5.6. Што можеме да научиме од оваа приказна за себичноста?

„Без оглед на надворешниот изглед, секој живот, сосредоточен кон себе, всушност е проигран живот. Секој што се обидува да живее без Бога, ја троши главнината на животот. Ги растура драгоцените години на своето живеење, ги растура способностите на умот, на срцето и душата, работејќи сам врз својот банкрот за вечност. Човекот што се одвојува од Бога за да може да си служи себеси, станува слуга на мамонот.“ – Христовите очигледни поуки, 200.201.

Понеделник 7. мај

2. ПРАЗНИНАТА НА СВЕТОВНИТЕ ЗАДОВОЛСТВА

а. Како ситуацијата понатаму се развивала и што некогаш ситиот и добро нахранетиот син бил принуден да работи? Лука 15:15.16.

„Кога завладеал глад, западнал во скудност, па отишол да служи кај некој граѓанин на таа земја кој го пратил во поле да храни свињи. За еден Евреин тоа била најниска и најсрамна работа. Младичот, кој се фалел со својата слобода, се нашол во положба на роб. Бил врзан со најтешки синџири ‘во јажињата на своите гревови’ (Изреки 5:22). Исчезнале сјајот и блескотот што го привлекувале; ја чувствувал само тежината на своите окови.“ – Христовите очигледни поуки, 200.

б. Како резултат на неговото болно и понижувачко искуство, како изгубениот син одговорил на повикот на Светиот Дух,? Лука 15:17-19.

„Младиот човек го остава крдото свињи и лушпите од мешунките и се упатува кон својот дом. Тетеравејќи се од слабост и губејќи свест од глад, тој желно тргнува на пат. Нема наметка да ја покрие својата искината облека; но неговата беда ја совладала неговата гордост и тој брза да побара место како слуга во домот во кој некогаш бил син.“ – Христовите очигледни поуки, 202.203.

в. Каква поука ни дава Соломон откако поголемиот дел од својот живот го поминал бркајќи ја среќата во богатството и световните задоволства? Проповедник 2:4-12.17.18.

„Од сопственото горчливо искуство Соломон ја сфатил празнината на животот кој го бара највисокото добро во земските нешта. Тој им подигнувал олтари на незнабожечките богови само за да почувствува колку се залудни нивните ветувања за одмор на душата.
Во своите подоцнежни години, изморен и жеден, напуштајќи ги издупчените земски бунари, Соломон се вратил да пие од изворот на животот. Вдахнат со Духот, тој ја запишал историјата на своите упропастени години како поука и предупредување за идните генерации. И така, иако неговиот народ пожнеал тажна жетва од семето што тој го посеал, животното дело на Соломон не било сосема загубено. Училиштето на страдањата конечно и со него ја постигнало својата цел.“ – Воспитување, 153.154.

Вторник 8. мај

3. ДЕМОНСТРАЦИЈА НА ЉУБОВТА НА ТАТКОТО

а. Што изгубениот син, спроведувајќи ја својата намера во дело, сфатил додека се приближувал кон својот дом? Лука 15:20.21.

„Во својата немирна младост изгубениот син гледал на својот татко како на строг и суров. А колку сега се изменило неговото мислење!“ – Христовите очигледни поуки, 204.

б. Како таткото покажал љубови интерес, кои секогаш ги чувствувал кон својот изгубен син? Лука 15:22-24.

„Таткото не сакал да му дозволи на ниту едно презриво око да се подбива со бедата и парталите на неговиот син. Ја симнал од своите плеќи широката, прекрасна наметка и со неа го покрил истрошениот лик на својот син, додека тој со липање изговарал зборови на покајание, велејќи: ‘Татко, згрешив кон небото и пред тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син!’ Таткото цврсто го прегрнал и го вовел во домот. Не му дал можност да бара место на слуга. Тој е син, кој ќе биде почестен со најдобро што има во домот и кого слугите и слугинките ќе го почитуваат и ќе му служат.“ – Христовите очигледни поуки, 203.204.

в. Колку голема е радоста на нашиот небесен Татко кога изгубената душа му се враќа денес? Софонија 3:17. Што тогаш ќе заповеда? Захарија 3:4.5.

„Преку (планот на спасението) на грешникот му се простуваат гревовите и тој на крај ќе биде примен на небото; не како виновник кому му е простено и кој е ослободен од казната, но на кого сè уште се гледа со сомнеж и недоверба, туку таму е добредојден како родено дете и се прифаќа со целосна доверба…

Ние се спасуваме затоа што Бог нè љуби така што нè откупил со Христовата крв; и Тој не само што ни простува како на покајници и нè прима такви, туку, како Татко полн со милост и добрина, ќе нè пречека на самите небесни врата за да ни посака добредојде и да ни даде право на сето изобилство во дворовите на блаженството.“ – Коментари на библиските текстови, 857.858.

