8. Без свадбена облека

Сподели го ова:

8. лекција Сабота, 26. мај 2018.

 Без свадбена облека

 „Па му рече: ,Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше.“ – Матеј 22:12.

„Од Христовата парабола за свадбената облека може да се извлече мошне значајна поука. Со свадбата е претставено соединувањето на човечкото со божественото; свадбената облека го претставува карактерот без кој никој не може да биде примен на свадбената вечера.“ – Христовите очигледни поуки, 307.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 307-319.

Недела 20. мај

1. ПОКАНЕТИ НА ЦАРСКАТА СВАДБА

а. Во параболата за свадбената облека, со чиј авторитет е испратена поканата? Каков бил одговорот? Матеј 22:2.3.

б. Како на царската покана е одговорено по втор пат? Матеј 22:4-6.

„Како и во параболата (за свадбената облека), како и во онаа за големата вечера, Христос и овде го опишува евангелскиот повик, неговото одбивање од страна на еврејскиот народ и повикот на милоста упатен до многубошците. Меѓутоа, Тој истакнува дека гостите, одбивајќи го повикот, му нанеле уште подлабока навреда на домаќинот на гозбата и доживеале уште пострашна казна. Овој пат повикот за гозба дошол директно од владетелот. Дошол од Оној кој имал власт да заповеда. Повикот претставувал голема чест. Меѓутоа, гостите таа чест не ја ценеле. Го потцениле и царскиот авторитет.“ – Христовите очигледни поуки, 307.

в. Што наредил царот да се направи со оние кои ја презреле Неговата покана? Матеј 22:7.

Понеделник 21. мај

2. БАРАЊЕ НА ГОСТИ

а. Кој потоа бил поканет на свадбената свеченост? Матеј 22:8-10. Што ни зборува овој апел за оние што го прифатиле евангелскиот повик? Матеј 7:21; Јаков 1:22; Јован 3:5.

„Групата која прва била повикана не можела себеси да си дозволи, или барем така си мислела, да жртвува некои световни предимства за да присуствува на царевата гозба. Меѓу оние што го прифатиле повикот имало и такви кои мислеле само на лични добивки. Дошле да ги уживаат предимствата на гоштавањето, но немале никаква желба да му укажат чест на царот.“ – Христовите очигледни поуки, 309.
„Не смее да нè погодува фактот дека во црквата се собираат и добрите и злите. Јуда бил вброен меѓу учениците. Тој ги имал сите предности кои еден човек може да ги има; но иако ја слушнал вистината и јасно откриените начела, Христос знаел дека тој не ја примил вистината. Тој не се хранел со вистината; таа не станала дел од него. Неговите стари навики постојано се истакнувале. Но Христос не се служел со насилни средства за да го одвои Јуда од учениците.
Доаѓа време кога ќе се покажат оние кои се приклучиле кон црквата, но не и кон Христа.“ – The Review and Herald, February 7, 1899.

б. Што се случило кога царот дошол на гозбата да ги види гостите? Матеј 22:11.

„За секој гостин на свадбата била подготвена свадбена облека. Таа облека била царев подарок. Носејќи ја неа, гостите покажувале почит кон домаќинот на гозбата. Меѓутоа, еден човек сепак ја задржал својата обична граѓанска облека. Ја игнорирал подготовката што ја барал царот. Со презир одбил да ја облече скапоцената облека, со што го навредил својот господар.“ – Христовите очигледни поуки, 309.

в. Што му рекол царот на човекот кој дошол без свадбена облека? Матеј 22:12-14.

„Мнозина кои го слушнале повикот на милоста се искушуваат и проверуваат, но малкумина од нив ќе бидат запечатени со печатот на живиот Бог. Малкумина се оние кои се подготвени да се понизат како мали деца, за да можат да влезат во небесното царство.“ – 5 Сведоштво, 50.

Вторник 22. мај

3. ДЕЛОТО НА ИСПИТУВАЊЕ

а. Што е претставено со испитување на гостите? Даниел 7:9.10.

„Царевото испитување на гостите на гозбата ја претставува работата на судот. Гостите на евангелската гозба се оние што тврдат дека му служат на Бога, оние чиишто имиња се запишани во книгата на животот. Меѓутоа, не сите што тврдат дека се христијани навистина и се искрени Христови ученици. Пред да се подели конечната награда, ќе мора да се реши кој е достоен да го добие наследството на праведните. Оваа одлука мора да се донесе пред второто Христово доаѓање на небесните облаци, зашто, кога Тој ќе дојде, Неговата награда ќе биде со Него, да му даде секому ‘според неговите дела’ (Откровение 22,12). Според тоа, ќе мора да се испита карактерот на секој човек, и на секој Христов следбеник ќе му се определи награда сообразно со неговите дела.“ – Христовите очигледни поуки, 310.

б. Бидејќи оваа парабола јасно се однесува на истражниот суд кој е во тек, што е претставено со поканата на царот? Откровение 3:20.21. Што мнозина говорат со своите постапки? Откровение 3:17.

