Копнежот на вековите

Сподели го ова:

Книгата „Копнежот на вековите“ од Елена Г. Вајт е длабок и инспиративен приказ на животот на Исус Христос. Таа започнува со божествениот план за спасение на човештвото и ја открива Божјата љубов преку Неговиот Син, прикажувајќи го Христос како централна личност што го исполнува копнежот на Сите векови. Делото почнува со воведот „Бог со нас“, во кој се објаснува вечното единство меѓу Таткото и Синот, како и Христовото доаѓање на Земјата за да ја открие божествената љубов и да ги разоткрие погрешните сфаќања за Бога, настанати поради гревот и сатанската измама. Притоа се нагласува дека Христос е светлината што блеска во темнината на овој свет.

Потоа книгата преминува на подготовката на избраниот народ Израел за доаѓањето на Месијата и ја опишува „полнотата на времето“, кога Бог го испратил Својот Син во свет обвиткан со грев, за да го покаже Неговиот карактер на милост и вистина. Во следните делови се раскажува за раѓањето на Исус во Витлеем, посветувањето во храмот, посетата на мудреците од Исток водени од ѕвезда и Неговото детство во Назарет, каде што Тој растел во мудрост и благодат, соочувајќи се со првите внатрешни борби и прашања за време на пасхалната посета на Ерусалим.

Книгата продолжува со подготовката за Неговата служба преку гласот на Јован Крстител во пустината, крштевањето на Исус во Јордан и искушението во пустината, каде што Тој го победува сатаната со Божјата Реч. Следи почетокот на јавната мисија со повикувањето на првите ученици — Симон (Петар), Андреј, Јаков и Јован. Раскажувањето тече низ чудата и настаните како претворањето на водата во вино на свадбата во Кана, чистењето на храмот од трговците, ноќниот разговор со Никодим за новораѓањето преку Духот и средбата со Самарјанката кај Јакововиот бунар, каде што Исус ја открива Својата мисија како Месија и ја нуди „живата вода“ што ја гаси жедта засекогаш.

Тука се вклопува идејата дека оној што се обидува да ја згасне жедта на изворите на овој свет ќе пие, но повторно ќе биде жеден, бидејќи луѓето насекаде остануваат незадоволни и копнеат по нешто што ќе ја исполни потребата на душата. Само Еден може да ја задоволи таа потреба — потребата на светот, „Копнежот на Сите народи“, е Христос.

Потоа книгата детално ги опишува чудата на исцелување: лекувањето на парализираниот во бањата во Витезда, воскреснувањето на синот на вдовицата од Наин, смирувањето на бурата на езерото, допирот на верата на жената која беше страдала дванаесет години од крвавење и нахранувањето на пет илјади со пет леба и две риби, при што се истакнуваат поуките за верата, милоста и Божјото царство. Средишниот дел се фокусира на Христовите учења — Беседата на Гората со блаженствата, параболите за сејачот, добриот Самарјанин и блудниот син, преобразувањето на гората, каде што Исус ја открива Својата слава пред Петар, Јаков и Јован, како и конфликтите со фарисеите околу традициите, саботата и знаците.

Како што приказот се приближува кон кулминацијата, се раскажува за последното патување од Галилеја, подигањето на Лазар од гробот, заверата на свештениците, влегувањето во Ерусалим на осле, повторното чистење на храмот, осудата на лицемерието на фарисеите и пророштвата за крајот на времето на Маслиновата Гора. Книгата достигнува врв со Последната вечера, каде што Исус ја востановува Господовата вечера, молитвата во Гетсиманија и борбата со товарот на гревот на светот, предавството на Јуда, судењето пред Ана, Кајафа и Пилат, и распнувањето на Голгота, каде што Тој извикува: „Свршено е“ и се принесува Себеси за спасение на човештвото.

На крајот, делото завршува со воскресението, појавувањата пред Марија, пред учениците на патот за Емаус и на езерото, Големата заповед за проповедање на Евангелието на Сите народи и вознесувањето на Исус кај Таткото, оставајќи порака на надеж и вечен живот за Сите што веруваат во Него.

 
 
 

Сподели го ова:

Поврзани статии