1. Ветениот Избавител

Сподели го ова:

1. лекција             Сабота, 6. април 2019.

 Ветениот Избавител

 „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата.“ – Создавање 3:15.

„Во пророштвото дека моќта на сатаната ќе биде скршена сѐ наѕирало ветувањето за избавување од пропаста во која што западнале (Адам и Ева) со престапот на заповедта. И покрај тоа што ќе мораат да страдаат од силата на непријателот затоа што подлегнале на неговите измами наместо да ја послушаат јасната Господова заповед, тие сепак не треба да паднат во очајание.“ – Пророци и цареви, 681,682.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 63-70.

Недела 31. март

1. ЖИВОТОТ ВО ЕДЕМ

а. Каква била состојбата на човекот пред падот? Создавање 1:27.

„Додека не се појавил гревот, во умовите на нашите прародители немало ниеден облак кој би го замрачувал нивното сфаќање за Божјиот карактер. Тие биле совршено прилагодени на Божјата волја. Наместо плаштови, ги опкружувала прекрасна божествена светлина. Таа јасна и совршена светлина осветлувала сè околу нив.“ – 8. Сведоштво, 255.

б. Како природата го откривала Бога на човекот? Создавање 1:31; Римјаните 1:20.

„Во Едемската градина очевидно со покажало Божјото постоење, Неговите карактеристики се откривале во сè што ги опкружувало. Сето она на кое запирал нивниот поглед им зборувало. Невидливите факти за Божјото постоење, ‘Неговата вечна сила и божество’, јасно можеле да се видат и да се воочат во созданијата што Тој ги создал.“ – 8. Сведоштво, 255.

Понеделник 1. април

2. ГРЕВОТ НОСИ ПРОМЕНИ

а. Какво влијание имал гревот врз природниот свет? Создавање 3:17-19. Како тоа влијаело врз човековото разбирање на Божјиот карактер?

„Но гревот задал на земјата смртоносен удар и се испречил помеѓу природата и Богот на природата. Ако Адам и Ева останале послушни на својот Творец, ако не скршнале од патеката на совршена исправност, тие и понатаму би го запознавале Бога низ Неговите дела. Но кога го послушале искушувачот и кога згрешиле против Бога, исчезнала светлината на небесната невиност со која биле обвиткани. Лишени од небесна светлина, тие повеќе не можеле да го препознаваат Божјиот карактер во делата на Неговите раце.
Заради човечката непослушност дошло до промени и во самата природа. Расипана под проклетството на гревот, природата може да даде само несовршено сведоштво за Творецот и не може совршено да го открива Неговиот карактер.“ – 8. Сведоштво, 255,256.

б. Каква промена се случила во човечката природа? Еремија 17:9; 1. Коринтјаните 2:14.

„Нивната природа е толку изопачена со гревот, што поради тоа е намалена нивната сила со која би можеле да му се противстават на злото и дека на сатаната ќе му го отворат патот поуспешно да им пристапи. Додека биле невини, тие подлегнале во искушението; а сега, свесни за својата кривица, би имале многу помалечка сила да се сочуваат.“ – Патријарси и пророци, 61.
„Во човечката природа, кога се одвоила од Изворот на вистината, постои непрекинато противење на Божјата волја и патишта. Физичките, моралните и менталните сфери на создавањето се под контрола на импулсивните нагони. Чувствата се изопачени, и секоја способност со која човекот е надарен за остроумно напредување е унижена. Човекот е мртов поради своите престапи и гревови. Склоностите управуваат со него, страстите го држат под контрола, а неговите желби се под влијание на силите за кои тој не е свесен. Тој зборува за слобода, за слобода на дејствување, додека всушност се наоѓа во најбедно ропство. Тој не е свој. Не му е дозволено да ја увиди убавината на вистината; затоа што телесниот ум е во непријателство со Бога, и не е потчинет на Неговиот закон. Тој вистината ја гледа како лага, а лагата како вистина. Умот контролиран од сатаната има слаба морална моќ.“ – The Review and Herald, February 17, 1891.

Вторник 2. април

3. БОГ СТАПУВА НА СЦЕНА

а. Која мерка ја презел Бог со цел на грешниот пар да му обезбеди конечно избавување? Создавање 3:15.

„На човекот првпат му е навестено спасение уште во градината кога во клетвата упатена на змијата е искажана пресуда над сатаната. Господ рекол: ‘И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата’ (Создавање 3:15). Оваа пресуда, искажана во присуство на нашите прародители, за нив претставувала извесно ветување. Иако предвидувала судир и војна меѓу човекот и сатаната, навестила дека големиот непријател најпосле ќе биде скршен. Адам и Ева стоеле пред праведниот Судија како виновници, очекувајќи да ја слушнат пресудата што ја заслужиле со својот престап; но пред да дознаат за животот полн со маки и болки што ќе мора од сега да биде нивна судбина или за одлуката дека мора да се вратат во земјата од која се создадени, слушнале зборови што кај нив разбудиле надеж. Иако морале да страдаат од силата на својот моќен непријател, сепак можеле со надеж да гледаат во иднината, очекувајќи конечна победа.“ – Патријарси и пророци, 65,66.
„Ќе дојде Божјиот Син да плати за нивниот грев со Својата сопствена крв. На нив ќе им биде дадено време на милост, во кое, преку вера во Христовата моќ да спаси, тие повторно ќе можат да станат Божји деца.“ – Пророци и цареви, 682.
„Тоа непријателство никогаш не се развило до таков значителен степен како кога Христос станал жител на оваа земја. Никогаш порано на земјата не постоело суштество кое толку длабоко го мразело гревот како Христос. Тој ја видел неговата измамничка, влијателна сила врз светите ангели, и сите Негови сили биле посветени на борба против гревот.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 254.

