18. „ИЗЛЕЗИ ПО ПАТИШТАТА И МЕЃУ ОГРАДИТЕ“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 14:1,12-24)

Спасителот бил гостин на гозбата кај еден фарисеј. Тој ги прифаќал повиците на богатите, но и на сиромасите, и според Својот обичај, она што се случувало пред Него го поврзувал со Своите поуки за вистината. Меѓу Евреите светите гозби биле составен дел на сите национални и верски празници. Тие за нив претставувале симбол на благословите што ќе ги уживаат во вечниот живот. Големата гозба на која – според нивното сфаќање – ќе седат заедно со Авраам, Исак и Јаков, додека незнабошците ќе останат надвор и ќе ги посматраат со копнежливи очи, била тема за која расправале со уживање. Поуката што сакал да им ја даде, советите и опомените што сакал да им ги упати, Христос сега ги илустрирал со параболата за големата вечера. Божјите благослови, и за овој и за идниот живот, Евреите сакале да ги задржат исклучиво за себе. Ја одбивале и самата помисла дека Бог би можел да им биде милостив и на незнабошците. Со оваа парабола Христос им покажал дека тие самите го одбиле повикот на милоста, повик да влезат во Божјото царство. Тој им покажал дека повикот што го игнорирале ќе им биде упатен на оние што тие ги презирале, на оние што тие не сакале да ги допрат ниту со својата облека, како да се лепрозни. {ХП 219.1}

При изборот на гостите за својата гозба, фарисејот се раководел од своите себични интереси. Затоа Христос му рекол: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено.Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите, и ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните”. {ХП 220.1}

Христос овде ги повторувал поуките што му ги давал на Израел преку Мојсеј. На нивните свети празници Господ наредил да доаѓаат „левитот, бидејќи тој нема дел и наследство со тебе, и придојдениот, и сиракот, и вдовицата, што се во твоите градови, и нека јадат и нека се наситат“ (Второзаконие  14:29). Овие собири требале да му послужат како пример на Израел. Кога на тој начин ќе се научат на радостите што произлегуваат од вистинското гостопримство, Израелците и во текот на годината ќе се грижат за жалосните и сиромасите. Овие празници пружале подалекусежна поука. Духовните благослови, дадени на Израел, не биле наменети само за нив. Бог им го дал лебот на животот за да можат да му го кршат на светот. {ХП 220.2}

Оваа задача тие не ја исполниле. Христовите зборови претставувале укор за нивната себичност. За фарисеите Неговите зборови биле непријатни. Надевајќи се дека разговорот ќе го пренасочи во друга насока, еден од нив, лицемерно извикал: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“ Овој човек зборувал толку самоуверено како да бил цврсто уверен дека ќе добие место во царството. Неговиот став бил мошне сличен на ставот на оние што се радуваат затоа што се спасени во Христа, иако не ги исполнуваат условите под кои е ветено спасението. Неговиот дух бил сличен на духот на Валам кога се молел: „Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!“ (Броеви 23:10). Фарисејот не размислувал за својата подготовка за небото, туку за она што се надевал дека ќе го ужива таму. Со својата забелешка настојувал мислите на гостите да ги одврати од расправата за нивната практична должност. Сакал во мислите да ги пренесе од овој сегашен живот во далечното време на воскресението на праведниците. {ХП 221.1}

Христос го читал срцето на овој лицемер и, насочувајќи го Својот поглед кон него, на сите гости почнал да им го опишува карактерот и вредноста на нивните сегашни привилегии. Тој им укажал на она што треба да го направат сега, во овој живот, за да можат да учествуваат во благословите на идниот – вечен живот. {ХП 221.2}

Рекол: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‘Дојдете, зашто веќе сè е подготвено!’ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‘Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!’ Вториот рече: ‘Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’ Третиот рече: ‘Се оженив и затоа не можам да дојдам!’“ {ХП 221.3}

