11.Бог го избавува својот народ

Сподели го ова:

11. лекција               Сабота, 15 јуни 2019.

Бог го избавува својот народ

„Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него ќе сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам.“ – Псалм 91:14,15.

„Меѓутоа Бог сака да се сетиме на Неговите постапки во минатото – како го спасувал Својот народ од непријателите. Тој Својата моќ за ослободување секогаш ја покажувал во крајна потреба, кога се чинело дека повеќе нема спас од нападите на сатаната. Човечката неволја за Бога е најдобра прилика да им помогне.“ – 5. Сведоштво, 714.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата Борба, 582-602.

Недела 9. јуни

1. ИЗБАВУВАЊЕ СО ПОМОШ НА НЕВИДЛИВО ОРУЖЈЕ

а. Кога Елисеј бил опкружен со коњите и кочиите на сириската војска, неговиот слуга бил вознемирен. Што му рекол Елисеј? 2. Цареви 6:16.

б. За што се молел Елисеј, и како Бог одговорил на неговата молитва? 2. Цареви 6:17. Како можеме да имаме иста заштита во деновите на неволја? 

„Помеѓу Божјите слуги и непријателската војска се наоѓала војска од небесни ангели. Тие се симнале во сѐта своја сила, не да уништат ниту да изнудат покорност, туку да ги обиколат и заштитат слабите и немоќни Господови слуги.

Кога ќе западне во неволја, од која изгледа дека му нема спас, Божјиот народ мора да се надева единствено во Господа.“ – Пророци и цареви, 257.
„Молете се многу. Бидете подготвени да се откажете од сѐ она што ве одделува од Бога. Тогаш, во денот на неволја, Тој ќе ви помогне и ќе ве сокрие под сенката на своите крилја.“ – Historical Sketches, p. 234.

Понеделник 10. јуни

2. ИЗБАВУВАЊЕ ПРЕКУ ПОСЛУШНОСТ

а. Низ каков тест поминале тројцата пријатели на Даниел? Даниел 3:4-6. Каков бил нивниот одговор? Даниел 3:12.

б. Кога биле изведени пред царот и добиле втора шанса, каков одговор дале тројцата младичи? Даниел 3:16-18.

„Совеста во однос на тоа што е Божјо е света ризница, во која ниту едно човечко суштество, без разлика на својата положба, нема право да се меша. Навуходоносор им понудил на Евреите уште една можност, и кога тие одбиле, се разгневил и наредил огнената печка да се загрее седум пати повеќе од вообичаеното. Им рекол на заробениците дека ќе ги фрли во таа печка. И тогаш дошол одговор полн со верба: Нашиот Бог на кого Му служиме може да нè избави; но и ако не го стори тоа, ние и понатаму ќе му останеме верни на Бога.“ – Ум, карактер и личност, том 1,327.

в. На кој начин Бог ги избавил? Даниел 3:19-27. Што признал царот? Даниел 3:29 (втор дел).

„Ние треба сега да одлучиме, како некогаш Даниел и неговите другари во Вавилон, дека ќе бидеме верни на начелата, без разлика на тоа што ќе се случи. Ниту вжарената печка, седум пати пожешка од обично, не ги предомислила овие верни Божји слуги да се одречат од верност кон вистината. Останале цврсти за време на најголемите неволји и искушенија и дури биле и фрлени во печката, но Бог не ги напуштил. Обликот на четвртото битие се видело како оди по средината на вжарената и пламена печка; а кога излегле надвор на нивната облека не се осетил дури ни мирисот на чадот.“ – Life Sketches, pp. 329, 330.

„Ако поради Христа треба да поминете низ огнената печка, Исус ќе биде со вас. ‘Преку води ли ќе минуваш – Јас сум со тебе; преку реки ли – тие нема да те потопат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори’ (Исаија 43:2).“ – Our High Calling, p. 358.

Вторник 11. јуни

3. ИЗБАВУВАЊЕ ПРЕКУ ПОСРЕДУВАЊЕ

а. Како сатаната влијаел врз персискиот цар да издаде декрет против Божјиот народ? Естира 3:12,13.

„Аман бил исполнет со омраза кон Мардохеј, Евреин. Мардохеј не му направил никакво зло на Аман, само што не сакал да му се поклонува со стравопочитување. Мислејќи дека ‘не е вредно да крене рака на самиот Мардохеј.’ Аман ‘гледаше да ги истреби сите Јудејци што беа по целото царство Асвирово, народот на Мардохеј.’ (Естира 3:6).
Измамен од Амановите зборови, Ксеркс бил наведен да издаде заповед да се убијат сите Евреи народ ‘расеан и растурен по народите по сите провинции’ на Медо-Персиското царство. Во одреден ден требало да се уништат сите Евреи и да се заплени нивниот имот. Царот не согледал до какви далекусежни последици би дошло кога таа заповед би се спровела во потполност. Сатаната бил скриен поттикнувач на целиот план и се трудел да ги тргне од земјата оние кои што го сочувале знаењето за вистинскиот Бог.“ – Пророци и цареви, 600,601.

б. Што презела Естира како одговор на издадениот декрет? Естира 4:15-17.

