2. Избегнувајте конфликти поврзани со работата
Повлечете се на слобода во селските средини
Бргу доаѓа времето кога владејачките сили на синдикатите ќе станат угнетувачки. Одново и одново Господ дава упатства дека нашиот народ треба да ги изведе своите семејства од градовите во селски средини, каде можат да произведуваат свои производи; бидејќи во иднина проблемот со купување и продажба ќе стане многу сериозен. Ние сега треба да почнеме да обрнуваме внимание на упатствата кои постојано ни се давани. Излезете од градовите во селските средини, каде што куќите не се наредени блиску едни до други, и во кои нема да имате пречки од непријателот… (Letter 5, 1904) (ЖС 9.5)
Избегнувајте партиски конфликти
Луѓето се здружуваат против Господа над војските. Нивната завера ќе продолжи сѐ додека Христос не го напушти своето место на посредување пред престолот на милоста и ќе ги облече облеките на одмазда. Сатанските агенти се наоѓаат во секој град,
вредно организирајќи ги во групи оние што се противат на Божјиот закон. Ним им се приклучуваат таканаречените верници, но и отворените неверници. Ова не е време Божјиот народ да биде слаб. Ниту за еден момент не смееме да попуштиме во својата будност. (8. Сведоштво, 42) (ЖС 10.1)
Пред нас се неволји во врска со работата
Работничките синдикати ќе бидат меѓу силите кои на земјата ќе донесат време на неволја какво што немало откако настанал светот…. (Letter 200, 1903) (ЖС 10.2)
Конфликти помеѓу трговските здруженија и синдикатите
Работата на Божјиот народ е да се подготви за идните настани кои наскоро ќе дојдат врз нив со заслепувачка сила. Во светот ќе бидат формирани гигантски монополи. Луѓето ќе се поврзат со синдикатите кои ќе ги обвиткаат во прегратките на непријателот.
Неколку луѓе ќе се здружат да ги приграбат сите средства што можат да се добијат во одредени подрачја на делување. Ќе се формираат работнички синдикати и оние што ќе одбијат да им се придружат ќе бидат обележани. (Letter 26, 1903) (ЖС 10.3)
Подготовка за неволјите
Синдикатите и светските здруженија се замка. Држете се подалеку од нив, браќа и сестри. Немојте да имате ништо со нив. Поради овие синдикати и здруженија, наскоро на нашите институции ќе им биде многу тешко да ја продолжат својата работа во градовите. Моето предупредување гласи: Излезете од градовите. Не градете санаториуми во градовите. Едуцирајте го нашиот народ да ги напушти градовите и да оди во средини во кои може да добие мало парче земја и тука да изгради дом за себе и за своите деца… (ЖС 10.4)
Нашите ресторани треба да бидат во градовите; бидејќи во спротивен случај работниците во овие ресторани не можат да допрат до луѓето и да ги поучат на принципите на правилно живеење. Засега, во градовите треба да изнајмиме сали за состаноци. Но, во градовите ќе настанат такви судири и конфузии, така што оние кои ќе сакаат да ги напуштат, нема да можат. Ние треба да се подготвиме за овие неволји. Ова е светлината што ја добив. (The General Conference Bulletin, April 6, 1903) (ЖС 11.1)
Да ја зачуваме нашата индивидуалност
Со години ми е давана посебна светлина дека не треба да ја насочиме нашата работа во градовите. Превирањата и конфузијата во овие градови, условите што ги создале синдикатите и штрајковите, во голема мера ќе ја попречуваат нашата работа. Луѓето се трудат работниците кои се вработени во разни занаети да ги вовлечат во оковите на синдикатот. Ова не е Божји план, туку план на силата која во никој случај не треба да ја признаеме. Се исполнува Божјата Реч; безбожниците се поврзуваат во снопови за да бидат запалени. (ЖС 11.2)
Сега треба да ги употребиме сите способности кои ни се дадени за да му ја објавиме на светот последната вест на опомена. Во тоа дело мораме да ја сочуваме својата индивидуалност. Не смееме да се обединуваме со тајните друштва или со синдикатите. Треба да останеме слободни во Бога, очекувајќи постојано налози од Христа. Сите наши постапки треба да бидат направени со сфаќање за важноста на делото кое треба да се изврши за Бога. (7. Сведоштво, 84) (ЖС 11.3)
Непочитување на Декалогот – десетте заповеди
Овие синдикати се еден од знаците на последните денови. Луѓето се врзуваат во снопови подготвени да бидат запалени. Тие можат да бидат членови на црквата, но сѐ додека припаѓаат на овие синдикати, тие не можат да ги држат Божјите заповеди; бидејќи припаѓањето на овие синдикати значи непочитување на целиот Декалог. (ЖС 11.4)
„Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“ (Лука 10:27). Овие зборови ја сумираат целата должност на човекот. Тие значат посветување на целото битие, телото, душата и духот во служба на Бога. Како можат луѓето да ги почитуваат овие зборови а во исто време се залагаат за поддршка на она што ги лишува нивните соседи од слободата на дејствување? И како можат луѓето да ги следат овие зборови и да создаваат комбинации кои ги лишуваат посиромашните класи од нивните предности кои им припаѓаат, спречувајќи ги да купуваат или продаваат, освен под одредени услови? (Letter 26, 1903) (ЖС 11.5)
Синдикатите што се формираат или ќе бидат формирани
Оние кои тврдат дека се Божји деца во никој случај не треба да се поврзуваат со синдикатите кои се формирани или ќе бидат формирани. Господ го забранува ова. Зар оние кои ги проучуваат пророштвата не можат да видат и разберат што ни претстои? (Letter 201, 1902) (ЖС 12.1)