Ниту еден изговор не бил заснован на некоја вистинска потреба. Човекот кој  рекол „треба да одам да ја видам“ веќе ја купил. Неговата силна желба да оди и да ја види нивата покажува дека тој целосно бил опфатен со таа трговија. Воловите, исто така, веќе биле купени. „Одам да ги пробам“ значело само да се задоволи љубопитството на купувачот. Ниту третиот изговор немал некоја оправдана причина. Фактот што повиканиот гостин се оженил, не треба да го спречи да присуствува на гозбата. Секако, и неговата жена би била добредојдена. Меѓутоа, тој имал свои планови за уживање и се чини дека тие му биле многу попривлечни од гозбата за која дал ветување дека ќе присуствува. Тој научил да наоѓа задоволства дружејќи се со други лица, а не со домаќинот на гозбата. Затоа и не се обидел да се оправда, не се потрудил да даде макар и само привидно пристоен изговор за своето одбивање. Изговорот „не можам да дојдам“ претставувало само прикривање на вистината: „Не ми е грижа“, или: „Не сакам да дојдам!“ {ХП 222.1}

Сите изговори покажуваат ум презафатен со други работи. Повикот упатен до гостите за гозба за нив имал споредно значење зашто другите интереси им биле многу поважни, па истиот го одбиле. Но затоа несебичниот пријател бил навреден од нивната рамнодушност. {ХП 222.2}

Со големата вечера, Христос ги претставува благословите што се нудат преку  евангелието, а тоа ни го обезбедува и препорачува Самиот Христос. Тој е лебот што слегува од небото; и од Него течат потоци на спасение. Господовите гласници им го објавувале на Евреите доаѓањето на Спасителот; тие укажале на Христа како на „Јагне Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1:29). На гозбата што ја приредил, Бог им го понудил најголемиот дар што Небото може да го подари – дар што не може да се процени. Божјата љубов подготвила скапоцена гозба, подготвила неисцрпни ресурси. Христос рекол: „Кој јаде од овој леб, ќе живее вечно“ (Јован 6:51). {ХП 222.3}

Меѓутоа, за да можат да го прифатат повикот за евангелската гозба, тие морале своите земни интереси да ги подредат на една цел: да го прифатат Христа и Неговата праведност. Бог за човекот дал сè и Тој од него бара неговата служба да ја стави над сите земни и себични интереси. Тој не може да прифати поделено срце. Срцето што е обземено со земни склоности не може да му се предаде на Бога. {ХП 223.1}

Оваа поука важи за сите времиња. Ние треба да го следиме Божјото Јагне секаде каде што ќе појде. Мораме да го прифатиме Неговото водство и Неговото друштво да го цениме повеќе од друштвото на нашите земни пријатели. Христос вели: „Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10:37). {ХП 223.2}

Собрани околу семејната трпеза, додека го кршеле својот секојдневен леб, мнозина во Христовите денови ги повторувале зборовите: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“ Меѓутоа, Христос им покажал колку е тешко да се најдат гости да седнат на трпезата подготвена со толку висока цена. Оние што ги слушале Неговите зборови биле свесни дека го одбиле повикот на милоста. Ним земните поседи, богатството и задоволствата наполно им го окупирале вниманието. Како по договор, сите нашле некој изговор. {ХП 223.3}

Така е и денес. Изговорите за одбивање на повикот на гозба, опфаќаат цела лепеза на изговори за одбивање на евангелскиот повик. Луѓето изјавуваат дека не можат да ги загрозат своите световни изгледи за успех, прифаќајќи ги барањата на евангелието. Тие своите земни интереси ги сметаат за многу поважни од вечните. И така токму благословите што ги примиле од Бога станале пречка која нивната душа ја одделува од нивниот Творец и Откупител. Тие не сакаат да бидат прекинати во своите земни потфати и затоа им велат на гласниците на милоста: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам“ (Дела 24:25). Други, пак, ги посочуваат тешкотиите што би се појавиле во нивните општествени односи доколку би го прифатиле Божјиот повик. Тие велат дека не можат да си дозволат да ги нарушат односите со своите роднини и познаници. И така тие докажуваат дека спаѓаат меѓу лицата опишани во параболата. Домаќинот на гозбата смета дека тие со своите слаби изговори покажале презир кон Неговиот повик. {ХП 224.1}

