2.Избавување од гревот

Сподели го ова:

2. лекција                     Сабота, 13. април 2019.

Избавување од гревот

 „Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.“ – 1. Коринтјаните 15:57.

„Зборот кој ја открива вината има и сила која делува на човечкото срце, која го чисти и го чува.“ – Testimonies to Ministers, pp. 80, 81.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 23-35.

Недела 7. април

1. ВЛИЈАНИЕТО НА ГРЕВОТ

а. Што е грев и која е неговата директна последица? 1. Јованово 3:4; Јаков 1:15.

„Не би постоел никаков раздор ниту на небото ниту на земјата доколку гревот не влегол на оваа планета. Непослушноста кон Божјиот закон ја донела целата беда која постои меѓу Неговите созданија.“ – The Sanctified Life, p. 76.
„Секој жител на оваа земја кој го крши законот на Јехова и продолжува да живее во престап, неизбежно го чека смрт.“ – Коментари на библиските текстови, 734.

б. Кое големо начело од законот ни недостасува кога грешиме? 1. Јованово 4:7,8.

„Покајанието ни е потребно поради недостаток на љубов кон Бога. Не Го сакаме со целото срце, со целата душа, со неподелени чувства; не ја почитуваме втората заповед: ‘Сакај го својот ближен како самиот себе си.’’“ – The Present Truth, January 26, 1893.
„Господ повеќе гледа со колку љубов сме работеле, а не колку сме сработиле. Љубовта е небесна особина. Таквата љубов не може да произлезе од непрепородено срце. Билката со небесно потекло може да расте и да напредува само таму каде што врховната власт ја има Христос… Љубовта прави само добро и ништо друго. Оние кои имаат љубов во своето срце донесуваат плодови на светоста, и на крајот ќе наследат вечен живот.“ – Коментари на библиските текстови, 862.

Понеделник 8. април

2. ВО РОПСТВОТО НА ГРЕВОТ

а. Каква страшна моќ гревот денес има над човечкиот род? Изреки 5:22; Римјаните 7:14-23.

„Дури и само една мана во карактерот, само една грешна желба, ако упорно се негува, на крајот ќе го поништи сето влијание на евангелието. Секое попуштање на гревот ја засилува одбивноста на душата кон Бога.“ – Патот кон Христа, 34.

б. Од кое ропство Христос сака да нѐ избави, и во каква слобода сме повикани? Римјаните 8:21; 2. Петрово 2:19. Како Христос го прави тоа? Јован 8:31,32.

„(Сатаната) ги заробува луѓето, принудувајќи ги да ја извршуваат неговата волја; тој ги држи во најтешко ропство, со цел да ги исполни своите намери. Господ го дал својот единороден и сакан Син за човекот, за да го раскине ова ропство. Со Христовата сила сите заробеници на сатаната можат да станат слободни.“ – The Signs of the Times, January 5, 1891.
„Вистината никогаш не ја води душата во ропство, туку тоа го прави свртувањето од вистината кон заблудата. Човекот кој е во блиска заедница со Христа слободен е од секакво ропство на гревот.“ – The Signs of the Times, August 22, 1900.

в. Кој повик Христос ни го упатува на сите нас? Евреите 3:7,8; Исус Навин 24:15.

„Во големата борба помеѓу доброто и злото, секој од нас мора да избере на која страна ќе застане, а нашиот живот и карактерот ќе сведочат за тоа кој е наш господар. Ако одбиеме да бидеме послушни на Божјиот закон, ние ќе се соединиме со сатаната, и во нашето срце и во животот нема да постојат љубов и почитување кон Бога.“ – The Signs of the Times, January 5, 1891.
„Христос е подготвен да нè ослободи од гревот, но на тоа не нè присилува; и ако нашата волја со постојаното престапување е наполно потчинета на злото и ако ние не сакаме да се ослободиме, ако не сакаме да ја прифатиме Неговата благодат, тогаш што би можел Тој уште да стори? Ние самите себеси сме се упропастиле со нашето намерно отфрлање на Неговата љубов.“ – Патот кон Христа,34.

Вторник 9. април

3. ИЗБАВУВАЊЕ ЗА ЦЕЛИОТ ЧОВЕЧКИ РОД

а. Како знаеме дека Бог сака сите да ги избави од гревот? 1.Тимотеј 2:3,4; Јован 1:12.

„(Христос) не дошол да ги спаси луѓето во грев, туку од гревот. Сите кои чувствуваат потреба за Спасител, и сите оние кои ќе дојдат кај Него верувајќи во Неговата сила, ќе извојуваат победа над гревот. ‘А на сите што Го примија им даде моќ да станат чеда Божји.’“ – The Signs of the Times, February 24, 1898.

б. На кој начин Бог овозможил избавување на целото човештво? 1. Јованово 4:14; Јован 3:16. Кога Тој го обезбедил ова избавување? Евреите 2:14,15; Римјаните 5:8.

