7.Служба за избавување
7. лекција Сабота, 18. мај 2019.
Служба за избавување
„Духот на Господ Бог е врз Мене, зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата.“ – Исаија 61:1.
„Попуштајќи му на гревот, човекот ја става својата волја под контрола на сатаната. Тој станува беспомошен заробеник под власта на искушувачот. Бог го пратил својот Син на овој свет за да ги раскине оковите на сатаната и да ја ослободи човечката волја.“ – Australian Union Conference Record, June 1,1900.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 547 – 551.
Недела 12. мај
1. ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА БОЖЈОТО ЦАРСТВО
а. Кое прашање го поставил Исус во врска со Божјото царство? Марко 4:30. На што сакал да го привлече вниманието на народот?
„Христос ги затекол земните царства во состојба на изопаченост… Кога Исус дошол на овој свет да го воспостави своето царство, ги видел човечките власти и рекол: ‘Со што да го споредиме царството Божјо?’ Ништо во граѓанското општество не Му дало можност за споредба…
Мисијата и делото на Исус Христос претставувале изразита спротивност на злото и насилството кое се проширило по целиот свет… Тој планирал власт која нема да се служи со сила; Неговите поданици нема да знаат за угнетување… Тој дошол како божествен Искупител, за да му донесе голема благодат од Небото на угнетеното и погазено човештво, така што со силата на Неговата праведност, човекот, грешен и понижен каков што бил, може да стане учесник во божествената природа.“ – God’s Amazing Grace, p. 14.
„Христос воспоставувал царство што се заснова на поинакви начела. Тој не ги повикувал луѓето да владеат, туку да служат; оние кои се силни да ги носат слабостите на послабите. Оној што има власт, положба, способност или образование, тој има уште поголема обврска да им служи на своите ближни.“ – Копнежот на вековите, 550.
Понеделник 13. мај
2. ХРИСТОВАТА МИСИЈА
а. Како е опишан карактерот на Избавителот кој доаѓа? Во чија сила Тој работел? Исаија 42:1-4.
„Пламенот на верата и надежта кој едвај тлеел, Христос ќе го поттикне, нема да го угасне. Тој ќе го нахрани Своето стадо како пастир; Тој ќе ги собере Јагнињата со рацете и ќе ги носи во Своите прегратки.“ – Коментари на библиски текстови, 327.
б. Која царска титула Месијата требало да ја носи? Исаија 9:6.
„Срцето кое е во согласност со Бога има удел во небесниот мир а неговото блажено влијание се шири над сите кои го опкружуваат.“ – Мисли од Гората на блаженството, 27,28.
в. Како накратко можеме да ја сумираме Христовата животна мисија? Дела 10:38. Кои практични работи го сочинувале Христовото дело? Матеј 4:23,24.
„Со срце кое секогаш било допрено од свеста за нашите слабости, со уво кое секогаш било отворено за молбите на напатеното човештво, со рака која секогаш била подготвена да ги спаси обесхрабрените и очајните, Исус, нашиот Спасител, ‘одеше вршејќи добри дела’ (Дела 10:38).“ – God’s Amazing Grace, 14..
„Бoлнитe дoaѓaлe вo мeстaтa низ кoи Toj пoминувaл, зa дa пoбaрaaт пoмoш oд Нeгo. Meѓу нив дoaѓaлe и мнoгу стрaдaлници, дa ги слушнaт Нeгoвитe збoрoви и дa гo пoчувствувaaт дoпирoт нa Нeгoвaтa рaкa. Taкa, Toj oдeл oд грaд вo грaд, oд мeстo вo мeстo, прoпoвeдajќи гo Eвaнгeлиeтo и исцeлувajќи бoлни – Цaрoт нa слaвaтa, oблeчeн вo скрoмнaтa oблeкa нa чoвeштвoтo.“ – Здравје и среќа, 22.
„Нeжeн, сoчувствитeлeн, нaклoнeт и сeкoгaш зaгрижeн зa другитe, Toj (Хтистос) гo прeтстaвувaл Бoжjиoт кaрaктeр и бил пoстojaнo вклучeн вo службaтa зa Бoгa и луѓeтo.“ – Здравје и среќа, 423.
Вторник 14. мај
3. ХРИСТОВОТО ДЕЛО ТРЕБА ДА БИДЕ И НАШЕ ДЕЛО
а. Колку опсежно било Христовото дело под вдахновение на Светиот Дух? Исаија 61:1-3.
„Делото кое го опишува пророкот е дело на секој Христов ученик. Ние треба да ги изговараме Христовите зборови, на другите да им го претставиме заветот на милоста, Христовата праведност. Ние треба на светот да му прикажеме дека во нашите садови, во нашите светилки имаме масло на благодат. Делото на секој Христов претставник, и во службата и меѓу оние кои не го познаваат Бога, е да зборува за големото спасение кое ни се дава како Христов бесплатен дар.“ – The Review and Herald, March 27, 1894.
б. На кое дело сме повикани како Христови следбеници? Исаија 58:6,7.
„Сите кои ќе станат поданици на Христовото царство ќе го претставуваат Него со својот карактер и природата.“ – God’s Amazing Grace, p. 14.
„Попуштајќи му на гревот, човекот ја ставил својата волја под контрола на сатаната. Тој станал беспомошен заробеник под власта на искушувачот. Бог го испратил својот Син на овој свет да ја сотре власта на сатаната и да ја ослободи човечката волја. Тој Го испратил да прогласи ослободување на заробените, да ги отстрани тешките товари и да ги ослободи угнетените.“ – Our High Calling, p. 104.
