9. Богатиот човек и Лазар

Сподели го ова:

9. лекција Сабота, 2. јуни 2018.

 Богатиот човек и Лазар

 „Авраам му рече: ,Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат’.“ – Лука 16:31.

„Оние што се сиромашни со световни богатства, но се надеваат на Бога и стрпливо ги поднесуваат страдањата, еден ден ќе бидат издигнати над оние кои денес заземаат највисоки положби што може да ги понуди светот, но својот живот не му го предале на Бога.“ – Христовите очигледни поуки, 260.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 260-271.

Недела 27. мај

1. СУДБИНАТА ОПРЕДЕЛЕНА ПРИ СМРТТА

а. Која парабола ја прикажува вистината дека иднината на човекот е определена при смртта, според неговиот или нејзиниот начин на живот? Објаснете ја разликата помеѓу двајцата мажи и кажете ја поуката која можеме да ја научиме? Лука 16:19-21.

„Во својата парабола за богатиот човек и за сиромавиот Лазар Христос покажува дека човекот во овој живот решава за својата вечна судбина. За време на оваа проверка Божјата милост и е понудена на секоја душа. Меѓутоа, ако луѓето ги испуштат можностите што им се даваат и наместо тоа живеат според своите желби, самите себеси се лишуваат од вечниот живот. Нема да им биде дадено никакво ново време на милост. Со својата одлука сами си создале непремостлива бездна меѓу себе и својот Бог.“ – Христовите очигледни поуки, 260.

б. Што на крајот се случило со просјакот и богатиот човек? Лука 16:22.

„Сиромавиот секој ден страдал, но поднесувал стрпливо и тивко. Со текот на времето умрел и бил погребан. Немало никој да плаче по него; но со својата стрпливост низ страдањата сведочел за Христа, го издржал тестот на својата вера, и во Библијата е опишан како е пренесен од ангелите во прегратките на Аврам.“ – Христовите очигледни поуки, 262.

Понеделник 28. мај

2. ИСПРАВУВАЊЕ НА ПОГРЕШНИТЕ ПОГЛЕДИ

а. Иако е погрешно, кое верување од страна на многуте Негови слушатели Исус го користел за да ги поучи на важните вистини? Во судбината на богатиот човек, која вистина ја прикажал Исус? Лука 16:23.24.

„Во оваа парабола Исус се сретнал со луѓето на нивна почва. Учењето за свесна состојба на човекот за време меѓу смртта и воскресението го застапувале мнозина меѓу слушателите на Христовите зборови. Спасителот ги знаел нивните верувања, па Својата парабола ја обликувал така за да им објави значајни вистини токму преку нивните вкоренети сфаќања. Тој пред Своите слушатели подигнал огледало за да се видат себеси и својот вистински однос кон Бога. Се послужил со нивните верувања за да им ја пренесе мислата што сакал да ја истакне пред сите дека луѓето не треба да се вреднуваат според нивниот имот, зашто сè што човек има го добил на заем од Господа. Злоупотребувајќи ги тие дарови, човекот себеси се спушта пониско од најсиромашните и измачените меѓу луѓето кои го љубат Бога и се надеваат на Него.“ – Христовите очигледни поуки, 263.

б. Што Библијата учи во врска со состојбата на телото и душата во моментот на смртта? Проповедник 9:5.6; Псалм 146:2-4; Јован 11:11.

„Мојот ум честопати беше мачен од залудните напори да се усогласи со наградата со вечно блаженство или пак со казнувањето на покојникот во мигот на смртта, и со несомнениот факт за идното воскресение и судот. Ако во мигот на смртта душата заминува во вечно блаженство, или во вечни маки, зошто тогаш има потреба од воскресение на ова бедно и распадливо тело.
Но, оваа нова и прекрасна вистина ми ја откри причината поради која вдахновените писатели на Библијата толку многу го истакнувале воскресението на телото – тоа е затоа што целото битие на покојникот спие во гробот. Сега јасно сфатив дека нашиот поранешен став по ова прашање, бил погрешен.“ – Life Sketches, pp. 49,50.

в. Каков бил одговорот на фигуративниот Аврам на молбата на богатиот човек? Лука 16:25.

„Што се страдањата на овој сегашен живот, во споредба со конечната, вечна слава?“ – The Signs of the Times, December 10, 1885.

Вторник 29. мај

3. МОЖНОСТА ЗАСЕКОГАШ ИЗГУБЕНА

а. Која дополнителна тешкотија е наведена од страна на Аврам во овој илустративен разговор? Лука 16:26.

„Смртта е сериозна, но животот е уште посериозен. Ние мораме да одговараме за секоја мисла, збор или дело во својот живот. Тоа што ќе го направиме од себе во времето на милоста, тоа ќе остане за цела вечност. Смртта предизвикува распаѓање на телото, но не го менува карактерот. Ниту Христовото доаѓање нема да ги промени нашите карактери, туку само ќе ги направи непроменливи за сите времиња.“ – 5 Сведоштво, 466.

б. Која загриженост, порано сосема занемарена, е изразена од страна на богатиот човек? Лука 16: 27.28. Дали Бог оставил нешто недовршено во процесот на спасувањето?