Човекот кој рекол: „Се оженив и затоа не можам да дојдам!“, претставник е на голем број на луѓе. Постојат многу сопружници кои му дозволуваат на својот брачен другар да ги спречи да го прифатат Божјиот повик. Сопругот вели: „Иако сфаќам дека ми е должност да го прифатам повикот, сепак, не можам да решам сè додека  мојата сопруга се противи. Таа со своето влијание многу ми отежнува да го сторам тоа!“ Кога сопругата ќе го чуе повикот на милоста: „Дојдете, зашто веќе сè е подготвено!“, таа одговара: „Те молам, извини ме! Мојот сопруг ги одбива повиците на милоста. Вели дека во тоа го спречуваат неговите работи. Морам да го поддржам мажот ми и затоа не можам да дојдам!“ Срцата на децата се поттикнати и тие сакаат да дојдат, но силно се приврзани за таткото и мајката кои не го прифаќаат евангелскиот повик, па мислат дека и од нив не може да се очекува да дојдат. И тие велат: „Оправдај ме!“ {ХП 224.2}

Сите тие го одбиваат повикот на Спасителот затоа што се плашат од поделба во семејството. Тие претпоставуваат дека, ако одбијат да го послушаат Бога, ќе си обезбедат мир и напредок во домот; но, ова е заблуда. Сите што сеат себичност, себичност и ќе пожнеат. Отфрлајќи ја Христовата љубов, тие го отфрлаат и она што на човечката љубов и дава чистота и постојаност. Не само што ќе го загубат небото, туку и ќе пропуштат вистински да уживаат во она заради што го жртвувале небото. {ХП 225.1}

Во параболата, домаќинот на гозбата, кога дознал како се однесувале поканетите кон неговиот повик, се лути и му вели на слугата: „Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите!“ {ХП 225.2}

Домаќинот се свртел од оние што ја презреле неговата великодушност и ги поканил гладните, бездомниците и сиромасите, оние што ќе го ценат изобилието што им е понудено. Христос рекол: „Вистина ви велам дека цариниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо“ (Матеј 21:31). Колку и да се бедни некои припадници на човечкиот род, кои луѓето ги презираат и од кои се одвраќаат, сепак, тие не паднале толку ниско, ниту се толку бедни за Бог да не може да ги забележи и да не ги сака. Христос копнее измачените со грижи, уморните и угнетените човечки суштества да дојат кај Него. Тој копнее да им даде светлина, радост и мир, да им го даде она што не може да се најде никаде на друго место. И најголемите грешници се предмет на Неговото длабоко, искрено сочувство и на Неговата љубов. Тој го испраќа Светиот Дух нежно да се потруди околу нив, обидувајќи се да ги привлече кон Него. {ХП 225.3}

Слугата што ги довел сиромасите и слепите на гозбата, го известува господарот: „Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место!“ „И му рече господарот на слугата: ‘Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!’“ Овде Христос го опишува делото на евангелието надвор од оградите на јудаизмот, на патиштата и патеките на овој свет. {ХП 226.1}

Послушни на оваа заповед, Павле и Варнава им објавиле на Евреите: „Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате дека не сте достојни за вечниот живот, затоа, еве, ние се обраќаме кон незнабошците.Зашто Господ така ни заповеда: ‘Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.’ Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен“ (Дела 13:46-48). {ХП 226.2}

Евангелската порака објавувана од Христовите ученици била најава за Неговото прво доаѓање на светот. Таа на луѓето им ја носела радосната вест за спасение преку вера во Него и укажувала дека Тој ќе дојде и вторпат во слава да го избави Својот народ, со што на луѓето им влева надеж дека со вера и послушност ќе го делат „наследството на светиите во светлината“. Оваа порака им се упатува на луѓето денес, и овој пат со неа е поврзана и најавата на скорешното второ Христово доаѓање. Знаците кои укажуваат на Неговото доаѓање, што Самиот ги дал, се исполнуваат, и врз основа на учењето на Божјата реч ние можеме да знаеме дека нашиот Господ е пред вратата. {ХП 226.3}

