3. Избавување од Египет

Сподели го ова:

3. лекција                      Сабота, 20. април 2019.

 Избавување од Египет

 „Со вера тој го напушти Египет не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној Кој не се гледаше, како да Го гледа.“ – Евреите 11:27.

„Евреите очекувале дека ќе бидат ослободени од ропството без некои особени страдања или искушувања на нивната вера. Многумина од нив биле подготвени да го напуштат Египет, но не сите. Навиките на некои од нив станале толку слични на навиките на Египќаните така што помило им било да останат со нив.“ – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 196.
„Задачата на Мојсеј би била многу полесна доколку некои од Евреите не се изопачиле, не сакајќи да го напуштат Египет. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 202.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 247-251, 273-280.

Недела 14. април

1. ЈОСИФОВОТО ПРОРОШТВО

а. Што пророкувал Јосиф пред својата смрт за своите браќа? Каква заклетва барал од нив? Создавање 50:25,26.

„Последните два цара кои седеле на египетскиот престол применувале тирански мерки и сурово се однесувале кон Евреите. Израелските старешини се труделе да ја подигнат ослабената вера на Израелците, повикувајќи се на ветувањето кое му е дадено на Аврам, и на пророчките зборови кои ги изговорил Јосиф непосредно пред својата смрт, претскажувајќи го нивното избавување од Египет.“ – The Story of Redemption, p. 113.

б. Како се исполнило ова пророштво? Излез 13:18,19.

„При напуштањето на Египет, Израелците не ги заборавиле коските на Јосифа кои, како драгоцено завештание толку долго чекале да се исполни Божјото ветување, и за време на мрачните години на израелското робување го потсетувале народот на ослободувањето.“ – Патријарси и пророци, 282.

Понеделник 15. април

2. БОЖЈИОТ МЕТОД НА ИЗБАВУВАЊЕ

а. Што се случило кога Мојсеј се обидел со своја сила да ги избави Израелците од Египет? Излез 2:11-15. Зошто Бог го дозволил ова?

„Решавајќи да го убие Египќанецот, Мојсеј паднал во истата заблуда во која толку често запаѓале и неговите предци го презел во свои раце она што, според ветувањето, требало Бог да го стори. Не била Божја волја неговиот народ да се ослободува со војна, како што замислувал Мојсеј, туку со Божја сила, така што славата да му припадне единствено нему. Па сепак, и таа предвремена постапка Бог ја искористил за да ја оствари својата намера. Мојсеј уште не бил приготвен за големото дело што го очекувало. И тој требало уште да ја учи лекцијата на верата што во свое време морале да ја учат и Аврам и Јаков за исполнувањето на Божјите ветувања да не се потпира врз човечка сила и мудрост, туку само врз Божјата сила.“ – Патријарси и пророци, 247.

б. Кога Мојсеј се вратил заедно со Арон во Египет, тие прво ги собрале израелските старешини да им го откријат Божјиот план за избавување на Израелците од Египет. Каква била реакцијата на старешините? Излез 4:29-31.

в. Откако нивните товари се зголемиле, и не гледајќи знаци на избавување, каков бил ставот на израелските деца? Излез 5:19-21; 6:9. Зошто Бог го одложил нивното избавување?

„Евреите очекувале да бидат ослободени без никакво посебно испитување на нивната вера или без какви и да е страдања и тешкотии. Но тие уште не биле подготвени за ослободување. Нивната вера во Бога била слаба и тие не биле готови стрпливо да ги поднесуваат своите неволји сѐ додека Бог не види дека се оспособиле за делото што ги очекува. Мнозина од нив побргу би се согласиле да останат во ропство, отколку да се изложат на тешкотиите поврзани со преселбата во една непозната земја; а и обичаите на многу Израелци веќе биле толку слични на обичаите на Египќаните, што повеќе сакале да останат во Египет. Затоа Господ не ги ослободил веднаш кога првпат ја покажал својата сила пред фараонот. Тој така ги водел настаните, за египетскиот цар да може во целост да го покаже својот тирански дух, а самиот Тој поцелосно да му се открие на својот народ. Кога ќе ја видат неговата правда, неговата моќ и љубов, тогаш ќе решат да го напуштат Египет и да и се посветат на неговата служба.“ – Патријарси и пророци, 260.

Вторник 16. април

3. СПОМЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО

а. Какво било значењето на Пасхата? Излез 12:21-27.

„Празнувањето на Пасха почнало со раѓањето на еврејската нација. Последната ноќ од нивното ропство во Египет, кога изгледало дека нема никаков знак дека ослободувањето е на повидок, Бог им наредил да се подготват за непосредно ослободување. Тој го предупредил фараонот за конечната казна, која ќе се излее на Египќаните и им наредил на сите Евреи да ги соберат семејствата во своите домови. Откако ги испрскале довратниците со крвта на закланото јагне, истото требало да го изедат, печено, со пресен леб и горчливи Билки. ‘А јадете го вака’, рекол Тој, ‘опашани, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина; тоа е Господова Пасха.’ (Излез 12:11) На полноќ биле погубени сите првенци на Египќаните. Тогаш царот му испратил порака на Израел: ‘Станете и одете си од мојот народ… Одете! Послужете му на Господа, како што велевте.’ (Излез 12:31) Евреите излегле од Египет како независна нација. Господ наредил Пасха да се празнува секоја година. ‘И ќе дојде време,’ рекол Тој, „кога ќе ве прашаат вашите деца: ‘Што ви значи овој обред?’ одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој ги заобиколи куќите на Израелците, кога ги убиваше Египќаните.’ Така од поколение во поколение требало да се повторува историјата за чудесното избавување.“ – Копнежот на вековите, 76,77.