„Кога богатиот човек барал нови докази што ќе влијаат врз неговите браќа, нему јасно му е кажано дека, доколку бидат дадени и нови докази, и тие нема да ги уверат. Оваа молба всушност била неискажан приговор против Бога. Богатиот човек како да сакал да каже: Да ме предупредеше посериозно, сега не ќе бев овде! Во Својата парабола Исус кажува дека Аврам одговорил вака: Твоите браќа беа доволно предупредени; ним им беше пратена светлина, но тие не сакаа да ја видат; вистината им беше објавена, но тие не сакаа да ја слушаат!“ – Христовите очигледни поуки, 264.265.
„Кога Бог го дал Христа на овој свет, во тој единствен дар го дал целото богатство на небото. Ништо не задржал. Тој не може да стори повеќе од она што веќе сторил како би ги навел луѓето на покајание. Тој нема никакви резервни средства за нивното спасение.“ – The Review and Herald, September 17, 1901.

в. Што треба да нè отрезни додека ја гледаме состојбата во денешниот свет? Јаков 4:4; 2 Коринтјаните 6:2.

„Бог… ги трпи луѓето сè додека не биде исцрпен и последниот ресурс кој би ги навел на покајание. Но, Неговото трпение сепак има граници.“ – The Review and Herald, September 17, 1901.
„Дојди сега, додека уште се продолжува милоста, дојди со покајничка душа и Бог со радост ќе ти прости. Не се осмелувај да пропуштиш уште една прилика.“ – 5 Сведоштво, 353.

Среда 30. мај

4. БРОЈНИТЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ЗАНЕМАРЕНИ

а. Кое сведоштво еврејскиот народ најпрвин го отфрлил, а кои понатамошни докази Исус рекол дека ќе ги игнорира? Лука 16:29-31; Јован 5:46.47.

„’Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат’ (Лука 16:31). Овие зборови ја покажале својата веродостојност во историјата на еврејскиот народ. Христово последно и завршно чудо било воскреснувањето на Лазара од Витанија од мртвите кој веќе четири дена лежел мртов. На Евреите им бил даден овој прекрасен доказ за божеството на Спасителот, но тие го одбиле. Лазар воскреснал од мртвите и им дал сведоштво, но тие ги стврднале своите срца за секој доказ, па дури се обиделе да го убијат (Јован 12:9-11).“ – Христовите очигледни поуки, 265.

б. Кои духовни благослови им биле дадени на Евреите? Римјаните 9:3-5. За каква злоупотреба на тие дарови мнозина од нив биле виновни? Лука 12:21.

„Додека Христос го изнесувал примерот за богаташот и за Лазара, многу припадници на еврејскиот народ се наоѓале во истата жалосна положба на богаташот кој Господовите дарови ги користел за да ги задоволи своите себични желби и кој се подготвувал да ја чуе пресудата: ‘Измерен си на кантар и се најде многу лесен’ (Даниел 5,27). Богаташот ги уживал сите материјални и духовни благослови, но одбил да соработува со Бога, да служи со тие благослови.“ – Христовите очигледни поуки, 267.

в. Како и ние можеме да бидеме во опасност да ја направиме истата грешка? Изреки 14:31; Захарија 7:10.

„Ако Бог ни дава многу земни добра, тоа не го прави за себично да ги зачуваме, или да копнееме за уште поголема добивка, туку доброволно да им даваме на оние кои не се толку богато благословени. Ништо толку не ја освежува душата како радосното и доброволно давање на благословите со кои Бог нè дарувал. Чувството дека на овој начин е сторено добро и свеста дека Божјите благослови се совесно употребени ја оживуваат душата.“ – The Review and Herald, May 27, 1902.
„Истиот пожртвуван дух, кој ја платил цената за нашиот откуп, треба да живее во срцата на сите што стануваат учесници во тој небесен дар.“ – Lift Him Up, p. 278.

Четврток 31. мај

5. ОПАНОСТ ОД САМОДОВЕРБА

а. Каква самодоверба била одлика на избраниот Божји народ во Исусовото време? Јован 8:33. Кога го разбрале Неговото предупредување?

„Кога над Ерусалим се надвила катастрофа, кога народот го зафатиле глад и разновидни страдања, сите си спомнале за овие Христови зборови и ја разбрале Неговата парабола. Занемарувајќи ја својата должност со од Бога дадената светлина да го осветлат цел свет, сами ги навлекле на себе страдањата што ги снашле.“ – Христовите очигледни поуки, 269.

б. Која слична измама ги засега и лаодикијците? Откровение 3:16.17.

„Денес во нашиот свет постојат луѓе кои се задоволни со својата праведност. Тие не се ненаситници, не се пијаници, не се ниту неверници, но тие само сакаат да живеат за себе, а не за Бога. Бог не е во нивните мисли и затоа се класифицирани меѓу неверниците. Кога би им било овозможено да влезат низ вратата на Божјиот град, тие не би имале право над дрвото на животот, зашто кога им биле претставени Божјите заповеди со нивните обврзувачки барања тие одговориле: ‘Не’. Тие не му служеле на Бога овде; затоа нема да му служат на Бога ниту во вечноста. Тие не би можеле да живеат во Негово присуство. Би чувствувале дека секое место би им било подобро отколку небото.
Да се научиме од Христа значи да ја примиме Неговата милост, која е суштина на Неговиот карактер. Меѓутоа, оние кои не ги ценат и не ги користат драгоцените можности и светите влијанија што им се понудени на земјата, не се способни да го слават Бога на небесата.“ – Христовите очигледни поуки, 270.271

Петок 1. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што можеме да научиме од оваа парабола за животот на двајцата мажи?
2. Како одговорот на Аврам го открил проблемот на богатиот човек?
3. Што подразбирало барањето на богатиот човек во поглед на неговите  браќа?
4. Што оваа парабола учи за сегашните можности?
5. Самоправедните членови на цркавата не се неверници. Зошто тогаш се класифицирани со неверниците?

Сподели го ова:

Слични објави