Јован во Откровението претскажува дека непосредно пред второто Христово доаѓање ќе се проповеда евангелската порака. Тој видел ангел „како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ.Тој зборуваше со висок глас: ‘Имајте страХПочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори’“ (Откровение 14:6,7). {ХП 227.1}

Според ова пророштво, по најавата за судот и пораките што се поврзани со него, следи доаѓањето на Синот Човечки на небесните облаци. Најавувањето на судот всушност претставува проповедање дека второто Христово доаѓање е пред врата. Оваа најава е наречена вечно евангелие. Според тоа, проповедањето за второто Христово доаѓање, објавувањето на неговата близина, е прикажано како суштински дел од евангелската порака. {ХП 227.2}

Библијата изјавува дека во последните денови луѓето ќе бидат вовлечени во световни потфати, уживања и со алчност за стекнување на пари. Тие ќе бидат слепи за вечните реалности. Христос вели: „Како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сè – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37-39). {ХП 228.1}

Така е и денес. Луѓето трчаат во потрага за добивка и себични уживања, како да нема Бог, како да нема небо и живот по смртта. Во времето на Ное, предупредувањето за потопот било пратено за да ги тргне луѓето од нивното беззаконие и да ги повика на покајание. Исто така пораката за скорашното Христово доаѓање е пресметана да ги тргне луѓето од нивната презафатеност со световните работи и потфати за да станат свесни за небесните реалности и да го прифатат повикот да седнат на Господовата трпеза. {ХП 228.2}

Евангелскиот повик треба да му биде објавен на целиот свет „на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14:6). Последната вест со опомена и милост треба да ја осветли целата земја со својата слава. Таа треба да ги достигне сите слоеви на луѓето, богатите и сиромасите, угледните и презрените. Христос рекол: „Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!“ {ХП 228.3}

Светот пропаѓа заради недостиг на евангелие. Постои глад за Божјата реч. Малку се оние што ја проповедаат Речта неизвалкана со човечка традиција, со човечко предание. Иако имаат Библија во раце, луѓето не ги добиваат благословите што им ги наменил Бог во неа. Господ ги повикува Своите слуги Неговата порака да им ја однесат на луѓето. Речта на вечниот живот мора да им се објави на оние што пропаѓаат во своите гревови. {ХП 228.4}

Во заповедта да излезат по патиштата и меѓу оградите Христос им одредува работа на сите што ги повикал да служат во Негово име. Целиот свет е поле за Христовите слуги. Целото човечко семејство претставува нивно братство. Господ сака Неговата Реч на благодатта да и се објави на секоја душа. {ХП 229.1}

Во голема мера, тоа може да се постигне со личен труд. Со таа метода се служел и Христос. Неговото дело во најголема мера се состоело од личен разговор со поединци. Тој верно се залагал и тогаш кога пред Себе имал што само една душа. Преку таа една душа честопати пораката им се пренесувала на илјадници други. {ХП 229.2}

Ние не смееме да чекаме душите да дојдат кај нас; мораме да ги побараме таму каде што се наоѓаат. Кога Речта се проповеда од проповедална, работата само што започнала. До многу луѓе евангелието никогаш нема да допре, освен ако лично не им се однесе. {ХП 229.3}

Повикот за гозба прво му бил упатен на јудејскиот (еврејскиот) народ, народ чиишто припадници биле повикани да дејствуваат како учители и водачи меѓу луѓето; народ во чии раце биле ставени пророчките списи кои го најавувале Христовото доаѓање; народ кому му била доверена симболичката служба што ја претставувала Неговата мисија. Кога свештениците и народот би го прифатиле повикот, можеле да се соединат со Христовите гласници при објавувањето на евангелскиот повик на светот. Вистината им била пратена за да можат да ја шират. Кога го одбиле повикот, тој им бил упатен на сиромасите, на сакатите, на слепите и куците. Цариниците и грешниците ја прифатиле пораката. Кога евангелскиот повик им бил упатен на незнабошците, применет е истиот план за работа. Пораката прво требало да биде објавена „по патиштата“ – на луѓето што имаат активна улога во деловниот свет, на учителите и на водачите на народот. {ХП 229.4}