Среда 9. мај

4. ЉУБОВТА НА ОТЕЦОТ КОН ГРЕШНИКОТ

а. Каков е ставот на небесните војски кога еден грешник се враќа кај Бога? Лука 15:7.

„Човекот кој паднал треба да научи дека нашиот небесен Отец не може да биде задоволен сè додека со Својата љубов нè го загрли грешникот кој се кае и кој е преобразен благодарение на заслугите на безгрешното Божјо Јагне.“ – God’s Amazing Grace, p. 99.

б. Колку е длабока Божјата љубов кон човекот, и на што таа го наведува? Еремија 31:3; Јован 3:16; 12:32.

„Додека грешникот е уште далеку од Татковата куќа и го расфрла својот имот во туѓа земја, татковото срце копнее по него; и секој пробуден копнеж на душата да му се врати на Бога не е ништо друго туку нежен повик на Божјиот Дух, кој преколнува, усрдно моли, привлекувајќи го загубениот да му се врати на Татковото срце, полно со љубов.
Знаејќи за овие драгоцени библиски ветувања, можете ли уште да се сомневате? Можете ли да верувате дека Господ немилосрдно би го отфрлил еден грешник кој копнее да Му се врати, да ги отфрли своите гревови и покајнички да падне пред Неговите нозе? Отфрлете ги таквите мисли! Ништо повеќе не може да ѝ наштети на вашата душа од таквите сфаќања за вашиот небесен Отец, Тој го мрази гревот, но го сака грешникот, и се предал себеси во Христовата личност за сите кои сакаат, да можат да бидат спасени и да уживаат во вечното блаженство, во царството на славата.“ – Патот кон Христа, 54.

в. Како Бог сака да ја манифестираме оваа љубов во нашиот живот денес? 1 Јованово 4:20.21.

„Кога неминливата љубов како небесно начело ќе го обземе срцето, таа несопирливо се излева и на другите, не само затоа што тие ни се наклонети, туку затоа што љубовта е принцип на нашето делување, принцип кој го обликува нашиот карактер, ги контролира нагоните, ги потчинува страстите, го потиснува непријателството, ги воздигнува и облагородува чувствата. Таа љубов никогаш не се ограничува само на ‘мене и моето’, туку со својата широчина го опфаќа целиот свет, а со височината досега до небото и е во хармонија со онаа љубов која ги поттикнува ангелите. Таквата љубов, кога постојано се негува во срцето, го засладува не само нашиот живот, туку благородно влијае и на сите кои нè опкружуваат.“ – 4 Сведоштво, 223.224.

Четврток 10. мај

5. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО САМОПРАВЕДНИТЕ

а. Која била најголемата грижа на самоправедниот постар син? Лука 15:29.30. Која класа на луѓе тој ги претставува?

„Со постариот син се прикажани непокајаните Евреи во Христово време, но и фарисеите во сите времиња кои со презир ги гледаат сите што тие ги сметаат за цариници и грешници. Бидејќи не паднале во оние најдлабоки пороци, кај нив преовладувала свест за самоправедност. Христос се судрил со тие ситничари на нивна почва. Како и постариот син, и тие уживале посебни предимства пред Бога. Себеси се сметале за синови во Божјиот дом, но биле проникнати со наемнички дух. Работеле, но не од љубов, туку затоа што очекувале награда.“ – Христовите очигледни поуки, 209.

б. Каква молба таткото му упатил на постариот син? Лука 15:31.32.

„Приговорот на таткото упатен до постариот син претставува нежен повик што им го упатува небото на сите фарисеи: ‘Сè што е мое твое е!’ не како плата, туку како дар. Како и загубениот син, и вие можете да го примите само како незаслужен дар на љубовта на Отецот.
Личната праведност (самоправедност) ги наведува луѓето не само погрешно да го прикажуваат Бога, туку да имаат и студено срце и да бидат критички расположени кон своите браќа. Проникнат со себичност и љубомора, постариот син бил подготвен да го контролира својот брат, да критикува секој негов потег и да го обвини и за најмал недостаток. Бил готов да пронајде секоја негова грешка и да искористи секое негово погрешно дело. Така тој се обидува да го оправда својот непомирлив дух. И денес мнозина постапуваат како него. Додека некоја душа ги води своите први битки против вистинската поплава на искушенијата, тие стојат настрана, тврдоглави, самоволни, полни со приговори, обвинувачки расположени.“ – Христовите очигледни поуки, 209.210.

Петок 11. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква поука е дадена во параболата за изгубениот син?
2. Како животот во грев во реалноста всушност е живот на ропство?
3. Како Отецот го прима грешникот кој се враќа кај Него?
4. Како Бог го привлекува грешникот кон Себе?
5. Како можеме да бидеме како постариот син во оваа парабола?

Сподели го ова:

Слични објави