3. Повик до родителите

Сподели го ова:

Чувајте ги децата од леглото на гревот

            Никогаш не дозволувајте некои привремени предности да ги натераат родителите да го занемаруваат воспитувањето на своите деца. Секогаш кога е можно, обврска на родителите е да направат дом за своите деца на село. Децата и младите треба внимателно да се чуваат. Тие треба да се држат подалеку од леглата на гревот кои можат да се најдат во нашите градови. Нека бидат опкружени со влијанијата на вистинскиот христијански дом – дом во кој престојува Христос. (Letter 268, 1906) (ЖС 12.2)

Пред да се излеат неволјите

            Пред чашата преполна со казни да се излее на жителите на Земјата, Господ ги повикува сите оние што се навистина Израелци да се подготват за тој настан. Тој им упатува опомена на родителите: Соберете ги своите деца во своите домови; одвојте ги од оние кои не ги почитуваат Божјите заповеди, кои прават зло и другите ги учат на тоа. Излезете што побргу од големите градови. Основајте црковни училишта. Дајте им ја на вашите деца Божјата Реч како темел на целото нивно образование. (6. Сведоштво, 195) (ЖС 12.3)

            Наложено ми е од Господ да го предупредам нашиот народ да не се собира во градовите за да најдат домови за своите семејства. Добив упатство да им кажам на татковците и мајките: Немојте да престанувате да ги задржувате вашите деца во вашите домови. (Manuscript 81, 1900) (ЖС 12.4)

Детските души наспроти леснотијата и удобноста

            Не им дозволувајте на децата да се излагаат на искушенијата во градовите кои се зрели за уништување. Господ ни даде предупредување и совети да излеземе од градовите. Тогаш, да не инвестираме повеќе во градовите. Татковци и мајки, како гледате на душите на вашите деца? Дали ги подготвувате членовите на вашите семејства

за премин во небесните дворови? Дали ги подготвувате да станат членови на царското семејство? Деца на небесниот Цар? „Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?“ (Матеј 16:26). Како ќе ја споредите леснотијата, раскошот, удобноста со вредноста на душите на вашите деца? (Manuscript 76, 1905) (ЖС 12.5)

Христијанските особини подобро се стекнуваат на тивки места

            Не постои едно семејство меѓу стотици кои ќе напредуваат физички, ментално или духовно со тоа што ќе живеат во градот. Верата, надежта, љубовта, среќата многу подобро можат да се стекнат во повлечени, мирни места, каде има полиња, ридови и дрвја. Одвојте ги вашите деца подалеку од градските сцени и звуци, подалеку од тресокот и бучавата на трамвајот и колите, и нивниот умови ќе станат многу поздрави. Полесно ќе ви биде на нивните срца да им ја објасните вистината на Божјата Реч. (Manuscript 76, 1905) (ЖС 13.1)

            Испратете ги децата во училиштата кои се лоцирани во градот, каде што секаков облик на искушение чека да ги привлече и обесхрабри, па работата на изградба на карактерот ќе биде десеткратно потешка и за родителите и за децата. (Fundamentals of Christian Education, 326) (ЖС 13.2)

Прибежиште во селските средини

            Нека родителите разберат дека обуката на нивните деца е важна работа во спасувањето на душите. Во селските подрачја можно е да се спроведат обилни корисни вежби при извршување на оние работи што треба да се направат, и кои ќе донесат физичко здравје преку развојот на нервите и мускулите. Излезете од градовите е мојата порака за воспитување на нашите деца. (ЖС 13.3)

            Бог на нашите прародители им дал средства за вистинско воспитување, кога им дал упатства да ја обработуваат почвата и да се грижат за својот дом во градината. Откако гревот дошол поради непослушноста кон Божјите барања, работата на обработувањето на почвата многукратно се зголемила, бидејќи земјата, поради проклетството, раѓала плевел и трње. Меѓутоа, работата не била дадена поради гревот. Големиот Учител лично ја благословил работата околу обработката на почвата. (ЖС 13.4)

„Како… во деновите на Ное“

            Целта на сатаната е да ги привлече мажите и жените во градовите, и за да ја постигне својата цел, тој измислува секаква новина и забава, секаков вид на возбуда. Денешните градови на земјата стануваат исти како градовите пред Потопот. (ЖС 14.1)