Ова нека го имаат на ум Господовите гласници. На пастирите на стадото, на учителите што ги поставил Бог, веста треба да им биде објавена како порака што треба да ја послушаат. На оние што им припаѓаат на повисоките општествени слоеви мора да им се пристапи нежно и со братско внимание. Луѓето во деловниот свет, на високи и одговорни положби, луѓето со широки пронаоѓачки способности и научни достигнувања, генијалци, учителите на евангелието, чијшто ум сè уште не е насочен на особените вистини за ова време – сите тие луѓе треба да бидат први што ќе ја слушнат пораката. Ним мора да им се упати повикот. {ХП 230.1}

Постои дело што мора да се изврши за богатите. Тие мора да станат свесни за својата одговорност како луѓе на кои им се доверени небесни дарови. Мораме да ги потсетиме дека еден ден ќе мора да дадат сметка пред Оној кој ќе им суди на живите и на мртвите. На богатиот човек му е потребен вашиот труд вложен во љубов и страв Божји. Премногу често тој се надева на своето богатство и не е свесен за опасноста што му се заканува. Очите на неговиот ум треба да бидат пренасочени кон она што има трајна вредност. Тој треба да го признае авторитетот на вистинската добрина кој вели: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам;Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши;Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28-30). {ХП 230.2}

На оние што се на високи позиции во светот поради нивното образование, богатство или повик, ретко им се обраќаме лично во врска со интересите на душата. Многу христијански работници се колебаат да им се приближат на припадниците на овој општествен слој. Меѓутоа, не би требало да биде така. Ако видиме дека некој човек се дави, нема да стоиме настрана и да гледаме како тој гине само затоа што е правник, трговец или судија. Ако би виделе како луѓето брзаат кон бездна, не би се двоумеле да ги задржиме, без оглед на нивната положба или животен позив. Исто така не смееме да се двоумиме да ги предупредиме луѓето за опасноста што им се заканува на нивната душа. {ХП 230.3}

Никој не треба да се занемари затоа што привидно се посветил со световните работи. Многу луѓе на високи општествени позиции се јадосани и сити од животната суета. Тие копнеат по мир што го немаат. Дури и во највисоките општествени слоеви има такви кои се гладни и жедни за спасение. Мнозина ќе ја прифатат помошта ако Господовите работници им се приближат лично на љубезен начин и со срце полно со Христовата љубов. {ХП 231.1}

Успехот на евангелската порака не зависи од научени говори, од елоквентни излагања или од цврстите докази. Тој зависи од едноставната порака и од нејзиното прилагодување кон душите што се гладни за лебот на животот. „Што треба да направам за да наследам живот вечен“? – тоа е потребата на душата. {ХП 231.2}

До илјадници може да се пристапи на наједноставен и скромен начин. Најистакнатите интелектуалци, оние што луѓето ги сметаат за најнадарени мажи и жени во светот, честопати се освежени со едноставните зборови на оние што го љубат Бога и што знаат да зборуваат за таа љубов исто толку природно како што зборуваат и световните луѓе за работите за кои се најдлабоко заинтересирани. {ХП 232.1}

Честопати зборовите, внимателно подготвени и промислени, имаат малку влијание. Но, искрените и чесни зборови на некој Божји син или ќерка, изговорени со природна едноставност, имаат сила да ја отворат вратата на срцето кое долго било затворено за Христа и за Неговата љубов. {ХП 232.2}

