11. Кога да се прости?

Сподели го ова:

11. лекција Сабота, 16. јуни 2018.

 Кога да се прости?

„Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“ – Матеј, 6:15.

„Ништо не може да го оправда непомирливиот дух. Оној кој е немилосрден кон другите, покажува дека ни самиот нема дел во Божјата милост која ги проштава гревовите. Божественото проштавање ја привлекува душата на заталканиот кон големото срце на бесконечната љубов. Во душата на грешникот се влива река на божествено сожалување, а од неа истата се влива во душите на другите.“ – Христовите очигледни поуки, 251.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 243–251.

Недела 10. јуни

1. МОРАМЕ ДА БИДЕМЕ ТРПЕЛИВИ

а. Која поука Христос се обидел да му ја даде на Петар во врска со неговото сфаќање за простувањето? Матеј 18:21.22.

„Рабините сметале дека можат да простат три престапи. Претпоставувајќи дека го применува Христовото учење, Петар решил бројот да го зголеми на седум, до бројот што означува совршенство. Христос бара никогаш да не се умориме од проштавање.“ – Христовите очигледни поуки, 243.

б. Како треба да се однесуваме кон оние кои нè повредиле? Зошто? Лука 17:3; Галатјаните 6:1.

„Мошне често, кога сторените зла се повторуваат неколку пати, а сторителот секојпат ја признава својата грешка, повредениот станува уморен и мисли дека веќе доволно проштевал…
Ако твоите браќа грешат, ти треба да им простиш… немој да кажеш… мислам дека нивното признание не е искрено. Од каде ти е правото да им судиш кога не си во состојба да ги читаш срцата?… И не само седумпати, туку седумдесет пати по седум токму онолку често колку што ти проштева Бог тебе.“ – Христовите очигледни поуки, 249.250.

Понеделник 11. јуни

2. ГОЛЕМ ДОЛГ НИ Е ПРОСТЕН

а. Во параболата за должниците, каква судбина го чекала слугата кој на својот цар многу му должел? Матеј 18:23-25.

б. Како царот одговорил на молбата на слугата за милост? Матеј 18:26.27.

„Проштевањето што го доделил царот го претставува божественото проштевање на гревот. Христос е претставен со царот кој, поттикнат од сожалување, му го простува долгот на својот слуга. На тој човек му се заканувала казна што ја пропишувал прекршениот закон. Тој не можел сам да се избави и токму затоа Христос и дошол на овој свет, ја наметнал Својата божествена природа со човечка и го дал Својот живот – Праведник за неправедници. Се дал Себеси за нашите гревови и затоа на секоја душа бесплатно и го нуди со крв стекнатото простување. ‘Зашто милоста е во Господ и голем е откупот во Него’ (Псалм 130:7).“ – Христовите очигледни поуки, 244.245.

в. Бидејќи добивме од Христа изобилно простување за нашите сопствени гревови, под каква обврска нè става ова помилување? 1 Јованово 4:11; Матеј 10:8.

„Нема гревови кои (Бог) нема да ги прости во и преку Господ Исус Христос. Ова е единствената надеж на грешникот, и ако тој со искрена вера се потпира на неа, тој може да биде сигурен во помилувањето кое е целосно и бесплатно. Има само еден канал кој е достапен за сите; и преку тој канал, богато и изобилно простување ја чека покајната, понизна душа, а најмрачните гревови биваат простени.“ – The Faith I Live By, p. 102.
„За сè ние и должиме на Божјата обилна милост. Милоста во заветот нас нè посинила. Милоста на нашиот Спасител ни овозможила откуп, обнова и издигнување до ранг на сонаследници со Христа. Да им ја откриеме силата на таа милост и на другите.“ – Христовите очигледни поуки, 250.
„Ништо не може да го оправда непомирливиот дух. Оној кој е немилосрден кон другите, покажува дека ни самиот нема дел во Божјата милост која ги простува гревовите. Божественото простување ја привлекува душата на заталканиот кон големото срце на бесконечната љубов. Во душата на грешникот се влива река на божествено сожалување, а од неа истата се влива во душите на другите.“ – Христовите очигледни поуки, 251.

Вторник 12. јуни

3. НЕГУВАЊЕ НА ДУХ НА НЕПРОСТУВАЊЕ

а. Како слугата на кого му бил простен голем долг се однесувал кон еден од неговите другари кој му должел мал износ? Матеј 18:28-30.

„Кога должникот од параболата барал да му се одложи плаќањето на долгот и кога ветил: ‘Имај трпение кон мене и се ќе ти исплатам!’ казната била повлечена. Целиот долг бил избришан и набргу добил можност да го следи примерот на својот господар кој му простил. Напуштајќи ја палатата, сретнал еден свој пријател, исто така слуга, кој му должел мал износ. Нему му биле простени десет илјади таланти; овој должник нему му должел само стотина денарии. Меѓутоа, човекот кон кого се постапило толку милостиво, кон својот соработник се однесувал на сосема поинаков начин. Неговиот должник му упатил молба наполно слична на онаа што самиот тој му ја упатил на царот, но без сличен резултат. Истиот човек, кој пред толку кратко време добил прошка, немал ниту нежност ниту сожалување. Милоста што му била укажана нему не се покажала во неговото постапување кон другарот во неволја.“ – Христовите очигледни поуки, 245.

