13. Во пресрет на младоженецот

Сподели го ова:

13. лекција Сабота, 30. јуни 2018.

 Во пресрет на младоженецот

 „Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата… па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете.“ – Марко 13:35.36.

„Карактерот на секој човек се открива дури кога ќе настапи криза. Кога се огласил свечениот полноќен вик: ‘Еве го младоженецот, пречекајте го!’ девојките се тргнале од својот дремеж, и тогаш се видело кој се подготвил за овој настан. Обете групи биле изненадени, но едната се подготвила, а другата останала неподготвена.“ – Христовите очигледни поуки, 412.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 405-421.

Недела 24. јуни

1. ПАРАБОЛА ЗА НАШЕТО ВРЕМЕ

а. Со кого Господ го споредува небесното царство? Матеј 25:1.2.

„Христос со Своите ученици седел на Маслинската Гора. Сонцето штотуку зашло зад планинските висови и небото веќе се наметнувало со вечерна наметка. Пред нивниот поглед се издигнувала станбена зграда, блескаво осветлена како за некоја свечена пригода. Од сите прозорци допирала светлина, а пред куќата се гледала група свечено облечени мажи и жени, нестрпливо навестувајќи дека наскоро ќе се појави свадбена поворка…
Додека го посматрал мноштвото кое го чекало младоженецот, Христос на Своите ученици им ја раскажал параболата за десетте девојки, опишувајќи го со нивното искуство искуството на црквата која ќе дејствува непосредно пред Неговото второ доаѓање.
Двете групи девојки претставуваат два вида луѓе што себеси се сметаат за чекатели на својот Господ. Библијата ги нарекува девици затоа што исповедаат чиста вера.“ – Христовите очигледни поуки, 405.406.

б. Која била разликата помеѓу мудрите и неразумните девојки? Матеј 25:3.4.

Понеделник 25. јуни

2. НЕ СПИЈАТ КАКО ОСТАНАТИТЕ

а. Што ги разбудило девојките што спиеле? Матеј 25:5.6. Како ова се повторило во искуството на Божјиот народ во 1844. година?

„Со задоцнувањето на младоженецот е прикажано истекувањето на времето кога се очекуваше Христовото доаѓање, разочарувањето и привидното одложување. Во ова време на неизвесност, површните и неутврдените почнаа да се колебаат; нивните напори попуштија. Но оние, чијашто вера се темелеше на лично познавање на Библијата, под своите нозе имаа карпа која брановите на разочарувањето не можеа да ја однесат.“ – Големата борба, 394.

б. Какво предупредувања Господ ни дава во врска со времето во кое живееме? Лука 21:36; 1 Петрово 4:7.

„Она околу што треба да се трудиме е само овој еден ден. Денес мораме да бидеме верни на својата животна определба. Денес мора да го љубиме Бога со сето срце и својот ближен како себеси. Денес мораме да се спротивставиме на искушенијата на непријателот и преку Христовата благодат да извојуваме победа. Така ќе останеме будни и ќе го чекаме Христовото доаѓање. Секој ден треба да живееме како да знаеме дека тоа ни е последен ден на оваа земја. Кога би знаеле дека Христос ќе дојде утре, зарем нема денес да бираме само љубезни зборови и несебични дела?“ – In Heavenly Places, p. 355.

в. Што можеме да направиме за да се разбудиме од сон? Римјаните 13:11-14.

„Мораме многу да се молиме ако сакаме да напредуваме во божествениот живот. Колку многу повеќе се молевте кога првпат беше објавена веста на вистината. Колку тогаш често се слушаше гласот на молитва во собата, во шталата, градината или овоштарникот. Често поминувавме цели часови во искрена молитва, по двајца или тројца, полагајќи право на ветувањето. Тогаш честопати се слушаше плачење, глас на благодарност и песни на пофалба. Денес Божјиот ден е поблиску откако кога првпат поверувавме и затоа треба да бидеме посесрдни, поревни отколку тогаш. Нашите опасности сега се поголеми од тогашните. Луѓето станаа потврди. Сега е потребно да сме проткаени со Божјиот Дух и не смееме да мируваме сè додека не го примиме.“ – 5 Сведоштво, 161.162.

Вторник 26. јуни

3. ПОТРЕБА ЗА МАСЛО

а. Што се случило кога девојките се разбудиле и отишле да ги украсат своите светилки? Матеј 25:7-9.

„Сите десет девојки излегле да го пречекаат младоженецот. Сите имале светилки и садови за масло. Извесно време не се видела никаква разлика меѓу нив. Така ќе биде и со црквата која ќе дејствува непосредно пред второто Христово доаѓање. Сите добро ќе го познаваат Светото Писмо. Сите ќе ја слушнат пораката за скорашното второ Христово доаѓање и со доверба ќе ја очекуваат неговата појава. Но, она што се случило во оваа парабола, ќе се случи и тогаш. Времето на чекање ќе се одолжи, верата ќе биде ставена на проверка, и кога ќе се слушне викот: ‘Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!’ мнозина ќе бидат неподготвени. Не ќе имаат масло во садовите за своите светилки. Ќе им недостига Светиот Дух.“ – Христовите очигледни поуки, 408.

б. Што во параболата е претставено со светилки и масло? Псалм 119:105; Захарија 4:1-6. Што значи да бидеш лишен од Светиот Дух?

