6. Избавување преку воскресение

Сподели го ова:

6. лекција                  Сабота, 11. мај 2019.

 Избавување преку воскресение

 „А Исус и рече: ‘Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?’“ – Јован 11:25,26.

„Исус Христос извојувал победа над смртта и ги раскинал прангите на гробот, и сите кои спијат во гробовите имаат удел во таа победа; тие ќе излезат од своите гробови како што го направил тоа и Победникот.“ – Selected Messages, bk. 2, p. 272.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 779-787.

Недела 5. мај

1. БЛАЖЕНА НАДЕЖ

а. Каква сигурност за идниот живот имал Јов? Јов 19:25-27; 14:14.

„Патријархот Јов во ноќта на својата болка извикал со непоколеблива доверба: ‘Но јас знам: Заштитникот мој е жив; Тој го има последниот збор на оваа земја… во телото мое ќе Го видам Бога. Јас сам ќе Го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат Него’ (Јов 19:25-27).“ – Maranatha, p. 13.

б. Какво ветување имаме во поглед на воскресението? Осија 13:14; 2. Тимотеј 4:7,8.

„На прашањето: ‘Дали ќе оживее оној што ќе умре?’ Примајќи ја на себе казната на гревот, симнувајќи се во гроб, Христос го расветлил гробот за сите кои умираат со вера. Бог во човечки облик, преку евангелието ги изнел на светлина животот и бесмртноста. Умирајќи, Христос им обезбедил вечен живот на сите кои ќе поверуваат во Него. Умирајќи, Тој го осудил зачетникот на гревот и неверноста на заслужената и неизбежна казна за гревот – вечна смрт.“ – 6. Сведоштво, 230,231.

Понеделник 6. мај

2. ВЕЛИЧЕСТВЕНА ПРОМЕНА

а. Што се случува со телото после смртта? Јован 11:39.

„Лазар бил погребан во една пештера во карпа, а пред влезот се наоѓал голем камен. ‘Тргнете го каменот’, рекол Христос. Мислејќи дека Христос само сака да го види покојникот, Марта приговорила велејќи дека телото е погребано веќе четири дена и дека веќе почнало да се распаѓа.“ – Копнежот на вековите, 534.
„Во гробот во пештерата било положено телото на Лазар, ладно, немо и мртво.“ – The Youth’s Instructor, May 4, 1899.

б. До какви промени доаѓа при воскресението? 1. Коринтјаните 15:51-54.

„Живите праведници ‘наеднаш, за миг’ ќе бидат преобразени; на Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и заедно со воскреснатите светии се вознесуваат во воздухот, на средба со својот Господ. Ангелите ги собираат Неговите избраници од ‘четирите ветра од крајот на Земјата до крајот на небото’ (Марко 13:27).“ – Големата борба, 645.
„Смртта ни ги зема нашите најблиски. Ние ги затвораме нивните очи и ги предаваме за закоп и ги отстрануваме од нашиот поглед. Но надежта го крепи нашиот дух. Ние не сме се разделиле засекогаш, туку ќе се сретнеме со нашите сакани кои заспале во Исуса. Тие ќе се вратат од непријателската земја. Доаѓа Дарителот на животот. Големо мноштво од свети ангели Го следат на Неговиот пат. Тој ги кине врвците на смртта, ги раскинува прангите на гробот и драгоцените заробеници излегуваат здрави и во бесмртна убавина.“ – The Faith I Live By, 185.
„При воскресението целосно ќе биде зачуван личниот идентитет, иако нема да бидат зачувани истите материјални честици или супстанции како кога влегле во гробот. Чудесните Божји дела претставуваат тајна за човекот. Духот – карактерот на човекот – се враќа кај Бога за да се сочува. При воскресението секој поединец ќе има свој личен карактер. Кога ќе дојде време Бог ќе ги подигне умрените, вдахнувајќи им повторно дух животен и ќе ги оживее сувите коски. Воскреснатите ќе излезат од гробовите во истиот облик како што легнале, но ќе бидат ослободени од болести и секакви недостатоци. Тие ќе ги задржат сите особини и црти на лицето, така што роднините и пријателите ќе се препознаат едни со други.“ – Коментари на библиски текстови, 682.

Вторник 7. мај

3. ЧЕКАЊЕ НА БЛАЖЕНАТА НАДЕЖ

а. Кој настан е поврзан со воскресението? Јован 14:1-3.

„Долго чекавме на враќањето на нашиот Спасител. Но ветувањето сепак е сигурно. Наскоро ќе бидеме во ветениот дом.“ – 8. Сведоштво, 254.
„Целта на Христовото заминување била спротивна на она од што учениците се плашеле. Таа не значела конечна разделба. Заминал за да им подготви место, со цел повторно да дојде и да ги земе со Себе. Додека Тој за нив подготвува живеалишта, тие треба да го изградуваат карактерот според божествената сличност.“ – Копнежот на вековите, 663.

б. Какво охрабрување имаме за оние што умреле? Какво уверување имаме дека воскресението сепак ќе се случи? 1. Солунјаните 4:13-17.