б. На што Пасхата требало да ги потсетува? Излез 13:3,9,10.

„Кога ги ослободил од Египет, Бог настојувал да им ја открие својата моќ и милост за да ги одоброволи да го љубат и да имаат доверба во него. Ги довел до бреговите на Црвеното Море каде што не било можно да побегнат од Египќаните кои им биле зад петиците за да сфатат колку се беспомошни и колку им е неопходна божествената помош. А тогаш се погрижил да ги ослободи од Египќаните кои ги гонеле. Така биле исполнети со љубов и со благодарност кон Бога и се здобиле со доверба во неговата моќ која им помагала. Тој ги врзал за себе како Ослободител од поминливото (египетско) ропство.“ – Патријарси и пророци, 371.
„Бог планирал со откривањето на Својата моќ да ја зајакне верата кај Својот народ, така што и нивното потомство истрајно да го слави само Оној кој направил такви милостиви чуда за нив.“ – The Story of Redemption, p. 115.

Среда 17. април

4. ИСУС, НАША ПАСХА

а. Што го привлекло вниманието на Исус, кога како дванаесет-годишно момче го посетил храмот? Лука 2:41,42,46,47. Што тогаш сфатил?

„Исус за првпат го набљудувал храмот. Видел како свештениците во бели облеки ја вршат својата свечена служба. Ја видел со крв облеаната жртва на олтарот. Тој се наведнал во молитва со останатите поклоници, додека мирисот на темјан се издигнувал кон Бога. Тој бил сведок на импресивните церемонии на пасхалната служба. Од ден на ден сѐ појасно ја сфаќал нивната смисла. Изгледало дека секој чин е поврзан со Неговиот живот. Во Него се буделе нови стремежи. Тивок и замислен, изгледало дека проучува некој голем проблем. Пред Спасителот се отворала тајната на Неговата мисија.“ – Копнежот на вековите, 78.

б. На кој начин Исусовата жртва е поврзана со Пасхата? 1. Коринтјаните 5:7; Исаија 53:7; Јован 1:29.

„Пасхата потсетувала на избавувањето на израелските деца во минатото, но исто така била и симболична, укажувајќи однапред на Христа, Божјото Јагне, заклано за откуп на паднатиот човек. Крвта која била прскана по вратата бил претслика на Христовата искупувачка крв, како и на постојаната зависност на грешниот човек на заслугите на таа крв заради сигурност од силите на сатаната, и за конечно откупување… Пасхата била празнувана во чест на избавувањето на израелските деца од Египет. Типот го нашол исполнувањето во антитипот кога Христос, Јагнето Божјо без мана, умрел на крстот.“ – The Spirit of Prophecy, vol.1, p. 201.
„Четиринаесеттиот ден тој месец навечер празнувана е Пасха, чијашто свечена и убедлива церемонија го овековечила споменот на ослободувањето од ропство во Египет и однапред укажувала на жртвата што требало да ги ослободи од робувањето на гревот. Кога Спасителот го жртвувал својот живот на Голгота, значењето на Пасха се загубило, а воведен е обредот Вечера Господова како спомен на истиот оној настан на кој симболично укажувала Пасха.“ – Патријарси и пророци, 539.
„Мојсеј бил претслика на Христа, кој ќе дојде да ја скрши власта на гревот над човечкиот род и да ги избави оние кои биле робови на неговата сила.“ – The Signs of the Times, November 6, 1884.

Четврток 18. април

5. ЗНАКОТ НА НАШЕТО ИЗБАВУВАЊЕ ДЕНЕС

а. На што саботата ги потсетувала децата на Израел? Повторени закони 5:15.

б. На кој начин саботата е исто така знак на ослободување од гревот? Излез 31:13; Езекиел 20:12.

„Како што саботата била знак според кој се распознавале Израелците кога излегле од Египет за да влезат во небесниот Ханан, така таа и е денес знак по кој се распознава Божјиот народ кој излегува од овој свет за да влезе во небесната почивка. Саботата е знак на сродство кое постои помеѓу Бога и Неговиот народ, знак дека тој народ го почитува Неговиот закон. Таа прави разлика помеѓу Неговите верни поданици и престапниците…

Саботата која му е дадена на светот како знак на Бога во својство на Творец, исто така е дадена и како Негов знак во својство на Посветител. Силата која создала сè е истата сила која повторно ја создава душата според Неговиот лик. Саботата е знак на посветеност за оние што ја празнуваат. Вистинската посветеност значи хармонија со Бога, единство со Него по карактерот. Тоа се постигнува по пат на потчинување на оние начела кои се препис на Неговиот карактер. Саботата е знак на послушност. Оној кој од срце се покорува на четвртата заповед ќе се покорува на целиот закон. Тој е посветен преку послушност.“ – 6. Сведоштво, 349,350.

Петок 19. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква надеж Јосиф им дал на Израелците во поглед на нивното идно избавување од Египет?
2. На кој начин Мојсеј покажал недоверба во Божјиот план за избавување на израелците? Како и ние можеме да го направиме истото?
3. Зошто службата во чест на избавувањето од Египет била наречена Пасха?
4. На кој иден настан симболизирала Пасхата? Какво избавување ќе биде постигнато?
5. На какво избавување симболизира саботата? На кој начин?

 

Сподели го ова:

Слични објави