„Човекот што дошол на гозбата без свадбена облека претставува мнозина кои денес живеат на светот. Тие изјавуваат дека се христијани, полагаат право на благословите и на предимствата на евангелието, но не чувствуваат потреба да го преобразат својот карактер. Никогаш не се покајале вистински поради своите гревови. Тие не ја сфаќаат својата потреба од Христа ниту пак имаат вера во Него. Никогаш не успеале да ги совладаат своите наследени или стекнати склоности кон злото. А сепак мислат дека сами по себе се доволно добри, се потпираат врз своите заслуги наместо врз Христа. Тие се само слушатели на Речта; доаѓаат на гозбата, но не сакаат да ја облечат на себе облеката на Христовата праведност.“ – Христовите очигледни поуки, 315.
„Секоја опомена, укор, и молба изнесена во Божјата реч или преку Неговите гласници претставува чукање на вратата на срцето. Тоа е Исусовиот глас кој бара да влезе. Со секое тропање на кое не се одговара, подготвеноста да се отвори вратата е сѐ помала. Ако денес го запоставиме делувањето на Светиот Дух, утре нема да биде толку силно. Срцето станува помалку приемчиво, запаѓа во опасна несвесност за краткиот век на животот и за големата вечност потоа.“ – Копнежот на вековите, 489.490.

Среда 23. мај

4. ПОСЕДУВАЊЕ НА НЕБЕСНА ОБЛЕКА

а. Што ја сочинува свадбената облека која сите мораат да ја имаат ако сакаат да учествуваат во свадбената гозба во небото? Откровение 19:7.8.

„Со свадбената облека е претставен непорочниот, пречист карактер што ќе го имаат сите вистински Христови следбеници… Всушност, тоа е Христовата праведност, Неговиот неизвалкан карактер, кој со вера им се дава на сите што ќе Го примат како свој Спасител…
Таа облека, исткаена на небесниот разбој, нема во себе ниту една нишка на човечка заслуга. Христос во човечка лика изградил совршен карактер и истиот карактер Тој ни го нуди и нам.“ – Христовите очигледни поуки, 310.311.

б. Како да добиеме праведен карактер? Исаија 55:1; Матеј 5:6.

„Кога душата го прифаќа Христа, добива сила да живее Христов живот.“ – Христовите очигледни поуки, 314.
„Оваа правда не се добива со мачни напори, заморна работа, со дарови или жртви, туку таа претставува доброволен дар на секоја гладна и жедна душа.“ – Мисли од гората, 18.

в. Што вклучува праведноста? 1 Јованово 3:7.24; Јован 15:5.

„Праведноста значи праведно постапување, зашто секому ќе му биде судено според неговите дела. Нашиот карактер се открива преку она што го правиме. Делата покажуваат дали нашата вера е искрена…
Ние можеме да веруваме дека Исусовото име е единствено име под небото со кое можеме да се спасиме, но тоа не мора да значи дека сме го прифатиле со вера како свој Спасител. Не е доволно да се верува во теоријата на вистината. Не е доволно да ја искажеме со зборови нашата вера во Христа и да го запишеме нашето име во црковните книги. ‘И оној, што ги чува заповедите Негови, пребива во Него, и Тој – во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Духот што ни Го дал.’ ‘По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди’ (1. Јованово 3:24; 2:3). Тоа е доказ за вистинското преобраќање. Независно од тоа што исповедаме, ништо не вреди сè додека во нас не се покаже Христос во нашите дела на праведноста.“ – Христовите очигледни поуки, 312.313.

Четврток 24. мај

5. БЛАГОСЛОВЕНО ИСКУСТВО

а. Опиши го славното искуство на оние што ја прифаќаат Христовата понуда, како што е запишано во Откровение 3:18. Откровение 19:8.9.

„Искушаните и верни деца добиваат чисти облеки на Христовата праведност. Презрениот остаток ќе биде облечен во прекрасна облека која расипаноста на светот нема да може никогаш да ја извалка. Нивните имиња остануваат во книгата на животот на Јагнето, покрај имињата на верните во сите векови… 

Тоа се оние кои што стојат на гората Сион со Јагнето, и на чие чело е напишано името на Отецот. Тие пеат нова песна пред престолот, песна која никој не може да ја научи освен оние 144. 000 илјади кои се откупени од земјата.“ – Пророци и цареви, 591.

б. Кое Христово искуство, додека бил на оваа земја, можеме да го имаме и ние денес? Псалм 40:8; Јован 15:10.

„Со својата совршена послушност Христос на секое човечко суштество му овозможил да ги слуша Божјите заповеди. Кога ќе му се покориме на Христа, срцето се соединува со неговото срце, волјата се слева со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите му се покоруваат Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи дека сме облечени во облеката на Неговата праведност.“ – Христовите очигледни поуки, 312.

Петок 25. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можеме да го почитуваме нашиот Цар додека нè повикува да ја обединиме нашата човечка природа со Неговата божествена природа?
2. Како и ние понекогаш сме како оние кои ја прифатиле поканата на царот, но од погрешни побуди?
3. Како Исус тропа на вратата од срцето и што Тој сака?
4. Што е претставено со свадбената облека и како можеме да знаеме дали ја носиме?
5. Што значи да се биде облечен во Христовата правда?

Сподели го ова:

Слични објави