„Дарителот на животот ќе ги повика оние кои ги откупил да станат во првото воскресение, и до тој победоносен момент, кога ќе одекне последната труба и ќе се подигне голема војска на вечна победа, секој кој бил свет и кој почива ќе биде на сигурно, чуван како драгоцен бисер кого Бог го знае по име. Преку силата на Спасителот, која ја имале додека биле живи, и затоа што биле учесници во божествената природа, тие ќе бидат подигнати од мртвите…
Исус Христос извојувал победа над смртта и ги раскинал оковите на гробот, и сите што спијат во гробот ќе учествуваат во таа победа; тие ќе излезат од своите гробови како што тоа го направил и Победникот.“ – Selected Messages, bk. 2, pp. 271, 272.

в. На какво размислување би требало тоа да нѐ наведе? Тит 2:13.

„Каде и да одиме, треба да носиме атмосфера на христијанска надеж и радост; тогаш оние кои не го познаваат Христа ќе ја увидат привлечноста на религијата која ја исповедаме; неверниците ќе ја видат доследноста на нашата вера. Ние треба да имаме најјасен поглед за небото, место каде што се наоѓа целата светлост и радост.“ – Lift Him Up, p. 244.
„Христос наскоро ќе дојде по втор пат. За тоа треба често да зборуваме. Тоа треба да биде највозвишената мисла во нашите умови.“ – Upward Look, p. 311.

Среда 8. мај

4. ВОСКРЕСЕНИЕТО: ДОКАЗ НА БОЖЕСТВОТО

а. На кој начин Христовото воскресение станува клучна точка на нашата вера и надеж? 1. Коринтјаните 15:16-22.

„Христос му овозможил на секој Адамов син со живот на послушност да го победи гревот и откупен со Христовата крв да воскресне од гробот во наследство на бесмртноста.“ – In Heavenly Places, p. 44.

б. Кои Христови зборови покажуваат дека Тој имал животодавна сила во Себе? Јован 10:17,18; 2:19-21.

„Кога се слушнал гласот на моќниот ангел крај Христовиот гроб: ‘Твојот Татко Те вика’, Спасителот излегол од гробот, благодарение на животот што се наоѓал во Него….

Над отворениот Јосифов гроб, Христос победоносно изјавил: ‘Јас сум воскресение и живот.’ Тие зборови можело да ги изговори само Божеството. Сите создадени суштества живеат благодарение на Божјата сила и волја. Тие се зависни приматели на живот од Бога. Сите, од највисокиот серафим до најпримитивното живо суштество, се напојуваат од Изворот на животот. Само Оној, Кој е едно со Бога може да каже: ‘Имам власт да Го положам Својот живот и имам власт повторно да го земам.’ Во Својата божествена сила, Христос имал сила да ги раскине оковите на смртта.“ –Копнежот на вековите, 785.
„Христовиот дух заедно со Неговото тело почивал во гробот, не се вознел на небото… Сето она што го сочинувало Христовиот живот и битие, останало со Неговото тело во гробот, и Тој од гробот излегол како комплетно битие; Тој не морал Својот дух да го повикува од небото. Тој имал моќ да го положи Својот живот и повторно да го земе.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 3, pp. 203, 204.

в. Кое пророштво се исполнило кога Исус воскреснал? Псалм 68:18.

„Оние кои излегле од гробовите при Христовото воскресение, биле подигнати на вечен живот. Тие биле мноштво од заробеници кои биле вознесени со Него како трофеи во знак на Неговата победа над смртта и гробот.“ – Selected Messages, bk. 1, pp. 304, 305.

 Четврток 9. мај

5. ПОДИГАЊЕ НА ДРУГИТЕ ВО ЖИВОТ

а. Кого Елисеј воскреснал со помош на Христовата чудотворна сила? 2. Цареви 4:32-37.

„Така била наградена верата на оваа жена. Христос, големиот Дародавец на животот и го вратил синот. На ист начин ќе бидат наградени и Неговите верни кога Тој ќе дојде по втор пат, кога смртта ќе го изгуби осилото и кога гробот ќе ја изгуби победата која ја сакал. Тогаш Тој на Своите слуги ќе им ги врати децата на оние кои им ги одзела смртта.“ – Пророци и цареви, 239.

б. Кога воскреснал Исус непосредно пред крајот на својата служба на земјата? Јован 11:38,39,43. Која била Неговата намера во извршувањето на ова чудо?

„Христос во целост ја покажал Својата власт над смртта и гробот. Тоа силно чудо било најголем доказ што Бог им го дал на луѓето за тоа дека го испратил Својот Син на светот заради нивно спасение. Тоа бил знак на божествената сила, доволен да го увери секој ум кој бил под контрола на разумот и просветлената совест. Многумина кои присуствувале на Лазаровото воскресение почнале да веруваат во Исуса. Но тоа уште повеќе ја зголемило омразата на свештениците. Тие ги отфрлиле сите помали докази за Неговото божество и ова ново чудо само уште повеќе ги разгневило… Тие повеќе од кога и да е, одлучиле да сторат крај на Христовото дело.“ – Копнежот на вековите, 537.

Петок 10. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Христос ни дава надеж во воскресението?
2. Кои промени се случуваат при воскресението, а што останува исто? Зошто?
3. Колку грижливо Бог го чува секој свет човек кој заспал?
4. Што е значајно во фактот дека Исус имал сила да го положи својот живот и повторно да го земе?
5. Што покажало чудото со воскресението на Лазар?

Сподели го ова:

Слични објави