б. Која природна состојба на човекот после падот, ветувањето за непријателство го направило неопходно? Псалм 10:4; Римјаните 3:11. Наместо непријателство кон сатаната, со кого природниот ум е во војна? Римјаните 8:7.

„Кога човекот го престапил Божјиот закон, неговата природа станала зла и тој оттогаш е во согласност, а не во непријателство со сатаната. По природа помеѓу грешниот човек и зачетникот на гревот не постои никакво непријателство. Преку отпадништво злото им станало заедничка особина… Кога Бог не би се вмешал на посебен начин, сатаната и луѓето би склучиле сојуз против небото и наместо да негува непријателство кон сатаната, целиот човечки род би се придружил во опозиција на Бога.“ – Големата борба, 505.

Среда 3. април

4. ЌЕ ДОЈДЕ ИСКУПИТЕЛ

а. Каква величествена жртва поднел Исус за да го спаси паднатиот човек? Филипјаните 2:5-8.

„Штом се појавил гревот, се појавил и Спасител. Христос знаел дека ќе мора да страда, но сепак станал замена за човекот. Штом Адам згрешил, Синот Божји се претставил како Гарант за паднатиот човечки род, со иста таква сила за да ја спречи пресудата изречена над виновниците како и кога го дал Својот живот на крстот на Голгота.“ – Коментари на библиски текстови, 16.
„Штом човекот попуштил на искушението на сатаната, и го направил она што Бог рекол да не го прави, Христос, Синот Божји, се поставил помеѓу живите и мртвите, велејќи: ‘Казната нека падне на Мене. Јас се ставам на местото на човекот, за нему да му се пружи уште една шанса.’“ – Коментари на библиски текстови, 17.

б. Како Бог се обидел во човечкиот ум да ги втисне последиците од гревот и жртвата на Спасителот? Евреите 9:13,14; Римјаните 6:23.

„За Адама принесувањето на првата жртва било исклучително болна и мачна церемонија. Морал да ја подигне својата рака за да одземе живот кој само Бог можел да го подари. Тогаш првпат видел смрт, а знаел дека ниту човекот ниту животното не би морале да умрат кога тој би му останал послушен на Бога. Кога го заклал невиното животно на жртва, затреперил при помислата дека поради неговиот грев мора да се пролее крвта на пречистото и невино Божјо Јагне. Таа сцена му помогнала подлабоко и поживо да ја сфати големината на својот престап што можел да биде отстранет само со страдањето и со смртта на саканиот Божји Син. И тој се восхитувал на неизмерната Добрина што можела да даде таков откуп за спасение на грешникот. Заблескала ѕвезда на надеж којашто ја осветлила темната и страшна иднина и го спасила од целосен очај.“ – Патријарси и пророци, 68.
„Жртвениот систем требало да го научи човекот на понизност, така што, гледајќи на својата грешна состојба, да се покае и да се потпре единствено на Бога и на тој начин, благодарение на ветениот Откупител да добие простување за своите извршени престапи на Божјиот закон.“ – The Story of Redemption, pp. 145, 146.

в. Наведете некои од оние кои пророкувале за доаѓањето на Спасителот. Јуда 14:15; Создавање 49:8-10; Броеви 24:17.

Четврток 4. април

5. ИСПОЛНУВАЊЕТО ДОЦНИ?

а. Какви можеле да бидат мислите на повеќето во врска со ветениот Спасител? Езекиел 12:22.

„Доаѓањето на Спасителот било претскажано уште во Едем. Кога првпат го слушнале тоа ветување, Адам и Ева очекувале дека тоа брзо ќе се исполни. Тие радосно го поздравиле раѓањето на својот прв син, надевајќи се дека тој би можел да биде Избавителот. Меѓутоа, исполнувањето на ветувањето се оддолжило. Оние, кои први го примиле ова ветување умреле, без да го видат неговото исполнување. Почнувајќи од деновите на Енох, ова ветување го повторувале патријарсите и пророците, со што се одржувала надежта во Неговото доаѓање, но сепак, Тој сѐ уште не доаѓал.“ – Копнежот на вековите 31.

а. Каков бил Божјиот одговор? Галатјаните 4:4. Дали навистина имало одложување во исполнувањето на Божјата намера?

„Меѓутоа, како што ѕвездите се движат по одредени циркуларни патеки низ бескрајните пространства, Божјите намери не познаваат брзање ниту задоцнување… ‘Во истиот ден’ кој е одреден во божественото ветување, ‘излезе сета Господова војска од египетската земја.’ (Излез 12:41) Исто така, во Небесниот совет бил одреден часот на Христовото доаѓање. Кога големиот часовник на времето го покажал тој час, Исус се родил во Витлеем.
‘Кога наврши времето, Бог го испрати Својот Син.’ Провидението управувало со движењето на народите и со плимата на човечките побуди и влијанија, сѐ додека светот не созреал за доаѓање на Спасителот.“ – Копнежот на вековите 32.

Петок 5. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Пред да падне, како човекот можел да го разбере Божјиот карактер?
2. Како последица на гревот, како се променила човечката природа?
3. Зошто Бог всадил непријателство во човекот? Каде ние би биле без Него?
4. Зошто Бог на Адам му го дал жртвениот систем?
5. Дали имало доцнење во доаѓањето на Спасителот? Зошто да или зошто не?

Сподели го ова:

Слични објави