Оној што работи за Христа секогаш треба да има на ум дека не смее да работи во своја сила. Нека се потпре врз Господовиот престол со вера во Неговата моќ да спаси. Нека се бори со Бога во молитва, а потоа нека работи, служејќи се со сите способности што Бог му ги дал. Светиот Дух му стои на располагање како залог на неговата успешност. Ангелите што служат ќе бидат покрај него за да влијаат врз срцата. {ХП 232.3}

Ако водачите и учителите во Ерусалим ја прифатиле вистината што им ја донел Христос, каков мисионерски центар би станал нивниот град! Отпаднатиот Израел би се преобратил. Околу Господа би се собрала огромна војска, и колку бргу евангелието би било однесено во сите делови на светот! Исто така и денес, кога влијателните луѓе, со големи способности за корисна служба, би можеле да бидат придобиени за Христа, колку силно дело би можело да се изврши преку нив да се подигнат паднатите, да се соберат отфрлените и на сите страни да се шири радосната вест за спасението! Бргу повикот за евангелската гозба би можел да им се објави на сите и гостите да се соберат на Господовата трпеза. {ХП 232.4}

Меѓутоа, ние не треба да мислиме само на големите и надарени луѓе, а да ги занемаруваме посиромашните слоеви. Христос им заповедал на Своите гласници да одат меѓу оние по патиштата и меѓу оградите, кај сиромасите и презрените во општеството. Во дворовите и на уличките на големите градови, на зафрлените патишта во внатрешноста на земјата има поединци и семејства, можеби како странци во туѓа земја, кои не се поврзани со црквата и кои во својата осаменост мислат дека Бог ги заборавил. Тие не се свесни што треба да прават за да добијат живот вечен. Мнозина потонале во грев. Мнозина се во неволја. Притиснати со страдања, со потреби, со неверство и очај. Им се закануваат секакви болести, напаѓајќи ги и телото и душата. Тие копнеат да најдат утеха за своите неволји, а сатаната ги искушува истата да ја бараат во страстите и задоволствата кои водат во пропаст и смрт. Тој им нуди содомски јаболка кои во устата ќе им се претворат во пепел. Тие ги трошат своите пари „за она, што не е леб, и заработката своја – за она, што не наситува“ (Исаија 55:2). {ХП 232.5}

Во овие страдалници ние треба да ги видиме оние кои Христос дошол да ги спаси. Неговиот повик упатен до нив гласи: „Вие, што жедувате, дојдете сите при водите; дури и вие, кои немате пари, дојдете, купувајте и јадете; дојдете, купувајте вино и млеко без пари и без плаќање!… Послушајте Ме внимателно и јадете што е добро, и душата ваша нека се слади со сочни јадења.Приклонете го увото и дојдете при Мене; послушајте, и душата ваша ќе биде жива“ (Исаија 55:1-3). {ХП 233.1}

Бог ни дал посебна заповед да се грижиме за странецот, за изгонетиот и за сиромашните души на кои им недостига морална сила. Мнозина кои навидум се рамнодушни кон религијата, длабоко во срцето копнеат за одмор и мир. Иако можеби длабоко потонале во грев, сепак постои можност да се спасат. {ХП 233.2}

Христовите слуги треба да го следат Неговиот пример. Додека одел од место до место, Тој ги тешел измачените и ги лекувал болните. Потоа им ги објавувал големите вистини во врска со Своето царство. Ова е задача и за Неговите следбеници. Додека ги олеснувате телесните страдања, ќе најдете начин да ги задоволите и потребите на душата. Можете да им укажете на распнатиот Спасител и да зборувате за љубовта на големиот Лекар кој единствено е во состојба да ги исцели. {ХП 233.3}

Кажете им на сиромашните, безнадежни души, кои скршнале од вистинскиот пат, дека не треба да очајуваат. Иако згрешиле, иако не граделе вистински карактер, Бог се радува да ги врати кај Себе, да ги израдува со Своето спасение. Тој ужива да земе, навидум безвреден материјал, оние со кои работел сатаната, и да ги направи приврзаници на Својата благодат. Тој се радува да ги избави од гневот што ќе падне врз непослушните. Кажете им дека постои лек, чистење за секоја душа! На Господовата трпеза има место за нив. Тој само чека да ги поздрави со добредојде. {ХП 234.1}

