4. Занимања во селските реони
Земја – за задоволување на нашите потреби
Ако земјата се обработува, таа, со Божји благослов, ќе ги задоволи нашите потреби. Не смееме да губиме храброст поради привремените работи, поради привиден неуспех, ниту смееме да стануваме малодушни поради одложување на нештата. Земјата треба да ја обработуваме радосно, полни со надеж и благодарност, верувајќи дека таа во своите гради има богати залихи за верниот работник, залихи подрагоцени од злато и сребро. Обвинувањето дека таа е скржава, претставува лажно сведочење. Со соодветно, разумно обработување, земјата ќе го дава своето богатство во корист на човекот. Планините и ридовите се менуваат. Земјата старее и дотрајува како облеката, но благословот на Оној, Кој на Својот народ Му поставил трпеза во пустината, никогаш нема да престане. (ЖС 17.4)
Ни претстојат сериозни времиња и многу е потребно семејствата да излезат од градовите, населувајќи се во внатрешноста, за да може вистината да биде пренесена и на патиштата како и на главните друмови на оваа земја. Многу зависи од тоа дали ние своите планови ги создаваме во склад со Господовата Реч и дали ги спроведуваме со истрајна енергија. Повеќе зависи од посветената дејност и истрајност, отколку од надареноста и учењето од книгите. Сите таленти и способности дадени на луѓето, имаат мала вредност ако не се употребуваат. (ЖС 17.5)
Враќањето кон поедноставни методи ќе биде ценето од децата и младината. Работата во бавча и на нива ќе претставува пријатна промена од заморните секојдневни теоретски поуки на кои никогаш не треба нивните младите умови да бидат ограничени. Тоа ќе биде од особена корист за нервозното дете кое чувствува дека учењето од книги го истоштува и кое тешко помни. Во проучувањето на природата, децата ќе најдат здравје и среќа; впечатоците кои ќе се стекнат тука нема да избледат од нивното сеќавање, зашто тие ќе бидат поврзани со предмети кои постојано се наоѓаат пред нивните очи. (6. Сведоштво, 178,179) (ЖС 18.1)
Со парче земја и удобен дом
Земјата треба да се обработува за да ја даде својата сила; но без Божјиот благослов таа не може да стори ништо. Во почетокот Бог погледнал на сето она што го создал, и рекол дека е многу добро. Проклетството дошло на Земјата како последица на гревот. Но, дали ова проклетство ќе се умножи со зголемувањето на гревот? Незнаењето го прави своето злобно дело. Злобните слуги го зголемуваат злото со своите мрзливи навики. Многумина не се подготвени да го заработат својот леб со потта од челото, и затоа одбиваат да ја обработуваат почвата. Но, земјата има благослови скриени во своите длабочини за оние кои имаат храброст, волја и истрајност да ги соберат нејзините богатства. Татковците и мајките кои поседуваат парче земја и удобен дом се кралеви и кралици. (ЖС 18.2)
Многу земјоделци не успеале да добијат соодветни приноси од својата земја, затоа што тие ја прифатиле таа работа како да е понижувачка работа; тие не согледуваат дека во тоа постои благослов за нив и за нивните семејства. Сѐ што можат да забележат е знак на ропство. Нивните овоштарници се занемарени, посевите не се посеани во вистинско време, а во обработката на почвата е вложена само површна работа. (Fundamentals of Christian Education, 326,327) (ЖС 18.3)
Овошје, зеленчук и живина
Во оваа соседство постои голема површина на ненаселена земја. Некои наши луѓе кои живеат во отровната атмосфера на градовите, можат да обезбедат профит од неколку хектари од оваа земја. Тие можат да се здружат во одгледување на овошје, зеленчук и живина. Санаториумот со задоволство би купил од нив јајца и зеленчук. Посакувам некој таков потфат да заживее. Голем благослов ќе дојде врз родителите и децата доколку ги напуштат злите, загадени градови и заминат на село. (Letter 63, 1904) (ЖС 18.4)
Живот на село – благослов за сиромашните
Кога сиромашните, кои сега се собрани во градовите би можеле да најдат домови во селска средина, тие не само што би можеле да заработат за своите животни потреби, туку и да најдат здравје и среќа за кои сега воопшто и не знаат. Тешката работа, едноставната исхрана, строгото штедење, честата скудност и бројните потреби ќе бидат нивна судбина; но одлуката да го заменат градскиот живот со сите негови привлечности кон злото, неговите немири, криминал, беди и пакости, за тивката и чиста селска средина, би им донела голем благослов. (ЖС 19.1)
Многумина од оние што живеат во градовите, немаат ниту парче земја обрасната со зелена трева да застанат на него, кои од година во година гледаат само валкани дворови, тесни улици од кои повеќето се поплочени со камени коцки или калдрма, небо со облаци од прав и чад; доколку таквите би можеле да бидат преселени во некоја земјоделска област, опкружена со зелени полиња, шума, ритчиња и потоци, ведро небо и свеж, чист селски воздух, тоа за нив би изгледало речиси како живот на Небото. (ЖС 19.2)
Така, во голема мерка отсечени од контактот и зависноста од другите, одвоени од изопачените сфаќања и навики на овој свет и сето она што го вознемирува духот, тие би се приближиле поблиску до срцето на природата и пореално би го чувствувале Божјото присуство. Тогаш, многу луѓе би научиле како да се потпираат на Него. Тие би го разбрале Божјиот глас во природата, како им зборува на нивните срца за Неговиот мир и љубов, а умот, душата и телото би одговориле на исцелителната, животворна сила. (Здравје и среќа, 190-192) (ЖС 19.32)
Работа за семејства од градовите
Верниците кои сега живеат во градовите, ќе треба да се преселат во села, за да ги спасат своите деца од пропаст. Треба да се посвети внимание на основање на воспоставување на занаетчиства во кои овие семејства можат да најдат вработување. Оние кои се задолжени за работа во училиштето во________ и ________ треба да видат што можат да направат овие институции за да се основаат такви занаетчиства, така што нашите луѓе кои сакаат да ги напуштат градовите можат да добијат пристојни домови без големи издатоци, како и да можат да најдат вработување. И во________ постојат поволни и охрабрувачки изгледи за развој на овој план. Проучeте ги овие изгледи. (ЖС 19.4)
Не е можно да се наведе сѐ што е потребно да се направи, додека не се направат почетните чекори. Молете се за ова прашање, и имајте на ум дека Бог стои зад кормилото и управува со работата на разните потфати. Место во кое правилно се води работата претставува очигледен пример за други места. Не смее да се појави никаква тесноградост и себичност во извршената работа. Работата треба да се постави на едноставна, разумна основа. Сите треба да научат да не тврдат дека веруваат во вистината, како вистина, туку со пример во секојдневниот живот да ја покажат вистината. (Letter 25, 1902) (ЖС 19.5)
Работата со здрава храна
Тука (Авондејл) треба да се основа бизнис за здрава храна. Таа треба да биде една од индустриите поврзани со училиштето. Бог ме поучи дека родителите можат да најдат работа во оваа индустрија и да ги испратат своите деца во училиштето. Но, сѐ што се направи, треба да се направи со најголема едноставност. Не треба да има претерување во ништо. Треба да се изврши темелна работа, затоа што ако работата не се изврши како што треба, резултатот ќе биде многу слаб. (Australian Union Conference Record July 28, 1899) (ЖС 20.1)