б. Што направил царот кога слушнал за оваа немилосрдна постапка? Матеј 18:31-34. На каква поука нè учи оваа парабола?

„Оној што одбива да прости, отфрла секоја надеж дека и самиот ќе добие прошка.“ – Христовите очигледни поуки, 247.

в. Каков пример на простување ни оставил Христос во Својот живот? 1 Петрово 2:23; Лука 23:34. Како ние често не успеваме во овој поглед?

„Нам ни е потребна Христовата љубов за да не негуваме дух на непростување. Не треба да мислиме дека имаме право да го скратиме своето простување сè додека оние што ни сториле неправда не ја признаат својата вина. Ние не треба да акумулираме горчина и со неа да го полниме нашето срце, додека оној што го сметаме за виновен не го понизи своето срце со признавање и покајание… Колку грубо и да нè повредиле, не смееме да негуваме горчина ниту да се сожалуваме себеси, но како што се надеваме дека ќе ни бидат простени престапите кои сме му ги нанеле на Бога, и ние мора им простиме на оние кои нам ни направиле зло.“ – Sons and Daughters of God, p. 144.

Среда 13. јуни

4. УСЛОВ ЗА ПРОШКА

а. Кое начело на простување Исус го изнел во молитвата која им ја оставил на Своите ученици? Матеј 6:12.14.15. На кој начин единствено е можно вистински да ја молиме оваа молитва?

„Овде е поставен голем благослов, но под одреден услов. Ние самите го поставивме тој услов. Ние самите баравме Божјата милост кон нас да се одмерува сразмерно на милоста која сме подготвени да им ја укажеме на своите ближни. Христос изјавува дека тоа ќе биде прифатено како правило според кое Господ ќе постапува со нас: ‘Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите’ (Матеј 6:14.15). Прекрасни услови! Но колку малку се тие разбрани или почитувани?! Еден од најчестите гревови, и грев на кого му се поклонуваме со најштетни последици, претставува негувањето на непомирлив дух. Колкумина од нив негуваат непријателство или освета и потоа доаѓаат и се клањаат пред Бога барајќи да им биде простено онака како тие им простуваат на другите! Сигурна сум дека воопшто не го сфаќаат вистинското значење на својата молитва, бидејќи инаку не би се осмелиле да ја кажат со своите усни. Ние секој ден и секој час зависиме од Божјата милост и простување; како тогаш можеме да негуваме огорченост или злоба кон оние кои се грешници како и ние?“ – God’s Amazing Grace, p. 328.

б. Што можеме да очекуваме ако кон другите пројавуваме дух на непростување, и зошто? Матеј 6:15; 18:34.35.

„Нам не ни е простено затоа што простуваме, туку додека простуваме. Темелот на сето простување се наоѓа во незаслужената Божја љубов, а ние со нашето однесување кон другите покажуваме дали таа љубов станала и наша. Затоа Христос и кажува: ‘Зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери’ (Матеј 7:2).“ – Христовите очигледни поуки, 251.

в. Како можеме да им покажеме на другите вистинско простување? Ефесјаните 4:32.

„Нека нежноста и милоста кои Исус ги открил во Својот драгоцен живот ни бидат пример како и ние да постапуваме со нашите ближни.“ – My Life Today, p. 235.

Четврток 14. јуни

5. ЉУБОВТА НÈ ПОТТИКНУВА НА ПРОСТУВАЊЕ

а. Каква размена Христос направил за нас? 1 Петрово 3:18.

„Кон Христа се постапувало онака, како што ние заслужуваме да се постапува кон нас, за со нас да се постапува онака, како што заслужува Тој. Тој бил осуден заради нашите гревови во кои немал никаков удел, за ние да се оправдаме со Неговата праведност, во која не сме имале никаков удел. Се согласил на смрт, која ни припаѓала нам, за ние да примиме живот што бил Негов. ‘Со Неговите рани ние се исцеливме.’“ – Копнежот на вековите, 25.

б. Што Тој бара за возврат да Му дадеме? Јован 13:34.

„Често ви беше потребна прошка од Исуса. Постојано зависевте од Неговото проштевање и љубов. И покрај сето тоа, дали не пропуштивте кон другите да го покажете оној дух што Христос го покажал кон вас? Дали се чувствувате должни кон оној што тргнал по забранетата патека? Дали плачевте заради него и дали се молевте за него и со него? Дали со нежни зборови и љубезни постапки му покажавте дека го сакате и дека сакате да го спасите?“ – 5 Сведоштво, 610.

Петок 15. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каков треба да биде нашиот став кога нашиот брат или сестра ќе нè повредат неколку пати, а потоа велат дека им е жал? Зошто?
2. Што мораме да научиме да трпиме кај другите? Ако не можеме да ги трпиме своите браќа и сестри, што значи тоа за нас?
3. Ако оние кои нè повредиле не го признаат она што го направиле, што треба да правиме? Зошто?
4. Што ни недостига кога не можеме да им простиме на другите?
5. Како можеме да покажеме сочувство и Христово простување кон оние коизалутале?

Сподели го ова:

Слични објави