„Во претсмртниот извик на Спасителот: ‘Се сврши’, на сатаната му одѕвонило претсмртното ѕвоно. Големата борба која се води толку долго, тогаш дефинитивно била одлучена, и конечното истребување на злото станало сосема извесно. Божјиот Син поминал низ гробната врата, ‘та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смрта, односно ѓаволот’ (Евреите 2:14).“ – Големата борба, 503.
„Христос не умрел со цел гревот да стане праведност, а престапот на законот доблест. Тој умрел за да може гревот да се препознае како исклучително срамен и одвратен, каков што и всушност е. Со својата смрт Тој станал сопственик на клучевите од пеколот и смртта. Сатаната не можел повеќе да владее без соперник, да биде почитуван како божество. Во негова чест биле подигани храмови, човечки жртви биле принесувани на неговите олтари. Меѓутоа, со крвта на Божјиот Син потпишани се документи за ослободување на човечкиот род. Отворен е патот пораката на надеж и милост да се пренесе до сите краеви на светот.“ – Youth Instructor, June 28, 1900.

в. Имајќи го во предвид избавувањето кое Бог ни го овозможил, која порака треба да ја пренесуваме во светот? 2. Коринтјаните 5:18-21.

„Како што Бог го направил Христа свој гласник, така и Христос на сите оние кои Го признаваат за свој Искупител им оставил задача да Го прикажат пред светот во милост, простување и помилување.“ – Manuscript Releases, vol. 16, p. 193.

Среда 10. април

4. ИЗБАВУВАЊЕ ОД ВИНАТА ЗА ГРЕВОТ

а. Како единствено можеме да ја избегнеме вината за гревот? Јован 1:29.

„Христос ја презема вината за гревот од грешникот, ставајќи се самиот себе под осуда на Законодавецот. Тој дошол на овој свет да живее според законот во човечка природа, за да се покаже како лажно тврдењето на сатаната дека човечките битија не можат да го држат Божјиот закон.“ – The Signs of the Times, April 7, 1898.

б. Кој ја носи вината за нашиот грев наместо нас, и како? Исаија 53:4-6,12.

„(Ние) можеме да се ослободиме од вината за гревот, од осудата на законот, од казната за престапот, само врз основа на страдањето, смртта и воскресението Христово.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 389.
„Вината на сите гревови со сета тежина ја притискала божествената душа на Искупителот на светот. Злите мисли, злите зборови, злите дела на сите синови и ќерки Адамови, повикувале на одмазда против Него, бидејќи Тој станал човеков Заменик. Иако вината за гревот не била Негова, Неговиот дух бил растргнат и мачен од престапите на луѓето; Оној кој не знаел за грев станал грев поради нас, за ние да можеме да бидеме праведни пред Бога преку Него.“ – God’s Amazing Grace, p. 172.
„Вината на гревот која го навлекла гневот на Отецот на Него, како човеков Заменик, го скршила срцето на Божјиот Син.“ – The Present Truth, February 4, 1886.

в. Во која мера Бог ја чисти душата од грев? 1. Јованово 1:9; Псалм 103:12.

„Додека ја сфаќаме и увидуваме вината на гревот, треба да ја цениме Божјата милост понудена преку помирувањето. Господ ветил дека, доколку се покаеме, благодарение на жртвата на помирување сигурно ќе ги прости нашите беззаконија. Сега, додека Христос се залага за нас, додека Отецот ги прифаќа заслугите на жртвата на помирување, ќе бараме, и ќе добиеме. Сите нека ги исповедаат своите гревови, и нека ги пуштат да одат пред нив на суд, како, благодарение на Христа, би биле простени, за да биде напишано помилување покрај нивните имиња.“ – Manuscript Releases, vol. 3, pp. 197, 198.

Четврток 11. април

5. ИЗБАВУВАЊЕ ОД СИЛАТА НА ГРЕВОТ

а. Која изобилна мерка е преземена за да нѐ избави од силата на гревот? Римјаните 5:20 (последен дел); Јуда 24,25.

„Бог има обилни благослови и сила и чека да ги побараме. Меѓутоа, причината зошто ние не ја чувствуваме нашата голема потреба е во тоа што гледаме на себе, а не на Исуса. Ние не го возвишуваме Исуса, ниту пак се потпираме целосно на Неговите заслуги…
„Обилен благослов ни е осигурен така што секоја верна душа може да се ослободи од гревот, бидејќи целото небо со сите свои неограничени ресурси ни е ставено на располагање… Сами по себе, ние сме грешници, но во Христа стануваме праведни… Христос делува против силите на гревот, и таму каде што преовладувал гревот, благословот уште повеќе изобилува.“ – God’s Amazing Grace, p. 181.

б. Што можеме да научиме од ставот на цариникот кој се молел во храмот? Лука 18:13,14. Што може Бог да направи за оние кои имаат таков став? Галатјаните 2:16,17.

„Презрениот цариник… се сметал себеси за многу злобен човек, а и другите го гледале во иста светлина; но тој ја почувствувал својата потреба и со својот товар на вина и срам дошол пред Бога барајќи милост од Него. Неговото срце било отворено пред милостивото влијание на Божјиот Дух да го ослободи од силата на гревот. Фаленичката самоправедна молитва на фарисејот покажала дека неговото срце е затворено за влијанието на Светиот Дух… Не чувствувал никаква потреба и ништо не добил.“ – Патот кон Христа, 30,31.
„Цариникот кој влегол во храмот да се помоли на Бога претставува добар пример на искрен и побожен молител.“ – My Life Today, p. 19.

Петок 12. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Од каде знаеме дека таму каде што има грев, нема љубов?
2. Што ја доведува душата во ропството на гревот?
3. На кого Исус му дава победа над гревот?
4. Како Исус нѐ избавил од вината за гревот?
5. Како може Божјиот Дух да нѐ ослободи од силата на гревот?

Сподели го ова:

Слични објави