„Дознајте што им е потребно на сиромашните и неволните, а потоа, со љубов и нежност, споделете со нив добри работи што Бог ви ги подарил, и на таков начин помогнете им да добијат храброст, надеж и доверба. Така ќе го извршите токму она дело кое Бог го наменил за вас.“ – The Medical Missionary, June 1, 1891.
„Христовиот начин на работа треба да биде наш пример. Тој непрестајно одел правејќи добро. Во храмот и синагогите, по улиците на градовите, на пазарите и во работилниците, покрај морето и на падините на ритчињата, Тој го проповедал евангелието. Неговиот живот бил олицетворение на една несебична служба, и тоа нека ни послужи како учебник. Неговата нежна љубов, полна со сомилост, претставува укор за нашата себичност и нечувствителност.“ – 9 Сведоштво, 31.
в. Кое ветување им го дал Христос на Своите ученици во поглед на силата која ќе го прати ширењето на евангелието? Дела 1:8.
Среда 15. мај
4. СВЕДОЦИ НА ИЗБАВУВАЊЕ
а. Кои охрабрувачки зборови треба да нѐ поттикнат да ги следиме Исусовите стапки да дојдеме во допир со другите? Исаија 52:7; 61:6-9.
„Тој (Бог) сака да отидете во нашите цркви и ревно да работите за Него. Тој сака да одржувате состаноци за тие што не се членови на нашата црква, за светот да дознае за вистината и за последната вест на опомена. Во многу места луѓето со задоволство ќе ве примат и душите ќе ви бидат благодарни што сте отишле да им помогнете. Господ нека ви помогне да го прифатите ова дело како никогаш порано.“ – 9 Сведоштво, 107.
„Потребна е морална храброст да работите непоколебливо во Божјото дело. Кај оние кои тоа го прават нема место за самољубие, за себични размислувања, амбиции, љубов кон угодност, или желба да се избегне крстот.“ – The Review and Herald, February 7, 1893.
б. Кој прекрасен пример покажува што Исус сака да направат оние кои Тој ги ослободил од гревот? Матеј 8:28; Марко 5:6-8,18-20.
„Овие двајца обновени луѓе биле првите мисионери што Христос ги испратил да го проповедаат евангелието во подрачјето на Декаполис. Тие луѓе имале привилегија само неколку моменти да ги слушаат Неговите поучувања. До нивните уши не допрела ниту една единствена проповед од Неговите усни. Не можеле да го поучуваат народот како учениците кои секој ден биле со Христа. Но, тие сведочеле со својата личност дека Исус е Месијата. Можеле да го раскажуваат она што го знаат, она што сами го виделе и чуле и како ја искусиле Христовата сила. Тоа може да го направи секој чие срце е допрено од Божјата благодат. Јован, возљубениот ученик, напишал: ‘Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот… она што го видовме и го чувме, тоа ви го навестуваме.’ (1. Јованово 1:1-3) Како сведоци за Христа треба да го зборуваме она што го знаеме, она што сами сме го виделе, слушнале и почувствувале. Доколку сме го следеле Исуса чекор по чекор, секогаш ќе имаме нешто одредено да кажеме за патот по кој не водел. Можеме да зборуваме како сме ги искусиле Неговите ветувања и сме констатирале дека се вистинити. Можеме да сведочиме дека сме ја искусиле Христовата благодат. Тоа е сведоштво на кое нѐ повикува нашиот Господ и поради чиј недостаток светот пропаѓа.“ –Копнежот на вековите, 340.
Четврток 16. мај
5. РАБОТЕЊЕ ВО ПОНИЗНОСТ
а. Каков став имал Исус додека работел за другите, и што можеме да научиме од ова? Јован 6:38; Јаков 4:6,10.
„За најголемата можна нежност и слобода треба да заблагодариме на Христовата искупувачка крв. Христос во своето учење секогаш одново ја изнесувал вредноста на вистинската понизност, покажувајќи колку е неопходно да покажеме сочувство, љубов и подготвеност да им помогнеме на другите.
Не можеме да се надеваме на човечката величина, човечкиот интелект или во човечките планови. Мораме да се ставиме под водство на бесконечниот ум, признавајќи дека без Христа не можеме ништо да направиме.“ – The Review and Herald, August 18, 1896.
б. Колку далеку треба да одиме за да дојдеме до оние кои имаат потреба? Јов 29:15,16; Матеј 25:34-40.
„Забележете дека вие не треба да утешите само неколкумина од оние кон кои сте склони да покажете наклонетост, туку сите кои тагуваат, сите кои ќе ви се обратат за помош и олеснување; и повеќе од тоа, треба да ги барате оние на кои им е потребна помош. Јов вели: ‘Внимателно ја проучував поплаката, која не ја знаев.’ Тој не чекал да го повикаат, а потоа се свртувал од нив, велејќи: ‘Нема да им помогнам.’“ – Тhe Review and Herald, October 15, 1901.
„Светот е полн со мажи и жени кои носат тежок товар на тага, страдање и грев. Бог ги испраќа Своите деца на таквите да им го откријат Оној кој ќе го отстрани товарот и ќе им даде одмор. Мисијата на Христовите слуги е да помогнат, да благословат, да лекуваат.“ – Тhe Review and Herald, October 29, 1903.
Петок 17. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Во што Христовото царство се разликува од световните царства?
2. Како можам да бидам дел од Исусовата мисија за враќање на мирот кој е изгубен поради гревот?
3. Која е нашата должност, бидејќи сме спасени од ропството на гревот?
4. Како можам да ја покажам мојата благодарност за Божјиот несебичен интерес за мене?
5. На кого треба да му помогнам? Која треба да биде мојата мисија?