Оние што одат „по патиштата и меѓу оградите“ ќе наидат на луѓе со секаков карактер, на кои ќе им биде потребна нивната помош. Ќе најдат луѓе кои живеат соодветно со светлината што ја имаат, кои му служат на Бога најдобро како знаат, иако се свесни дека за нив, и за оние што живеат околу нив, треба да се изврши едно големо дело. Тие копнеат подобро да го запознаат Бога, зашто допрва почнуваат да го чувствуваат треперењето на посилната светлина. Тие со солзи се молат Бог да им прати благослов кој со вера го насетуваат некаде во далечината. Многу од нив можат да се најдат среде расипаноста на големите градови. Многу од нив живеат во мошне скромни околности и токму затоа остануваат незабележани од светот. Има многу такви за кои ниту проповедниците ниту црквите не знаат ништо. Меѓутоа, на сите скромни, бедни места, тие сведочат за Господа. Иако имаат малку светлина и малку можност да се усовршат како христијани, среде сета таа голотија, глад и студенило, тие се трудат да им помогнат на ближните. Затоа поверениците на сестраната Божја милост нека ги побараат овие души, нека ги посетат нивните домови, и во сила на Светиот Дух нека ги задоволат нивните потреби. Проучувајте ја Библијата и молете се со нив едноставно, онака како што ве инспирира Светиот Дух. На Своите слуги Христос ќе им даде порака што ќе им послужи на тие души како леб од небото. И така драгоцениот благослов ќе се пренесува од срце до срце, од семејство до семејство.  {ХП 234.2}

Налогот даден во параболата: „Убеди ги да дојдат!“ честопати погрешно се толкува. Некои го сметаат како налог да ги присилуваме луѓето да го прифатат евангелието. Меѓутоа, тој ја покажува итноста на повикот, но и успешноста на доказите што сме ги употребиле. Евангелието никогаш не применува сила луѓето да ги доведе кај Христа. Неговата порака гласи: „Вие, што жедувате, дојдете сите при водите!“ (Исаија 55:1). „И Духот и невестата велат: Дојди!… и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Силата на Божјата љубов и благодат просто нè принудува да дојдеме! {ХП 235.1}

Спасителот вели: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Откровение 3:20). Него не го одвраќаат подбивите ниту го задржуваат заканите; туку упорно ги бара загубените, велејќи: „Како да те дадам?“ (Осија 11:8). Иако тврдото срце ја отфрла Неговата љубов, Тој се враќа и уште посилно моли: „Ете, стојам пред вратата и чукам!“ Привлечната сила на Неговата љубов просто ги принудува душите да му отворат. И на Христа му велат: „Твојата благост ме возвеличува“ (Псалм 18:36). {ХП 235.2}

Христос ќе им ја всади на Своите гласници истата копнежлива љубов што Самиот Тој ја покажал барајќи ги изгубените. Не треба само да кажеме: „Дојди!“ Има такви кои ќе го слушнат повикот, но нивните уши се премногу слаби да го препознаат неговото значење. Нивните очи се премногу заслепени за да можат да видат нешто добро во она што им е понудено. Мнозина ја сфаќаат својата голема изопаченост и велат: Не сум достоен да ми се помогне. Оставете ме на мира! Меѓутоа, Божјите слуги не смеат да се откажат. Со нежна, сожалувачка љубов, пристапете им на обесхрабрените и беспомошните души. Настојувајте да ги охрабрите, да им дадете надеж и сила! Со својата љубезност убедете ги да дојдат! „И така разликувајќи ги, едни милувајте,а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото“ (Јуда 22,23.) {ХП 235.3}