„Без Божјиот Дух познавањето на неговата Реч е бесполезно. Теоријата на вистината, ако не е придружена со Светиот Дух, не може да ја оживее душата ниту да го посвети срцето. Некој може да ги знае заповедите и ветувањата на Библијата, но ако Светиот Дух не ги всади истите во срцето, неговиот карактер нема да се преобрази.“ – Христовите очигледни поуки, 408.

в. Како би ги опишале неразумните девојки денес? 2 Тимотеј 3:5; Откровение 3:17.

„Групата претставена со неразумните девојки не е лицемерна. Таа ја цени и ја брани вистината; таа е на страна на оние што веруваат во вистината, но не го прифаќа влијанието на Светиот Дух. Тие луѓе не паднале врз Карпата, врз Исуса Христа, и не и дозволиле на својата стара природа да се скрши… Тие не го познаваат Бога, не го проучуваат Неговиот карактер, не одржуваат постојана заедница со Него и затоа не знаат како да му се доверат, како да живеат гледајќи во Него. Нивната служба на Бога преминала во формализам.“ – Христовите очигледни поуки, 411.

Среда 27. јуни

4. НАОЃАЊЕ ИЗГОВОРИ ЗА НАШИТЕ НЕДОСТАТОЦИ

а. Што се случило кога неразумните девојки се одвоиле од мудрите за да купат масло за нивните светилки? Матеј 25:10.

„Десетте девојки чекаат во самото предвечерје на историјата на оваа земја. Сите тие тврдат дека се христијани. Сите го чуле повикот, сите имаат име и светилка и сите тврдат дека работат за Господа. Навистина се чини дека сите го чекаат Христовото доаѓање, но пет девојки не се подготвни! Пет од десетте девојки ќе бидат изненадени, очајно ќе утврдат дека останале надвор од салата во која се одржува свадбата.“ – Христовите очигледни поуки, 412.
„Ние не ќе можеме да се подготвиме за средба со Господа така што ќе се разбудиме кога ќе се слушне повикот: ‘Еве го младоженецот, пречекајте го!’ Не ќе можеме тогаш да побрзаме и да ги наполниме нашите празни светилки. Ние не можеме да го оддалечиме Христа од нашиот живот овде, а да се подготвиме за заедница со Него на небото.“ – Христовите очигледни поуки, 413.414.

б. Што неразумните девојки го молеле Господарот на свадбата да направи? Матеј 25:11.12.

в. Како честопати реагираме, кога ќе го изневериме Бога, наместо да ги признаеме своите гревови и грешки? Што направил Саул и каков бил одговорот на Самоил? 1 Самоилова 15:18-22.

„Немаме време да се изговараме и да ги обвинуваме другите за своите пропусти; немаме време да и ласкаме на својата душа дека би ни било полесно да ги чиниме делата Божји само кога околностите би биле поповолни. Мораме да им кажеме дури и оние кои тврдат дека веруваат во Христа, да престанат да го навредуваат Бога со своите грешни изговори.
Исус предвидел помош во случај на секаква итна потреба. Доколку одат по патеката по која ги води, Тој ќе ги порамни сите нерамни места. Тој со своето искуство ќе создаде вистинска атмосфера за душата. Тој ја затвора вратата и ја доведува душата во Божјо засолниште, така што, кога е во неволја, може да заборави сè и сешто, освен Бога. Сатаната ќе и се обраќа на душата, но разговарајте гласно со Бога и Тој ќе ги истера пеколните сенки на сатаната. Со понизно, покорно и благодарно срце тие ќе истапат, велејќи: ‘Твојата благост ме возвеличува.’“ – Manuscript Releases, vol. 12, p. 336.

Четврток 28. јуни

5. ПОВИК ЗА ДЕНЕС

а. Каков повик Бог има за нас денес? Какво ветување Тој дава заедно со повикот? Малахија 3:7 (последен дел); Исаија 44:22; 55:7.

„О, љубов, чудесна Божја љубов! И покрај сета наша млакост и гревовите, Тој вели: ‘Вратете се кај Мене и Јас ќе се вратам кај вас и ќе ги исцелам сите ваши отпади!“ – Our High Calling, p. 352.

„Оние кои сега искрено го бараат Господа и ги понизуваат своите срца пред Него и ги оставаат своите гревови, ќе бидат посветени со вистината, оспособени да се обединат со членовите на царското семејство и ќе го видат Царот во Неговата убавина.“ – This Day With God, p. 248.

б. Додека го слушаме повикот, каква порака Тој ни дава да ја му објавиме на светот? Исаија 40:9.

„Откривањето на Неговиот карактер полн со љубов е последен зрак на милосрдната светлина, последна порака на милоста што ќе му се објави на светот. Божјите деца треба да ја објават Неговата слава. Со својот живот и карактер треба да покажат што сторила Божјата благодат за нив.

Светлината на Сонцето на праведноста треба да се покаже со добри дела со зборови на вистината и со свети постапки.“ – Христовите очигледни поуки, 415.416.

Петок 29. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој е претставен со двете групи на девојки и зошто тие се наречени девојки?
2. Што можеме да сториме во ова време на чекање и стражарење, како би се подготвиле за Христовото скорешно доаѓање?
3. Кое дело Светиот Дух го врши во животот на оние кои се налик на мудрите девојки?
4. Наместо за нашите карактерни мани да ги обвинуваме околностите, што можеме да направиме наместо тоа?
5. Како Бог може да нè употреби за да му ја даде последната порака на милост на светот?

Сподели го ова:

Слични објави