            Ние треба да носиме постојан товар, бидејќи го гледаме исполнувањето на Христовите зборови: „Но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37). Во деновите пред Потопот, биле измислени секакви видови на забава за да ги препуштат мажите и жените на неприкладно однесување и грев. Денес, во 1908. година, сатаната интензивно работи на тоа да преовладуваат истите услови на злото. Земјата станува расипана. Верската слобода нема да биде почитувана од таканаречените христијаните, затоа што многумина немаат разбирање за духовните работи. (ЖС 14.2)

            Невозможно е да не видиме дека наскоро ќе дојде крајот на светот. Сатаната работи на умовите на мажите и жените, и мнозина изгледаат исполнети со желба за забава и возбуда. Како што беше во деновите на Ное, секој вид на зло е во пораст. Разводот на бракот и влегувањето во брак претставуваат јавен поредок во ова време. Во времето како што е ова, луѓето што се обидуваат да ги држат Божјите заповеди треба да бараат мирни места далеку од градовите… (ЖС 14.3)

Не сметајте го тоа за лишување

            Кој ќе биде предупреден? Повторно велиме, надвор од градовите. Немојте тоа да го сметате за големо лишување, што морате да одите во ридовите и планините, туку барајте за тоа заминување место на кое ќе можете да бидете насамо со Бога, да научите која е Неговата волја и пат… (ЖС 14.4)

            Го повикувам нашиот народ копнежот по духовност да го направат за свое животно дело. Христос е пред вратата. Затоа му велам на нашиот народ: Не сметајте дека е лудост кога ќе бидете повикани да ги напуштите градовите и да се преселите во провинцијални места. Тука ги чекаат големи благослови оние кои сакаат да ги приграбат. Гледајќи ги сцените на природата, делата на Создателот, проучување на Божјите ракотворби, неосетно ќе се промените во истиот лик. (Manuscript 85, 1908) (ЖС 14.5)

Обезбедете ги најдобрите животни успеси

            Скапите живеалишта, дотераниот мебел, надворешниот изглед, луксузот и удобноста, не е она што е потребно за среќен, корисен живот. Исус дошол на оваа Земја за да го заврши најголемото дело што некогаш било извршено меѓу луѓето. Тој дошол како Божји амбасадор да ни покаже како да живееме за да постигнеме најдобри резултати во животот. Какви услови избрал Вечниот Отец за Својот Син? Осамен дом меѓу ритчињата на Галилеја; домаќинство што се издржува со чесна работа; едноставен живот; секојдневна борба со тешкотии и проблеми; самооткажување, штедливост и трпелива, несебична служба; часови на поука во мајчиниот скут со отворен свиток од Писмата; тишина на зората или самракот во зелената долина – светите проповедници на природата; проучување на создавањето и провидението и заедница на душата со Бога – тоа била состојбата и можностите на раните години од Исусовиот живот. (ЖС 14.6)

Селското наследство на благородните луѓе

            Такви биле и животните можности на најголемиот број најдобри и најблагородни луѓе во сите векови. Прочитајте ја историјата на Авраам, Јаков и Јосиф, Мојсеј, Давид и Илија. Проучувајте ги животите на луѓето од подоцнежните векови, кои најдобро ја исполниле својата доверлива и одговорна должност, луѓе што имале најголемо влијание за издигнувањето на светот. (ЖС 15.1)

            Колкумина од нив биле одгледани во домови на село! Тие знаеле малку за луксузот. Не ја потрошиле својата младост на задоволства. Биле принудени да се борат со сиромаштија и тешкотии. Рано научиле да работат и активниот живот што го воделе на отворено, овозможил виталност и еластичност на сите нивни способности. Принудени да зависат од сопствените можности, тие научиле да се борат со проблемите и да ги заобиколуваат пречките и се здобиле со храброст и издржливост. Ја научиле поуката на зависност од себеси и самоконтрола. Во голема мерка заштитени од лошо друштво, тие се задоволувале со природните задоволства и искрените пријателства. Имале едноставен вкус и умерени навики. Биле раководени од принципите и израснале во чисти, силни и искрени луѓе. Кога биле повикани да ја исполнат својата животна задача, тие во неа внеле физичка и ментална сила, духовен полет, способност за планирање и извршување и постојаност во спротивставувањето на злото, што од нив направило позитивна сила во борбата за доброто во светот. (ЖС 15.2)