Ако Божјите слуги појдат вооружени со вера во Него, Тој ќе и даде сила на нивната порака. Тие ќе бидат во состојба Неговата љубов и опасноста што им се заканува на душите ако ја одбијат Божјата благодат да ги прикажат убедливо и луѓето ќе бидат просто принудени да го прифатат евангелието. Христос ќе направи прекрасни чуда ако луѓето ја извршат како треба својата од Бога дадена должност. Денес во човечките срца може да се изврши голема трансформација каква што се случила во минатите генерации. И Џон Бањан, некогашен развратник и богохулник, и Џон Њутн, некогашен трговец со робови, биле откупени за да можат да го објавуваат воскреснатиот Спасител. И денес меѓу луѓето можат да се појават нови бањановци и њутновци. Преку соработката на човечките орудија со божествената сила можат да се придобијат многу презрени и отфрлени кои од своја страна ќе се потрудат да го обноват божествениот лик во човекот. Зраците на светлината треба да ги осветлат и оние чиишто можности да ја запознаат вистината биле незначителни и кои одат по погрешен пат само затоа што не знаат за подобар. На таквите треба да им се упатат зборови слични на зборовите што Христос му ги упатил на Закхеј: „Денес треба да бидам во твојот дом“ (Лука 19:5), и тогаш ќе се види дека срцата на оние што сме ги сметале како закоравени грешници се нежни како срце на мало дете токму затоа што Христос им се приближил и им укажал внимание. Мнозина, напуштајќи ги големите заблуди и гревови ќе го заземат местото на оние што имале можности и привилегии, но не ги ценеле. Тие ќе бидат вброени меѓу Божјите избраници, истакнати и ценети; и кога Христос ќе дојде во Своето царство, тие ќе стојат покрај Неговиот престол. {ХП 236.1}

Но гледајте да не го отфрлите „Оној, Кој зборува од небесата“ (Евреите 12:25). Исус рекол: „Никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја!“ Тие го одбиле повикот и ниту еден од нив нема повторно да биде повикан. Одбивајќи го Христа, Евреите ги стврднале своите срца и се предале на силата на сатаната во толкава мера, што станало невозможно да ја прифатат Христовата милост. Истото се случува и сега. Ако не ја цениме Божјата љубов, ако таа не стане начело што владее, што го смекнува и го покорува срцето, ние сме целосно изгубени. Господ не може да ни даде поголем приказ на Својата љубов од оној што веќе го дал. Доколку Исусовата љубов не го покори срцето, нема друго средство со кое Тој ќе може да допре до нас. {ХП 236.2}

Секојпат кога ќе одбиете да ја слушате пораката на милоста, го зајакнувате своето неверување. Секојпат кога ќе пропуштите вратата на своето срце да му ја отворите на Христа, станувате се помалку склони да го слушате гласот на Оној кој ви се обраќа и на тој начин ја намалувате својата можност да одговорите на последниот повик на милоста. Не дозволете и за вас да се напише исто што и на стариот Израел: „Ефрем се поврзал со идолите; остави го!“ (Осија 4:17). Не дозволете Христос да плаче над вас како што плачел над Ерусалим, велејќи: „Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте.И ете, домот ваш ќе ви биде напуштен“ (Лука 13:34,35). {ХП 237.1} Ние живееме во времето кога меѓу синовите човечки се одгласува последната вест на милоста, последниот повик. Налогот: „Излези по патиштата и меѓу оградите!“ наскоро ќе го достигне своето конечно исполнување. Христовиот повик ќе и биде однесен на секоја душа. Гласниците велат: „Дојдете, зашто веќе сè е подготвено!“ Небесните ангели работат заедно со човечките орудија. Светиот Дух користи секој доказ за да те наведе да дојдеш. Христос внимателно наслушнува, очекувајќи и најмал знак со кој ќе навестиш дека бравата на вратата на твоето срце се подотвора за да може Тој да влезе. Ангелите чекаат да ја однесат радосна порака на небото дека е пронајден уште еден изгубен грешник. Небесните војски чекаат подготвени да засвират на своите харфи и да запеат песна на радост што уште една душа го прифатила повикот да дојде на евангелската гозба. {ХП 237.2}

Сподели го ова:

Слични објави