„Со посредство на царицата Естира Господ извршил силно избавување за Својот народ. Во моментот кога изгледало дека не постои сила која може да ги спаси, Естира и нејзините девојки со пост, молитва и брза акција се соочиле со проблемот и донеле ослободување и спас за целиот нивен народ.“ – Коментари на библиски текстови, 240.

в. Како Господ интервенирал за да го избави Својот народ? Естира 8:11-14; 9:1,2.

„Бог чудесно работел за Својот народ кој се покајал. Царот издал втора заповед, која им допуштила да се борат за својот живот. Таа заповед гласниците на коњите брзо ја разнеле по сите краишта на царството… Ангелите кои се ненадминливи по сила, беа поставени од Бога на должност да го штитат Неговиот народ кои беа собрани да ‘го бранат својот живот.’ (Естира 9:16).“ – Пророци и цареви, 602.

Среда 12. јуни

4. ИЗБАВУВАЊЕ ВО ПОСЛЕДНОТО ВРЕМЕ

а. Каква голема проба ќе дојде врз Божјиот народ непосредно пред второто Христово доаѓање? Откровение 13:15-17.

„Декретот издаден од највисоките земски власти од нив ќе бара, под закана на прогонства и смрт, да му се поклонат на ѕверот и да го примат неговиот белег. Бог сега нека му помогне на Својот народ, бидејќи што ќе може да направи во таа ужасна борба без Неговата помош!
Храброста, постојаноста, верата и безрезервната доверба во Божјата моќ за спасение не можат да се стекнат за еден миг. Тие небесни благодети се стекнуваат со долгогодишно искуство. Божјите деца ја запечатуваат својата судбина со животот на света истрајност и непопустлива приврзаност кон правдата. Обземени со безбројни искушенија, тие знаат дека мораат да се спротивстават решително или да подлегнат. Тие чувствуваат дека мораат да извршат големо дело и дека секој момент можат да бидат повикани да го положат своето оружје. И ако дојдат до крајот на својот живот со недовршено дело, тие би претрпеле вечна загуба.“ – 5. Сведоштво, 213.

б. Кој ќе му се поклони на овој лажен систем на богослужба? Откровение 13:8.

в. Како можеме да ги зачуваме нашите имиња во книгата на животот? Откровение 3:5.

„Ако сакаме да бидеме победници, ние треба да го испитаме нашето срце за да бидеме сигурни дека не негуваме ништо што е навредливо за Бога. Ако сепак негуваме, не можеме да ја облечеме белата облека која ни е ветена. Ако сакаме да бидеме пред Бога облечени во бела облека, која претставува праведност на светите, мораме сега да работиме на тоа да се победиме себеси…
Чии имиња нема да бидат избришани од книгата на животот? Само имињата на оние кои го љубеле Бога со сите сили на своето битие, а своите ближни како самите себе.“ – Lift Him Up, p. 326.
„Ве молам, во Христово име, да ги исповедате своите гревови и да ги поправите своите патишта за да не биде избришано вашето име од книгата на животот, туку да биде признато пред Отецот и пред Неговите ангели. Исус се повикува на Својата крв пред Отецот; и сега, додека милоста уште се задржува и се продолжува времето на милост, барајте одобрување од Небото“– Reflecting Christ, p. 57.

 Четврток 13. јуни

5. БОЖЈИ ПОБЕДНИЦИ

а. Како можеме да станеме победници во последната голема борба со злото? Откровение 12:11.

„Со Христовата благодат ние мораме да станеме победници; благодарение на заслугите на Неговата крв ние можеме да бидеме во оној број чии имиња нема да бидат избришани од книгата на животот.“ – This Day With God, p. 175.
„Искушаните и верни деца добиваат чисти облеки на Христовата праведност. Презрениот Остаток ќе биде облечен во прекрасна облека која расипаноста на светот нема да може никогаш да ја извалка. Нивните имиња остануваат во книгата на животот на Јагнето, покрај имињата на верните во сите векови. Тие одолеале на лукавството на измамникот; рикот на змејот не успеал да ги совлада за да се одречат од својата верност. Сега тие засекогаш се безбедни од нападите на сатанските орудија.“ – Пророци и цареви, 591.

б. Што им е ветено на оние кои ќе останат верни? Откровение 2:7,10; 3:21.

„Мораме да учествуваме во борбата ако сакаме да го носиме венецот на победата. Мораме да се усовршуваме низ страдања, како и Исус… Можеме да одиме безбедно по најмрачната патека, ако ни е водич Светлината на светот.“ – 5. Сведоштво, 71.
„Откупените свети кои имале љубов кон Бога и ги држеле Неговите заповеди, ќе влезат низ портите на градот, и ќе имаат право на дрвото на животот.“ – My Life Today, p. 355.

Петок 14. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На каква жртва треба да бидеме спремни секој ден во процесот на подготовка за избавувањето кое Бог сака да ни го овозможи во иднина?
2. Како јас, како и тројцата другари на Даниел, можам денес да им бидам верен на начелата?
3. Како Бог го спасил Својот народ во времето на Естира? Што можеме да научиме од ова?
4. Кои имиња ќе бидат сочувани во книгата на животот?
5. Што значи да ја имаме „Светлината на светот како наш водич“?

Сподели го ова:

Слични објави