Подобро од богатство

            Од сите богати наследства што можете да им ги дадете на вашите деца, подобар е дарот на здраво тело, бистар ум и благороден карактер. Само оние што разбираат во што се состои вистинскиот успех во животот, ќе станат мудри во младите години. Тие, при изборот на сопствениот дом ќе ги имаат на ум најдобрите работи во животот. (ЖС 15.3)

            Наместо да живеете таму, каде што можат да се видат само дела на човечките раце, каде што глетките и звуците честопати сугерираат грешни мисли, каде хаосот и збрката го оневозможуваат разумот, одете таму каде што ќе можете да ги гледате Божјите дела. Најдете одмор во убавината, тишината и спокојството на природата. Дозволете им на вашите очи да се одмораат на зелените полиња, шуми и ридови. Гледајте кон синото небо, непопречено од градскиот прав и смог и вдишувајте го закрепнувачкиот небесен воздух. Одете таму, каде што освен одвлекувањето на вниманието и разузданоста на градскиот живот ќе можете да се дружите со своите деца, каде ќе можете да ги научите за Бога преку Неговите дела и ќе ги обучите на правилен и полезен живот. (Здравје и среќа, 366-367) (ЖС 16.1)

Повеќекратни придобивки од активниот живот на слобода

            Би било добро за тебе да се ослободиш од тие свои заморни грижи и да се повлечеш на село, каде што нема толку силни влијанија кои изопачувачки делуваат на моралот на младите. (ЖС 16.2)

            Вистина, ти и при живот во природа нема да бидеш потполно слободна од заморните грижи, но ќе избегнеш многу зла и ќе ја затвориш вратата против поплавата на искушенијата кои се закануваат да ги обземат мислите на твоите деца. Ним им е потребно занимање и разновидност. Постојаната едноличност во затворена просторија ги прави немирни и загрижени, и затоа создаваат навика да се мешаат со порочната градска младина, добивајќи на таков начин улично воспитување… (ЖС 16.3)

            Животот во природа за нив би бил вистински благослов; движењето и живата активност во слободна природа и на чист воздух поволно би влијаеле на нивното физичко и умно здравје. Во обработка на градината би можеле да најдат и разонода и корисно занимање. Одгледувањето на растенија и цвеќиња развива смисол за добар вкус и моќ за здраво расудување, додека запознавањето со корисните и прекрасните дела на создавање го облагородува и воздигнува умот, насочувајќи ги мислите на Оној Кој е Творец и Господар на сè што гледаме и не гледаме. (4. Сведоштво, 136) (ЖС 16.4)

Не очекувајте никакво чудо во сузбивање на резултатите од погрешниот курс

            Гледам во овие цвеќиња, и секој пат кога ќе ги видам помислувам на Едем. Тие се израз на Божјата љубов кон нас. На тој начин Тој ни нуди во овој свет мало доживување на Едем. Тој сака да уживаме во прекрасните дела на Неговото создавање и во нив да видиме израз на она што Тој ќе стори за нас. (ЖС 16.5)

            Тој сака да живееме таму каде ќе можеме да имаме простор да се движиме. Неговиот народ не треба да се собира во градовите. Тој сака да ги изведе своите семејства надвор од градовите, за да можат подобро да се подготват за вечен живот. Уште малку време тие ќе мора да ги напуштат градовите. (ЖС 17.1)

            Овие градови се полни со секакви зла – штрајкови, убиства и самоубиства. Сатаната е во нив, контролирајќи ги луѓето во нивното дело на уништување. Под негово влијание тие убиваат заради убиство, а тоа ќе го прават сѐ повеќе и повеќе… (ЖС 17.2)             Ако се изложиме под лоши влијанија, зарем можеме да очекуваме Бог да направи чудо за да ги отстрани резултатите од нашиот погрешен курс? Не, навистина. Излезете од градовите што е можно поскоро, и купете мало парче земја, каде што можете да имате градина, каде што вашите деца можат да ги посматраат цвеќињата како растат и од нив да учат лекции за едноставност и чистота. (General Conference Bulletin, March 30, 1903) (ЖС 17.3)

Сподели го ова:

Слични објави